Големата борба помеѓу Христа и сатаната

34. Спиритизам

Службата на светите ангели, како што е прикажана во Светите списи на Божјото Слово, за секој Христов следбеник претставува една од најутешните и најскапоцени вистини. Но библиското учење за овој предмет е изопачено и затемнето со заблудите на популарната теологија. Со учењето за природната бесмртност кое најпрво е позајмено од паганската филозофија, а потоа во мракот на големиот отпад е споено кон христијанската вера, заменета е вистината што толку јасно е истакната во Светото писмо дека “мртвите не знаат ништо.” Илјадници од нив поверувале дека “службените духови што се испратени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението” (Евреите 1:14), всушност се духовите на умрените праведници. Но, тоа потполно е во спротивност со сведоштвото на Светото писмо за постоењето на небесните ангели и на нивната поврзаност со историјата на човекот пред смртта, на кое и да е човечко суштество.

Учењето за човечката свесна состојба и по смртта, особено верувањето дека духовите на покојните се враќаат за да им служaт на живите, му приготвило пат на современиот спиритизам. Ако мртвите се наоѓаат во присуство на Бога и на светите ангели, и имаат далеку поголемо сознание отколку што имале порано, зошто не би се вратиле на оваа Земја да ги просветлуваат и поучуваат живите. Ако духовите на умрените, како што тоа го тврдат популарните теолози, навистина лебдат над своите пријатели и роднини на земјата, зошто не би им било дозволено да се дружат со нив, да ги предупредуваат на злото и да ги тешат во тагите? Како оние кои веруваат дека човекот и по смртта е свесен, можат да го отфрлат она што им доаѓа како божествено просветлување со посредство на овие славни духови? Ете еден од приодите кој обично се смета за светиња, а кој сатаната вешто го користи да ги реализира своите цели. Паднатите ангели кои ги извршуваат неговите налози се појавуваат како гласници од светот на духовите. Додека живите наводно ги поврзува со нивните мртви пријатели, кнезот на злото врши магиско влијание на нивниот ум.

Тој има моќ пред луѓето да ја имитира појавата на нивните мили покојни. Имитацијата е совршена: познатиот изглед, зборовите, тонот на гласот, сето тоа се повторува со извонредна точност. Многумина се тешат со уверувањето дека нивните мили покојници уживаат во небесното блаженство и, не насетувајќи ја опасноста, слушаат “измамливи духови и ѓаволски учења” (1. Тимотеј 4:1).

Кога еднаш се наведени да поверуваат дека мртвите навистина се враќаат да разговараат со нив, тогаш сатаната прави да им се појават оние што во гроб отишле неподготвени. Тие тогаш тврдат дека на небото се мошне среќни и дури дека таму заземаат високи положби; и така на овој начин се шири заблудата дека помеѓу праведните и злите нема никаква разлика. Тие божемни посетители од светот на духовите понекогаш даваат опомени и предупредувања што се покажуваат точни. Но кога благодарение на тоа, ќе се здобијат со доверба, тогаш тие изнесуваат учења што директно ја поткопуваат верата во Светото писмо. Под изговор дека живо се интересираат за благосостојбата на своите пријатели на земјата, им дошепнуваат најопасни заблуди. Фактот дека тие изнесуваат некои вистини и дека понекогаш можат да ги претскажат и идните настани, на нивните изјави им дава изглед на веродостојност; и така многумина подготвено ги прифаќаат нивните лажни учења и во нив веруваат толку слепо како да се најсвети библиски вистини. Божјиот закон се отфрла, Духот на милоста се презира, а крвта на заветот се смета како несвета. Таквите духови го порекнуваат Христовото божество, па дури и самиот Творец го изедначуваат со себе. Така големиот бунтовник, под нова маска ја продолжува својата борба против Бога, што ја започнал на небото и која речиси шест илјади години се продолжува на Земјата.

Многумина настојуваат, спиритистичките манифестации во потполност да ги припишат на измамите и на заслепувачките вештини на самиот медиум. Но, иако е вистина дека маѓепсничките трикови често се подметнуваат како вистински појави, имало извонредни манифестации на натприродни сили. Таинственото тропање со кое почнал модерниот спиритизам, не било дело на магиските вештини или лукавства, туку дело на самите зли ангели кои на овој начин вовеле една од најуспешните измами за да ги упропастат душите. Многумина ќе се фатат во стапица верувајќи дека спиритизмот е обична човечка измама; кога ќе се соочат со појавите што не можат, а да не ги признаат за натприродни, ќе бидат измамени и наведени да ги прифатат како голема Божја сила.

Ваквите луѓе очигледно ги занемаруваат сведоштвата на Светите списи за чудесата направени преку сатаната и неговите агенти. Благодарение на сатанската сила, фараоновите гатачи биле во состојба да го имитираат Божјото дело. Павле сведочи дека пред второто Христово доаѓање ќе има слични манифестации на сатанската сила. На Господовото доаѓање ќе му претходи“... сатанското дејствување, со секаква сила, со знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). А апостол Јован, опишувајќи ја чудотворната сила што ќе се појавува во последните денови, нагласува: “И правеше големи чуда, така што и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. Тој ги заведуваше жителите на земјата со чудата, што му беа дадени да ги прави” (Откровение 13:13, 14). Овде не се претскажани само обични измами. Луѓето ќе бидат измамени со чудесата што сатанските агенти ќе можат навистина да ги прават, а не само да ги имитираат.

Кнезот на темнината, кој на делото на измамата веќе толку време ги посветува сите сили на својот мајсторски ум, вешто ги приспособува своите искушенија кон луѓето од сите сталежи и положби. На угледните и образованите луѓе, тој спиритизмот им го прикажува од неговиот фин и интелектуален аспект, и на тој начин, во својата мрежа успева да привлече многумина. Мудроста што ја дава спиритизмот, според зборовите на апостол Јаков, “не е мудрост, која слегува одозгора, туку е земна, човечка, ѓаволска” (Јаков 3:15). Но големиот измамник сето тоа вешто го крие кога прикривањето може добро да послужи на неговата цел. Оној кој во пустината на искушението се појавил пред Христа во сјај на небесен серафим, и на луѓето им се појавува во најпривлечен облик како ангел на светлината. Тој му апелира на разумот откривајќи му возвишени теми, тој ја воодушевува човечката мечта со величествени сцени, тој придобива наклоност со своите зборови насликувајќи ја љубовта и милосрдието. Тој ги храбри луѓето во своите мечти да се вознесат толку горделиво и за себе и за својата сопствена мудрост да имаат толку високо мислење за во срцето да го презрат Вечниот. Паднатиот непријател кој сè уште располага со таква сила, што и Откупителот на светот го одвел на висока гора и Му ги покажал сите царства од овој свет и сета нивна слава, во состојба е со своите искушенија да излезе и пред луѓето на таков начин со што ќе го изопачи разумот на сите оние кои не се под заштита на божествената сила.

Како што Ева во Едем ја измамил со ласкање, така сатаната и денес ги измамува луѓето разгорувајќи во нив желба за здобивање на забрането знаење, поттикнувајќи во нив честољубив стремеж кон самовозвишување. Со попуштања на овие лоши желби е предизвикано неговото паѓање, и сега тој настојува на тој начин да предизвика пропаст и на човекот. “Па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло” (Битие 3:5). Спиритизмот учи дека “човекот е создание за постојано напредување; дека судбински од раѓањето па сè до вечноста му е предодредено непрекинато напредување со цел приближување на божеството.” Освен тоа тој тврди: “Секој дух ќе си суди самиот себеси, а не друг.” “Судот ќе биде праведен зашто тоа е судење на самиот себеси... Престолот е во самиот тебе.” Еден спиритистички учител, кога во него се разбудила оваа “духовна свест”, викал: “Сите мои ближни се непаднати полубогови.” А друг пак на сличен начин тврди: “Секое праведно и совршено суштество е Христос.”

Така сатаната, наместо правдата и совршенството на вечниот Бог, вистинскиот предмет за почитување и наместо совршената праведност на Неговиот закон, вистинското мерило на човечките достигања, ја поставил грешната и непостојана човечка природа, како исклучителен предмет на почитување, како единствено мерило на праведноста и карактерот. Тоа е напредување, но не напред, туку назад.

Нашите чувства, расположение и став се менуваат според она во што гледаме - тоа е закон на нашата интелектуална и духовна природа. Умот постепено се приспособува на она на што се задржуваат мислите. Ние се изедначуваме со она што по навика го засакуваме или на што му укажуваме почитување. Човекот никогаш не може да се издигне повеќе отколку што е неговото сфаќање за чистотата, добротата и вистината. Ако неговото сопствено “јас” е негов највозвишен идеал, тогаш тој никогаш нема да постигне нешто повозвишено. Напротив, тој ќе паѓа сè пониско и пониско. Божјата милост претставува единствена сила која може да го издигне човекот. Препуштен сам на себе, тој неминовно ќе паѓа сè подлабоко и подлабоко.

На оние што се желни само за уживање и страсти и кои на себе си допуштаат сè, спиритизмот им се јавува во помалку прикриена форма, отколку на оние што се интелектуално воспитани; во неговиот груб облик тие го наоѓаат токму она што е во согласност со нивните наклоности и желби. Сатаната го проучува секој знак на слабост на човечката природа, толку наклонета кон грев; тој на секој поединец посебно му ги бележи гревовите кон кои е наклонет, и тогаш внимава да не ги пропушти добрите можности за да задоволи сечии наклоности кон злото. Тој ги наведува луѓето да претеруваат во она што самото по себе е законско, и со неумереноста да ја ослабнат својата физичка, умна и морална сила. Тој уништил и денес уништува илјадници луѓе по пат на задоволување на ниските страсти, и така човекот го унижува до ниво на она што е животинско. И за да го надополни своето дело, тој преку ваквите духови тврди дека “вистинското познавање го издигнува човекот над сите закони” дека “сè што постои, всушност е исправно”, “дека Бог никого не осудува” и дека “сите гревови што ќе ги направиме се невино нештетни. “Кога луѓето, заведени на овој начин, ќе поверуваат дека желбата е највисок закон, дека слободата значи разврат и дека човекот за своите постапки ќе дава сметка самиот на себе - тогаш дали треба да се чудиме што насекаде владее толкава расипаност и морална изопаченост? Масите жедно го прифаќаат учењето што им дава слобода да ги задоволат сите желби на своето телесно срце. Отфрлајќи секакво самосовладување, луѓето целосно се оддаваат на задоволување на своите желби и страсти, духовните и умните сили им се потчинуваат на животинските инстинкти, а сатаната ликувајќи во својата мрежа ги фаќа оние илјадници што тврдат дека се Христови следбеници.

Меѓутоа, никој не би морал да биде заведен со лажните тврдења на спиритизмот. Бог на светот му дал доволно светлина за да може да ги открие овие стапици. Како што веќе е покажано, теоријата која ја претставува самата основа на спиритизмот е во противречност со најјасното изложување на Светото писмо. Библијата учи дека мртвите не знаат ништо, дека нивните мисли пропаднале, дека немаат ништо заедничко со она што се случува под сонцето, ниту било што знаат за радоста и болките на оние, кои им се најмили на светот.

Освен тоа, Бог изрично забранил секоја божемна врска со духовите на починатите. Меѓу Евреите имало и такви кои слично на денешните спиритисти, тврделе дека одржуваат врска со мртвите. Но “претскажувачките духови” (Дела 16,16), како што се наречени овие наводни посетители од друг свет, во Библијата се прикажуваат како “ѓаволски духови” (спореди со: Броеви 25:1-3; Псалм 106:28; 1. Коринтјаните 10:20; и Откровение 16:14). Одржувањето на врска со ваквите духови е гад пред Господа, и во Неговото Слово се забранува под закана со смртна казна (Левит 19:31, 20, 27). Денес и самиот збор гатање предизвикува општ презир. Тврдењето дека луѓето можат да разговараат со злите духови се смета како приказна од времето на мрачниот среден век. Меѓутоа, спиритизмот кој брои стотици илјади, па дури и милиони приврзаници, кој проникнал дури и во научните кругови, кој се вовлекол и во црквите и наишол на наклоност кај законодавните тела па дури и во дворовите на владетелите - таа мамутска измама е само оживување под нова маска, на она, уште од Стариот завет, осудено и забрането гатање.

И кога не би имало други докази за вистинскиот карактер на спиритизмот, за христијанинот би требало да биде доста тоа што овие духови не прават разлика помеѓу правдата и гревот, помеѓу најчистите и најблагородни Христови апостоли, и најрасипаните сатански слуги. Прикажувајќи ги најрасипаните луѓе, така како по смртта да се наоѓаат на небото и тоа на мошне истакната положба, сатаната му зборува на светот: “Вие колку и да бидете безбожни, верувале во Библијата или не, сето тоа не е важно. Живејте како вам ви се допаѓа; небото е ваша татковина.” Учителите на спиритизмот навистина тврдат: “Сите што прават зло, добро се видени во Господовите очи и таквите Му се мили! Каде е Бог на правдата?” (Малахија 2:17). Но Господ кажува: “Тешко им на оние, што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина” (Исаија 5:20). Овие лажни духови што се јавуваат во вид на “апостоли” му противречат на она што го пишувале апостолите вдахнати со Светиот Дух додека биле на земјата. Тие го порекнуваат божественото потекло на Библијата и така го урнуваат темелот на христијанската надеж и ја гаснат светлината која го покажува патот кон небото. На тој начин сатаната постигнал светот да ја смета Библијата само за измислица или книга која одговарала на времето на детството на човечкиот род, но на која сега треба да се гледа со омаловажување, или како застарена целосно да се отфрли. Во замена за Божјото Слово, тој ги истакнува манифестациите на духот. Тоа е канал кој сосема е под негова контрола, и со чие посредство тој може да ги наведе луѓето да веруваат во она што тој сака. Книгата која го осудува и него и неговите следбеници се фрла во сенка, токму така како што тој и сака; а Спасителот на светот се прикажува како обичен човек. Како што римските стражари кои го чувале Христовиот гроб ја ширеле лагата која во нивните усни ја ставиле свештениците и старешините за да се спротивстават на вистината за Неговото воскресение, исто така и сега приврзаниците на спиритистичките појави настојуваат да создадат впечаток дека во животот на нашиот Спасител нема ништо натприродно. Бидејќи на тој начин Исуса го ставиле во позадина, тие вниманието го свртуваат на своите чуда истакнувајќи дека тие далеку ги надминуваат Христовите дела.

Вистина е дека спиритизмот денес го менува својот облик и скривајќи некои од своите најнеприфатливи црти, прима христијански облик. Но неговите изјави со години истакнувани од говорниците и преку печатот, го откриваат неговиот вистински карактер. Тие учења не можат ниту да се порекнуваат ниту да се скријат.

Дури и во својот сегашен облик, далеку од тоа дека се смета подостоен за толеранција отколку порано, спиритизмот всушност е уште поопасен зашто претставува далеку полукава измама. Додека порано го отфрлувал и Христа и Библијата, сега формално го прифаќа и едното и другото. Но Библијата се толкува на начин што му одговара на непрепороденото срце, додека нејзините најсвети и најважни вистини се сметаат за безвредни. Најмногу се зборува за љубовта и таа се истакнува како главна Божја особина, но е деградирана до разнежнета сентименталност која доброто одвај го разликува од злото. Божјата праведност, Неговото жигосување и осуда на гревот, барањата на Неговиот свет закон - сето тоа се губи од вид. Народот се учи, Десетте Божји заповеди да ги смета за мртво слово на хартија. Пријатните и восхитувачки приказни просто ги освојуваат чувствата и ги наведуваат луѓето да ја отфрлат Библијата како темел на својата вера. Спиритизмот, и во својот нов облик, практично се откажува од Христа како и порано; но сатаната толку ги заслепил очите на народот што не ја забележува измамата.

Малку се оние што имаат вистинска претстава за заведувачката моќ на спиритизмот и за опасноста од паѓање под негово влијание. Многумина се занимаваат со спиритизмот од чиста љубопитност. Тие всушност и не веруваат во тоа и би се згрозиле од страв при самата помисла дека би можеле да паднат под власта на тие духови. Но сепак се осмелуваат да влезат во забранетото подрачје, а силниот непријател го врши своето влијание над нив и против нивната волја. Кога само еднаш ќе бидат наведени својот ум да го потчинат на неговата контрола, тој ќе ги задржи како свои заробеници. Тие не се во состојба со сопствени сили да се оттргнат од неговата заведувачко примамлива волшебна моќ. Ништо освен Божјата сила, која доаѓа како одговор на сесрдната молитва со вера, не може да ги ослободи овие души фатени во стапица.

Сите оние кои им попуштаат на грешните склоности на својот карактер или упорно негуваат некој познат грев, самите се изложуваат на сатанските искушенија. Тие се одделуваат од Бога и од заштитата на Неговите ангели; и кога сатаната ќе им ги сервира своите измами, тие така незаштитени лесно стануваат негов плен. Оние што на овој начин ќе потпаднат под негова власт и не насетуваат каде ќе го завршат својот пат. Кога еднаш ќе успее да ги совлада, искушувачот ќе ги употреби како свои агенти, преку нив да намами и други во пропаст.

Пророкот Исаија кажува: “Ако ви речат: Прашајте ги духовите и оние што пророкуваат за иднината, што шепотат и мрморат, - одговорете: Зар народот не треба да Го праша својот Бог? Зар мртвите се прашуваат за живите? Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив” (Исаија 8,19.20). Кога луѓето би биле подготвени да ја прифатат вистината што се однесува за природата на човекот и за состојбата на мртвите, која Светото писмо толку јасно ја изнесува, тие во тврдењата и манифестацијата на спиритизмот би го препознале “сатанското дејствување, со секаква сила, со знаци и лажни чудеса” (2. Солунјаните 2:9). Но, наместо да ја отфрлат лажната слобода толку мила на телесното срце, и да се откажат од гревот што им станал мил, многумина ги затвораат очите пред светлината и без оглед на предупредувањата продолжуваат по својот пат, додека сатаната ја плете својата мрежа околу нив, и тие стануваат негов сигурен плен. “Затоа што не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат, и затоа Бог ќе им прати сила на заблуда за да поверуваат на лагата” (2. Солунјаните 2:10, 11).

Оние што ќе му се спротивстават на учењето на спиритизмот за противници ќе ги имаат не само луѓето, туку и сатаната и неговите ангели. Тие се впуштаат во војна “против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефесјаните 6:12). Сатаната во таа борба, кога не би бил потиснат со силата на небесните ангели, не би се повлекол ниту за еден палец. Божјиот народ треба да биде во состојба, како што го правел тоа и нашиот Спасител, да го дочека со зборовите: “Напишано е!” Сатаната може и денес, како што го правел тоа и во Христовото време, да го цитира Светото писмо, и при тоа вешто да го изопачи неговото учење за да ги поткрепи своите измами. Оние што сакаат да опстанат во ова време на опасност, мораат добро да го познаваат сведоштвото на Светото писмо.

Многумина ќе бидат соочени со ѓаволските духови, кои земајќи го обликот на нивните драги покојници, ќе им изнесуваат најопасни ереси. Таквите посетители ќе настојуваат да дејствуваат на нашите најнежни чувства и ќе прават чуда за да им дадат посилен доказ на своите тврдења. Затоа мораме да бидеме подготвени да им се спротивставиме со библиската вистина - дека мртвите не знаат ништо, и дека оние што се појавуваат така всушност се ѓаволски духови.

“Часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на Земјата” (Откровение 3:10), е токму пред нас. Сите оние чијашто вера цврсто не е втемелена на Божјото Слово, ќе бидат измамени и совладани. Сатаната се труди “со секакво неправедно измамување” (2. Солунјаните 2:10), целосно да загосподари со човечките синови, и неговите измамувања ќе стануваат се почести и посложени. Но тој, својата цел може да ја оствари само ако човекот доброволно се потчини на неговите искушенија. Оние кои сесрдно го бараат познавањето на вистината и свесно се трудат безусловно и со послушност да ги исчистат своите души, на тој начин, правејќи сè што е во нивна моќ за да се подготват за овој судир, во Бога на вистината ќе најдат сигурна одбрана и заштита, “Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението” (Откровение 3:10), гласи ветувањето на Спасителот. Тој подобро ќе ги испрати сите ангели од небото да го заштитат Неговиот народ, отколку што ќе му дозволи на сатаната да ја совлада било која душа која се надева во Него.

Пророкот Исаија укажува на страшната измама која непокајаните толку ќе ги заслепи што ќе се чувствуваат сигурни не плашејќи се од Божјиот суд ниту од Неговата казна: “Сме склучиле сојуз со смртта, и со пеколот сме направиле договор: кога ќе минува камшикот, кој поразува сè, тој нема да дојде до нас, оти лагата ја направивме наше засолниште и со измама ќе се прикриеме” (Исаија 28:15). Меѓу овде споменатите се вбројуваат и оние што во своето тврдоглаво непокајание се тешат со уверувањето дека за грешникот нема казна, дека сите припадници на човековиот род, колку и да се расипани, во мигот на смртта заминуваат на небото за да станат слични на Божјите ангели. Но уште поодредено се истакнати оние што прават завет со смртта и договор со гробот, кои ги отфрлуваат вистините предвидени од небото за заштита на праведниците во деновите на неволјата, и наместо тоа бараат прибежиште во лагите што им ги нуди сатаната во вид на примамливите измами на спиритизмот.

Несфатлива е и чудна заслепеноста на луѓето на нашето поколение. Илјадници од нив го отфрлуваат Божјото Слово како недостојно за верување, додека ревно и со најголема доверба ја прифаќаат сатанската измама. Скептиците и подбивачите ги обвинуваат како верски закоравеници оние што се борат за верата на пророците и апостолите и се забавуваат со исмевањето на најсвечените изјави на Светото писмо за Христа, за планот на спасението и за казните што ќе ги стигнат сите оние што ја отфрлуваат вистината. Тие изигруваат длабоко сожалување кон луѓето кои, според нивното мислење, се толку ограничени, слаби и празноверни штом ги признаваат Божјите барања и го почитуваат Неговиот закон. Тие покажуваат таква сигурност како навистина да направиле сојуз со смртта и договор со гробот - како да подигнале непреодлива и непробивна ограда меѓу себе и Божјата одмазда. Ништо не може да го разбуди нивниот страв. Во толкава мерка му се предале на сатаната и со него толку тесно се соединиле, и толку се проникнати со неговиот дух, што немаат ниту сила ниту волја да се оттргнат од неговата стапица.

Сатаната веќе одамна се подготвува за својот последен напор - да го измами светот. Темелот на ова свое дело го поставил со уверувањето дадено на Ева уште во Едем: “Не, вие нема да умрете! ... оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како богови и ќе знаете што е добро, а што зло” (Битие 3:4, 5). Малку по малку, тој го подготвил патот за ремек - делото на својата измама во развојот на спиритизмот. Тој сè уште целосно не го постигнал остварувањето на своите намери, но ќе ги оствари во преостанатото време. Пророкот кажува: “И видов... три нечисти духа како жаби. Тоа се ѓаволски духови кои прават чуда, тие одат кај царевите на целиот свет, за да ги соберат за војна во оној голем ден на Бога Седржителот” (Откровение 16:13, 14). Со исклучок на оние кои со Божјата сила, благодарение на верата во Неговото Слово, ќе бидат - сочувани - во оваа измама ќе биде вовлечен целиот свет. Фатени толку цврсто, и успиени во судбоносната сигурност, жителите на светот ќе ги разбуди само изливањето на Божјиот гнев.

Господ Бог кажува: “Ќе поставам суд за мерило и терезија за правдата; градот ќе го истреби засолништето на лагата, и води ќе го потопат местото на заклонот. И сојузот ваш со смртта ќе биде уништен, договорот ваш со пеколот нема да остане. Кога ќе мине камшикот, кој поразува сè, вие ќе бидете згазени” (Исаија 28:17, 18).