Големата борба помеѓу Христа и сатаната

30. Непријателството помеѓу човекот и сатаната

“И ставам непријателство, меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин. Он ќе ти ја гази главата, а ти ќе го каснуваш во петата” (Битие 3:15). Божествената пресуда изречена над сатаната по падот на човекот, претставувала пророштво кое ги опфаќало сите векови до крајот на светот, и ја прикажувала големата борба во која ќе учествуваат сите човечки раси што живеат на Земјата.

Бог изјавил: “Ставам непријателство.” Ова непријателство не настанува природно. Кога човекот го престапил Божјиот закон, неговата природа станала зла и тој оттогаш е во согласност, а не во непријателство со сатаната. По природа помеѓу грешниот човек и зачетникот на гревот не постои никакво непријателство. Преку отпадништво злото им станало заедничка особина. Отпадникот никогаш не мирува, освен кога наведувајќи ги и другите да го следат неговиот пример, ја добие нивната согласност и поддршка. Тоа е она што паднатите ангели и безбожните луѓе ги соединува во едно очајно сродство. Кога Бог не би се вмешал на посебен начин, сатаната и луѓето би склучиле сојуз против небото и наместо да негува непријателство кон сатаната, целиот човечки род би се придружил во опозиција на Бога.

Сатаната ги навел луѓето на грев како што и ангелите ги навел на бунт, за со тоа себеси да си осигура соработка во борбата против небото. Помеѓу него и паднатите ангели во врска со омразата кон Христа немало никакво несогласување; и додека во сите останати точки биле несложни, тие во својот отпор против авторитетот на Творецот биле цврсто соединети. Меѓутоа, кога сатаната ја чул изјавата дека ќе постои непријателство помеѓу него и жената и помеѓу неговиот род и нејзиниот пород, знаел дека ќе бидат осуетени неговите напори да ја изопачи човечката природа и дека човекот, со нечие посредство, ќе биде во состојба да се спротивстави на неговата сила.

Сатанското непријателство против човечкиот род се разгорело затоа што луѓето преку Христа станале предмет на Божјата љубов и милосрдие. Затоа тој настојува да го осуети Божјиот план за спасение на луѓето и со понижување и обесчестување на човекот кој претставува круна на Неговото создавање Му нанесе срам на Бога; тој се радува што на небото му нанел болка, а земјата ја исполнил со јад и пустошење. И укажувајќи на тоа, тој заклучил дека за сето зло е виновен Бог што го создал човекот.

Само милоста која Христос ја всадува во душата на човекот раѓа непријателство кон сатаната. Без оваа благодат која ја препородува и обновува душата, човекот би останал сатански роб - слуга што секогаш е подготвен да го работи она што тој ќе му нареди. Но кога една душа ќе ги прифати новите начела на животот, тогаш настанува борба таму каде што дотогаш владеел мир. Силата која само Христос му ја дава на човекот, го оспособува да му се спротивстави на насилникот и на узурпаторот. Секоја душа која кон гревот, наместо љубов покажува гнасење и одвратност, секоја душа што им дава отпор и ги победува страстите што се стремат да загосподарат со неа, покажува дека во неа дејствува она начело што доаѓа одозгора, од небото.

Спротивноста која постои помеѓу Христовиот Дух и сатанскиот дух највпечатливо се покажала во начинот на кој светот го примил Христа. Евреите Го отфрлиле, не толку поради тоа што се појавил без световно богатство, без раскош и величина. Тие виделе дека Тој располага со сила која може да го надомести недостатокот на сите овие надворешни предности. Меѓутоа, она што против Него предизвикало омраза на непобожните била чистотата и светоста на Неговиот живот. Токму Неговиот живот на самооткажување и на безгрешна посветеност бил постојан укор на тој горд и алчен народ. Тоа предизвикало непријателство против Божјиот Син. Сатаната и неговите зли ангели се соединиле со овие луѓе. Сите сили на отпадништвото создале заговор против овој Поборник на вистината.

Против Христовите следбеници се покажува истиот дух на непријателство кој се покажал и против нивниот Учител. Секој оној кој ја увидува одвратноста на гревот, и кој со силата што ја примил одозгора се спротивставува на искушението, сигурно ќе го предизвика гневот на сатаната и на неговите поданици. Омразата против чистите начела на вистината и срамотењето и прогонството на нејзините поборници ќе постои сè додека има грев и грешници. Христовите следбеници и сатанските слуги не можат да се сложат. Уште не престанала соблазноста на крстот. “Па и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети” (2. Тимотеј 3:12).

Сатанските агенти под негова управа постојано работат на воспоставување на неговиот авторитет и на подигањето на неговото царство наспроти Божјото владеење. Со таа цел тие настојуваат да ги измамат Христовите следбеници и да ги одвратат од нивната верност кон Бога. Како и нивниот водач, тие погрешно ги толкуваат и изопачуваат Светите списи за да ја постигнат својата цел. Како што сатаната од почетокот се напрега срамот на својата вина да го фрли на Бога, исто така и неговите агенти настојуваат да го наклеветат Божјиот народ. Духот кој го испратил Христа во смрт, сè уште ги поттикнува безбожниците да ги уништат Неговите следбеници. Сето тоа е најавено во првото пророштво што е изречено по падот на човекот: “И ставам непријателство меѓу тебе и жената и меѓу родот твој и породот нејзин.” И тоа нема да престане сè до крајот на времето.

Сатаната ги собира сите свои сили и се фрла во борба со сета сила. Како тоа да не наидува на поголем отпор? Зошто Христовите војници се толку успиени и рамнодушни? - Затоа што нивната вистинска поврзаност со Христа е толку слаба, и затоа што толку многу им недостасува Неговиот Дух. Ним гревот не им е толку одвратен и толку гнасен како што му бил на нивниот Учител. Тие не му се спротивставуваат толку цврсто и толку решително како што тоа го правел Христос. Тие не ја увидуваат целата тежина на злото и убиствениот грев, и затоа се заслепени и во поглед на карактерот и во поглед на силата на кнезот на темнината. Мало е непријателството против сатаната и неговите дела, затоа што владее толку големо незнаење во врска со неговата злоба и сила како и интензитетот на неговата борба против Христа и Неговата заедница. Мнозина се оние кои се измамени во овој поглед. Тие не знаат дека нивниот непријател е силен војсководач кој господари со умот на злите ангели, и кој со помош на лукаво смислените планови и вештите маневри води војна против Христа за да го спречи спасувањето на душите. Меѓу таканаречените христијани па дури и меѓу самите проповедници на евангелието едвај се слуша нешто против сатаната, со исклучок понекогаш случајно од проповедалната. Тие не ги согледуваат знаците на неговата постојана активност и успех; тие ги занемаруваат многубројните предупредувања за неговото лукавство; и како да го негираат и самото негово постоење.

И додека - луѓето така поминуваат преку неговите лукавства како тие и да не постојат, овој буден непријател ги следи во секој миг. Тој како неканет гостин се наоѓа во секоја соба во нашето домаќинство, во секоја улица на нашите градови, во црквите, во конгресните сали и во судовите; тој збунува, измамува, заведува, насекаде ги упропастува душите и телата на луѓето, жените и децата, ги уништува семејствата, сее омраза, неслога, кавга, предизвикува буни и убиства. А христијанскиот свет на сето тоа гледа како Бог тоа да го определил и дека така мора да биде.

Сатаната постојано настојува да го надвладее Божјиот народ со рушење на оградите кои го одделуваат од светот. Стариот Израел бил наведен на грев кога се осмелил да стапи во забрането здружување со незнабошците. На сличен начин го застранува и современиот Израел. “На кои богот на овој свет им го заслепил разумот на неверните, за да не ги осветли светлината на Евангелието за славата на Христа, Кој е образ на невидливиот Бог” (2. Коринтјаните 4:4). Сите оние што не се решителни Христови следбеници, со самото тоа се сатански слуги. Во непрепороденото срце владее љубов кон гревот и наклоност да го оправдува и негува гревот. Во препороденото срце се наоѓа омраза кон гревот и решителен отпор против него. Кога христијаните избираат друштво на непобожни и неверни, самите се изложуваат на искушение. Сатаната се скрива пред нивниот поглед и својот измамнички превез потајно им го навлекува на очите. Тие тогаш не можат да увидат дека таквото друштво може само да им наштети; и станувајќи сè послични на светот во карактерот, зборовите и делата, тоа сè повеќе и повеќе ги заслепува.

Со постојаното приспособување кон световните обичаи, црквата станува сè послична на светот; и на тој начин светот никогаш нема да се обрати кон Христа. Блиското пријателство со гревот неизбежно ќе направи гревот да не изгледа толку одвратен. Оној кој за свое друштво ги избира сатанските слуги, наскоро ќе престане да се плаши од нивниот господар. Кога на патот на должноста ќе бидеме изложени на искушение, како Даниел на царскиот двор, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нè сочува; но ако сами се изложиме на искушение, тогаш порано или подоцна сигурно ќе паднеме.

Искушувачот често најуспешно дејствува токму преку оние во кои најмалку се сомнева дека се под негова контрола. Оние што се талентирани и образовани обично се почитуваат и ценат како овие особини да можат да го надополнат недостатокот на Божјиот страв во срцето, или како тоа да може на некој да му даде право на Божјe одобрување. Надареноста и културата сами по себе се Божји дарови; но кога тие се ставаат на местото на побожноста, и кога тие наместо да ја доведат душата поблиску до Бога, уште повеќе ја оддалечуваат од Него, тогаш тие за човекот стануваат проклетство и стапица. Кај многумина превладува мислењето дека сè што изгледа љубезно и благородно во извесна смисла мора да е од Христа. Никогаш немало поголема заблуда. Овие особини треба да го красат карактерот на секој христијанин, зашто со помош на нив може да се изврши силно влијание во прилог на вистинската религија; но тие мора да бидат посветени на Бога, или во спротивно ќе претставуваат исто таква сила во прилог на злото. Многу поединци со просветлен ум и пријатно однесување, кои не би се спуштиле до она што обично се смета за неморален чин, само се воспитано орудие во рацете на сатаната. Подмолниот и измамливиот карактер на нивното влијание и на нивниот пример ги прави поопасен непријател на Христовото дело отколку оние што се презрени како прости и необразовани.

Со сесрдна молитва и со доверба во Бога, Соломон постигнал мудрост што го возбудила, зачудила и восхитила светот. Но кога се одделил од изворот на својата сила и тргнал напред надевајќи се само во себе, станал плен на искушението. Чудесните способности што му биле дадени на овој владетел, го направиле само поуспешно орудие во рацете на непријателот на душите.

Иако сатаната постојано настојува да го заслепи умот пред овие факти, христијаните никогаш нека не заборават дека “нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век; против духовните сили на злото” (Ефесјаните 6:12). Одѕвонувајќи низ вековите, предупредувањето на вдахновениот апостол допира и до нашите денови: “Бидете трезвени и бдејте: вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика, барајќи некого да го проголта” (1. Петрово 5:8). “Облечете се во сето Божјо оружје, за да се одржите против ѓаволското лукавство” (Ефесјаните 6:11).

Од Адамовите денови па сè до ден денес, нашиот голем непријател постојано ја покажува својата моќ во угнетување и уништување. Сега се подготвува за својот последен воен поход против Божјата заедница. Сите оние кои сакаат да го следат Исуса ќе дојдат во неизбежен судир со својот неуморен непријател. Колку е посличен еден христијанин на својот божествен Пример, толку е посигурно дека ќе стане мета на сатанските напади. Сите кои активно учествуваат во Божјото дело, настојувајќи да ги разоткријат сатанските измами и пред луѓето да го истакнат Христа, на крајот заедно со апостолот ќе можат да кажат дека му служеле на “Господа со секаква понизност, со солзи и искушенија” (Дела 20:19).

Сатаната го напаѓал Христа со своите најгрозни и најлукаво смислени искушенија, но во секој судир бил одбиен. Овие битки се водени заради нас; овие победи ни овозможуваат нам и ние да победиме. Христос им дава сила на сите оние што ја бараат од Него. Ниту еден човек не може да биде совладан од сатаната без своја сопствена согласност. Искушувачот ја нема таа моќ да владее со волјата на една душа или да ја присили на грев. Тој може да нанесе болка, но не може да извалка. Може да предизвика душевен страв, но не може да опогани. Фактот дека Христос го победил, треба да им влее храброст и сила на Неговите следбеници, машки да се борат против гревот и сатаната.