Теми и статии

warning: Creating default object from empty value in /home1/calledto/public_html/modules/taxonomy/taxonomy.pages.inc on line 34.

Мал но проблематичен!

“И нуклеарната бомба е оган, свет на неправда... го онечистува целото тело и, потпалена од пеколот, го запалува текот на целиот живот... немирно зло, полно со смртоносен отров.”

Овие силни зборови за една од најмоќните разурнувачки направи на светот не зачудуваат никого. Но, ако направиме една измена во првата реченица, вметнувајќи го зборот “јазик” наместо “нуклеарна бомба,” дали и понатаму исказот ќе остане точен? Најверојатно, бидејќи апостолот Јаков ги напишал тие зборови (Јаков 3:6,8). Непосветениот јазик може да направи повеќе штета отколку експлозијата на атомската бомба!

Библијата зборува за група - поткажувачи - чии што плодови произлегуваат од овој необуздан мал орган. Зборот може да биде исто како ѕвечкањето на змијата. Левитските закони ги осудуваат озборувањето и клеветењето. “Не разнесувај клевети меѓу твојот народ и не станувај против животот на твојот ближен” (Левит 19:16).

Денес ние гледаме на некои гревови со респект, како што се: гордоста, омразата, љубомората, итн. Бидејќи тие не се манифестираат физички и не се толку видливи, ние сме склони да ги толерираме.

Па сепак, се гадиме од една друга категорија на гревови - прељуба, хомосексуалност, крадење, итн. - и тоа од оправдана причина.

Но дали Бог прави таква разлика? Не, Тој не прави никаква разлика.

“Шест нешта мрази Господ, седум се гнасни на Неговата душа: Горделиви очи, лажлив јазик, раце што пролеваат невина крв, срце што замислува грешни мисли, нозе што итаат на зло, лажен сведок кој шири лага, и човек кој сее раздори меѓу браќата” (Изреки 6:16-19). Последната фраза зборува за озборувачи кои шират лаги.

Ние имаме природна, изопачена склоност да зборуваме зли работи за другите. Оние кои наоѓаат мани кај другите, во споредба со нив се прават самите подобри. Себичноста прибегнува кон сè само за да биде во центарот на вниманието.

Чудно, овој грев многу лесно ги опфаќа светиите. Дури и кога личноста потполно му се посветува на Христа, таа лоша особина често пати продолжува да трае. Човекот кој што ќе успее конечно да го заузда својот јазик, тој човек е совршен: “Зашто сите ние грешиме многу. Ако некој не греши во зборувањето, тој е совршен човек, способен да го заузда и целото свое тело. Ете, ако и ние на коњите им ставаме узда во устите, за да ни се покоруваат, тогаш можеме да управуваме со целото нивно тело. Ете, и корабите, иако се толку големи и се гонети од силни ветрови, со нив управува мошне мала крмичка, каде што сака кормиларовата волја. Така и јазикот е мал орган, но големи работи зборува” (Јаков 3:2-5).

Озборувачот - алатка во рацете на сатаната

Знаете ли кој ја создал лагата? Исус го нарекува сатаната татко на лагата. Забележете дека неговата прва лага упатена до Адам и Ева била многу суптилна: “Вистина ли е дека Бог рекол, - да не јадете од ниедно дрво во градината?” (Битие 3:1)

Зошто ѓаволот поставил такво прашање кога знаел дека Бог не ги забранил сите дрвја - туку само дрвото на спознанието на доброто и злото? Тој вметнал лажна најава во самото прашање. Можеби нема да гледаме на овој случај како на некое големо зло бидејќи навикнати сме да слушаме такви искази скоро секој ден. Но Исус ова го ословува како лага. Да преувеличуваш е да отстапиш од вистината, и таквиот јазик Бог го презира.

На небото, сатаната ја промовирал првата озборувачка кампања, користејќи измамливи сплетки против Божјиот карактер. Една третина од сите ангели биле соборени со неговите велепредавнички наговарања. Кога се сретнал со Ева тој веќе станал специјалист во прикривање на своите лаги со убави зборови.

Озборувачите се осудуваат самите

Во Својата Проповед на Гората Исус вели: “Не судете, за да не бидете судени! Зашто со каков суд судите, со таков ќе ви се суди; и со каква мерка мерите со таква ќе ви се мери” (Матеј 7:1,2). Павле го проширува ова со зборовите: “Зашто судејќи го другиот, самиот се осудуваш; бидејќи ти кој судиш, го правиш истото” (Римјаните 2:1).

Вистина ли е дека сме виновни за оние гревови што ги забележуваме и ги прекоруваме кај другите? Се чини дека таков бил случајот со оние што му ја донеле прељубницата на Исуса за да ја каменуваат (Јован, 8 глава). Кога Исус им рекол оној што нема гревови прв да фрли камен, тие се разбегале.

Овој принцип се разбира дека не се однесува на Божјите слуги кои што треба да зборуваат отворено против гревот. Исус ја спасил преплашената жена но јасно го етикетирал нејзиното дело, велејќи и: “Оди и не греши повеќе.”

Божјата Реч е она што треба да суди и осудува а не Неговите амбасадори. Исус понекогаш им упатувал опомени на лицемерите и бесчуствителните религиозни лидери, но оние што ја признале својата вина и посакувале избавување, Тој ги заштитил од непотребен јавен презир.

Судени според нашите зборови

Исус вели: “И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови Ќе бидеш осуден” (Матеј 12:36,37).

Ќе бидеме ли среќни да се соочиме со нашите зборови на судот? Телефонските разговори? Безделничењето и празното зборување по куќи? Лошото критикување? Променливите изливи на темпераментот? Можеби ќе се засрамиме кога ќе се осврнеме наназад на искажаните зборови, но нема враќање назад, штетата е веќе направена.

Во своето послание, Павле им се обраќа на жените кои ништо не работат, да си седат мирно дома. Како и да е со оваа болест зафатени се и многу мажи.

Озборувачите заслужуваат смрт

Павле прави листа на телесни работи кои што Бог ги мрази: “...неправда, расипаност, алчност, зло; полни со завист, убиства, расправии, лукавства, подмолност; озборувачи, клеветници...” за Бога овие нешта се толку сериозни што “оние, кои прават така, заслужуваат смрт” (Римјаните 1:29,30,32).

Озборувачите и клеветниците засекогаш ќе бидат загубени. Да се зборува зло за другиот е многу, многу сериозно кршење на Божјиот закон. Јаков го идентификува клеветењето како најголем грев на својот син: “Дан ќе биде како змија на патот, како отровница крај патека, која го каснува коњот за нога, и јавачот негов паѓа назад” (Битие 49:17).

Десетмина од Дановите браќа имале слична слабост, но, преку Божјата благодат, тие го надвладеале тоа зло. Но Дан никогаш не го надвладеал клеветењето. Бог објавил: “Кој го клевети скришно својот ближен, него ќе го погубам” (Псалм 101:5).

Давид се запрашал: “Господи, кој може да живее во Твојот шатор? Кој ќе се настани во Твојата Света Гора? Оној кој оди непорочно, кој твори правда и зборува вистина во своето срце; кој не клевети со својот јазик, кој не му прави зло на ближниот и не го срамоти својот ближен” (Псалм 15:1-3).

Дури и погрешно пренесената вест, преувеличувањето и инсинуацијата се еднакви на лага. Никој кој што зборува или сака лаги нема да влезе преку портите на Рајот.

Гасмуј потврдува

Неемија станал жртва на една озборувачка кампања додека бил вклучен во божествената мисија за реизградба на ѕидовите на Ерусалим. Санавалат, Товиј и Гисем се Арапи кои што се обиделе да ги саботираат неговите планови. Тие му се потсмевале и се подигрувале со него, изнајмиле советници за да му дадат опасни совети, потоа се обиделе и со вооружен напад. Но сите нивни стратегии пропаднале затоа што Неемија цврсто бил одлучен да ја заврши својата работа.

Конечно, тие протуриле писмо кое гласело вака: “Се слуша во народот - а Гасмуј потврдува - дека ти и Јудејците се подготвувате за бунт; затоа и го градиш ѕидот, и дека сакаш да станеш нивни цар, како што велат” (Неемија 6:6) .

Забележете ги изразите, “се слуша во народот” и “Гасмуј потврдува.” Гасмуј е всушност симбол за поткажувач или озборувач.

Дали велите дека вие само му кажувате на својот пријател лоша вест која претходно веќе била проширена? Библијата ја осудува и ваквата постапка: “Кој го прикрива престапот бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најблиските пријатели” (Изреки 17:9). Вистинската љубов за нашиот брат не води кон покривање на неговите гревови. Повторувајќи ги постојано неговите грешки ние го прекинуваме пријателството и ја уништуваме љубовта.

Избркајте ги ѓаволските кучиња

Кога непријателите користат лажни изјави против вас, останете присебни и продолжете со својата работа. Немојте да губите драгоцено време бркајќи ги ѓаволските кучиња. Немојте да враќате мило за драго. Затоа што кога реагираме недолично, ја губиме битката и духовно слабееме.

Др.Хантер бил Англиски кардиолог и жртва на срцево заболување. Еднаш тој изјавил: “Мојот живот е во рацете на секој никаквец кој ќе избере да ме навреди.” Кратко после тоа, некој странец толку многу го изнервирал што овој сиот во бес не можел да се совлада и паднал мртов.

Случајот на Др. Хантер е навистина невообичаен, но сепак многу реакции им ја одредуваат вечната судбина на многумина, што е уште посериозно. Одговарајќи љубезно на негативните дела на другите, правиме и тие да станат љубезни.

Дали Др. Хантер можел да си го спаси животот? Да. Предавајќи му се на Христа во нов живот, тој би можел да реагира сосема поинаку преку силата на својата предадена волја. Бог можел да му даде можност да избере стил на живот што го исклучува гневот.

Дали можете да забележите дека озборувачите се орудија на сатаната кои сакаат да го контролираат вашиот живот? Без Христа немате апсолутно никаква сила да му се спротивставите на изливот на емоции што другите ги предизвикуваат кај вас. Без да сфатите, неприметно, уздиде на својот живот ги предавате во рацете на некој друг.

Божјата сила ви дава нови принципи и начини на однесување спрема другите. Необратениот можеби ја согледува потребата од тие нови начини на однесување, но нема сила да ги спроведе во својот живот.

На пример, еден стар Грчки филозоф се шетал со својот пријател. Од еден од прозорците на вториот спрат од една куќа, некој негов непријател му истурил цела кофа вода. Мудриот стар филозоф не покажал никаква реакција и продолжил со разговорот. Неговиот пријател му сугерирал дека човекот мора да се казни, но филозофот инсистирал дека никој не истурил вода врз него.

“Но јас видов со сопствени очи!” Инсистирал пријателот. “Погледни се целиот си жива вода!”

“Грешиш,” му одговорил филозофот. “Тој не истури вода врз мене; туку врз човекот за кој мислеше дека сум јас.”

Какво однесување! Јас не можам да им се налутам на оние што ме повредуваат бидејќи тие не ме познаваат вистински. Тие треба да бидат сожалувани и она што навистина им е потребно, тоа се моите молитви, а не гнев или дух на одмазда.

Непосветениот човек можеби ја сфаќа мудроста на таквиот принцип, но тој не е во состојба да го спроведе во живот. Единствено Светиот Дух кој што пребива во човекот може да го приспособи кон божествениот принцип што го забележавме кај мудриот филозоф.

Сите ние сме се соочиле понекогаш во животот со проблемот на озборување. Треба да ни биде јасно дека без Христа и Неговата помош, нашите умови и тела и се предаваат под контрола на нашата грешна природа.

Но фала му на Бога што преку Неговата благодат зборовите и мислите можат да бидат ставени под контрола на Светиот Дух. Тоа е Оној што ветил дека ќе нè направи многу повеќе од победници и дека ќе ни го скроти јазикот. Така, она што предизвикуваше оган да стане инструмент со кој ќе го славиме нашиот Бог.

Џо Крус

Сетва и жетва

Отсекогаш сум се прашувал околу името на еден град во Ново Мексико, САД, кој се вика, Вистина или Последици, бидејќи последици се добиваат дури и во случај кога се кажува вистината. Само што тоа се поинакви последици.

Она што сакам да го проучавам со вас ова утро, а е заборавено од многумина е како знаеме што е добро а што е зло? Еден проповедник тоа добро го кажал пред неколку години. Тој рече дека луѓето не сакаат да веруваат дека живееме во морална вселена. А што значи тоа да се живее во морална вселена? Морал е збор кој се однесува на доброто и злото а исто така се однесува и на концептот на правдата, или правичноста. А сите вие добро знаете што значи правичност.

Сè уште постојат судови на кои што таму некаде горе на зградата можете да забележите изгравирана слика на жена со вага. Жената е со врзани очи, што означува дека во правдата не треба да има подмитување или пристрасност. Жена со врзани очи како држи вага во рацете. Вагата ја претставува правичноста. Она што е на едната страна треба да се балансира со она од другата страна.

Концептот на правичност значи дека ќе бидете наградени за вашите дела, било тие да се добри или лоши. Некои луѓе веруваат дека во hристијанската религија не веруваме во правичност. Да ви покажам врз основа на што ги базираат ваквите свои верувања. Ќе прочитаме текст кој говори за правичноста. Отворете ја Библијата во Матеј 5:38. Исус цитира од законот и случајно или не, овој цитат може да се најде на повеќе места во законот. Запишан е во Битие, Левит и Второзаконие.

Матеј 5:38 вели: “Сте чуле дека било речено, Око за око заб за заб.” Ова е правичност. Правичност значи дека ако јас ви го избијам забот, и мене ќе ми го избијат забот. Тоа е правичност. Гледаме дека правичноста се однесува и на добрите и на лошите нешта. Ако јас вам ви сторам нешто лошо, и мене ќе ми се случи подеднакво лошо. Ако јас ви сторам нешто добро, тогаш ќе ми се врати со нешто добро. Тоа е правичност. Тоа е дел од правдата или моралот.

Но луѓето веруваат дека правичноста веќе не постои. Тие веруваат дека Исус ја избришал, па така ние ги признаваме гревовите и тие ни се простени, и тоа е сè. Вистина е тоа дека кога ќе му ги признаеме гревовите на Исуса, Неговата крв не избавува од вечните последици на тој грев, а тоа е вечната смрт. Значи, со признавање, ние можеме да бидеме избавени од вечните последици на тој грев.

Но она што јас сакам ова утро да го проучавам со вас е фактот дека признавањето и простувањето не ги отстрануваат последиците. И човекот и Бог ги трпат последиците како резултат на гревот. Да го започнеме ова наше проучување со нам многу познат текст во Галатјаните. Тоа е текстот во Галатјаните 6:7-9.

Вели вака: “Не лажете се: Бог не дозволува да биде изигран. Зашто што човекот ќе посее, тоа и ќе жнее.” Оние од вас што се занимаваат со земјоделие знаат дека не само што ќе го пожнеете она што ќе го посеете, туку воглавно ќе пожнеете од истото она што сте посеале, но многу повеќе. Зар тоа не е така? Она што ќе го посеете тоа и ќе го пожнеете, но всушност ќе пожнеете многу повеќе отколку што сте посеале. Тоа е токму така.

Ако избиете нечиј заб, вам ќе ви ги избијат сите заби. Тоа е уште полошо, нели? Жнеете исто, но жнеете многу повеќе отколку што сте посеале, зошто: “Кој сее во своето тело, од телото ќе пожнее погибел; а кој сее во Духот, од Духот ќе пожнее вечен живот. Да не бидеме уморни да правиме добро, зашто ќе жнееме во право време, ако не се умориме.”

Павле вели, кога и да ви се укаже шанса, правете добро, бидејќи ќе пожнеете. Некогаш во иднина, во право време, ќе имате што да пожнеете доколку не се откажете. Продолжете да правите добро затоа што ќе жнеете. И во стариот и во новиот завет ние сееме и жнееме.

Сакам заедно ова утро да разгледаме четири примера кои го илустрираат овој принцип. Четири примера од Библијата:

Првиот пример е со Аврам. Отворете ги вашите Библии во Битие 16 глава. Оваа сторија е спомната неколку пати и во Новиот завет. Запишана е во книгата Битие 12 глава, и како прво, овде Бог го обновува ветувањето од Битие 15 глава. Бог му кажува на Аврама, дека ќе го благослови, и дека преку него и неговите наследници, преку неговото семе, целиот свет ќе биде благословен.

Кога Бог благословува, и посеете, вие сте наградени. Запишано е во Битие дека кога Исак посеал семе, пожнеал стократно. Тоа е благослов од Бога. Сеете и жнеете, но жнеете многу повеќе отколку што сте посеале. Тоа е божествен принцип. Принцип на жетвата, жнеете повеќе отколку што сте посеале. Бог му го дава на Аврама ветувањето кога тој имал 75 години, а Сара била 65 години.

Аврам бил десетта генерација после потопот, и луѓето тогаш живееле подолго отколку денес. Па, Аврам и Сара сè уште можеле да имаат деца иако таа имала 65, а тој 75 години. Но кога стигнале во ветената земја, поминале веќе единаесет години откако Бог им го дал ветувањето. Сара тогаш имала 76, и дури и во тие денови, евентуално жената го достигнува периодот кога повеќе не може да има деца.

Па така Сара одлучила дека треба да му помогне на Господа, а и Аврам немал некаква подобра солуција. И тој бил човечко суштество како нас. Тој знаеше дека Бог му ветил дека преку неговото потомство сите нации ќе бидат благословени, но и тоа дека Сара не може повеќе да има деца. Таа веќе била премногу стара за тоа.

Па така, Сара како жена израсната во општество каде што полигамијата била совршено прифатена, му ја понудила на Аврама својата слугинка. Читајте ја книгата Битие; Сара не била единствената која размислувала да направи такво нешто. Лија и Рахила го сториле истото тоа.

Па така Сара си рекла: Имам слугинка и ќе ти ја дадам да биде твоја конкубина. Таа е доволно млада за да има деца, и така ќе добијам син. (Видете Битие 16.) Ние како човечки суштества запаѓаме во ситуации кога мислиме дека треба да му помогнеме на Бога, но никогаш не е право да му помогнеме на Бога правејќи нешто лошо.

Но, што било лошо со ваквите нејзини замисли? Па тоа претставувало кршење на седмата заповед. Во Битие 2 глава многу јасно се вели дека “двајцата ќе станат едно тело.” Не вели троица или четворица туку само двајца. Тоа е кршење на седмата заповед.

Така и Аврам и Сара погрешиле прекршувајќи ја седмата заповед, и Бог не ја признал врската помеѓу Аврам и Агара за брак. Можете да ја прочитате случката.

Подоцна Бог му вели на Аврама да ја отпушти Агара. Бог никогаш не бара од некого да си ја напушти жена си. Бог вели дека треба да останете со својата жена дури и ако таа e neвернik. Можете за ова да прочитате во 1. Коринтјаните 7. Но Бог му рекол на Аврама да ја отпушти Агара. Тоа покажува дека Бог не признава полигамни бракови. Тоа е прељуба.

Дали на Аврама му било простено за сторениот грев? Да секако. Дали произлегле последици од сето тоа? Па, ако отидете на Средниот Исток денес, ќе пронајдете група на луѓе по целото ова подрачје кои се нарекуваат Арапи, и тие го сметаат Аврам за свој татко. Тие знаат дека Аврам е нивни татко, а Агара е секако нивната мајка. Тој грев на Аврама имал последици. Многу, многу војни се воделе како резултат на тој сторен грев. Тоа ја изменило целата светска историја, а последиците од она што го сторил Аврам со Агара ќе постојат се додека не се врати Бог, па дури и во вечноста.

Тоа е првиот пример. На Аврама му било простено за она што го сторил, но наследниците на Агара станале непријатели на Божјиот народ (во тоа време), му правеле проблеми и војувале против него многу пати низ вековите, дури и до ден денешен. Токму од потомството на Агара се формирале главните Исламски нации. Последици постојат сè до ден денешен, последици што ние не можеме дури ни да ги сфатиме.

Ова е тема што нашите деца и младинци треба да ја разберат, бидејќи понекогаш младите луѓе мислат: “Па, можам да одам надвор и можам да направам вака, па можам да направам така, можам да правам се што ќе посакам. И пак можам да дојдам кај Господа да ги признаам гревови и ќе ми биде простено и ќе бидам спасен.”

Па, можете да дојдете кај Господа и да ги признаете гревовите, но последиците ќе останат. Можете дури и да бидете спасени, но сепак последиците ќе бидат присутни и понатаму. Нема такво нешто кога младите ќе го посејат својот див овес а да немаат последици од сето тоа. Такво нешто не може да се случи.

Да го погледнеме сега вториот пример. Вториот пример ќе ни биде Јаков. Јаков исто така се нашол во ситуација (Битие 27), во која што му било потребно да му помогне на Бога. Ја читам оваа случка и си велам, тоа е човечката природа. Често мислиме дека Божјиот план, Неговата намера, не може да се оствари доколку ние не му помогнеме на Господа. А проблемот е во тоа што, ако му помогнеме на Бога правејќи нешто лошо, ќе имаме последици што ќе произлезат од тоа. Бог нема да ги запре последиците.

Бог и ветил на Ревека дека Јаков ќе биде поголем од другиот, и така тие разбрале дека Јаков треба да добие благослов на првенство. Тие разбрале дека така е Божјата волја. Но кутриот стар, тврдоглав Исак, имал поинакви идеи. Така Ревека и Јаков помислиле дека треба да му помогнат на Бога. Ние не знаеме што би се случило доколку тие решеле да направат онака како што е исправно. Тоа не ни е познато. Но знаеме дека Бог ќе го исполнел она што го ветил. Исак, или било кој друг, можел да прави што сака спротивно на Божјата волја за да го осуети Божјиот план, но сепак Бог ќе го сторел тоа.

Јаков сè уште би бил оној преку кого ќе дојде Месијата. Не ни е познато на кој начин Бог би го направил тоа, не ни е кажано затоа што тие одлучиле работите да ги преземат во свои раце. Одлучиле да му помогнат на Бога. Проблемот бил во тоа што помагајќи му на Бога би го прекршиле Божјиот закон, кршејќи ја деветата заповед.

Библијата точно зборува за случаи кога се прави зло за да се оствари доброто. Погледнете во третата глава на посланието до Римјаните. Павле вели во Римјаните 3:8: “Зошто да не правиме зло, за да дојде добро? - како што нè клеветат некои и велат за нас, дека ние зборуваме така? Осудувањето на таквите е праведно.” Библијата ни вели дека таквите луѓе кои велат: Ајде да направиме зло за да дојде доброто,...нивната осуда е праведна.

Бог никогаш не нè овластува да правиме некакво зло за да дојде доброто. Но на Јакова му било страв дека Божјиот план нема да се оствари, па решил да му помогне на Бога. Ревека го мислела истото, па така таа му рекла на Јакова: “Ние само ќе земеме две јариња од стадото ќе ги заколеме и јас ќе му приготвам јадење на татко ти исто како да е од дивеч. Ќе има потполно исти вкус, и тој нема да може да ја почувствува разликата.”

Но Јаков рекол: “Но тој ќе препознае дека не сум јас бидејќи јас немам толку влакна на рацете како Исав. Па ќе рече дека сум измамник и наместо благослов ќе добијам проклетство.” А неговата мајка му рекла: “Па, немој да се грижиш околу тоа, ќе го средам и тоа некако.” Така таа направила покривки за неговите раце од крзното на закланите јариња за да изгледа во рацете како неговиот брат. Исто така дел од крзното му ставила и на вратот така што каде и да пипнел Исак ќе можел да го почувствува брата му.

Кога Јаков влегол кај Исака, татко му рекол дека кожата му е исто како на Исава, а бидејќи Јаков ја носел облеката на брата си и по мирисот успеал да го измами татка си. Гласот му бил како на Јаков, но бидејќи мирисал како Исава, неговиот татко го благословил. Така Јаков го измамил својот татко.

Дали на Јакова му бил простен овој грев? Да, му бил простен. Но, дали ја платил цената за тој сторен грев? Платил огромна цена што ние не можеме ниту да ја сфатиме. Ајде да видиме со што сè платил Јаков за овој еден сторен грев.

  1. По само неколку дена тој морал да избега од дома и никогаш повеќе не ја видел својата мајка жива. Тоа била првата цена, но тоа било само почеток.

  2. Отишол кај својот роднина Лаван, брат од неговата мајка, и бил измамен од негова страна. Јаков го измамил својот татко, а сега тој истиот бива измамен од својот вујко. Никогаш не можев да сфатам како сето тоа се случило, но Лаван успеал да го ожени Јакова за погрешна жена. Сè уште ми е чудно како на Јакова не му било јасно сето тоа се до следното утро. Незнам како успеал да го направи тоа, но тоа се случило. Јаков бил бесен, но почнал да сфаќа како е да се биде измамен. Последиците на неговата измама се протегале во целиот негов понатамошен живот.

  3. Потоа работел цели 14 години за да ја добие Рахила, и за сето тоа време неговиот вујко му ја менувал платата дури десет пати.

    Конечно кога поминал 20 години во работа кај својот вујко просто не можел повеќе да издржи. Рахила и Лија исто така не биле среќни. Така Јаков одлучил да избега скришно, затоа што знаел дека Лаван нема да сака да го пушти. Додека Лаван бил далеку од дома тој тајно се извлекол. Кога Лаван дознал за неговото бегство, Јаков веќе бил доволно далеку. Но сепак бидејќи имал со себе доста стока и багаж, наскоро Лаван успеал да го стигне.

    Лаван навистина му бил многу лут. Но Бог му се јавил на Лавана на сон и му рекол да не му рече ништо на Јакова, било добро било лошо. Но иако Бог му заповедал да направи така сепак кога Лаван го стигнал Јакова тие си размениле неколку доста лоши збора.

    Едно од нештата што Лаван му ги кажал на Јакова било следното: Зошто си ми ги украл домашните идоли? Зошто си ми ги украл боговите? Лаван им служел на идоли и најверојатно некој од луѓето што тргнале со Јакова биле исто така служители на идоли, вклучувајќи ја и Рахила. Рахила била таа која му ги украла идолите на Лавана, а Јаков не знаел за тоа.

  4. Јаков бил измамен по втор пат. Тој не знаел дека жената што најмногу ја сакал од сè друго на светот ги украла идолите на својот татко, па така изрекол проклетство врз својата сопствена жена без да знае. Рекол: Во кого ќе ги најдеш идолите, нека умре!

    Дали Бог го почестил неговиот збор? Да, Рахела навистина умрела. Доколку Јаков знаел кој е крадецот дали би го изрекол проклетството? Дали би го сторил тоа? Не, тој бил измамен. Рахела не му кажала. Ова бил еден од случаевите кога Јаков бил измамен, ја проколнал својата сопствена жена, што најмногу ја сакал, и таа умрела. Но тоа не бил крајот.

  5. Јаков пристига во Ханан и тука дознава како е да се има деца кои те мамат, и се мамат самите. Тој имаше два сина, Симеон и Леви, кои многу се вознемириле во една прилика. (види Битие 34.) Тие многу му биле лути на Сихем и на неговиот татко. Па затоа ги измамиле.

    Сихем сакал Дина да му биде жена, а нејзините браќа му кажале, дека тоа не може да се случи се додека сите мажи во градот не се обрежат. Така и се сложиле.

    Сихем и неговиот татко Емор, биле водачите во тој град и им наредиле на сите мажи од градот да се обрежат. Библијата ни вели дека на третиот ден додека тие сè уште биле во болки, двајцата браќа Симеон и Леви ги грабнале своите мечови и ги погубиле сите машки во градот. Ги поштедиле жените и стоката. Ја сакале стоката па затоа и ја поштедиле. Библијата вели дека го опустеле градот, ги сакале парите; ги грабнале жените и децата а ги испоубиле сите мажи во градот. Тогаш Јаков им рекол на своите синови: “Што сторивте, ќе чујат за ова сите околни жители на земјава и ќе не замразат и убијат сите до еден.” Значи Јаков имал синови измамници.

  6. Неговиот најстар син направил родоскврнавење со Рахилината слугинка.

  7. На крајот на краиштата, неговите синови одлучиле да го убијат Јосиф, но тогаш Рувим ги наговорил да го продадат како роб. Биле уплашени како би реагирал Јаков на сето тоа па одлучиле да го измамат татка си лажејќи го дека Јосиф бил растргнат од див ѕвер. Му ја покажале шарената облека од Јосифа натопена во јарешка крв.

    Така Јаков откако дознал за судбината на својот драг син Јосиф жалел за него многу дена. Библијата кажува дека сите негови синови и ќерки не успеале да го утешат од преголемата болка што ја имал.

Колкава цена морал да плати Јаков поради тоа што го измамил својот татко? Тој бил толку многу пати мамен, повторно и повторно и повторно, сè до неговата 130-та година од животот. Знаеме дека тој ќе биде спасен, но дали страдаше поради последиците на својот грев - измамата на татка си? Ги трпел последиците сè до крајот на својот живот.

Да, ние живееме во еден морален универзум. Нашите гревови ни се простуваат така да не мора да ги жнееме вечните последици на вечната смрт, но сепак ги жнееме последиците. Ова е една основна вистина што Библијата ја учи. Нашите деца и младинци треба да разберат дека што и да кажат лошо, што и да сторат лошо, ќе има последици. И ако ни се прости сепак ќе се соочиме со последици. Кога сите наши млади луѓе би го разбрале ова, колку ли поинаку би делувале? Колку ли поинаку би живееле?

Третиот пример: еден од најдобро познатите примери во Библијата, кој целосно ја изменил историјата на светот, е примерот со Давид.

Давид направил многу сериозни грешки во својот живот. Но најголемата грешка му била прељубата со Витсавеја, ќерката Елијамова. За да си го прикрие гревот го повикал дома својот најдобар капетан и офицер во кого најмногу имал доверба, мажот на Витсавеја, Урија. Причината зошто бил повикан била бременоста на Витсавеја. Целта на Давида му била Урија да биде во својот дом некое време така да кога Витсавеја би се породила сите би мислеле дека тоа дете е од Урија. Никој не би знаел дека детето е всушност од Давида.

Проблемот бил во тоа што, Урија и бил многу верен на својата царска служба, и бидејќи во ек била битката против Амонците, Урија рекол: “Нема да одам и нема ниту да легнам со мојата жена додека моите другари се борат и гинат. Нема да се вратам!” Тој не ни влегол во куќата туку спиел надвор пред портата.

Давид се наоѓал во незгодна ситуација. Витсавеја носела негово дете и тајната кога тогаш ќе била откриена. Урија, како офицер во армијата, бил човек, кој ако дознаел за тоа, можел да поведе бунт, граѓанска војна, и би можел да ја сруши власта. Давид бил многу уплашен од таквото нешто. Урија не бил само еден обичен човек. Па затоа Давид одлучил да преземе драстични мерки.

Тој му ја напишал смртната пресуда на Урија, ја запечатил, и Урија самиот си ја однесол својата смртна пресуда на Јоав. Давид му наложил на Јоав: “Намести го Урија Хетеецот во првите борбени редови да биде на удар на способните непријателски војници, потоа оставете го сам, за да загине.”

Јоав го сторил тоа. Урија загинал. Јоав му пратил повратна порака на Давида. За да не биде никој вмешан, тој му пратил општ извештај за случувањата, и само при крајот само онака од страна му спомнал за смртта на Урија. Се било добро наместено. Витсавеја го оплакувала својот сопруг, а 30 дена после завршетокот на жалењето Давид се оженил со неа.

Проблемот сега бил во тоа што само неколку месеци после нивната венчавка на свет ќе дојде дете. Знаеме дека потребно е време за такво нешто. Сè уште престоеле многу неволји, а Давид живеел со грижа на совеста. Тој не знаел што да прави.

Дали некогаш сте се нашле во толку компликувана ситуација што не сте знаеле што да сторите? Давид не знаел што да прави. Дури и ако јавно објавил за сето она што се случувало не би можел да ги избегне неволјите. Тоа би го ослабело неговото морално влијание. Всушност тотално би му го уништило неговото морално влијание врз народот.

Најголемото влијание што може некој да го има над некого, било тоа да е мајка, татко или пријател, е неговото морално влијание.

Морално влијание е кога луѓето, откако се дружеле со вас ве гледале и биле со вас, гледаат дека сте чесни и дека ја кажувате вистината, дека сте почитувани и дека го сакате законот. Така тие стекнуваат доверба во вас знаејќи дека нема никогаш да бидат искористени од ваша страна, и дека нема ништо лошо да им сторите. Во таков случај вие имате морално влијание и луѓето ви веруваат.

Давид насетувал дека може да го загуби своето морално влијание и бил уплашен од она што можело да се случи. Конечно Бог го праќа пророкот Натан кај него, кој му кажува приказна. Сте ја слушнале приказната секако. За човекот кој имал изобилство на овци и говеда, и за оној другиот кој бил сиромашен и имал само една овчичка. Дошол патник, продолжил Натан со приказната, и овој богатиот кој имал многу стока, му било жал да заколе една овца од неговите за да го нахрани патникот. Отишол кај сиромавиот му ја зел (му ја украл) единствената овчичка ја заклал и му ја понудил на патникот.

Кога Давид ја слушнал приказната бил многу лут. Рекол: “Тој човек што направил такво нешто треба да умре. Четворно треба да ја надополни сторената штета.” Давид изговарајќи ги овие зборови самиот си изрекол смртна пресуда.

Натан рекол: “Ти си тој човек, затоа што го уби Урија Хетеецот со мечот на Амонските чеда и му ја зеде жената за да ти биде тебе жена.” Давид сфатил дека самиот на себе си изрекол смртна пресуда, и Бог решил... Во вакви ситуации Бог е Оној што решава; Тој го дава последниот суд. Бог решава да му го прости гревот на Давида, и Давид нема да умре. Тој ќе помине низ нешто што е уште полошо и од самата смрт. Тој ќе помине низ нешто што ќе го повреди многу повеќе отколку смртта.

Се сеќавате, Давид рекол дека оној богатиот сточар требало четворно да ја надополни штетата. Така и бидна. Давид требало да биде сведок на смртта на четворица свои синови. Така и бидна. Првиот беше незаконскиот син од Витсавеја. Пророкот пророкувал дека тоа дете еден ден ќе умре. Кога детето се родило, Давид го погледнал и си рекол: “О не, па јас сум оној што згреши, зошто ова невино дете треба да страда за моите гревови?”

Но Бог ја изрекол пресудата, и Давид се молел и постел, се молел и постел се додека бебето не умрело.

Вториоt син бил Амнон. Тој бил виновен за родоскврнавење, но што можел Давид тука да стори? И тој самиот бил виновен за прељуба и убиство, и што можел тука да стори? Како ќе му кажете на својот син да не пуши, ако вие самите пушете? Како? Како да го казните својот син за нешто што и самите сте го сториле? Како?

Давид го изгубил своето морално влијание. Така еден ден Авесалом (син на Давид од друга жена) рекол: “Доста е!” Ја презел ситуацијата во свои раце и го убива Амнона.

Тоа беше вториот син што Давид го губи, а бил во најубавите година од својот живот.

Третиот син што Давид го губи е Авесалом. Авесалом предизвикал граѓанска војна. Давид морал да избега од својот дом, незнаејќи дали некогаш повторно ќе се врати назад, и илјадници Израелеви чеда ги загубиле животите во таа војна.

Дали знаете зошто се случила таа граѓанска војна? Токму поради она што Давид го направил. Тоа беше причината.

Давид не сакал да го изгуби Авесалома, па им рекол на војниците: “Што и да правите, ве молам поштедете му го животот.” Но кога Јоав го здогледал Авесалома како виси на дрвото, си помислил: Овој човек беше причината за смртта на илјадници храбри Израелеви синови и нема причина да му биде поштеден животот, и го убил.

Кога Давид слушнал за таа вест почнал да плаче. Јоав му дошол и му рекол: Те гледам според она како се однесуваш се чини дека ги мразиш своите пријатели а ги сакаш непријателите. Си претпоставувам дека кога сите ние би загинале а тој да останеше жив, ти веројатно ќе беше задоволен. Тогаш Давид сфатил дека Јоав ја кажувал вистината. Тоа беше загубата на неговиот трет син.

Четвртиот син што Давид ќе го изгуби е Адониј. Давид загубил четири сина. Но сето тоа било само почеток на отплатата. Тоа беа почетоците на последиците. Дали сфаќаме дека дури и во царството небесно, Давид ќе мора да се соочи со последиците, не само што ќе се соочи со Урија Хетеецот, тој ќе мора да се соочи со последиците од неговиот грев и кога ќе се најде на небо. Дали знаете што му кажа Натан на Давида?

Му рекол: “Ти им даде голем повод на Божјите непријатели да богохулствуваат, да зборуваат злобни работи.” Повеќе од било кој друг грев во Библијата, она што Давид го направи со Витсавеја, се користи за да се оправда кршењето на седмата заповест, од тогаш па се до ден денешен.

Гледате дека, поради неговото влијание, гревот на еден праведник е поразличен отколку ако тој ист грев го направи злобен човек. Давид бил праведник, слуга Божји.

Имам една книга во својот дом со наслов “Христовите Викари.” Многу ми е интересна. За време на мрачниот среден век, повторно и повторно, кога луѓето признавале дека направиле прељуба, тие викале: “Па, ништо не сум подобар од Давид.” Тоа е токму она што тие го кажувале. На таков начин тие се изговарале за своите гревови. Ако читате низ историјата, можете да забележите дека од тој грев произлегле последици милиони и милиони пати сè до ден денешен, и сè уште траат тие последици.

Давид ќе мора да се соочи со сето тоа еден ден. Тој ќе биде спасен, но сепак последиците остануваат! И не само тоа, но дали сте свесни за фактот дека тоа биле само почетоците на проблемите за Давидовиод дом, кои што резултирале подоцна со распад на царството? Тоа било само почеток, бидејќи Давид немал повеќе морален авторитет за да ги воспитува децата после сето тоа.

Сето тоа резултирало со деморализирање на сите негови синови а во времето на неговиот внук завршило со поделба на царството. Тоа потполно ја променило светската историја. Давид ќе биде спасен, но последиците остануваат.

Последниот пример што ќе го разгледаме е Исус. Кога човекот греши, токму поради фактот дека живееме во една морална вселена, произлегуваат последици од тој грев. А ѓаволот вели: “Ти Господе не можеш да го откупиш човекот а да не ме откупиш мене. Не може да го спасиш него а мене не.” Ѓаволот декларира дека прошката е невозможна, ако треба Божјиот закон да опстане.

Погледнете во Библијата во Римјаните 3:23. Овој стих зборува за тоа дека сите згрешија и се лишени од Господовата слава. “Но се оправдуваат (стануваат праведни) од Неговата благодат, преку откупот во Христа Исуса, Кого Бог го постави за жртва на помирување преку вера, во Неговата крв, за да се покаже Неговата правда во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјето долготрпение; та да ја покаже Својата правда во сегашно време, дека Тој е праведен...”

Што значи да се биде праведен? Значи да се биде правичен. Значи дека Бог може да биде праведен, и Тој е Оној што ги прави другите (оние кои ја имаат Исусовата вера) да бидат праведни.

Постоеше само еден начин според кој Бог можеше да биде праведен а сепак да ни ги прости гревовите, и да направи така што јас и ти можеме да имаме вечен живот, бидејќи живееме во морална вселена. А тоа беше доколку некој ја платеше цената. Тоа не можеше да биде човечко суштество, бидејќи човечките суштества беа создадени да бидат под законот.

Адам и Ева беа создадени под законот. Ангелите беа создадени под законот. Единствениот кој можеше да ја плати цената беше некој кој не беше под законот, некој што беше над законот. Тоа беше единствениот кој можеше да ја плати цената. Па така единствениот начин на кој можеше на сите да ни биде простено и сите да добиеме вечен живот а Бог да ја задржи праведноста и моралната вселена, единствениот начин беше ако некој ја платеше цената.

Исус беше Тој. Тој беше единствениот во целата вселена Кој можеше да направи такво нешто, и така и бидна. Бидејќи Тој тоа и го стори, ние сè уште имаме морална вселена. Не постоеше никаков поинаков начин за Бога да ја одржи својата власт и моралната вселена а сепак да му прости на грешникот, без смртта на Неговиот Син.

Погледнете што пишува во Второзаконие 32:4: “Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто се прави сите Негови патишта. Тој е верен Бог и нема неправда во Него.” Правдата вклучува правичност, и токму тоа правдата е, правичност. “Тој е праведен и вистинит.” Псалм 97:2 вели: “Облак и темнина Го обвиваат наоколу; правдата и судот се основа на Неговиот престол.”

О, пријатели мои, кога би можеле сите да разберат. Мнозина постари луѓе не разбираат. Тие велат: “О, па ти само признај ги гревовите и сè ќе ти се избрише.” Не, нема да се избрише. Христовата крв ќе ги покрие, но нема да ги избрише. Последици и понатаму ќе си постојат на овој свет, а за некои гревови последиците ќе продолжат дури и во самата вечност.

Гревовите на Давид, зар тие не предизвикаа последици што ќе постојат и во самата вечност? Да секако. Исус дојде на земјава бидејќи живееме во морална вселена и единствениот начин на кој јас и ти можевме да бидеме оправдани е ако некој ја платеше цената за нашите гревови. Кога ќе погледнеме на крстот, ја гледаме вистинската цена за нашите гревови. Гревот резултираше во мизерија, страдање, вина, срам, осаменост, и конечно во смрт.

Ова е резултат на одвојувањето од Бога. Кога Адам и Ева згрешија, тие беа истерани надвор од Едемската градина и ниту еден од нивните потомци не можеше да влезе повторно таму. Ниту еден од нивните потомци нема да влезе таму се додека Бог не ги поправи сите нешта вклучувајќи ја и нашата преобразба од сегашната грешна природа. Не е можно да влеземе во царството небесно со нашата грешна природа. Ние мораме да бидеме избавени од смртта. Тоа наскоро ќе се случи.

Целиот план на спасението нè учи дека иако може да ни се прости и можеме да имаме вечен живот, сепак постојат последици од гревот кои сè уште се присутни. Тие последици се појавуваат секогаш кога човекот ќе згреши, во умот, во зборувањето, во мислите, делата, сето тоа предизвикува последици.

Проучавав една книга напишана од доктор. Тоа е книга за хомосексуалноста. Насловот и е “Хомосексуалноста и политиката на вистината.” Овој доктор е инаку психијатар и пишува за тоа како луѓето развиваат зависност за нешто. Навистина е интересна да се чита. Книгата не е само за науката туку и за религијата.

Нештото што го правиш денес, гревот што ќе го направиш денес, полесно е да го направиш утре и полека но сигурно станува навика веќе на третиот ден, и најверојатно не само што ќе стане навика, туку и зависност па дури и принуда. Кога такво нешто ќе се случи тогаш само силата на божествената благодат може да нè избави.

Драги мои пријатели, живееме во свет во кој скоро секој од нас е од нешто зависен. Скоро секој од нас. Некои се зависници од храната; некои од некој вид на сензуалност; дроги, или некој друг вид на супстанција. Живееме во свет каде мнозинството народ имаат проблеми со нешто што постојано го правеле во својот живот сè додека тоа нешто не се врежало толку силно во нивниот ум, така што ништо не може да ги ослободи, освен ако Бог не ги ослободи.

Соломон зборува за ова во книгата Изреки. Многу е интересно ако го погледнете контекстот на овој стих, ќе видите дека тој зборува за сексуалната неморалност. Но ние нема да го погледнеме контекстот туку само стихот. Вели вака, во Изреки 5:21-23: “Зашто пред Господовите очи се човековите патишта, и тој ги набљудува сите негови патеки. Нечесниот ќе биде фатен од сопственото беззаконие и ќе го држат јажињата на неговите гревови. Ќе умре зашто нема поука, ќе пропадне заради своето големо безумие.”

Што вели дека ќе направи беззаконието на нечесниот? Ќе го врзе како со јажиња. О, пријатели, живееме во свет во кој луѓето се врзани со синџири. Тие синџири на зависност и принуда се исто толку јаки како и челичните синџири. Но имаме луѓе и во црквата кои исто така се врзани во вакви синџири.

Тие никогаш нема да можат да се ослободат доколку Бог не ги ослободи. Ова е она што Библијата го нарекува грев кој лесно нè врзува. И ако сте врзани онака како што самиот стих објаснува во Изреки 5 глава, никогаш не можете да се ослободите ако Господ нè ви помогне. Но токму за тоа е евангелието. Токму затоа Исус дојде, затоа што луѓето во тие времиња беа врзани со синџирите на гревот.

Погледнете што пишува во Лука 4 глава. Исус овде зборува во Назарет. Тој чита од книгата на пророкот Исаија околу тоа каква е работата на Месијата. Лука 4:18. Исус овде читајќи од книгата на Исаија всушност ја објаснува сопствената работа. Тој вели: “Господовиот Дух е над Мене, зашто Ме помаза и Ме испрати да им проповедам на бедните; да ги исцелам скрушените по срце; да им навестам на заробениците дека ќе бидат пуштени, на слепите дека ќе прогледаат; да ги пуштам на слобода напатените.”

Забележуваме дека дел од Неговата работа е да ги ослободи заробените и да ги пушти на слобода напатените. Кои биле тие заробеници што Тој мислел да ги ослободи? Дали се сеќавате на некоја случка каде Исус ослободува некој заробеник? Се сеќавате ли на такво нешто? Дали се сеќавате на двајцата демонизирани луѓе кои се среќаваат со Исуса откако Тој го минал Галилејското море, и кои извикуваат и велат: “Што имаме ние со тебе, Исусе, Сине Божји? Зар си дошил да не мачиш пред време? А Тој им рече: Како ти е името? А духот одговори: Нашето име е легеон зашто сме многу.” И што направи Исус во оваа прилика? Ги изгони демоните надвор и ги ослободи овие двајца.

Знаете што, кога стануваме христијани, посебно ако сме деца, си ги читаме овие приказни и за нас тие се само приказни. Прекрасни се дури ако се читаат и само како приказни, но тие не се само приказни. Ова се приказни кои ни објаснуваат што сака Исус да стори со останатите заробеници, со останатите болnи, со останатите слепи луѓе на оваа планета.

Пријателу, ако сте зависен од нешто во вашиот живот, ако сте едноставно принуден да правите нешто, ако имате грешна навика и не можете да ја скршите, вам ви е потребен Исус. Ако му пристапите Тој ветил: “Ако пребивате во Моето слово, навистина сте Мои ученици; и ќе ја познаете вистината и вистината ќе ве ослободи” (Јован 8:30-32).

Тоа е ветувањето, а тие му одговориле: “О, ние нема потреба да бидеме ослободени. Ние никогаш не сме биле во ропство.” Но гледајте како им одговорил на тоа Исус: “Вистина, вистина ви велам, дека секој кој прави грев, роб му е на гревот. А робот не останува дома довека; Синот останува довека. И така, ако Синот ве ослободи, навистина ќе бидете слободни.”

Кaко резултат на гревот, она што некогаш било само опција сега станува навика, станува принуда, станува зависност. Човекот е врзан. Тој го сторил тоа толку многу пати што станало дел од неговиот централен нервен систем и нè може да се ослободи. Цврсто е врзано во неговиот мозок. Но Исус вели дека дошол да ги ослободи затворениците. Какви затвореници? Исус вели: Оној кој прави грев, роб му е на гревот. Јас дојдов да ги ослободам таквите.

Единствените луѓе што ќе стигнат на небото ќе бидат слободните, нема да има робови таку горе. Овој свет е место каде што Исус ги ослободува робовите. Тој ги ослободува од последиците на нивните гревови со кои што се врзани и не можат да се одврзат. Тие самите не можат да се одврзат. Исус рекол: “Јас ја платив цената за вашите гревови и Јас имам авторитет и власт да ве ослободам.” Дали сакате да бидете слободни? Ако сакате, ајде да се молиме сите заедно Бог да го исполни ветувањето за ослободување на врзаните робови, и да нè ослободи нас.

Џон Грозбол