Големата борба помеѓу Христа и сатаната

37. Библијата како заштита

“Закон и сведоштво барајте. Ако некој не зборува така за него нема светлина” (Исаија 8:20) Божјиот народ е упатен на Светото писмо како на своја заштита од влијанието на лажните учители и од измамувачките сили на духовите на темнината. Сатаната се користи со сите можни лукавства за да им оневозможи на луѓето да ја запознаат Библијата; бидејќи нејзиното јасно учење ги открива сите негови измами. Секое оживување на Божјото дело, го поттикнува кнезот на злото на поголема активност, сега тој ги собира сите свои сили за завршната борба против Христа и Неговите следбеници. Наскоро пред нас ќе се покаже последната голема измама. Антихристот, своите чуда ќе ги прави пред нашите очи. Неговата имитација ќе биде толку слична на вистинските чуда, што ќе биде невозможно да се разликуваат едни од други, освен со помош на Светото писмо. Со неговото сведоштво мораме да го провериме секое тврдење и секое чудо.

Оние кои се трудат да им се покоруваат на сите Божји заповеди ќе бидат изложени на подигрување и исмејување. Тие можат да опстанат само со Божја помош. За да можат да ги издржат искушенијата што им претстојат, тие Божјата волја мораат да ја сфатат така како што таа е откриена во Неговото Слово; тие можат да Го почитуваат Бога само ако имаат правилна претстава за Неговиот карактер, за Неговото владеење и за Неговите намери, и само ако постапуваат во согласност со тоа. Никој освен оние кои се утврдиле со темелно познавање на библиските вистини нема да може да се одржи во последниот голем судир. Секоја душа ќе биде ставена на решителна проба - ќе сака ли повеќе да Му служи на Бога или на човекот? Решителниот час штотуку е пред нас. Дали нашите нозе се втемелени на карпата на непроменливото Божјо Слово? Дали сме подготвени да застанеме цврсто во одбрана на Божјите заповеди и верата Исусова?

Пред Своето распнување, Спасителот им објаснил на Своите ученици дека Тој ќе биде предаден на смртта и дека ќе воскресне од гробот; тука биле присутни и ангелите, за Неговите зборови да ги втиснат во срцата и душите на учениците. Меѓутоа, учениците очекувале земно ослободување од римскиот јарем и не можеле да ја поднесат помислата дека Оној во кого биле сконцентрирани сите нивни надежи ќе мора да се предаде на толку срамна смрт. На тие зборови на кои требало да се сеќаваат, тие ги истерале од своето сеќавање, и кога дошол часот на искушението, ги затекнал неподготвени. Христовата смрт толку многу ги уништила нивните надежи, како Тој однапред да не ги предупредил. И нам во дадените пророштва иднината ни е откриена исто толку многу јасно, како што и на учениците им била откриена нивната иднина во Христовите зборови. Настаните поврзани со свршетокот на времето на милоста, и со делото за подготвување за време на неволјата, јасно ни се претскажани. Но илјадници не ги сфаќаат овие толку многу важни вистини, како никогаш да не биле откриени. Сатаната будно внимава за да спречи секакво влијание кое би можело да ги вразуми на спасение; и така времето на неволјата ќе ги најде неподготвени.

Кога Бог на луѓето им упатува толку важни предупредувања што се прикажани како да ги објавуваат светите ангели кои летаат среде небото, тогаш Тој, од секое со разум надарено суштество, бара таквата порака и да ја прифати. Страшните казни што се најавени против оние кои му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик (Откровение 14:9-11), сите треба да ги наведе на внимателно проучување на пророштвата, да дознаат што е белег на ѕверот и како можат да се сочуваат за да не го примат. Но народните маси ги одвраќаат своите уши да не ја слушаат вистината, и се обраќаат кон човечки измислувања. Апостол Павле, мислејќи токму на последните денови, кажува: “но ќе дојде време кога здрава наука нема да слушаат” (2. Тимотеј 4:3). Тоа време навистина е дојдено. Масите не ја сакаат библиската вистина, бидејќи таа се коси со желбите на грешното срце кое е наклонето кон светот; а сатаната тоа го заменува со измами кои тие ги сакаат.

Но Бог сака на Земјата да има народ кој Библијата и само Библијата ќе ја истакнува како единствено мерило за секое учење и како темел за секоја реформа. Ниту мислењата на учените луѓе, ниту научните тврдења, ниту симболите на верата или решенијата на црковните собори, толку многубројни и спротивни како и црквите што ги застапуваат, ниту гласот на мнозинството - ништо од ова, ниту сите заедно, не можат да се сметаат како доказ за или против било која точка на библиската вера. Пред да го примиме кое кое учење или пропис, треба да се осведочиме дали тоа е поткрепено со она јасно и посветено начело: “Така зборува Господ.”

Сатаната постојано настојува вниманието на народот, наместо кон Бога, да го насочи кон човекот. Тој ги наведува луѓето, наместо да го истражуваат Светото писмо за самите да дознаат што им е должност, како на свои водачи да гледаат на епископите, пасторите и на професорите по теологија. А тогаш управувајќи со умот на овие водачи, тој може, според својата волја, да влијае и на народот.

Кога дошол Христос на овој свет за да го проповеда словото на животот, обичните луѓе од народот со задоволство го слушале. Па дури и многу од свештениците и старешините верувале во Него. Но врховните поглавари на свештенството и нацијата решиле Неговото учење да го осудат и отфрлат. Иако биле осуетени во сите свои напори да најдат вистинска основа за обвинение против Него, иако не можеле, а да не го почувствуваат, во Неговите зборови, влијанието на божествената моќ и мудрост, сепак им подлегнале на своите предрасуди и ги отфрлиле најјасните докази на Неговата месијанска служба за да не бидат принудени да станат Негови ученици. Овие Исусови противници биле луѓе кои народот дури од колевка бил научен да ги почитува, и на чијшто авторитет слепо и безусловно се поклонувал. “Како тоа”, се прашувал народот, “нашите старешини и учени книжници да не веруваат во Исуса? Зар овие побожни луѓе не би Го прифатиле кога Тој навистина би бил Месијата?” Влијанието на ваквите учители ја навело еврејската нација да Го отфрли својот Откупител.

Духот што ги придвижувал овие свештеници и старешини, и денес уште го покажуваат многумина, кои со фалење се истакнуваат со својата побожност. Тие одбиваат да го испитаат сведоштвото на Светото писмо за особените вистини за ова време. Тие укажуваат на својата многубројност, богатство и популарност, а на застапниците на вистината гледаат со презир како на малубројни сиромашни и непопуларни луѓе кои таквата нивна вера потполно ги одделува од светот.

Христос однапред видел дека неовластеното присвојување на авторитетот што го покажувале книжниците и фарисеите нема да престане со расејувањето на Евреите. Со Своето пророчко око, Тој видел како се издига човечкиот авторитет за да владее над совеста, што за црквата во сите времиња претставувало страшно проклетство. Неговите тешки обвинувања против книжниците и фарисеите, како и Неговите предупредувања на народот да не оди по овие слепи водачи, се забележани во Евангелието како совет за идните генерации.

Римската црква правото на толкувањето на Светото писмо го ограничила само на свештенството. Под изговор дека само нејзините духовници се надлежни да го толкуваат Божјото Слово, таа им го одзема на обичните луѓе. Иако Реформацијата на сите им го дала Светото писмо, сепак ова исто начело со кое Рим се раководел со векови, многумина задржува, и во протестанските цркви, да ја истражуваат Библијата сами за себе. Тие се научени, нејзиното учење да го прифатат онака како што го толкува црквата; и ги има илјадници кои не се осмелуваат да прифатат ништо што не одговара на официјалното верување или на воспоставеното учење на нивната црква, макар колку и да е јасно изнесено во Светото писмо.

Иако Библијата е полна со предупредувања против лажните учители, сепак многумина се подготвени грижата за потребите на својата душа да им ја доверат на своите душебрижници. Денес има илјадници таканаречени верници кои за прифаќањето на одделни точки на својата вера не можат да наведат никаква друга причина, освен дека се така научени од своите верски водачи. Тие преку Христовото учење поминуваат не посветувајќи му речиси никакво внимание, а имаат безусловна доверба во зборовите на своите проповедници. Но зарем проповедниците се непогрешливи? Како можеме својата душа да им ја довериме на нивното водство, ако од Божјото Слово не гледаме дека тие ни донесуваат светлина? Недостатокот од морална храброст да скршнат од разгазениот пат по кој патува овој свет, многумина наведува слепо да продолжат по стапките на учените луѓе; а со своето спротивставување самите за себе да истражуваат, тие безнадежно се оковуваат во синџирите на заблудата. Тие гледаат дека вистината за сегашното време јасно е истакната во Библијата и ја чувствуваат силата на Светиот Дух која го придружува нејзиното објавување, па сепак допуштаат спротивставувањето на свештениците да ги наведе да ја отфрлат светлината. Иако и разумот и душата им се осведочени, сепак овие заведени души не се осмелуваат да мислат поинаку отколку што мисли нивниот проповедник; и својот личен суд, и своите вечни интереси тие ги жртвуваат пред неверувањето, гордоста и пред предрасудите на другите.

Сатаната со посредство на човечкото влијание на разни начини настојува да ги окова своите робови. Тој огромните маси со сигурност ги држи на своја страна врзувајќи ги со свилени нишки на наклоност кон оние кои се непријатели на Христовиот крст. Било каква било да е приврзаноста: на родителите кон децата, на децата кон родителите, брачна или пријателска, ефектот е ист; противниците на вистината ја користат својата сила за да владеат над совеста, а душите, со кои тие на таков начин ќе загосподарат, немаат доволно храброст ниту самостојност да го направат она што според своето лично осведочување би им било должност.

Вистината и почитувањето на Бога се неразделно поврзани; да се почитува Бог на погрешен начин, кога Библијата ни е на дофат на рацете, не е можно. Многумина истакнуваат дека не е важно што некој верува, само ако неговиот живот е правилен. Меѓутоа, начинот на животот се обликува според она во што всушност веруваме. Ако светлината на вистината ни е на дофат, а ние ја занемаруваме дадената предност да ја согледаме и послушаме, ние всушност ја отфрлуваме; со поголема желба ја бираме темнината отколку светлината.

“Некој пат му се чини прав на човекот, а на крајот води кон смртта.” (Изреки 16:25). Незнаењето не претставува никаков изговор за заблудата или гревот, кога ни се дадени сите можности да ја запознаеме Божјата волја. Човекот патувајќи доаѓа до место од каде на сите страни се разидуваат патишта, но патоказот му покажува каде води секој од нив. Доколку тој, не обрнувајќи внимание на патоказот, тргне по било кој пат кој нему му се “чини прав”, сепак, колку и да е искрен во своите намери, најверојатно ќе се најде на погрешен пат.

Бог ни го дал Своето Слово за да можеме да се запознаме со неговото учење и лично да можеме да дознаеме што бара Тој од нас. Кога еден законик Му пристапил на Христа со прашањето: “Што да направам за да добијам вечен живот?” Спасителот го упатил на Светите списи, велејќи: “Што е напишано во Законот? Како читаш?” (Лука 10:25, 26). Незнаењето не може да ги оправда ни старите ни младите, ниту ќе ги ослободи од заслужените казни за престапувањето на Божијот закон, бидејќи во своите раце го имаат верниот приказ на тој закон и неговите начела и барања. Не е доволно да се имаат само добри намери; не е доволно да се прави само она што според нашето мислење е правилно, или она што проповедникот ќе го прогласи за правилно. Во прашање е спасението на душата и затоа мора, секој за себе, да го истражува Светото писмо. Макар колку и да е силно нашето осведочување - макар колку и да бидеме сигурни дека проповедникот знае што е вистина - сето тоа не е и не може да биде наш темел. Ние имаме карта на која се означени сите патокази на патот кон небото и затоа не треба ништо да нагодуваме или да претпоставуваме.

Прва и најголема должност на секое со разум надарено суштество е од Светото писмо да дознае што е вистина, и тогаш според светлината и да живее, поттикнувајќи и други да појдат по неговиот пример. Библијата секој ден треба трудољубиво да ја проучуваме, одмерувајќи ја секоја изложена мисла и споредувајќи стих со стих. Со Божја помош мораме сами да формираме свое мислење, бидејќи пред Бога сами ќе полагаме сметка.

Вистините, најјасно откриени во Библијата, се завиткани во сомнеж и темнина, благодарејќи на толкувањето на учените луѓе кои, градејќи се дека имаат голема мудрост, учат дека Светото писмо има мистично и духовно таинствено значење, кое со употребениот јазик и стил не е јасно изразено. Овие луѓе се лажни учители. На таквите какви што се тие, Христос им рекол: “Не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја” (Марко 12:24). Јазикот на Библијата треба да се толкува според неговото очигледно значење, освен ако е употребен некој симбол или стилска фигура. Христос дал ветување: “И ако некој сака да ја извршува волјата Негова, ќе разбере дали оваа наука е од Бога” (Јован 7:17). Кога луѓето би биле подготвени да ја прифатат Библијата онака како што ја читаат, и кога не би имало лажни учители да ги заведуваат и збунуваат нивните мисли, би било извршено дело за кое ангелите би се радувале, а илјадници и илјадници кои сега талкаат во мракот на заблудата би дошле во Христовото стадо.

Во проучувањето на Светото писмо треба да се напрегнат сите сили на умот и сфаќањето за да можеме, колку е тоа можно за смртните луѓе, да ја сфатиме длабочината на Божјите вистини; но при тоа не смееме да заборавиме дека поучливоста и покорноста на детето се вистинска карактеристика на ученикот. Тешкотиите на кои може да се наиде при проучувањето на библиските текстови никогаш не можат да се совладаат со истите методи со кои се фаќаме во бескомпромисна борба со филозофските проблеми. На проучувањето на Библијата не смееме да му пристапиме со онаа сигурност со која многумина пристапуваат при проучувањето од областа на науката, туку со молитва и чувство на зависност од Бога и со искрен копнеж да ја разбереме Неговата волја. Мораме да пристапиме во понизен дух желен за наука, за да се научиме од големиот "ЈАС СУМ". Ако постапиме поинаку, злите духови така ќе го заслепат нашиот разум и така ќе го затврднат нашето срце, што вистината на нас нема да остави никаков впечаток.

Многу делови на Светото писмо кои учените луѓе ги прогласуваат за тајна, или пак поминуваат преку нив како преку нешто безначајно, се полни со утеха и поуки за оној кој учел во Христовата школа. Една од причините што многу теолози немаат појасно разбирање на Божјото Слово е таа што тие ги затвораат своите очи пред вистините кои не сакаат практично да ги применат во животот. Разбирањето на библиските вистини не зависи толку од силата на истражувачкиот ум колку од искреноста на намерата и вистинската глад на душата за правда.

Библијата никогаш не треба да се проучува без молитва. Само Светиот Дух може да ни помогне да ја сфатиме важноста на лесно разбирливите стихови и да нè сочува да не ги извртуваме, на своја погибел, тешко разбирливите вистини. Со помош на небесните ангели срцето така се подготвува, па ние тогаш го разбираме Божјото Слово, стануваме воодушевени од неговата убавина, предупредени од неговите предупредувања, охрабрени и засилени од неговите ветувања. Молитвата на псалмистот: “Отвори ги моите очи, за да ги гледам убавините на Твојот закон” (Псалм 119:18), треба да биде и наша молитва. Искушенијата често изгледаат неодоливи затоа што се занемарува молитвата и проучувањето на Библијата, и тогаш оној што се искушува не може веднаш да се присети на Божјите ветувања и на сатаната да му се спротивстави со библиското оружје. Меѓутоа, ангелите се постојано околу оние што сакаат да бидат поучени од божествените вистини, и во времето на големите неволји и кога тоа ќе биде неизбежно, тие ќе ги потсетат токму на оние вистини кои тогаш ќе им затребаат. Тогаш “кога непријателот ќе надојде како река, Господовиот Дух ќе го истера” (Исаија 59:19).

Исус на Своите ученици им ветил: “А Утешителот, Духот Свети, Кого што Отецот ќе го испрати во Мое име, Тој ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал” (Јован 14:26). Но Христовото учење претходно мора да биде внесено во ризницата на умот, за Божијот Дух во часот на опасноста да може на тоа да нè потсети. “Ги скрив во срцето свое заповедите Твои” кажува Давид, “за да не грешам пред Тебе” (Псалм 119:11).

Сите кои ги ценат своите вечни интереси треба будно да се чуваат и од најмалата сенка на скептицизмот. Нападите на непријателските критики ќе бидат насочени на самите столбови на вистината. Не е можно да се остане надвор од зајадливото пецкање и препреденото мудрување, на подмолното и отровно учење на модерното безверие. Искушенијата со кои сатаната ги напаѓа луѓето, така се пресметани да ги погодат сите сталежи. Необразованите со напади на срамотење и исмејување, а против образованите настапува со научни забелешки и со филозофски заклучоци, еднакво пресметани да предизвикаат недоверба или презир кон Светото писмо. Дури и младите, кои имаат многу малку животно искуство, се осмелуваат да покажат сомнеж во врска со основните начела на христијанството. И ова неверување на младите, колку и да е површно, има свое влијание. На овој начин мнозина се заведени да ја исмејуваат верата на своите татковци и Духот на милоста со презир да го навредуваат (Евреите 10:29). Животот на многумина кои ветувале и кои можеле да послужат на Бога на чест, а на светот на благослов, е упропастен со духот на неверството. Сите оние кои се потпираат на фалбаџиските заклучоци на човечкиот разум и се вообразуваат дека можат да ги протолкуваат божествените тајни и да дојдат до вистината и без помош на Божјата мудрост, се заплеткуваат и се фаќаат во мрежите на сатанските стапици.

Ние живееме во најсериозниот период од историјата на овој свет. Судбината на милионите кои ја преполниле земјата, само што не е решена засекогаш. Нашето идно добро и спасението на другите души, зависи од патот по кој одиме сега. Ние треба да бидеме водени од Духот на вистината. Секој Христов следбеник треба најусрдно да го поставува прашањето: “Господе, што сакаш да правам?” Потребно е да се понижиме пред Господа во пост и молитва и многу да размислуваме за Неговото Слово, а особено за сцената на судот. Треба да се стремиме за подлабоко живо искуство со Бога. Не смееме да изгубиме ниту еден миг. Околу нас се случуваат настани од најголема важност; се наоѓаме на сатанско маѓепсано подрачје. Немојте да спиете, Божји стражари! Непријателот демне од близина, подготвен секој час да скокне врз вас и да ве направи свој плен, ако задремете и се изморите.

Многумина се измамени во врска со својата вистинска положба пред Бога. Тие се задоволни самите со себеси затоа што не направиле некои зли дела, а забораваат на толку добрите и благородни дела кои Бог со право ги бара од нив, а кои пропуштиле да ги направат. Не е доволно што само како стебла се наоѓаат во Божјата градина. Тие треба да одговорат на Неговите очекувања донесувајќи род. Тој ги прави одговорни за сите добра со кои поткрепени со Неговата милост, можеле да ги направат, а не ги направиле. Во небесните книги таквите се регистрирани како дрво кое само “ја испостува земјата” (Лука 13:7). Но сепак, дури ни случајот на таквите не е сосема безнадежен. Таквите кои лекомислено ја земаат Божјата благодат и злоупотребуваат Неговата милост, срцето полно со трпение и љубов сè уште најусрдно ги повикува: “Стани ти што спиеш, воскресни од мртвите, и Христос ќе те осветли! И така внимавајте грижливо како живеете... користете го времето, зашто деновите се зли” (Ефесjaните 5:14 -16).

Кога ќе дојде времето на искушението, тогаш оние кои Божјото Слово го зеле за свое животно правило јасно ќе се распознаваат. Разликата помеѓу зимзелените и останатите дрвја во текот на летото не се гледа; но кога ќе наидат студените бранови на зимата, ледениот ветер и мраз, зимзеленото дрво останува непроменето, додека останатите дрвја ги губат своите зелени лисја. Така и вистинските христијани сега можеби не се разликуваат од оние кои лицемерно само го носат таквото име, но пред нас е времето кога разликата ќе стане очигледна. Нека само противниците повторно се подигнат, нека верската заслепеност и нетрпеливост повторно загосподарат, нека огнот на прогонството се распали, сите тие полуобратени млаки и лицемерни ќе попуштат и ќе се одречат од својата вера; но вистинскиот христијанин ќе стои цврсто и непоколебливо како карпа, неговата вера ќе биде посилна и неговата надеж посветла, отколку во деновите на благосостојбата.

“Постојано размислувам за Твоите сведоштва”, вели псалмистот. “Преку Твоите заповеди станав разумен; затоа го замразив секој пат на неправда” (Псалм 119:99, 104).

“Блажен е човекот, кој се здобил до мудрост” (Изреки 3:13). “Затоа што тој ќе биде како дрво посадено крај води, што ги пушта корењата свои крај потокот; тоа не знае како настанува припек, лисјата му се зелени, и во време на суша не се плаши и не престанува да дава плод” (Еремија 17:8).