Големата борба помеѓу Христа и сатаната

28. Истражен суд

“Гледав”, кажува пророкот Даниел, “дека се поставија престоли и седна Старец. Облеката му беше бела како снег, а косата на главата Негова како чиста волна. Неговиот престол беше како огнен пламен, а тркалата како усвитен оган. Река огнена извираше и минуваше пред Него, илјада илјади Му служеа Нему, десет илјади по десет илјади стоеја пред Него. Судот седна и книгите се отворија.” (Даниел 7:9, 10).

Така во пророчкото видение е прикажан големиот и свечен ден кога ќе се разгледува карактерот и животот на луѓето пред Судијата на целиот свет и кога Тој ќе му даде “на секого според делата негови” (Откровение 22:12). Старецот е Бог Отецот. Псалмистот кажува: “Уште пред да се појават горите, и пред создавањето на Земјата и вселената, отсекогаш и засекогаш Ти постоиш” (Псалм 90:2). Оној кој претставува извор на сè што постои и основа на сите закони, претседава во овој суд. А светите ангели што ќе присуствуваат како служители и сведоци на ова големо судење ги има, илјада илјади и десет илјади по десет илјади.”

“Гледав во ноќните виденија, и ете на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици. Неговата власт е вечна власт и никогаш нема да помине, Неговото царство нема да пропадне” (Даниел 7:13, 14). Христовото доаѓање, кое се опишува овде, не е Неговото второ доаѓање овде на земјата. Тој доаѓа пред Старецот на небото да прими власт, слава и царство што ќе Му бидат дадени на крајот на Неговата посредничка служба. Ова доаѓање, а не Неговото второ доаѓање, го претставува она што според пророштвото требало да се случи по истекувањето на 2300. денови - во 1844. година. Тогаш во придружба на небесните ангели, нашиот голем Првосвештеник влегол во светињата над светињите и дошол пред Бога да го изврши последното дело во Својата служба за луѓето - да го изврши делото на истражниот суд и да изврши помирување за сите оние што ќе се покаже дека имаат право на тоа.

Во симболичната служба во Стариот завет на Денот на исчистувањето, во богослужението можеле да земат учество само оние што пред Бога ги признале своите гревови и се покајале, и чиишто гревови со крвта на жртвата за грев биле пренесени во светињата. Така и во големиот ден на конечното исчистување и на истражниот суд, ќе се разгледуваат само случаите на оние што тврдат дека се Божји народ. Судењето на безбожниците е посебно и одделено од ова, и ќе се одржи подоцна. “Зашто е време да почне судот од Божјиот дом; а ако почнува прво од нас, каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото евангелие?” (1. Петрово 4:17).

Записите во небесните книги, во кои се забележени имињата и делата на луѓето, ќе бидат од пресудно значење за донесување одлуки на овој суд. Пророкот Даниел кажува: “Судот седна и книгите се отворија” (Даниел 7:10). Писателот на Откровението опишувајќи ја истата сцена додава: “И друга книга се отвори, книгата на животот. И на мртвите им беше судено според она што е напишано во книгите, според делата нивни “ (Откровение 20:12).

Книгата на животот ги содржи имињата на сите оние што кога и да е прифатиле да Му служат на Бога. Исус им рекол на Своите ученици: “Радувајте се што вашите имиња се напишани на небесата” (Лука 10:20). Зборувајќи за своите верни соработници Павле нагласува: “чии имиња се во книгата на животот” (Филипјаните 4:3). Набљудувајќи го Божјиот народ во “тешко време, какво што немало откако постојат луѓето”, Даниел кажува дека сепак ќе бидат избавени “сите кои ќе се најдат запишани во книгата” (Даниел 12:1). А писателот на Откровението кажува дека во Божјиот град ќе можат да влезат само оние чиишто имиња се “запишани во книгата на животот на Јагнето” (Откровение 21:27).

Исто така пред Господа се пишува и “книга за спомен” во која се забележани добрите дела на сите оние “што се бојат од Господа и го почитуваат името Негово” (Малахија 3:16). Нивните зборови од вера, нивните дела на љубов, сето тоа е запишано на небото. Очигледно на тоа се повикува и Немија кога рекол: “Спомни ме, Боже мој, за тоа и не бриши ги добрите дела мои, што ги направив за домот на мојот Бог и службата при Него!” (Неемија 13:14). Во Божјата “книга за спомен” е овековечено секое праведно дело. Тука точно е запишано секое искушение од кое сме излегле како победници, и секое победено зло и секој збор на нежно сочувство. Тука е запишано и секое пожртвувано дело и, секоја болка и страдање поднесено за Христа. Псалмистот кажува: “Боже Ти го знаеш животот мој, солзите мои Си ги ставил пред Себе; Не е ли запишано сè во Твојата книга?” (Псалм 56:8).

Исто така се води извештај и за човечките гревови: “Зашто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд” (Проповедник 12:14). “И ви велам, дека за секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден”, нагласил Спасителот. “Зашто по твоите зборови ќе бидеш оправдан, и по твоите зборови ќе бидеш осуден” (Матеј 12:36, 37). Тајните намери и мотивите се внесуваат во непогрешливиот регистер; зашто Бог “ќе го извади на видело скриеното во темнина и ќе ги открие намерите на срцата” (1. Коринтјаните 4:5). “Еве, сè е напишано пред Мене... вашите беззаконија и беззаконијата на вашите татковци, вели Господ” (Исаија 65:6, 7).

Секоја човечка постапка ќе се разгледа пред Бога и ќе биде регистрирана како верност или пак како неверност. Покрај секое име во небесните книги со стравотна точност ќе биде запишан секој лош збор, секоја себична постапка, секоја неисполнета должност, секој таен грев, секое па дури и највештото прикривање. Занемарувањето на предупредувањата дадени од Бога, укорите, напразно пропуштеното време, неискористените прилики, влијанието на доброто или на злото со своите далекусежни последици - сето тоа верно го запишал ангелот записничар.

Божјиот закон е мерилото со кое на овој суд ќе се одмерува животот и карактерот на секој човек поединечно. Мудрецот вели: “Бој се од Бога и држи ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сè за човекот, зашто сите скриени дела било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд” (Проповедник 12:13, 14). А апостолот Јаков пак ги советува своите браќа: “Зборувајте и постапувајте како оние, што ќе бидат судени според Законот на слободата” (Јаков 2:12).

Оние што ќе ги прогласи судот за “достојни”, ќе имаат дел во воскресението на праведниците. “Но оние, што ќе се удостојат да го добијат оној свет и воскресението од мртвите”, Христос вели, “се еднакви со ангелите, и бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји” (Лука 20:35, 36). А на друго место пак нагласува: “И ќе излезат: кои правеле добро - ќе воскреснат за живот” (Јован 5:29). Мртвите праведници нема да станат сè додека не се заврши овој суд кој ќе ги прогласи достојни да “воскресенат за живот.” Според тоа, тие нема лично да присуствуваат на судот кога ќе се разгледува извештајот за нивниот живот и кога ќе се решава за нивниот случај.

Исус ќе се појави како нивен Застапник, и ќе се залага пред Бога за нив. “А ако некој згреши, имаме застапник кај Отецот, Исуса Христа праведникот” (1. Јованово 2:1). “Зашто Христос не влезе во ракотворна Светиња, која е образ на вистинската, туку во самото небо, за да се јави сега пред Божјото лице за нас!” “Затоа и може наполно да ги спасува оние, кои преку Него доаѓат при Бога, зашто секогаш живее, за да посредува за нив” (Евреите 9:24; 7:25).

Кога ќе се отворат записничките книги на судот, пред Бога ќе се открие животот на секој поединец кој верувал во Исуса. Почнувајќи најпрво од оние што први живееле на Земјата, нашиот Застапник ќе оди постепено од поколение до поколение, и ќе заврши со живите. Секое име ќе биде споменато, случајот на секој поединец темелно ќе биде испитан. Некои имиња ќе бидат примени, некои ќе бидат отфрлени. Имињата на оние чиишто гревови ќе се најдат во книгите непокајани и непростени, ќе бидат избришани од книгата на животот, а записот за нивните добри дела ќе биде избришан од “книгата за спомен.” Господ му рекол на Мојсеја: “Оној што згрешил пред Мене, него ќе го избришам од книгата Моја” (Излез 32:33). А пророкот Езекиел кажува: “И праведникот, ако отстапи од својата правда и постапува неправедно... ќе биде ли жив? Сите негови добри дела, што ги правел, нема да бидат споменати” (Езекиел 18:24).

Покрај имињата на оние што вистински ги покајале своите гревови, повикувајќи се со вера на Христовата крв како во жртва на помирување, во небесните книги ќе биде забележано простување. Откако ќе се пронајде дека карактерот им е во хармонија со Божјата волја и дека станале учесници во Христовата правда, нивните гревови ќе бидат избришани, а тие самите прогласени достојни за вечен живот. Преку пророкот Исаија, Господ кажува: “Јас, Јас сам ги бришам твоите престапи заради Самиот Себе и гревовите твои нема да ги споменам” (Исаија 43:25). Исус кажува: “Оној што ќе победи, ќе се облече во бела облека, и нема да го избришам неговото име од книгата на животот, туку ќе го признаам неговото име пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.” “Кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен” (Откровение 3:5; Матеј 10:32, 33).

Најдлабокото интересирање што го покажуваат луѓето при одлучувањето во земните судови, претставува само бледа слика на она интересирање што се покажува на небесниот суд, кога имињата што се запишани во книгата на животот ќе се изнесат на разгледување пред Судијата на целиот свет. Божествениот Застапник се залага за сите што победиле со вера во Неговата крв да им биде простено, да им се овозможи враќање во Едем и со Него заедно да бидат крунисани како сонаследници на “поранешната власт” (Михеј 4:8). Сатаната, во своите настојувања да го искуша и измами човечкиот род, имал намера да го осуети планот што Господ го имал за човекот уште при создавањето; меѓутоа, Христос сега бара овој план да се спроведе на дело, како човекот никогаш да не паднал. Тој за Своите избраници не бара само простување и целосно оправдување, туку и заедно со Него да ја делат славата на Неговиот престол.

Додека Исус во својство на Застапник се залага за поданиците на Својата милост, сатаната пред Бога ги обвинува како престапници. Големиот измамник прво настојува да ги наведе на сомнеж, да ги поттикне да ја изгубат довербата во Бога, да се одделат од Неговата љубов и да го прекршат Неговиот закон. А сега укажува на записите на нивниот живот, на несовршеноста на нивниот карактер, на нивната несличност со Христа, со што го обесчестиле својот Откупител, и на сите гревови на кои ги навел со своите искушенија и повикувајќи се на сето тоа, бара да станат негови поданици.

Исус не ги оправдува нивните гревови, но укажува на нивното покајание и вера, и бара простување за нив; подигнувајќи ги Своите ранети раце пред Отецот и светите ангели, Тој извикува: “Ги познавам по име, тие се врежани на дланките на Моите раце.” “Жртвата пред Бога е смирен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не го отфрлуваш” (Псалм 51:17). А на тужителот на Својот народ Тој му одговара: “Господ да те прекори сатано! Господ, Кој го избра Ерусалим, да те прекори! Не е ли Тој гламна извадена од оган” (Захарија 3:2). Христос Своите верни ќе ги облече во Својата сопствена правда за да може да ги изведе пред Отецот, како “славна Црква, без мани или порок, или нешто слично” (Ефесјаните 5:27). Нивните имиња се запишани во книгата на животот и за нив е напишано: “Тие ќе одат во бели облеки со Мене, зашто се достојни” (Откровение 3:4).

На тој начин во целост ќе се исполни ветувањето на Новиот завет: “Ќе го простам нивното беззаконие и не ќе си спомнувам веќе за нивните гревови” (Еремија 31:34). “Во оние денови, во она време - зборува Господ - ќе го бараат Израелевиот грев, ама веќе не ќе го има; ќе ги бараат јудејските злодела, но не ќе ги најдат. Зашто им простив на сите што ги запазив” (Еремија 50:20). “Во оној ден фиданката Господова ќе се јави во убавина и чест, а плодот на земјата во величие и слава, за спасените Израелеви синови. Кои ќе останат на Сион и кои ќе преживеат во Ерусалим, ќе се наречат “свети” и ќе бидат запишани да живеат во Ерусалим” (Исаија 4:2, 3).

Делото на истражниот суд и бришењето на гревовите треба да завршат пред второто Христово доаѓање. Бидејќи на мртвите ќе им биде судено според она што е запишано во книгите, не е можно гревовите на луѓето да бидат избришани сè додека не се изврши судот над нив во кој случајот на секој поединечно ќе биде разгледан. Апостол Петар јасно кажува дека гревовите на верниците ќе бидат избришани, “за да дојдат времиња за освежување од лицето Господово, и да Го испрати Претскажаниот за вас Исуса Христа” (Дела 3:19, 20). Кога ќе биде завршен истражниот суд, ќе дојде Христос и со Себе ќе донесе плата секому според делата негови.

Во симболичната служба на Стариот завет, свештеничкиот поглавар, завршувајќи го обредот на помирување за Израелот, излегувал и го благословувал собирот. Така и Христос по завршувањето на Својата посредничка служба, ќе се појави “без грев, а за спасение” (Евреите 9:28), на Својот народ што Го чека, да му подари благослов за вечен живот. Како што свештеникот гревовите на народот симболично ги отстранувал од светињата, исповедувајќи ги над главата на јарецот за отпуштање, така и Христос сите признати и покајани гревови ќе ги пренесе на сатаната, зачетникот и поттикнувачот на гревот. Јарецот над кој биле исповедани гревовите на Израелците, бил одведен “во пустина” (Левит 16:22); така и сатаната оптоварен од вината за сите гревови на кои го навел Божјиот народ, ќе биде заточен илјада години на оваа Земја, која тогаш ќе биде пуста и без жители, и на крајот целосната казна за гревот ќе ја прими во огнот кој ќе ги уништи сите безбожници. Така големиот план на откупување ќе биде наполно остварен со конечно уништување на гревот и со ослободувањето на оние што биле волни да се одречат од злото.

Во времето одредено за суд - по истекувањето на 2300 денови, во 1844 година, започна делото на истражување и бришење на гревовите. Сите што се нарекувале со Христовото име ќе мораат да поминат низ оваа истрага. И живите и мртвите ќе примат суд “според запишаното во книгите, според делата нивни” (Откровение 20:12).

Гревовите што не се покајани и напуштени, нема да бидат ниту простени ниту избришани од книгата, туку на денот на Божјиот суд ќе стојат како сведоштво против грешникот. Без оглед на тоа дали човекот своите лоши дела ќе ги направи во светлината на денот или во темнината на ноќта, тие се голи и откриени пред Оној пред кого ќе мораме да дадеме одговор. Божјите ангели го виделе секој направен грев и го запишале во непогрешливите книги. Гревот може да се скрие, да се негира и да се затаи пред таткото, пред мајката, пред жената, пред децата и пред пријателите. Можеби никој освен сторителот нема ниту најмал поим за вината, но таа е гола и откриена пред небесните суштества. Темнината на најтемната ноќ, таинственоста на највештите измами, не можат да скријат ниту една единствена мисла пред знаењето на Вечниот. Бог има точен извештај за секоја нечесна сметка, и за секоја неправедна постапка. Него не може да го измами надворешниот изглед на побожноста. Тој во оценувањето на карактерот никогаш не се лаже. Луѓето што се расипани во душите можат да го измамат човекот, но Бог може да го проѕре секое преправање и Тој го чита внатрешниот живот на човекот.

Какви свечени мисли! Ден по ден, заминувајќи во неврат, со своите записи ги полни небесните книги. Еднаш изговорениот збор, еднаш направените дела, не можеме никогаш да ги отповикаме. Ангелите го забележале секое добро и зло. Ниту најсилниот освојувач на земјата не е во можност да го поништи извештајот за еден единствен ден. Нашите дела, нашите зборови, дури и нашите најскриени побуди - сето тоа има своја тежина во одлучувањето за нашата судбина, за живот или за смрт. Иако ние таквите поединости можеби и ги забораваме, тие ќе претставуваат сведоштво што ќе нè оправда или ќе нè осуди.

Како што на фино измазнетата фотографска плоча верно се репродуцираат цртите на лицето, така и карактерот ќе биде верно опишан во небесните книги. Па сепак, колку малку има загриженост поради извештајот што стигнува пред очите на небесните суштества. Кога би можело да се повлече завесата што го дели невидливиот свет од видливиот и кога човечките синови би можеле да ги видат ангелите што го запишуваат секој збор и секое дело со кое ќе мора да се сретнат на судот, колку зборови што секој ден се изговараат би останале неизговорени, а колку дела ненаправени!

На судот точно ќе се утврди како е употребен секој примен талент. Како сме го употребиле капиталот што ни го позајмило небото? Дали Господарот при Своето доаѓање ќе го прими Своето со добивка? Дали талентите што ни се поверени - силата на своите раце, на срцето и на умот - сме ги искористиле на слава на Бога и на благослов на светот? Како сме го употребиле своето време, својот глас, своето перо, своите пари и влијанието? Што сме направиле за Христа во лицето на сиромашните, за оние во неволја, за вдовиците или за сирачињата? Бог н# направил чувари на Своето свето Слово; што сме направиле со светлината на вистината што ни е дадена за да ги направиме луѓето помудри за спасение. Самото исповедување на вера во Христа нема никаква вредност; само љубовта придружувана со дела ќе се признае како вистинска. Во очите на небото, вредноста на некое дело ја дава само љубовта. Сè што е направено од љубов, па колку и по проценка на луѓето да изгледа незначително, од Бога ќе биде признаено и наградено.

Скриената себичност на луѓето, во небесните книги целосно е разоткриена. Тука се наоѓа извештајот за неисполнетите должности кон нашите ближни или занемарените барања на нашиот Спасител. Тука ќе се види колку пати луѓето, на сатаната му ги поклониле своето време, мисли и сили што му припаѓале на Христа. Жалосен е извештајот што ангелите го носат во небото. Разумните суштества, Христовите следбеници, се обземени со желби за стекнување на богатство или со уживање на земните задоволства. Парите, времето и силата се жртвуваат за украсување и за уживање; додека одвај неколку моменти се посветуваат за молитва, за проучување на Светото писмо, за понизност на душата и за признавање на гревовите.

Сатаната измислува безбројни сплетки да ги окупира нашите мисли, за да не размислуваме токму за она со што би требало да сме најдобро запознаени. Архиизмамникот ги мрази големите вистини што ни укажуваат на жртвата на помирувањето и на нашиот семожен Посредник. Тој знае дека неговиот успех воглавно зависи од тоа, колку ќе успее да ги одврати мислите на луѓето од Исуса и од Неговите вистини.

Оние што сакаат да бидат учесници во благодатта на посредувањето на Спасителот, не смеат со ништо да дозволат да бидат одвратени од својата должност, во Божји страв да ја усовршуваат светоста. Наместо своите скапоцени часови да ги посветат на уживања, на украсување или во трка за заработка, треба да се посветат на најсесрдна молитва и на ревносно проучување на Словото на вистината. Вистината за светињата и истражниот суд, Божјиот народ треба да ја разбере јасно и целосно. За сите е неопходно одредено разбирање и лична претстава за службата и делото на нашиот голем свештенички Поглавар; инаку ќе им биде невозможно да се одржат во верата што е суштествена за ова време или да заземат положба што им ја наменил Бог. На секому му се дава можност да ја спаси својата душа или да ја загуби. Случајот, на секого од нас, зависи од исходот на овој Божји суд. Секој мора да излезе пред очите на Големиот Судија. Затоа колку е тогаш важно, секој од нас во мислите да ја набљудува свечената глетка што е опишана со зборовите: “Судот седна и книгите се отворија” (Даниел 7:10), кога секој поединец ќе мора, како некогаш Даниел, да остане и да го прими “своето наследство на крајот на деновите” (Даниел 12:13).

Сите што примиле светлина за овие предмети, должни се да сведочат за големите вистини што им ги доверил Бог. Вистината за светињата на небото претставува средиште на Христовото дело за луѓето. Таа е од животна важност за секоја душа што живее на земјата. Таа ни укажува на планот на откупувањето, нè води сè до крајот на времето и ни го открива триумфалниот исход на вековната борба помеѓу правдата и гревот. За нас од најголема важност е овие предмети да ги проучиме грижливо и целосно, за да можеме, на секој што ќе не запраша, да му дадеме одговор за нашата надеж.

Христовото посредување за човекот во небесната светиња исто толку е важно во планот на спасението колку и Неговата смрт на крстот. Со Својата смрт Тој го започнал делото што по воскресението отишол да Го доврши на небото. Затоа ние мораме со вера да влегуваме зад завесата каде што, “Исус влезе за нас како претходник” (Евреите 6:20). Таму, светлината што доаѓа од крстот на Голгота, посјајно отсјајува. Тука можеме да добиеме појасен преглед во планот на спасението. Она што небото го сторило во планот на спасението на човекот, со ништо не може да се спореди; поднесената жртва ги задоволува сите барања на прекршениот Божји закон. Исус овозможил пристап до престолот на Отецот, и со Негово посредување, искрените желби на сите што се обраќааат со вера до Него, можат да стигнат до Бога.

“Кој ги крие престапите свои, нема да напредува; а кој ги исповеда и се одречува од нив, наоѓа милост” (Изреки 28:13). Кога оние што ги кријат или оправдуваат своите гревови би можеле да видат како сатаната ликува над нив, какви зајадливи забелешки поради таквиот нивен живот тој изнесува на Христа и светите ангели, би побрзале да ги признаат своите гревови и да се откажат од нив. Со посредство на недостатоците во нивниот карактер, сатаната настојува да загосподари со целото нивно битие, и знае дека тоа ќе му успее, ако тие своите мани и понатаму ги негуваат. Затоа постојано настојува Христовите следбеници да ги наведе на судбоносно измамлив заклучок дека своите карактерни мани не е можно да ги победат. Но Исус и за нив пред Отецот ги подигнува Своите ранети раце: и секому што сака да Го следи, Тој му порачува: “Доста ти е Мојата благодат” (2. Коринтјаните 12:9). “Земете го Мојот јарем на себе и научете се од Мене, зашто Јас сум кроток и понизен по срце; и ќе најдете одмор за своите души. Зашто јаремот мој е благ и бремето мое е лесно” (Матеј 11:29, 30). Затоа никој нека не мисли дека неговите мани се неизлечиви. Бог во Својата милост ќе ни даде вера и сила да ги победиме.

Ние сега живееме во големиот ден на исчистување. Во симболичната служба на Стариот завет, додека свештеничкиот поглавар ја вршел службата за помирување на Израелците, секој морал да ја мачи својата душа со исповедување на гревовите и со понижување пред Господа, за да не биде истребен од народот. На сличен начин, сите оние што сакаат имињата да им останат во книгата на животот, треба сега и во овие неколку преостанати денови на милост и проба, да ја мачат својата душа пред Бога со жалење, поради направените гревови и со искрено покајание. Тие мораат длабоко и совесно да ги преиспитаат своите срца. Мораат да го отфрлат лекомислениот и суетен дух на кого му се предале многу таканаречени христијани. Сите оние што сакаат да ги совладаат лошите наклоности, што сакаат целосно да загосподарат со нив ги чека уште посериозна борба. Делото на подготовка е лична задача на секој поединец. Душите не се спасуваат групно, туку поединечно. Побожноста и чистотата на еден не можат да го надоместат недостатокот на овие особини кај другиот. Иако сите народи мораат да излезат пред Бога за да примат суд, сепак Тој, случајот на секој поединец ќе го испита со таква точност како да не постои повеќе ниту едно друго суштество на Земјата. Секој мора да биде испитан и да биде пронајден без мани и недостатоци или слично нешто.

Сцените што се поврзани со завршното дело на исчистување, мошне се свечени. Во прашање се мошне значајни и важни интереси. Сега горе во небесната светиња заседава суд. Ова дело е во тек веќе многу години. Набргу - никој не знае кога, ќе се помине на случаите на живите. Нашиот живот ќе се разгледува во возвишеното присуство на Бога. Во ова време повеќе од кога и да е, секоја душа треба да го има на ум Христовото предупредување: “Внимавајте, бидете будни и молете се, оти не знаете кога ќе настане времето” (Марко 13:33). “Ако не бидеш буден, ќе дојдам како крадец, и нема да знаеш кога ќе дојдам врз тебе” (Откровение 3:3).

Кога ќе заврши делото на истражниот суд, тогаш судбината на секој поединец дефинитивно ќе биде решена: за живот или за смрт. Времето на милоста и пробата ќе се заврши малку пред Господ да се појави на небесните облаци. Во Откровението, Христос, мислејќи на ова време, кажува: “Кој врши неправда, нека врши уште неправда; и кој е нечист, нека се онечистува уште; и кој е праведен нека врши уште правда; и кој е свет, нека се осветува уште! И еве, ќе дојдам скоро, и платата Моја со Мене, за да му дадам на секого според делата негови” (Откровение 22:11, 12).

И праведните и непокајаните сè уште ќе живеат на Земјата во својата смртна состојба - луѓето ќе садат и ќе градат, ќе јадат и ќе пијат, сосема несвесни дека горе во светињата е изговорена последната и неотповикливата одлука. Пред потопот, откако Ное влегол во ковчегот, Бог ја затворил вратата зад него и на непокајаните им оневозможил влегување. Уште седум дена луѓето незнаејќи дека нивната судбина е запечатена, продолжиле да живеат безгрижен и развратен живот, исмејувајќи ги предупредувањата за претстојната казна која само што не паднала врз нив. “Така”, кажува Спасителот, “ќе биде и доаѓањето на Синот Човечки” (Матеј 24:39). Тивко и незабележано, како крадец на полноќ, ќе дојде пресудниот час што видливо ќе ја одреди судбината на секој човек, час кога милоста понудена на грешните луѓе, дефинитивно ќе се повлече.

“Бидете будни... за да не дојде одненадеж и да ве најде, заспани” (Марко 13:35, 36). Опасна е состојбата на оние кои, уморни од стражарењето, се предале на привлечностите на овој свет. Додека деловниот човек сосема е предаден на својата трка за заработка, додека љубителот на овоземни задоволства бара уживање и додека ќерката на модата го средува и мести својот накит - во истиот час Судијата на целиот свет може да ја изрече пресудата: “Измерен си на мерилото и си најден лесен” (Даниел 5:27).