Големата борба помеѓу Христа и сатаната

32. Сатанските стапици

Големата борба помеѓу Христа и сатаната, што трае речиси шест илјади години наскоро ќе биде завршена; и затоа кнезот на злото ги удвојува своите напори да го осуети Христовото дело што е во корист на луѓето, и душите што поцврсто да ги држи во своите стапици. Да го задржи народот во темнина и непокајание сè додека не се заврши Христовата посредничка служба и да нема повеќе никаква жртва за грев - тоа е она што тој сака да го постигне.

Кога не се вложуваат особени напори со цел да и се спротивстават на неговата сила, кога и во црквата како и во светот преовладува рамнодушност, тогаш сатаната е безгрижен зашто нема опасност дека ќе ги изгуби оние што ги “уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја” (2. Тимотеј 2:26).

Но ако вниманието се насочи на она што е вечно и непоминливо, и ако душите почнат да прашуваат: “Што треба да правам за да се спасам?” тој е подготвен да реагира, настојувајќи својата сила да ја спротивстави на Христовата сила и да го осуети влијанието на Светиот Дух.

Светото писмо кажува дека во една прилика меѓу Божјите ангели, кога дошле пред Господа, дошол и сатаната (Јов 1:6) не за да му се поклони на Вечниот Цар, туку да ги поттикне своите злобни намери против праведникот. Таа иста цел тој ја има секогаш кога ќе се најде таму, каде што луѓето се собираат за да го слават Бога. Иако е невидлив за очите на присутните, тој работи со сите сили за да завладее со нивните мисли. Како вешт војсководец, тој однапред прави свои планови. Штом ќе види, дека божјиот весник подготвувајќи проповед го истражува Светото писмо, тој обрнува внимание на предметот кој во таа прилика ќе се излага на присутните. А тогаш, користејќи ја сета своја остроумност и лукавство, настојува да ги приспособи околностите и приликите, така, за пораката да не допре до оние што ги измамил во врска со тоа. Тој ќе се погрижи токму оној - на кого ова предупредување најмногу му е потребно, да биде присилен да отсуствува поради некоја итна работа, или на некој друг начин да биде спречен да ги слушне зборовите што за него би можеле да бидат “животен мирис за живот.”

Сатаната исто така будно ги забележува Божјите слуги кога се потиштени поради духовната темнина што го покрива народот. Тој ги слуша неговите сесрдни молитви за божествена милост и сила да ја растераат магиската сила на рамнодушност, безгрижност и немарност. Тогаш тој со нова ревност го продолжува своето лукавство. Ги наведува луѓето со угодување на апетитот или со некои други задоволства на телесните желби да ја умртват својата осетливост така за да не го слушнат токму она што најмногу им е потребно да го дознаат.

Сатаната добро знае дека сите оние што ќе успее да ги наведе да ја занемарат молитвата или да ги проучуваат Светите списи ќе ги победи со своите напади. Затоа ги изнаоѓа сите можни планови да го вработи умот. Отсекогаш имало такви што се правеле побожни, но наместо да напредуваат во познавањето на вистината, тие сметаат дека нивна верска должност е да пронаоѓаат грешки во карактерот или заблудите во верата на оние со кои не се согласуваат. Тие се десна рака на сатаната. Тужители на браќата има многу, и тие секогаш се активни тогаш кога и Бог е на дело, и кога Неговите слуги Му покажуваат вистинско почитување. Тие секогаш ги прикажуваат во лажна светлина зборовите и делата на оние што ја љубат вистината и ја прифаќаат со послушност. Тие и најсесрдните и најревните Христови слуги, луѓе полни со самооткажување, ќе ги прикажат како измамени или како измамници. Нивна задача е погрешно да ги претстават побудите на секоја вистинска и благородна постапка, да ги пренесуваат потшепнувањата или предизвикаат сомнеж во душите на неискусните. Тие на сите можни начини настојуваат она што е чисто и праведно да го прикажат како расипано и невистинито.

Но никој не мора да биде измамен во врска со таквите. Лесно може да се утврди, чии деца се тие, чиј пример го следат и чија работа ја работат. “По нивните плодови ќе ги познаете” (Матеј 7:16). Нивното однесување е слично со однесувањето на сатаната, отровниот клеветник, кој е “клеветникот на браќата наши” (Откровение 12:10).

Големиот измамник има многу помагачи подготвени да изнесуваат заблуди од секаков вид за да ги фати душите во мрежата на ересот, кои се приспособени на разни наклоности и вкусови на сите оние што сака да ги упропасти. Негов план е во Заедницата да доведе неискрени и непрепородени елементи кои ќе поттикнуваат сомнеж и неверување, и така да им пречат на оние што сакаат да го унапредат Божјото дело и самите да напредуваат со него. Многумина кои не веруваат во Бога и во Неговото Слово одобрувајќи извесни начела на вистината се прифаќаат како христијани, и така им се дава можност своите заблуди да ги внесуваат во црквата како библиско учење.

Тврдењето, дека не е важно во што веруваат луѓето, е една од најуспешните сатански измами. Тој знае дека, ако вистината е прифатена од љубов, ја посветува душата на оној што ја прифаќа; затоа секогаш настојува да ја замени вистината со лажни теории, со разни измислувања - со друго евангелие. Божјите слуги уште од почетокот морале да се судираат со лажните учители, не само како со порочни луѓе туку и како со оние што шират заблуди погубни за душата. Илија, Еремија и Павле решително и бестрашно се спротивставувале на оние што ги одвраќале луѓето од Божјото Слово. Она слободно мислење што исправното библиско верување го смета за безначајно, не наидувало на одобрување кај овие свети поборници на вистината.

Нејасните и чудните толкувања на Светото писмо како и мноштвото противречни теории за библиската вера што се прифатени денес во христијанскиот свет, се дело на нашиот голем непријател, кој пресметал така да ги збуни луѓето за да не можат да ја распознаат вистинската вистина. Неслогата и раздорот што постојат во христијанските цркви, во голема мерка можат да му се припишат на распространетиот обичај на извртувањето на Светото писмо, за со тоа да се поддржи некоја омилена теорија. Наместо со грижливо и понизно срце да го проучуваат Божјото Слово за да ја запознаат Неговата волја, многумина се стремат да откријат нешто необично или оригинално.

За да ги поддржат лажните учења или нехристијанските обичаи, некои, одделните текстови на Светите списи ги одделуваат од нивниот контекст, наведувајќи ја само половината на еден единствен стих за да го докажат своето тврдење, иако другиот дел на истиот стих открива сосема друга смисла. Со змиското лукавство се окопале зад неповрзаните изрази, исконструирани така за да одговараат на нивните телесни желби. Така многумина ги извртуваат стилските фигури, илустрациите и симболите на Светите списи и ги толкуваат како што тоа и одговара на нивната фантазија, не допуштајќи им на сведоштвата на Светото писмо да бидат самите на себе толкувач, а потоа своите лудории ги изнесуваат како учење на Библијата.

Кога и да се проучува Светото писмо без молитва и без понизен дух подготвен да прими поука, ќе се изврти смислата не само на најтешките туку и на наједноставните и најјасните текстови. Папските великодостојници ги бираат оние делови на Светото писмо што најдобро им одговараат на нивната цел, ги толкуваат така како што ним им одговара, а тогаш така ги проповедаат на народот, одземајќи му од предноста сам да ја проучува Библијата и да ги разбере нејзините свети вистини. Целата Библија треба да се даде на народот и тоа токму таква каква што е напишана. Да му се даде на народот толку искривено учење на Светото писмо, полошо е отколку за Библијата да не знае ништо.

Библијата е дадена да биде водач на сите што сакаат да ја запознаат волјата на својот Творец. Бог на луѓето им го дал “најсигурното пророчко Слово” (2. Петрово 1:19). Ангелите, па и самиот Христос, дошле да ги запознаат Даниел и Јована “што треба да стане скоро”. Она што е важно за нашето спасение не останало завиткано во тајна, ниту пак е откриено на таков начин за да го збуни искрениот истражувач на вистината или да го доведе во заблуда. На пророкот Авакум, Господ му рекол: “Запиши го видението и одбележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да може да го прочита” (Авакум 2:2). Божјото Слово е јасно на сите што го проучуваат со искрено срце и со искрена молитва. “Светлината се излева врз праведникот” (Псалм 97:11). Ниедна заедница не може да напредува во светлината ако нејзините членови не ја бараат вистината како скриено богатство.

Секое истакнување на паролата за некое слободоумие ги заслепува луѓето така, за да не го видат лукавството на својот непријател, додека тој за сето свое време упорно работи за да ја постигне својата цел. Ако му успее со човечко мудрување да ја потисне Библијата, тогаш и Божјиот закон ќе биде отфрлен, и црквите ќе останат во ропството на гревот, тврдејќи во исто време дека се слободни.

За многумина, научното истражување станало проклетство. Бог дозволил, со откритијата на науката и уметноста, светот да биде поплавен со море на светлина; но и најголемите умови, ако во нивните истражувања не ги води Божјиот Дух, остануваат збунети во своите настојувања да проникнат во односот помеѓу науката и откровението.

Човечкото сознание како во материјалните така и во духовните работи, е делумно и несовршено; и затоа многумина не се во состојба своите научни погледи да ги согласат со она што го кажува Библијата. Многумина, човечките теории и мислења ги прифаќаат како научни факти и мислат дека Божјото Слово треба да го проверуваат со учењата на “лажно наречениот разум” (1 Тимотеј 6:20). Творецот и Неговите дела ја надминуваат моќта на нивното сфаќање, и бидејќи не можат да ги разјаснат со природните закони, тие библиската историја ја сметаат за несигурна. Оние што ќе се посомневаат во веродостојноста на записите на Стариот и Новиот завет обично одат и чекор понатаму и се сомневаат дури и во постоењето на Бога, а бесконечната моќ и ја припишуваат на природата. Бидејќи на тој начин ја отфрлиле својата котва, препуштени се да се скршат на карпата на неверувањето.

На овој начин многумина се оддалечуваат од верата и сатаната лесно ги заведува. Луѓето отсекогаш се стремеле да станат помудри од својот Творец. Човечката мудрост се обидува да ги сознае и објасни тајните кои со векови нема да бидат откриени и во вечноста. Кога луѓето би сакале да го истражуваат и разберат она што го открил Бог за себе и за Своите намери, би се здобиле со таква претстава за славата, величеството и силата на Јехова, што би ја увиделе својата тесноградост и би биле задоволни со она што им е откриено на нив и на нивните деца.

Ремек - дело на сатанското измамување е поттикнувањето на човечкиот ум во истражување и во претпоставување за она што Бог не го открил и што нема намера да го разјасни. Поради тоа и Луцифер го изгубил своето место на небото. Тој станал незадоволен затоа што не му биле доверени сите тајни на Божјите намери, а целосно го запоставил она што му било откриено во врска со неговото лично дело на толку високата положба што ја заземал. Предизвикувајќи го истото незадоволство и во срцата на ангелите што му биле подредени, тој бил причина за нивното паѓање. Сега тој настојува да ги инспирира и луѓето со истиот дух, и да ги наведе како и тој да ги презрат јасно изразените Божји заповеди.

Оние што не се подготвени да ги прифатат јасните и одредените вистини на Библијата, секогаш се стремат за пријатни измислувања што ја смируваат совеста. Доколку учењата што се проповедаат се помалку духовни што бараат помалку самооткажување и понизност, дотолку посесрдно се прифаќаат. Таквите луѓе ги унижуваат своите умни способности за да им угодат на своите телесни желби. И премногу мудри во своите очи за да го истражуваат Светото писмо со понизни срца и со сесрдна молитва за божествено водство, тие немаат никаква заштита против заблудата. Сатаната подготвено чека да ги задоволи желбите на нивните срца и да им подметне измама наместо вистина. На таков начин папството завладеало со човечкиот ум, а протестантите отфрлајќи ја вистината, затоа што таа бара да се понесе и крстот, одат по истиот пат. Сите кои во стремежот за удобност и световна мудрост го занемаруваат Божјото Слово за да не се разликуваат од светот, ќе бидат оставени наместо вистината да ја прифатат проклетата ерес. Оние што своеволно и упорно ја отфрлаат вистината ќе ја прифатат заблудата во секој нејзин вид и облик. Оној кој со ужас и одвратност гледа на една измама, подготвено и со радост ќе прифати друга. Зборувајќи за оние “што не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат,” апостол Павле нагласува: “И затоа Бог ќе им испрати сила на заблуда за да & веруваат на лагата, та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата” (2. Солунјаните 2:10-12). Имајќи го пред очи ваквото предупредување, должни сме да бидеме претпазливи какво учење ќе прифатиме.

Меѓу најуспешните орудија на големиот измамник се измамничкото учење и лажните чуда на спиритизмот. Преоблечен во ангел на светлината, сатаната своите мрежи вешто ги распостила таму каде што најмалку се очекува. Кога луѓето би ја проучувале Божјата книга молејќи се сесрдно да го сфатат нејзиното учење, не би биле оставени во темнина да ги прифаќаат лажните учења. Меѓутоа, отфрлувајќи ја вистината тие стануваат лесен плен на измамата.

Втора опасна заблуда претставува учењето што го порекнува Христовото божество и тврди дека Тој пред Своето доаѓање на овој свет и не постоел. Оваа теорија благонаклоно ја прифаќаат голем број на оние што тврдат дека веруваат во Библијата, но таа е во директна спротивност со најјасните изјави на Спасителот за Неговиот однос кон Отецот, за Неговиот божествен карактер и за Неговата преегзистенција (постоење пред да дојде во тело). Оваа теорија не може да се одржи, а да не се извртува Светото писмо на најнеумесен начин. Таа не само што ја намалува човечката моќ на сфаќање и неговата претстава за планот на спасението, туку ја поткопува и самата вера во Библијата како Божјо откровение. Додека ова последново ја прави поопасна, тоа исто така придонесува потешко да се спротивстави со библиски докази. Зашто кога луѓето, вдахновеното сведоштво на Светите списи за Христовото божество го отфрлуваат и негираат, тогаш и напразно е да се разговара со нив за тоа; зашто никаков аргумент колку и да е убедлив, нема да ги осведочи. “Телесниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух; за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти тоа треба духовно да се испита” (1. Коринтјаните 2:14). Никој од оние што ќе ја прифатат оваа заблуда, не може да има вистинска претстава за Христовиот карактер и мисија, ниту за големиот Божји план за спасението на човекот.

Една уште полукава и поубиствена заблуда е широко распространетото верување дека сатаната воопшто и не постои како живо суштество и дека тоа име во Библијата се употребува само затоа за да се претстават човечките лоши мисли и желби.

Распространетото учење што одекнува од популарните проповедалници: дека второто Христово доаѓање значи Негово лично доаѓање за секој поединец во мигот на смртта, претставува измислување лукаво пресметано кон тоа, мислите на луѓето да ги одврати од Неговата лична појава на небесните облаци. Сатаната веќе со години зборува: “Ене го во една од внатрешните соби” (Матеј 24:23-26), и многу души се изгубени, прифаќајќи ја оваа измама.

Освен тоа, световната мудрост учи дека молитвата не е толку важна. Луѓето од науката тврдат дека со молитвата не се добива вистинскиот одговор, дека тоа наводно би претставувало повреда на природните закони; дека тоа, тие велат, би било чудо, а чуда според нивното мислење не постојат.

Со вселената, велат тие, управуваат непроменливи закони и самиот Бог не прави ништо што би било во спротивност со овие закони. На овој начин тие Бога го прикажуваат како владетел кој со Своите закони самиот на Себе си ги врзал рацете - како дејствувањето на божествените закони да ја исклучува божествената слобода. Ваквото учење се противи на сведоштвата на Светите списи. Зарем Христос и Неговите апостоли не правеле чуда? Истиот сочувствителен Спасител и денес уште живее, и е подготвен да ги слушне и исполни молитвите со вера, исто така како и тогаш, кога, видлив за очите на смртниците, одел меѓу луѓето. Природното соработува со натприродното. Составен дел во Божјиот план е и тоа, во одговорот на нашата молитва да ни го подари она што не би ни го дал кога не би Го молеле.

Неброени се лажните учења и фантастичните идеи што во христијанските цркви земаат сè поголем замав. Не е можно да се проценат лошите последици со отфрлувањето на само еден гранично непроменливо поставен камен на Божјото Слово. Оние што ќе се осмелат на ваков чекор, мошне ретко се запираат да отфрлат само една вистина. Во повеќе случаи тие продолжуваат да отфрлуваат едно начело по друго, додека не станат вистински неверници.

Заблудите на популарната теологија многу души отерале во скептицизам, кои инаку би верувале во Светото писмо. За нив било невозможно да ги прифатат учењата кои претставуваат насилство и тешка навреда за нивното природно чувство за правда, милост и добрина, а бидејќи тие им биле прикажани како учење на Библијата, тие решиле и Библијата повеќе да не ја признаваат како Божјо Слово.

А токму тоа е целта што сака да ја постигне сатаната. Нему до ништо друго не му дошло толку, колку до тоа да ја уништи довербата во Бога и во Неговото Слово. Самиот сатана стои на челото на огромната војска на оние што се сомневаат, и тој со сите сили се залага да ги привлече душите во неговите редови. Да се сомнева во сè денес станало модерно. Мнозина се оние што гледаат со недоверба во Неговото Слово, како и на Неговиот Автор - затоа што тоа ги укорува и ги осудува нивните гревови. Оние што не се расположени да му се покоруваат на неговите барања, настојуваат да го соборат неговиот авторитет. Тие ја читаат Библијата, или слушаат кога се изнесуваат нејзините учења од проповедалната, само затоа за да пронајдат некоја грешка во Светите списи или во проповедта. Не е мал бројот од оние што стануваат неверници за да се оправдаат или да побараат изговор поради своите занемарени должности. Други пак, скептичните начела ги прифаќаат од гордост и мрзеливост. И премногу наклонети кон удобен живот за да се истакнат со нешто што навистина е достојно за чест, но што бара напор и самооткажување, тие се стремат да се покажат како помудри и поуважени на тој начин што ја критикуваат Библијата. А бидејќи во неа има многу работи, што разумот непросветлен со божествената мудрост не може да ги сфати, тие наоѓаат повод да критикуваат. Многумина мислат дека е доблест да застанат на страната на неверството и скептицизмот. Но под привидната отвореност ќе се покаже дека тие всушност се проникнати со самодоверба и со горделивост. Многумина уживаат кога во Светото писмо ќе пронајдат нешто што другите ги доведува во забуна. Некои пак прво критикуваат и погрешно толкуваат само затоа што сакаат да се препираат. Тие не сфаќаат дека на овој начин и самите се фаќаат во стапицата на лукавиот. Но бидејќи отворено го изразиле своето неверување, тие мислат дека сега мораат тоа што го тврделе и да го одржат. Така се соединуваат со неверниците и самите себеси си ја затвораат вратата од рајот.

Бог во Своето Слово дал доволно докази за Неговиот божествен карактер. Големите вистини што се однесуваат на нашето спасение јасно се изнесени. Со помош на Светиот Дух, кој им е ветен на сите што искрено го бараат, секој може сам да ги разбере тие вистини. Бог на луѓето им дал цврст темел на кој можат да ја градат својата вера.

Но ограничениот човечки ум не може наполно да ги сфати плановите и целите на Вечниот Бог. Со истражување никогаш не можеме да дознаеме сè за Бога. Не смееме да се осмелиме да ја подигнеме завесата зад која Тој го скрива Своето величество. Размислувајќи за тоа апостолот извикал: “Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!” (Римјаните 11:33). Ние можеме да го сфатиме Неговото постапување со нас и побудите со кои притоа се раководи до таа мера колку што е неопходно за да ја видиме Неговата безгранична љубов и милост соединети со Неговата бесконечна сила. Нашиот небесен Татко во својата премудрост правилно се погрижил за сите и ние не смееме да бидеме незадоволни, туку треба да Му се потчиниме во стравопочит и понизност. Тој во Своите намери ќе ни открие толку колку што е потребно за наше добро, а сè што е повеќе од тоа мораме да го довериме во рацете на Семожниот, и на Срцето што е бескрајно во љубовта.

Иако Бог дава доволно докази за Својата вера, Тој никогаш нема да го отстрани секој изговор за неверување. Сите што бараат некоја причина за своето сомневање, ќе ја најдат. А оние што одбиваат да го прифатат Божјото Слово и да му се покоруваат сè додека не биде отстранет секој можен приговор, така што повеќе да нема никаква причина за сомневање, никогаш нема да дојдат до светлината.

Недовербата кон Бога природно се јавува во непрепороденото и необновеното срце, кое е во непријателство со Бога. Меѓутоа, верата во душата ја буди и поттикнува Светиот Дух, и таа ќе се развива само доколку се одгледува. Без решителни и упорни напори вложени од своја страна, никој не може да стане силен во верата. Исто така неверувањето се засилува, ако го поттикнуваме; и ако луѓето наместо да се задржуваат на доказите што им ги дал Бог за да ја утврдат својата вера, си дозволуваат себеси да се сомневаат и да критикуваат, тие постојано ќе изнаоѓаат нешто со што би го потврдиле своето сомневање.

Но оние што се сомневаат во Божјото ветување и немаат доверба во сигурноста на Неговата милост, со тоа го обесчестуваат својот Творец; наместо да привлекуваат други кон Христа, уште повеќе ги оддалечуваат од Него. Тие се како дрво без род, кое нашироко ги шири своите гранки полни само со бујни лисја и на тој начин им ја одзема сончевата светлина и на другите растенија што боледуваат и гинат во неговата студена сенка. Животното дело на ваквите претставува непобитно и трајно сведоштво против нив самите. Тие сеат семе на сомнеж и безверие, кое неизбежно мора да ја донесе својата жетва.

За оние што сакаат искрено да се ослободат од сомневањата постои само еден пат. Наместо да се сомневаат и детално да го критикуваат она што не го разбираат, тие треба да обрнат внимание на светлината што веќе ги осветлила, и тогаш ќе примат уште поголема светлина. Нека сето она што јасно го сфаќаат дека им е должност го извршуваат верно и точно, тогаш ќе бидат во состојба да го разберат и извршат и она во што сега се сомневаат.

Сатаната може да подметне нешто што е слично на вистината, за да ги измами оние што допуштаат да бидат измамени, и оние што сакаат да го избегнат самооткажувањето и жртвата што ја бара вистината; но тој не е во состојба да ја задржи душата во своја власт која искрено, по секоја цена, сака да ја задржи вистината. Христос е вистина и “вистинска Светлина, Која го осветлува секој човек, што доаѓа во светов” (Јован 1:9). Духот на вистината е испратен да ги упати луѓето во секоја вистина. А Божјиот Син јасно и недвосмислено рекол: “Барајте и ќе најдете” (Матеј 7:7) “Ако некој сака да ја врши волјата Негова, ќе разбере дали е ова учење од Бога” (Јован 7:17).

Христовите следбеници малку знаат за заговорот и сплетките што сатаната и неговата војска ги подготвуваат против нив. Оној што седи на Небесата, ќе ги сврти сите тие лукавства за исполнување на Своите добри намери. Господ дозволува припадниците на Неговиот народ да поминат низ огнена печка на неволји и искушенија, не затоа што наоѓа задоволство во нивните маки и болки, туку затоа што е важно за нивната дефинитивна победа. Доследен на славата на Своето име, Тој не може да ги поштеди од искушенијата; зашто целта на искушенијата е токму таа, да ги подготви за да се спротивстваат на секоја примамливост на заводникот.

Ниту безбожните луѓе ниту самиот ѓавол не можат да го спречат Божјото дело ниту пак да ги лишат верните припадници на Неговиот народ од Неговата присутност, ако тие во понизност и со потиштено срце ги признаваат своите гревови и ги отфрлаат, повикувајќи се со вера на Неговите ветувања. На секое искушение, на секое непријателско влијание, било да е тоа јавно или тајно, тие со успех можат да му се спротивстават: “Не со сила ни со снага туку со Мојот Дух, вели Господ над Војските” (Захарија 4:6).

“Бидејќи очите на Господа се обрнати кон праведните, и ушите Негови - кон нивните молитви... И кој може да ви направи зло, ако правите добро?” (1. Петрово 3:12, 13). Кога Валам примамен со ветувањата за голема награда ги подготвувал своите магии против Израел, и кога принесувајќи жртва на Господа се обидел да повика проклетство над Неговиот народ, Божјиот Дух не му дозволил да ги изговори толку посакуваните зборови на проклетство, и тој бил присилен да извика: “Како можам да го проколнам кога Бог не го проколнува? Како да изречам зло? Кога Господ не му изречува?” “Да умре душата моја, како што умираат праведниците, и крајот мој да биде како нивниот!” Кога и по втор пат принел жртва, посрамен, Валам рекол: “Ете, јас почнав да благословувам, зашто Тој благослови, и јас не можам да го сменам тоа. Не видов неправда во Јаков, ниту видов престап во Израел; Господ, неговиот Бог, е со него, и царско воскликнување има меѓу него.” “Нема гатање против Јакова ниту вражање против Израел; некогаш ќе речат за Јакова и за Израелот: ете, што направи Бог” (Броеви 23:8, 10, 20, 21, 23). Сепак по третпат е подигнат олтар и Валам пак се обидел да изговори едно проклетство. Но преку усните на пророкот, и против негова волја, Божјиот Дух го објавил напредокот на Своите избраници и ја казнил лудоста и злобата на нивните непријатели. “Благословен да биде, оној кој те благословува и проклет - оној што те проколнува” (Броеви 24:9).

Во тоа време Израелците како народ му биле верни на Бога, и сè додека биле послушни на Неговиот закон никаква сила ниту земна ниту пеколна не можела да им наштети. Но клетвата што Валам не можел да ја изрече преку магии над Израелците, сепак најпосле успеал да ја навлече над нив со тоа што ги навел на грев. Кога Израелците ги престапиле Божјите заповеди, се одделиле од Бога и биле оставени да ја почувствуваат уривачката моќ на непријателот.

Сатаната добро знае дека и најслабата душа што е во Христа, може успешно да им се противи на силите на темнината, и дека тој, ако се покаже отворено, може да биде одбиен и победен. Затоа тој настојува борците на крстот да ги измами од нивната сигурна тврдина, додека тој со своите зли ангели чека во заседа подготвен да ги уништи сите оние што би се осмелиле да стапат на неговото подрачје. Според тоа, можеме да бидеме безбедни само тогаш ако во понизност потполно се надеваме на Бога, покорувајќи се на сите Негови заповеди.

Без молитва никој не може да биде сигурен ниту во еден момент. Особено најсесрдно треба да му се молиме на Господа за мудрост за да го разбереме Неговото Слово. Во него ни се разоткриваат лукаво поставените замки на искушувачот и начинот на кој можеме успешно да ги избегнеме. Сатаната е вистински експерт за цитирање на Светите списи, а потоа на цитираните стихови им дава свое толкување со што се надева дека сигурно ќе нè наведе да се сопнеме. Затоа Библијата секогаш треба да ја проучуваме со понизно срце, не губејќи го никогаш од вид фактот дека целосно сме зависни од Бога. И додека од своја страна мораме да бидеме постојано будни, чувајќи се од вешто поставените замки на сатаната, не треба никогаш да престануваме со сесрдна вера да се молиме на Бога: “Не воведувај нè во искушение” (Матеј 6:13).