Големата борба помеѓу Христа и сатаната

29. Потеклото на злото

Потеклото на злото и причината за неговото постоење за многумина претставува извор за голема збунетост. Тие го гледаат дејството на злото со неговите страшни последици на болка, пустошење и беда, и се прашуваат како сето тоа може да постои под сувереното владеење на Оној кој е бесконечен во Својата мудрост, сила и љубов. Тоа е тајна за која тие не наоѓаат објаснување. И во својата несигурност и сомнеж, тие остануваат слепи за вистините кои се толку важни за спасението и кои се толку јасно откриени во Божјото Слово. Има и такви кои во своето истражување во врска со постоењето на гревот се напрегаат да проникнат во она што Бог никогаш не го открил; затоа и не наоѓаат решение за своите тешкотии; и така бидејќи природно се наклонети кон сомневање и кон критикување тие тоа го земаат како изговор за целосно отфрлување на Светите списи. Други пак, задоволувачкото разбирање на овој голем проблем не го наоѓаат затоа што човечките преданија и погрешните толкувања на Библијата го направиле нејзиното учење за Божјиот карактер, за природата на Неговото владеење и начелата на Неговото постапување со гревот сосема неразбирливо.

Не е можно да се објасни потеклото на гревот така што може да се најде оправдување за неговото постоење. Сепак можеме доволно да разбереме дека што се однесува до потеклото и конечното уништување на гревот, Божјата правда и Неговото милосрдие во сето Негово постапување со ова зло дошле до потполн израз. Во Светите списи ништо не е појасно од вистината дека Бог ниту на било кој начин не е одговорен за настанувањето на гревот, и дека никакво тиранско скратување на божествената милост, ниту било каков недостаток во божественото владеење не дале повод за побуна. Гревот се наметнал како неканет гостин за чиешто присуство не може да се наведе причина. Тој е таинствен, необјаснив и да се оправдува би значело да се брани. Кога за него би можело да се најде оправдување или причина за неговото постоење, тогаш тој би престанал да биде грев. Дефиницијата за гревот е јасно дадена во Божјото Слово: “Гревот е беззаконие” - престап на законот (1. Јованово 3:4), и тоа е наше единствено објаснување; тој е олицетворение на начелата што се во непријателство со големиот Закон на љубовта врз кој се темели божественото владеење.

Пред појавата на ова зло, во целата вселена владеел мир и радост. Сè било во совршена согласност со волјата на Творецот. Љубовта кон Бога била над сè, а меѓусебната љубов била непристрасна. Христос, Словото, еднороден од Бога, бил едно со вечниот Отец - едно во природата, во карактерот и во намерите - единствено суштество во целата вселена кое можело да навлезе во сите Божји совети и намери. Отецот преку Христа ги создал сите небесни суштества. “Бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на Земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било начелства, било власти - сè е преку Него и за Него создадено” (Колосјаните 1:16). Исто така како и на Отецот и на Христа целото небо му укажувало поданичка верност. Бидејќи законот на љубовта е темел на Божјото владеење, среќата на сите создадени суштества зависела од нивната целосна согласност со Неговите големи начела на правдата. Од сите Свои созданија Бог очекува служба од љубов - почитување што произлегува од правилното сфаќање на Неговиот карактер. Нему не Му е по волја присилна верност и затоа Тој на сите им дава слободна волја, за доброволно да Му служат.

Меѓутоа, се нашол еден кој решил да ја злоупотреби оваа слобода. Гревот се зачнал во оној кого Бог, покрај Христа, најмногу го почествувал и кој и меѓу небесните жители бил највисок во силата и славата. Пред да падне, Луцифер бил првиот херувим засолнувач, свет и неизвалкан: “Вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината... Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше на светата Божја гора, одеше среде огнени камења. Ти беше совршен на патиштата свои, од денот кога беше создаден, сè додека не се најде во тебе беззаконие” (Езекиел 28:12-15).

Луцифер можел да ја сочува Божјата наклоност, можел да биде почитуван и сакан од сите Божји чети, и во милоста Божја, и сите свои благородни способности можел да ги употреби на благослов на другите и на слава на својот Творец. Но, пророкот кажува за него: “Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја” (Езекиел 28:17). Малку по малку, Луцифер почнал да и попушта на желбата за самовозвишување. “Зашто своето срце го изедначи со Божјото” (Езекиел 28:6). “А во срцето свое си велеше: Ќе се искачам на небесата, над Бојжите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе. На соборната гора ќе престоjувам, на краен север. Ќе се искачам во облачните висини, ќе бидам еднаков со Сeвишниот” (Исаија 14:13, 14). Наместо да се труди сите создадени суштества да гледаат во Бога како највисок идеал на приврзаност и верност, Луцифер настојувал нивната служба и верност да ги придобие за себе. Копнеејќи лакомо за славата со која вечниот Отец Го опкружувал својот Син, овој ангелски кнез се стремел кон власта на која искучително право имал само Христос.

Сите небесни војски наоѓале радост во тоа што претставуваат отсјај на славата на Творецот, и во тоа што Му оддаваат багодарност и чест Нему. И додека Бог бил почитуван на овој начин, сите уживале мир и радост. Но еден нескладен тон ја нарушил таа небесна хармонија. Издигнувањето на самиот себеси и службата на оваа слабост, што е во спротивност со планот на Творецот, предизвикале мрачни претчувства во душите на оние на кои славењето на Бога дотогаш им било над с# друго. Небесниот совет се залагал за Луцифера и воделе дискусија со него. Божјиот Син му укажал на величината, на добрината и на праведноста на Творецот, и на светата и непроменлива природа на Неговиот закон. Небесниот поредок го вовел самиот Бог; со отстапувањето од тој поредок Луцифер го обесчестил својот Творец, а себеси се упропастил. Но упатеното предупредување, единствено од неизмерна љубов и милосрдие, само уште повеќе предизвикало дух на противење. Луцифер допуштил со него да завладее зависта кон Христа и станувал сè поупорен.

Гордоста поради сопствената слава го потхранила стремежот за највисока власт. Високите почести што му биле укажувани, Луцифер не ги ценел како Божји дар и тие кај него не разбудиле благодарност кон Творецот. Возгордевајќи се со својата слава и со возвишената положба, се стремел потполно да се изедначи со Бога. Тој бил сакан и почитуван од страна на небесните чети. На ангелите им причинувало задоволство да ги извршуваат неговите наредби, и тој повеќе од сите останати бил надарен со мудрост и слава. Меѓутоа, признаен владетел на небото, еднаков со Отецот по силата и авторитетот, бил само Божјиот Син. Само Христос учествувал во сите Божји совети, додека на Луцифер не му било дозволено да биде упатен во сите Божји намери. “Зошто”, се прашувал овој силен ангел, “Христос да има врховна власт? Зошто Тој повеќе да биде почитуван од Луцифер?” Напуштајќи го своето место во непосредната близина на Бога, Луцифер отишол меѓу ангелите да го шири духот на незадоволството. Во почетокот дејствувајќи потајно и криејќи ги своите вистински намери под наметката на стравопочитување кон Бога, настојувал да предизвика незадоволство во врска со законите кои управуваат со небесните суштества, тврдејќи дека тие претставуваат само непотребно ограничување. Истакнувал дека ангелите, бидејќи по природа се свети, треба да му се покоруваат на диктатот на својата слободна волја. Се стремел да предизвика сожалување, прикажувајќи дека Бог неправедно постапува со него со тоа што на Христа Му укажува најголеми почести. Тврдел дека барајќи поголема власт и чест, не оди кон тоа да се издигне самиот себеси туку да им осигура слобода на сите небесни жители, да можaт со тоа да постигнат повисок животен степен.

Бог во Својата милост долго имал трпение кон Луцифера. Не му ја одзел неговата висока служба и положба веднаш кога овој почнал да предизвикува дух на незадоволство, па дури ни тогаш кога почнал да ги изнесува своите неосновани барања пред ангелите кои останале верни. Долго тој бил трпен на небото. Многупати му било нудено простување под услов да се покае и да се покори. Биле преземани напори што само неизмерната љубов и мудрост можела да ги преземе за да го осведочи и изведе од заблудата. Духот на незадоволството дотогаш не бил познат на небото. Луцифер во почетокот ни самиот не знаел каде води сето тоа; тој не ја разбрал вистинската природа на своите чувства. Меѓутоа кога било докажано дека неговото чувство на незадоволство е неосновано, Луцифер се осведочил дека не бил во право, дека божествените барања се праведни и дека треба како такви да ги признае пред сите жители на вселената. Кога би постапил така, можел да се спаси себеси и многумина ангели. Во тоа време с# уште не ја напуштил целосно својата послушност кон Бога. Иако веќе ја изгубил својата положба како херувим засолнувач, кога би се согласил да се врати кај Бога, признавајќи ја мудроста на Творецот и задоволувајќи се да го заземе местото што му било одредено во големиот Божји план, би можел повторно да биде вратен во својата служба. Но гордоста не му дозволила да се покори. Тој упорно ги бранел своите постапки тврдејќи дека не му е потребно покајание и отворено стапил во голема борба против својот Творец.

Ги употребил сите сили на својот мајсторски ум со измами да ги придобие симпатиите на ангелите, кои биле под негово заповедништво. Дури и самиот факт дека Христос го предупредил и советувал, тој го прикажал изопачено, за да му послужи на неговите предавнички цели. На оние, со кои го врзувала најсрдечна доверба, сатаната им се жалел дека е неправедно осуден, дека неговата положба не се цени и дека се работи на тоа да му се ограничи слободата. Од погрешно прикажување на Христовите зборови поминал на извртување на вистините и отворени лаги, обвинувајќи го Божјиот Син дека сака да го понижи пред небесните жители. Исто така се обидел лажно да го прикаже и исходот од своето дејствување на ангелите кои му останале верни на Бога. Сите оние кои не можел да ги заведе и да ги придобие на своја страна, ги обвинувал дека се рамнодушни кон нтересите на небесните суштества. Токму она што самиот го правел, им го припишувал на оние што му останале верни на Бога. И за да ги поткрепи своите обвинувања дека Бог е неправеден кон него, лажно ги прикажувал зборовите и постапките на Творецот. Политиката му била, со лукаво аргументирање на Божјите намери да ги заведе ангелите. Сè што било едноставно го завиткал со таинственост, а со вешто извртување на фактите, предизвикал сомневање кон најјасните Јеховини изјави. Неговата висока положба, толку силно поврзана со божественото владеење, им дала уште поголема сила на неговите искази и многу ангели биле поттикнати да се придружат во неговата побуна против Небесниот авторитет.

Бог во Својата премудрост му допуштил на сатаната да го продолжи своето дело сè додека духот на незадоволството не созреал до отворена побуна. Било неопходно неговите намери сосема да се откријат, за да можат сите да ја согледаат нивната вистинска природа и цел. Луцифер како помазан херувим, бил мошне возвишен, и од страна на небесните суштества мошне сакан, и тој на нив вршел силно влијание. Божјото владеење ги опфаќало не само небесните жители, туку и сите останати светови во вселената што Тој ги создал; и сатаната мислел дека, ако може да ги вовлече во буната небесните ангели, ќе успее тоа да го направи и со жителите на останатите светови. Со голема вештина го прикажувал настанатиот проблем од свој агол, и за да ја постигне својата цел употребил лукавство и лага. Неговата способност за измама била многу голема и наметнувајќи се со лажна наметка, имал предност. Дури ни ангелите што останале верни на Бога не можеле во целост да го проѕрат неговиот карактер или да видат каде води неговото дело.

Сатаната толку високо бил ценет, а сите негови постапки така обвиткани со таинственост што на ангелите им било тешко да ја разоткријат вистинската природа на неговото дело. Сè додека не се развил целосно, гревот не изгледал толку страшно колку што всушност и бил. Сè дотогаш за гревот немало место во Божјата вселена, а неговите безгрешни жители немале вистинска претстава за неговата природа и за неговата убиственост. Тие и не можеле да ги насетат страшните последици што ќе настапат со отстранувањето на законот. Со привидното исповедање на оданост и верност кон Бога, сатаната во почетокот го прикривал своето дело. Тврдел дека се залага за уште поголемо укажување на чест кон Бога, за постојаноста на Неговото владеење и за доброто на сите небесни жители. Додека во душите на ангелите кои по ранг му биле потчинети предизвикувал незадоволство, вешто се преправал да остави впечаток како да се залага за отстранување на незадоволствата. Кога барал да се спроведат промени во поредокот, во законот и во уредувањето на Божјото владеење, тоа го правел под изговор дека тоа е неопходно поради зачувување на небесната хармонија.

Во своето постапување со гревот Бог можел да се користи само со правдата и вистината. Меѓутоа, сатаната можел да се послужи со ласкање и измама - што Бог никогаш не можел да го направи. Се обидел да го фалсификува Божјото Слово, и пред ангелите планот на Божјото владеење да го прикаже погрешно, тврдејќи дека Бог е неправеден, зашто и на небесните жители им наметнува закони и прописи, и дека барајќи потчинетост и покорување од Своите созданија, Тој всушност само настојува да се издигне Себеси. Затоа станало неопходно да се докаже пред небесните жители и пред сите светови дека Божјото владеење е праведно, а Неговиот закон совршен. Сатаната создал впечаток дека тој се залага за доброто и среќата на целата вселена. Вистинскиот карактер на овој узурпатор кој бесправно сакал да ја заземе власта и неговата вистинска цел, на сите морала да им стане јасна. Нему морало да му се даде време со своите зли дела сам да се разоткрие.

Одговорноста за неслогата што тој лично со своите постапки ја предизвикал на небото, сатаната му ја припишал на Божјиот закон и на Неговото владеење. Тврдел дека сите зла се само последица на божественото управување, и дека затоа негова цел е да ги поправи одредбите на Јехова. Затоа Бог допуштил тој да ја покаже вистинската природа на своите барања и на дело да ги покаже предложените промени во Божјиот закон. Неговото сопствено дело морало да го осуди. Сатаната од почетокот тврдел дека тој не е бунтовник. Затоа целата вселена мора да го види измамникот во неговата вистинска боја, разоткриен.

Во својата бескрајна мудрост Бог не го уништил сатаната дури ни тогаш кога било решено тој да биде отфрлен од небото. Бидејќи на Бога му е угодна и прифатлива само службата од љубов, верноста на Неговите созданија мора да се темели на непоколебливото убедување во Неговата праведност и добронамерност. Жителите на небото и на другите светови, неподготвени да ја сфатат природата и последиците на гревот, во тоа време не можеле да ја согледаат Божјата праведност и милост во случај сатаната веднаш да бил уништен. Кога сатаната веднаш би бил уништен, тие на Бога би му служеле повеќе од страв отколку од љубов. Влијанието на измамникот не би било сосема уништено, ниту пак духот на бунтовникот потполно искоренет. Морало да се допушти злото да созрее. За доброто на целата вселена низ сите времиња, било потребно тој поцелосно да ги развие своите начела, за да можат сите созданија неговите обвинувања против Божјото владеење да ги согледаат во вистинска светлина, и Божјата правда и милост како и непроменливоста на Неговиот закон засекогаш да останат надвор од секое сомневање.

Сатанската буна, на целата вселена треба да и послужи како поука за сите времиња - да биде вечно сведоштво за природата на гревот и за неговите страшни последици. Исходот од сатанското владеење и последиците што ги имало тоа врз луѓето и врз ангелите, требале да покажат какви плодови мора да се очекуваат кога ќе се отстрани Божјиот авторитет. Требало да се покаже дека од постоењето на божественото владеење зависи благосостојбата и напредокот на сите суштества што Тој ги создал. На тој начин историјата на тој страшен бунт требала да им послужи на сите свети суштества како вечна заштита, спречувајќи ги да не бидат наведени на ваков престап и да ги чува од гревот и казната што тој ја донесува.

Сè до свршувањето на судирот на небото, големиот узурпатор продолжил да се оправдува. Кога најпосле било објавено дека заедно со сите свои соучесници мора да биде протеран од престојувалиштата на блаженството, водачот на бунтот дрско и јавно го покажал својот презир кон законот на Творецот. Постојано го повторувал своето тврдење дека на ангелите не им е потребна никаква контрола, туку треба да се остават слободно да раководат со сопствената волја која секогаш ќе ги води на добро. Божествените наредби ги прогласил за нешто што ја ограничува нивната слобода и изјавил дека негова намера е укинување на законот; за небесните чети, ослободени од ваквите ограничувања, да можат да се издигнат на повисока и повеличествена положба.

Меѓутоа, сета одговорност за буната сатаната и неговите следбеници еднодушно ја префрлиле на Христа, тврдејќи дека никогаш не би се побуниле кога не би биле укорени. Бидејќи толку упорно и пркосно издржале во своето неверство, стремејќи се да го соборат Божјото владеење, а сепак богохулно претставувајќи се како невини жртви на Христовата “насилничка” власт, архибунтовникот и сите негови едномисленици најпосле биле истерани од небото.

Истиот тој дух што го започнал бунтот на небото, сè уште го продолжува бунтот на земјата. Сатаната продолжил кај луѓето да се служи со истите средства како и кај ангелите. Неговиот дух овде владее во синовите на непокорноста. Тие, токму како и тој, се стремат да ги отстранат сите ограничувања што на луѓето им ги наметнува Божјиот закон, и кршењето на неговите прописи го нарекуваат слобода. Укорот и осудувањето на гревот сè уште предизвикува дух на омраза и отпор. Кога пораката на Божјото предупредување ќе ја разбуди совеста, сатаната ги наведува луѓето да се оправдуваат и за своите грешни постапки да бараат разбирање и оправдување од другите. Наместо да ги исправат своите грешки и да ги напуштат, тоа во нив буди и распалува негодување против оној што ги укорува, како тој да е единствената причина за настанатите тешкотии. Од деновите на праведниот Авел, па сè до денешно време, ваквиот дух не престанал да се покажува против оние кои се осмелуваат да го укорат и осудат гревот.

На ист начин, како што на небото со лажно прикажување на Божјиот карактер ги навел ангелите да го сметаат Творецот како тирански господар, сатаната и луѓето ги навел на грев. И откако успеал во тоа, тој тврди дека Божјите неправедни ограничувања довеле до падот на првите луѓе, кои наводно биле причина и за неговиот бунт.

Меѓутоа, Вечниот Отец за Својот карактер самиот кажува: “Господ, Господ, Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински! Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој простува беззаконија, неправди и гревови, Кој не го оправдува виновникот” (Излез 34:6, 7).

Протерувајќи го сатаната од небото, Бог ја докажал Својата правда и ја сочувал честа на Својот престол. Меѓутоа, кога човекот, заведен од измамите на овој отпаднат дух, паднал во грев, Бог Својата љубов ја докажал со тоа што дозволил Неговиот еднороден Син да умре за паднатиот човечки род. Божјиот карактер се открил во жртвата за помирување. Моќниот аргумент од крстот на целата вселена јасно и докажува дека за кобниот пат на гревот по кој тргнал Луцифер, ниту на било кој начин може да се обвини Божјото владеење.

Во судирот помеѓу Христа и сатаната, за време на Спасителовата мисија на земјата, карактерот на големиот измамник потполно е демаскиран. Секоја наклоност на небесните ангели и на сите жители на непаднатите светови кон сатаната, ништо толку не би ја искоренило од корен како неговото жестоко и постојано војување против Откупителот на светот. Богохулната дрскост на неговото барање да му се поклони Христос, неговото безобѕирно пречекорување на сè што е дозволено кога Го одвел на високата гора и на врвот на храмот; убиствената намера што не сакајќи ја обелоденил навалувајќи на Него да скокне од огромна височина; неговата секогаш будна злоба со која Го следел на секој чекор, инспирирајќи ги срцата на свештениците и на народот да ја отфрлат Неговата љубов и најпосле да викаат: “Распни Го! Распни”! - сето тоа предизвикало вчудоневиденост и гнасење на целата вселена.

Сатаната го навел светот да го отфрли Христа. Кнезот на злото ја употребил целата своја сила и подмолност да Го уништи Христа, зашто видел дека Спасителот со Својата милост и љубов, со Своето сочувство и со Својата нежна сомилост на овој свет му го открива Божјиот карактер. Сатаната на Божјиот Син му го оспорувал секое право и користејќи ги луѓето како свои орудија Му го загорчувал животот со страдања и тага. Измамливите заклучоци и лаги со кои настојувал да го спречи Христовото дело, омразата што ја покажал преку синовите на непослушноста, неговите ужасни обвинувања против Оној чијшто живот бил беспрекорна добрина - сето тоа потекнувало од неговиот длабоко вкоренет стремеж за одмазда. Прикриениот пламен на завист и злоба против Божјиот Син, огнот на сатанската омраза и освета се разгорел во сета своја жестина на Голгота, додека целото небо во нема запрепастеност ја набљудувало оваа сцена.

Откако како голема жртва за спасение на човечкиот род го принел Својот живот, Христос се вознел на небото, но не дозволил да Му се поклонат ангелите додека пред Отецот не го изнел Своето барање: “Татко, сакам оние, кои си Ми ги дал, да бидат со Мене каде што Сум Јас” (Јован 17:24). Тогаш од престолот на Отецот со неискажана љубов и сила настапил одговор: “Да Му се поклонат сите Божји ангели” (Евреите 1:6). Ниту една дамка на грев не се нашла на Исуса. Неговото понижување завршило. Неговата жртва била потполна и доволна, и затоа Му е дадено име кое е над секое име.

Сега станало уште повидливо дека сатаната за својата вина навистина нема никаков изговор. Тој го открил својот вистински карактер на измамник и убиец. Се покажало јасно дека истиот дух со кој владеел над човечките синови, што биле под негова власт, би се покажал и на небото кога би му било допуштено да владее над неговите жители. Тој тврдел дека престапот на Божјиот закон на престапникот ќе му донесе слобода и издигнување, но се покажало дека тој донесува ропство и понижување.

Сатанските лажни обвинувања на сметка на Божјиот карактер и владеење се покажале во својата вистинска светлина. Тој го обвинил Бога дека, барајќи од сите Свои созданија покорност и послушност, се стреми да се издигне самиот Себеси, и тврдел дека Творецот, присилувајќи ги сите други на самооткажување Самиот не се откажува од ништо ниту пак поднесува било каква жртва. Тогаш се покажало дека Владетелот на целата вселена за спасението на целиот човечки грешен род ја дал најголемата жртва, која само љубовта може да ја поднесе. “Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа” (2. Коринтјаните 5:19). Исто така се докажало дека Луцифер, стремејќи се кон слава и кон првенство, ја отворил вратата за гревот, и злото, додека Христос за да го уништи гревот - се понижил “станувајќи понижен до самата смрт” само за да го уништи гревот.

Бог јасно ја покажал Својата одвратност кон начелата на бунтот. Целото небо во осудата на сатанското дело и во откупувањето на човекот го видело откровението на Неговата праведност. Луцифер тврдел дека доколку Божјиот закон е непроменлив и неговата казна неизбежна, тогаш секој престапник мора засекогаш да биде лишен од Божјата наклоност. Тврдел дека грешниот човечки род со својот престап се ставил надвор од дофатот на откупувањето и дека затоа претставува негов законски плен. Но Христовата смрт претставува несоборлив аргумент во корист на човекот. Казната за престапот на законот паднала на Него кој потполно е еднаков на Бога, и човекот сега може слободно да ја прифати Христовата правда и со покајание и понизност да извојува победа над сатанската сила, како што и Божјиот Син го победил во телото. Така Бог останува праведен иако ги оправдува сите што ќе поверуваат во Исуса.

Меѓутоа, Христос не дошол на оваа земја да страда и да умре само затоа за да го спаси човекот. Тој дошол “законот да го направи голем и славен.” Дошол не само затоа жителите на овој свет да се однесуват кон Божјиот закон како што треба, туку и на сите светови во вселената да им покаже дека Божјиот закон е непроменлив. Кога би било можно да се укине законот, тогаш Божјиот Син не би морал да го жртвува Својот живот страдајќи токму поради престапот на тој закон. Христовата смрт претставува доказ дека законот е непроменлив. А жртвата на која ги натерала неизмерната љубов и Отецот и Синот за грешниците да можат да бидат спасени, покажува пред целата вселена - што единствено со ваквиот план можело да се постигне - дека правдата и милоста се темел на законот и на божественото владеење.

Во конечното извршување на пресудата ќе се востанови дека за гревот не постоела причина. Кога Судијата на целата земја ќе побара од сатаната одговор: “Зошто се побуни против Мене и Ми ги одземаше поданиците на Моето царство?”, зачетокот на злото нема да може да наведе никаков изговор. Секоја уста ќе биде затворена, а целокупното мноштво на оние кои ја поддржуваат буната ќе останат без зборови.

Крстот на Голгота, додека го прогласува законот за непроменлив, на целата вселена и објавува дека смртта е платата за гревот. Во претсмртниот извик на Спасителот: “Се сврши”, на сатаната му одѕвонило претсмртното ѕвоно. Големата борба која се води толку долго, тогаш дефинитивно била одлучена, и конечното истребување на злото станало сосема извесно. Божјиот Син поминал низ гробната врата, “та преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смрта, односно ѓаволот” (Евреите 2:14). Стремежот на Луцифер кон самовозвишување го навел да каже дрско: “Ќе се искачам на небесата, над Бојжите ѕвезди ќе си издигнам престол за себе... ќе бидам еднаков на Сèвишниот.” А Бог кажува: “Затоа Јас ќе те претворам во пепел на земјата... и нема да те има повеќе” (Исаија 14:13, 14; Езекиел 28:18, 19). “Еве, доаѓа ден, кој гори како печка; тогаш сите горди и оние, кои постапуваат нечесно, ќе бидат како слама, и ќе ги изгори денот што иде, вели Господ над војските, и нема да им остави ни корен ниту гранчиња” (Малахија 4:1).

На крајот целата вселена ќе биде сведок за природата и за последиците на гревот. А неговото потполно уништување кое, кога би било извршено на самиот почеток, би внело страв во срцата на ангелите и би Го обесчестило Бога, сега ќе ја оправда Неговата љубов и ќе ја издигне Неговата чест пред сите жители на вселената, кои со радост ја творат Неговата волја и на кои Неговиот закон им е во срцата. Злото никогаш повеќе нема да се појави. Светото писмо кажува: “Неволјата нема да се подигне двапати” (Наум 1:9). Божјиот закон кој сатаната го прогласил како јарем на ропството, ќе биде почитуван како закон на слободата. Проверените и испитаните созданија никогаш повеќе нема да се одвратат од својата поданичка верност кон Оној, чијшто карактер се покажал пред нив како неизмерна љубов и бескрајна мудрост.