Големата борба помеѓу Христа и сатаната

35. Стремежот на папството

Протестантите денес на католицизмот гледаат со многу повеќе благонаклонетост отколку во поранешните години. Во оние земји каде што католицизмот нема доминација, и каде што приврзаниците на папството заземаат помирлив став за да се задобијат со влијание, се чувствува сè поголема рамнодушност кон учењата, кои црквите на некогашните реформатори ги разделуваат од папската хиерархија; сè повеќе преовладува мислењето дека, после сè, разликите за важните точки не се толку големи како што се претпоставувало и дека само малку попуштање од протестанстката страна може да доведе до подобри односи со Рим. Некогаш протестантите високо ја ценеле слободата на совеста, која била толку скапо платена. Ги учеле своите деца да се згрозуваат од папството, и секој стремеж за согласување со Рим го сметале за неверство кон Бога. Но колку се поинакви чувствата што се покажуваат денес?

Поборниците на папството тврдат дека нивната црква е наклеветена, а протестантскиот свет е наклонет да го прифати ова тврдење. Многумина истакнуваат дека е неправедно за денешната католичка црква да се просудува според гнасните стравотии и безумноста што го обележувале нејзиното владеење во вековите на незнаење и темнина. Тие ја оправдуваат нејзината страшна свирепост припишувајќи и ја на дивјаштвото на тогашното време, и тврдат дека под влијанието на модерната цивилизација се промениле нејзините чувства.

Зар овие луѓе го заборавиле дрското полагање на право на непогрешливост што оваа горда сила го истакнувала во текот на осумстотини години? Далеку од тоа дека ќе отстапи од ова свое барање, таа во XIX век го истакнува со поголема решителност отколку кога и да е порано. Кога Рим не прекинува да тврди дека “црквата никогаш не згрешила; ниту, според Светото писмо, кога и да е ќе згреши” како тогаш може да се откаже од начелата со кои се раководела во минатото? - Мосхајм (Mosheim) Црковна историја III, век 11, 2 дел, 2 поглавје, 9, оддел 17 забел.

Папската црква никогаш нема да престане дрско да полага право на непогрешливост. Таа смета дека потполно е во право во сè што направила, прогонувајќи ги оние што ги отфрлувале нејзините верски догми; и зарем таа не би ги повторила сите тие постапки кога би и се дала можност за тоа. Кога само би се отстраниле ограничувањата што сега ги поставуваат световните закони и кога Рим повторно би ја задобил некогашната власт набрзо повторно би оживеала неговата тиранија и прогонство.

Еден добро познат писател зборувајќи за ставот на папската хиерархија кон слободата на совеста и за опасностите “што посебно им се закануваат на САД ако таа успее да ја спроведе својата политика истакнува:

“Многумина во Соединетите Американски Држави се наклонети стравот од римокатолицизмот да го сметаат за верска закоравеност на протестантизмот или за детинштина. Тие во карактерот и во ставот на римокатолицизмот не гледаат ништо што би било во противречност со нашите слободни институции, и во неговото зајакнување не гледаат ништо кобно. Затоа најпрвин да споредиме некои од главните начела на нашата држава со начелата на Католичката црква”.

“Уставот на САД гарантира слобода на совеста. Ништо не е поскапоцено или поважно од тоа. Папата Пие IX во своето послание од 15 август 1854 година кажува: 'Бесмислените и погрешни учења, или празното филозофирање во одбраната на слободата на совеста се најубиствени заблуди - чума од која најмногу, отколку од било што друго, треба да се плаши една држава'. Истиот папа во своето послание од 8 декември 1864 година изрекува проклетство над оние што ја бранат слободата на совеста и верата како и над сите оние што тврдат дека црквата не смее да употребува сила”.

“Мирољубивиот тон на Рим во САД никако не значи промена во срцето и мислењето на Католичката црква. Католичката црква е толерантна само кога е немоќна. Бискупот О' Конор кажува: “Слободата на вероисповедта се трпи само додека не може да се постапи поинаку без опасност за католичкиот свет... Надбискупот Св. Луис во една прилика рекол: “Кривоверството и неверувањето се злосторства; и во христијанските земји како што се Италија и Шпанија, каде што целокупното население е со католичка вера и каде што католичката вера е суштествен дел на законите на таа земја, тие се казнуваат како и секое друго злосторство...”

Секој кардинал, надбискуп и бискуп во католичката црква пред папата полага заклетва на верност која ги содржи и овие зборови: “Ветувам дека кривоверците, расколниците и бунтовниците против нашиот горе наведен господар (папата) или неговите следбеници со сите мои сили ќе ги прогонувам и дека најенергично ќе им се спротивставувам.” - Стронг, Нашата земја 5 погл. 2-4 отсек.

Вистина е дека и во Римокатоличката црква има искрени христијани. Илјадници нејзини членови му служат на Бога според светлината што ја имаат. Ним не им е дозволен пристап до Неговото Слово и затоа не можат да ја запознаат вистината. Тие никогаш не ја забележале разликата помеѓу живата служба на срцето и низата празни форми и обреди. Бог со нежна сомилост гледа на тие сироти души кои се воспитани во верата која толку е измамлива и недоволна. Тој ќе направи зраците на светлината да проникнат низ темнината што ги опкружува. Тој ќе им ја открие вистината каква што е во Исуса и многумина од нив ќе се придружат на Неговиот народ.

Католицизмот како верски систем ниту денес не е во согласност со Христовото евангелие повеќе отколку што бил во било кој поранешен период на својата историја. Протестантските цркви се во голема темнина, зашто кога не би било така тие би ги препознале знаците на времето. Римската црква многу е далекусежна во своите планови и потфати. Таа се служи со сите можни лукавства да го прошири своето влијание и да ја зголеми силата, со цел да се подготви за жестоката и решителна борба, за повторно да ја задобие контролата над светот, повторно да го воведе прогонството и да го уништи сето она што го изградил протестантизмот. Католицизмот освојува нови подрачја на сите страни. Во протестантските земји сè повеќе расте бројот на неговите цркви и капели. Погледнете колкава е популарноста во Америка на неговите високи школи и семинари што протестантите ги посетуваат во толку голем број. Погледнете во Англија, како сè повеќе се воведува ритуализмот и колку се чести преминувањата во редовите на католицизмот. Овие појави треба да ги загрижат и вознемират сите оние што ги ценат чистите начела на евангелието.

Протестантите прикриено одржуваат блиска врска со папството и го штитат; тие се согласиле на компромиси и отстапки од што и самите паписти се изненадуваат до таа мера што не можат да го сфатат тоа. Луѓето ги затвораат очите пред вистинскиот карактер на римокатолицизмот и пред опасноста што им се заканува од неговата превласт. Народот мора да се разбуди и да му се спротивстави на јакнењето на овој најопасен непријател на граѓанските и на верските слободи.

Многу протестанти претпоставуваат дека католичката вера е непривлечна, и дека нејзиното богослужение е досадно и потполно бесмислена низа на церемонии. Тие се лажат. Иако католицизмот е основан на заблуди, сепак измамата не е толку проста и невешта. Богослужението на Римокатоличката црква е мошне импресивен церемонијал. Со блескотниот раскош и со свечениот обред таа незадржливо ги привлекува чувствата на своите поклоници и го замолкнува гласот на разумот и на совеста. Окото е восхитено. Раскошните цркви, величествените процесии што влеваат стравопочитување, златните олтари, украсените со скапоцени камења ковчези со мошти на светци, избраните слики и уметничките скулптури - сето тоа буди љубов кон она што е убаво и привлечно. И увото е восхитено. Музиката е ненадмината. Богатите тонови на звучните оргули, помешани со мелодијата од многубројните грла, одекнувајќи низ високите куполи и колонади на величествените катедрали, незадржливо импресионираат и душата ја исполнуваат со стравопочитување.

Овој надворешен сјај, раскош и церемонии, што само ја залажуваат духовната глад на душите оптоварени со грев, се доказ за внатрешната расипаност. Христовата религија, за да се препорача, не и се потребни привлечности од таков вид. Во светлината што свети од крстот, вистинското христијанство изгледа толку чисто и привлечно што неговата вистинска вредност не можат да ја зголемат никакви надворешни украсувања. Само убавината на светоста, убавината на кроткиот и смирен дух го претставува она што пред Бога е скапоцено.

Брилијантниот стил не мора да биде знак на чистите и возвишени мисли. Смисла за уметност и префинет вкус често имаат и оние што се сосема телесни и наклонети кон сетилните уживања. Сатаната често го искористува токму тоа за да ги наведе луѓето да заборават на потребите на својата душа, да го изгубат од вид идниот и вечен живот, да се одвратат од својот семожен Помошник и да живеат само за овој свет.

Религијата полна со надворешен сјај е привлечна за непрепороденото срце. Раскошот и церемониите на католичкото богослужение имаат заводливо-волшебна сила која многумина измамила; така што тие на Католичката црква гледаат како на врата од самото небо. Само оние што стојат цврсто на темелите на вистината и чиишто срца се обновени со Божјиот Дух се заштитени од нејзиното влијание. Илјадници од оние што не го запознале Христа врз основа на лично искуство, ќе бидат заведени да го прифатат ова обличје на побожност, лишено од духовната сила. Таквата религија е токму онаа што многумина ја бараат.

Наводното право на црквата да ги простува гревовите ги наведува католиците да се чувствуваат слободни да грешат; обичајот на исповедањето без кое црквата не дава простување, исто така многу придонесува за злото. Оној кој клечи пред паднатиот и грешен смртник и преку исповедта му ги открива своите тајни мисли и побуди на своето срце, го понижува своето достоинство и секое благородно чувство на својата душа. Откривајќи му ги на свештеникот гревовите на своето срце - на еден заблуден и грешен смртник чиешто расудување е често изопачено со оддавање на пиење и разврат - исповедникот го спушта мерилото на својот карактер и последица на тоа најчесто е сквернавење. Неговата претстава за Бога е сведена на сличност со паднатиот човек, зашто свештеникот тука стои како Божји застапник. Ова понижувачко исповедање човек на човек, претставува таен извор од кој произлегле многу зла што го поганат светот и го подготвуваат за конечното уништување. Но на оној кој е наклонет себеси да си дозволува сè што ќе посака, повеќе му одговара да се исповеда на себеси сличен смртник отколку своето срце да го отвори пред Бога; на човечката природа посвојствено и е да трпи казна отколку да се откаже од гревот. Полесно му е да го мачи своето тело во вреќа од козина, со коприви и со синџири што го рануваат, отколку да ги распне телесните желби. Навистина е тежок овој јарем кој телесното срце е волно да го прифати, само да не го земе Христовиот јарем.

Постои упадлива сличност помеѓу Римокатоличката црква и еврејството во времето на првото Христово доаѓање. Додека Евреите тајно го газеле со нозете секое начело на Божјот закон, јавно биле мошне строги во врска со држењето на Неговите прописи, оптоварувајќи го со традиции и со барања кои послушноста ја правеле мачна и тешка. Како што Евреите тврделе дека го почитуваат Законот, така и католиците тврдат дека го почитуваат крстот. Тие го издигнуваат симболот на Христовите маки, додека во својот живот се откажуваат од Оној кого тој симбол го претставува.

Папистите го ставаат крстот на своите цркви, олтари и облеки. На сите страни можат да се видат обележја на крстот. Насекаде тој јавно се почитува и издигнува, додека Христовото учење е закопано под мноштвото бесмислени преданија, лажни толкувања и строги прописи. Зборовите на Спасителот до верско-закоравените Евреи уште повеќе можат со право да се применат на водачите на Римокатоличката црква: “врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги ставаат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат (Матеј 23:4). Совесните души оптоварени со таквите сфаќања, постојано стравуваат од гневот на осветничкиот Бог, додека многу великодостојници на нивната црква живеат во раскош и во сетилно уживање.

Обожувањето на сликите и реликвиите, повикувањето на светците и издигнувањето на папата - сето тоа се лукавства на сатаната пресметани за тоа, мислите на народот да ги оддели од Бога и Неговиот Син. За да ја запечати нивната пропаст, сатаната особено настојува нивното внимание да го одврати од Оној во Кој единствено можат да најдат спасение. Тој ги насочува на што било со што би можел во нивните души да Го замени Оној кој рекол: “Дојдете при Мене сите, кои сте изморени и обременети и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28).

Сатаната постојано настојува на луѓето погрешно да им го претстави Божјиот карактер, природата на гревот и сето она од што навистина зависи исходот на големата борба. Со своите измамливи заклучоци тој ги намалува нивните чувства на обврска кон Божјиот закон, и на луѓето им дава слобода да грешат. Во исто време тој ги наведува да имаат погрешна претстава за Бога, така што на Него повеќе да гледаат со страв и омраза отколку со љубов. Свирепоста што е својствена само на неговиот карактер, тој вешто ја внесува во верскиот систем и во начинот на богослужението, и му ја припишува на Творецот. Така тој го заслепува умот на луѓето и тие стануваат негови сигурни агенти во борбата против Бога. Поради изопачените претстави за божествените особини, незнабожечките народи биле наведени да веруваат дека наклоноста и одобрувањето на Божеството може да се обезбеди со жртвување на човечки животи; и така во разните облици на идолопоклонство се направени најстрашни свирепости.

Римокатоличката црква која многу облици од паганството внела во христијанството и, слично на паганството, погрешно го претставува Божјиот карактер, ја усвоила праксата ништо помалку страшна и одвратна. Во времето на својата врховна превласт, Римокатоличката црква ги користела сите можни направи за мачење со чија помош луѓето биле присилувани да го прифатат нејзиното учење. Оние кои не сакале да се потчинат на нејзините барања таа ги испраќала на клада, на маченички колец или на тркало за растегнување. Имало толку многу колежи што тоа никогаш нема да се дознае сè додека не бидат откриени на денот на Божјиот суд. Достоинствениците на црквите биле научени од сатаната, својот учител, да измислат такви орудија за мачење што на жртвата ќе и предизвикуваат најголеми маки, а сепак жртвата да остане во живот. Во многу случаи оваа пеколна постапка била повторувана до крајните граници на човечката издржливост, сè додека човечката природа не попуштила во борбата и маченикот ја поздравувал смртта како слатко ослободување.

Таква била судбината на оние што му се спротивставувале на Рим. Своите приврзаници црквата исто така ги дисциплинирала со разни казни како што се камшикувањето, гладот и сите можни аскетски суровости. За да ја осигураат наклоноста на небото, покајниците, кршејќи ги природните закони, го престапувале и Божјиот закон. Биле учени да ја раскинат врската што самиот Бог ја воспоставил, за да го направи човечкиот живот на земјата благословен и среќен. Гробовите и црковните порти чуваат милиони жртви кои својот живот го поминале во залудно настојување да ги задушат своите природни чувства, како нешто што претставува навреда за Бога, и да ја потиснат секоја помисла и секое чувство на наклоност кон некое сакано суштество.

Ако сакаме да ја разбереме целата решителност на сатанската свирепост што се покажувала со векови, и тоа не меѓу оние што никогаш не слушнале за Бога, туку во самото срце на христијанството, тогаш само да ја погледнеме историјата на римокатолицизмот. Својата намера да го обесчести Бога, а луѓето да ги унесреќи, сатаната најуспешно ја остварил преку овој мамутски голем систем на измама. И кога ќе видиме како тој преку водачите на оваа црква успева да се маскира и да ја оствари својата цел, тогаш можеме подобро да разбереме зошто покажува толкава одвратност кон Библијата. Таа света Книга на оној што ја чита ќе му ја открие Божјата милост и љубов, и тој тогаш јасно ќе види дека Бог не им наметнува на луѓето ниедно, од претходно споменатите тешки бремиња. Сй што бара Тој, тоа е скромно и понизно срце, кроток и послушен дух.

Христос, на нас во својот живот, не ни оставил пример дека луѓето и жените за да се удостојат за небото, мора да се затвораат во некакви манастири. Тој никогаш не учел дека љубовта и наклоноста треба да се задушуваат. Срцето на Спасителот било преполно со љубов. Колку повеќе човекот ќе се приближи до моралното совршенство, неговите чувства се сè подлабоки, неговото забележување на гревот поостро, а неговото сочувство кон неволните подлабоко. Папата полага право на титулата Христов намесник; но како може неговиот карактер да се спореди со карактерот на нашиот Спасител? Зарем Христос некогаш ги предавал луѓето во темница или на мака затоа што не Му укажувале почитување како цар на небото? Дали Тој некогаш барал да се осудат на смрт оние што не Го примиле? Кога бил омаловажен од страна на жителите на едно самарјанско село, и кога апостол Јован во својот гнев Го прашал: “Господи, сакаш ли да кажеме да падне оган од небото и да ги истреби, како што направи и Илија?” Исус со сожалување го погледнал својот ученик и ја осудил неговата острина, велејќи: “Синот Човечки дојде не да погубува човечки души, туку да спаси” (Лука 9:54, 56). Каква разлика помеѓу духот што го покажал Христос и духот на неговиот таканаречен намесник?

Римокатоличката црква сега пред светот се покажува како исправна и мирољубива; со помирливи говори таа се обидува да ги покрие записите полни со страшни свирепости. Таа се облекла во слична облека на Христа, но не се променила. Секое начело со кое папството се раководело во минатите времиња, на сила е и денес. Тоа сè уште се држи за учењето што е прифатено во вековите на најголемиот мрак. Никој нека не се лаже. Папството на кое протестантите сега толку подготвено му укажуваат почест е истото она што владеело со светот во деновите на реформаторите, кога тие Божји луѓе, изложувајќи се на смртна опасност, станувале да го откријат неговото беззаконие. Тоа сè уште исто толку гордо и дрско полага право на тоа да владее над кралевите и владетелите и да ги присвојува предностите кои ги има само Бог. Неговиот дух денес во ништо не е помалку свиреп и деспотски отколку што бил тогаш кога ја газел човечката слобода и ги убивал светците на Севишниот.

Папството, токму како што во пророштвото и е најавено, претставува отпадништво на последните денови (2. Солунјаните 2:3, 4). Составен дел на неговата политика е да се преправа, земајќи таков облик што во дадениот момент најдобро ќе одговара на неговите цели; но под променливиот изглед на камелеон, тој секогаш ја скрива непроменливата злоба на змискиот отров. “Зборот, макар да е даден и под заклетва на еретиците или на оние што се осомничени за ерес, не треба да се одржи,” е паролата на папството. - Леутант I, 516 стр. Зарем оваа сила, чијашто историја цели десет века е пишувана со крвта на светите, сега да биде признаена како дел на Христовата црква?

Во протестантските земји не се истакнува без причина дека сега католицизмот не се разликува толку многу од протестантизмот како во поранешните времиња. Дошло до промена, но не кај папството. Денешниот протестантизам навистина во многу нешта личи на католицизмот затоа што од времето на реформацијата во многу работи се изопачил.

Стремежот на протестантите да добијат наклоност и одобрување од светот, им ги заслепил очите со лажно милосрдие. Тие не можат да увидат зошто не би било правилно да се мисли добро за она што само по себе е зло; и како сигурна последица на тоа, тие најпосле поверуваат дека и злото навистина е добро. Наместо да ја бранат “верата која им е предадена на светите”, тие сега просто се извинуваат пред Рим што во своето мислење за него биле толку немилосрдни, и молат за простување поради својата верска закоравеност.

Голем број луѓе, дури и оние кои на римокатолицизмот не гледаат со одобрување, не ја предвидуваат големата опасност од неговата моќ и влијание. Многумина истакнуваат дека духовната и моралната темнина што владеела во средниот век поволно влијаела врз ширењето на неговите догми, празноверија и угнетувања; и дека поголемата просветеност на новото време, сеопштото ширење на знаењето и сè поголемата слобода во поглед на верата, повторното оживување на нетрпеливоста и на некогашната тиранија го прават едноставно невозможно. И самата помисла дека ваквата состојба за овој век на просветеност би можела да се повтори, на луѓето им изгледа смешна. Вистина е тоа дека ова поколение го осветлува голема духовна, морална и верска светлина. Небесната светлина што блеска од отворените страници на светото Божјо Слово го преплавила светот. Меѓутоа, не треба да се заборави дека доколку е поголема светлината, дотолку се во поголема темнина оние што ја изопачуваат и отфрлуваат.

Проучувањето на Библијата со молитва на протестантите би им го открило вистинскиот карактер на папството, и би ги натерало да се згрозат од него и да го одбегнуваат; но многумина во своите очи се толку мудри, што не чувствуваат потреба во потполност да го бараат Бога за да ги упати на вистината. Иако гордо се фалат со својата просветеност, тие не го познаваат “ниту писмото ниту силата Божја” (Марко 12:24). Тие мораат да имаат нешто со што би ја смириле својата совест, и затоа го бараат она што е најмалку духовно и поради што не мора да се понижат. Тоа што тие го сакаат е да Го заборават Бога, но пред јавноста да важат како оние што постојано Го имаат на ум. Папството е многу погодно да ги задоволи желбите на сите такви. Тоа одговара и на стремежите на оние што сакаат да бидат спасени со своите лични заслуги како и на оние што сакаат да бидат спасени во своите гревови, -опфаќајќи го на тој начин речиси целиот свет. Тука лежи тајната на неговата моќ.

Времето на големата интелектуална темнина се покажало како многу поволно за успехот на папството. Но ќе се покаже дека и времето на големата интелектуална просветеност е исто така поволно за неговиот успех. Во изминатите векови, кога луѓето целосно лишени од Божјото Слово не ја познавале Неговата вистина, нивните очи биле заслепени и илјадници од нив, не гледајќи ги мрежите што им биле поставени, паднале во оваа замка. Во ова поколение има многу од оние чиишто очи се заслепени со блесокот на човечките шпекулации со “лажно нареченото познавање”. Тие не ја забележуваат мрежата и паѓаат во неа како очите да им се врзани. Божјата намера е луѓето своите умни способности како од Него примен дар да ги употребат во служба на правдата и вистината; но кога се негува гордост и амбиција и кога луѓето своите теории ги издигаат над Божјото Слово, тогаш интелигенцијата може да биде повеќе штетна од незнаењето. На овој начин лажната наука на нашето време, “наука” што ја поткопува верата во Библијата, ќе се покаже како успешно средство во подготвувањето на патот за прифаќање на папството во неговиот современ и привлечен облик, исто како што ограничувањето на знаењето во средниот век отворило пат за неговото издигнување.

Во движењата кои во наше време се развиваат во Соединетите Држави, со цел за институциите и обичаите на црквата да се обезбеди поддршка од државата, протестантите одат по стапките на папистите. И повеќе од тоа, тие на папството му ја отвораат вратата за да ја здобие превласта во протестантска Америка што ја загубило во стариот свет. А она што на ова движење му дава уште поголемо значење е токму фактот дека главна цел е да го наметне присилното празнување на неделата - обичај кој потекнува од Рим и кој според неговото сопствено тврдење е знак за неговиот авторитет. Духот на приспособување кон обичаите на овој свет и издигнувањето на човечките преданија над Божјите заповеди, духот што сè повеќе проникнува во протестантските цркви и ги наведува да ја издигаат неделата како што тоа го правело и папството пред нив - е вистинскиот дух на папството.

Ако читателот сака да ги препознае силите и влијанието што ќе се користат во претстојниот судир, треба само да ги проучи записите за средствата што Рим ги употребувал за таа цел во минатите векови. Ако сака да знае како папистите и протестантите заедно ќе постапуваат со оние што ги отфрлуваат нивните догми, само нека погледне каков дух покажувал Рим против саботата и нејзините бранители.

Царските едикти, екуменските собори и црковните одредби поддржани од страна на световните власти, биле скалила со чија помош постепено се искачувал незнабожечкиот празник до почесна положба во христијанскиот свет. Првата јавна мерка за присилното наметнување за празнување на неделата бил Константиновиот закон (321 год. по Христа). Со овој едикт од градските жители се барало да се одмораат во “чесниот ден на сонцето”, но на селаните им било дозволено несметано да ги извршуваат земјоделските работи. Иако празнувањето на неделата всушност е незнабожечка уредба, таа со царски декрет присилно е наметната по нејзиното формално прифаќање од христијанството.

Бидејќи царскиот налог не се покажал доволно силен да го замени Божјиот авторитет, бискупот Еузебиј кој барал наклоност од владетелите и бил голем пријател и ласкавец на Константин, го истакнал тврдењето дека Христос наместо саботата ја вовел неделата. Меѓутоа, во прилог на ова ново учење не било наведено ниту едно единствено сведоштво од Светото писмо. Самиот Еузебиј несакајќи признал дека неговото тврдење е лажно, укажувајќи на вистинските автори на оваа промена. “Сè што требаше да се прави во саботата” кажал тој, “ние го пренесовме на Господовиот ден”, - Роберт Кокс (Cox). Закони за саботата и саботните должности, 558. стр. Но овој аргумент во прилог на неделата, колку и да е без основа му послужил на непријателот да ги охрабри луѓето да ја погазат саботата Господова. Сите кои сакале светот да ги почитува, го прифатиле овој популарен празник.

Кога папството се зацврстило, продолжило издигањето на неделата како празник. Некое време луѓето и во недела, кога не биле во црква, ги извршувале своите земјоделски работи, а саботата сè уште била празнувана како седми ден. Но промената со времето сè повеќе се зацврстувала. На оние кои извршувале црковни должности им било забрането во недела да расправаат за било каков спор помеѓу граѓаните. Наскоро - со закана од парична казна за слободните и казна со камшикување за робовите и слугите - на сите без разлика им било наредено во недела да се воздржуваат од секаква работа. Подоцна бил издаден и декрет богатите за престапувањето на неделата да се казнуваат со одземање на половина од имотот и на крајот, ако останат упорни, да се прогласат за робови. Припадниците на пониските сталежи биле казнувани со доживотно ропство.

И чуда биле повикувани на помош. Меѓу останатото, кажувале дека на еден селанец кој имал намера да ја ора својата нива во недела, во раката му се забило парче железо што морал така да го носи две години “за своја голема болка и срам.” - Ф. Вест, Историја и практична расправа за Господовиот ден, 174. стр.

Подоцна папата наредил парохалниот свештеник да ги предупредува оние што ја престапувале неделата барајќи од нив да одат во црква и да се молат, за да не навлечат некоја голема несреќа на себе и на своите соседи. На еден црковен собор бил истакнат аргумент, кој оттогаш толку често се наведува дури и од страна на протестантите, дека неделата мора да биде ден за одмор наместо саботата, зашто, луѓето што работеле тој ден, наводно, ги удрил гром. “Тоа покажува”, обично нагласувале свештениците, “колку Бог бил незадоволен зошто не го почитувале овој ден.” Бил упатен апел, свештениците, проповедниците, кралевите, кнезовите и сите верници “да вложат крајни напори и грижа за да му се врати честа на овој ден, и во иднина, за доброто на христијанството, да биде поверно празнуван.” - Т. Морер, расправа за името поимот и празнувањето на Господовиот ден, 271. стр.

Кога одлуките на црковните собори ќе се покажеле недоволни, се прибегнувало кон авторитетот на световните владетели, и од нив било барано да издадат едикт кој срцата на луѓето ќе ги исполни со страв и кој ќе ги присили во недела да се воздржуваат од работа. На еден синод одржан во Рим, повторно, и тоа со уште поголема сила и достоинство, се потврдени сите поранешни одлуки во врска со ова. Тие исто така се присоединети кон официјалните црковни закони, и со помош на граѓанските власти со сила наметнати речиси на целото христијанство. - Види: Хејлин (Heylyn) Историја на саботата II т. поглавје, 7. оддел.

Сепак недостатокот од библискиот авторитет за празнувањето на неделата, и покрај сето наведено бил причина за голема забуна. Народот го оспорувал правото на своите учители да ја отфрлат толку јасната и одредената изјава на самиот Јехова: “А седмиот ден е сабота, одмор, свет на Господа” (Излез 31:15), за да го празнуваат денот на сонцето. За да се надополни недостигот од библиски докази било неопходно да се пронајде друг излез. Еден ревен поборник на неделата, кој кон крајот на дванаесеттиот век ги обиколувал црквите во Англија, наишол на силен отпор кај верните сведоци на вистината. Неговите напори биле толку безуспешни, што за некое време заминал од земјата за да пронајде нешто подобро со што би можел да го поткрепи своето учење. Кога се вратил, недостатокот бил потполнет, и тој својата работа ја продолжил со поголем успех, зашто со себе донел еден свиток хартија за кој тврдел дека дошол од самиот Бог, и на кој се наоѓал толку потребниот налог за празнувањето на неделата, како и страшните закани упатени до непокорните. За овој “скапоцен” акт - исто толку беден фалсификат како и самата институција што ја поддржувал - се тврдело дека паднал од небото и дека бил најден во Ерусалим на олтарот на св. Симеон, на Голгота. А всушност папската палата во Рим била изворот од каде потекнувал. Папската хиерархија, во сите времиња, сметала дека измамите и фалсификатите се законски средства кога се користат за да се зголеми силата и напредокот на црквата. Со овој акт се забранува секаква работа од деветтиот час, што значи од три часот во сабота попладне па сè до изгревањето на сонцето во понеделник. Се тврдело дека автентичноста на овој акт е потврден со многу чуда. Се зборувало дека оние што продолжиле да работат и по назначеното време биле парализирани. Еден мелничар што се обидел да сомеле жито, наводно, здогледал како наместо брашно тече крв, а воденичното тркало мирувало, наспроти силната водена струја. Една жена која го ставила тестото во печка, кога го извадила го нашла неиспечено иако печката била загреана. Друга жена пак, која тестото го подготвила во девет часот, но решила да не го пече до понеделник, утредента видела дека божествената сила од тестото направила лебови и ги испекла. Еден човек, кој во саботата во три часот попладне, печел леб, кога следното утро го кршел забележал дека од него тече крв. Со вакви апсурди и празноверни измислувања, поборниците на неделата настојувале да ја докажат нејзината светост. - Види: Роџер Ховеден, Анали, II, 528-530. стр.

Во Шкотска и Англија било постигнато поголемо почитување на неделата, затоа што со неа бил соединет еден дел од библиската сабота. Но времето што требало да се празнува се разликувало од времето што е пропишано во Божјото Слово. Со еден едикт на шкотскиот крал, било наредено “дека саботата треба да се смета за света од дванаесет часот на пладне и дека никој не смее од тој час па се до понеделникот изутрина да извршува световни работи.” - Морер, 290. 291. стр.

Но и покрај сите напори да се утврди светоста на неделата, самите паписти јавно го потврдиле божествениот авторитет на саботата и човечкото потекло на институцијата со која таа била заменета. Во шеснаесеттиот век еден папски собор јасно констатирал: “Нека сите христијани имаат на ум дека седмиот ден е од Бога посветен и дека го прифатиле и празнувале не само Евреите, туку и сите што тврделе дека Го почитуваат Бога; иако ние христијаните, нивната сабота ја променивме во Господовиот ден” - Исто 281-282. стр. На тие што се осмелиле да го променат Божјиот закон, не им бил непознат карактерот на нивното дело. Тие свесно се издигнале над Бога.

Највпечатлива илустрација на римокатоличката политика против оние кои не можеле да се согласат со неа, е дадена во долгите и крвави прогонства на Валденжаните, од кои некои ја празнувале саботата. И многу други на сличен начин страдале поради својата верност кон четвртата заповед. Нарочно во тој поглед е значајна историјата на црквата во Етиопија. Среде темнината на средниот век, светот ги изгубил од вид и заборавил на овие христијани од централна Африка, и така тие со векови уживале слобода на верата. Но Рим најпосле сепак дознал за нивното постоење и владетелот на Абисинија набрзо бил присилен да го признае папата како Христов намесник. Следеле и други отстапки. Бил издаден едикт со кој, под закана на најстрашни казни, било забрането празнувањето на саботата. - (Види: М. Геддес), Историја на црквата во Етиопија 311-312. стр. Папската тиранија наскоро станала толку тежок јарем што Етиопјаните решиле да го симнат од својот врат. По страшните борби, папистите биле протерани од своите имоти, а старата вера повторно била воспоставена. Припадниците на овие цркви пак ја уживале својата слобода и она на што животното искуство ги научило во погледот на измамата, фанатизмот и насилството на Рим, никогаш не го заборавиле. Биле задоволни и понатаму да останат во својата осаменост, непознати за останатиот христијански свет.

Во овие африкански цркви се празнувала саботата, како што се празнувала и во Римокатоличката црква пред нејзиниот целосен отпад. Додека седмиот ден го празнувале во согласност со Божјиот закон, христијаните на африканските цркви се воздржувале од работа и во недела во согласност со обичаите на црквата. Рим, добивајќи ја врховната власт, ја погазил Господовата сабота за да ја извиши својата (денот што Рим го прогласил за свет). Меѓутоа, припадниците на црквите во Африка, речиси илјада години скриени, не учествувале во овој отпад. Кога потпаднале под власта на Рим, биле присилени да ја напуштат вистинската сабота и да ја празнуваат лажната, но откако повторно стекнале независност, пак се вратиле на послушноста на четвртата заповед (види Додаток).

Овие записи од минатото јасно го откриваат непријателството на Рим кон саботата и нејзините поборници, како и средствата со кои се користел за да го наметне со сила почитувањето на институцијата која сам ја воспоставил. Божјото Слово нè учи дека овие сцени ќе се повторат кога католиците и протестантите ќе се здружат да ја издигнат неделата.

Пророштвото во тринаесеттото поглавје на Откровението кажува дека силата прикажана во симболот како ѕвер со рогови како кај јагне ќе направи “сите жители земни” да му се поклонат на папството, кое овде е прикажано во симбол на ѕвер “како леопард.” Ѕверот со два рога, според истото пророштво, ќе им “зборува” на “земните жители да му направат лик на ѕверот”, и повеќе од тоа, тој ќе направи “сите, мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови” да го примат белегот на ѕверот. (Откровение 13:11-16). Веќе е докажано дека ѕверот со “два рога како кај јагне” ја претставува власта на Соединетите Држави и дека ова пророштво ќе се исполни кога Соединетите Држави со сила ќе го изнудат празнувањето на неделата, што Рим го бара како особено признавање на својата врховна власт. Но во ова поданичко укажување на чест и преданост на папството Соединетите Држави нема да бидат осамени. Влијанието на Рим во земјите што некогаш ја признавале неговата доминација уште не е уништено. И пророштвото најавува обновување на неговата сила. “И видов една од неговите глави, како да е смртно ранета, но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета Земја и тргна по ѕверот” (Откровение 13:3). Задобивањето на смртна рана укажува на падот на папството во 1798 год. Потоа пророкот кажува: “Но неговата смртоносна рана беше исцелена. И се зачуди сета земја и тргна по ѕверот.” (Откровение 13:3). Павле јасно истакнува дека “човекот на беззаконието” ќе постои сè до второто Христово доаѓање (2. Солунјаните 2:3, 8). Своето дело на измама тој ќе го продолжи сè до самиот крај на времето на милоста. Писателот на Откровението, мислејќи исто така за папството кажува: “И ќе му се поклонат сите, кои живеат на земјата, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето, заклано од создавањето на светот” (Откровение 13:8). Со признавањето и празнувањето на неделата, што е засновано единствено на авторитетот на Римокатоличката црква, на папството ќе му се укажуваат поданички почести и преданости и во новиот и во стариот свет.

Ова сведоштво истражувачите на пророштвата во Соединетите Држави му го објавуваат на светот уште од средината на деветнаесеттиот век. Во настаните кои токму сега се одигруваат се гледа дека брзо се приближува целосното исполнување на ова пророштво. И протестантските учители тврдат дека празнувањето на неделата се темели на некаков божествен авторитет, иако за тоа немаат никакви докази од Библијата, како што немале ниту папските водачи кога измислувале разни чудеса за да ја заменат Божјата заповед. Тврдењата и заканите дека луѓето поради престапувањето на неделата која е поставена наместо саботата, Бог ќе ги посети со Своите казни, ќе се повторат, тоа веќе почнало да се истакнува, и движењето за присилно наметнување за празнување на неделата сè повеќе зема замав.

Римската црква е чудесна во своите лукавства и препредености. Таа е во состојба да чита што ќе се случи. Гледајќи дека протестантските цркви и укажуваат поданички почести и оддаденост со прифаќањето на лажната сабота и дека се подготвуваат со сила да ја наметнат на светот со истите оние средства со кои и таа самата се служела во минатото, таа мирно го чека својот час. Оние што ја отфрлуваат светлината на вистината, еден ден дури ќе бараат помош од оваа самонаречена непогрешлива сила за да ја издигнат институцијата која токму од неа потекнува. Со какво задоволство таа ќе одговори за да им помогне на протестантите во оваа работа, не е тешко да се претпостави. Кој знае подобро од папските водачи како треба да се постапува со оние што не ја слушаат црквата?

Римокатоличката црква, мошне силно разгранета ширум светот, сочинува огромна организација што се наоѓа под контрола на папската столица и е одредена да и служи на нејзините интереси. Милиони нејзини членови во сите земји на светот се научени дека сите заеднички ги обединува поданичката предаденост и клеветничката приврзаност кон папата. Без оглед на својата националност или општественото уредување на својата земја, тие над сè го уважуваат авторитетот на црквата. Иако и се заколнуваат на граѓанска верност на својата држава, за нив сепак над сè друго е дадениот завет на Рим, кој ги ослободува од секоја заклетва што е спротивна со неговите интереси.

Историјата сведочи за вештите и упорните напори на папството да се вовлече во државните работи, а кога со самото тоа ќе добие потпора да работи на остварување на своите стремежи, дури и по цена на пропаст на владетелите и на народите. Во 1204 година папата Иноцентије III од Арагонскиот крал Петар II ја изнудил следната необична заклетва: “Јас, Петар, Арагонскиот крал, изјавувам и засекогаш ветувам верност и послушност на мојот господар, папата Иноцентије, на неговите католички наследници и на Римската црква, дека верно и предадено ќе го чувам своето кралство во послушност кон него, ќе ја бранам католичката вера, а ќе ја прогонувам еретичката изопаченост.” - Џон Даулинг, Историја на римокатолицизмот, V, 6. поглавје 55. чл. Ова е во целосна согласност со дрското тврдење на римскиот понтифекс дека тој наводно, “има законско право да ги соборува царевите” и дека “може да ги ослободува поданиците од нивните заклетви на верност која ја дале на неправедните владетели.” - Мосхајм, III, 11 век, 2 дел, 2 поглавје, 9 дел, 17 забел. (види Додаток).

Не треба да се заборави дека Рим се фали токму со тоа што никогаш не се менува. Начелата на Гргур VII и на Иночентије III сè уште се начела на Римокатоличката црква. И само кога би имала власт, таа сето тоа би го применувала и денес во својата пракса и тоа со истата жестина како и во минатите векови. Протестантите малку знаат што прават кога со помош на Рим имаат намера да ја издигнат неделата. Додека тие се зафатени со остварувањето на овие свои намери, Рим се стреми единствено кон повторно зацврстување на својата моќ и кон својата изгубена превласт. Нека Соединетите Држави само го усвојат начелото дека црквата може да ја користи или контролира државната власт, дека верските прописи можат да се наметнат со помош на земните закони; накратко, дека авторитетот на црквата и државата може да владее со совеста, и триумфот на Рим во оваа земја ќе биде осигурен.

Божјото Слово ја предупредило оваа протестантска земја на опасноста што и се заканува; ако се отфрли ова предупредување, протестантскиот свет од искуство ќе дознае какви се вистинските намери на Рим, но тогаш ќе биде предоцна да се избегне поставената стапица. Моќта на римокатолицизмот тивко речиси и незабележително расте. Неговите учења имаат големо влијание врз законодавните собранија, врз црквите и врз човечките срца. Тој ја подига својата висока и масивна структура во чиишто тајни скривалишта ќе се повторат неговите поранешни прогонства. Потајно и внимателно тој ги собира и зацврстува своите сили за да ја оствари својата крајна цел кога ќе дојде часот за пресудниот удар. Тој сака само да заземе поповолна положба, а можноста за тоа веќе му е дадена. Ние наскоро ќе видиме и ќе почувствуваме која е намерата на римокатолицизмот. Сите оние што ќе сакаат да му веруваат на Божјото Слово и да го послушаат ќе се изложат на осуда, срамотење и прогонство.