Големата борба помеѓу Христа и сатаната

39. Време на големи неволји и душевни маки

“И во тоа време ќе се крене Михаил, големиот кнез, кој ќе ги брани синовите на твојот народ, и ќе настане време тешко, какво што немало откако постојат луѓето, па сè до денес. Во тоа време ќе се спаси твојот народ - сите што ќе се најдат запишани во книгата” (Даниел 12:1).

Кога ќе се заврши објавувањето на третата ангелска порака, Христос во Својата милост повеќе нема да се зазема за непокајаните жители на оваа Земја. Божјиот народ го завршил своето дело; тој го примил “доцниот дожд”, “времето за освежување од лицето Господово” и е подготвен за часот на искушението што доаѓа. Ангелите со брзање заминуваат и повторно се враќаат на небото. Еден ангел, враќајќи се од Земјата, објавува дека неговото дело е завршено; светот е проверен и со последното искушение, и сите оние кои се покажале верни на Божјите прописи, го примиле “печатот на живиот Бог”. Тогаш Христос престанува со Своето посредување во небесната светиња. Тој ги подига Своите раце и гласно изговара: “Се сврши!”, а сите ангелски војски ги положуваат своите круни, додека тој свечено изјавува: “Кој чини неправда, нека чини уште неправда; и кој е нечист, нека се онечистува уште; и кој е праведен нека чини уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште” (Откровение 22:11). Случајот на секој поединец дефинитивно е решен за живот или за смрт. Христос за Својот народ го завршил делото на помирување и ги избришал сите негови гревови. Бројот на Неговите поданици е исполнет, “а царството, власта и величеството под целото небо ќе се даде” на наследниците на спасението; и Исус ќе владее, како Цар над царевите и Господар над господарите. Кога Тој ќе ја напушти светињата, земните жители ќе ги покрие темнина. Во тоа страшно време праведниците ќе мораат да живеат без посредник пред светиот Бог. Силата која безбожниците сè уште ги задржува, тогаш ќе се повлече и сатаната ќе има потполна власт над оние кои неотповикливо ќе останат непокајани. Божјото трпение, толку долго злоупотребувано, се приближило кон крајот. Светот ја отфрлил Неговата милост, ја презрел Неговата љубов и го погазил Неговиот закон. Непокајаните ја поминале границата на времето на милоста што им било дадено. Божијот Дух на кого толку упорно се противеле, најпосле се повлекол од нив. Незаштитени со Божјата милост, потполно се препуштени на злиот непријател. Тогаш сатаната ќе ги турне жителите на оваа Земја во последна голема неволја. Штом Божјите ангели ќе престанат да ги зауздуваат страшните бури на човечките страсти, ќе бидат отпуштени сите елементи на судирот. Целиот свет ќе биде зафатен со пропаст пострашна од онаа што во старото време го снашла Ерусалим.

Еден единствен ангел ги убил сите првенци на Мисирците, исполнувајќи ја нивната земја со тага и јадосување. Кога Давид, пребројувајќи го народот, згрешил пред Бога, еден ангел го предизвикал оној страшен помор со кој бил казнет неговиот грев. Истата моќ на сотрувања што ја покажале светите ангели кога Бог тоа го заповедал, ќе ја покажат и злите ангели кога Тој тоа ќе го дозволи. Тие сили тогаш се подготвени и само чекаат Бог тоа да го дозволи па на сите страни да го шират злото и да пустошат.

Оние кои го почитуваат Божијот закон ќе бидат обвинети дека на светот ги навлекле Неговите казни и ќе бидат сметани за причинители на страшните нарушувања во природата, караниците и крвопролевањата меѓу луѓето што земјата ја исполнува со болка и проклетство. Силата која ќе го придружува последното предупредување ќе ги разбесни безбожниците; нивниот гнев ќе пламне против сите оние што ќе ја прифатат пораката, а сатаната ќе настојува постоечкиот дух на омраза и прогонство уште повеќе да го разгори.

Кога Божјото присуство најпосле се повлекло од еврејскиот народ, ниту свештениците ниту народот тоа не го знаеле. Иако под сатанска власт и проникнати со најстрашни и најодвратни страсти, тие себеси сè уште се сметале за Божји избраници. Службата во храмот и понатаму е извршувана; на неговите обесчестени олтари биле принесувани жртви и секој ден бил повикуван Божјиот благослов врз народот кој ја носел вината за крвта на Божијот љубен Син и продолжил да ги убива Неговите слуги и апостоли. Исто така и кога ќе биде изречена неотповиклива одлука во небесната светиња, и кога судбината на светот ќе биде запечатена за вечни времиња, жителите на Земјата нема да знаат ништо за тоа. Оние, од кои Божјиот Дух тогаш конечно ќе се повлече, ќе продолжат да ги извршуваат верските обреди и формалности, а сатанската ревност со која кнезот на злото ќе ги инспирира да ги извршат неговите пеколни намери, ќе личи на вистинско ревнување за Бога.

Бидејќи саботата во целото христијанство станала особен предмет на расправа и бидејќи и црковните и световните власти се здружиле со сила да го наметнат празнувањето на неделата, упорното одбивање на незначајното малцинство на верни да се покорат на ова масовно барање, ќе ги направи предмет на сеопшта омраза. Ќе се истакнува тврдењето дека тоа незначајно малцинство кое се спротивставува на општо прифатената институција на црквата и законот на државата не треба да се трпи; дека е подобро тие самите да страдаат отколку цели нации да се препуштат на забуна, исмејување и беззаконие. Истиот аргумент и еврејските поглавари пред повеќе од деветнаесет века го изнеле против Христа. “Ниту помислувате”, нагласил лукавиот Кајафа, “дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне” (Јован 11:50). Ваквото аргументирање ќе изгледа убедливо; и најпосле против оние кои според четвртата заповед ја празнуваат саботата ќе биде издаден декрет со кој тие се прогласуваат за виновници кои заслужуваат најтешки казни, а на масите им се дава слобода после одредено време да ги убијат. Католицизмот во таканаречениот стар свет и отпаднатиот протестантизам во новиот, ќе постапуваат потполно слично против оние кои ги почитуваат сите божествени прописи.

Тогаш Божјиот народ ќе биде изложен на оние страдања и душевни маки кои пророкот ги опишува како Јаковoви маки: “Вака вели Господ: Слушам крик на ужас, тоа е стравотија, а не мир. Ајде, распрашајте се и погледнете: дали некогаш родил маж? А сите мажи се фаќаат за бедрата како родилки! Зошто се сите лица изобличени и побледени? Леле, зашто е голем овој ден, сличен нему не бил! Време на неволја е за Јакова, но ќе се избави од неа.” (Еремија 30:5-7).

Јакововата ноќ на страв, кога во молитвата со мака се борел за ослободување од рацете на својот разлутен брат Исав (Битие 32:24-30), го прикажува искуството на Божјиот народ во времето на овие големи неволји. Заради измамата со која се послужил за да прими благослов од татко му кој бил наменет за Исав, Јаков, исплашен од смртните закани на брата си, побегнал да си го спаси својот живот. По долги години поминати во прогонство, тој според Божјата заповед тргнал на пат, за заедно со своите жени, деца и со стадата повторно да се врати во стариот роден крај. Пристигнувајќи на границата на својата земја, бил мошне исплашен од веста дека Исав му се приближува на чело на чета со воружени војници, без сомнение со намера да му се освети. Се чинело дека Јакововата невооружена и незаштитена придружба само што не паднала како беспомошна жртва на насилството и колежот. На овој товар на Јакововата загриженост и страв е додадено уште и уништувачкото бреме на самопрекорот, бидејќи добро знаел дека токму неговиот грев бил причина за овие опасности. Божјата милост тогаш била неговата единствена надеж, а молитвата единствена одбрана. Сепак тој од своја страна не пропуштил ништо за да ја окае и изглади направената неправда на својот брат, и да ја отстрани опасноста што му се заканувала. Исто така и Христовите следбеници, приближувајќи се кон времето на неволјата, треба да направат сè од своја страна, пред народот да се покажат во вистинска светлина, да ги разоружаат предрасудите и да ја отстранат опасноста што и се заканува на слободата на совеста.

Откако членовите на своето семејство ги “пренесе преку потокот” за да не ја гледаат неговата мака, Јаков останал сам да се бори со Бога. Го исповедал во молитва својот грев, и со благодарност ја признавал Божјата милост покажана кон него, и во длабока понизност се повикувал на направениот завет со неговите татковци и на ветувањето што во визија му е дадено онаа ноќ во Ветил и повторено во земјата на прогонството. Дошло до криза во неговиот живот; сè било ставено на коцка. Но некој одненадеж ја ставил раката на неговото рамо. Помислувајќи дека некој непријател има намера да му го одземе животот, тој очајнички со сета своја сила почнал да се бори со напаѓачот. Кога почнало да се разденува непознатиот употребил натчовечка сила; при неговиот допир Јаков кој инаку бил силен човек останал како парализиран, и како немоќен молител, плачејќи му паднал околу вратот на својот таинствен противник. Јаков тогаш дознал дека тој со кого се борел бил Ангелот на заветот. Иако онеспособен и страдајќи од јаки болки, тој не отстапил од своите намери. Долго поднесувал немир, грижа на совест и болка поради направениот грев; сега морал да добие гаранција дека му е простено. Изгледало дека небесниот посетител има намера да си оди, но Јаков сè поцврсто се прилепувал до Него, молејќи усрдно за благослов. “Пушти ме, зора е”, барал Ангелот. Но партријархот извикнал: “Нема да те пуштам додека не ме благословиш.” Каква верба, решителност и истрајност се огледуваат овде! Кога тоа би било фаленичко и дрско барање, Јаков веднаш би бил уништен, но неговата сигурност била во тоа што ја признавал својата слабост и недостојност, а сепак се надевал во милоста на Оној кој својот Завет не го заборава.

“Се бореше со ангелот и го надвладеа” (Осија 12:5). Со понизност, покајание и потполно самопредание овој грешен и во заблуда смртник “го победил” Величеството на небото. Тој, треперејќи, грчевито се фатил за Божјите ветувања, а срцето на Неизмерната Љубов не можело да остане глуво за молбата на грешникот. Како доказ на неговата победа и охрабрување за другите да го следат неговиот пример, неговото име Јаков, кое постојано го потсетувало на направениот грев, е заменето со името Израил кое потсетува на победа. А фактот дека одолеал во борбата со Бога, за него претставувал гаранција дека ќе им одолее и на луѓето. Повеќе не се плашел од гневот на својот брат, бидејќи Господ бил негова заштита.

Сатаната го обвинувал Јакова пред Божјите ангели, тврдејќи дека поради направениот грев има право да го уништи; тој го навел Исава да тргне против него; за сето време на патријарховата долга борба во таа судбоносна ноќ сатаната настојувал да му наметне чувство на вина, да го обесхрабри и да ја скрши неговата доверба во Бога. Јаков бил доведен речиси до очајување, знаел дека без помош од небото мора да пропадне. Но искрено го покајал својот голем грев и ја побарал Божјата милост. Не сакал да се одврати од својата намера туку, држејќи се цврсто за ангелот, со болни воздишки сесрдно ја истакнувал својата молба сè додека не одолеал.

Како што сатаната влијаел врз Исава да тргне против Јакова, така тој ќе ги поттикнува и непокајаните во времето на неволјата, за да го уништат Божјиот народ. И како што го обвинувал Јакова, така ќе ги истакнува и своите обвинувања против Божјиот народ. Тој го вбројува целиот свет во свои поданици; но малата група на оние, што ги држат Божјите заповеди, дава отпор на неговата превласт. Кога само и нив би можел да ги избрише од лицето на Земјата, неговиот триумф би бил потполн. Тој гледа дека светите ангели ги чуваат и врз основа на тоа заклучува дека гревовите им се простени, но не знае дека нивните случаи се решени во небесната светиња. Тој точно знае за секој нивен грев на кој ги навел и сето тоа во зголемена светлина го изнесува пред Бога тврдејќи дека таквите заслужуваат, како и тој самиот, да бидат лишени од Божјата наклоност. Тој тврди дека Господ во Својата праведност не може на нив да им ги прости гревовите, а него и неговите ангели да ги уништи. Тој го полага правото на нив како на свој плен, барајќи тие да бидат предадени во негови раце да ги уништи.

Бидејќи сатаната ги обвинува припадниците на Божјиот народ поради нивните гревови, Господ му допушта да ги искушува до крајни граници. Нивната сигурност во Бога, нивната вера и постојаност тешко се искушуваат. Кога ќе се обѕрнат кон минатато, нивната надеж опаѓа, зошто во целиот свој живот можат да видат толку малку добра. Тие потполно се свесни за своите слабости и за својата недостојност. Сатаната настојува да ги застраши со помислата дека нивниот случај е безнадежен, дека дамките на нивните мани и недостатоци и нивната осквернетост, никогаш не можат да се исчистат. Тој се надева дека на тој начин нивната вера ќе биде уништена до таа мера што ќе попуштат на неговите искушенија и ќе се откажат од својата верност кон Бога.

Иако припадниците на Божјиот народ во тоа време ќе бидат опкружени од своите непријатели решени да ги уништат, сепак душевниот страв што ќе ги мачи не е стравот од прогонството поради вистината; тие ќе стравуваат дека можеби не го покајале секој грев и дека поради некои свои недостатоци нема да го доживеат исполнувањето на ветувањето на Спасителот: “И Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена” (Откровение 3:10). Кога сигурно би знаеле дека сè им е простено не би се плашеле ниту од маките ниту од смртта; но ако се најдат како недостојни и го изгубат животот поради недостатоците во својот карактер, тогаш Господовото свето име би било обесчестено.

На секој чекор тие ги слушаат предавничките сплетки и заговори и го гледаат активното дејствување на бунтот против Бога, и во нив се буди силна желба и искрен копнеж на душата на ова големо отпадништво и беззаконие на непокајаните веќе еднаш да му дојде крајот. Меѓутоа, додека од Бога бараат да направи крај на бунтот, тие самите на себеси си префрлуваат што немаат повеќе сили да и се спротивстават на моќната струја на злото и да ја запрат. Тие чувствуваат дека силите на сатаната во својата борба против нив би биле помалку успешни кога тие сите свои способности би ги употребиле во Христовата служба напредувајќи од сила во сила.

Тие ги мачат своите души пред Бога, укажувајќи на претходното покајување на многу свои гревови, и повикувајќи се на ветувањето на Спасителот: “Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со мене” (Исаија 27:5). Нивната вера не престанува затоа што молитвите веднаш не им се исполнети. Иако поднесуваат најголем страв, загриженост и душевна мака, сепак не престануваат да се молат. Тие се потпираат на Божјата сила како што Јаков се држел за ангелот, а молитвата на нивната душа е слична на Јакововата: “Не те пуштам додека не ме благословиш!”

Кога Јаков претходно не би го покајал својот грев што правото на првородство го стекнал со измама, Бог не би ја исполнил неговата молитва и толку милостиво му го сочувал животот. Така и припадниците на Божјиот народ во времето на неволјата би биле совладани ако би имале непризнаени гревови што би им излегувале пред очите во часовите на стравот и душевните страдања; очајот би ја уништил нивната вера и тие не би имале храброст да Му се молат на Господа за своето избавување. Но, иако длабоко ќе бидат свесни за својата недостојност, тие во своето срце нема да најдат ниеден скриен грев. Нивните гревови пред тоа ќе бидат изнесени пред суд и ќе бидат избришани и затоа повеќе нема да можат да се сетат на нив.

Сатаната многумина наведува да веруваат дека Бог лесно поминува преку нивното неверство во наводните ситници од секојдневниот живот. Меѓутоа, со Својата постапка кон Јакова, Господ покажува дека Тој ни на било кој начин нема да го одобрува ниту толерира злото. Сите оние кои се трудат своите гревови да ги оправдаат или скријат и дозволуваат тие да останат во небесните книги непокајани и непростени, сатаната ќе ги победи. Доколку положбата што ја имаат е поголема и поистакната, дотолку нивниот случај е потежок во Божјите очи, а со тоа е посигурна и победата на нивниот голем противник. Оние кои својата подготовка за денот Господов ја одложуваат, нема да бидат во можност тоа да го постигнат во времето на неволјата или во некое подоцнежно време. Нивниот случај е безнадежен.

Оние таканаречени христијани, кои во овој последен и страшен судир ќе влезат неподготвени, во своето очајување ќе ги признаваат своите гревови со зборови на длабока болка додека непокајаните ќе се радуваат на нивната мака и потиштеност. Овие признавања се слични на покајувањето на Исав и Јуда. Оние кои даваат такви признавања ги оплакуваат последиците од престапот, а не својата вина. Тие не ја чувствуваат вистинската потиштеност на покајанието, ниту пак одвратноста кон злото. Тие го признаваат својот грев поради страв од казната; меѓутоа, кога казните би се повлекле, тие, како и фараонот во старо време, повторно би се вратиле на своето бунтовно противење на небото.

Записот за Јакова претставува и ветување дека Бог нема да ги отфрли оние кои биле излажани, искушувани и наведени на грев, но повторно се вратиле кај Него со искрено покајание. Додека сатаната настојува да ги уништи таквите, Бог ги праќа Своите ангели да ги тешат и чуваат во часот на опасноста. Нападите на сатаната се жестоки и решителни, а неговите измами ужасни, но окото на Господа бдее над Неговиот народ, а Неговото уво ги слуша нивните молби. Нивната неволја навистина е голема, пламенот од огнената печка само што не ги проголтал, но “Оној кој топи и пречистува сребро” (Малахија 3:3) ќе ги извади како злато прочистено во оган. Божјата љубов кон Неговите деца во текот на нивните најтешки искушенија е исто така силна и нежна како и во деновите на нивната најсветла благосостојба; но поради нив самите е потребно да поминат низ огнената печка на неволји; сè на нив што е земно мора да изгори, за во нив совршено да може да се огледа Христовиот лик.

Времето на неволја и страв, какво што е пред нас, бара вера која може да поднесе умор, одложување и глад - вера која не се губи и кога најтешко е искушувана. Времето на милоста се дава на сите да би можеле да се подготват за ова. Јаков одолеал затоа што бил истраен и решителен. Неговата победа претставува очигледен доказ за силата на истрајната и усрдна молитва. Сите кои ќе се фатат за Божјите ветувања толку цврсто како што и тој се фатил и кои во молитвата ќе бидат толку усрдни и истрајни како што бил и тој, ќе одолеат како што одолеал и тој. Оние кои не сакаат да се одречат од самите себе, да се понижат пред Бога и да се молат долго и усрдно за Неговиот благослов, нема ниту да го примат. Да се бориш во молитва со Бога - колку малку од нив знаат што значи тоа! Колку малку се оние кои својата душа ја излевале пред Бога со толку силна желба сè додека им снемало сила. Кога брановите на очајанието кое со зборови не може да се опише, слично на надоаѓачка плима ќе им ја поплават душата - колку се малку оние кои со непоколеблива вера како Јаков грчевито се фаќаат за Божјите ветувања!

Оние кои сега толку малку се вежбаат во верата се наоѓаат во најголема опасност да потклекнат на моќта на сатанските измами и на декретот со кој луѓето ќе се присилуваат да работат против својата совест. Па дури и ако ја издржат пробата, тие во времето на неволјата ќе западнат во подлабока потиштеност и страв, бидејќи не навикнале де се потпираат само на Бога. Поуките за верата кои ги занемариле, ќе бидат присилени да ги учат под страшниот притисок на малодушноста.

Сега е време да се запознаеме со Бога проверувајќи ги Неговите ветувања. Ангелите ја бележат секоја усрдна и искрена молитва. Побрзо треба да се откажеме од себичните задоволства, отколку да го занемариме постојаното одржување на врската со Бога во молитва. Најголемата сиромаштија и самооткажување со Негово одобрување се подобри отколку сите богатства, почести, удобности и пријателства кои Тој не може да ги одобри. Мораме да најдеме време за молитва. Ако дозволиме земните интереси да ги обземат мислите и срцето, Господ може да ни даде време така што ќе ги одземе нашите идоли од злато - куќите и плодните земји.

Младите не би биле наведени на грев кога решително би одбиле да тргнат по било кој пат, за кој не може да се измоли Божји благослов. Кога оние кои на светот му го донесуваат последното предупредување би се молеле за Божји благослов - не студено, рамнодушно и безживотно, туку сесрдно и со вера, како што тоа го правел Јаков - тогаш често би нашле места за кои, како и тој, би можеле да кажат: “Бога го видов лице в лице, и душата моја се спаси” (Битие 32:30). Небото би ги вбројувало меѓу оние најблагородните кои успеале да одолеат и на Бога и на луѓето.

“Време тешко, какво што немало откако постојат луѓето” (Даниел 12:1), наскоро ќе настапи и ќе ни биде потребно искуство кое сега го немаме, а за кое многумина потполно се незаинтересирани. Чест е случајот да се претчувствува поголема неволја отколку што е во стварноста; но за кризата која ни претстои тоа не би можело да се каже. Тежината на искушенијата не е можно да се изрази ниту со највпечатливо прикажување. Во тоа време на искушенија и проби секоја душа ќе мора сама да стои пред Бога. “Ако во земјата останат само оние тројца луѓе, Ное, Даниел и Јов, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси со својата праведност” (Езекиел 14:20).

Сега, додека нашиот голем Првосвештеник за нас ја врши службата на помирување, треба да настојуваме да се најдеме совршени во Него. Нашиот Спасител ниту со една единствена мисла не дозволил да биде наведен да попушти на силата на искушението. Во човечкото срце сатаната обично ќе најде некоја слаба точка која може да ја искористи како своја потпорна точка; понекоја грешна наклоност секогаш се негува што ја потврдува силата на неговите искушенија. Но Христос со право можел да каже за себе: “Иде кнезот на овој свет, но во Мене нема ништо негово” (Јован 14:30). Сатаната во Божјиот Син не можел да најде ништо што би му овозможило над Него да извојува победа. Тој ги одржал заповедите на својот Отец, и во Него немало гревови кои на сатаната би му дале било каква предност. Тоа е состојбата во која мора да се најдат сите оние кои сакаат да се одржат во времето на неволјата и душевните маки.

Со вера во Христовата крв пролеана поради нашето помирување, треба да се ослободиме од гревот уште во овој живот. Нашиот драгоцен Спасител нè повикува да Му се придружиме, своите слабости да ги здружиме со Неговата сила, своето незнаење со Неговата мудрост, и својата недостојност со Неговите заслуги. Божјото провидение претставува школа во која треба да се научиме на Христовата кроткост и понизност. Господ секогаш пред нас ја става вистинската животна цел, а не патот кој ние сами би го избрале затоа што изгледа полесен и попријатен. Наша должност е да соработуваме со орудијата кои небото ги користи во обликувањето на нашиот карактер според Божествениот пример. Никој не може ова дело да го занемари или пропушти, а со тоа својата душа да не ја изложи на најстрашна опасност.

Апостол Јован во својата визија слушнал како од небото силно одекнува глас: “Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол при вас со голем гнев, оти знае дека му останува малку време” (Откровение 12:12). Страшни се сцените кои ќе го предизвикаат овој извик од небото. Доколку времето му е пократко, дотолку гневот на сатаната сè повеќе расте, а неговото дело на измама и разурнување ќе го достигне својот максимум во времето на неволјата.

Наскоро на небото ќе се видат страшни појави со натприроден карактер, како знак на моќта на чудотворните демони. Ѓаволските духови ќе одат кај земните цареви по целиот свет за да ги поттикнуваат во измамата, терајќи ги да се здружат со сатаната во последниот грч на неговата борба против небесното владеење. Така и владетелите и нивните поданици ќе бидат измамени со исти орудија. Ќе се појават лажни христоси полагајќи право на титули и обожување кое со право му припаѓа само на Откупителот на светот. Тие ќе бидат во состојба со натприродна сила да извршат чудесни исцелувања и ќе тврдат дека од небото примиле откровенија кои се во спротивност со сведоштвата на Светото писмо.

Како врв во големата драма на измамата, самиот сатана ќе се појави како Христос. Црквата долго тврдела дека го чека појавувањето на Спасителот како на исполнување на своите надежи. Тогаш големиот измамник ќе создаде впечаток дека Христос веќе дошол. Во разни краишта на светот, сатаната ќе се појави пред луѓето како величествено суштество со заслепувачки сјај, со мошне сличен опис на Божјиот Син даден во Откровението на Јован (1:13-15). Славата што ќе го опкружува ќе надминува сè што очите на смртниците кога и да е виделе. Низ воздухот ќе одекнува победнички извик: “Христос дошол! Христос дошол!” Луѓето со почитување ќе паѓаат ничкум пред него, додека тој ќе ги подига рацете благословувајќи ги како што Христос ги благословувал Своите ученици додека бил на Земјата. Гласот ќе му биде благ и придушен, но полн со мелодија. Благо и со тон полн со сочувства ќе зборува за некои прекрасни небесни вистини кои самиот Спасител ги изговорил; ќе лекува болести во народот, а потоа, имитирајќи го Христовиот карактер, ќе тврди дека саботата е променета во недела и ќе им заповеда на сите да го празнуваат денот кој тој го благословил. Ќе тврди дека оние кои упорно го празнуваат седмиот ден го обесчестуваат неговото име, одбивајќи да ги слушаат Неговите ангели кои ги испратил при нив со светлина и вистина. Оваа ќе биде вистинска, речиси неодолива “сила на измама” (2. Солунјаните 2:9-11). Како што Самарјаните, кои со своите вражања ги измамувал Симон гаталецот, народот масовно од најмалиот до најголемиот ќе поверува во оваа магиска измама, зборувајќи: “Ова е голема Божја сила” (Дела 8:10).

Но Божјиот народ нема да биде заведен. Учењата на овој лажен христос не се во согласност со Светото писмо. Тој својот благослов ќе го изрекува над оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик - токму над оние на кои Библијата им се заканува со Божјиот гнев неизмешан со милост (Откровение 14:9-11).

Освен тоа на сатаната нема да му биде дозволено да го имитира начинот на Христовото доаѓање. Спасителот Својот народ го предупредил на ова и јасно го прорекол начинот на кој Тој повторно ќе дојде: “Оти ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, избраните. И така, ако ви речат: 'Ене го во пустината, не излегувајте; Ене го во една од внатрешните соби, не верувајте. Зашто како што молњата излегува од исток и се гледа дури до запад, така ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки' (Матеј 24:24-27, 31; 25, 31; Откровение 1:7; 1. Солунјаните 4:16, 17). Ваквото Негово доаѓање не е можно да се имитира, Тоа ќе биде сеопшто познато, зашто секое око ќе го види. Само оние кои трудољубиво ќе го проучуваат Светото писмо, и кои вистината од љубов ја примиле, ќе бидат заштитени од оваа моќна измама која ќе го освои светот. Со сведоштвото на Светото писмо тие ќе го разоткријат измамникот и покрај целото негово преправање. Сите ќе бидат ставени на проба. Решетањето предизвикано од ова искушение ќе ги открие вистинските христијани. Дали припадниците на Божјиот народ денес толку цврсто се втемелени во Неговото Слово, за да не подлегнат пред она што ќе го гледаат и слушаат со своите сетила? Дали во таквата криза ќе се потпираат на Библијата и само на Библијата? Сатаната ќе настојува ако биде можно, да ги одврати од толку неопходната подготовка за да би можеле да се одржат во тој ден. Тој нивните животни околности така ќе ги нагоди за тие да им го затворат патот, врзувајќи ги за нивното земно богатство и оптоварувајќи ги со мачно и тешко бреме, така што нивните срца да “бидат оптоварени со грижи за овој свет” (Лука 21:34), за денот на искушението да ги изненади како крадец и ги затече неподготвени.

Бидејќи со издадениот декрет од разните христијански владетели против оние кои ги држат Божјите заповеди ќе бидат ставени надвор од законот и потполно препуштени на оние кои ја сакаат нивната пропаст, припадниците на Божјиот народ ќе бегаат од селата и градовите, и собирајќи се во групи “ќе престојуваат” по најосамените и најзафрлените места. Многумина ќе најдат засолниште во планинските утврдувања. Слично на христијаните од Пијамонтските долини, тие високите планини ќе ги направат свои светилишта, заблагодарувајќи му на Бога за засолништа “на карпите” (Исаија 33:16). Но многумина од сите народи и сталежи, големи и мали, богати и сиромашни, црни и бели, ќе бидат фрлени во најнеправедно и најсвирепо ропство. Божјите миленици ќе поминуваат тешки денови, оковани во синџири, фрлени во затвор, осудени на смрт, а некои очигледно оставени да умрат од глад во мрачните и одвратни ќелии. Ниедно човечко уво нема да сака да ги чуе нивните лелеци, и ниедна човечка рака нема да биде подготвена да им помогне.

Дали Господ во тој час на искушение ќе заборави на Својот народ? Дали го заборавил верниот Ное кога Неговата казна се истурила врз претпотопниот свет? Дали го заборавил Лот кога огнот пуштен од небото ги голтал градовите во рамнината? Дали го заборавил Јосифа опкружен со идолопоклоници во Египет? Дали го заборавил Илија кога Езавела му се заканувала со судбината на Вааловите пророци? Дали заборавил на Еремија во мрачната и страшната јама во занданата? Дали ги заборавил трите момчиња во огнената печка? Или на Даниел во лавовското дувло?

“А Сион велеше: Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави! Може ли жена да го заборави породот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го заборавила, Јас тебе нема да те заборавам. Ете, на Своите дланки сум те врежал” (Исаија 49:14-16). Господ над војските рече: “Зашто кој ќе се допре до вас, ќе се допре до зениците на окото Мое” (Захарија 2:8). Иако непријателите можат да ги фрлат во затвор, дури ни ѕидовите на затворите не можат да ја прекинат постојаната поврзаност на нивните души со Христа. Оној кој ја познава секоја нивна слабост и кој е упатен во секое нивно искушение, поголем е и помоќен од секоја земна сила. Тој ќе ги испрати Своите ангели во нивните осамени ќелии да им донесат светлина и небесен мир. Затворот ќе биде како палата, зашто тука ќе престојуваат оние кои се богати со вера, и мрачните ѕидови ќе бидат осветлени со небесна светлина како и тогаш кога Павле и Сила на полноќ се молеле и пееле песни на благодарност и слава во затворот во Филиби.

Оние кои се стремат да го угнетуваат и уништат Неговиот народ, Бог ќе ги погоди со Своите казни. Божјото долго трпение со непокајаните ги осмелило луѓето да прават зло; но нивната казна, иако толку долго одложувана, нема поради тоа да биде ништо помалку сигурна и страшна. “Зашто Господ ќе се крене, како на гората Ферасим; ќе се разгневи, како во Гаваонската долина, за да го изврши делото Свое, необично дело, и да ја заврши работата Своја, Својата чудна работа” (Исаија 28:21). На нашиот Бог полн со милосрдие и добрина казнувањето му е нешто туѓо. “Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот” (Езекиел 33:11). Господ е “дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев многумилостив и вистински” Тој “простува беззаконија, неправди и гревови.” Но сепак “не остава неказнет виновник” (Излез 34:6, 7). “Господ е долготрпелив и голема е силата Негова, така што не остава никого без казна” (Наум 1:3). Со страшните потези на правдата Тој ќе го одбрани авторитет на Својот погазен закон. Лутината на одмаздата која ги чека престапниците, може да се предвиди од фактот што Бог толку долго одложува да го изврши Својот суд. Народот со кој Тој има толку трпение и не Го казнува сè додека не ја помине мерката на својата неправда и беззаконие, конечно ќе мора да ја испие чашата на гневот, неизмешана со милост.

Кога Христос ќе престане со Своето посредување во небесната светиња, Божјиoт гнев неизмешан со милост, гневот со кој Третиот ангел им се заканува на оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик и го примаат неговиот белег (Откровение 14:9, 10), ќе се излее на непокајаните жители на светот. Лутите зла кои го снашле Египет кога Бог имал намера да го ослободи Израел, слични се по својот карактер со оние уште пострашни и уште пожестоки казни кои ќе се истурат врз светот пред конечното ослободување на Божјиот народ. Опишувајќи ги оние страшни мачења, писателот на Откровението зборува: “и по луѓето, што го имаа белегот на ѕверот и се поклонуваат на ликот, се појавија лоши и зли рани.” “И морето стана како крв од убиен човек и сè живо изгина во морето. И третиот ангел ја изли чашата своја во реките и водните извори, и тие се претворија во крв.” Колку да се овие удари тешки и страшни, сепак казните што ќе ги пушти Бог се сосема оправдани. Божјиот ангел нагласува: “Праведен си, Господи, зашто така осуди. Бидејќи тие пролеаја крв на светии и пророци, и Ти им даде да пијат крв - заслужуваат” (Откровение 16:5, 6). Затоа што Божјиот народ го осудиле на смрт, на нив сосема оправдано може да им се припише вината за нивната крв како тие да ја пролеале со своите раце. На ист начин Христос во Своето време ги прогласил Евреите за виновници за целата крв на светите која е пролеана од деновите на Авел, бидејќи го имале истиот дух и биле подготвени на исто дело како и оние кои ги убивале пророците.

Во злото кое ќе следи после ова, на сонцето ќе му биде дадена таква моќ, “да ги пече луѓето со оган. И ќе изгорат луѓето од големата жештина” (Откровение 16:8, 9). Состојбата на земјата во тоа страшно време, пророците вака ја опишуваат: “Опустено е полето, тагува земјата, оти е уништено житото.” “Сите дрвја по полето се исушија; поради тоа и веселбата кај синовите човечки исчезна.” “Ете, стенка добитокот, нажалени одат воловите зашто нема за нив пасиште. Секна водата по потоците и оган ги изгори пасиштата во пустината.” (Јоил 1:10-12, 17-20). “Песните црковни во оној ден ќе се претворат во ридање, вели Господ Бог; ќе има многу трупови, ќе ги фрлаат насекаде молчешкум” (Амос 8:3).

Овие зла нема да бидат сеопфатни, бидејќи во тој случај жителите на Земјата би биле потполно истребени. Сепак тие ќе претставуваат најстрашни удари кои смртниците некогаш ги доживеале. Сите казни што ги снаоѓале луѓето и што ќе ги снајдат пред свршетокот на времето на милоста, помешани се со милост. Повикувајќи се на Својата крв пролејана за грешниците, Христос сè уште ги штити да не ја примат целосната мерка за својата вина, но во тие последни казни Божјиот гнев ќе се излее неизмешан со милост.

Во тој ден многумина копнежливо ќе ја бараат заштитата на божествената милост која толку долго ја презирале. “Ете, настапуваат дните, вели Господ Бог, кога ќе испратам на Земјата глад, не глад за леб, не жед за вода, туку жед за слушање Господови зборови. И ќе одат од море до море, ќе скитаат од север до исток, барајќи го словото Господово, и нема да го најдат” (Амос 8:11, 12).

Божјиот народ нема да биде поштеден од страдања; но иако ќе биде прогонуван и угнетуван, иако ќе биде во немаштија и ќе страда поради недостаток на храна, сепак нема да биде оставен да пропадне. Бог, кој се погрижил за Илија, нема да помине покрај Своите пожртвувани деца. Оној кој ја избројал косата на нивната глава ќе се грижи за нив, и во времето на гладот тие ќе бидат снабдувани. Додека непокајаните ќе умираат од глад и чума, праведниците ќе ги чуваат ангели и ќе ги подмируваат сите нивни потреби. На оној “кој оди во правда”, дадено му е ветување: “Ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши.” “Сиромашни и неимотни бараат вода, а неа ја нема, јазикот им се исушува од жед; Јас, Господ, ќе ги чујам, Јас, Бог Израелев, нема да ги оставам” (Исаија 33:15, 16; 41:17).

“Макар и да не процвета смоквата, а и да нема плод по лозите, макар и маслинката да откаже, и нивата да не даде плод, макар и овците да не останат во трлото, па и рогат добиток во оборите да нема, јас и тогаш ќе се радувам во Господа и ќе се веселам во Бога на моето спасение” (Авакум 3:17, 18).

Господ е Твој чувар; “Господ е твоја закрила од кај твојата десна рака. Сонцето дење нема да те гори, ниту месечината ноќе ќе ти штети. Господ ќе те запази од секакво зло и ќе ја чува душата твоја.” “Зашто Он ќе те избави од стапицата на ловецот, и од збор кој збунува. Со плеќите Свои ќе те осени и под крилјата Негови ќе бидеш во сигурност; како што ќе те опкружува Неговата вистина. Нема да се исплашиш од ноќен страв, ни од стрела што лета дење, од суштества што одат во темнина, од зараза и од бес што опустошува напладне. Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе; но до тебе нема да се приближат; само ќе гледаш со очите свои и ќе ја гледаш отплатата на грешниците. Зашто, ти си, Господи, надеж моја, Севишниот го избра за Свое прибежиште; зло нема да Ти се случи, и неволја нема да Ти се приближи до телото Твое” (Псалм 121:5-7; 91:3-10).

Сепак, според човечко мислење, ќе изгледа дека припадниците на Божјиот народ своето сведоштво мораат наскоро да го запечатат со својата крв, како и многумина маченици пред нив. И тие самите почнуваат да стравуваат дека Бог дозволил да паднат во рацете на своите непријатели. Тоа за нив е време на страшни душевни страдања. Дење и ноќе тие ќе викаат кон Бога за ослободување. Безбожниците ќе ликуваат дофрлувајќи им подбивно: “Каде е сега вашата вера? Зошто сега вашиот Бог не ве ослободи од нашите раце ако навистина сте Негов народ?” Но оние кои чекаат на ослободување ќе се сетат како и на Христа, кога умирал на Голгота, свештеничките поглавари, и старешини подбивно Му довикнувале: “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Ако е Он цар Јудејски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него” (Матеј 27:42). Како и Јаков, сите тие во усрдна молитва ќе се борат со Бога. Нивните лица ќе ја покажуваат внатрешната борба. Бледило ќе се гледа на секое лице. Сепак за сето тоа време, тие нема да престанат со своите најусрдни молитви.

Кога луѓето би можеле да гледаат со небесни очи, тие би виделе како оние кои го држеле Словото на Христовото трпение (Откровение 3:10), ги опкружуваат ангели ненадминливи во силата. Со нежност полна со сочувство, тие ангели мораат да бидат сведоци на нивната душевна потиштеност и да ги слушаат нивните молитви. Тие само чекаат на зборот на својот Заповедник, па за еден миг да ги избават од нивната опасност. Но сепак мораат да чекаат уште малку. Припадниците на Божјиот народ мораат да ја испијат чашата и да бидат крстени со огнено крштевање. Токму ова одложување, кое толку тешко им паѓа, претставува најдобар одговор на нивните молитви. Додека се трудат со сигурност да се потпрат на Господа, чекајќи Тој да го направи своето, тие се наведени да се вежбаат во верата, надежта и трпението, што во својот верски живот премалку го правеле. Сепак поради избраните, времето на неволјите ќе биде скратено. “Та Бог ли нема да ги заштити Своите избраници, што викаат кон Него дење и ноќе; макар и да забави? Ви велам, ќе ги заштити набрзо” (Лука 18:7, 8). Крајот ќе дојде побрзо отколку што луѓето го очекуваат. Пченицата ќе биде собрана и врзана во снопови за Божјите амбари; а каколот ќе биде врзан во врзопи за огнот на уништувањето.

Небесните стражари верни во својата должност, и понатаму будно стражарат. Иако со сеопшт декрет ќе биде утврдено времето кога оние кои ги држат Божјите заповеди можат слободно да ги убиваат, нивните непријатели во некои случаи ќе го испреварат овој декрет, обидувајќи се уште пред назначеното време да им го одземат животот. Но никој нема да може да помине покрај силните ангели кои ја чуваат секоја верна душа. Некои уште при своето бегство од градовите и селата ќе бидат нападнати; но мечевите подигнати врз нив ќе се скршат и немоќни ќе паѓаат на земјата како сламки. Други пак ќе ги бранат ангели во облик на вооружени борци.

Бог му помагал на Својот народ низ сите времиња и го ослободувал преку Своите ангели. Небесните суштества на тој начин земале активно учество во човечките доживувања. Ангелите се појавувале во облека која блескала како молња; или доаѓале како луѓе во прашлива облека на патник. На светите Божји луѓе, ангелите им се јавувале во човечки облик. Напладне се одморале под даб како да се уморни. Го прифаќале гостопримството на човечките домови. Ноќе на задоцнетите патници им служеле како водачи. Со своите раце го потпалувале огнот на олтарот. Ги отворале затворските врати и Божјите слуги ги изведувале на слобода. Вооружени со сето небесно оружје тие дошле да го отстранат каменот од гробот на Спасителот.

Во облик на луѓе, ангелите често се наоѓаат на собирите на верните; но тие исто така ги посетуваат и собирите на непокајаните како што во минатото време дошле во Содом, за да направат извештај за делата на тамошните жители и утврдат дали тие навистина ја пречекориле границата на Божјото трпение. На Господ Му е “мила милоста”; и само поради неколкумина кои навистина Му служат, Тој е подготвен да го одложи уништувањето и да го продолжи мирот на многумина. Оние кои грешат и Го навредуваат Бога не се свесни дека за тоа што сè уште се во живот треба да им заблагодарат само на оној мал број на верни кои тие со задоволство ги исмејуваат и прогонуваат.

Иако владетелите од овој свет тоа не го знаат, ангелите често се главни говорници на нивните советувања. Човечките очи ги гледаат, човечките уши го слушаат нивното апелирање, човечките усти се противат на нивните предлози и ги исмеваат нивните совети, човечките раце им нанесуваат навреди и неправда. Во советувалиштата и судските сали овие небесни весници покажуваат дека добро ја познаваат човечката историја; тие интересите на угнетените ги бранат подобро отколку нивните најспособни и најречити застапници. Тие осуетуваат многу намери и спречуваат многу зла кои во голема мера би го спречиле Божјото дело, а врз Неговиот народ би предизвикале многу неволји. Во часот на опасност и душевна потиштеност, “Ангел Господов застанува околу оние кои се бојат од Него, и ги спасува” (Псалм 34:7).

Со најусрден копнеж, Божјиот народ ги очекува знаците на доаѓањето на својот Цар. На прашањето упатено до оние кои будно чекаат: “Стражару, која доба на ноќта е?” Одговорот е решителен и непоколеблив: “Утрото доаѓа, а потоа пак ноќта” (Исаија 21:11, 12). На облаците, над планинските врвови, се појавува светлина. Наскоро ќе се појави Неговата слава. Сонцето на правдата само што не изгреало. Утрото и ноќта - осамнувањето на бескрајниот ден за праведните и доаѓањето на вечната ноќ за непокајаните - само што не настапиле!

Додека оние кои се борат не престануваат да ги упатуваат своите молитви кон Бога, завесата која ги дели од невидливиот свет како сосема да е отстранета. Небесата веќе се осветлуваат од осамнувањето на вечниот ден, и слично на мелодијата на ангелските песни до ушите допираат зборовите: “Стојте цврсто во својата верност. Доаѓа помошта.” Христос, семоќниот победник, на Своите уморни борци им ја подава круната со неминлива слава и Неговиот глас одекнува од полуотворената врата: “Еве, Јас сум со вас. Не плашете се. Ги познавам сите ваши неволји, Јас ја поднесував вашата болка. Вие не се борите против непобедливи непријатели. Јас се борев за вас и во Моите очи сте повеќе отколку победници.” Спасителот во Својата љубов и добрина ни испраќа помош, токму тогаш кога таа ни треба. Патот до небото е посветен со Неговите стапки. Секој трн што ќе ја рани нашата нога, ја ранил и Неговата. Крстот кој сме повикани да го носиме, Тој го носел пред нас. Господ дозволува да поминеме низ борба, за да ни ја подготви душата за мир. Времето на големата неволја претставува огнено искушение за Божјиот народ; но тоа за секој вистински христијанин е време да го подигне својот поглед и со вера да го здогледа божилакот на ветувањето со кој го опкружува небото.

“Ќе се вратат избавените од Господа, и ќе дојдат на Сион со пеење, и вечна радост ќе има над нивната глава, тие ќе најдат радост и веселба; скрбта и воздишките ќе исчезнат. Јас, Јас Самиот сум ваш Утешител. Кој си ти, та се плашиш од човек, кој умира, и од човечки син, кој е исто она што и тревата? Го забораваш Господа својот Творец,... и непрестајно, секој ден се плашиш од јароста на угнетувачот, како да е готов тој да истреби. Но каде е сега јароста на угнетувачот? Скоро ќе биде ослободен заробениот, и нема да умре во јамата, ниту ќе има потреба од леб. Јас сум Господ твој, Кој го бранувам морето, та брановите негови викаат: Името Ми е Господ над Војските. Своите зборови ги ставив во твојата уста, во сенката на Својата рака те скрив” (Исаија 51:11-16).

“И така, ислушај го ова ти, кој си страдалник и пијан, но не од вино. Вака вели Господ твој, Господ и Бог твој, кој одмаздува за Својот народ, ете, Јас земам од раката твоја чаша што опива, од чашата на Мојата јарост ти веќе нема да пиеш. Ќе ја дадам во раката на твоите мачители, кои ти велеа: Падни ничкум, за да минам под тебе; и ти го правеше грбот свој како земја и како улица за минувачите.” (Исаија 51:21-23).

Божјото око, гледајќи низ вековите на човечката историја, било насочено токму на кризата која припадниците на Неговиот народ ќе мораат да ја поминат кога против нив ќе се здружат сите сили на овој свет. Слично на протераните изгнаници, тие ќе бидат во страв од смрт, глад и насилство. Но Светиот и Возвишениот, кој пред Израeлците го разделил Црвеното Море, и сега ќе ја покаже својата моќна сила и на нивното ропство засекогаш ќе направи крај. “Мои ќе бидат, моја печалба - зборува Господ над Воинствата. Во Денот што го подготвувам ќе бидам милостив како што таткото му е милостив на синот, кој му служи.” (Малахија 3:17). Кога крвта на верните Христови сведоци во тоа време би била пролеана, таа не би можела, како крвта на мачениците некогаш, да претставува семе кое требало да донесе род за жетвата на Господа. Нивната верност не би била сведоштво кое другите би ги осведочило за вистината, зашто закоравените срца на непокајаните ги одбиле брановите на милоста за никогаш повеќе да не се вратат. Кога праведниците сега би биле препуштени да паднат како плен на своите непријатели, тоа би претставувало триумф за кнезот на темнината. Псалмистот кажува: “Тој ме засолнува во Својот шатор, во зол ден; ме крие во скривница на Својот шатор” (Псалм 27:5). “Ајде народе Мој, влези во покоите свои и затвори ги зад себе вратите свои, скри се за миг, додека да мине гневот; зашто, ете, Господ излегува од Своето живеалиште да ги казни жителите земни за нивното беззаконие” (Исаија 26:20, 21). Славно ќе биде ослободувањето на оние, кои трпеливо го очекуваат Неговото доаѓање, чиишто имиња се запишани во книгата на животот.