Големата борба помеѓу Христа и сатаната

38. Последно предупредување

“Потоа видов друг ангел, како слегува од небото, кој имаше голема власт, и земјата се осветли од неговата слава. И извика со силен глас, велејќи: Падна, падна големиот Вавилон, и стана демонско живеалиште и засолниште на сите нечисти духови, и засолниште на сите нечисти и гадни птици.” “И чув друг глас од небото да вели: Излезете од неа, народе Мој, за да не бидете соучесници во нејзините гревови, и да не ги примите нејзините зла” (Откровение 18:1, 2, 4).

Овој библиски текст укажува на времето кога најавата за падот на Вавилон, која веќе ја објавил вториот ангел (Откровение 14:8), треба да се повтори, со повторно напомнување на расипаностите кои навлегле во верските организации кои го сочинуваат Вавилон, откако оваа вест за првпат е објавена во летото 1844 година. Овде се опишува ужасната состојба на верскиот свет. Со секое отфрлување на вистината, душата и умот на овие луѓе стануваат помрачни, а срцето потврдо, додека најпосле целосно не затврднат во дрско и отворено неверство. И покрај предупредувањата што Бог ги дал, тие ќе продолжат да газат една од десетте заповеди, додека не бидат наведени дури и да ги прогонат оние кои таа заповед, како и сите останати, ги сметаат за свети. Презирајќи го Божјото Слово и Неговиот народ, тие Го презираат и самиот Христос. Кога црквите еднаш ќе го прифатат учењето на спиритизмот, ограничувања кои се поставени во Божјото Слово на непрепороденото срце ќе бидат отстранети, а исповедувањето на верата станува само наметка која го покрива најподлото беззаконие. Верувањето во спиритистичките манифестации ги отвора вратите за “измамливи духови и ѓаволски учења” (1. Тимотеј 4:1), и на тој начин во црквите ќе се почувствува влијанието на злите ангели.

За Вавилон, во времето на кое се однесува ова пророштво, пророкот кажува: “Зашто нејзините гревови стигнаа до небото и Бог си спомна за нејзините неправди” (Откровение 18:5). Вавилон ја наполнил мерката на својата вина, и казната со уништување само што не се срушила врз него. Но Господ с# уште има свој народ во Вавилон, и пред Вавилон да биде казнет со Божја казна, овие верници мора да бидат повикани да “излезат од него за да не бидат соучесници во неговите гревови, и да не ги примат неговите зла.” Затоа движењето на кое овде се мисли, симболично е претставено со ангел кој слегува, ја осветлува земјата со својата слава и со силен глас ги објавува гревовите на Вавилон. Во контекстот на неговата порака се слуша и повикот: “Излезете од неа, народе Мој!” Тоа што го најавува овој ангел во (Откровение 18:1-4) заедно со третата ангелска вест, го сочинува последното предупредување кое треба да се упати до жителите на Земјата.

Страшен е свршетокот кон кој во пресрет оди овој свет. Земните сили, соединети во борба против Божјите заповеди, ќе издадат декрет сите “мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови” (Откровение 13:16) мораат да се приспособат на воспоставениот обичај на црквите празнувајќи ја лажната сабота. Сите кои нема да се согласат со ова, ќе бидат казнувани на разни начини, и најпосле ќе бидат прогласени за виновници кои заслужуваат смрт. Од друга страна, Божјиот закон налагајќи да се празнува денот во кој и самиот Творец се одморал бара послушност и се заканува со гнев на сите кои ги престапуваат Неговите прописи.

Кога на народот исходот од сето ова јасно ќе му се предочи, тогаш секој оној кој и понатаму ќе продолжи, покорувајќи се на човечките одредби, да го гази Божјиот закон ќе го прими белегот на ѕверот; ќе го прими знакот на поданичка послушност на онаа власт која ја избрал да ја слуша наместо Бога. Предупредувањето на небото гласи: “Кој ќе му се поклони на ѕверот и на неговиот лик, и прими белег на своето чело или на својата рака, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев.” (Откровение 14:9, 10).

Но никого Божјиот гнев нема да го стигне пред да допре вистината до неговото срце и совест, и тој ја отфрли. Има многу од оние кои никогаш немале можност да ги слушнат посебните вистини за ова време. Обврската која произлегува од четвртата заповед никогаш не им е прикажана во вистинската светлина. Оној кој го чита сечие срце и ја испитува секоја побуда, нема ниту еден од оние кои го бараат познавањето на вистината да го остави да биде измамен во врска со исходот на оваа борба. Законот не треба на народот да му биде слепо наметнат. Секој ќе има доволна светлина својата одлука да ја донесе врз основа на здравиот разум.

Саботата ќе претставува голема проверка за верноста, зашто нејзиното празнување е особено оспорувана точка на вистината. Кога луѓето во тој поглед ќе бидат ставени на последно проверување, тогаш, слично на граничната линија, ќе се истакне разликата помеѓу оние кои Му служат на Бога и оние кои не Му служат. Додека празнувањето на лажната сабота (неделата) сообразно со земните закони, но спротивно со четвртата Божја заповед, ќе претставува јавно признавање на поданичката покорност на онаа сила која се спротивставувала на Бога - празнувањето на вистинската сабота, во сообразност со Божјиот закон, претставува очигледен доказ на верност кон Творецот. Додека едните, прифаќајќи го овој знак на потчинетост кон земните власти, го примаат белегот на ѕверот - другите, избирајќи го знакот на верност на божествениот авторитет, го примаат Божјиот печат.

Порано оние кои ја истакнувале вистината за пораката на Третиот ангел најчесто биле сметани за злокобни паничари. Нивните претскажувања дека црквата и државата ќе се здружат да ги прогонуваат оние кои ги држат Божјите заповеди, се прогласувани за неосновани и апсурдни. Најубедливо се тврдело, дека таа земја никогаш не може да биде нешто друго освен она што отсекогаш била - бранител на верската слобода. Но кога на големо ќе почне да се агитира за прашањето на принудното празнување на неделата и кога ќе стане очигледно дека настанот во кој толку долго се сомневало навистина се приближува, пораката на Третиот ангел ќе произведе таков впечаток каков порано не можела да има.

Бог во сите генерации испраќал Свои слуги да го осудуваат гревот и во светот и во црквата. Но народот сака да му се зборуваат “мили работи”, бидејќи чистата, неразубавена и непосредно изнесената вистина не му е угодна. Многу реформатори во почетокот на својата работа решиле во осудувањето на гревот на црквата и на народот да постапуваат мошне внимателно и разумно, надевајќи се дека со примената на чистиот христијански живот ќе успеат да го вратат народот на учењето на Библијата. Но и над нив слегол Божјиот Дух, како што во старо време слегол врз Илија, поткренувајќи го да ги осуди и јавно жигоса гревовите на еден безбожен цар и на отпаднатиот народ; така и тие не можеле да се воздржат, а да не ги објавуваат јасните библиски вистини - учењата кои во почетокот не биле волни да ги истакнуваат. Се чувствувале присилени ревно да ја објавуваат вистината и опасноста која им се заканувала на душите. Зборовите кои самиот Господ им ги ставил во уста ги изговарале не плашејќи се од последиците, и народот едноставно бил присилен да го слушне предупредувањето.

На овој начин ќе се објавува и третата ангелска вест. Кога ќе дојде времето таа да се објавува со најголема сила, Господ ќе се послужи со скромни орудија и Тој ќе управува со умот на оние кои ќе се посветат на Неговата служба. Работниците ќе бидат оспособени со помазување на Светиот Дух повеќе отколку од учењето стекнато во образовните институции. Светата ревност, луѓето од вера и молитва едноставно ќе ги натера да ги проповедаат зборовите што самиот Бог ќе ги стави во нивната уста. Гревовите на Вавилон ќе бидат разоткриени. Страшните последици на присилното наметнување на црковните обичаи со посредство на граѓанските власти, навлегувањето на спиритизмот, вешто прикриениот но брз развој на папската власт - сето тоа ќе биде демаскирано. Овие свечени предупредувања ќе го поткренат народот. Илјадници и илјадници ќе слушаат зборови какви никогаш не слушале. Како вчудоневидени ќе го слушаат сведоштвото дека Вавилон е црква падната поради своите заблуди и гревови, и поради тоа што ја отфрлила вистината испратена од небото. Кога народот желен да ја дознае вистината ќе им се обрати на своите поранешни учители со прашањето: “Зарем навистина тоа е така?” Проповедниците ќе им изнесуваат приказни, зборувајќи им “мили работи” да ги стивнат нивните стравувања и да ја смират нивната разбудена совест. Меѓутоа, бидејќи многумина ќе одбијат да се задоволат само со авторитетот на човекот барајќи го она јасното “Така зборува Господ”, популарните проповедници, слично на фарисеите во старо време, полни со гнев што нивниот авторитет е доведен во прашање, ќе изјавуваат дека пораката е од сатаната и ќе ги поттикнуваат масите наклонети кон гревот да ги исмејуваат и прогонуваат оние кои ја објавуваат.

Штом борбата се проширува на нови подрачја и вниманието на народот се свртува кон погазениот Божји закон, ни сатаната не мирува. Силата што го следи објавувањето на пораката само уште повеќе ќе ги разбесни оние кои и се противат. Проповедниците ќе вложуваат речиси натчовечки напори за да не допре светлината до нивните стада. Со сите средства што им стојат на располагање ќе настојуваат да го спречат секое расправање за овие толку важни прашања.

Црквата ќе ја повика на помош силната рака на граѓанската власт, и во тоа папистите и протестантите ќе бидат единствени. Кога движењето за задолжителното празнување на неделата ќе биде уште посмело и порешително, тогаш и законот ќе биде повикан на помош против оние кои ги држат Божјите заповеди. Ќе им се закануваат со парична и затворска казна, а на некои ќе им понудат високи титули и положби како и други награди и привилегии за да ги наведат да се откажат од својата вера. Но нивниот непоколеблив одговор ќе биде: “Докажете ни со Божјото Слово дека сме во заблуда,” истото она што го барал и Лутер кога се нашол во слични околности. Оние што ќе бидат изведувани пред судовите, вистината ќе ја бранат силно и убедливо, и некои од оние што ќе ги сослушуваат ќе бидат наведени да ги прифатат сите Божји заповеди. На овој начин светлината ќе дојде до илјадниците оние кои инаку никогаш не би дознале ништо за овие вистини.

Совесното покорување на Божјото Слово ќе се смета за побуна. Заслепени од сатаната, родителите ќе постапуваат строго и сурово кон своите деца што ќе бидат верни и одани на Бога; господарите и работодавачите ќе ги угнетуваат оние кои ги држат Божјите заповеди. Љубовта ќе олади; децата ќе бидат лишени од наследствата и истерани од домовите. Павловите зборови: “А и сите кои сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети” (2. Тимотеј 3:12), целосно ќе се исполнат. Кога поборниците на вистината ќе одбијат да ја почитуваат неделата на местото на саботата, некои ќе бидат фрлени во затвор, некои ќе бидат прогонети, а со некои ќе се постапува како со робови. Сега на човечкиот разум сето ова му се чини невозможно; но кога Божјиот Дух кој го зауздува злото еднаш ќе се повлече од луѓето и тие дојдат под потполна власт на сатаната кој ги мрази божествените прописи, ќе се применуваат дотогаш нечуени постапки. Срцето може да биде мошне свирепо кога од него ќе исчезне љубовта и стравот од Бога.

Штом ќе се приближи бурата, многумина кои тврдат дека веруваат во пораката на Третиот ангел (Откровение 14:9-12), но не се посветени со послушност кон оваа вистина, ќе ги напуштат своите позиции и ќе поминат во редовите на противниците. Соединувајќи се со светот и учествувајќи во неговиот дух, тие дошле дотаму што она што претставува суштина на оваа порака го посматраат речиси во иста светлина; и кога ќе дојде искушението, тие ќе бидат подготвени да ја изберат полесната, популарната страна. Талентираните и речити проповедници, луѓе кои со својата тактичност ги привлекуваат слушателите и кои некогаш се радувале на вистината, ќе ги употребат сите свои способности да ги измамат и заведат душите. Тие ќе станат најогорчени непријатели на своите некогашни браќа. Кога поборниците на саботата ќе бидат доведени пред суд да одговараат поради својата вера, овие отпадници ќе бидат најуспешното сатанско орудие да ги клеветат и обвинуваат и така со лажните изјави и сомневања го предизвикуваат гневот на властодршците против нив.

Во ова време на прогонство ќе биде испитана верата на Божјите слуги. Тие верно ќе го објавуваат предупредувањето, гледајќи единствено на Бога и на Неговото Слово. Божјиот Дух, дејствувајќи на нивните срца, ќе ги присили да зборуваат. Поттикнати со света ревност и гонети од Божјиот Дух тие - без оглед на последиците што можат да произлезат од тоа што на народот ќе му ги пренесуваат зборовите кои самиот Бог ги ставил во нивната уста - верно ќе ја вршат својата должност. Тие нема да мислат на своите земни интереси, ниту пак ќе се стремат да го сочуваат својот углед или живот. Меѓутоа, кога на нив ќе навали бура на противење и срамотење, некои сепак, совладани од стравот, ќе бидат подготвени да извикаат: “Да мислевме на последиците на своите зборови, ние би останале во мир.” Тешкотиите ќе ги опкружат од сите страни. Сатаната ќе ги напаѓа со жестоки искушенија. Ќе се чини како делото за кое се прифатиле далеку ги надминува нивните способности. Ќе им се заканува смртна опасност. Воодушевувањето што ги поттикнувало го снемува; а враќање нема. Тогаш, свесни за својата беспомошност, тие за помош и за сила ќе му се обратат на Семожниот, ќе се сетат дека зборовите што ги зборувале не биле нивни, туку на Оној кој им наредил да го објават ова предупредување. Бог во нивните срца ја всадил вистината, и тие мора да ја објават.

Истите искушенија ги преживеале и Божјите луѓе во минатите векови. Виклиф, Хус, Лутер, Тиндал, Бакстер и Весли, го истакнувале правилото дека секое учење мора да се провери со Светото писмо, изјавувајќи дека подготвено ќе го порекнат сето она што Божјото Слово го осудува. Против овие луѓе беснеел оган од прогонства со неумолив гнев, па сепак тие не престанале да ја проповедаат вистината. Секој отсек од црковната историја бил обележан со развојот на некоја особена вистина, приспособена за потребите на Божјиот народ во даденото време. Секоја нова вистина морала да го чисти пред себе патот наспроти омразата и противењето; оние кои биле благословени со нејзината светлина, морале да поминат низ искушенија и проби. Секогаш, кога за тоа ќе се укаже потреба, Бог на народот му дава посебна вистина. Кој би смеел да одбие таквата вистина да не ја објавува? Тој на Своите слуги им налага на светот да му упатат последен повик на милост. Тие не можат да останат неми, а при тоа да не ја изложат на опасност и сопствената душа. Тие мораат да ја извршат својата должност, а последиците да ги препуштат на Бога.

Жестокоста на сè посилното противење повторно ќе ги збуни Божјите слуги, бидејќи ќе изгледа како тие самите да ја предизвикале кризата. Но совеста и Божјото Слово ќе ги осведочат во исправноста на нивната постапка; и, покрај тоа што искушенијата сè уште траат, тие ќе бидат зајакнати да можат да ги поднесат. Борбата ќе биде решителна и сè поостра, но со неволјите ќе расте и нивната вера и храброст. Нивното сведоштво ќе биде: “Ние не се осмелуваме да се мешаме во неовластеното менување на Божјото Слово и Неговиот Свет закон, нарекувајќи еден негов дел важен, а друг безначаен, и на тој начин да ја задобиеме наклоноста на светот. Господ на кого Му служиме може да нè ослободи. Христос ги совладал земните сили, па зар да се плашиме од еден веќе победен свет?”

Прогоноството во своите разни облици претставува неизбежен исход на примената од сатанското вековно начело кое ќе постои сè додека постои и тој и додека христијанството ќе има животна сила. Ниеден човек не може да му служи на Бога, а против себе да не предизвика отпор од силите на темнината. Вознемирени и исплашени со своето влијание да не им го одземе пленот од рацете, злите ангели гневно го напаѓаат. Злите луѓе, укорени од неговиот пример, се здружуваат со злите ангели во нивното настојување со примамливи искушенија да го одделат од Бога. Кога тоа не успева, тогаш применуваат сила за да го натераат да работи против својата совест.

Меѓутоа, сè додека Христос, како посредник на човекот, се наоѓа во небесната светиња, и властодршците и народот под влијанието на Светиот Дух чуствуваат извесно сожалување. Влијанието на Светиот Дух кој го задржува злото сè уште до извесна мера ги контролира земните закони. Кога би ги немало овие закони состојбата во светот би била многу полоша отколку што е сега. Иако многу од нашите властодршци се активни орудија на сатаната, сепак и Бог меѓу водечките луѓе на нациите има Свои орудија. Непријателот ги поткренува своите слуги да предлагаат мерки кои повеќе ќе му пречат на Божјото дело; но под влијанието на светите ангели, државниците кои се бојат од Господа таквите предлози ги побиваат со несоборливи докази. На овој начин неколку луѓе ја спречуваат силната струја на злото. Противењето на непријателите на вистината ќе биде задржано за пораката на Третиот ангел да би можела да го изврши своето дело. Кога последното предупредување ќе биде објавено, тоа ќе го привлече вниманието на овие водечки луѓе преку кои сега Господ работи, и некои од нив ќе го примат и во времето на неволјата ќе застанат до Божијот народ.

Ангелот кој се придружува во објавувањето на третата ангелска вест ќе ја осветли целата Земја со својата слава. Овде е најавено делото со широки размери и невообичаена сила. Адвентното движење од 1840 до 1844 год. претставувало величенствено манифестирање на Божјата сила. Првата ангелска вест била однесена до секоја мисионерска станица во светот, и во некои земји се јавило толку големо интересирање за верата какво што не е забележано од реформацијата во шеснаесеттиот век; но сето тоа ќе биде надминато со силното движење во последното предупредување на Третиот ангел.

Делото ќе биде слично на она на денот на Педесетницата. Како што “раниот дожд”, во излевањето на Светиот Дух на почетокот на евангелието, бил даден да предизвика 'ртење на скапоценото семе, така и “доцниот дожд” ќе се излее при свршетокот за жетвата да дозрее. “И така, сега да се стремиме да Го запознаеме Господа; појавата Негова е како утринска зора, и Он ќе дојде при нас како дожд; како доцен и ран дожд што ја натопува земјата” (Осија 6:3). “А и вие, чеда Сионови, радувајте се и веселете се во Господа, вашиот Бог; оти Он ќе ви дава умерен дожд, па ќе ви праќа - дожд ран и дожд доцен, како и порано” (Јоил 2:23). “Во последните денови, вели Господ, ќе излеам од Својот Дух на секое тело.” “И секој кој ќе го повика Господовото име, ќе се спаси.” (Дела 2:17, 21).

Големото дело на евангелието ќе се заврши со манифестирање на Божјата сила не помала од онаа која го придружувала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле во раниот дожд на почетокот на евангелието, повторно ќе се исполнат во доцниот дожд, при неговото завршување. Тоа е “времето не одморање” што апостол Петар однапред го најавил велејќи: “Покајте се и обратете се, за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат, од лицето на Господа времиња на освежување, и да Го испрати претскажаниот за вас Исуса Христа” (Дела 3:19, 20).

Божјите слуги, со лица осветлени од небесното посветување, ќе брзаат од место до место да ја објават пораката на небото. Илјадници гласови, ширум земјата, ќе го објавуваат предупредувањето. Болните ќе бидат исцелувани со натприродна сила, а знаци и чудеса ќе ги придружуваат верниците. И сатаната ќе прави лажни чудеса, ќе направи дури “и оган да слегува од небото на земјата пред луѓето” (Откровение 13:13). На овој начин жителите на Земјата ќе бидат наведени најпосле да се определат: за едната или за другата страна.

Пораката ќе ги освојува срцата не толку со докажување колку со длабокото осведочување на Божјиот Дух. Доказите веќе биле изнесени. Семето е посеано, а сега ќе никне и ќе донесе род. Публикациите што ги разнесувале мисионерските работници го извршиле своето влијание, но многумина на кои вистината изложена во тие списи оставила длабок впечаток, биле спречени целосно да ја разберат или послушаат. Сега зраците на светлината насекаде проникнуваат, вистината се гледа во сета своја јаснотија, а искрените Божји деца ги раскинуваат врските што досега ги задржувале. Семејните и црковните врски не можат повеќе да ги задржат. Вистината им е поскапоцена од сè друго. И покрај силите здружени против вистината, значаен е бројот на оние што ќе застанат на страната Господова.