Големата борба помеѓу Христа и сатаната

31. Дејноста и влијанието на злите духови

Поврзаноста на видливиот со невидливиот свет, службата на Божјите ангели и дејноста на злите духови, јасно се откриени во Светите списи на Библијата и неразделно вткаени во историјата на човечкиот род. Постои сè поголема наклоност да се сомнева во постоењето на злите духови, а додека на светите ангели кои се “испратени за служба на оние што ќе го наследат спасението”, (Евреите 1:14) се гледа како на духови на умрените. Меѓутоа, Светото писмо нас нè учи не само за постоењето на добрите и лошите ангели, туку изнесува и неспорни докази дека тоа не се бестелесни духови на умрените луѓе.

Ангелите постоеле пред создавањето на човекот, уште кога се полагани темелите на земјата, “ликуваа утринските ѕвезди и сите Божји синови извикуваа од радост” (Јов 38:7). По човековиот пад во грев, ангелите биле пратени да го чуваат дрвото на животот и тоа пред да умре некое човечко суштество. Ангелите по својата природа се повисоки суштества од човекот, зашто псалмистот зборувајќи за човекот заклучува: “си го направил малку помал од ангелите” (Псалм 8:5).

Светите списи ни даваат докази за бројот, силата и славата на небесните суштества за нивниот однос кон Божјото владеење, како и за нивната поврзаност со планот на спасението. Псалмистот кажува: “Господ го поставил Својот престол на небото, и царството Негово владее над сè. Благословувајте Го Господа, сите ангели Негови, крепки по сила, извршувајте го Неговиот збор, слушајте го гласот од зборот Негов; благословувајте Го Господа сите Негови војски, Негови служители, кои ја исполнувате волјата Негова” (Псалм 103:19-21). А пророкот од Патмос вели: “Потоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот” (Откровение 5:11). Во присуство на Царот над царевите тие “ангели Негови крепки по сила” чекаат само да го извршат “Неговото Слово слушајќи го гласот на Неговото Слово.” Десет илјади по десет илјади имало небесни весници кои во своето видение ги видел пророкот Даниел. (Даниел 7:10). Исто така и апостол Павле потврдува дека има “десетици илјади ангели” (Евреите 12:22). Како Божји гласници тие се појавуваат “како молња” (Езекиел 1:14), толку е засенувачка нивната слава и толку брз нивниот лет. Лицето на ангелот што се појавил кај Христовиот гроб блеснало “како молња и неговата облека како снег” така што римските стражари затрепериле од страв и “станаа како мртви” (Матеј 28:3, 4). Кога Сенахирим, гордиот Асирец, похулил на Бога, Го навредувал заканувајќи му се на Израел со уништување, “во истата ноќ Господов ангел излезе и погуби сто осумдесет и пет илјади во асирскиот логор.” (2. Царевите 19:35). “Тогаш Господ прати ангел кој ги уништи сите храбри јунаци, заповедниците и началниците во војската на асирскиот цар, така што тој се врати посрамен во својата земја” (2. Летописи 32:21).

На Божјите деца ангелите им донесувале пораки на Неговата милост. Тие биле испратени кај Аврама со ветување за благослов; пред вратата на Содом се појавиле за да го спасат праведниот Лот од смрт во оган. На пророкот Илија му се јавил ангел во моментот кога од умор и од глад во пустината, бил речиси на умирање; на Елисеј со мноштво на “коњи и огнени коли” во малиот град во кој го затвориле неговите непријатели; на Даниел додека во дворот на незнабожечкиот цар се молел за божествена мудрост за да го протолкува царевиот сон, и кога бил фрлен во јама и оставен како плен на лавовите; на Петар осуден на смрт во Иродовиот затвор; на заробениците во Филиби; на Павле и на неговите сопатници во бурната ноќ на морето; на Корнелиј да му го “отворат умот за да го разбере” и да го прими евангелието; на Петар, со вест за спасение да го испратат кај еден незнабожец и туѓинец - така светите ангели во сите времиња му служеле на Божјиот народ.

Секој Христов следбеник има свој ангел чувар. Овие небесни стражари ги штитат праведниците од сатанската сила. Тоа го признал и самиот сатана, кога рекол: “Зар попусто Јов е богобојазлив? Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и с# што има тој?” (Јов 1:9, 10). Силата со која Господ го штити својот народ, псалмистот ја опишува со зборовите: “Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува” (Псалм 34:7). Зборувајќи за оние што веруваат во Него, Спасителот нагласил: “Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен” (Матеј 18:10). Ангелите што се “испратени да им служат” на Божјите деца, во секое време имаат слободен пристап до Бога.

Така Божјиот народ иако е изложен на силата на измамата и на вечно будната злоба на кнезот на темнината и во постојан судир со сите сили на злото, сепак е безбеден под постојаната заштита на небесните ангели. Таквото обезбедување не му е дадено без потреба. Ветувајќи им на Своите деца милост и заштита, Бог тоа го направил затоа што тие мораат да се среќаваат со моќните сили на злото - со многубројните зли духови, решителни и неуморни во своите напори, чијашто злоба и сила никој не би смеел да ја потцени или толку лесно да ја земе како и да не постои.

Лошите духови, во почетокот создадени безгрешни, по својата природа, сила и слава, биле еднакви на небесните суштества кои сега се Божји весници. Меѓутоа, со паѓањето во грев, тие сковале заговор да Го обесчестуваат Бога и да ги уништуваат луѓето. Соединети со сатаната во неговата буна и со него протерани од небото, тие во сите времиња соработувале со него во неговата борба против Божјиот авторитет. Во Светите списи се зборува за нивниот сојуз и владеењето, за нивните разни редови, духовни способности, за нивните лукавства и подмолности и за нивните злокобни планови насочени против мирот и среќата на човечките синови.

И во старозаветната историја повремено се споменува постоењето и дејноста на злите духови, но во времето кога Христос престојувал на Земјата, тие својата сила ја покажале на највпечатлив начин. Христос дошол да го реализира планот на спасението за човекот, а сатаната решил да го покаже своето наводно право да владее над светот. Во воведувањето на идолопоклонството, толку одвратното на Бога, тој успеал во сите краеви на светот, освен во Палестина. Во оваа единствена земја што сосема не се предала под власта на искушувачот дошол Христос за да му засвети на народот со небесната светлина. Тука истовремено полагале право на врховна власт две сопернички сили. Христос во својата бескрајна љубов ги поддал Своите раце повикувајќи ги сите што сакале во Него да најдат простување и мир. Силите на темнината увиделе дека немаат неограничена власт и сфатиле дека, ако Христовата мисија успее, на нивната власт наскоро ќе и дојде крајот. Сатаната беснеел како врзан лав и бунтовно ја покажувал својата сила над телата и душите на луѓето.

Фактот дека луѓето можат да бидат опседнати од злите духови, јасно е истакнат во Новиот завет. Луѓето измачувани на овој начин не страдаат само од болестите што ги предизвикуваат природните причинители. Христос добро знаел со кого има работа, и во таквите несреќници го препознал директното присуство и дејството на злите духови.

Впечатлив пример за нивниот број, сила и злоба, како и за Христовата надмоќност и милосрдие наоѓаме во евангелскиот запис за исцелувањето на бесните во Гадаринската околина. Овие несреќници од бес мачени, отфрлувајќи го секое ограничување, чкртале со забите, пуштале пена од устата, беснееле и воздухот го исполнувале со крикови, се сакателе себеси и претставувале опасност за сите што сакале да им се приближат. Нивните крвави и осакатени тела и нивниот поматен разум, на кнезот на темнината му давале мошне пријатна глетка. Еден од демоните кои владееле со овие несреќници рекол: “Легион ми е името, зашто сме мнозина” (Марко 5:9). Во Римската војска легија се состоела од три до пет илјади луѓе. И сатанската војска е распоредена во слични формации, и единицата на која и припаѓале овие демони не броела помалку од една легија.

На Христовата заповед, злите духови ги напуштале своите жртви, оставајќи ги да седат мирно крај нозете на Спасителот, покорни, разумни и кротки. Меѓутоа на демоните им било допуштено, едно цело стадо свињи да струполат во море; оваа загуба за жителите на Гадаринската околина изгледала поголема отколку благословите што им ги донел Исус, и тие Го замолиле божествениот Исцелител да си замине од тој крај. Токму тоа било она што сатаната и го сакал. Фрлајќи ја вината за нивната загуба на Исуса, кај жителите на целиот крај разбудил себичен страв и ги спречил да ги слушнат зборовите на Спасителот. Сатаната постојано ги обвинува христијаните како причинители на загубите, несреќите и неволјите, за да не падне вината на вистинските виновници за сето тоа - на него и на оние кои тој ги користи како свои орудија.

Сепак Христовите намери не биле осуетени. Тоа што Тој им допуштил на злите духови да го уништат стадото свињи, требало да послужи како укор за Евреите кои овие нечисти животни ги одгледувале само поради голема добивка. Кога Христос не би ги спречил овие демони, тие би ги струполиле во морето не само свињите туку и нивните сопственици и оние што ги чувале. За тоа што биле поштедени, свињарите и сопствениците требало да Му бидат благодарни само на Христа за силата што милостиво ја покажал поради нивно ослободување. Освен тоа Господ допуштил ова да се случи и затоа за да бидат сведоци учениците на свирепата сила на сатаната над луѓето и над животните. Спасителот сакал Неговите ученици да се запознаат со непријателот со кого морале не еднаш да се сретнат, за да не ги измами и да ги совлада со своите лукавства, исто така сакал и народот во тој крај да ја види Неговата моќ која единствено може да ги раскрши сатанските окови и да ги ослободи неговите заробеници. Иако Исус сам се повлекол од тој крај, таму останале луѓето што биле ослободени на толку чуден начин, за да го објавуваат милосрдието на својот Добротвор.

Во Светите списи се забележани и други случаи со слична природа. Ќерката на една Сирофеничанка ја мачел ѓаволот кој Исус исто така го истерал со Својот збор. (Марко 7:26-30). Потоа случајот со бесниот, “кој беше нем и слеп” (Матеј 12:22). Случајот со момчето што го мачел “нем дух” фрлајќи го “многупати во оган и во вода за да го погуби” (Марко 9:17-27); настанот со бесниот кој бил мачен од “нечист ѓаволски дух” (Лука 4:33-36), така што го нарушувал слободниот мир во синагогата во Капернаум - сите овде споменати Спасителот ги излекувал во Својата сомилост и добрина. Речиси во секој случај Исус на злиот дух му се обраќал како на разумно суштество, заповедајќи му да излезе од својата жртва и да не ја мачи повеќе. Кога поклониците во синагогата во Капернаум ја виделе Неговата силна моќ “сите се исплашија, и расудуваа помеѓу себе: Какви се овие зборови, со власт и сила им заповеда на нечистите духови и тие излегуваат?” (Лука 4:36).

Лицата опседнати од нечист дух обично изгледаат како да се на голема мака, но има и исклучоци. За да постигнат натприродна моќ, некои сатанското влијание го поздравувале со добредојде. Тие, се разбира, не се бореле против злите духови. Меѓу овие спаѓале и оние што имале “вражачки дух” - Симон вражалецот, Елима вражалецот и робинката што викала по Павле и Сила во Филиба.

Никој не е во поголема опасност од влијанието на злите духови отколку оние што, и покрај јасните и многубројни сведоштва на Светите списи, го порекнуваат постоењето и дејноста на сатаната и неговите зли ангели. Сè дотогаш додека не го запознаеме нивното лукавство тие речиси имаат несфатливо предимство; многумина ги прифаќаат нивните дошепнувања претпоставувајќи си дека го следат налогот на сопствената мудрост. Сатаната на сите страни го шири верувањето дека тој и не постои, бидејќи знае дека се доближуваме до крајот на времето кога тој ќе дејствува со најголема сила за да измами и уништи. Неговата политика се состои токму во тоа да ја покрие својата присутност и начинот на својата работа.

Големиот измамник од ништо друго не стравува толку колку од можноста ние да ги запознаеме неговите лукавства. За подобро да го покрие својот вистински карактер и да ги замаскира своите намери, тој ги наведува луѓето неговото име, штом ќе се спомне, да го прикажуваат така, да предизвика само потсмев, подигрување и презир. Мошне е задоволен кога себеси ќе се види на сликите како смешно, одвратно и обезобразено суштество, половина животински, а половина човечки облик. Тој е задоволен кога ќе слушне како неговото име во шега или исмевање го изговараат оние кои се сметаат за интелегентни и добро упатени.

Сатаната толку вешто се маскира и преправа така што мошне често се слуша прашањето: “Дали такво суштество навистина постои?” Фактот дека теориите кои ги негираат и најјасно изложените сведоштва на Светото писмо, така општо се прифатени во верскиот свет што претставува очигледен доказ за неговиот успех. Токму затоа што сатаната најлесно завладува со умот на оние што не се свесни за неговото влијание, Божјото Слово ни дава толку многу примери за неговото убиствено дејствување, и ни ги открива неговите тајни сили, за да се чуваме будно од неговите опсипи и напади.

Силата и злобата на сатаната и на неговите чети навистина би можеле да нè загрижат, ако заштита и засолниште не наоѓаме во надмоќната сила на нашиот Спасител. Ние своите куќи грижливо ги обезбедуваме со брави и клучеви за да ги заштитиме своите животи и својот имот од злите луѓе, но ретко мислиме на злите ангели кои постојано настојуваат да најдат пристап до нас и да нè нападнат, а против чиишто напади ние немаме начин да се одбраниме со сопствената сила. Кога би им било дозволено, тие би ни го нарушиле умот, мачејќи нè со болести и уништувајќи ни го имотот, дури и самиот живот. Тие се радуваат само тогаш кога ќе можат да предизвикаат неволја, страдање и пропаст. Страшна е состојбата на оние кои ги отфрлуваат божествените барања попуштајќи им на сатанските искушенија, сè додека Бог не ги препушти под целосна власт на злите духови. Меѓутоа, оние што го следат Христа секогаш се сигурни под Неговата заштита. Од небото се испратени ангели, кои се посилни од сатаната да ги штитат, и силите на злото не се во состојба да ја пробијат стражата која Бог ја поставил околу Својот народ.