Големата борба помеѓу Христа и сатаната

42. Завршување на борбата

По истекот на илјада години (Откровение 20:4), Христос, во придружба на мноштво откупени и илјадници свети ангели, повторно се враќа на Земјата. Штом ќе се спушти во Својата неопислива величественост, Тој сите мртви кои во гроб отишле непокајани ги повикува да станат и да си ја чујат својата конечна пресуда. Тие стануваат во огромно мноштво, безбројни како песок во морето. Каква спротивност помеѓу нив и оние што стануваат во првото воскресение! Праведните стануваат облечени во бесмртна младост и убавина. Непокајаните на себе ги носат трагите на болеста и смртта.

Секое око на ова безбројно мноштво е насочено кон славата на Божјиот Син. Огромното мноштво на непокајани едногласно извикува: “Благословен кој доаѓа во името Господово!” Тие тоа не го изговараат од љубов кон Христа. Силата на вистината ги присилува да ги изговорат овие зборови и против своја волја. Тие од своите гробови излегуваат исто такви какви што и отишле, со истиот дух на буна и непријателство кон Христа. Ним нема да им биде дадено уште едно време на милост и проверка за да ги исправат грешките на својот минат живот. Со тоа ништо не би се постигнало. Целиот животен век пoминат во престап не ги омекнал нивните срца. И кога би им се дало уште едно време на милост, тие и тоа, исто така како и првото, би го поминале во презирање на Божјите заповеди и во предизвикување побуни против Него.

Христос се спушта на Маслиновата Гора од каде што по Своето воскресение се вознел на небото, и каде што ангелите на учениците им го повториле ветувањето за Неговото враќање. Пророкот кажува: “Тогаш ќе дојдат Господ, Мојот Бог, и сите свети со Него.” “Во оној ден, Неговите нозе ќе застанат на Маслиновата Гора што е спроти Ерусалим, на исток. И ќе се распука Маслиновата Гора по средината... во голема долина.” “И Господ ќе биде цар над сета земја” (Захарија 14:5, 4, 9). Кога Новиот Ерусалим во сета своја величественост и блескав сјај ќе се спушти од небото, ќе биде поставен на место исчистено и подготвено за тоа, и Христос со Својот народ и ангелите ќе влезе во Светиот град.

Сега сатаната се подготвува за последната и решавачка битка за превласт. Додека бил лишен од својата моќ, додека немал кого да измамува и заведува, кнезот на злото бил несреќен и депримиран; но штом непокајаните повторно ќе оживеат, и тој на своја страна ќе го види тоа безбројно мноштво, ќе оживеат и неговите надежи и тој ќе реши да не ја напушти големата борба. Тој под своето знаме ќе ги собере сите војски на изгубените и ќе се обиде со нивна помош да ги оствари дамнешните намери. Непокајаните се робови на сатаната. Отфрлувајќи го Христа, тие ја прифатиле власта на бунтовниот водач. Тие и сега се готови да ги прифатат неговите предлози и да ги извршат неговите заповеди. Но, верен на своето поранешно лукавство и препреденост, тој за себе не признава дека е сатана, туку тврди дека е законски господар на светот на кого наследството незаконски и насилно му е одземено. Тој на своите заведени поданици им се прикажува како спасител, уверувајќи ги дека неговата моќ ги подигнала од гробовите и дека има намера да ги ослободи од најсвирепата тиранија. Бидејќи Христовото присуство дефинитивно се оддалечило од непокајаните, сатаната прави чуда да го поддржи своето тврдење. Тој слабите ги прави силни и со својот дух и енергија ги инспирира сите. Тој предлага да ги поведе во борба против таборот на светите и да го освојат Божјиот град. Со пеколен триумф тој укажува на безбројните милиони разбудени од мртвите и тврди дека тој, како нивен водач е во состојба да го освои градот и повторно да го придобие својот престол и своето изгубено царство.

Во ова огромно мноштво се наоѓаат многу од поколенијата на долговечните жители на претпотопниот свет, луѓе со висок телесен раст и силен разум кои, препуштајќи се на власта на злите ангели, ја посветиле целата своја вештина и знаење да се издигнат себеси; луѓе чиишто уметнички дела го навеле светот да ја обожува нивната генијалност, но чиишто страшни и зли пронајдоци валкајќи ја земјата и изопачувајќи ја Божјата слика му дале на Господа повод да ги избрише од лицето на земјата како Свои созданија. Овде се царевите и војсководците кои ги покорувале народите, храбри луѓе кои никогаш не ја губеле битката; горди, славољубливи војници од чиешто приближување се треселе царствата. Тие ни во смртта не се промениле. Излегувајќи од гробот, тие го продолжуваат текот на своите мисли токму таму каде што во часот на смртта тој бил пресечен. Истата желба за освојување со која се раководеле во часот кога паднале, и сега ги поттикнува.

Сатаната се договара со своите ангели, а потоа и со тие цареви, освојувачи и силници од овој свет. Набљудувајќи ја силата и бројноста на својата страна, тие изјавуваат дека војската во градот е мала во споредба со нивната и дека лесно може да се совлада. Тие прават планови како најлесно да го зграпчат богатството и славата на Новиот Ерусалим. Сите веднаш почнуваат да се подготвуваат за борба. Вештите стручњаци изработуваат оружје и ги конструираат сите можни воени направи. Војсководците, славни и прочуени поради своите успеси, ја разделуваат оваа огромна маса во соодветни воени формации.

Најпосле се дава заповед за тргнување, и безбројното мноштво трга напред, војска каква што никогаш не собрале земните освојувачи, војска на која не и биле рамни соединетите сили на сите времиња откако на земјата почнала војната. Сатаната, најсилниот војник, ја води претходницата, а неговите ангели ги средуваат сите тие сили за последната битка. Царевите и војниците се во негова непосредна придружба, а мноштвото настапува зад нив во огромни формации, секоја предводена со својот одреден водач. Во строг војнички ред се движат збиените редови преку испуканите и нерамни површини кон Божјиот град. На Христовата заповед вратите на Новиот Ерусалим се затвораат, а сатанските војски го опколуваат градот и се подготвуваат за напад.

Тогаш Христос повторно се покажува на видикот на Своите непријатели. Високо над градот на темел од блескаво злато стои Неговиот престол, висок и возвишен. На тој престол седи Божјиот Син, а околу Него поданиците на Неговото царство. Силата и величеството на Христа не може да се опише со ниеден јазик и со ниедно перо. Славата на вечниот Отец го опкружува Неговиот Син. Сјајот на Неговата присутност го исполнува Божјиот град и се разлева надвор од градот распространувајќи се во своите блескави зраци по целата земја.

Најблиску до престолот се оние кои некогаш ревнувале за сатанското дело, но кои потоа како “гламји извлечени од огнот” го следеле Спасителот во својата длабока оданост. Веднаш до нив се оние кои и покрај лагите и безверието го усовршувале својот христијански карактер, потоа оние кои го почитувале Божјиот закон и тогаш кога христијанскиот свет го прогласил за безвреден и ништожен, и милиони верници од сите времиња кои поради својата вера умреле со маченичка смрт. А, зад нив е “множество народ, што никој не може да го изброи, од сите народности и племиња и народи и јазици... пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце “ (Откровение 7:9). Нивната борба е завршена, победата е добиена. Палмовите гранчиња во нивните раце претставуваат симбол на нивниот триумф, а белите облеки се знак на Христовата правда која сега е и нивна.

Откупените го подигаат својот глас во песна на благодарност која одѕвонува во небесниот свод: “Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето!” (Откровение 7:10). На ова усрдно одавање слава на Бога, своите гласови ги придружуваат и сите небесни ангели. Бидејќи откупените лично ја почувствувале силата и злобата на сатаната, тие се свесни како никогаш порано, дека нема сила освен Христовата која би можела да ги направи победници. Во целото ова сјајно мноштво, нема ниеден кој своето спасение би го припишал на себе, како самиот да победил со своја сила и побожност. Ништо не се зборува за тоа што тие направиле или претрпеле, туку суштината на секоја песна и рефренот на секоја химна е: “Спасение на нашиот Бог и на Јагнето!”

Во присуство на откупените жители на небото и Земјата се извршува конечното крунисување на Божјиот Син. И сега, облечен со знаци на врвно величество и сила, Царот над царевите ја изрекува пресудата над оние кои се побуниле против Неговото владеење и ја извршува правдата над оние кои го газеле Неговиот закон и го угнетувале Неговиот народ. “И видов”, кажува пророкот, “голем бел престол и Оној, Кој седеше на него, од чие лице побегнаа земјата и небото, и не се најде место за нив. И ги видов мртвите, големи и мали, како стојат пред престолот; и се отворија книгите и друга книга се отвори - книгата на животот; и на мртвите им беше судено според она што е запишано во книгите, според своите дела” (Откровение 20:11, 12).

Штом записничките книги ќе се отворат и Христовото око ќе ги погледне непокајаните, тие ќе станат свесни за секој свој грев направен во животот. Тие конечно увидуваат до каде ги довело нивното отстапување од вистинскиот пат на чистотата и светоста и како во газењето на Божјиот закон горделивоста и буната далеку ги одвеле. Заведувањата на искушенијата со кои биле поттикнувани на грев, злоупотребените благослови, презрените Божји весници, отфрлените предупредувања, брановите на милосрдието упорно одбиени од срцето толку ненаклонето кон покајание - сето тоа сега се појавува пред нивните очи како да е испишано со пламени букви.

Над престолот се појавува крст; и како панорама се прикажуваат сцените на Адамовото искушение и пад, а потоа чекорите кои непрекинато се преземани во планот на откупувањето. Раѓањето на Спасителот во најголема скромност; Неговата јавна служба со која на луѓето им се откриени најдрагоцените благослови на небото; деновите исполнети со дела на љубов и милосрдие, а ноќите со молитва и бдеење во горската осаменост, заговорите од завист, омраза и пакост како возврат за сите Негови добри дела; страшната и таинствена агонија во Гетсиманија под страшното бреме на човечките гревови кои Му се заканувале да Го уништат; предавството и предавањето на убиствениот џган и страшните настани, онаа ноќ - кога како затвореник недавајќи никаков отпор бил напуштен од Своите најомилени ученици, насилно влечен по ерусалимските улици и доведен пред Ана, а потоа поради сослушување и судење воведен во палатата на свештеничкиот поглавар, во судницата на Пилат, пред кукавичкиот и свиреп Ирод, исмејуван, навредуван, мачен и осуден на смрт - сето тоа живо и највпечатливо се прикажува.

А потоа пред мноштвото што трепери се прикажуваат и последните сцени: трпеливиот Маченик чекори кон Голгота; Господарот на небото виси на крстот, горделивите свештеници и злобниот џган се подигруваат со Неговата смртна борба; натприродната темнина и земјотресот, откорнатите карпи и отворените гробови го означуваат часот кога Откупителот на светот издивнал.

Овие страшни сцени се појавуваат токму такви какви што навистина и биле. Сатаната, неговите ангели и неговите поданици, немаат сили да го свртат погледот од оваа страшна слика која толку верно ги прикажува нивните постапки. Секој незадржливо се присетува на улогата која ја одиграл. Ирод, кој наредил да се убијат невините витлеемски деца, за на тој начин да го убие и Израелскиот Цар, подлата и расипана Иродијада, чијашто душа ја товари вината за крвта на Јован Крстителот; Пилат, немоќниот роб на околностите; војниците кои му се подбивале на Христа; свештениците, старешините и подивената маса на оние кои викале: “Неговата крв на нас и нашите деца” (Матеј 27:25), сега сите го согледуваат ужасот на својата вина. Напразно се обидуваат да се скријат пред божественото величество на Неговото лице кое ја надминува сјајноста на Сонцето, додека откупените ги ставаат свите круни пред нозете на Спасителот, при што секој радосно извикува: “Тој умрел и за мене!” Во мноштвото на откупени се наоѓаат и Христовите апостоли: херојско храбриот Павле, огнено-ревниот Петар, возљубениот и полн со љубов Јован и нивните верни и искрени браќа, и со нив огромна војска на маченици, додека надвор од ѕидовите, заедно со сите расипани и одвратни, се наоѓаат оние кои ги прогонувале, фрлале во затвори и ги убивале. Тука е Нерон, чудовиште на свирепоста и злосторството, кој сега ја гледа радоста и возвишеноста на оние кои некогаш ги мачел и во нивните најстрашни маки наоѓал сатанско задоволство. Тука е и неговата мајка да ги види последиците на своето дело, да види каков жиг на зло пренела врз карактерот на својот син, како страстите, кои со своето влијание и пример ги поттикнувала, го донеле својот плод во злосторствата од кои целиот свет се грозел.

Тука се папските свештеници и прелати кои, тврдејќи дека се Христови пратеници, истовремено употребувале направи за мачење, затвори и клади за да владеат со совеста на Неговиот народ. Тука се горделивите папи кои се издигале над Бога, осмелувајќи се да го менуваат законот на Севишниот. Овие таканаречени црковни отци мораат да дадат сметка пред Бога што толку би сакале да ја избегнат. Предоцна увидуваат дека Сезнајниот ревнува за Својот закон и никого не го ослободува од вината. Сега согледуваат дека Христос интересите на Својот прогонет и мачен народ ги изедначува со Своите интереси и ја чувствуваат силата на Неговите зборови: “Доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте” (Матеј 25:40).

Сите непокајани жители на светот сега стојат пред Божјиот суд обвинети за велепредавство против владеењето на небото. Тие немаат никого што на тој суд би се залагал за нив, ниту имаат било каков изговор, и затоа им се изрекува пресуда на вечна смрт.

Сега на сите им е јасно дека платата за грев не е прочуената независност и вечен живот, туку ропство, пропаст и смрт. Непокајаните согледуваат што прокоцкале со својот живот на постојана буна против Бога. Тие “вечната и од сè попретежна слава” ја презреле кога им била понудена, а сега, колку сега им се чини посакувана! “Сето ова”, очајуваат изгубените, “можевме да го имаме и ние, но со сопствениот избор сето тоа го отфрливме далеку од себе. О, нечуена заблуденост! Вечниот мир, среќата и честа, ние ги заменивме за слабост, срам и очајание.” Сите увидуваат дека нивното исклучување од небото сосема е оправдано. Со својот живот тие рекле: “Не сакаме Тој да царува над нас” (Лука 19,14).

Како хипнотизирани, непокајаните го набљудуваат крунисувањето на Божјиот Син. Во Неговите раце тие ги гледаат плочите со Божјиот закон и прописите кои ги презреле и газеле. Тие ги набљудуваат изливите на восхитување, воодушевување и длабоко почитување кое спасените го укажуваат на Христа; и додека звуците на мелодиите како незадржливи бранови се разлеваат преку ѕидовите и допираат до безбројните милиони кои се наоѓаат надвор од градот, сите едногласно извикуваат: “Големи се и прекрасни Твоите дела, Господи Боже, Седржителу! Праведни и вистинити се Твоите патишта, Цару на народите.” (Откровение 15:3), и паѓајќи ничкум се поклонуваат на Кнезот на животот.

Сатаната изгледа како парализиран додека ја набљудува славата на Христовото величество. Тој, кој некогаш бил херувим засолнувач пред Божјото лице, сега се потсетува од каде и поради што паднал. Сјајниот серафим, “ѕвездата Деница” и “синот на зората”, како се променил, како е деградиран! Од небесниот совет во кој некогаш бил толку почитуван, сега засекогаш е исклучен. Сега гледа како други стојат блиску до Отецот засолнувајќи ја Неговата слава. Тој гледа како круната на Христовата глава ја полага раката на ангел со висок став и величествен изглед, и знае дека на високата позиција, која сега ја зазема овој ангел, можел да биде самиот тој.

Тој се потсетува на спомените од татковината на својата невиност и чистота, на мирот, задоволството и на сè во што уживал во изобилие, сè додека не почнал да негодува против Бога и да Му завидува на Христа. Неговите обвинувања, неговите побуни, неговите измами, пресметани со цел да ги придобие чувствата и поддршката на ангелите, неговото упорно одбивање да направи било што за своето спасение кога Бог бил толку расположен да му прости - сето тоа живо му излегува пред очите. Тој во мислите со критика се обѕрнува на својата работа меѓу луѓето и на нејзините последици - непријателството на човекот кон ближниот, страшното уништување на човечките животи, издигнувањето и пропаста на царствата, соборувањето на престолите, долгата низа на буни, судири и револуции. Се потсетува на своите постојани напори во спротивставувањето на Христовото дело, и на настојувањето човекот да тоне во зло сè подлабоко и подлабоко. Увидува дека неговите пеколни заговори биле немоќни да ги уништат оние кои својата надеж и сигурност ја ставиле на Исуса. Набљудувајќи го така во мислите своето царство, плодовите на својата работа, тој гледа само неуспех и пропаст. Тој ова безбројно мноштво на непокајани ги завел да веруваат дека Божјиот град може да стане нивен лесен плен, но тој самиот знае дека тоа е лага. Во големата борба со Христа тој доживувал пораз по пораз и секогаш бил присилен да се повлече. Тој и премногу добро ја познава моќта и величеството на Вечниот.

Целта на големиот бунтовник отсекогаш била да се оправда себеси и целата одговорност за буната да ја припише на божественото владеење. За таа цел ги употребил сите свои сили на својот гигантски ум. Работел смислено, систематски и со чуден успех, заведувајќи ги огромните маси да ја прифатат неговата верзија на големата борба, која толку долго не престанувала. Илјади години овој водач на заговори ја подметнувал лагата на местото на вистината. Но дошло време конечно да и се стави крај на буната, а историјата и карактерот на сатаната да се разоткријат. Во својот последен голем напор да го симне Христа од престолот, да го уништи Неговиот народ, и да го запоседне Божјиот град, архиизмамникот целосно е демаскиран. Оние кои се здружиле со него, го увидуваат потполниот неуспех на неговиот потфат. Христовите следбеници и ангелите кои останале предани на Бога ја согледуваат целата длабочина на неговите интриги насочени против Божјото владеење. Тој станува предмет на сеопшт презир.

Сатаната увидува дека неговата своеволна буна го направила недостоен за небото. Тој сите свои сили и способности ги увежбувал за војна против Бога; чистотата, мирот и хармонијата на небото сега за него би биле најголемо мачење. Неговите обвинувања против Божјата милост и правда сега се замолкнати. Вината која сакал да ја припише на Јехова, во потполност паднала врз него. И сега сатаната со наведната глава ја признава праведноста на својата осуда.

“Кој нема да се исплаши од Тебе, Господи, и не ќе го прослави името Твое? Оти само Ти си свет; зашто сите народи ќе дојдат и ќе се поклонат пред Тебе; бидејќи Твоите судови станаа јавни” (Откровение 15:4). Секое прашање за вистината и заблудата кое било предмет на толку долгата борба, сега е разјаснето. Последиците од бунтот, плодовите на отфрлувањето на божествените закони сега отворено се изложени на погледот на сите со разум надарени суштества. Исходот на сатанската власт на спротивставување на Божјото владеење е прикажан пред очите на целата вселена. Сатаната го осудиле неговите сопствени дела. Божјата мудрост, Неговата праведност и добрина, сега потполно се оправдани. Јасно се гледа дека сите Негови постапки во големата вековна борба, секогаш биле насочени за вечното добро на Неговиот народ и за доброто на сите светови што ги создал. “Нека Те слават Господе, сите Твои дела, и твоите свети нека Те благословуваат” (Псалм 145:10). Историјата на гревот низ целата вечност ќе претставува сведоштво дека среќата на сите созданија кои Бог ги создал, е неразделно поврзана со постоењето на Божјиот закон. Имајќи ги пред очите сите фактори во врска со оваа голема борба, жителите на целата вселена, и оние кои останале верни на Бога и оние кои се побуниле, едногласно изјавуваат: “Праведни се и вистинити Твоите патишта Царе на светите!”

На вселената јасно и е прикажана големата жртва која Таткото и Синот ја поднеле поради човекот. Дошол часот кога Христос треба да го заземе местото кое со полно право Му припаѓа - да биде славен и возвишен “над секое поглаварство и власт, и над секое име.” Имајќи ја во предвид радоста која штотуку Му претстои, радост што многу синови ќе може да доведе во слава, Тој ги претрпел сите маки на распнувањето, немарејќи на срамот. Иако претрпената болка и срамот биле несфатливо големи, сепак славата и радоста на успехот се уште поголеми. Во откупените, кои Тој сега ги набљудува околу себе, е обновен Неговиот лик, секое срце носи обележје на божественото совршенство, секое лице ја одразува сличноста со својот Цар. Тој во нив го гледа успешниот резултат од трудот на Својата душа и е задоволен. Тогаш со глас кој допира до секое уво во безбројното мноштво на собрани праведници и непокајани, Тој изјавува: “Погледнете ги откупените со Мојата крв! За овие страдав и умрев да бидат со Мене каде што сум Јас, низ бескрајните векови на вечноста.” А од оние што се облечени во бели облеки собрани околу престолот, се издига песна на благодарност: “Достојно е Јагнето, Кое е заклано, да прими: сила и богатство, и премудрост и моќ, и чест и слава и благослов” (Откровение 5:12).

Иако сатаната е присилен да ја признае Божјата праведност и да се поклони пред Христовата надмоќност, неговиот карактер останува непроменет. Духот на бунтот, како незадржлива поплава, повторно избива; полн со бес и избезуменост тој решава да не отстапи од големата борба. Настапува мигот за неговиот последен очајнички потег во борбата со Царот на небото. Тој молскавично се пробива меѓу своите поданици, обидувајќи се да ги вдахне со сопствениот бес, без одложување да стапат во борба. Но меѓу безбројните милиони кои со измама ги вовлекол во побуна против Бога, нема повеќе ниеден кој ја признава неговата превласт. Неговата моќ е при крај. Омразата кон Бога што го обзема сатаната, ги исполнува и срцата на непокајаните, но тие увидуваат дека се во безнадежна ситуација и дека во борбата против Јехова не можат да надвладеат. Нивниот гнев се распалува против сатаната и оние кои биле негови агенти во делото на измамата, и со демонска разгневеност сега, се свртуваат против него.

“Затоа Господ Бог зборува вака: Зашто своето срце го изедначи со Божјото, еве, ќе доведам против тебе туѓинци, најнасилни меѓу народите. Ќе ги извлечат мечевите против твојата прекрасна мудрост, и ќе ти ја помрачат убавината, ќе те фрлат во јама.” “Така те отфрлив од Божјата Гора, те истргав, херувиму заштитнику, од средината на огнените камења.” “...Те фрлив на земја и те предадов на земните цареви за да те гледаат презирно.” “... Те претворив во пепел на земјата пред очите на оние што те набљудуваат.” “Сите кои те познаваат меѓу народите, се згрозија над тебе! Зашто ти стана страшило, те снема засекогаш” (Езекиел 28:6-8; 16-19).

“Да, сите воени обувки, секоја облека натопена во крв, ќе изгорат и ќе му бидат храна на огнот.” “Зашто Господ се разгневи на сите народи, се разјари на сета нивна војска. Ги отстапи на уништувањето, ги предаде на колеж” (Исаија 9:5; 34,2). “Ќе излее жар и сулфур врз грешниците, огнен ветер ќе им биде дел од нивната чаша” (Псалм 11:6). Од небото, од Бога почнува да паѓа оган. Земјата просто се распаѓа. Скриеното оружје во нејзините длабочини се исфрлува на површината. Од настанатите процепи кои зјапаат на сите страни, избива пламен кој сè проголтува. И самите карпи почнуваат да горат. Дошол денот, “кој гори како печка” (Малахија 4:1). Елементите се распаѓаат од страшната вжештеност, а земјата и сè што е на неа ги проголтува оган (2. Петрово 3:10). Површината на земјата како да се претвора во растопена маса - бескрајно, зовриено огнено море. Време е за суд и пропаст за безбожните луѓе - “зашто за Господа ова е ден на одмазда, година на наплаќање, за да го одмазди Сион” (Исаија 34:8).

Непокајаните најпосле ја примаат својата плата на земјата (Изреки 11:31). Тие ќе бидат како “слама и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ над војските” (Малахија 4:1). Некои ќе бидат уништени за миг, додека некои со денови ќе бидат мачени. Сите ќе бидат казнети “според своите дела”. Бидејќи гревовите на праведниците се пренесени на сатаната, тој мора да пати не само за своите гревови, туку и за сите оние гревови на кои го навел Божјиот народ. Неговата казна ќе биде неспоредливо поголема од казната на оние што ги измамил. И кога ќе бидат уништени сите оние кои подлегнале на неговите измами, тој сè уште ќе мора да живее и да се мачи. Со огнот со кој треба да се исчисти земјата, најпосле ќе бидат уништени и истребени сите непокајани, и коренот и гранките, сатаната како корен на гревот и неговите следбеници како гранки. Ќе биде применета полна казна за кршењето на Божјиот закон и правдата ќе биде задоволена, а небото и Земјата, набљудувајќи го сето тоа, ќе ја признаат и потврдат Божјата праведност.

Сатанското дело на разорување најпосле засекогаш ќе биде завршено. Шест илјади години тој ја спроведувал својата волја, исполнувајќи ја земјата со страдања и несреќа и нанесувајќи болка на целата вселена. “Сите созданија” не престанале да “воздивнуваат и тажат досега” (Римјаните 8:22). Сега Божјите созданија засекогаш се ослободени од неговото присуство и искушенија. “Сета земја почива и мирува; триумфирајќи од радост” (Исаија 14:7). Радосните извици на благодарност и триумфот на верните се издигаат од целата вселена: “Глас како од многу народ, глас како од многу води, и глас како од силни грмотевици”, се слуша како зборува: “Алилуја, зашто се зацари Господ Бог, Седржителот!” (Откровение 19:6).

Додека земјата е обвиткана од огнот на уништувањето, праведните ќе бидат сигурни во Светиот град. Над оние кои имале дел во првото воскресение, втората смрт нема власт (Откровение 20:6). Додека Бог за непокајаните е оган кој уништува, Тој за Својот народ е “сонце и штит” (Псалм 84:11).

“И видов ново небо и нова земја, зашто првото небо и првата земја поминаа” (Откровение 21:1). Со огнот што ги проголтува непокајаните, земјата потполно ќе биде очистена. Секоја трага на проклетството ќе биде избришана. Никаков пламен на вечен пекол нема да ги потсетува откупените на страшните последици на гревот.

Ќе остане само еден потсетник. Нашиот Спасител секогаш ќе ги носи лузните на Своето распнување. На Неговата ранета глава, на Неговите ребра, рацете и нозете, ќе се гледаат единствените траги на свирепоста кои ги предизвикал гревот. Гледајќи го Христа во Неговата слава, пророкот кажува: “Болскотот Му е како светлина, зраци светкаат од неговите раце, таму е скривалиштето на Неговата сила” (Авакум 3:4). Прободената страна на Христовото тело од којашто потекол црвен млаз кој човекот го измирил со Бога - ја претставува славата на Спасителот, “таму е скривалиштето на Неговата сила.” “Моќен да спаси”, со жртвата на откупувањето, Тој исто така ќе биде моќен да изрече пресуда и изврши суд над оние кои ја презираат Божјата милост. А овие знаци на Неговото понижување, за Него претставуваат најголема чест. Раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и Неговата сила низ бескрајните времиња на вечноста.

“И ти Стражарнице на стадата, Тврдино на Сионската ќерка, пак ќе ти се врати тебе поранешната власт, царството на Ерусалимската ќерка” (Михеј 4:8). Времето на кое светите луѓе со најголем копнеж чекале од денот кога првиот човечки пар со пламенен меч бил протеран од Едем, дошло време “за откупување на оние кои станаа Божја сопственост” (Ефесјаните 1:14). Земјата која како првобитно човечко царство, со неговата вероломност, поминала во рацете на сатаната и толку долго држена под власта на моќниот непријател, со големиот план на откупувањето повторно е вратена на човекот. Сè, што со паѓањето во грев било изгубено, е вратено во првобитната положба. “Зашто вака вели Господ... Кој и даде облик на Земјата и Кој ја создаде, Кој ја зацврсти и не ја создаде пуста, туку ја создаде за живеење...” (Исаија 45:18). Правејќи ја обновената Земја вечно живеалиште на откупените, Бог најпосле ќе ја оствари Својата првобитна намера што ја имал при создавањето на светот. “Праведните ќе ја наследат Земјата и ќе живеат довека на неа “ (Псалм 37:29).

Плашејќи се дека идното наследство можеби ќе изгледа премногу материјално, многумина придаваат духовно значење токму на оние вистини кои ни овозможуваат на ова наследство да гледаме како на своја идна татковина. Христос ги уверувал Своите ученици дека Тој заминува за да им подготви станови во Татковата куќа (Јован 14,1-3). Оние кои го прифаќаат учењето на Божјото Слово, нема во врска со тие небесни “станови”, да бидат сосема во незнаење. Но сепак, кажува апостолот: “Што окото не виде, што увото не слушнало, што во човечкото срце не дојде, тоа Бог го приготви за оние, кои Го љубат” (1. Коринтјаните 2:9). Со човечкиот јазик не е можно соодветно да се опише наградата на праведниците. Во целост ќе ја сфатат само оние кои ќе ја видат. Ограничениот ум на смртникот не е во состојба да ја долови сета убавина на Божјиот рај.

Во Библијата наследството на спасените уште се нарекува и “родина” или татковина (Евреите 11:14-16). Таму небесниот Пастир ќе го води Своето стадо на извори со жива вода. Дрвото на животот ќе дава род секој месец, а листовите на тоа дрво ќе служат за здравје на народот. Таму се вечно жуборливите потоци, бистри како кристал, покрај кои лелеавите дрвја ги фрлаат своите пријатни сенки на патеките подготвени за Господовите откупеници. Таму, пространите рамнини постепено и благо прераснуваат во прекрасни брекчиња, а Божјите гори ги издигнуваат своите возвишени врвови. На овие тивки рамнини покрај тие потоци и реки со вечно живи води, Божјиот народ кој на овој свет толку долго бил само придојденик и патник во минување, најпосле ќе го најде својот дом.

“Мојот народ ќе живее во мирни населби, во безгрижни одморалишта.” “Веќе не ќе се слуша за насилство во твојата земја, ни за запустување и разурнување на твое подрачје. Своите ѕидови ќе ги наречуваш Спасение, својата врата - Слава.” “Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе го уживаат нивниот плод. Не ќе се гради веќе, за да живеат други, ниту ќе се сади за да уживаат други... Моите избраници ќе ги уживаат долго плодовите на своите раце” (Исаија 32:18; 60:18; 65:21, 22).

“Нека се зарадува пустината, исушената земја, нека воскликнува степата, нека расцвета лилјанот.” “Место трње ќе растат чемпреси, место копривата ќе никнува мирта.” “Волкот ќе живее со јагнето, рисот ќе лежи со јарето, телето и лавчето ќе пасат заедно, а мало детенце ќе ги води.” (Исаија 35:1; 55:13; 11:6, 9).

Во небесната атмосфера не можат да постојат болка и страдање. Таму нема да има солзи, ниту погребни поворки, ниту било какви знаци на жалост “и смрт нема да има веќе, ни тага, ни плач... зашто првото помина” (Откровение 21:4). И ниеден од жителите нема да каже: “болен сум”; на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите” (Исаија 33:24).

Тука е новиот Ерусалим, славната престолнина на новата земја, “прекрасен венец во Господовата рака, и царски венец на дланката на својот Бог” (Исаија 62:3). “И имаше Божја слава, светлината негова прилегаше на најдрагоцен камен, како светол камен јаспис.” “И спасените народи ќе одат во неговата светлина, и земните цареви ќе ја донесат во него својата слава и чест” (Откровение 21:11, 24). Господ кажува: “Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ” (Исаија 65:19). “Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето; и Тој ќе живее со нив, и тие ќе бидат Негов народ, и Самиот Бог ќе биде со нив” (Откровение 21:3). Во Божјиот град “ноќ нема да има.” Никој нема да чувствува потреба за одмор во извршувањето на Божјата волја, и во славењето на Неговото име нема да има умор. Постојано ќе ја чувствуваме животната свежина на утрото, која никогаш нема да престане. “И не ќе им биде потребна светлина од светилка, (ниту најсовремено вештачко осветлување), ни светлина од сонцето, зашто Господ Бог ќе ги осветлува” (Откровение 22:5). Светлината на сонцето ќе биде неутрализирана со блескотните зраци на божествената слава чијшто отсјај, иако неспоредливо го надминува сјајот на нашето пладне, нема заслепувачки да дејствува на очите. Божјата слава и славата на Јагнето го осветлува Светиот град со светлина која никогаш нема да ослабне. Откупените ќе живеат во славата на вечниот ден, во слава поблескава од сонцето.

“А храм не видов во него; зашто негов храм е Господ Бог - Семоќниот, и Јагнето” (Откровение 21:22). Божјиот народ ќе ја има предноста со Отецот и Синот да одржува непосредна врска. “Зашто, сега гледаме како во огледало - нејасно; но тогаш: лице во лице” (1. Коринтјаните 13:12). Отсјајот на Божјиот лик, како во некое огледало, ние сега го гледаме во делата на природата и во Неговото постапување со луѓето; но тогаш, кога темната завеса на смртта засекогаш ќе биде отстранета, ќе Го гледаме лице в лице. Ќе стоиме во Негово присуство и ќе ја гледаме славата на Неговото лице.

Таму откупените во меѓусебно дружење така ќе се запознаваат како што се познаваат себеси. Чувствата на љубов и сочувствата кои самиот Бог ги всадил во душата, таму ќе ја најдат својата највистинита и најубава примена. Чистите дружења со светите суштества, хармоничниот друштвен живот со возвишените ангели и со верните од сите времиња, кои своите облеки ги испрале и избелиле во крвта на Јагнето; светата врска која меѓусебно ги соединува “сите чеда на небесата и на Земјата” (Ефесјаните 3:15), сето тоа среќата на откупените ќе ја прави уште поцелосна.

Таму бесмртниот ум на спасените со неуморен занес ќе ги разгледува чудата на создавачката моќ и тајната на љубовта која спасува. Таму нема да биде свирепиот и лукав непријател да заведе некого да заборави на Бога. Секоја способност ќе се развива, секој дар ќе се зголемува. Стекнувањето на знаење нема да го заморува умот, ниту ќе ја исцрпува животната енергија. Таму откупените ќе можат да извршат најголеми потфати, да ги достигнат и највозвишените стремежи, и да ги остварат најголемите желби, а сепак сè уште ќе постојат нови висини кои треба да се совладаат, нови чуда на кои треба да им се восхитува, нови вистини кои треба да се сфатат - нови предмети кои ќе ги обземаат силите на нивниот ум, душа и тело.

На истражувачкиот ум на откупените, секогаш желен за нови сознанија, ќе му бидат отворени сите богатства на вселената. Ослободени од оковите на смртта, со неуморен лет ќе се вивнат во далечните светови - светови кои гледајќи ги човечките јадови биле обземени со болка, а одѕвонувале со песна на слава, на радосната вест дека некоја душа е спасена. Со неискажано уживање земните деца ќе ја запознаат радоста и животната мудрост на оние суштества кои никогаш не паднале, делејќи ги богатствата на науката и сознанијата кои овие суштества ги стекнувале со вековно проучување на Божјите дела. Со сетилата непомрачени од земната ограниченост, тие ќе ја набљудуваат убавината на создавањето - Сонцето и ѕвездите и нивните системи, како сето тоа според својот одреден ред кружи околу Божјиот престол. На сè што е создадено, од најголемо до најмало, е испишано името на Творецот, и на сè се гледа богатството на Неговата моќ и сила.

И како што годините на вечноста ќе одминуваат, ќе им донесуваат сè побогати и повеличествени откритија за Бога и Христа. Паралелно со така стекнатите сознанија, ќе се зголемува и нивната љубов и стравопочитувањето кон Бога, како и нивната среќа. Доколку луѓето повеќе знаат за Бога - дотолку ќе биде поголемо нивното восхитување на Неговиот карактер. И додека Христос пред нив ќе ги отвора ризниците на новите сознанија, за делото на откупувањето и за восхитувачките подвизи во големата борба со сатаната, срцата на откупените ќе ги проникнува сè поусрдна побожност. Во сè поголемиот занес на радост и среќа, тие ги земаат своите златни харфи и безбројни илјадници гласови се соединуваат во силен хор на благодарност.

“И го чув секое создание, кое е на небото и на земјата, и под земјата и во морето, и сè што е во нив, да зборуваат: На Оној, Кој седи на престолот, и на Јагнето, благослов и чест; и слава и власт, во сите векови!” (Откровение 5:13).

Големата борба е завршена. Нема веќе грев и грешници. Целата вселена е чиста. Сè што создал Бог во бескрајната вселена, повторно чука со единствен пулс на хармонија и радост. Животот, светлината и радоста кои доаѓаат од Оној кој создал сè, незапирливо течат во сите делови на Неговото пространо и неограничено царство. Од најситниот атом до најголемиот свет во пространството на вселената, сè што живее и што постои, живата и неживата природа - сè во својата непоматена убавина и радост зборува дека Бог е љубов.