Теми и статии

warning: Creating default object from empty value in /home1/calledto/public_html/modules/taxonomy/taxonomy.pages.inc on line 34.

Кој ќе го земе синот?

Еден богат човек заедно со неговиот син имал хоби на собирање на стари и вредни уметнички дела. Имале многу дела во својата колекција, почнувајќи од Пикасо па се до Рафаел. Често седеле и ги набљудувале тие величествени уметнички дела.

Кога започнал конфликтот во Виетнам, синот заминал во војна. Таму се покажал како многу храбар - загинал спасувајќи еден својот другар. Таткото бил известен за загубата на неговиот син, и бил многу потиштен долго жалејќи за него.

Еден месец подоцна, околу Божиќ, се зачуло чукање на влезната врата. На вратата стоело младо момче со прилично голем пакет во рацете.

Момчето проговорило: “Господине можеби не ме познавате, но би сакал да ви кажам дека јас сум војникот за кого вашиот син го положи својот живот. Тој всушност тој ден спаси многу животи и кога ме однесе мене на безбедно, одеднаш куршум го погоди право во срцето и тој почина на самото место. Тој често ми кажуваше за вас и вашата љубов спрема уметноста.” Момчето го подало пакетот што го имало во рацете. “Знам дека ова е само еден скромен подарок. Не сум баш некој сликар, но мислам дека вашиот син би сакал да го имате овој подарок.”

Таткото го отворил пакетот и здогледал портрет од својот син, насликан од ова младо момче. Се чудел гледајќи во портретот и во начинот на кој бил насликан неговиот син. Толку бил воодушевен од подарокот што неговите очи се исполниле со солзи. Му заблагодарил на момчето и му понудил да му ја плати сликата.

“О не господине! Јас никогаш не би можел да му се одолжам на вашиот син за она што тој го стори за мене. Тоа е подарок.”

Таткото силно го гушнал портретот со своите раце. Секогаш кога доаѓале посетители, тој најнапред им го покажувал портретот на својот син, пред да преминеле на разгледување на колекцијата вредни уметнички дела.

Таткото неколку месеци подоцна починал. Требало да се одржи голема аукција по повод продажбата на вредната колекција што тој ја поседувал. Биле присутни многу видни личности, сакајќи да се здобијат со некое вредно дело од познат автор. На платформата најнапред бил изложен портретот на татковиот син. Аукционерот се огласил:

“Ќе ја започнеме понудата со сликата на синот. Кој има понуда за неа? Тишина. Тогаш се слушнал глас некаде од позадината: Сакаме да ги видиме познатите дела, пропуштете ја оваа! Но аукционерот продолжил: Дали некој има понуда за оваа слика? Колку ќе понудите? $100, $200? Тогаш се слушнал уште еден подналутен глас од позадина: Не дојдовме овде за оваа слика, дајте да ги видиме познатите дела на Ван Гог и Рембрант! Но аукционерот продолжил понатаму: Синот, синот, кој ќе го земе синот?”

Конечно се слушнал глас од самиот крај на собата, тоа бил долгогодишниот градинар на таткото и синот. “Јас давам $10 за оваа слика!”

Градинарот бил сиромашен човек и сè што можел да понуди биле тие 10 долари. “Имаме понуда од $10, кој нуди $20, има ли некој кој нуди повеќе?” Луѓето станувале сè понервозни. Никој не дошол да купува таква безвредна слика, тие сакале своите пари да ги дадат за навистина вредните дела.

Тогаш аукционерот се огласил: “$10 еднаш, $10 двапати, $10 трипати, ПРОДАДЕНО!”

Човекот кој седел во вториот ред повикал: “Ајде сега да преминеме на вистинските нешта!”

Тогаш аукционерот повикал: “Се извинувам, но морам да ви кажам дека аукцијата е завршена.” Но што е со вредните дела?” “Жалам. Пред почетокот на аукцијава ми беше предаден договорот според кој таа требаше да се води и сè до нејзиниот крај ми беше речено да не го објавувам договорот.”

Според договорот на аукција требаше да излезе само сликата на синот. Оној кој ќе ја купи таа слика ќе го добие целото наследство вклучувајќи ја и уметничката колекција. Според тоа човекот што го купи “Синот” добива сè!”

Бог го даде Својот Син пред 2000 години за да умре на грубиот дрвен крст. Слично како и аукционерот неговата порака денес гласи: “Синот, Синот, кој ќе го земе Синот?” Бидејќи оној што ќе го добие Синот добива сè.

Непознат автор

Кои се мои браќа?

Се поставува прашањето кои биле вистинските браќа и сестри на Исуса Христа, оние за кои што Тој не се срами да ги нарече браќа? Точно е тоа дека на некој начин сите човечки суштества се Божји чеда и би можеле да се наречат Христови браќа (така треба и ние да ги третираме), но исто толку е точно и тоа дека и ѓаволот има свои чеда на овој свет. Токму за тоа потребно е да се направи разграничување. Токму од Христовиот живот ќе видиме кои се тие што Тој ги смета за Свои браќа. Текстот со кој што ќе го започнеме ова проучување се наоѓа во Марко 3:20-35.

Исус како и обично бил активен во работата за која што и бил испратен од Небесниот Татко, па така се нашол во една куќа каде што како и обично се насобрало многу народ за да го слуша. “А кога Неговите чуја за тоа, излегоа за да Го приберат, зашто зборуваа дека не е при Себеси.” (Марко 3:21). Неверојатно но вистинито. Неговите браќа така да постапуваат со Спасителот!? Да видиме што вели книгата Копнежот на вековите (стр. 321) за ова: “Јосифовите синови ни најмалку не биле наклонети кон Исуса во Неговото дело. Извештаите што допирале до нив за Неговиот живот и дела ги исполнувале со чудење и со страв. Чуле дека цели ноќи поминува на молитва, дека преку ден го следи мноштво луѓе и дека нема време ниту да јаде. Неговите пријатели сметале дека со Својата непрекината работа се исцрпува; не можеле да го разберат Неговиот став кон фарисеите, а имало и такви што се плашеле дека е поместен од умот.

Неговите браќа, го чуле ова, а исто така и фарисејското обвинување дека ѓаволите ги истерува со сатанска сила. Тешко ги поднесувале прекорите што доаѓале до нив поради нивното сродство со Исуса. Знаеле каков метеж создале Неговите зборови и дела, и не само што биле вознемирени со неговите смели тврдења, туку биле и лути поради тоа што јавно ги обвинувал книжевниците и фарисеите. Решиле да го уверат или да го присилат да престане со таков начин на работа...”

“Браќата не го сфатиле Исуса затоа што не бил сличен со нив. Неговото мерило не било и нивно мерило. Гледајќи на луѓето, тие го напуштиле Бога и во нивниот живот не постоела Неговата сила.”

“Никој на Земјата не го разбирал и во текот на Својата служба Тој и понатаму морал да оди сам. Во текот на целиот Негов живот Неговата мајка и браќа не ја сфаќале Неговата мисија. Дури и Неговите ученици не го разбирале. Тој живеел во вечна светлина, еднаков со Бога, но Својот живот на Земјата морал да го помине во осаменост.”

“Божјиот Син длабоко го чувствувал непријателството распалено во човечкото срце против евангелието и тоа за него било најболно во Неговиот дом затоа што неговото срце било полно со љубезност и со љубов и затоа што го ценел нежното внимание во семејните односи. Неговите браќа сакале Тој да ги одобри нивните замисли иако тоа било наполно несообразно со Неговата божествена задача. Сметале дека нему му е потребен совет. За него просудувале како луѓе од човечка гледна точка и сметале дека кога би го зборувал само она што би било прифатливо за книжевниците и фарисеите, би ги избегнал несогласијата и судирите што ги предизвикале Неговите зборови. Го сметале за неразумен кога тврдел оти има божествен авторитет и кога пред рабините се поставувал како Оној што ги укорува нивните гревови. Знаеле дека фарисеите бараат можност да го обвинат и чувствувале дека Тој им дал доволно поводи.

Со своите слаби мерила не можеле да проникнат во мисијата што дошол да ја исполни и затоа не можеле да сочувствуваат со него во Неговите неволји. Нивните груби, потценувачки зборови покажувале дека немаат вистинско разбирање за Неговиот карактер и дека не го сфатиле соединувањето на божествената природа со човечката. Често го гледале обземен со болка, но наместо да го тешат, со своите груби зборови само го ранувале Неговото срце. Неговата чувствителна природа била изложена на маки, неговите побуди погрешно сфатени, неговата работа непризната. Неговите браќа често ја изнесувале филозофијата на фарисеите што била неинтересна и застарена и се осмелувале да мислат како тие можат да го учат Него кој ја разбирал целокупната вистина и ги познавал сите тајни. Слободно го осудувале она што не можеле да го разберат. Нивните префрлања го погодиле до сржта, а неговата душа била уморна и ујадена. Јавно исповедале вера во Бога и мислеле дека го бранат Бога, додека Бог бил со нив во тело, а тие не го познавале.”

Сите овие податоци за тоа како Исус бил третиран од своите домашни се навистина неверојатни. Тешко дека некој би посакал да се најде во такво нешто, и да претрпува такви пред се психички болки поради отфрленост и несфаќање. Но тоа бил во суштина Неговиот земски живот. Затоа со право, кога Неговата мајка и браќа дошле во куќата кај насобраното мноштво за да го одведат дома, можел да го изјави следново: “И тогаш дојдоа: Неговата мајка и Неговите браќа и, стоејќи надвор, испратија при Него да го повикаат. А околу Него седеше народ и Му рекоа: Ете мајка Ти и Твоите браќа надвор те бараат! И во одговор им рече: Кои се мајка Ми и браќа Ми? И ги погледна наоколу оние, кои седеа околу Него и рече: Еве ги мајка Ми и браќа Ми; зашто, кој ја исполнува Божјата волја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка.” (Марко 3:31-35)

Од овие изјави на Исуса заклучуваме дека Неговите браќа по плот всушност не се Негови вистински браќа. Впрочем тоа многу добро можевме да го видиме и од претходните цитати. Тие не само што не се сложувале со Неговата работа и не можеле да ја сфатат Неговата мисија, туку се обидувале и да го попречат во тоа, за што ни говори и овој случај во евангелието според Марко. Значи со други зборови не би можеле да се вбројат во редовите на Неговите вистински браќа, затоа што не само што не ја извршувале Божјата волја туку дури и отворено и се спротивставиле. Вистинскиот критериум за тоа дали некој е Христов брат или не, се содржи токму во стихот што претходно го разгледавме - а тоа е дали тој ја извршува Божјата волја или не. Исус многу јасно вели во Својата изјава дека Негови браќа се оние што ја извршуваат Божјата волја. Сега и стихот во втората глава на посланието до Евреите го добива своето вистинско значење. Да се потсетиме на него: “Зашто и Оној Кој осветува и оние кои се осветувани, сите се од Еден; затоа не се срами да ги нарече браќа.” (Евреите 2:11) Оној Кој осветува е Бог а оние кои се осветени се оние кои дозволиле да бидат осветени со вистината (Исус Христос) и затоа се од Еден, т.е се едно. Тоа се оние кои всушност ја исполнуваат познатата Исусова молитва од Јован 17 глава, каде што Исус се моли за сите да бидат едно како што Тој е едно со Таткото. И навистина оние кои што се осветени со вистината се всушност оние кои дозволиле Бог да завладее во нивниот живот и тие му служат Нему т.е ја извршуваат Неговата волја, па затоа Исус не се срами да ги нарече Свои браќа.

Можеби и некој од нас се соочува со нешто слично, можеби и тој е отфрлен и погрешно сфатен од своите домашни. Можеби е така, но треба да имаме на ум дека не можеме да наидеме на разбирање кај оние кои не ни се вистински браќа по дух. Едноставно заклучуваме дека ако имаме брат или сестра по плот тоа не значи дека во нив имаме и вистински брат или сестра. Прашањето е секогаш дали тие се на Божја страна, дали ја извршуваат Неговата волја, затоа што ако е спротивното тие всушност се на другата страна и едноставно не се наши браќа и сестри. Ова не го измислувам сам од себе, затоа што самиот Исус го тврди тоа и самиот Тој не ги смета за свои браќа и сестри како што не ги сметал ни Својата сопствена мајка и браќа. Не треба да се залажуваме дека ако сме потомци по тело на нашите верни татковци и прататковци дека со тоа автоматски сме на вистинската страна и дека тоа автоматски значи дека сме Божји чеда. Самиот факт што нашите прататковци биле Божји чеда а со тоа и Христови вистински браќа не значи дека и ние сме Негови браќа.

Ова е една голема заблуда која што била присутна меѓу фарисеите во Исусово време а е присутна и денес кај многу верски заедници. Да го разгледаме примерот со фарисеите.

Погледнете каков бил разговорот меѓу Исуса и фарисеите околу прашањето чии чеда се тие. “Наш татко е Авраам. (велеле фарисеите) Исус им рече: Ако бевте Аврамови чеда, ќе ги вршевте Аврамовите дела. А сега сакате да Ме убиете Мене, Човекот, Кој ви ја кажа вистината, што ја чув од Бога. Аврам не направи така... Вие потекнувате од вашиот татко ѓаволот, и сакате да ги исполнувате желбите на татка си. Тој беше човекоубиец од почетокот и не остана во вистината, зашто нема вистина во него. Кога зборува лага, зборува од своето, зашто е лажец и татко на лагата.” (Јован 8:39, 40, 44). Овде јасно се забележува дека фарисеите иако претставници на Божјиот народ - Еврејскиот народ, и не само тоа туку и сами челници и негови водачи, сакале да го убијат Божјиот Син, ветениот Месија. Иако самите горделиво се сметале дека се Аврамови чеда, што по природна линија и навистина биле, сепак Исус во одговорот им вели дека нивниот вистински татко е всушност ѓаволот и дека тие се негови чеда.

Запазете го парадоксот, народот кој што се нарекува Божји сака да го убие Бога! Но вистината е токму во тоа што тие иако сметале дека се Аврамови чеда, а со самото тоа и Божји чеда, всушност биле чеда на ѓаволот. Според тоа не е битно што исповедаме туку дали тоа што го исповедаме всушност и го живееме; дали исповедањето е соодветно на карактерот што го поседуваме. Едноставно гледаме дека и оние кои исповедале дека се Божји чеда а Христови браќа всушност не се. Кога би биле Божји чеда (Христови браќа) тогаш не би сакале да го убијат својот брат Исус.

Заклучуваме дека ниту нашите домашни, браќа по плот, не се наши вистински браќа ниту пак таканаречените браќа во црквата кои се слични со фарисеите и го имаат нивниот дух не се наши вистински браќа. Не може вистински брат да ни биде оној што сака да ни напакости на било кој начин па дури и да не убие, како што тоа фарисеите сакале да му го направат на Исуса. Јасно е дека убиец од почеток е ѓаволот, и тој е оној што сакал од секогаш да го убие Исуса, и не само Него туку и сите Негови верни следбеници.

За да ни биде уште појасно ќе разгледаме уште неколку стиха. “Зашто е запишано дека Авраам имал два сина: едниот од робинката, а другиот од слободната. Но оној, од робинката, роден е по тело, а оној од слободната преку ветувањето. Ова е речено сликовито: тие жени се двата завета; едниот од гората Синај, кој раѓа за ропство; тој е Агара - зашто Агара е Синајската Гора во Арабија, и му одговара на сегашниот Ерусалим, кој робува со своите деца. Но небесниот Ерусалим е слободен тој е наша мајка.” (Галатјаните 4:22-26). Интересно, сега дознаваме дека сите сме потомци Авраамови но некои се од робинката Агара а некои се од слободната Сара. Оние што се од робинката се телесни (родени по тело) а слободните се родени според ветувањето (родени одозгора - наново родени). Фарисеите биле класичен пример на телесни луѓе наметнати со плаштот на религијата. Тие се пример на лажни браќа. Тие не се вистински браќа на Исуса ниту на секој оној што искрено го следи Исуса.

Напротив тие се оние кои се најуспешните соработници на ѓаволот и работат против Бога и против Неговото дело. Не треба да ни биде ништо чудна констатацијата дека има “браќа” кои работат против Бога и против Неговите следбеници затоа што тоа било така одсекогаш низ историјата на Божјиот народ. Погледнете ги следниве стихови: “Зашто не сите кои водат потекло од Израел, се вистински Израелци, ниту сите се Авраамови деца, затоа што се негово потомство; но во Исака ќе се нарече Твоето семе, тоа значи дека сите деца по тело не се Божји деца, туку децата на ветувањето се сметаат за потомство.” (Римјаните 9:6-8) “Ете, ќе направам некои од сатанската синагога – оние што тврдат дека се Јудејци, а не се, туку лажат – да дојдат и да се поклонат пред твоите нозе.” (Откровение 3:9) Да, драги браќа и сестри не сите што се нарекуваат Јудејци или Израелци се навистина од Израел. Павле во (Галатјаните 4:31) своите вистински браќа ги ословува како деца на слободната а не на робинката, значи вистински браќа му се оние што се родени по дух а не по тело. Ако продолжиме да го читаме пасусот во (Галатјаните 4) ќе видиме дека оние што се родени по тело, значи од робинката, (лажните браќа) ги гонат оние што се родени по дух, значи од слободната (вистинските браќа). “И како што некогаш оној, кој се роди по тело, го гонеше оној кој се роди по дух, така е и сега.” (Галатјаните 4:29). Прогонствата во црквата ќе бидат поттикнати токму од овие таканаречени браќа т.е лажни браќа. И одсекогаш било така, телесните ги гонеле духовните како што причитавме во последниот стих, исто како што и Исак бил гонет од Исмаил.

Нормално е да се каже дека оние што водат потекло од Агара (робинката) по наследна линија и самите се робови. Да тие се робови на гревот, токму затоа сатаната ги држи во своите редови. Читаме во 1. Јованово 3:8: “Кој врши грев од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почеток.” Оној кој што врши грев му е роб на гревот и врз него контрола има ѓаволот. Негов татко е ѓаволот. “По ова се познаваат Божјите деца и ѓаволските деца: секој, кој не врши правда и не го љуби својот брат, не е од Бога... како што Каин беше од лукавиот и го уби брата си. И зашто го уби? Зашто неговите дела беа зли, а на брата му - праведни... Кој не го љуби братот свој, тој пребива во смртта. Секој кој го мрази својот брат, е човекоубиец, а знаете дека во ниеден човекоубиец не пребива вечен живот.” (1. Јованово 3:10, 12, 14, 15).

Гледаме дека уште од самиот почеток се случило злосторство. Каин го убива брата си! Не е за чудење што и денес малте не се случуваат такви работи помеѓу браќата во црквата, и секогаш телесниот е оној што го гони и му наштетува на духовниот. Обично секогаш кога се случуваат такви работи во прашање се нешта што се тешки за сфаќање токму поради тоа што навистина нема разумна основа за такво нешто.

Замислете си Каин го убива својот брат Авел за ништо друго, туку токму само затоа што делата на брата му биле добри. Така е одсекогаш. што ќе избереме ние? Библијата не учи секогаш на добри дела, а овде гледаме дека тоа може да биде и опасно по нашиот живот. Но запомнете ако го чувате животот ќе го загубите, а ако дури се случи и да го загубите за Господа ќе го зачувате за вечноста. Одберете самите. Како што видовме и Исус бил омразен и Неговите лажни браќа, кои заземале високи положби во Божјата црква, сакале да го убијат. Поради истите причини како што и Авел загинал од раката на својот брат. Читаме во Јован 7:7: “Светот Мене ме мрази, зашто сведочам дека неговите дела се зли.” И Авел постапувајќи според Божјата волја, со самото тоа посведочил дека делата на брата му се зли. Тој преку Своите дела само ја покажал и докажал вистината. Затоа Каин се разгневил, не можел повеќе да го поднесува тоа што Бог го одобрувал Авела и неговите дела а не ги одобрувал неговите сопствени дела, па станал и го убил брата си. Страшно!

Дали и денес меѓу нас може да се најде некој современ фарисеј или некој современ Каин? Ова за што зборуваме е навистина сериозна работа. Мораме длабоко да се преиспитаме дали сме му вистински браќа на Христа, затоа што доколку се испостави дека не сме тогаш еден ден, а можеби тој ден е сега, ќе застанеме против “своите браќа” и ќе учествуваме во нивното прогонство. Ова е навистина сериозна работа.

Фарисеите само надворешно исповедале вера но биле далеку од Бога. Се оправдувале со сопствената праведност и не ја познавале Христовата праведност, исто како што тоа го правел Каин. Наместо јагне за жртва, како што му заповедал Бог, тој принел од своите плодови. Дали имаме вистинска вера во своите срца или само исповедаме вера? Дали ја прифаќаме Христовата праведност, затоа што своја немаме, или пак ја истакнуваме својата безвредна праведност која што секогаш е извалкана со грев и себичност? Погледнете ги следниве неколку стиха: “Имаат изглед на побожност, а се одрекле од нејзината сила; отстранувај се од нив!” (2.Тимотеј 3,5) Можеби овој стих е уште појасен онака како што е преведен во еден хрватски превод: “Ичи че у цркву, али нече вјеровати у оно што слушају. Не дај да те заведу такви људи.”

Одењето во црква и учеството на богослуженијата не не прави вистински Христови браќа, туку потребно е повеќе од тоа. “Исповедаат дека го познаваат Бога, но Го одрекуваат со делата, како одвратни и непослушни и неподобни за какво и да е добро дело.” (Тит 1:16) Да не даде Бог да бидеме такви. Писмото порачува дека треба да се отстрануваме од таквите. Тие можат да не заведат а уште полошо и од тоа, да не уништат. Да не даде Бог да бидеме такви и еден ден да ги прогонуваме своите браќа со кои заедно јадеме, заедно денес проучуваме од истата Библија и заедно одиме на богослужение. Потребно ни е наново раѓање. Потребно е да се родиме одозгора, да дозволиме Бог да нè обликува, да ја фрлиме нашата нечиста облека и да ја прифатиме белата наметка на Христовата праведност. Како што спомнавме и погоре за да бидеме вистински Христови браќа, од кого Тој нема да се посрами, нема да Му биде срам да нè нарече Свои браќа, потребно е да бидеме вистински Авраамови чеда, а не како фарисеите. Потребно е да бидеме потомци на Сара (на слободната) за да не се случи да се најдеме во улога на гонители на своите браќа. Затоа што како што рековме одсекогаш телесните ги гонеле духовните. Духот на прогонство, осуда и опаѓање не е Христов дух, тоа е класичен фарисејски дух од кого произлегуваат само телесни дела: блудство, нечистотија, бесрамност, непријателства, препирки, ревнување, гнев, себичност, раздори, кривоверства, зависти, убиства итн. Духот постојано војува против телото и обратно. Погледнете што велат следниве стихови: “Зашто кои се по телото, мислат за телото, додека оние, по Духот, мислат за нештата на Духот. Бидејќи мудрувањето на телото, е смрт; а мудрувањето на Духот: живот и мир; зашто мудрувањето на телото е непријателство против Бога, бидејќи не му се покорува на Божјиот Закон, ниту пак може. Оние, кои се во телото, не можат да Му угодат на Бога.” (Римјаните 8:5-8) Зар сакаме да бидеме непријатели Божји? Телесниот човек (не обратениот) мисли само на телесните нешта, него духовните работи не го интересираат, па последователно на тоа таквиот не може да му се покори на Божјиот закон, таквиот постојано греши, роб му е на гревот, татко можеби му е Авраам но мајка му е Агара. Иако исповеда вера, исповеда дека го познава Бога и дека му служи на Бога, тој всушност е далеку од Бога. Веројатно може да отиде и толку далеку што ќе почне да ги обвинува и да ги напаѓа своите довчерашни браќа. Едноставно речено тој станува класичен фарисеј, кој што еден ден ќе го предаде својот брат а со тоа и својот Бог.

“Фарисејската правда била сочинета од надворешни обреди и од теоретско знаење на вистината. Рабините тврделе дека се свети во своите лични напори да го одржат Законот; но нивните дела ја разделиле правдата од религијата. Додека во ситници биле точни во почитувањето на обредите, нивниот живот бил неморален и понижен. Со својата божемна правда не би можеле никогаш да влезат во небесното царство.

Најголема измама на човечкиот дух во Христовите денови било сфаќањето дека правдата ја сочинува самото согласување со вистината. Во целокупното човечко искуство теоретското знаење на вистината се покажало недоволно за спасение на душата. Тоа не донесува плодови на правдата. Ревносното почитување на она што се нарекува теолошка вистина често е здружено со омраза кон правата вистина откриена во животот. Најмрачните поглавја во историјата се оптоварени со извештаи за злосторства што ги направиле верските фанатици. Фарисеите тврделе дека се Авраамови чеда, фалејќи се дека поседуваат божествени пророштва; сепак, овие предимства не ги сочувале од себичност, од злоба, од желба за добивка и од најниско лицемерство. Себеси се сметале за најпобожни на светот, но нивната божемна правоверност ги навела да го распнат Господа на славата.

Сè уште постои истата опасност. Мнозина го примаат за готово дека се христијани едноставно затоа што прифатиле некои основни теолошки начела. Меѓутоа, тие не ја вовеле вистината во секојдневниот живот. Тие не поверувале во неа и не ја засакале, па затоа не ја примиле силата и благодатта што доаЃаат од посветувањето со вистината. Луѓето можат да тврдат дека веруваат во вистината, но ако тоа не ги прави искрени, љубезни, трпеливи, умни, тогаш тоа е проклетство за оние што ја поседуваат, а преку нивното влијание тоа е проклетство и за светот.” (Копнежот на вековите стр. 309, 310).

Сигурно никој не сака да биде проклетство за самиот себе ниту пак за оние околу него. Но тоа е така кога поседуваме само знаење за вистината а не ја живееме вистината. Се сеќавате дека рековме оти оние што се осветени со вистината и Оној што осветува се едно, и токму тие се оние што Исус ги смета за свои браќа. Јас повеќе би сакал да бидам во таа група и да бидам на благослов на овој свет. “Но вие не сте во телото, туку во Духот.” (Римјаните 8:9). Да, ако сме во Духот тоа значи дека сме Негови (Христови) и затоа Тој не се срами да нè нарече Свои браќа (Свои чеда), но ако сме во телото тогаш не сме Негови. “Имено не го примивме духот на ропството, за да бидеме пак во страв, туку го примивме Духот на посинувањето, со кој викаме: Ава Татко! Самиот Дух сведочи заедно со нашиот дух дека сме Божји чеда. Ако сме чеда, тогаш сме и наследници: Божји наследници, а Христови сонаследници - ако страдаме со него, со Него и да се прославиме.” (Римјаните 8:15-17) Ако сме Негови, со Него и ќе страдаме, но со Него и ќе се прославиме.

Слава нека му е на Бога што ни дал шанса да се наречеме Негови синови и Христови браќа. Нека Бог ни даде вистинска љубов, да се љубиме едни со други, зашто по тоа светот ќе поверува дека сме Негови. Навистина е прекрасно чувството да се наречеш Божје чедо и Христов брат, и кога еден ден ќе се најдеме очи во очи со Христа, да ги слушнеме од Неговите усни зборовите: “Еве ги Моите браќа, тоа се Моите браќа, тоа се оние што ја извршуваат волјата на Мојот Татко и верно ги држат заповедите.” Слава и благодарност на Бога. Амин!

Борче Цветковски

Загубени или спасени

Дали повеќето луѓе ќе бидат спасени или загубени?

Колку луѓе од денешните над 6 милијарди кои живеат на земјата еден ден ќе влезат во рајот? Дали повеќето од луѓето ќе бидат спасени? Или повеќето нема да се здобијат со дарот на вечен живот?

Во 1997 година, US News and World Report известуваше за една анкета. На илјада луѓе им беше дадена листа на популарни луѓе, вклучувајќи спортски личности, филмски ѕвезди и политичари. Испитаниците требаа да ги обележат имињата на луѓето за кои тие мислеа дека ќе бидат во рајот. Околу две третини од луѓето го изразија своето верување дека поранешната спортска ѕвезда Мајкл Џордан ќе биде во рајот, половина од нив веруваа дека Бил и Хилари Клинтон ќе одат во рајот, и повеќе од една четвртина означија дека Денис Родман исто така ќе биде таму. Тоа беше за изненадување затоа што Денис Родман е поранешен кошаркар кој носел и женска облека. На крајот, 87% од луѓето рекоа дека мислат дека и тие самите исто така ќе бидат во рајот.

Доколку јавното мислење ја претставува вистината во овој поглед, тогаш можеме да бидеме сигурни дека повеќето од нас ќе бидат спасени. Денес, дури и многу христијански проповедници и учители ја застапуваат идејата дека ние не треба да бидеме многу загрижени за нашата вечна судбина, туку дека можеме да живееме како сакаме и дека сепак на крајот ќе влеземе во рајот.
Меѓутоа Библијата вели: “Широк е патот што води кон пропаст, и мнозина одат по него… а тесен е патот што води во живот и малкумина го наоѓаат.” Матеј 7:13, 14.

Кога учениците го запрашале Исуса: “Господи, малкумина ли се оние што ќе бидат спасени?” Исус одговорил: “Мнозина, ви велам, ќе сакаат да влезат и не ќе можат.” Лука 13:23, 24. Според тоа што го рекол Исус, повеќето од луѓето нема да влезат во рајот, и само “малкумина” ќе бидат спасени. Тој дури рече дека многу луѓе ќе сакаат да бидат спасени, но нема да можат. Зошто нема да можат?
Исус ја открива тајната за тоа во Матеј 7:21: “Не секој што ми вели Господи, Господи, ќе влезе во царството небесно, туки оној кој ја исполнува волјата на Мојот Татко небесен.” Тоа значи дека не е доволно само да се надеваме и да сакаме да влеземе во рајот. Ние треба да живееме во послушност на волјата на нашиот Небесен Татко. Ние треба да ги правиме оние нешта кои Тој ни рекол да ги правиме, и да живееме на начин на кој Тој рекол дека треба да живееме.

За жал, повеќето луѓе не сакаат да се откажат од својот начин на живот и тоа е причината зошто мнозинството ќе бидат загубени. Тие одбрале да бидат загубени со тоа што не одбрале да бидат спасени.

Суров трик е кога непријателот прави луѓето да веруваат дека се безбедни, кога всушност се наоѓаат во смртна опасност. “И додека уште велат: ‘Мир и безбедност,’ тогаш ненадејно ќе ги снајде пропаст.” 1. Солунјаните 5:3. Сатаната сака милиони на луѓе да веруваат дека тие се наоѓаат безбедно на патот кон рајот, кога во стварноста тие се загубени. Доколку не чувствуваат опасност, тие нема да се свртат кон Христа, Кој единствено може да ги спаси од нивната состојба на загубеност.

Библијата го разобличува ова лажно учење кое сатаната го промовира во христијанските кругови – дека повеќето од оние кои тврдат дека се христијани ќе бидат во рајот. Библијата ни покажува дека во реалноста, малкумина ќе бидат спасени, дури и од оние кои се нарекуваат себеси христијани.

Таа сепак објаснува како секој еден од нас може да биде еден од оние кои ќе бидат спасени. Исус умрел за “секој кој верува во Него да не погине, туку да има живот вечен.” Јован 3:16. Покори се себеси на Бога. Престани да живееш живот како што ти сакаш. Одбери да го чиниш сето она што Бог ќе ти го покаже во Неговата Реч. Проучувај ја Библијата секој ден, за да знаеш која е Неговата волја.

Дали ти сакаш да бидеш еден од оние кои ќе влезат во рајот? Ти можеш да бидеш. Изборот е твој.

Ема Павловиќ

Reference: U.S. News and World Report, March 31, 1997.