Големата борба помеѓу Христа и сатаната

33. Првата голема измама

Своите напори пресметани кон тоа, да го излаже и уништи човечкиот род, сатаната ги започнал уште на самиот почеток на човековата историја. Оној што предизвикал бунт на небото, сакал да ги наведе и жителите на Земјата да му се придружат во борбата против Божјето владеење. Адам и Ева биле совршено среќни додека го држеле Божјиот закон, а тој факт претставува постојано сведоштво против тврдењето што сатаната го истакнувал на небото, дека Божјиот закон е угнетувачки, тежок и спротивен на доброто на Неговите созданија. Освен тоа, сатанската завист уште повеќе била предизвикана кон безгрешната двојка кога го видел прекрасното рајско престојувалиште што Бог го подготвил за нив. Затоа тој решил да го предизвика нивниот пад, за да може кога ќе ги раздели од Бога и кога ќе ги стави под своја власт, да загосподари со оваа земја и тука да го воспостави своето царство наспроти Севишниот.

Сатаната, кога би го открил својот вистински карактер, без сомнение веднаш би бил одбиен, бидејќи Адам и Ева биле предупредени против овој опасен непријател; но тој дејствувал потајно и вешто ја прикривал својата намера за што поуспешно да ја постигне својата цел. Употребувајќи ја змијата како свој медиум, која тогаш била создание со восхитувачки изглед, и се обратил на Ева со прашањето: “Вистина ли е дека Бог рекол да не јадете од ниедно дрво во рајот?” (Битие 3:1). Ева единствено би била сигурна само тогаш кога би се воздржала од било каков разговор со искушувачот; но таа се осмелила да разговара со него и станала жртва на неговото лукавство. На овој начин и многумина денес стануваат победени. Тие се сомневаат во она што Бог го бара и разговараат за тоа, а потоа наместо да им се покорат на божествените заповеди, прифаќаат човечки теории кои не се ништо друго освен маскирани сатански лукавства.

“А жената и рече на змијата: Ние јадеме род од секое дрво во рајот, само од родот на она дрво среде рајот - рече Бог - не јадете и не се допирајте до него, за да не умрете! Тогаш змијата и рече на жената: Не, вие нема да умрете! Бог знае оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите, па ќе станете како Богови и ќе знаете што е добро, а што зло” (Битие 3:2-5). Искушувачот тврдел дека тие ќе станат слични на Бога, дека ќе станат помудри отколку дотогаш и оспособени да се воздигнат на поголем степен на развој. Ева попуштила на искушението, а со посредство на нејзиното влијание и Адам бил наведен на грев. Тие поверувале на зборовите изговорени преку змијата, дека Бог навистина не мисли да го направи тоа што Го рекол, се посомневале во Творецот помислувајќи дека Тој навистина ја ограничува нивната слобода и дека тие со престапувањето на Неговиот закон навистина ќе можат да се издигнат на повисоко ниво и дека ќе станат помудри.

Но што сфатил Адам за значењето на зборовите на Творецот: “Оти оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш”, по своето паѓање во грев? Дали навистина се остварило она во што сатаната го убедувал, дека со престапот ќе се издигне на поголем степен на развој? Во тој случај со престапот навистина многу би се постигнало и сатаната би се докажал како добротвор на нашиот род. Меѓутоа, Адам се осведочил дека тоа не била смислата на божествената изрека. Сега Бог изрично потврдил дека човекот поради направениот грев мора повторно да се врати во земјата од која е земен. “Зашто прав си и во прав ќе се вратиш” (Битие 3:19). Сатанските зборови дека на Адам и на Ева ќе им се “отворат очите” се покажале вистински само во една смисла: - кога ја престапиле Божјата заповед им се отвориле очите само да ја увидат својата лудост, да го запознаат злото и да го вкусат горчливиот плод на својот престап.

Среде Едемската градина се издигало дрвото на животот, чијшто плод имал сила бескрајно да го продолжува животот. Кога Адам би останал послушен на Бога, тој и понатаму би имал слободен пристап кон дрвото и би живеел вечно. Но кога згрешил, повеќе не смеел ниту да вкуси плод од дрвото на животот и така станал подложен на смртта. Божествената пресуда: “Зашто си прав и во прав ќе се вратиш”, укажува на целосно гаснење на животот.

Бесмртноста, што му била првобитно ветена на човекот под услов на послушност, со престапот е загубена. И така Адам според законот на наследството на своето потомство не можел да му го пренесе она што и самиот повеќе го немал. А оттогаш паднатиот човечки род не би имал никаква надеж, ако Бог жртвувајќи Го својот Син, не го направил тоа повторно достапно. Иако “смртта помина на сите луѓе, зашто сите згрешија” (Римјаните 5:12), Христос “Го осветли животот и нераспаѓањето преку Евангелието” (2. Тимотеј 1:10). Значи бесмртноста можеме да ја добиеме само преку заслугите на Христа. Христос рекол: “Кој верува во Синот, има живот вечен; а кој не верува во Синот, нема да види живот” (Јован 3:36). Секој човек може да го добие овој непроценлив благослов, ако ги исполни поставените услови. Сите оние “кои со трпение прават добро и бараат слава, чест и непропадливост”, ќе добијат “живот вечен” (Римјаните 2:7).

Живот во непослушност на Адама му ветувал единствено големиот измамник; а неговите зборови што на Ева и биле пренесени со посредство на змијата уште во Едем -”Не, вие нема да умрете” - ја претставувале првата проповед за бесмртноста на душата. Ова небиблиско учење, иако се темели единствено на сатанскиот авторитет, од сите страни одекнува од таканаречените христијански проповедалници, и мнозинството од човештвото го прифаќа исто така со радост како што било прифатено и од нашите прародители. На божествената пресуда: “Душа, која згрешила, ќе умре” (Езекиел 18:20), и се дава сосема спротивно значење: Душата што ќе згреши нема да умре туку ќе живее вечно. О, колку несфатлива заслепеност која луѓето ги прави толку лековерни кон зборовите на сатаната, а толку недоверливи кон Божјите зборови!

Кога на човекот и по паѓањето би му бил дозволен слободен пристап кон дрвото на животот, тој би продолжил да живее вечно и така би се овековечил и гревот. Но оттогаш херувим со огнен меч бил поставен “да го штити патот, кон дрвото на животот” (Битие 3:24), и на никого од Адамовите потомци не му било дозволено да ја престапи таа граница и да го вкуси животворниот плод на дрвото на животот. Затоа не постои бесмртен грешник.

Меѓутоа, по човековиот пад во грев, сатаната на своите зли ангели им наредил да вложат особени напори да се вреже верувањето во човечката природна бесмртност; а кога луѓето еднаш ја прифатиле оваа заблуда, тогаш биле наведени и на заклучокот дека грешникот вечно ќе живее во пеколните маки. Сега кнезот на темнината, преку своите агенти, го прикажува Бога како одмаздлив тиранин, тврдејќи дека Тој сите оние што не Му се по волја ги фрла во пекол, каде што мораат вечно да го поднесуваат Неговиот гнев; и додека тие трпат неискажливи маки и се превиваат од болка во вечниот оган, нивниот Творец наводно, гледа одозгора на нив полн со задоволство.

На овој начин, архинепријателот му ги припишува на Творецот и на Добротворот на човечкиот род токму оние особини што го обележуваат него самиот. Свирепоста е сатанска особина. Бог е љубов и сè што создал било чисто, свето и милно, се додека првиот голем бунтовник не го предизвикал гревот. Самиот сатана е непријател кој човекот прво го наведува на грев, а потоа гледа да го уништи; и кога ќе биде сигурен во својата жртва, тој тогаш се радува на пропаста што ја предизвикал. Кога би му било дозволено, тој целиот човечки род би го зграпчил во својата мрежа. Да не би била божествената интервенција, ниеден син или ќерка на Адам и Ева не би можеле да му побегнат.

И денес сатаната се труди на истиот начин да ги совлада луѓето како што ги совладал нашите први родители поткопувајќи ја нивната доверба во Творецот и поттикнувајќи ги да се сомневаат во мудроста на Неговото владеење и во праведноста на Неговиот закон. Сатаната и неговите пратеници, за да ја оправдаат својата злоба и бунтовност, го покажуваат Бога дури и полош отколку што се тие самите. Големиот измамник настојува својот грозен и свиреп карактер да го припише на нашиот небесен Татко, а себеси да се прикаже како суштество на кое со отфрлувањето од небото му е направена голема неправда, зашто не сакал да се покори на еден толку неправеден властодржец. Тој пред сите жители на светот ја истакнува слободата која можат да ја уживаат под неговото благо владеење наспроти ропството што го наметнуваат строгите прописи на Јехова. На овој начин успева да ги одврати душите од нивната законита верност на Бога.

Колку е одвратно и спротивно на секое чувство на љубов и милосрдие, па дури и на нашата смисла за праведност, учењето дека умрените грешници се мачат со оган и сулфур во вечно вжарениот пекол; и дека поради направените гревови во еден толку краток земен живот, мораат да се мачат сè додека постои Бог! А сепак тоа учење толку многу се проповедало, и уште денес го присвојуваат многу христијански вери. Еден истакнат доктор по теологија рекол: “Погледот на пеколните маки ќе ја зголемува среќата и блаженството на светите низ сите векови. Набљудувајќи ги другите, кои се со иста природа како и тие родени под исти околности, фрлени во таква стравотија, а тие толку високо почестени, ќе сфатат колку се среќни.” Друг пак, за истото тоа рекол: “Додека осудата на вечното проклетство ќе се извршува над оние што го заслужиле гневот, чадот од нивното мачење вечно ќе се издигнува пред очите на наследниците на милоста, кои наместо да сочувствуваат со овие несреќници, ќе ги изговараат зборовите: “Амин, Алилуја! Фалете го Господа!”

Каде на страниците на Божјото Слово може да се најде такво учење? Зар спасените на небото ќе бидат лишени од секое чувство на сомилост и сожалување, дури и од чувствата на обичната човечност? Зар овие чувства ќе бидат заменети со рамнодушноста на стотиците или со свирепоста на дивјаците? - Не, не! Тоа не е учење на Божјата книга. Оние што ги истакнале овде цитираните ставови можат да бидат учени, па дури и искрени луѓе, но тие се заведени со измамливите заклучоци на сатаната. Тој ги поттикнува силните изрази на Светото писмо да ги сфатат погрешно и потоа да ги конструираат и обојат со таква горчина и злоба за повеќе да му одговараат на сатаната отколку на нашиот Творец. “Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израелев?” (Езекиел 33:11).

Каква корист би имал Бог ако го прифатиме тврдењето дека Тој се насладува гледајќи ги вечните маки, дека ужива во воздивнувањата, во врисоците и во преколнувањето на созданијата кои се мачат, што наводно ги држи затворени во пеколниот оган? Зарем овие страшни пискотници можат да бидат музика во ушите на Неизмерната љубов? Се истакнува дека во бескрајното мачење на непокајаните се покажува Божјата омраза кон гревот, како зло што го нарушило мирот и поредокот во вселената. О, колку страшно богохулство! Како Божјата омраза кон гревот да е причина тој да се овековечи. Според учењето на таквите теолози, вечните маки без никаква надеж на милост го распалуваат гневот на своите жртви до лудило, а бидејќи тие тој свој бес го изливаат во клетви и богохулство, со тоа наводно постојано го зголемуваат товарот на својата вина. Како Божјата слава да се воздигнува со ова постојано зголемување на гревот во текот на бескрајните времиња на вечноста.

Човечкиот ум не е во можност да ја процени сета тежина на злото која е предизвикана со небиблиското учење за вечните маки во пеколот. Библиската вера, полна со љубов и добрина и богата со милосрдие, на овој начин е помрачена со суеверие и облечена во страв и ужас. Кога ќе помислиме со какви с# лажни бои сатаната го насликал Божјиот карактер, зарем тогаш да се чудиме што името на нашиот милостив Творец во срцата на луѓето предизвикува чувство на страв и ужас, па дури и омраза? Застрашувачките претстави и поими за Бога, што со официјалното учење од проповедалниците се шири по светот, создале илјадници, па дури и милиони скептици и неверници.

Теоријата за вечните маки, е едно од лажните учења што го сочинуваат виното на грозомората на духовниот Вавилон, со кое тој ги опива сите народи (Откровение 14:8; 17:2). Како можеле и протестантските проповедници да ја прифатат оваа ерес и да ја проповедаат од посветените проповедалници, тоа навистина е тајна! Тие ја добиле од Рим, исто како и променетиот ден на седмичниот одмор. Навистина, тоа го проповедале добри луѓе, но светлината за овој предмет каква што ние денес ја имаме не допрела до нив. Тие биле одговорни само за онаа светлина што блескала во нивното време, а ние ќе мораме да положиме сметка за онаа што свети во нашите денови. Ако затворајќи ги очите пред сведоштвата на Божјото Слово, прифатиме лажни учења само затоа што така учеле и нашите татковци, тогаш паѓаме под осудата што е изречена над Вавилон, пиеме од виното на неговата гнасотија и нечистотија.

Голем број на оние на кои учењето за вечните маки им е одвратно паѓаат во друга заблуда. Тие гледаат дека Светото писмо го прикажува Бога како суштество полно со љубов и сомилост и не можат да веруваат дека Тој Своите созданија ќе ги предаде на огнот во вечно вжарениот пекол. Но верувајќи дека душата по природа е бесмртна, тие не можат да заклучат друго освен дека на крајот сите луѓе ќе бидат спасени. Многумина сметаат дека заканите што се дадени во Библијата се пресметани само за луѓето да ги придобијат со страв на послушност, а не дословно да бидат извршени. На овој начин грешникот може мирно да живее во себични задоволства и да ги презира Божјите барања, па сепак да очекува дека на крајот ќе го прими Неговото одобрување и милост. Таквото учење претерано ја истакнува Божјата милост, а ја занемарува Неговата праведност, му се допаѓа на телесното срце и ги охрабрува безбожниците во нивното беззаконие.

За да се покаже како тие, што веруваат дека целиот свет ќе биде спасен, го извртуваат Светото писмо за да ги поткрепат своите убиствени догми, доволно е само да се цитираат некои нивни изјави. На погребот на едно нерелигиозно момче кое загинало во некој несреќен случај, проповедникот приврзаник на универзалистичкото сфаќање го прочитал библискиот запис кој се однесува на Давида: “Зашто се утеши поради смртта на Амнона” (2 Самулова 13:39).

“Често ме прашуваат”, рекол говорникот, “каква ќе биде судбината на оние кои од овој свет заминуваат во гревови и можеби умираат во состојба на пијанство, кои и во гроб ги спуштаат со црвени дамки на злосторствата што уште не се испрани од нивните облеки или ќе загинат како овој млад човек, а притоа никогаш не прифатиле некоја вероисповед, ниту ја почувствувале благодатта што ја донесува верата. Ние се задоволуваме со одговорот на Светите списи кои даваат решение за овој тежок проблем. Амнон направил исклучително тежок грев; така непокајан уште бил и пијан и во состојба на пијанство бил и убиен. Давид бил Божји пророк, тој морал да знае дали на Амнона на другиот свет ќе му биде добро или лошо. На кој начин тој тогаш го изразил она што му било во срцето? “И душата на царот Давид копнееше по Авесалома, зашто се утеши за Амноновата смрт “ (стих 39).

“И каков е тогаш заклучокот што од ова можеме да го изведеме? Зар не е тој дека вечното мачење во пеколот не претставувало дел на неговото верување. Така мислиме и ние, и тука победоносно откриваме успешен аргумент во корист на попријатните, попросветените и поблагородните хипотези за крајната универзална чистота и траен мир. Давид се утешил, откако видел дека неговиот син бил мртов. А зошто? - Затоа што гледајќи со пророчко око во прекрасната иднина, можел и својот син да го види оддалечен од сите искушенија, ослободен од оковите на одвратниот порок и исчистен од расипаноста на гревот, а откако доволно ќе се исчисти и просветли, примен во збирот на вознесените и среќни духови. Неговата единствена утеха била во тоа што неговиот сакан син од сегашната состојба на страдање и грев е пренесен таму, каде што највозвишеното влијание на Светиот Дух ќе се влева во неговата затемнета душа, каде што неговиот ум ќе се развива под влијание на небесната мудрост и на слаткиот занес на бесмртната љубов и на овој начин, станувајќи свет, ќе може да ужива мир и друштво на наследници на небесното блаженство”.

“Во поглед на ова, за да можеме да бидеме сфатени, ние веруваме дека блаженството на небото не зависи од ништо што можеме да направиме во овој живот, ниту од некоја сегашна промена на срцето, ниту пак од нашето сегашно верување или од вероисповедта на која и припаѓаме.”

Така овој таканаречен Христов проповедник ја повторува лагата која сатаната ја изговорил преку змијата уште во Едем: “Не, вие нема да умрете!... оти оној ден кога ќе вкусите од него, ќе ви се отворат очите па ќе станете како богови.” Тој тврди дека и најлошиот грешник - убиец, крадец и прељубодеец - ќе биде подготвен по смртта да влезе во бесмртно блаженство.

А од што овој заговорник на извртувањето на Светото писмо ги изведува своите заклучоци? Од една единствена реченица која ја изразува Давидовата покорност на волјата на Провидението. Неговата душа “копнееше по Авесалома, зашто се утеши за Амноновата смрт.” Бидејќи острината на неговата болка со текот на времето била ублажена, неговите мисли од мртвиот син се обратиле кон живиот, кој од страв пред праведната казна за злосторството што го направил избрал доброволно прогонство. И тоа за луѓето со такво сфаќање претставува доказ дека блудниот и пијан Амнон веднаш по смртта е пренесен во престојувалиштето на блаженството, за таму да се исчисти и подготви за заедница со безгрешните ангели! Приказната навистина е пријатна, добро пресметана да го задоволи телесното срце! Тоа учење е сатанско и дејствува мошне успешно. Зар тогаш да се чудиме што со таквото учење расте и неморалот и порокот од секој вид?

Постапката на овој лажен учител ги илустрира постапките и на многу други. Неколку зборови земени од Светото писмо се изделуваат од нивниот контекст кој во многу случаи би покажал дека нивната смисла е наполно спротивна на толкувањето што инаку им се дава, и така испрекинатите и неповрзани мисли се извртуваат и употребуваат како доказ за учења кои немаат никаква основа во Божјото Слово. Овде наведеното сведоштво како доказ дека пијаниот Амнон се наоѓа во небото е заклучок кој е во директна спротивност со јасното и одредено излагање на Светото писмо, дека “ни пијаниците... нема да го наследат царството Божјо” (1 Коринтјаните 6:10). На таков начин неверниците, скептиците и неупатените ја претвораат вистината во лага. И многумина, измамени од нивните лукаво смислени но измамливи заклучоци, се успиват во лулката на телесната сигурност.

Кога би било вистина дека душите на сите луѓе во мигот на смртта веднаш заминуваат на небото, тогаш смртта повеќе би била посакувана отколку животот. Многумина, заведени со ваквото верување, самите себеси си го одземаат животот. Кога ќе ги совладаат немири, неприлики и разочарувања, им се чини полесно да ја прекинат слабата нишка на животот и да се вивнат во блаженството на вечниот свет.

Бог во Своето Слово дал несоборливи докази дека ќе ги казни престапниците на Својот закон. Оние што себеси си ласкаат дека Тој е премногу милостив за над грешникот да ја изврши правдата, треба само да погледнат на крстот на Голгота. Смртта на безгрешниот Божји Син претставува најубедливо сведоштво дека “платата што ја дава гревот е смрт”, и дека секој престап на Божјиот закон мора праведно да биде казнет. Со Христа кој немал грев се постапувало како со грешник поради човекот. Вината што ја примил на себе поради престапот, го скрила лицето на Отецот од Него сè додека Неговото срце не се скршило и животот во Него не згаснал. Сето тоа морало да биде жртвувано за грешникот да може да биде откупен. На ниеден друг начин човекот не можел да биде ослободен од казната за направениот грев. И секоја душа што ќе одбие да има удел во толку скапо платеното помирување, ќе мора сама да ја сноси вината и казната за престапот.

Да погледнеме понатаму што ни зборува Библијата за непобожните и непокајаните кои овој универзалист ги сместува на небото како свети и среќни ангели.

“На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум” (Откровение 21:6). Ова ветување важи само за оние кои навистина се жедни за тоа. Само оние што чувствуваат потреба за вода на животот и ја бараат, ќе ја добијат. “Кој победува, ќе наследи сè, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син” (Откровение 21:7). И овде исто така се поставени услови. За да можеме да наследиме сè, мораме да му се спротивставиме на гревот и да го победиме.

Господ преку пророкот Исаија кажува: “Кажете му на праведникот: Блазе му, зашто тој ќе ги јаде плодовите на делата свои; а на беззаконикот - тешко нему, оти ќе има отплата за делата на рацете свои” (Исаија 3,10.11). “Иако некој грешник врши стопати зло, судот му се одолжува; но јас сепак знам”, кажува проповедникот, “дека ќе им биде добро само на оние, што се бојат од Бога, кои имаат страв пред лицето Негово; а за нечесниот нема да има добро” (Проповедник 8:12, 13). А Павле сведочи дека грешникот самиот себеси си собира “гнев врз себе, за денот на гневот и на откривањето на праведниот Божји суд, Кој ќе му даде секому според неговите дела”, “а на оние, кои се противат и не и се покоруваат на вистината, а се покоруваат на неправдата - гнев и јарост” (Римјаните 2:5, 6, 8).

“Ниеден блудник, ниеден нечист, ниеден лакомец - кој е идолопоколник - нема наследство во Христовото и Божјото царство” (Ефесјаните 5:5). “Грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа” (Евреите 12:14). “Блажени се оние, што ги исполнуваат заповедите Негови, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата и вражалците, и блудниците и убијците, и идолопоклониците и секој, кој ја сака лагата и лаже” (Откровение 22:14, 15).

За да им го открие, на луѓето, Својот карактер и начинот на Своето постапување со гревот, Тој самиот за себе рекол: “Господ, Господ! Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински, им укажува милост на илјадници, простува опакост, грев и престап, но не остава неказнет виновник” (Излез 34:6, 7). “Господ ги пази сите оние, кои Го сакаат, а сите грешници ќе ги истреби.” “А безбожниците сите ќе бидат истребени, нивното наследство ќе се затре” (Псалм 145:20; 37, 38). Силата и авторитетот на божественото владеење на крајот ќе бидат употребени за да го згаснат бунтот засекогаш; но сепак сите манифестации во извршувањето на праведно изречените казни ќе бидат во потполна согласност со карактерот на Оној кој е милостив, бавен на гнев и полн со добрина.

Бог не врши никаков притисок на волјата или расудувањето. Тој не наоѓа задоволство во ропската послушност. Тој сака луѓето како созданија на Неговите раце да Го сакаат, зашто е достоен за љубов, и да Го слушаат, затоа што навистина се осведочени и знаат да ја ценат Неговата мудрост, праведност и човекољубие. И сите оние што имаат правилна претстава за овие особини ќе Го љубат затоа што ги привлекува убавината на Неговиот карактер.

Начелата на љубезноста, милоста и љубовта, како што ги проповедал и со пример ги покажувал нашиот Спасител се слика на Божјата волја и на Неговиот карактер. Христос рекол дека Тој не проповеда ништо друго освен она што го примил од Својот Отец. Начелата на божественото владеење се во целосна согласност со налогот на Спасителот: “Љубете ги своите непријатели.” Својата правда над непокајаните Бог ја извршува за доброто на вселената, па дури и за доброто на оние што ги посетува со Своите судови. Тој со задоволство би ги усреќил кога би можел да го направи тоа во согласност со законите на Своето владеење и со правдата на Својот карактер. Тој ги опкружува со знаци на Својата љубов, им дава можност да го запознаат Неговиот закон и ги придружува со понудите на Својата милост; но тие ја презираат Неговата љубов, го газат Неговиот закон и ја отфрлаат Неговата милост. Иако постојано ги примаат Неговите дарови, тие го обесчестуваат својот Дарител; тие Го мразат Бога зашто знаат дека Тој со гнасење гледа на нивните гревови. Господ долго ја трпи нивната изопаченост, но на крајот неизбежно ќе дојде решителниот час, кога нивната судбина ќе биде решена. Ќе сака ли тогаш Тој овие бунтовници, како со некои ропски синџири, со сила да ги приврзе за себе? Дали ќе ги присили да бидат на Негова страна и да ја творат Неговата волја?

Оние што го избрале сатаната за свој водач и се наоѓаат под контрола на неговата власт, не се подготвени да бидат во Божјо присуство. Горделивост, измама, разврат и свирепост, сето тоа се вкоренило и развило во нивниот карактер. Можат ли таквите да влезат во небото и вечно да живеат со оние што ги мразеле и презирале на Земјата? Вистината никогаш нема да му биде пријатна на лажливецот; кроткоста никогаш нема да ги задоволи вообразените и гордите; чистотата не му е угодна на расипаниот, а несебичната љубов никогаш не му е привлечна на себичниот. Каков извор на радост и уживање би можело да биде небото за оние што целосно се обземени со земните и себични интереси?

Кога оние кои целиот свој живот го поминале во побуна против Бога, одеднаш би биле пренесени на небото да бидат очевидци на возвишената светост и на совршенството кое таму вечно владее - кога би виделе дека секоја душа е полна со љубов и како секое лице покажува радост; како мелодичните акорди на прекрасната музика се издигаат во чест на Бога и Јагнето, а зраци на светлина од лицето на Оној што седи на престолот, постојано како сонцето ги осветлува откупените - зарем оние чиишто срца се преполни со омраза кон Бога, кон вистината и светоста, би можеле да се помешаат со милионите небесни суштества и да се придружат на нивните песни на благодарност и слава? Зарем тие би можеле да го поднесат таквото оддавање на слава на Бога и Јагнето? Не, не! Ним во овој живот им биле дадени години на милост за да го развијат својот карактер за небото, но тие својот ум никогаш не го навикнувале да ја сака чистотата; никогаш не го чуле небесниот јазик, а сега е предоцна. Животот во честа буна против Бога, ги направил неспособни за небото. Неговата чистота, светост и мир за нив би преставувало само мачење, а Божјата слава за нив би била како оган што проголтува. Тие би копнееле да побегнат од тоа свето место. За нив дури и уништувањето повеќе би било пожелно, само кога би можеле да се скријат пред лицето на Оној кој умрел на крстот поради нивниот откуп. Судбината на непокајаните е запечатена по нивен личен избор. Нивното исклучување од небото е токму она што тие самите го сакаат, а од страна на Бога е праведно и милосрдно.

Како што водата на потопот во времето на Ное, така и огнот во големиот ден ќе ја потврди Божјата пресуда дека непокајаните грешници навистина се непоправливи. Тие целосно се ненаклонети да се потчинат на Божјиот авторитет. На нив револтот, со често повторување, им поминал во навика; и кога нивниот живот ќе се заврши, предоцна е текот на нивните мисли да се насочи во спротивна насока, предоцна е од престапот да се свртат кон послушноста и од омразата кон љубовта.

Поштедувајќи му го животот на братоубиствениот Каин, Бог на светот му дал очигледен пример што би се случило кога на грешникот би му било дозволено да го продолжи животот во незауздано беззаконие. Под влијание на Каиновото учење и примерот, огромно мноштво на негови потомци биле наведени на грев: “И виде Господ Бод дека лошотиите меѓу луѓето на земјата се големи, и дека сите мисли и помисли во срцата нивни беа зли во секое време.” “А земјата се израсипа пред лицето на Бога, и се исполни со неправда” (Битие 6:5, 11).

Од милост кон светот, Бог со потоп, во времето на Ное, ги избришал од земјата нејзините расипани и кон покајание ненаклонети жители. Од милост ги уништил порочните жители на Содом. Благодарение на сатанската измамничка сила, оние што прават беззаконие ја придобиваат наклоноста и восхитта на останатите и така постојано ги наведуваат и другите на побуна против Бога и Неговите закони. Така било во деновите на Каин и Ное, така во времето на Аврама и Лот; исто така е и во нашите денови. За да ја сочува среќата и благодатта на вселената, Бог на крајот ќе ги уништи оние што упорно ја отфрлуваат Неговата милост.

“Оти, платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен во Христа Исуса, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Додека животот е наследство на праведниците, смртта е дел и плата на непокајаните. Мојсеј му рекол на Израел: “Гледај! Денес ставам пред тебе: живот и среќа, смрт и несреќа” (Второзаконие 30:15). Смртта на која се однесува оваа библиска мисла не е онаа смрт што е изречена над Адама, и на која, како казна поради неговиот престап се подложни сите луѓе. Тоа е “втората смрт” (Откровение 20:6) која се истакнува како спротивност на вечниот живот.

Смртта, како последица на Адамовиот грев, е пренесена на целиот човечки род. Сите без разлика одат во гроб. А благодарение на можноста предвидена во планот на спасението, сите повторно ќе излезат од своите гробови. Зашто навистина “ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните” (Дела 24:15). “И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат” (1 Коринтјаните 15:22). Но помеѓу двата вида на воскреснати ќе постои суштинска разлика, “Иде часот кога сите, што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат: кои правеле добро - ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување” (Јован 5:28, 29). Оние што се удостоиле за живот ќе бидат “блажени и свети.” “Над нив втората смрт нема власт” (Откровение 20:6). Додека, напротив, оние што со покајание и вера не измолиле простување, ќе мора да примат казна за престапот - смртта која е “плата за гревот.” Оваа казна различна според траење и јачина, која дефинитивно ќе се заврши со втората смрт, тие ќе ја поднесат “според делата свои.” Бидејќи Бог, доследен на својата правда и милост, не може да го спаси грешникот во неговите гревови, Тој ќе го лиши од постоењето кое со својот престап го проиграл и за кое се покажал недостоен. Еден вдахновен писател кажува: “Уште малку и ќе го снема безбожникот, ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема” (Псалм 37:10). А друг пак кажува: “И ќе бидат како никогаш да не биле” (Авдија 16). Покриени со злогласен срам на гревот, ќе се изгубат во безнадежноста на вечното заборавање.

Така гревот најпосле ќе биде уништен со сите страдања и пропаста што ја предизвикал. Псалмистот кажува: “Ги изобличи народите, ги истреби нечесните, им го избриша името, за вечни векови” (Псалм 9:5). А Јован во Откровението, гледајќи во иднината на среќната вечност, ја слушнал сеопштата песна на благодарност и радост што не ја нарушува ниедна нота на дисхармонија. Тој слушнал како секое создание и на небото и на Земјата му оддава благодарност и слава на Бога (Откровение 5:13). Значи нема да има изгубени што би хулеле на Бога, превиткувајќи се во вечните маки; ниту пак несреќни суштества во пеколот кои своите страшни извици би ги помешале со песните на спасените.

Учењето за свесната состојба на умрените се засновува на големата и основна заблуда за природната бесмртност на душата - заблуда која како и онаа за вечните маки, се противи на учењето на Светото писмо, на логиката на здравиот разум и на нашите чувства на хуманост. Според верувањето мошне распространето и кај народот омилено, спасените на небото се запознаени со сè што се случува на земјата, а особено со животот на пријателите и роднините што ги оставиле зад себе. Меѓутоа, каков извор на радост и блаженство за умрените би било сознанието дека нивните мили што живеат на земјата страдаат, се мачат, дека грешат, дека ги поднесуваат сите земни маки, разочарувањата и стравот на овој живот? Колкаво небесно блаженство и среќа би можеле да уживаат оние што постојано би лебделе над своите пријатели и роднини на земјата? А колку е само одвратно верувањето дека душата на непокајаниот штом тој ќе престане да диши се испраќа во пламенот на пеколот? Колкав страв и ужас мора да ги опфаќа оние што ги гледаат своите смртници како неподготвени заминуваат в гроб за да влезат во вечноста на мака и грев! Овие мачни и раскинувачки мисли многумина ги доведуваат до лудило.

Што, за овие прашања, кажуваат Светите списи на Библијата? Давид вели дека човекот кога ќе умре за ништо повеќе не е свесен: “Излегува духот негов, и тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли” (Псалм 146:4). Соломон дава слично сведоштво: “Живите знаат дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда, зашто и споменот за нив е предаден на заборавот, и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале, и ќе немаат дел довека во ништо, што станува под сонцето.” “Зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост” (Проповедник 9:5, 6, 10).

Кога на царот Езекија, на негова молба, животот му бил продолжен за петнаесет години, тој му оддавал благодарност на Бога за Неговата голема милост. Во својата среќна песна тој ги изнесува причините за својата благодарност и радост: “Зашто не пеколот Тебе Те слави, не смртта Тебе Те восфалува, не слезените во гроб се надеваат на Твојата вистина. Живите, само живите, ќе Те прослават, како јас сега” (Исаија 38:18,19). Популарната теологија учи дека умрените праведници се наоѓаат на небото, каде што во блаженство го слават Бога со бесмртен јазик; но Езекија во смртта не гледал толку величествена перспектива. Неговите зборови се согласуваат со сведоштвото на псалмистот: “Мртвите не те споменуваат Тебе; во пеколот кој ќе Те слави Тебе?” “Не, мртвите не Го фалат Господа, никој од оние, што слегоа во тишина” (Псалм 6:5; 115:17).

Петар на големиот ден на Педесетница слободно рекол: “за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден.” “Оти Давид не отиде на небесата” (Дела 2:29, 34). Фактот, дека Давид останува во гробот сè до денот на воскресението, докажува дека праведниците во мигот на својата смрт не заминуваат на небото. Дури по воскресението, и само благодарение на фактот дека Христос станал од мртвите, Давид конечно ќе може да седне од десната страна на Бога.

Павле рекол: “Ако мртвите не воскреснуваат, ни Христос не воскреснал. А ако Христос не воскреснал, суетна е вашата вера; вие сте уште во вашите гревови. Тогаш и оние, кои умреле во Христа, загинале” (1. Коринтјаните 15:16-18). Кога во претходните четири илјади години праведниците би оделе на небото веднаш во мигот на смртта, како тогаш Павле би можел да каже дека ако нема воскресение тогаш и “оние што умреле во Христа, загинале?” Тогаш воскресението воопшто не би било потребно.

Маченикот Тиндел за состојбата на мртвите рекол: “Јас отворено признавам дека не сум уверен дека тие веќе живеат во славата во која живее Христос или од Бога избраните ангели. Јас во тоа не верувам; зашто ако тоа би било така, тогаш сметам дека проповедањето за воскресението на телото би било бесмислено.” - W. Tyndale, Предговор на Новиот завет издание 1534.

Непобитен е фактот дека надежта во вечното блаженство во моментот на смртта, довела до општо занемарување на библиското учење за воскресението. Ова го забележал и д-р Адам Кларк, кој рекол: “Се чини дека првите христијани науката за воскресението ја сметале за многу поважна отколку што тоа е случај денес! Како тоа? Апостолите постојано ја нагласувале и на тој начин постојано ги поттикнувале Христовите следбеници на трудољубивост, послушност и ведрина. А нивните наследници денес ретко кога ја споменуваат! Така проповедале апостолите; така верувале првите христијани; така проповедаме и ние, а така веруваат и нашите слушатели. Во Евангелието нема учење кое би било поистакнато нагласено од ова; а во сегашниот систем на проповедање, нема учење кое е толку занемарено!” - Коментар на Н. Завет, статија за 1. Коринтјаните 15.

Ова е продолжувано сè дотаму додека славната вистина за воскресението сосема не потемнела и христијанскиот свет речиси сосема ја изгубил од вид. Еден од водечките верски писатели во своите коментари на Павловите зборови запишани во Првото послание до Солунјаните 4:13-18 кажува: “Во сосема практична цел за утеха, учењето за блажената бесмртност на праведниците ја заменува за нас сомнителната и несигурна наука за второто Христово доаѓање. Во моментот на нашата смрт Господ доаѓа по нас. Тоа е она што ние треба да го чекаме и поради што треба да стражариме. Мртвите веќе ја наследиле славата. Тие не чекаат на Божјата труба и на гласот на Архангелот за да го примат својот суд и блаженството.”

Меѓутоа, пред самата разделба со Своите ученици, Христос не им рекол дека тие наскоро ќе дојдат кај Него; туку особено нагласил: “Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земем вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас” (Јован 14:2, 3). А покрај тоа и Павле ни сведочи дека: “Сам Господ со заповед, со глас на Архангел и со труба Божја, ќе слезе од небото, и најнапред ќе воскреснат мртвите во Христа; а потоа, ние, што сме останале живи, заедно со нив ќе бидеме грабнати на облаците, за да се сретнеме со Господа во воздухот, и така секогаш ќе бидеме со Господа. “И потоа додава: “Затоа утешувајте се еден друг со тие зборови” (1. Солунјаните 4:16-18). Колку е огромна разликата помеѓу овие зборови на утеха и оние претходно цитираните на проповедникот со универзалистичко сфаќање што ги рекол на гробот на несреќно загинатиот неверник! Тој жалосните пријатели и роднини ги тешел со уверување дека загинатиот колку и да бил грешен, штом издивнал бил примен меѓу ангелите. Додека Павле на своите браќа им укажува на второто Христово доаѓање, кога оковите на гробот ќе бидат раскинати и кога само “мртвите во Христа” ќе станат за вечен живот.

Пред некој да може да стапи во становите на блаженството, неговиот случај мора да биде испитан, а неговиот карактер и неговите дела мораат да дојдат на испит пред Бога. На секого ќе му се суди според она што за него е запишано во книгите и секој праведно ќе прими според “делата негови”. Овој суд не се врши во мигот на смртта. Да обрнеме внимание на Павловите зборови: “Зашто определил ден, кога ќе му суди праведно на целиот свет, преку Човекот Кого Го определил за тоа: давајќи им на сите уверување со тоа што го воскресна од мртвите” (Дела 17:31). Овде апостолот јасно зборува дека за судењето на светот е одредено посебно време кое тогаш било во иднината.

Јудиното сведоштво се однесува на истиот период: “Ангелите, пак, што не се покоруваа на своето началство, и го напуштија своето живеалиште, ги стави во вечни окови, во мрак, за суд на великиот ден.” И потоа ги наведува зборовите на Енох: “Ете иде Господ со илјадници Свои Свети ангели, да им суди на сите” (Јуда 6, 14, 15). Јован кажува: “Ги видов мртвите, мали и големи, како стојат пред Бога, и книгите се отворија... и мртвите беа судени според она што е запишано во книгите, според делата нивни” (Откровение 20:12).

Меѓутоа, ако мртвите веќе се радуваат во блаженството на небото или ако се превиваат во огнот на пеколот, зошто тогаш е потребен идниот суд? Учењето на Божјото Слово за овие важни прашања не е неразбирливо ниту противречно; тоа можат да го сфатат и обичните луѓе. Но која искрена душа, во оваа денес толку распространета теорија, може да види било каква мудрост или праведност? Дали праведниците, по испитувањето на нивните дела на судот ќе ја примат пофалбата: “Добро, сакан и верен слуго... влези во радоста на својот Господар” (Матеј 25:21), ако според оваа теорија можеби веќе многу векови биле во Негово присуство? Дали грешниците ќе бидат повикани од пеколните маки за да ја чујат пресудата од Судијата на целата Земја: “Одете од Мене, проклети, во вечен оган” (Матеј 25:41). О, колкава измама и какви срамни обвинувања на сметка на Божјата мудрост и праведност!

Теоријата за бесмртноста на душата е едно од оние лажни учења што Рим ги позајмил од незнабоштвото и ги внел во христијанската вера. Мартин Лутер ја става во “чудовишните измислици што го сочинуваат римското ѓубриште на декреталии.” - Е. Петавел, Проблем на бесмртноста, 255 страна. Коментирајќи ги Соломоновите зборови во книгата на Проповедникот дека мртвите не знаат ништо, реформаторот кажува: “Ова е уште еден доказ дека мртвите се бесвесни. Таму, кажува тој, нема ниту работа, ни мислење, ниту знаење, ниту мудрост. Значи Соломон заклучува, дека мртвите спијат и за ништо не се свесни. Тие лежат, не сметајќи ги ниту деновите ниту годините, но кога ќе се разбудат ќе им се чини како да спиеле само еден миг.” - Мартин Лутер - Излагање за книгата на Соломон “Проповедник” 152 стр.

Никаде во Светото писмо не пишува дека праведниците својата награда, или пак грешниците својата казна, ја примаат во мигот на смртта. Патријарсите и пророците не оставиле вакво тврдење. Христос и Неговите апостоли за тоа не дале никакво навестување. Библијата јасно учи дека мртвите не заминуваат веднаш на небото, туку ги прикажува како оние што спијат до воскресението. (1. Солунјаните 4:14; Јован 14:10-12). Истиот ден кога “ќе се скине сребрениот конец, и се скрши златната чаша (Проповедник 12:6), престануваат сите мисли на човекот. Оние што слегуваат во гроб целосно замолкнуваат! Тие не знаат повеќе за ништо што се случува под сонцето (Јов 14:21). Каков блажен мир за уморените праведници! Поминатото време во гроб, било тоа да е кратко или долго, за нив претставува само еден миг. Тие спијат и со Божјата труба ќе бидат разбудени во славна бесмртност. “Трубата ќе затруби и мртвите ќе станат нераспадливи... А кога, ова, распадливото ќе се облече во нераспадливост, и ова, смртното ќе се облече во бесмртност, тогаш ќе се збидне напишаното слово: “Победата ја проголта смртта” (1 Коринтјаните 15:52-54). Во часот кога ќе бидат повикани од својот длабок сон, нивните мисли ќе продолжат токму таму каде што во мигот на смртта биле прекинати. Последното чувство било смртен страв, последната мисла дека паѓаат под власта на гробот. Кога ќе воскреснат од гробот, нивната прва помисла на радост и среќа ќе одекне во победоносен извик: “Смрт каде ти е осилката? Пеколу каде ти е победата?” (1. Коринтјаните 15:55).