Големата борба помеѓу Христа и сатаната

36. Судирот што претстои

Од самиот почеток на големиот судир на небото, целта на сатаната отсекогаш била да го урне Божјиот закон. За да го постигне ова, се впуштил во отворен бунт против Творецот, и иако поради тоа бил отфрлен од небото, тој својата борба ја продолжил на Земјава. Да ги измамува луѓето и да ги наведе да го престапат Божјиот закон, тоа е главната цел која тој постојано ја има пред очите. Било да го постигне тоа со отфрлување на целиот закон или само со отфрлување на одделни негови прописи, последиците најпосле ќе бидат исти. Оној што ќе “згреши само во едно”, покажува презир кон целиот закон; неговото влијание како и неговиот пример стојат на страната на престапот; тој е “виновен за сè”. (Јаков 2:10).

Во своето настојување да предизвика презир кон божествените уредби, сатаната го изопачил учењето на Библијата, и така заблудите станале составен дел на верата на илјадници луѓе кои тврдат дека веруваат во Светото писмо. Конечниот голем судир помеѓу вистината и заблудата претставува само завршна битка на вековната борба против Божјиот закон. Во таа битка ние сега влегуваме - битка помеѓу човечките закони и прописите на Јехова, помеѓу религијата што е втемелена на Библијата и религијата што е втемелена на измислици и преданија.

Силите кои во оваа борба ќе се здружат против вистината и правдата, веќе се активни. Светото Божјо Слово што стигнало и до нас по цена на толку страдања и крв, премалку се цени. Библијата на сите им е на дофат, но малку се оние што навистина ја прифаќаат за водач во животот. Безверието преовладува до вознемирувачки мерки не само во светот, туку и во црквата. Многумина стигнале дотаму што ги порекнуваат учењата кои ги претставуваат главните столбови во христијанската вера. Големите вистини за создавањето, како што ги прикажуваат вдахновените писатели, вистините за падот на човекот, за откупувањето и за неминливоста на Божјиот закон практично се отфрлуваат, сосема или делумно, од страна на големиот дел на таканаречениот христијански свет. Илјадници од нив, кои со гордост се фалат со својата мудрост и независност, сметаат дека целосната доверба во Библијата претставува знак на слабост. Тие сметаат дека со ситничарското критикување на Светото писмо и со давањето на некакво духовно значење и со објаснувањето на неговите најзначајни вистини, само даваат доказ за супериорноста на својот талент и ученост. Многу проповедници ги учат своите членови, а многу професори и учители своите ученици дека Божјиот закон е променет или укинат, а оние што веруваат дека неговите прописи сè уште важат и дека мораат буквално да се исполнуваат, заслужуваат само презир и подбив.

Отфрлувајќи ја вистината, луѓето го отфрлуваат и нејзиниот Автор. Газејќи го Божјиот закон, тие го порекнуваат и авторитетот на Законодавецот. Исто така е лесно да се направи идол од лажни учења и теории, како и да се обликува од камен или дрво. Со лажното прикажување на Божјите особини, сатаната ги наведува луѓето да имаат погрешна претстава за Неговиот карактер. Во срцата на многумина, на местото на Јехова, е востоличен некој филозофски идол, додека живиот Бог, кој се открил во Своето Слово, во Христа и во делата на создавањата има малку обожаватели. Илјадници луѓе ја обожаваат природата, додека Бог како Творец на природата го порекнуваат. Иако во друг облик, и денес во христијанскиот свет постои исто такво идолопоклонство како и во стариот Израел за време на пророкот Илија. Богот на многу таканаречени мудреци, филозофи, писатели, државници и новинари - богот на отмените кругови, на многу високи школи и универзитети па и на некои теолошки установи - не е многу подобар отколку што бил и Вал, феникискиот бог на сонцето.

Ниедна од заблудите кои толку брзо се шират и прифаќаат во христијанскиот свет, не се подигнува посмело против авторитетот на небото, ниедна заблуда непосредно не му се спротивставила на здравиот разум и ниедна со своите последици не е поопасна од современите учења дека Божјиот закон повеќе не е задолжителен за човекот. Секоја земја има свои закони, кои бараат почитување и послушност; без законските прописи не би можело да се одржи ниедно владеење во било кое општествено уредување; и зар тогаш би можело да се замисли дека Творецот на небото и на Земјата нема закони за созданијата што ги создал? Да замислиме дека угледните духовници ќе почнат јавно да проповедаат дека постоечките закони на нивните земји, со кои се регулирани правата на граѓаните не се задолжителни - дека тие само ја ограничуваат слободата на народите и дека поради тоа не треба да се почитуваат; до кога ваквите луѓе би биле трпени на прповедалниците? А зарем е поголема навреда да не се почитуваат законите на некоја држава или нација, отколку да се газат божествените прописи кои претставуваат темел на секое владеење.

Како што за секоја држава би било недоследно да ги укине своите законски прописи дозволувајќи им на луѓето да работат што сакаат, уште понедоследно би било Владетелот на вселената да го поништи Својот закон и да го остави светот без основното мерило со кое може да го осуди виновниот и да го оправда правиот. Дали сакаме да дознаеме какви би биле последиците од укинувањето на Божјиот закон? Овој експеримент веќе е извршен. Страшни биле сцените што се одиграле во Франција* кога неверното беззаконие станало владеачка сила. Тогаш на светот му било покажано дека целосното отфрлување на ограничувањата кои ги поставил Бог, значи да се прифати владеењето на најсвирепите тирани. Кога ќе се отфрли правилото на праведноста, тогаш на кнезот на злото целосно му се отвора патот да ја воспостави својата апсолутна власт.

За оние што ќе ги отфрлат божествените прописи, гревот не само што престанува да биде одвратен, туку и правдата престанува да биде пожелна. Оние што одбиваат да се покорат на Божјото владеење, стануваат потполно неспособни да владеат со самите себеси. Со нивното отровно учење се всадува дух на непокорност во срцата на децата и младите, кои според својата природа не поднесуваат да им се наредува; и како последица на тоа, беззаконието и разузданоста сè повеќе земаат замав. Многумина што се подбиваат на лековерноста на оние што се покоруваат на Божјите прописи, самите желно и без размислување ги прифаќаат сатанските измами. Тие се предаваат на пороците и на гревовите поради кои незнабошците биле предмет на Божјиот гнев и ги предизвикале Неговите казни.

Оние што го учат народот лекомислено да ги земаат Божјите заповеди, сеат семе на непокорност и непослушност, за истото тоа и да го ожнеат. Ако сосема се отстранат оградите што ги поставил Божјиот закон, наскоро ќе дојде до сеопшто непочитување и на сите човечки закони. Бидејќи Бог ги забранува нечесните дела, лакомството, лагите и измамите, луѓето се готови да ги газат Неговите наредби како пречка кон својот световен напредок; но тие при тоа и не насетуваат какви можат да бидат последиците од отфрлувањето на овие прописи. Ако законот не би бил задолжителен, зошто човекот да се воздржува да го престапува? Личната сопственост повеќе не би била сигурна. Луѓето со насилство би го присвоиле имотот на своите ближни, и најсилните би станале најбогати. Ниту самиот живот не би се ценел. Брачниот завет повеќе не би стоел како света и неприкосновена заштита на семејството. Оној што би имал власт, би можел кога би посакал, на сила да ја грабне жената на својот ближен. Петтата заповед би се укинала заедно со четвртата. Децата не би се притеснувале да им го одземат животот на своите родители, ако со тоа би можеле да ги остварат желбите на своето расипано срце. Цивилизираниот свет би станал банда на разбојници и подли убијци, а мирот, спокојството и среќата би биле изгонети од земјата.

Веќе самото учење дека луѓето се ослободени од покорувањето на божествените прописи доста ги ослабело моралните обврски и на светот му ги отворило браните на беззаконието. Незаконитоста, распуштеништвото и расипаноста навалуваат како разорна поплава. Сатанското дејствување често се чувствува и во самото семејство. Неговото знаме се вее и во таканаречените христијански домови. Тука постои завист, сомневање, лицемерство, отуѓување, кавга, предавство на светата доверба во брачната заедница и задоволување на телесните страсти и желби. Целиот систем на верски принципи и учења кои треба да го сочинуваат темелот и скелетот на општествениот живот, се чини како да се лула и дека ќе се распадне. Најдрските злосторници кои ќе паднат во затвор поради направените злосторства, често се опсипуваат со подароци и им се обрнува внимание како да се здобиле со некое завидно одликување. На нивната личност и на нивните злосторства им се дава голем публицитет. Печатот открива возбудливи подробности за злосторството и со тоа едноставно ги повикува и другите на измама, разбојништва и убиства, а сатаната се радува на успехот на своите пеколни намери. Уживањето во пороци, безобѕирното одземање на животи, страшниот пораст на неумереноста и на беззаконието од секој вид и степен, би требало да ги наведат сите оние кои се бојат од Бога да се запрашаат: што може да се направи за да се запре поплавата на злото.

Судиите што се повикани да делат правда, примаат мито. Луѓето на одговорни положби се раководат со желба за добивка и се одаваат на сетилни уживања. Неумереноста ја ослабела способноста на многумина, така што сатаната над нив ја има речиси целата власт. Правниците се расипани, подмитливи и недоверливи. Пијанство, разврат, страст, завист и нечесност од секаков вид - се покажуваат меѓу оние што пропишуваат закони. “Така е истиснато правосудството, и правдата стои далеку. Зашто вистината падна на улица и правдата не може да помине” (Исаија 59:14).

Преовладувањето на беззаконието и духовната темнина во времето на врховната власт на Рим, претставувало неизбежна последица на неговото отфрлање на Светото писмо; но каде треба да се бара причината за сè поголемото ширење на неверството, за отфрлувањето на Божјиот закон и со тоа на условената изопаченост сега, при полна светлина на евангелието и во време на верска слобода? Сега, кога повеќе едноставно не е можно да го задржи светот под своја власт забранувајќи му го Светото писмо, сатаната прибегнува кон други средства, за да ја оствари истата цел. Да се поткопа и уништи верувањето во Библијата и служи на неговата намера исто толку како и уништувањето на самата Библија. Со воведувањето на верувањето дека Божјот закон не е задолжителен, сатаната исто така успешно ги наведува луѓето да го престапуваат, како и целосно да ги негираат неговите прописи. И сега како и во минатите векови, тој дејствува преку црквата за да ги оствари своите намери. Денешните верски организации решително ги отфрлаат непопуларните вистини толку јасно изнесени во Светото писмо, и борејќи се против нив, прифатиле толкувања и ставови со кои на сите страни се сее семе на скептицизам. Држејќи се цврсто до папската заблуда за природната бесмртност и за свесната состојба на умрените, ја отфрлиле единствената одбрана од измамите на спиритизмот. Науката за вечните маки во пеколот, многумина навела да не веруваат во Библијата. И кога барањата на четвртата заповед ќе се изнесат пред луѓето, и кога тие ќе увидат дека празнувањето на саботата како седми ден навистина е од Бога одредено, многу популарни верски учители единствен излез, за да се ослободат од оваа непожелна должност, наоѓаат во тврдењето дека Божјиот закон повеќе не е задолжителен.

На тој начин тие го отфрлуваат и законот и саботата. Заедно со ширењето на реформата во врска со празнувањето на саботата и ова отфрлување на Божјиот закон за да се избегнат барањата на четвртата заповед, ќе зема сè поголем замав додека не стане речиси сеопшто. Учењата на ваквите верски водачи ја отвориле вратата на неверството, на спиритизмот и на презирањето на Божјиот свет закон; и токму врз тие водачи лежи страшна одговорност за беззаконието кое владее во христијанскиот свет.

Па сепак токму овие таканаречени вероучители тврдат дека сè поголемата изопаченост на општеството треба да се припише на обесчестувањето на таканаречената “христијанска сабота”, и дека задолжителното празнување на неделата во голема мера би го поправило општествениот морал. Ова тврдење особено се истакнува во Америка каде учењето за вистинската сабота е најмногу обнародувано. Таму движењето за борбата против алкохолизмот и неумереноста, една од најважните и најистакнатите морални реформи, често организациски се поврзува со движењето за празнувањето на неделата, чиишто поборници потоа се истакнуваат како најголеми добротвори на општеството, а оние што одбиваат да им се придружат се прогласуваат за непријатели на умереноста и реформата. Меѓутоа, фактот дека едно движење што шири заблуда се поврзува со делото што само по себе е добро, не претставува никаков аргумент во прилог на заблудата. Отровот можеме да го прикриеме ако го измешаме со здрава храна, но со тоа не ја менуваме неговата природа. Напротив, тој станува уште поопасен, зашто на тој начин и несвесно го земаме. Една од сатанските лукаво смислени замки е комбинација на лагата со толку вистина, колку е потребно за лагата да изгледа веројатна и прифатлива. Водачите на движењето за присилно наметнување на неделата можат да ги истакнуваат реформите што на народот навистина му се потребни, и начелата што се во согласност со Библијата, но сè дотогаш додека со тоа се соединети барањата спротивни со Божјиот закон, Божјите слуги не можат да се соединат со нив. Со ништо тие не можат да го оправдаат тоа што поради човечките прописи ги отфрлуваат Божјите заповеди.

Учењата за бесмртност на душата и за светост на неделата претставуваат две големи заблуди со кои сатаната ќе успее да го прелаже протестантскиот свет. Додека првата од овие заблуди го поставува темелот на спиритизмот, втората создава врска на наклоност кон Рим. Протестантите на Соединетите Држави ќе бидат први кои ќе подадат рака преку бездната за да ја прифатат раката на спиритизмот; тие ќе го премостат постоечкиот раздор за цврсто да ја стегнат раката и на римската сила; и под влијание на овој троен сојуз, оваа земја ќе појде по стапките на Рим, газејќи ги правата на совеста.

Доколку спиритизмот поверно го имитира таканареченото христијанство во нашите денови, дотолку ќе има поголема моќ на лажење и на измамување. Според модерните сфаќања и самиот сатана е обратен. Тој ќе се појави како ангел на светлината. Со посредство на спиритизмот ќе доаѓа до натприродни појави; болни ќе оздравуваат и ќе се случуваат многу непобитни чуда. И бидејќи злите духови ќе тврдат дека веруваат во Библијата ќе покажат почитување кон институциите на црквите, нивното дело ќе биде прифатено како откровение на Божјите сили.

Разликата помеѓу таканаречените христијани и неверниците денес, одвај може да се забележи. Членовите на црквите го сакаат она што го сакаат и припадниците на овој свет и подготвени се да се соединат со него; а сатаната решил да ги обедини во едно тело и така да го засили своето дело собирајќи ги сите во редовите на спиритизмот. Католиците кои се фалат со чудесата како сигурен знак на вистинската црква, оваа чудотворна сила мошне лесно ќе ги измами, а и протестантите отфрлајќи го штитот на вистината, исто така лесно ќе бидат прелажани. Протестантите, католиците и световните луѓе на истиот начин ќе го прифатат ова “обличје на побожност”, целосно лишено од духовна сила, и во ова соединување тие ќе го видат големото движење за обратување на светот и за воспоставување на долго очекуваното илјадагодишно царство.

Со помош на спиритизмот сатаната се прикажува како добротвор на човечкиот род; тој ги лечи болните и се прикажува како да донесува нова и возвишена религија, а во исто време работи на уништување на човечкиот род. Со своите искушенија тој во сигурна пропаст води илјадници и милиони. Неумереноста го отапува разумот, а потоа доаѓаат сетилните уживања, кавги и крвопролевања. Војната за сатаната претставува вистинско задоволство, зашто ги разгорува најлошите страсти во човечката душа, па потонати во крв и порок да ги испрати во смрт, после која нема покајание. Тој настојува народите да ги надразни за да војуваат едни против други, зашто на овој начин може да го одврати вниманието на луѓето од толку неопходните подготовки за да опстанат во денот на Божјото доаѓање.

И елементарните катастрофи сатаната ги користи, за нивните жртви неподготвени да ги испрати во гроб како своја жетва. Тој ги проучил тајните на големите лаборатории на природата и ја употребува сета своја моќ за да загосподари со нејзините стихии во онаа мера колку му дозволува Бог. Кога му било допуштено да го нажали Јов, колку молњевито биле збришани неговите стада, слугите, куќите, па дури и децата со ударите што се сменувале со таква брзина како да се одигрувале во еден момент. Бог како со штит и со ограда ги заштитува Своите созданија од силите на овој уништувач. Но христијанскиот свет ги презрел законите на Јехова; и Господ ќе постапи токму така како што најавил во Своето Слово. Тој на Земјата ќе и скрати од Своите благослови и ќе престане да ги штити оние што стануваат против Неговиот закон и другите ги учат па дури и ги присилуваат истото тоа да го прават. Сатаната има власт над сите што не се под посебна Божја заштита. Тој некои ги зема во заштита и им овозможува земен напредок и благосостојба за поуспешно да ги оствари своите намери, а на другите им нанесува болка, страдања и несреќа наведувајќи ги да веруваат дека Бог е тој што ги мачи и нажалува.

Додека сатаната на човечките синови ќе им се претставува како голем лекар кој може да ги излечи и има лек за секоја нивна болест, а во исто време тој ќе предизвикува такви епидемии и масовни уништувања што цели градови ќе бидат претворени во урнатини и пустош. Во врска со тоа, тој веќе е на дело. Во несреќните случаи и вистинските трагедии на море и на копно, во големите пожари, во стравотните урагани и во пустошните врнежи, обично придружувани со град, во ураганите, поплавите, циклоните, во огромните бранови со незадржлива плима и во земјотресите, на секое место и на илјадници начини, сатаната ја покажува својата моќ. Тој ја уништува зрелата жетва и тогаш настапува глад, грижи и немаштија. Тој го исполнува воздухот со смртоносни бактерии на зараза и илјадници умираат од епидемии. Овие појави ќе бидат сè почести и сè поужасни. Со масовно уништување ќе бидат зафатени не само луѓето туку и животните.”Тагува, нажалена е земјата... опаднале оние, што се издигале над народот... и земјата е осквернета под жителите свои, зашто го престапија законот, ги погазија уредбите, го раскинаа вечниот завет” (Исаија 24:4, 5).

А тогаш големиот измамник ќе ги убеди луѓето дека причина за овие зла се оние што му служат на Бога. Тие што всушност го предизвикале негодувањето на небото, вината за сите овие неволји ќе ја припишат на оние чијашто послушност кон Божјите закони претставува постојан прекор за престапниците. Ќе се тврди дека луѓето со обесчестување на неделата го навредуваат Бога, и дека тој грев ги донел неволјите што наводно, нема да престанат сè дотогаш додека сите не бидат присилени строго да ја празнуваат неделата, и дека оние што ги истакнуваат барањата на четвртата заповед, со тоа го поткопуваат почитувањето кон неделата, го вознемируваат народот и го спречуваат во она што би му донело и божествено одобрување и земна благосостојба. Така засновани на истиот темел, ќе се повторат обвинувањата што биле подигнати против верниот пророк на Бога во старо време: “Штом Ахав го виде Илија, му рече: Ти ли си оној што го упропастуваш Израел? Илија одговори: “Јас не го упропастувам Израил, туку ти и твојот дом, зашто Го оставивте Господа, а ти си следбеник на Ваала” (1. Царевите 18:17, 18). Кога лажните обвинувања еднаш ќе го распалат гневот на луѓето, тие против Божјите пратеници ќе применат постапка мошне слича на онаа што отпаднатиот Израел ја применил против Илија.

Чудотворната сила што се покажува преку спиритизмот ќе го употреби своето влијание против оние што ќе се решат за библискиот став: “Повеќе треба да му се покоруваме на Бога отколку на луѓето” (Дела 5:29). Во своите соопштенија, духовите ќе нагласуваат дека самиот Бог ги испратил да ги осведочат противниците на неделата дека се во заблуда, потврдувајќи го сфаќањето дека земните закони мораат да се почитуваат како Божји закон. Тие ќе го оплакуваат големиот неморал и расипаноста што владее во светот, поддржувајќи го тврдењето на верските учители дека опаднувањето на моралот е предизвикано со обесчестувањето на неделата. Оние кои ќе одбијат да го прифатат нивното сведоштво против себе ќе предизвикаат страшно негодување.

Сатанската политика, во овој завршен судир со Божјиот народ, иста е како што била и во почетокот на големата борба на небото. Преправајќи се како да сака да го зацврсти божественото владеење, тој всушност потајно преземал сè што било во негова моќ за да го собори. И токму тоа, што тој на овој начин со сите сили настојувал да го спроведе, им го припишувал на ангелите што му останале предани на Бога. Истата измамничка политика ја обележува и историјата на Римската црква. Таа отсекогаш тврдела дека дејствува како намесник на небото, додека во својот стремеж да се издигне над Бога го променила Неговиот закон. Сите што биле под владеењето на Рим, поради својата преданост на Евангелието, биле испратени во смрт, биле јавно жигосувани како злосторници, сè тврдело дека биле во сојуз со сатаната, биле употребувани сите можни средства да ги компромитираат до таа мера за во очите на народот, па дури и во сопствените очи, да изгледаат како најлоши злосторници. Така ќе биде и сега. Во стремежот да ги уништи оние што го почитуваат Божјиот закон, сатаната ќе ги наведе луѓето да ги обвинат како престапници на законот, како луѓе што го обесчестуваат Бога и со тоа врз светот ги навлекуваат Неговите казни.

Бог никогаш не врши притисок на слободата на волјата ниту на совеста на луѓето; додека, напротив, сатаната, за да ги доведе под своја власт оние што не може на друг начин да ги заведе, редовно се служи со присилување и со свирепост. Тој настојува со страв и со насилство да завладее над совеста на луѓето и себеси да си ја осигура нивната преданост. За да го оствари тоа, тој дејствува преку верските и преку световните власти, наведувајќи ги со сила да ги наметнат човечките закони наспроти Божјиот закон.

Оние што ја почитуваат библиската сабота ќе бидат прогласени за непријатели на законот и на општествениот поредок - како оние што ги рушат моралните огради на општеството, предизвикуваат анархија и изопаченост и така на земјата навлекуват Божји казни. Нивното совесно стравување, да не згрешат, ќе биде прогласено како упорност, тврдоглавост и презир кон секоја власт. Тие ќе бидат обвинувани како непријатели на државата. Проповедниците што ја порекнуваат задолжителноста на Божјиот закон, од проповедалниците ќе истакнуваат покорување на граѓанските власти како од Бога одредена должност. Во законодавните домови и судовите, оние што ги држат Божјите заповеди ќе бидат лажно претставени и осудени. Нивните зборови ќе се прикажуваат во лажна боја, а на нивните постапки ќе им се припишуваат најлоши побуди.

Бидејќи ги отфрлиле јасните библиски докази во прилог на Божјиот закон, и протестантите нема долго да чекаат со насилство да им ги затворат устите на оние чијашто вера не можат да ја побијат со Библијата. Тие сега иако не гледаат дека тоа е така, всушност го прифаќаат патот што ќе ги наведе да ги прогонуваат оние што според својата совест не можат како останатиот христијански свет, да ги признаваат барањата на папството, празнувајќи го денот што го вовело тоа.

Црковните и државните великодостојници ќе се здружат за да ги подмитат, да ги наговорат или да ги присилат сите без разлика да ја празнуваат неделата. Недостатокот од Божјиот авторитет ќе биде заменет со угнетувачки одредби. Политичката расипаност ја уништува љубовта кон правдата и секој обѕир кон вистината; дури и во слободната Америка, државниците и законодавците, за да обезбедат одобрување и наклоност од страна на јавноста, ќе попуштат на популарното барање да се озакони задолжително празнување на неделата. Слободата на совеста, што била платена со толкави жртви, повеќе нема да се почитува. Во судирот кој наскоро ќе настане, преку пример ќе го видиме исполнувањето на зборовите на пророкот: “И змевот се разгневи на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино, што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исуса Христа” (Откровение 12:17).