Големата борба помеѓу Христа и сатаната

41. Опустошување на земјата

“Бидејќи нејзините гревови стигнаа до небото, и Бог си спомна за нејзините неправди. Платете и како што и таа ви плати вам, и дајте и двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која што ве служеше, послужете ја двојно! Колку што се прослави и живееше раскошно, толку маки тага и јад вратете и. Оти во своето срце вели: 'Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.' Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган; зашто силен е Господ, Кој ја суди. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа земните цареви, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно... ќе велат: 'Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силен, оти во еден час дојде твојата пресуда'!” (Откровение 18: 5-10).

“И земните трговци” кои се “збогатија од неа, оддалеку ќе стојат заради страв пред маките нејзини, и плачејќи и ридајќи ќе зборуваат: ‘Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет; украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна големо богатство’” (Откровение 18:11, 15-17).

Такви ќе бидат казните што ќе се урнат врз Вавилон на денот на излевањето на Божјиот гнев; кога светот ќе ја наполни мерката на своето беззаконие, кога неговото време ќе истече, и кога потполно ќе созрее за уништување.

Кога Божјиот глас засекогаш ќе го укине ропството на Својот народ, ќе дојде до страшно будење на оние кои во големата борба на животот изгубиле сè. Додека времето на милоста сè уште трае, тие заслепени од сатанските измами, го оправдуваат својот живот во грев. Богатите гордо се издигнуваат над оние на кои животот помалку им е наклонет; но тие своето богатство го стекнуваат престапувајќи го Божјиот закон. Тие занемаруваат да ги нахранат гладните, да ги облечат голите, да постапуваат праведно и да го љубат милосрдието. Главна цел им е да се издигнат себеси и да придобијат почитување од страна на своите ближни. Во големиот ден на Божјиот гнев, тие ќе останат без сето она што ги правело големи и ќе стојат бедни и без никаква одбрана. Со страв и со ужас ќе го гледаат уништувањето на своите идоли што им биле поважни од Оној кој е Творец на сето тоа. Тие своите души ги продале за земни богатства и радости, а не се труделе да се збогатат во Бога. Последица на тоа е нивниот промашен живот, нивните уживања претворени во горчина, а нивното богатство во гнилеж. Тоа што го стекнувале во текот на целиот свој живот го снемува во еден миг. Богатите тагуваат што се разурнати нивните величествени куќи и што е растурено нивното сребро и злато. Но смртниот страв дека и самите ќе пропаднат заедно со своите идоли го надминува нивното тажење и плачење.

Непокајаните се исполнети со жалење, но не затоа што ги занемариле должностите кон Бога и ближните, туку затоа што победил Бог. Тие плачат поради последиците кои настапиле, но не се каат поради својата безбожност и гревовите. Не постои средство кое тие не би го употребиле за да победат, само кога би можеле.

Жителите на светот потонати во непокајание гледаат дека токму оние на кои сите им се подбивале и ги исмејувале и кои сакале да ги уништат, неповредени поминуваат низ епидемии, бури и земјотреси. Оној кој за престапниците на Својот закон е оган што проголтува, за Својот народ е сигурно прибежиште и засолниште од секаква опасност.

Проповедникот кој ја жртвувал вистината за да ја придобие наклоноста на луѓето, сега го запознава карактерот и влијанието на своето учење. Сега му станува јасно дека окото на Оној кој сè гледа и сè знае го следело кога стоел зад проповедалната, кога одел по улиците и кога во разните животни околности доаѓал во допир со луѓето. Секоја побуда на срцето, секој напишан ред, секој изговорен збор, секоја постапка со која ги успивал луѓето во лажна сигурност, сето тоа било посеано семе, а сега во несреќата на изгубените души околу себе тој ја гледа жетвата.

Господ во Своето Слово за таквите рекол: “Зашто, лекувајќи ја лекомислено раната на ќерката на Мојот народ, велат: 'мир, мир, а мир нема' (Еремија 8:11). “Зашто вие со лага го ожалостивте срцето на праведникот, што Јас не сакав да го ожалостам, а ги закрепивте рацете на безбожникот, за да не се одврати од лошиот безбожнички пат, па да го спаси животот” (Езекиел 13:22)

“Тешко им на пастирите кои ги упропастуваат и ги распрснуваат овците на Моето пасиште... Јас ќе се погрижам за вас заради вашите лоши дела.” Ридајте, пастири, и викајте, тркалајте се по правот, водачи на стадата, зашто ви се исполнија деновите за колење, ќе испаѓате како избрани овни... Веќе нема засолниште за пастирите, ниту спасение за водачите на стадата” (Еремија 23:1, 2; 25: 34, 35).

Проповедниците и народот конечно увидуваат дека не одржувале вистинска врска со Бога. Увидуваат дека се побуниле против самиот Законодавец на оној Закон, кој навистина е “праведен и добар.” Отстранувањето на божествените прописи ги отворило браните за вистинска поплава на злото, несогласувањето, кавгата, омразата и беззаконието, сè додека земјата не станала огромно воено поле на судири, бездна на изопаченост. Тоа е сликата која сега се дава пред оние кои ја отфрлиле вистината и ја прифатиле лагата. Длабочината на копнежот што непослушните и неверните во своето очајување тогаш ќе го почувствуваат за вечниот живот кој засекогаш го изгубиле, со јазик не е можно да се изрази. Луѓето што светот ги обожувал поради нивните способности и нивната речитост, сега го гледаат сето ова во вистинска светлина. Тие увидуваат што сè изгубиле со својот престап, и паѓајќи им пред нозете на оние чијашто верност ја презирале и исмејувале, признаваат дека навистина биле по волја на Бога.

Луѓето увидуваат дека биле измамени, едните ги обвинуваат другите дека ги воделе во пропаст, но сите се соединуваат во најогорчено проколнување на проповедниците. Неверните пастири пророкувале само “мили работи”; тие ги навеле слушателите да го отфрлат Божјиот закон и да ги прогонуваат оние кои го сметале за свет. Сега, во својот очај, овие учители признаваат пред светот дека се измамувале и себеси и другите. Масите се исполнети со бес и викаат: “Ние сме изгубени, а вие сте виновни за нашата пропаст!” И се свртуваат против своите лажни пастири. Токму оние кои некогаш најмногу им се восхитувале и просто ги обожувале, ќе ги опсипуваат со најстрашни клетви. Рацете на оние што некогаш ги крунисувале со почести, ќе се подигнат да ги уништат. Мечевите со кои сакале до го убијат Божјиот народ, сега ќе бидат употребени против неговите непријатели. На сите страни настануваат само судири и крвопролевања.

“Боен вик допира, до крајот на светот, зашто Господ се парничи со народите, излегува на суд со секое тело, безбожниците ќе ги предаде на меч” (Еремија 25:31). Шест илјади години големата борба не престанува. Божијот Син и Неговите небесни весници со своето настојување да ги предупредат, просветлат и спасат човечките синови, постојано се во судир со мрачните сили на злиот непријател. Дефинитивно секој ја донел својата неотповиклива одлука; непокајаните целосно се соединиле со сатаната во неговата борба против Бога. Дошло времето Бог да го оправда авторитетот на Својот погазен закон. Сега спорот не е само со сатаната, туку и со луѓето. “Господ се парничи со народите”, “Безбожниците ќе ги предаде на меч.”

Знакот на ослободувањето (Божјиот печат) е ставен на оние “кои воздивнуваат и тажат поради сите гадотии што се прават.” Сега излегува ангелот уништувач, прикажан во Езекиевата визија како шестмина луѓе со смртно оружје во рака, на кои им е наредено: “Погубете ги старците, младинците, девојките, децата и жените; истребете ги сите до последниот. Но, не гибајте ниеден од луѓето на кого има знак; а почнете од Моето светилиште.” Пророкот вели: “И тие почнаа од старешините што стоеја пред домот” (Езекиел 9:6). Уништувањето почнува од оние кои се нарекувале духовни стражари на народот. Лажните стражари се први кои треба да паднат. Ангелот уништувач нема да се смилува на никого, никој нема да биде поштеден. Мажи, жени, девојки и деца, сите без разлика ќе бидат уништени.

“Зашто, ете, Господ ќе излезе од Своето живеалиште да ги казни земните жители за нивното беззаконие. Земјата ќе ја исфрли сета крв што е пролеана на неа и повеќе нема да ги крие своите убиени” (Исаија 26,21). “И ете какво ќе биде поразувањето, со кое Господ ќе ги порази сите народи, кои војувале против Ерусалим - телото на секого од нив ќе се исуши уште додека стои на своите нозе, и очите ќе му се стопат во длабнатините, и јазикот ќе му се исуши во неговата уста. И во тој ден ќе завладее голем смут од Господа, така што еден друг ќе се фаќаат за својата рака и секој ќе ја подига својата рака своја против раката на ближниот свој” (Захaрија 14:12, 13). Во лудиот судир на своите разгневени страсти, и во страшниот излив на Божјиот гнев неизмешан со милост, ќе паѓаат непокајаните жители на Земјата - свештеници, старешини и народ, богати и сиромашни, големи и мали. “Во оној ден ќе бидат истепани од Господа од едниот крај на светот до другиот. По нив никој не ќе тажи, ниту некој ќе ги собере и погребе” (Еремија 25:33).

При Христовото доаѓање непокајаните ќе бидат истребени од лицето на Земјата - убиени со духот на Неговата уста и “уништени со славата на Неговото доаѓање.” Христос, Својот народ ќе го поведе во Божјиот град и Земјата, лишена од своите жители, ќе остане празна и пуста. “Ете, Господ ја запустува земјата, ја разурнува, и го обезобразува лицето, ги распрснува нејзините жители.” “Земјата ќе биде запустена, сосема ограбена, зашто Господ одлучи. Земјата е осквернета под своите жители, зашто го престапија Законот, ја изгазија одредбата, го нарушија вечниот Завет. Затоа проклетство ја проголтува земјата, нејзините жители се виновни. Затоа се изгорени земните жители и малку луѓе останаа” (Исаија 24:1, 3, 5, 6).

Целата Земја ќе изгледа како ненаселена пустина. Урнатини од градови и села разурнати со земјотреси, дрвја искорнати од корен, голи карпи исфрлени од море или од самата земја, лежат расфрлани по нејзината површина, додека огромните бездни ги обележуваат местата од каде планините се искорнати од своите темели.

Сега на ред е настанот симболично претставен со последната свечена служба во Стариот завет. Бидејќи службата во светињата над светињите била довршена, а гревовите на Израел со крвта на жртвата принесена за грев отстранети од светињата, јарецот кој го претставувал сатаната доведен е пред Господа; и во присуство на целиот собор свештеничкиот поглавар над него ги исповедал “сите беззаконија на синовите Израелеви, и сите нивни престапи, и сите нивни гревови, и да ги стави врз главата на живиот јарец” (Левит 16:21). На сличен начин, кога делото на исчистување во небесната светиња ќе биде довршено, во присуство на Бога, светите ангели и сите откупени, гревовите на Божјиот народ ќе бидат положени врз сатаната; и тој ќе биде прогласен за виновник за сите зла на кои ги навел. И како што јарецот Азазелов бил одведен во пустина, така и сатаната ќе биде прогонет на опустошената земја, ненаселена и гола дивина.

Претскажувајќи го прогонството на сатаната, и состојбата на пустошот и хаосот во кој тогаш ќе се наоѓа Земјата, писателот на Откровението зборува дека оваа состојба ќе трае илјада години. Опишувајќи ги глетките што ќе настапат по второто Христово доаѓање и уништувањето на непокајаните, пророкот продолжува: “И видов ангел, како слегува од небото, кој имаше во својата рака клуч од бездната и голема верига. Тој го фати змевот, старата змија која е ѓаволот и сатаната, и го врза за илјада години, и го фрли во бездната и го заклучи, ја запечати над него, за да не ги заведува народите, додека не се навршат илјада години; потоа треба да биде одврзан за малку време” (Откровение 20:1-3).

Дека изразот “бездна” ја означува Земјата во состојба на пустош и темнина јасно се гледа и од други места во Светото писмо. Во врска со состојбата на Земјата “во почетокот”, библискиот извештај кажува дека “Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната” (Битие 1:2). Пророштвото најавува дека Земјата, барем делумно, ќе се врати во таа состојба. Гледајќи го во визија големиот Божји ден, пророкот Еремија кажува: “Ја гледам земјата - и ете, таа е разорана и пуста, небесата, и нема на нив светлина. Ги гледам горите - и ете, тие треперат, и сите ридови се нишаат. Гледам - и ете, нема човек, и сите небесни птици одлетале. Гледам - и ете, Кармил е пустина, и сите негови градови се разурнати од лицето Господово, од јароста на Неговиот гнев” (Еремија 4:23-26).

Тука за илјада години ќе биде престојувалиштето на сатаната и на неговите зли ангели. Ограничен само на Земјата, тој нема да има пристап до другите светови за да ги искушува и вознемирува оние кои никогаш не паднале. Во таа смисла тој е врзан; нема над кого да ја покажува својата моќ. Потполно му е оневозможено да лаже и упропастува, што со векови била негова единствена радост.

Гледајќи во пророчка визија во тоа време, кога сатаната потполно ќе биде поразен, пророкот Исаија извикнал: “Како падна ти од небото, Денице, сине на зората! Се разби од земјата ти, кој ги угнетуваше народите. А во своето срце си велеше: ќе се искачам на небото, ќе го издигнам својот престол погоре од Божјите ѕвезди и ќе седнам на гората во соборот на боговите, на крајот од северот; ќе се искачам до висините на облаците, ќе бидам сличен на Севишниот. Но ти си соборен во пеколот, во дното на адот. Оние што ќе те видат, ќе се загледаат во тебе, ќе си речат за тебе: тоа ли е човекот, што земјата ја разнишуваше и царства потресуваше, вселената во пустина ја претвори и ги разрушуваше нејзините градови кој никогаш не ги пушташе дома своите заробеници?” (Исаија 14:12-17).

Шест илјади години сатаната со својата буна не престанува да ја “разнишува земјата.” Тој “вселената ја претвори во пустина и ги разрушуваше нејзините градови.” И тој “никогаш не ги пушташе дома своите заробеници.” Шест илјади години тој во својата темница на смртта ги задржува припадниците на Божјиот народ, и тој сакал овде да ги задржи засекогаш; но Христос ги раскинал синџирите на смртта и ги ослободил заробените.

Дури и непокајаните тогаш ќе бидат надвор од доменот на сатанската моќ. Тој останува сам со своите зли ангели да ги набљудува последиците на проклетството предизвикани со гревот. “Сите цареви на народите, сите почиваат со чест, секој во својата гробница, а ти си фрлен надвор од гробот како отпадок, како облека на убиени, на погубени со меч, што ги спуштаат во камени гробници - како изгазен труп, нема да се соединиш со нив во гробот, зашто ти ја разори својата земја, го уби својот народ” (Исаија 14:18-20).

Илјада години сатаната, лутајќи по опустошената земја, ќе мора да ги гледа последиците на својата буна против Божјиот закон. За сето тоа време тој страшно ќе страда. Постојаната активност на неговиот живот, од самото негово паѓање, не му оставала време за размислување. Но сега, лишен од својата моќ, тој е оставен да размислува за сè што направил откако за првпат се побунил против владеењето на небото, и со треперење и страв да гледа во страшната иднина, кога ќе мора да пати за сето зло што го направил и за сите гревови на кои ги навел другите.

Врзувањето на сатаната и неговото заробеништво на Божјиот народ ќе му донесе голема радост. “Во денот кога Господ ќе ти даде да починеш од своите страдања, немири и од тешкото робување со кои те притиснаа,” кажува пророкот, “ќе му ја запееш оваа поговорка на вавилонскиот цар (овде е претставен сатаната) и ќе речеш: Како го снема насилникот?... Господ го скрши злосторничкиот стап и владетелското жезло што бесно ги биеше народите со удари без крај, што владееше гневно над народите, прогонувајќи ги без милост “ (Исаија 14:3-6).

Во текот на овие илјада години, помеѓу првото и второто воскресение, ќе им се суди на непокајаните. Апостол Павле на овој суд укажува како на настан што треба да настапи по второто Христово доаѓање. “Затоа не судете ништо предвреме, пред да дојде Господ, Кој ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата” (1. Коринтјаните 4:5). Даниел кажува дека кога ќе дојде Оној кој е од вечноста ќе им го даде “судот на светците на Севишниот” (Даниел 7:22). Во тоа време праведните ќе владеат како цареви и свештеници на Бога и на Христа. Јован во Откровението кажува: “И видов престоли и седнати на нив, на кои им беше дадено да судат... а ќе бидат свештеници на Бога и ќе царуваат со Христа илјада години.” (Откровение 20:4, 6). Во тоа време, како што прорекол и Павле, “светиите ќе му судат на светот” (1. Коринтјаните 6:2). Заедно со Христа тие ќе им судат на непокајаните, споредувајќи ги нивните дела со Библијата како со законик, и решавајќи за секој поединец според неговите дела направени во овој живот. Тогаш казната, која непокајаните ќе мора да ја примат, ќе биде одмерена според нивните дела, и запишана покрај нивните имиња во книгата на смртта.

И на сатаната и на неговите зли ангели ќе им судат Христос и Неговиот народ. “Не знаете ли”, нагласува Павле, “дека ќе им судиме на ангелите?” (1. Коринтјаните 6:3). Исто така и Јуда во своето послание истакнува: “И ангелите, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште, ги стави во вечни окови, во мрак за суд на великиот ден” (Јуда 6).

По истекот на овие илјада години, ќе настапи и второто воскресение. Тогаш непокајаните ќе станат од своите гробови и ќе се појават пред Бога, за да “го изврши над нив напишаниот суд” (Псалм 149:9). И писателот на Откровението, откако го опишал воскресението на праведниците кажува: “А другите мртовци не оживеаја, додека не се навршија илјада години” (Откровение 20:5). А Исаија за судбината на непокајаните кажува: “ќе бидат собрани и затворени во јама, затворени во темница и казнети по многу денови” (Исаија 24:22).