Големата борба помеѓу Христа и сатаната

Увод

Пред појавата на гревот, Адам ја имал таа среќа непосредно да разговара со својот Творец, но откако човекот преку престапот се одделил од Бога, тој е лишен од таа голема предност. Меѓутоа, со планот на спасението отворен е пат, преку кој жителите на оваа Земја сè уште можат да одржуваат врска со небото. Со посредство на Својот Дух, Бог ја одржувал врската со луѓето, а божествената светлина на светот му била упатувана по пат на откровенија дадени на Неговите избрани слуги. “Светите Божји луѓе зборувале просветувани од Светиот Дух” (2. Петрово 1:21).

Во текот на првите дваесет и пет века од човечката историја немало пишувано откровение. Оние што биле научени од Бога, своите сознанија им ги пренесувале на другите, и така сето тоа, поминувајќи од татко на син, постојано било предавано на идните поколенија. Подготовката за пишување на Божјото Слово, започнала во Мојсеевото време. Вдахновените откровенија тогаш влегле во составот на една вдахновена книга. Оваа работа продолжила во текот на долгиот период од илјада и шестотини години, почнувајќи од Мојсеја, историчарот на создавањето на светот и на објавувањето на законот на Синај, па се до Јована, писателот на највозвишените и највеличествените вистини на евангелието.

Библијата упатува на Бога како на свој автор, но сепак е пишувана со човечка рака. Со разновидноста на стилот во своите многубројни книги таа ги открива особините на своите писатели. Сите тие богатства на откриени вистини, иако изразени со човечки јазик “од Бога се вдахновени” (2. Тимотеј 3:16). Бог со Својот Свет Дух го расветлил умот и срцето на Своите слуги. Им давал соништа и виденија, симболи и слики, а тие на кои вистината им била откриена на таков начин, самите ја оформиле мислата и ја изразиле со човечки зборови.

Десетте заповеди што биле објавени на Синај ги изговорил лично Бог и ги напишал со Своја рака. Нив ги составил Бог, а не човек. Меѓутоа, Библијата со своите од Бога дадени вистини, искажани со човечки јазик, претставува соединување на божественото со човечкото. Такво соединување постоело и во Христовата природа, којшто истовремено бил и Син Божји и син човечки. Затоа за Библијата со право може да се каже она што е запишано за Христа: “И Словото стана тело и се всели во нас” (Јован 1:14).

Пишувани во текот на вековите, во различни времиња и со посредство на луѓе кои значајно се разликувале по својата положба, занимање, умствени и духовни способности, книгите на Светото писмо покажуваат голема разновидност не само во стилот туку и во начинот на прикажувањето на изложените предмети. Разните писатели различно се изразувале; често една иста вистина, еден писател ја прикажал повпечатливо отколку другиот. Бидејќи повеќе писатели, истиот предмет го прикажуваат од различни гледишта и односи, на површниот и лекомислен читател, полн со предрасуди, сето тоа може да му изгледа недоследно и противречно, додека длабоко мисловниот, понизен и полн со почит испитувач, со јасен поглед на предметот, секаде наоѓа само хармонија.

Бидејќи вистината ја изнесувале различни поединци, таа е прикажана со своите различни страни. Еден писател повеќе е под впечаток на една страна од предметот; тој ги сфаќа и обработува оние точки што се во согласност со неговото искуство или со неговата способност за претстава и правилно сфаќање; друг пак го посматра истиот предмет од некоја друга страна, и така секој, под водството на Светиот Дух, го изнесува она што кај него оставило најсилен впечаток - различни аспекти на вистината кај секој поединец, но целосна согласност кај сите заедно. Вистините откриени на овој начин прават совршена целина приспособена за потребите на луѓето во сите прилики и искуства на животот.

Божја волја била својата вистина да му ја соопшти на светот преку човечките орудија и Тој самиот, со Својот Свет Дух, ги оспособил за тоа и им овозможил тоа дело да го извршат. Тој го водел нивниот ум кога требало да решаваат што ќе кажат и напишат. Тоа богатство им било доверено на “земните садови”, но сепак тоа богатство има небесно потекло. Сведоштвото, до нас е пренесено со помош на несовршениот израз на човечкиот јазик, но сепак тоа е Божјо сведоштво, и послушното и верно Божјо дете во него ја гледа славата на божествената сила, полна со милост и вистина.

Во Своето Слово, Бог на луѓето им го дал неопходното знаење за спасение. Светите списи на Неговото Слово треба да се прифатат како единствено, авторитативно и непогрешливо откровение на Неговата волја. Тие претставуваат мерило за карактерот, проверка на верското учење и правило за христијанскиот живот. “Целото Писмо од Бога е вдахновено, и полезно за поука, за изобличување, поправање и поучување во правдата, за да биде Божјиот човек совршен и подготвен за секое добро дело” (2. Тимотеј 3:16, 17).

Сепак фактот дека својата волја Бог му ја открил на човекот преку Своето Слово, не ја исклучува потребата од постојано присуство и водство на Светиот Дух. Напротив, Спасителот ветил дека на Своите слуги ќе им Го испрати Светиот Дух за да им го открие Словото и да ги расветли неговите учења, за да можат да ги применат во животот. Па бидејќи Божјиот Дух ја вдахновил Библијата, не е можно учењето на Светиот Дух да биде во спротивност со учењето на напишаното Слово.

Духот не бил даден, ниту пак некогаш ќе биде даден да го заземе местото на Библијата, зашто Светите списи изрично кажуваат дека Божјето Слово е мерило со кое мора да се провери секое учење и секое искуство. “Возљубени, не верувајте му на секој дух” вели апостол Јован, “туку испитувајте ги духовите: дали се од Бога; бидејќи многу лажни пророци се појавија во светот” (1. Јованово 4:1). А Исаија пак изјавува “Закон и сведоштво барајте. Ако некој не зборува така, за него нема светлина” (Исаија 8:20).

Заблудата на оние што тврдат дека се просветлени со Светиот Дух, и дека повеќе не им е потребно никакво водство од Божјето Слово, делото на Светиот Дух го изложуваат на големо подигрување и срам. Таквите се раководат според впечатоците што ги сметаат за Божји глас во својата душа. Но духот што управува со нив не е Божји Дух. Да се поведуваш само според впечатоци и поради тоа да ги занемаруваш Светите списи, тоа води само во забуна, измама и пропаст. Сето тоа оди само во прилог на намерите на лукавиот непријател. Бидејќи службата на Светиот Дух е од животно и суштинско значење за Христовата Заедница, сатаната лукаво настојува со помош од заблудата на екстремистите и фанатиците да го изложи на презир делото на Светиот Дух, и на тој начин да го наведе и Божјиот народ да го занемари овој извор на сила кој самиот Господ му Го дал.

Според Божјето Слово, Неговиот Дух треба да го продолжи Своето дело за сето време додека Евангелието се објавува на светот. Во текот на сите векови во кои се пишувани Светите списи на Стариот и Новиот завет, Светиот Дух не престанувал да ги просветлува срцата на поединците, и покрај откровенијата коишто требало да бидат вклучени во Светиот Канон.

Самата Библија известува дека луѓето преку Светиот Дух примале предупредувања, укори, совети и упатства, и тоа за прашања кои не биле во непосредна врска со објавувањето на Светите списи. Се спомнуваат и пророци коишто живееле во различни времиња, а за чиишто зборови ништо не е забележано. Исто така, бидејќи е довршен и канонот на Светите списи на Библијата, Светиот Дух и понатаму требало да го продолжи Своето дело, да ги просветлува, предупредува, охрабрува и теши Божјите деца.

Исус им ветил на Своите ученици: “А утешителот, пак, Светиот Дух, Кого што Отецот ќе го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал.” “А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина; и ќе ви ја каже иднината” (Јован 14:26, 16, 13). Светите списи јасно учат дека овие ветувања не се ограничени само на апостолското време, туку се однесуваат на Христовата Заедница во сите времиња. Спасителот ги уверува Своите следбеници: “И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот” (Матеј 28,20). Апостол Павле изјавува дека даровите и откровенијата на Духот и се дадени на Заедницата “за усовршување на светите во делото на службата, за изградување на Христовото тело; додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Божјиот Син, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство” (Ефесјаните 4:12, 13).

За верниците во Ефес апостолот се молел: “Та Бог на нашиот Господ Исус Христос, Таткото на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него... и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме според дејствувањето на Неговата моќна сила!” (Ефесјаните 1:17-19). Улогата и помошта на Божјиот Дух во расветлувањето на разумот и откривање на длабочината на Светото Божје Слово на луѓето - тоа бил благословот кој Павле толку усрдно го барал за црквата во Ефес.

По чудесното манифестирање на Светиот Дух на денот на Педесетницата, Петар го повикувал народот на покајание и крштевање во Христовото име поради простување на гревовите, нагласувајќи: “И ќе примите дар од Светиот Дух. Зашто за вас е ветувањето, за вашите деца и за сите што се далеку што ќе ги повика Господ, нашиот Бог” (Дела 2:38, 39).

Во непосредна врска со сцените на големиот Божји ден, Господ преку пророкот Јоил ветил особено манифестирање на Својот Дух (Јоил 2:28). Ова пророштво делумно се исполнило по повод излевањето на Светиот Дух на денот на Педесетницата, но своето потполно исполнување ќе го има во манифестирањето на божествената милост која ќе го прати завршното дело на евангелието на земјата.

Големата борба помеѓу доброто и злото сè повеќе ќе се заострува и ќе станува сè пожешка до самиот крај. Сатанскиот гнев против Христовата заедница се манифестирал во сите времиња; Бог на Своите верни им ја давал Својата милост и Својот Дух, давајќи им сила за да можат да се спротивстават на силата на злиот непријател. Кога Христовите апостоли требало да го објават Неговото евангелие на светот и да го запишат за сите подоцнежни поколенија, ним на посебен начин им било дарувано просветлување од Светиот Дух. Но кога Заедницата ќе се приближува до своето конечно ослободување, сатаната ќе работи со уште поголема сила. “Зашто ѓаволот слегнал при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време” (Откровение 12:12). Тој ќе дејствува “со секаква сила и знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). Веќе шест илјади години овој генијален ум, што некогаш бил највозвишен меѓу Божјите ангели, работи упорно решен само да измами и уништи. И сета таа сатанска вештина и сето лукавство, и сета свирепост испробана во вековната борба, тој ќе ја употреби против Божјиот народ во конечниот судир. И токму во тоа време на опасност, Христовите следбеници треба да го предупредат светот укажувајќи му на второто Христово доаѓање, за да се подготви еден народ кој при Неговото доаѓање ќе застане пред Него “чист и прав во мир” (2. Петрово 3:14). Во тоа време особениот дар на Божјата милост и сила - дарот на Неговиот Свети Дух - ќе биде неопходен за Заедницата, ништо помалку отколку што бил и во деновите на апостолите.

Со просветлувањето примено од Светиот Дух, на писателот на оваа книга му се откриени сцените на долготрајната борба помеѓу доброто и злото. Од време на време ми беше овозможувано да го набљудувам развојот на оваа голема борба помеѓу Христа: Кнезот на животот, Зачетникот на нашето спасение, и сатаната: кнезот на злото, зачетникот на гревот и првиот престапник на Божјиот свет закон. Своето непријателство кон Христа, сатаната го покажува и кон Неговите следбеници. Истата омраза кон начелата на Божјиот закон, истиот метод на измама кој на заблудата и дава облик на вистина, а човечките закони ги става на местото на Божјиот закон и ги наведува луѓето наместо Творецот, да ги обожаваат делата на Неговите раце; можат да се забележат во целата историја на минатото. Сатанските напори погрешно да го прикаже Божјиот карактер за луѓето да добијат погрешна претстава за Бога и да Го набљудуваат повеќе со страв и омраза отколку со љубов, сатанските настојувања да го отстрани Божјиот закон и да ги наведе луѓето на заклучок дека се ослободени од неговите барања, и свирепото прогонство на оние кои би се осмелиле да се спротивстават на неговите измами - сето тоа упорно продолжувало со векови. Трагите на сето тоа можат да се видат во историјата на патријарсите, пророците и апостолите, мачениците и реформаторите.

Во последниот голем судир сатаната ќе се послужи со истата тактика, ќе го покаже истиот дух и ќе се стреми кон истата цел, како и во сите изминати векови. Што било, пак ќе биде; само што битката што следува ќе биде толку страшна каква што светот сè уште не видел. Сатанските измами стануваат сè полукави, а неговите напади сè порешителни. Ќе се обиде да ги измами “ако е можно, и избраните” (Марко 13:22).

Кога Божјиот Дух ми укажа на големите вистини на Божјото Слово и ми ги откри сцените на минатото и иднината, ми заповеда и другите да ги известам за она што ми е покажано - да напишам историја за борбата во минатите векови, и особено така да ја прикажам за таа да ја расветли претстојната битка, која брзо се приближува. Држејќи се до ова упатство, настојував настаните од историјата на Божјата заедница така да ги одберам и подредам за да би се истакнал развојот на големите вистини кои во разни времиња му биле упатувани на светот, како тие вистини предизвикале гнев кај сатаната и непријателство на црквата која го сакала светот, и како се сочувани со сведоштвото на оние кои “не се грижеа за својот живот сè до самата смрт” (Откровение 12:11).

Во тие записи може да се види навестувањето на борбата која нас нè очекува. Ако ги разгледуваме во светлината на Божјото Слово, и ако сме просветлени со Неговиот Дух, можеме да ги видиме разоткриените стапици на лукавиот непријател и опасностите од кои мораат да се чуваат оние кои при доаѓањето на нашиот Господ сакаат да бидат “без мана.”

Големите настани кои го обележале напредокот на реформацијата во минатите векови, се познати историски факти и општо признаени во протестантскиот свет, факти кои никој не може да ги побие. Оваа историја јас ја прикажав накратко, во сообразност со целта и обемот на книгата; фактите се собрани на толкав простор во текстот, колку што беше неопходно правилно да се разбере нивната примена. Во некои случаи каде што историчарот ги групирал настаните така што тие накратко даваат јасен поглед на одредениот предмет, или поединостите уредно ги поврзал во една целина, ги цитирав неговите зборови; но во некои случаи не им е дадена особена доверба, зашто цитатите не се дадени со намера да го истакнат писателот како авторитет, туку затоа што неговите искази овозможуваат јасен и убедлив приказ на настанот. Слично постапував и при наведувањето на објавените искуства и мислења на оние кои во наше време го унапредуваат делото на реформацијата.

Целта на оваа книга не е толку да ни ги изнесе новите вистини за борбите водени во минатото, туку да ги истакне фактите и начелата кои можат да бидат од значење за настаните во иднината. Меѓутоа, согледани како дел на вековната борба помеѓу силите на светлината и темнината, овие записи за минатото добиваат ново значење; преку нив одредена светлина паѓа на иднината и го осветлува патот на оние кои, како реформаторите од минатите времиња, дури и покрај опасноста да изгубат сè на овој свет, ќе бидат повикани да “сведочат за Божјото Слово и за сведоштвото на Исуса Христа.”

Да се изведат на виделина сцените на големата борба помеѓу вистината и заблудата; да се откријат лукавствата на сатаната и средствата со кои можеме успешно да му се спротивставиме; да се даде задоволително решение за големиот проблем на злото, осветлувајќи го неговото потекло и конечната победа над гревот на еден таков начин во кој потполно ќе се согледа праведноста и добрината на Творецот во сите Негови постапки кон Неговите созданија; и да се истакне светоста и непроменливоста на Неговиот закон - тоа е целта која сака да се постигне со оваа книга. А благодарение на нејзиното благословено влијание, многу души да се ослободат од власта на темнината и да станат учесници во “наследството на светите во светлината”, во слава на Оној што нас нè љубел и Себеси се предал за нас - тоа е најусрдната молитва на нејзиниот писател.

Елена Г. Вајт