Големата борба помеѓу Христа и сатаната

40. Ослободување на Божјиот народ

Кога на оние кои го почитуваат Божјиот закон целосно ќе им се скрати заштитата на човечките закони, во разни земји истовремено ќе се појави движење за нивно уништување. Кога определеното време во декретот најпосле ќе се приближи, луѓето ќе направат заговор да ја истребат таа омразена секта. Ќе решат во една ноќ со пресуден удар засекогаш да го замолкнат гласот на несогласување и прекор.

Припадниците на Божјиот народ - некои во затворски ќелии, а други скриени по осамените засолништа на шумите и планините - сè уште се молат за Божја заштита, додека вооружени групи луѓе, поттикнати од страна на злите ангели, на сите страни ќе се подготвуваат да ги остварат своите убиствени намери. Тогаш во часот на најголемата опасност, ќе се вмеша Израелевиот Бог да ги избави Своите избраници. Господ преку пророкот рекол: “А кај вас ќе има песни, како преку ноќта на свечен празник, и веселба во срцето, како кај оној што оди со свирка на гората Господова, кон тврдината Израелева. И ќе загрми Господ со Својот величествен глас и ќе го покаже замавот на Својата мишка со силен гнев и со пламен огнен, кој сè проголтува, во бура, во силен дожд и во град” (Исаија 30:29, 30).

Со извици на триумф, исмевање и клетви, разјарениот џган на зли луѓе штотуку се подготвува да се фрли врз својот плен - но, гледај, одненадеж земјата ја обвиткува густа темнина, помрачна од најмрачните ноќи. Преку целото небо, како отсјај на славата која блескоти од Божјиот престол, се појавува божилак, оставајќи впечаток како да ја опкружува секоја група на верници затекнати на молитва. Разбеснетите насилнички маси одеднаш застануваат. Нивните подбивни извици ќе замолкнат. Предметот на нивниот убиствен бес ќе биде заборавен. Со страшни претчувства тие втренчено гледаат во симболот на Божјиот завет - сакајќи што побрзо да се скријат од неговиот неподнослив сјај.

Припадниците на Божјиот народ ќе чујат јасен и милозвучен глас: “Погледнете нагоре”, подигнувајќи го својот поглед кон небото, ќе го видат божилакот на ветувањето. Црните заканувачки облаци кои го прекривале небесниот свод се расчистуваат и тие, како некогаш Стефан, втренчено гледаат во небото, ја забележуваат Божјата слава и Синот човечки како седи на Својот престол. На Неговиот божествен лик тие ги забележуваат трагите од Неговото понижување, а од Неговите усни ја слушаат молитвата упатена кон Отецот пред светите ангели: “Сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас” (Јован 17:24). А потоа повторно се слуша милозвучен глас на радост и триумф: “Тие доаѓаат! Тие доаѓаат, свети, невини и чисти. Тие го одржаа словото на Моето трпение, и ќе живеат меѓу ангелите,” а од бледите и треперливи усни на оние кои цврсто се придржувале кон својата вера се отргнува извик на победа.

Токму е полноќ кога Бог ја открива Својата моќ да го ослободи Својот народ. Сонцето се појавува во својот полн сјај. Знаци и чуда се редат брзо едно по друго. Непокајаните, сцената ја гладаат со страв и вчудоневиденост, додека праведниците со свечена радост ги набљудуваат знаците на своето ослободување. Во природата се чини како сè да излегло од својот вообичаен ред. Реките престануваат да течат. Мрачни, тешки облаци се собираат и судираат меѓусебно. Среде разгневеното небо се гледа едно место со неопислива слава од каде допира Божјиот глас сличен на шум од многу води, говорејќи: “Се сврши!” (Откровение 16:17).

Овој глас ги потресува и небото и Земјата. Настанува страшен земјотрес каков “што немало откако постојат луѓе на Земјата, толку голем, толку силен” (Откровение 16:18). Небото се отвора и повторно затвора. Славата на Божјиот престол која на моменти се покажува, изгледа како светкањето на молњите, планините се тресат како трска на ветер, додека распарчените карпи паѓаат на сите страни. Се слуша таква грмотевица како да наидува страшна бура. Морето разгневено беснее. Се слуша завивање на ураганот како гласови на демони кои тргнуваат во разорување. Земјата се подигнува и набира како морски бранови. Нејзината површина се распаѓа, како самите темели да и попуштаат. Цели планински области тонат. Населени острови исчезнуваат. Морските пристаништа кои според беззаконието и порокот станале слични на Содом, исчезнуваат во разбеснетите бранови. И големиот Вавилон се споменува пред Бога “за да му се даде чашата со вино од јароста на Неговиот гнев” (Откровение 16:19, 20). Град голем како глава го довршува ова дело на разорување. Најголемите градови на Земјата стануваат купишта урнатини. Најраскошните палати, на кои големците од овој свет безмилосно ги трошеле своите богатства за да се прослават, се распаѓаат пред нивните очи. Ѕидовите на затворите се уриваат, а припадниците на Божјиот народ, кои поради својата вера биле затворени, се ослободуваат.

Гробовите се отвораат “и многумина од оние што спијат во земниот прав ќе се разбудат - едни за живот вечен, а други за укор и срам” (Даниел 12:2). Сите оние кои умреле верувајќи во третата ангелска вест излегуваат прославени од своите гробови, зедно со оние кои го држеле Божјиот закон, да го слушнат заветот на Божјиот мир. А и оние “што Го прободоа” (Откровение 1:7), како и оние кои му се потсмевале на Христа и на Неговите смртни маки, и најжестоките противници на Неговата вистина и Неговиот народ, стануваат да Го видат во Неговата слава и да ги видат почестите што ќе им бидат дадени на верните и на послушните.

Густите облаци сè уште го покриваат небото, додека понекаде, тука и таму се пробива сонцето дејствувајќи како Јеховиното око на одмазда. Молњите, гневно го расцепуваат небото обвивајќи ја земјата во море од пламен. Посилно од татнежите на громовите, се слушаат таинствени и страшни зборови кои ја најавуваат судбината на непокајаните. Сите нема да ги разберат изговорените зборови, но лажните учители добро ќе ги сфатат. Оние што предмалку биле толку безгрижни, се фалеле и упорно се радувале во својата свирепост кон народот кој ги држи Божјите заповеди, сега се совладани со зачуденост и треперат од страв. Нивното лелекање ја надвикува бучавата на ослободените стихии на природата. Демоните го признаваат Христовото божество и се тресат пред Неговата сила, додека луѓето преколнуваат за милост и од страв ползат по правот.

Гледајќи го во визија Господовиот ден, пророкот уште во старо време рекол: “Липајте, зашто денот Господов е близу, - иде како разурнувачка сила од Семоќниот” (Исаија 13:6). “Влези во карпата и скриј се во земјата од страв пред Господа и од славата на Неговото величие. Ничкум ќе паднат гордите човечки погледи, и она, што е високо кај луѓето, ќе се понизи; а само Господ ќе стои високо во тој ден. Зашто иде денот на Господа Саваот против сè што е гордо и надуено и против сè што е превознесено, - и тоа ќе биде понизено.” “Во тој ден човекот ќе ги фрли своите сребрени и своите златни идоли, што ги направил за да им се поклонува, за да влезе во камени процепи и во планински долови од страв пред Господа и од славата на Неговото величие, кога ќе се крене да ја разруши земјата.” (Исаија 2:10-12, 20, 21).

Низ пукнатините на облаците свети ѕвезда чијшто сјај, поради темнината која ја опкружува, блеска четирипати посилно. Таа на верните им најавува радост и надеж, а на престапниците на Божјиот закон строгост и гнев. Оние кои се жртвувале за Христа, сега се сигурни, скриени како во скривница во Господовиот шатор. Поминувајќи низ најтешки искушенија, тие, и пред светот и пред противниците на вистината ја докажале својата верност кон Оној, кој умрел за нив. Каква прекрасна промена за оние кои дури и соочени со смртта ја сочувале својата верност. И одненадеж тие се ослободени од мрачната и страшна тиранија на луѓето претворени во демони. Нивните лица, до неодамна бледи, загрижени и скаменето преплашени, сега се осветлени со восхитување, вера и љубов. Нивните гласови триумфално се издигаат во песна на благодарност и слава: “Господ ни е засолниште и тврдина, секогаш проверен помошник во неволја. Затоа не се плашиме кога земјата се лулее, кога бреговите се рушат во морето. Нека бучат и беснеат морските бранови, нека треперат планините од нивната жестокост” (Псалм 46:1-3).

Додека овие зборови на света сигурност се издигаат кон Бога, облаците се разидуваат и се покажува ѕвезденото небо, премногу убаво во спротивност со мрачниот и луто стемнетиот свод на двете страни. Низ полуотворената врата блеска славата на небесниот град. Тогаш на небесниот свод се појавува рака која држи две составени плочи. Пророкот вели: “Небесата ја објавуваат Неговата праведност: Тој е Бог Судија” (Псалм 50:6). Овој свет закон, Божјата правда, што среде грмотевици и пламен е објавен од Синај за да биде водач во животот, сега им се открива на луѓето како мерило за суд. Раката ги отвора плочите и се покажуваат прописите на десетте заповеди, како да се пишувани со пламено перо. Зборовите се толку јасни за сите да можат да ги читаат. Сеќавањето се буди, темнината на суеверието и неверството исчезнува од секое срце, а десетте кратки, разбирливи и полноважни Божји реченици, јасно им се предочени на сите земни жители.

Не е можно да се опише стравот и очајанието на оние кои ги газеле светите Божји барања. Господ им го дал Својот закон; тие можеле својот карактер да го споредат со него и да ги запознаат своите грешки додека уште било време за покајание и поправање; но тие, за да стекнат наклоност на светот, ги отфрлиле Неговите прописи и ги учеле и другите да ги кршат. Настојувале и припадниците на Божјиот народ да ги присилат да ја обесчестуваат Неговата сабота. Сега се осудени токму според тој закон чиишто прописи ги презреле. Со ужасна јасност увидуваат дека немаат никаков изговор. Самите избрале на кого ќе му служат и на кого ќе му се поклонуваат. “И тогаш повторно ќе ја видите разликата меѓу праведник и безбожник, меѓу оној кој Му служи на Бога и оној кој не Му служи” (Малахија 3:18).

Непријателите на Божијот закон, од проповедниците па сè до најнезначајниот меѓу нив, сега имаат нова претстава за вистината и должностите. Предоцна увидуваат дека саботата од четвртата заповед навистина е печат на живиот Бог. Предоцна ја увидуваат вистинската природа на својата лажна сабота и песочниот темел на кого ѕидале. Најпосле им станува јасно дека всушност се бореле против Бога. Верските учители многу души водат во пропаст додека тврдат дека ги водат до рајските врати. Дури на денот на дефинитивната пресметка ќе се сфати колку е голема одговорноста на луѓето во светата служба и колку се страшни последиците на нивното изневерување. Само во вечноста ќе бидеме во состојба правилно да ја процениме загубата на една единствена душа. Страшна ќе биде судбината на оној на кого Бог ќе му рече: “Оди од Мене, зол слуго!”

Потоа од небото ќе се чуе Божијот глас како го објавува денот и часот на Исусовото доаѓање и го потврдува вечниот завет со Својот народ. Како одѕив од најсилна грмотевица, од земјата јачат Неговите зборови кои припадниците на Неговиот народ ги слушаат со поглед насочен нагоре. Нивните лица се осветлени со Неговата слава и блескаат како Мојсеевото лице кога слегувал од Синај. Непокајаните не можат да ги гледаат. И додека над оние што го почитувале Бога со држење на Неговата света сабота се изрекува вечен благослов, низ земјата се разлева силен победнички извик.

Наскоро на исток се појавува мал облак, во големина на половина човечка дланка. Тоа е облак кој го опкружува Спасителот и кој оддалеку изгледа како да е обвиен со мрак. Припадниците на Божјиот народ знаат дека тоа е знакот на Синот човечки и во свечена тишина тие втренчено набљудуваат како облакот се приближува до земјата и станува сè појасен и сè повеличествен, додека не се покаже како голем бел облак чијашто долна страна блеска како проголтувачки оган, а над него е божилакот на заветот. На чело е Исус како моќен победник. Тој сега не доаѓа како “Човек на болката” (Исаија 53:3), за да ја испие горчливата чаша на срамот и маката, туку како Оној кој го победил непријателот и на небото и на Земјата, да им суди на мртвите и на живите. “Верен и вистинит, и суди и војува праведно.” “А небесните војски на бели коњи, облечени во бел, чист лен, го следеа” (Откровение 19:11, 14). Огромно неброено мноштво на свети ангели со песна на благодарност и со небесна музика, Го придружуваат на Неговиот пат. Небесниот свод како да е преполн со блескави суштества, “десет илјади по десет илјади, и илјада илјади.” Со човечко перо не е можно да се опише оваа сцена, ниту умот на смртникот може да ја долови Неговата величественост и убавина. “Величието Негово ги покри небесата, и славата Негова ја исполни земјата. Болскотот му е како сончева светлина” (Авакум 3:3, 4). Кога живиот облак ќе се приближи до земјата, секое око ќе го види Кнезот на животот. Неговото свето лице не е повеќе нагрдено со трнов венец, туку на Неговото свето чело блеска дијадем на слава. Неговото лице блеска со сјај посветол од пладневно сонце. “На облеката и на бедрото Негово беше напишано името: Цар над царевите и Господар над господарите.” (Откровение 19:16).

Пред Неговата појава “лицата на сите се изобличени и побледени” (Еремија 30:6). Оние кои ја отфрлиле Божјата милост ги опфаќа страв на вечно очајување. “Срцето се топи, колената треперат, сите чувствуваат болки во бедрата, на сите лицата им се потемнети.” (Наум 2:10). Праведниците тресејќи се извикуваат: “Кој може да се одржи?” (Откровение 6:17). Пеењето на ангелите престанува, и некое време владее страшно молчење. Тогаш одекнува гласот на Спасителот кој на Своите им зборува: “Доста ти е Мојата благодат”. Лицата на праведниците се осветлени, секое срце е исполнето со радост; а ангелите, приближувајќи се сè повеќе до Земјата, уште повеќе го креваат својот глас и повторно пеат.

Царот над царевите слегува низ облаците наметнат со огнен пламен. Небесата се свиткуваат како хартија, Земјата трепери пред Него, а секоја планина и секој остров се изместуваат од своите места. “Нашиот Бог доаѓа и не молчи. Пред Него врви оган што проголтува, околу Него беснее силна бура. Тој ги повикува одозгора небесата и земјата, за да му суди на Својот народ” (Псалм 50:3, 4).

“И царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се скрија во пештери и горски камењари, велејќи им на планините и на карпите; паднете врз нас и скријте не од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот, зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?” (Откровение 6:15-17).

Потсмевливото дофрлување престанало. Замолкнале устите кои зборувале лага. Замолкнал ѕвекотот на оружјето, воената бука и “облека извалкана од крв” (Исаија 9:5). Ништо не се слуша освен глас на молитва, плачење и тажење. Од усните на оние кои предмалку се подбивале, им се испушта извикот: “Зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев и кој може да опстане?” Непокајаните преколнуваат врз нив да паднат горските карпи и да ги скријат од лицето на Оној што го презреле и отфрлиле.

Гласот кој се пробива до ушите на мртвите, тие го препознаваат. Колкупати со Својот тажен и нежен тон ги повикувал на покајание. Колкупати го слушнале Спасителот во трогателните преколнувања на пријателот и братот. За оние кои ја отфрлиле Неговата милост, ниеден глас не може да биде толку полн со осуда и не може да претставува потешко обвинување отколку што е гласот кој толку долго ги повикувал: “Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта, зошто да умирате?” (Езекиел 33:11). О, кога тоа за нив би бил глас на туѓинец! “Јас викав,” кажува Христос, “а вие не послушавте; изговарав зборови, но вие не внимававте; вие ги отфрливте Моите совети, не внимававте кога ве изобличував” (Изреки 1:24, 25). Овој глас буди сеќавања кои сега тие со задоволство би сакале да ги избришат - сеќавања на презрени предупредувања, одбиени повици и омаловажени предности.

Тука се оние кои му се подбивале на Христа во Неговото понижување. Со неодолива сила во сеќавање им доаѓаат зборовите на Маченикот, кога на заколнувањето на свештеничкиот поглавар, свечено изјавил: “Отсега ќе Го гледате Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како доаѓа на небесните облаци” (Матеј 26:64). Сега Го гледаат во Неговата слава, а ќе Го здогледаат и како седи “од десната страна на Силата.”

Оние кои ја исмејувале Неговата изјава дека е Божји Син, сега се неми. Тука е гордиот Ирод кој се подбивал на Неговото царско име и на војниците кои Го исмејувале им наредил да Го крунисаат за цар. Тука се оние исти луѓе кои со своите извалкани раце на Него ја ставиле пурпурната наметка, на Неговото свето чело го ставиле трновиот венец и во Неговата рака која не се спротивставувала го ставиле подбивниот жезол и се поклонувале пред Него со богохулно подбивање. Луѓето што го биеле и плукале Кнезот на животот, сега се кријат од Неговиот проникнувачки поглед и сакаат да побегнат од неподносливата слава на Неговото присуство. Оние кои ги ковале клиновите во Неговите раце и нозе и војникот кој со копје Му ги прободел ребрата, со страв и грижа на совеста ги гледаат белезите на овие рани.

Со страшна јасност свештениците и старешините си спомнуваат на настаните од Голгота. Со згрозување и со страв се сеќаваат како со сатанско ликување вртеле со главите и Му довикувале: “Другите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси. Ако е Тој цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше во Бога, нека го избави сега, ако е по волјата Негова” (Матеј 27:42, 43).

Живо се потсетуваат на Спасителовата парабола за лозарите кои одбиле на власникот на лозјето да му го предадат родот, кои ги малтертирале Неговите слуги, а синот му го убиле. Се сеќаваат и на сопствената изјава дадена во таа прилика дека Господарот на лозјето “злочинците ќе ги погуби” (Матеј 21:41). Во гревот и казната на овие неверни луѓе, свештениците и старешините сега ги гледаат своите постапки и својата заслужена пропаст. И сега се издига вик на смртен страв. Погласно од извикот: “Распни Го! Распни Го!”, кој одѕвонувал низ улиците на Ерусалим, одекнува страшен и очаен лелек: “Тој е Божји Син! Тој е вистински Месија!” Тие копнеат да побегнат од присуството на Царот над царевите. Во длабоките расцепи на земјата настанати во судирот на завојуваните стихии, тие напразно се обидуваат да се скријат.

Во животот на сите оние кои ја отфрлаат вистината има моменти кога совеста се разбудува, кога од запомнетото извираат спомени од животот полн со лицемерства, а душата ја мачи напразно каење, но што е сето тоа кога ќе се спореди со грижата на совеста во оној ден, “кога стравот ќе навали врз вас како невреме и кога пропаста ќе ве грабне како виор, кога ќе се навалат врз вас неволјата и маката” (Изреки 1:27). Оние кои биле најгласни барајќи смрт за Христа и за Неговите верни следбеници, сега ја гледаат славата што ги опкружува. Среде стравот и ужасот што ги раскинува, тие ги слушаат гласовите на светите соединети во акорди на радост, триумф и среќа: “Ете, Тој е нашиот Бог, на Него се надевавме, и Тој нè спаси” (Исаија 25:9).

Среде лулањето на земјата, молскањето на молњите и татнежите на громовите, гласот на Синот Божји ќе ги повика светите кои почиваат. Тој ќе погледне кон гробовите на праведниците и потоа, подигајќи ги Своите раце кон небото ќе извикне: “Разбудете се, разбудете се, разбудете се, вие кои спиете во правот, станете!” Во сите краишта на земјата, каде некогаш имало луѓе, мртвите ќе го чујат овој глас, и оние што ќе го чујат ќе оживеат. И целата земја одѕвонува од чекорите на небројното мноштво од сите националности, генерации, јазици и народи. Тие доаѓаат од темнината на смртта, овенчани со бесмртна слава радосно извикувајќи: “Смрт, каде ти е осилката? Пеколу, каде ти е победата?” (1. Коринтјаните 15:55). Потоа и живите праведници и воскреснатите свети ги соединуваат своите гласови во долг и радосен извик на победа.

Сите тие според висината на својата возраст од гробовите излегуваат исто онакви какви што биле во животот. Адам, кој се наоѓа во мноштвото на воскреснатите, изразито е висок и со величествен изглед. Тој според растот е само малку понизок од Божјиот Син, и впечатливо се разликува од луѓето на подоцнежните поколенија. Тука се гледа колку човечкиот род со времето се дегенерирал. Меѓутоа, сите стануваат во свежина и сила на вечна младост. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик, не само според карактерот, туку и според обликот и изгледот. Гревот ја изопачил и речиси ја избришал Божјата слика во човекот; но Христос дошол за она што било изгубено повторно да го воспостави. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на Своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината и опогането од гревот, пак станува совршено, убаво и бесмртно. Сите осакатености и недостатоци остануваат во гробот. Повторно пуштени кај дрвото на животот, откупените во одамна изгубениот рај ќе растат додека не дораснат до потполната височина на човечкиот род во неговата првобитна убавина. И последните преостанати траги на проклетството предизвикано од гревот ќе бидат отстранети, а Христовите верници ќе се појават во красотата на Господа, во слава на нашиот Бог и повторно според духот, душата и телото ќе бидат совршена слика на својот Творец. О, прекрасно ли откупување, за кое толку копнежливо со векови се зборувало, кое толку долго се очекувало, копнежливо се сакало, но никогаш целосно не било сфатено.

Живите праведници “наеднаш, за миг” ќе бидат преобразени; на Божјиот глас тие се прославени; сега стануваат бесмртни и заедно со воскреснатите светии се вознесуваат во воздухот, на средба со својот Господ. Ангелите ги собираат Неговите избраници од “четирите ветра од крајот на Земјата до крајот на небото” (Марко 13:27). Малечките деца светите ангели ги донесуваат во прегратките на нивните мајки. Пријателите и роднините кои смртта долго ги разделувала, пак се состануваат за повеќе никогаш да не се разделат и со песна на радост заедно се вознесуваат во Божјиот град.

Од сите страни на колите направени од облаци се наоѓаат крилја, а под нив има живи тркала; и штом колата ќе се крене, тркалата извикуваат: “Свет”, исто така и крилјата при кревањето викаат: “Свет”, и придружбата на ангелите извикнува: “Свет, свет, свет е Господ Бог Седржителот.” И додека победоносната кола се движи кон новиот Ерусалим, откупените радосно извикуваат: “Алилуја!”

Пред влегувањето во светиот град, Спасителот на Своите следбеници им доделува победнички одликувања и знаци на нивното царско достоинство. Блескавите редови во облик на совршен четириаголник се наредуваат околу својот Цар, чијшто величествен лик високо се истакнува над светите и ангелите, а лицето Му зрачи со неискажлива љубов и благонаклоност кон нив. Секој поглед на ова неброено мноштво на откупени е насочен во Него, секое око ја гледа славата на Оној кој во лицето “беше обезличен повеќе од секој човек и во ставата повеќе отколку синовите човечки (Исаија 52:14). На главите на победниците Христос со Својата десница става круна на слава. За секого е подготвена круна на која се наоѓа неговото лично “ново име” (Откровение 2:17) и натпис: “Свет на Господа!” Во раката на секого поединечно се става победничко палмово гранче и блескава харфа. А потоа на знак на ангелот кој дава тон, секоја рака вешто ги допира жиците на својата харфа измамувајќи од нив милни звуци кои се слеваат во богати и мелодични акорди. Секое срце го обзема неискажано воодушевување и занес, а секој глас се издигнува во песна на благодарност: “Нему, Кој нè возљуби и изми од нашите гревови преку Својата крв и Кој нè направи пред Бога и Својот Отец цареви и свештеници, слава и моќ во вечни векови. Амин!” (Откровение 1: 5, 6).

Пред откупените е светиот град. Исус широко ги отвора неговите бисерни врати, и сите оние кои ја примиле и одржале светата вистина влегуваат внатре. Овде тие ќе го видат Божјиот рај, Адамовата татковина во времето на неговата невиност. Тогаш ќе се слушне глас, помил од секоја музика што било кога увото на смртникот ја слушнало: “Вашата борба е завршена.” “Дојдете благословени од Мојот Отец, примете го царството што ви е подготвено од создавањето на светот!”

Така најпосле се исполнува молитвата на Спасителот упатена за сите Негови ученици: “Оче, сакам и оние што си Ми ги дал да бидат со Мене, каде што сум Јас.” (Јован 17:24). “Безгрешни и без порок ...пред славата Своја во радост” (Јуда 24). Христос пред Отецот ги претставува откупените со Својата крв изјавувајќи: “Ете Јас и децата што ми ги даде Господ” (Исаија 8:18). “Оние што си Ми ги дал, ги зачував!” (Јован 17:24). О, прекрасна љубов која ги спасува откупените! О, какво ли блаженство ќе биде во оној час кога вечниот Отец, набљудувајќи ги откупените, пак во човекот ќе го види Својот лик, кога ќе види дека е избришана нехармонијата што ја предизвикал гревот, неговото проклетство откупено, и човечката природа повторно доведена во хармонија со божествената.

Со неискажлива љубов Спасителот на Своите верни им упатува зборови на добредојде: “Влезете во радоста на својот господар!” (Матеј 25:21). Радоста на Спасителот е во тоа што во царството на славата најпосле ги гледа душите кои се спасени со Неговото страдање и понижување. А откупените ја делат Неговата радост набљудувајќи ги меѓу спасените и оние кои со своите молитви, својот труд, пожртвуваност и љубов ги придобиле за Христа. Собрани околу величествениот бел престол, нивните срца ќе бидат исполнети со неискажлива радост кога тука ќе ги видат и оние кои ги придобиле за Христа и кога ќе видат дека тие придобиле други, а овие пак други, и дека сите најпосле стигнале во пристаништето на мирот за да ги положат своите круни пред Исусовите нозе и да Го слават низ бескрајните циклуси на вечноста.

Потоа, кога спасените најпосле ќе бидат поздравени со добредојде во Светиот град, низ воздухот ќе одекне воодушевен извик кон Бога и Јагнето - првиот и вториот Адам повторно се среќаваат. Божјиот Син стои со раширени раце за да го дочека таткото на нашиот род - битието што Тој го создал, кое згрешило против својот Творец и поради чијшто грев Спасителот ги носи знаците на распнувањето на Своите раце. Кога Адам ќе ги здогледа трагите на страшните клинови на Христовите раце, наместо на градите на својот Господ, тој во понизност се фрла пред Неговите нозе, извикнувајќи радосно: “Достојно, достојно е Јагнето, што е заклано!” Спасителот нежно го крева, повикувајќи го повторно да го набљудува својот рајски дом од кој толку долго бил протеран.

По неговото прогонство од Едем, Адамовиот живот на земјата бил исполнет со тага. Секој овенат лист, секое животно принесено на жртва, секоја дамка на убавото лице на природата, секоја срамна дамка на чистотата на човекот, постојано го потсетувала на неговиот грев. Страшно било неговото страдање поради грижата на совеста кога гледал како се шири беззаконието и кога како возврат на своите предупредувања добивал само префрлување дека причина за злото и гревот е токму тој. Трпеливо и понизно, речиси илјада години, ја поднесувал казната за својот престап. Искрено се покајал за својот грев и, надевајќи се во заслугите на ветениот Спасител, својот живот го завршил со надеж во воскресение. Синот Божји страдал поради човековото паѓање и неуспех; и сега Адам благодарение на Христовото дело на помирување повторно ја добива својата “прва власт.”

Во занес од радост, тој ги набљудува дрвјата во чијашто убавина некогаш толку многу уживал - истите дрвја од кои берел род во деновите на својата невиност и среќа. Тој ја гледа лозата што ја негувал со сопствените раце, и истото цвеќе за кое некогаш со задоволство се грижел. Неговиот ум ја сфаќа целата вистина на глетката; разбира дека тоа навистина е обновениот Едем, само што сега е уште поубав во споредба со тогаш кога тој од него бил протеран. Спасителот го води до дрвото на животот, бере од величествено - прекрасниот плод и му дава да јаде. Тој гледа околу себе и гледа огромно мноштво на свои потомци откупени и среќни во Божјиот рај. Тогаш својата блескава круна ја става пред Христовите нозе, Му паѓа на градите и Го прегрнува како свој Откупител. Потоа ја зема златната харфа и низ небесниот свод триумфално одекнува прекрасна песна: “Достојно, достојно, достојно е Јагнето, што е заклано и пак живее!” Безбројните членови на Адамовото семејство ја прифаќаат песната и, положувајќи ги своите круни пред нозете на Спасителот, сите се поклонуваат пред Него во безгранична љубов и стравопочитување.

Ова повторно соединување го набљудуваат ангелите кои плачеле кога Адам паднал и се радувале кога Исус по Своето воскресение се вознел на небото, отворајќи ја вратата на гробот за сите оние кои ќе поверуваат во Неговото име. Тие сега гледаат дека делото на откупувањето е довршено и своите гласови радосно ги придружуваат во песна на благодарност.

На кристалното море пред престолот - на морето на светлината која толку блеска од Божјата слава што изгледа како стаклено море измешано со оган - тука е собрана групата на оние “што го победија ѕверот, и неговиот лик, неговиот белег и бројот на неговото име.” Со Јагнето на гората Сион, “имајќи Божји харфи”, стојат сто четириесет и четири илјади, откупени меѓу луѓето; и како глас од многу води и глас од големи грмотевици се слуша “гласот од харфисти кои свират со своите харфи”. “И пеат нова песна пред престолот”, песна која не може никој да ја научи освен оние сто четириесет и четири илјади. Тоа е песната на Мојсеја - песна на ослободувањето. Никој освен овие сто четириесет и четири илјади не може да ја научи оваа песна, зашто тоа е песна на нивното искуство, такво искуство какво што ниедна друга група никогаш немала. “Тие одат по Јагнето, каде и да оди.” Земени од земјата, меѓу живите, тие се сметаат како “првенци на Бога и на Јагнето” (Откровение 15:2, 3; 14:1-5). Овие се кои дојдоа од големи неволји. Тие поминале низ време на неволја “какво што немало откако постојат луѓето” (Даниел 12:1); го претрпеле стравот од времето на Јакововите маки, и во текот на излевањето на последните Божји казни над светот биле без Посредник. Меѓутоа, тие се ослободени, зашто “ги испраа своите облеки и ги избелија во крвта на Јагнето.” “И во устата нивна измама не се најде, зашто се без мана пред престолот Божји” (Откровение 14:5). “Затоа се пред Божјиот престол и Му служат дење и ноќе во Неговиот храм; а Оној, Кој седи на престолот, ќе се всели во нив.” Тие гледале како земјата ја пустошат глад, чума и страшни болести, како сонцето ги пржи луѓето со страшна жештина, а и самите поднесувале страдања, глад и жед. Но, “нема веќе да огладнат ниту ожеднат, ниту сонцето ќе ги пече, ниту некаква жега; зашто Јагнето, Кое е среде престолот, ќе ги пасе и ќе ги води на извори со жива вода; и Бог ќе ја избрише секоја солза од нивните очи “ (Откровение 7:14 -17).

Во сите векови избраниците на Спасителот биле воспитувани и дисциплинирани во школата на искушенијата. На оваа земја тие мораат да одат по тесната патека и да се пречистуваат во печката на неволјата. Заради Христа, тие поднесуваат напади, омраза и клевети. Го следат верно низ тешки борби; поднесуваат самооткажувања и преживуваат горчливи разочарувања. Од личното болно искуство ја познаваат сета одвратност на гревот, неговата моќ, товарот и бедата на вината која тој ја донесува и со одвратност гледаат на него. Свеста за неизмерната жртва што е поднесена заради нив ги прави мали во сопствените очи, и нивните срца ги исполнува со благодарност која непаднатите суштества не можат да ја сфатат. Тие многу љубат, зашто многу им е простено. Бидејќи биле учесници во Христовите страдања, се удостоиле со Него да учествуваат во Неговата слава.

Наследниците на Божјите ветувања доаѓаат од бедни поткровја и сиромашни куќички, од затворски ќелии и од губилишта, од планини и пустини, од земјени куќички и морски пештери. На оваа земја тие најчесто “се во сиромаштија, во неволја, во срам.” Милиони заминуваат во гроб под бремето на озлогласеност и срам, затоа што решително одбиваат да ги задоволат измамливите барања на сатаната. Човечките судови ги прогласуваат за најлоши злсторници. Но конечен “судија е Бог” (Псалм 50:6). Пресудите изречени на земјата паѓаат. “Ќе го симне срамот од Својот народ” (Исаија 25:8). “И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господа” (Исаија 62:12). Тој одредил да им даде “венец наместо пепел, масло на радост наместо облека на жалост, песна благодарница наместо очаен дух” (Исаија 61:3). Тие повеќе не се слаби, бедни, расеани и угнетени. Отсега засекогаш ќе бидат со Господа. Тие стојат пред престолот, облечени во облеки поскапоцени од оние кои ги носеле најценетите луѓе на земјата. Тие се крунисани со дијадем на слава каква што никогаш не била ставена на челата на земните цареви. Деновите на болка и плачење засекогаш поминале. Царот на славата ги избришал солзите од секое лице. Отстранета е секоја причина за грижи и болка. Опкружени со разнишани палмови гранчиња тие сега, непопречувани од ништо, хармонично пеат милозвучни песни на благодарност; секој глас ја прифаќа мелодијата, додека низ целиот небесен свод не се одгласи фалоспев: “За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот и на Јагнето!” А сите небесни жители одговараат хармонично: “Амин! Благослов и слава, премудрост, и благодарност, чест и сила и моќ на нашиот Бог во сите векови. Амин!” (Откровение 7:10, 12).

Во овој живот можеме само да почнеме да ја сфаќаме прекрасната тема за откупувањето на нашиот род. Со својот ограничен разум можеме најусрдно да ги разгледуваме срамот и славата, животот и смртта, правдата и милоста кои се сретнале на крстот; па сепак ниту со најголемите напори на нашите умни сили не можеме да го сфатиме значењето на сето тоа, за должината и широчината, височината и длабочината на таа спасоносна љубов, ние засега можеме да имаме само нејасна претстава. Планот на откупението нема да биде потполно сфатен дури ни тогаш кога откупените ќе го здогледаат неговото остварување со свои очи и кога ќе познаваат како што се познати; низ вековите на бескрајната вечност на нивниот зачуден и восхитен ум постојано ќе му се откриваат секогаш нови вистини. Иако на сите грижи, болки и земни искушенија ќе им дојде крајот, иако и сите причини за тоа ќе бидат отстранети, припадниците на Божјиот народ секогаш ќе имаат јасна претстава за високата цена со која е платено нивното спасение.

За Христовиот крст откупените ќе проучуваат и ќе пеат низ целата вечност. Во Христа опкружен со слава, тие ќе го гледаат Христа распнатиот. Никогаш нема да заборават колку Христос - Оној чија моќ ги создала безбројните светови и постојано ги одржува во бескрајната вселена; Божјиот љубен Син, Величеството на небото, Оној на кого херувимите и сјајните серафими во занес Му се поклонуваат, се понижил за да го подигне паднатиот човек; да ја прими на Себе вината и срамот на гревот, и се согласил лицето на Отецот да се скрие од Него сè додека болката поради еден изгубен свет не го скршила Неговото срце и направила крај на Неговиот живот, на крстот на Голгота. Подготвеноста на Оној кој со Отецот учествувал во создавањето на сите светови и кој во Своите раце ја држи судбината на сè што е создадено да ја напушти сета своја слава и да се понижи од љубов кон човекот, секогаш ќе го предизвикува чудењето и восхитувањето на целата вселена. Кога спасените од сите народи и поколенија ќе го погледнат својот Спасител и на Неговото лице ќе го забележат отсјајот на непоминливата слава на Отецот, кога ќе го гледаат Неговиот престол кој е од искона до вечните времиња, знаејќи дека на Неговото царство нема крај, тие во својот занес воодушевено ќе запеат: “Достојно, достојно е Јагнето кое за нас е заклано и откупувајќи н# со својата скапоцена крв нè помири со Бога!”

Тајната на крстот ги разјаснува сите останати тајни. Од светлината која блеска од Голгота, и оние Божји особини кои нас нè исполнуваат со страв и трепет изгледаат толку убави и привлечни. Светлината, правдата и силата се соединуваат со милоста, нежноста и татковата љубов. Додека го набљудуваме величеството на Неговиот престол, Неговата величина и возвишеност во Неговите милостиви постапки, ние го распознаваме Неговиот карактер и го сфаќаме, како никогаш порано, значењето на она постојано ословување: “Оче наш!”

Дури таму ќе ни стане потполно јасно дека Оној кој е неизмерен во мудроста, навистина за нашето спасение не можел да пронајде никаков друг план освен да Го жртвува Својот Син. Радоста што Земјата ќе ја населат откупените суштества, свети, среќни и бесмртни, ќе ја претставува наградата за оваа жртва. Исходот на Спасителовата борба со силите на темнината е радоста на откупените која на Божја слава ќе продолжи низ целата вечност. Вредноста на човечката душа толку е голема што Отецот е задоволен со платената цена, а и самиот Христос, набљудувајќи ги плодовите на Својата голема жртва, потполно е задоволен.