Големата борба помеѓу Христа и сатаната

27. Современи будења

Каде и да било верно проповедано Божјото Слово, настанувале видни резултати што го потврдувале неговото божествено потекло. Божјиот Дух ја придружувал пораката на Своите слуги и Словото влијаело силно. Грешниците чувствувале дека совеста им се буди. “Виделината која го осветлува секој човек што доаѓа на свет” ги осветлила скриените катчиња на нивните души и тоа што било скриено во темнина, станало очигледно. Длабока совест за вина ги освоила нивните души и срца. Биле осведочени за гревот, правдата и судот што доаѓа. Добиле одредена претстава за Божјата праведност и чувствувале страв што во својата грешност и нечистотија мораат да се појават пред Оној што ги испитува и чита срцата. Во трепетот и болката на душата, многумина извикнале: “Кој ќе ме избави од ова смртно тело?” Кога им бил откриен крстот на Голгота со својата непроценлива жртва поднесена за гревовите на човечкиот род, увиделе дека само Христовите заслуги можат да ги покријат нивните престапи; само на тој начин човекот може повторно да се помири со Бога. Со вера и со понизност го прифатиле Христа како “Божјо јагне што ги зеде на Себе гревовите на светот” (Јован 1:29). Прeку Христовата крв добија “простување на дотогашните гревови.”

Ваквите обратеници навистина донеле род достоен за покајание. Тие поверувале, се крстиле и од водата излегле во нов живот - како нови созданија во Исуса Христа; не за да се раководат според своите поранешни телесни желби, туку со вера во Божјиот Син да одат по Неговите стапки, да го отсликуваат Неговиот карактер и да се исчистат како што Тој е чист. Она што некогаш го мразеле, сега го сакаат; а што некогаш го сакаа, сега го мразат. Гордите и самоуверени луѓе станале кротки и со понизно срце. Ништожните и вообразените станале сериозни и ненаметливи. Некогашните хулители, пијаници и развратници, станале полни со стравопочитување, трезни и морални. Суетната мода од овој свет е отфрлена. Вистинската убавина христијаните не ја барале во надворешноста - “во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку - внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.” (1. Петрово 3:3, 4).

Будењата доведувале до длабоко преиспитување на срцата и до понизност. Карактеристичните одлики им биле сериозни и срдечни повици кон грешниците и искрена сомилост кон оние што се откупени со Христовата крв. Луѓето и жените сесрдно се молеле и се бореле со Бога за спасение на душите. Плодови на ваквите будења можеле да се забележат во животот на оние обратеници што не се плашеле од самоодрекување и жртви, туку се радувале што се удостоиле да поднесат срам и искушенија поради Христа. Во животот на оние што го исповедале Исусовото име, луѓето виделе голема промена. Нивното влијание било благородно за Заедницата. Тие навистина собираа со Христа и сееја во Духот “за од Духот да пожнеат вечен живот” (Галатјаните 6:8).

За нив како и за коринтските верници во старо време можеше да се каже дека се нажалиле “за покајание”. “Зашто, жалоста по Бога донесува покајание за спасение - за кое не се кае, а жалоста на светов донесува смрт. Зашто, ете, тоа што се нажаливте по Бога, ви создаде вам не само голема сериозност, туку и одбрана, и негодување, и страв, и копнеж, и ревност и казнување. Покажавте во сè дека сте чисти во тоа дело” (2. Коринтјаните 7:9-11).

Тоа е резултат на дејствувањето и влијанието на Божјиот Дух. Само реформата и промената во животот се доказ за вистинското покајание. Ако грешникот го исполни својот завет, ако го врати онаа што го крадел, ако ги признае и ги остави своите гревови, ако Го љуби Бога и своите ближни, дури тогаш може навистина да биде сигурен дека се помирил со Бога. Такви биле плодовите на верските будења што настанале во поранешните години. Судејќи според нивните родови (Матеј 7:16), можело да се види дека тие будења биле благословени од Бога со цел за спасение на луѓето и издигнување на човештвото.

Меѓутоа, многу од будењата на новото време изразено се разликуваат од ваквите манифестации на божествената милост што се покажувала во минатите времиња во работата на Божјите слуги. Вистина е дека и современите будења распалуваат широко распространето интересирање, многумина формално се обраќаат, се зголемува бројот на членовите на црквите, но резултатите сепак не се такви за да можат да го оправдаат верувањето дека дошло и до соодветен пораст и на вистинскиот духовен живот. Светлината што ќе се појави моментално и брзо ќе ја снема, зад себе остава погуста темнина отколку што била.

Популарните будења најчесто се предизвикуваат со распалување на мечтите, со возбудување на чувствата и со задоволување на желбите со нешто што е ново и возбудливо. Придобиените обратеници на ваков начин немаат многу желба да ги слушаат библиските вистини и не се интересираат многу за сведоштвата на пророците и апостолите. Ако верските служби не се сензационално возбудливи, за нив воопшто не се привлечни. Веста со која едноставно се апелира на невозбудениот ум, не наидува на никаков одзив. Јасните предупредувања од Божјото Слово, што директно се однесуваат на нивните вечни интереси остануваат неприфатени.

Односот кон Бога и вечните интереси за секоја вистински обратена душа претставува суштинско животно прашање. Но каде денес во популарните цркви може да се види дух на посветеност на Бога? Нивните обратеници не се откажуваат ниту од својата гордост ниту од својата љубов кон светот. Тие и сега воопшто не се подготвени да се откажат од себе, да го земат својот крст и да го следат благиот и кроткиот Исус, отколку што биле пред своето обратување. Религијата станала предмет на потсмев на неверниците и скептиците, затоа што многумина од нив што го носат нејзиното име ги игнорираат нејзините начела. Силите на побожноста во многу цркви речиси сосема ги снемало. Излети, црковни претстави, црковни лотарии, убави куќи и лично украсување, сето тоа потполно ја потиснало секоја мисла за Бога. Мислите се окупирани со имоти, со богатства и со земни работи, а она што е од вечен интерес одвај и да се забележува.

Меѓутоа, и покрај многу распространетото опаѓање на верата и побожноста, сепак во овие цркви има и вистински Христови следбеници. Пред да се излеат на земјата, последните Божји казни, меѓу Неговиот народ ќе дојде до такво будење и оживување на првобитната побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излее Неговиот Дух и сила. Во тоа време многумина дефинитивно ќе раскинат со црквите во кои љубовта кон светот го зазела местото на љубовта кон Бога и кон Неговото Слово. Многумина, и од проповедниците и од верниците, радосно ќе ги прифатат големите вистини, чиешто објавување самиот Бог ќе го поттикне во тоа време за да се подготви народот за второто Христово доаѓање. Непријателот на душите ќе настојува да го спречи ова дело; и пред да настапи времето за таквото движење, тој ќе се обиде да го осуети со вешто имитирање на такво будење. Во оние цркви што ќе може да ги задржи под своето измамничко влијание, тој ќе предизвика впечаток како врз нив да се излева посебен Божји благослов; во нив ќе дојде до појава за која ќе се мисли дека претставува големо интересирање за верата. Многумина ќе триумфираат што Бог толку чудесно работи за нив, додека тоа е всушност дело на сосема друг дух. Под наметката на религијата, сатаната ќе настојува да го прошири своето влијание врз целиот христијански свет.

Во многу будења што се појавиле во последните педесет години (втората половина на деветнаесеттиот век) во поголема или помала мерка биле присутни истите влијанија што ќе се покажат и во иднина во повеќето такви движења. Тоа се емоционални возбудувања, мешање на вистината и лагата, секогаш толку вешто прилагодени за да се заведат слушателите. Сепак никој не мора да биде измамен. Во светлината на Божјото Слово не е тешко да се утврди со каква природа се овие движења. Секаде каде што се занемарува сведоштвото на Библијата и каде што луѓето се одвраќаат од оние толку јасни вистини што го испитуваат срцето и бараат самооткажување и одвојување од светот, тука можеме да бидеме сигурни дека Бог нема да го даде Својот благослов. А според правилото што ни го дал самиот Христос: “Ќе ги познаете по нивните родови” (Матеј 7:16), очигледно е дека таквите движења не се дело на Божјиот Дух.

Во вистините на Своето Слово, Бог им се открил на луѓето самиот Себеси; и за сите оние што ќе ги прифатат, тие претставуваат штит против сите сатански измами. Со занемарувањето на овие вистини, се отвора вратата за многубројни зла што денес го преплавиле верскиот свет. Во голема мера се изгубени од вид природата и важноста на Божјиот закон. Погрешната претстава за карактерот, за траењето и за задолжителноста на Божјиот закон доведе до тешки заблуди во врска со обратувањето и посветувањето, и поради тоа мерилото на побожноста во црквите сè повеќе се спушта. Тука треба да се бара тајната: зошто во будењата на нашето време недостасува Божјиот Дух и Неговата сила.

Во разни верски заедници има луѓе, што се истакнуваат по својата побожност, кои овој факт го признаваат и го оплакуваат. Професорот Едвард А. Парк, прикажувајќи ги, опширно, сегашните верски опасности (во Америка), бил во состојба да каже: “Занемарувањето од проповедалниците да се истакнува Божјиот закон претставува извор на опасност. Во поранешните денови од проповедалниците одекнуваше гласот на совеста... Нашите најдобри проповедници, даваа на своите проповеди чудесна величественост со тоа што, следејќи го Учителовиот пример, ја истакнувале важноста на законот, и ги нагласувале Неговите прописи и закани. Често повторувале две големи начела дека законот е препис на божественото совршенство и дека човекот што не го сака законот, не го сака ниту евангелието; зашто законот исто така како и евангелието претставува огледало во кое се гледа верниот одблесок на Божјиот карактер. Оваа опасност води кон друга, а тоа е дека се потценува злото на гревот, неговото ширење и казната што неминовно ја повлекува. Доколку ја сфатиме праведноста на законот, дотолку повеќе ќе ја сфатиме и грешноста на непослушноста...

“Слична на овие веќе споменати опасности е и опасноста од намалување на Божјата праведност. Модерниот проповедник е наклонет, во своето излагање да ја оддели Божјата праведност од Божествената добрина, и Неговата добрина повеќе да ја сведе на чувство, отколку да ја издигне и прикаже како одредено начело. Новата теолошка призма (посебен начин на набљудување) го разделува на посебни делови она што Господ Го составил. Дали Божјиот закон е добар или не е? Тој е добар. Тогаш и праведноста е добра, зашто таа претставува наклоност да се извршува законот. Од навика да се потценува Божјиот закон и Неговата правда, и на сè поголемото ширење на беззаконието и на неизбежната казна за непослушност, лесно се преоѓа во навика да се потценува и милоста што овозможува исчистување од гревот. На овој начин евангелието потполно ја губи својата вредност и важноста во совеста на луѓето, и тие набрзо стануваат подготвени практично да ја отфрлат и самата Библија.

Многу вероучители тврдат дека Христос со Својата смрт го укинал законот и дека луѓето оттогаш се ослободени од неговите барања. Има и такви кои го прикажуваат како тежок јарем, и наспроти наводното робување на законот, ја истакнуваат неограничената слобода што можат да ја уживаат под евангелието. Меѓутоа, пророците и апостолите не гледале така на светиот Божји закон. Давид кажал: “Ќе одам слободно, зашто ги барам Твоите заповеди” (Псалм 119:45). Апостолот Јаков, кој пишувал по Христовата смрт укажал на Декалогот (десетте заповеди) како на “царски закон”, “совршен закон на слободата” (Јаков 2:8; 1:25). А писателот на Откровението, повеќе од половина век по Христовото распнување, изрекол особен благослов над оние “што ги држат Неговите заповеди, за да бидат достојни за дрвото на животот и да влезат во градот низ портите” (Откровение 22:14).

Тврдењето дека Христос со Својата смрт го укинал Законот на Својот Отец нема никаков темел. Кога би било можно да се менува или укинува законот, тогаш Христос не би морал да умре за да го спаси човекот од казната за направениот грев. Христовата смрт, далеку од тоа дека законот го укинала, туку таа претставува доказ дека тој е непроменлив. Божјиот Син дошол: “да го возвеличи и прослави Законот” (Исаија 42:21). Тој самиот кажува: “Немојте да мислите дека Сум дошол да го поништам Законот или Пророците.” “Додека постојат небото и Земјата, ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè” (Матеј 5:17, 18). А зборувајќи за Себе, Тој нагласува: “Одлучив да ја исполнувам волјата Твоја, Боже мој, и Твојот закон е во срцето мое” (Псалм 40:8).

Божјиот закон според самата своја природа е непроменлив. Тој е откровение на волјата и карaктерот на самиот Законодавец. Бог е љубов и Неговиот закон е одраз на љубовта. Неговите две големи начела се љубов кон Бога и љубов кон човекот. “Значи љубовта е исполнување на Законот” (Римјаните 13:10). Бог е олицетворение на правдата и вистината; таква е и природата на Неговиот закон. Псалмистот вели: “Твојот закон е вистина”, “зашто сите Твои заповеди се праведни” (Псалм 119:142, 172). А апостол Павле тврди дека: “Законот е свет; а и заповедта е света, праведна и добра” (Римјаните 7:12). Така законот, бидејќи е израз на мислите и Божјата волја, мора исто така да биде вечен исто така како и самиот Законодавец.

Целта на обратувањето и посветувањето е да се измират луѓето со Бога, доведувајќи ги во согласност со начелата на Неговиот закон. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик. Тој бил во совршена хармонија со природата и Божјиот закон; а начелата на правдата биле напишани во неговото срце. Но гревот го оддалечил од неговиот Творец. Во него повеќе не се гледал Божјиот лик. Неговото срце било во војна и во непријателство со начелата на Божјиот закон. “Бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога, на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може” (Римјаните 8:7). Но, “Бог толку го возљуби светот, што Го даде и Својот Единороден Син”, за да може човекот да се помири со Бога. Само благодарение на Христовите заслуги човекот може повторно да дојде во хармонија со Својот Творец. Неговото срце мора да биде обновено со божествената милост и тој мора да добие нов живот одозгора. Таа промена всушност претставува ново раѓање, без кое, кажува Христос, “никој не може да го види Божјото царство”.

Првиот чекор кон помирување со Бога претставува осведочувањето за сопствениот грев. “Гревот е беззаконие”. “Преку Законот се познава гревот” (1. Јованово 3:4; Римјаните 3:20). За да ја увиди својата вина, грешникот мора својот карактер да го испитува според Божјото големо мерило на правдата. Законот е огледало кое на човекот му покажува совршенство на еден исправен карактер и му овозможува да ги открие сопствените недостатоци.

Законот на човекот му ги открива неговите гревови, но не предвидува лек. Додека на послушните им ветува живот, тој нагласува дека смртта е плата за престапот. Само Христовото Евангелие може да го ослободи човекот од клетвата и нечистотијата на гревот. Тој мора да се покае пред Бога, чијшто закон го престапил, и да ја докаже својата вера во Христа, како во голема жртва на помирување. На тој начин добива “простување на поранешните гревови”, и станува учесник во божествената природа. Примајќи го така духот на посинување со кој вика “Ава, Оче!” тој станува Божјо дете.

Може ли тој сега слободно да го престапува Божјиот закон? Павле одговара на ова прашање: “И така, го нарушуваме ли законот преку верата? Никако, туку уште го утврдуваме.” “Ние, кои сме умреле за гревот, како ќе живееме во него уште?” (Римјаните 3:31; 6:2). А Јован нагласува: “Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови. А Неговите заповеди не се тешки” (1. Јованово 5:3). Со новото раѓање срцето доаѓа во хармонија со Бога, зашто е во хармонија со Неговиот закон. Кога во животот на грешникот ќе се случи оваа голема промена, тогаш тој преминал од смртта во животот, од гревот во посветеноста, од престапот и бунтот во послушност и верност на Бога. Престанал стариот живот на отуѓеност од Бога; започнал новиот живот на помирување со Него, живот на вера и љубов. Тогаш правдата, на “Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот”, да се исполни (Римјаните 8:4). Тогаш душата зборува со јазикот на псалмистот: “О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него” (Псалм 119:97).

“Господовиот Закон е совршен, ја крепи душата” (Псалм 19:7). Без законот човекот не може да има вистинска претстава ниту за чистотата ниту за светоста на Бога, ниту пак за сопствената вина и нечистотија. Тој не е вистински осведочен дека е само грешник, затоа и не чувствува потреба за покајание. Бидејќи не согледува дека како престапник на Божјиот закон е изгубен, тој не може да сфати ниту дека му е потребна Христовата крв на помирување. Тој се надева на спасение без темелни промени на срцето и без реформа во животот. На тој начин постојано се зголемува бројот на површните обратеници, и многумина се приклучуваат кон црквата кои никогаш вистински не се соединиле со Христа.

Погрешните теории за посветувањето, кои исто така се плод на занемарувањето и отфрлувањето на Божјиот закон, заземаат истакнато место во денешните верски движења. Овие теории претставуваат лажно учење, и се опасни во своето практично дејствување; а фактот дека наидуваат на толку сестрано одобрување ја зголемува потребата сите јасно да сфатат, што во врска со ова прашање учи Светото писмо.

Вистинското посветување го претставува библиското учење. Апостол Павле во своето Послание упатено до Солунската црква, кажува: “Зашто, ова е Божјата волја, вашето осветување.” И тој се молел: “А Сам Бог на мирот да ве освети наполно во сè” (1. Солунјаните 4:3; 5:22;). Библијата јасно истакнува што е посветување и како може да се постигне. Спасителот се молел за Своите ученици: “Освети ги со Својата вистина. Твоето слово е вистина” (Јован 17:17, 19). А Павле учи дека верниците треба да бидат “осветени со Светиот Дух” (Римјаните 15:16). Што е задачата на Светиот Дух? Христос им рекол на Своите ученици: “А кога ќе дојде Тој, Духот на вистината, ќе ве упати во секоја вистина” (Јован 16:13). И псалмистот нагласува: “Сите твои заповеди се вистина.” Со Божјото Слово и со посредството на Неговиот Свет Дух им се откриваат на луѓето големите начела на правдата што се олицетворени во Божјиот закон. А бидејќи Божјиот закон е “свет, праведен и добар” и бидејќи претставува одраз на божественото совршенство, тоа значи дека и карактерот, што се формира со покорувањето на овој закон ќе биде свет. Христос е совршен пример на таквиот карактер. Тој кажува: “Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец.” “Секогаш Го вршам она што Му е угодно” (Јован 15:10; 8:29). Христовите следбеници треба да станат слични на Него - со Божјата милост тие треба да развиваат карактер што ќе биде во хармонија со начелата на Неговиот свет закон. Тоа е библиско посветување.

Посветување може да се постигне само со вера во Христа и со силата на Божјиот Дух. Павле ги советува и храбри верниците: “Со страв и трепет градете го вашето спасение. Оти Бог е Оној, кој во вас прави да сакате и да постапувате, според Неговата волја” (Филипјаните 2:12, 13). Христијанинот може да ги слуша дошепнувањата што поттикнуваат на грев, но тој постојано ќе води борба против тоа. Тука е неопходна Христовата помош. Тогаш на човечката слабост им се придружува божествената сила, и верата може да извика: “Да Му благодариме на Бога, Кој ни дарува победа преку нашиот Господ Исус Христос” (1. Коринтјаните 15:57).

Светото писмо јасно покажува дека делото на посветување напредува постепено. Кога грешникот, обратувајќи се, ќе најде мир со Бога преку Христовата крв на откупувањето, дури тогаш започнал христијанскиот живот. Тогаш тој мора да се оддаде “на совршенството”, да порасне до совршен човек, “до полната мерка на Христовиот раст” (Ефесјаните 4:13). Апостол Павле кажува: “Но сепак правам едно: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене; трчам кон целта за наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа” (Филипјаните 3:13, 14). А Петар ни ги предочува скалите, по кои до библиската посветеност навистина може да се стигне: “Затоа, грижејќи се за ова сестрано, принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта разум, а во разумот воздржување, а во воздржувањето трпение, а во трпението побожност, а во побожноста братољубивост, а во братољубивоста љубов... правејќи го ова, никогаш нема да згрешите.” (2. Петрово 1:5-10).

Оние што од лично искуство знаат што е библиска посветеност секогаш ќе покажат понизен дух. Слично на Мојсеј, тие го виделе восхитувачкото величество на светоста и ја согледале сопствената недостојност во споредба со чистотата и возвишеното совршенство на Вечниот.

Пророкот Даниел бил пример на вистинска посветеност. Неговиот живот бил исполнет со благородна служба на Господа. Тој за небото бил “мил човек” (Даниел 10:11). Но, наместо за себе да тврди дека е свет и чист, овој почитуван пророк во молитвата за својот народ, потполно се изедначува со навистина грешниот Израел. “Зашто ние не Те молиме поради својата правда, туку поради Твојата голема милост.” “...Ние згрешивме, ние направивме зло.” Понатаму продолжува: “Јас зборував уште, молејќи се и исповедувајќи ги моите гревови и гревовите на мојот народ Израел.” А во една друга прилика кога се појавил Божјиот Син за да му даде некои потребни објаснувања и упатства, тој кажува: “Се обессилив, лицето ми пребледе, се обезобразив, силата ме остави” (Даниел 9:18, 15, 20; 10:8).

И патријархот Јов, слушнувајќи го Господовиот глас од “виорот”, рекол понизно: “Затоа, се гнасам од сите свои зборови и се каам во прав и пепел” (Јов 42:6). На сличен начин и Исаија, здогледувајќи ја во визија Божјата слава и херувимите што извикувале: “Свет! Свет! Свет е Господ над воинствата”, извикнал: “Тешко мене, пропаднав” (Исаија 6:3, 5). И Павле откако бил вознесен до третото небо и слушнал неискажливи зборови што не можел да ги пренесе ниту на еден човек, зборувал за себе најпонизно како за “најмал од сите свети” (2. Коринтјаните 12:2-4; Ефесјаните 3:8). А омилениот Јован, што се наслонувал на Исусовите гради и на Гората на преобразението ја видел Неговата слава, паднал како мртов пред нозете на ангелот (Откровение 1:17).

Кај оние што остануваат во сенката на крстот од Голгота, нема самовозвишување и фалбаџиско тврдење дека се без грев. Тие се свесни дека нивните гревови ги предизвикале душевните страдања што го скршиле срцето на Божјиот Син, и таа помисла ги наведува секогаш да останат понизни. Оние што живеат во најблиска заедница со Спасителот, најдобро ќе ја запознаат непостојаноста и грешноста на човековата природа, и својата надеж ќе ја полагаат само на заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител.

Посветеноста, што сега се истакнува во верскиот свет, во себе носи дух на самовозвишување и рамнодушност кон Божјиот закон, што ја жигосува како потполно непозната и туѓа на библиската вера. Приврзаниците на ваквото сфаќање учат дека посветувањето е моментално доживување со кое тие, “само со верба без никакви дела ќе постигнуваат совршена светост” “Само верувај”, зборуваат тие, “и ќе примиш благослов.” Според нивното тврдење, повеќе не се потребни никакви напори од страната на оној што прима благослов. Тие во исто време ја одрекуваат важноста на Божјиот закон истакнувајќи дека се ослободени од обврските да ги држат заповедите. Меѓутоа, зарем е можно луѓето да станат свети и да бидат во согласност со волјата и карактерот Божји, без да ги прифатат начелата што се одраз на Неговата природа и волја и кои покажуваат што Му е Нему по волја?

Желбата за една лесна вера која не бара никаков напор, ниту самосовладување, ниту пак раскинување со лудостите од овој свет, ги направила , науката за верата и самата вера, популарни; но што кажува за тоа Божјото Слово? Апостол Јаков пишува: “Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а дела нема? Може ли верата да го спаси?” “Не сакаш ли да разбереш, о суетен човеку, дека верата без дела е мртва? Нели со дела се оправда Авраам, нашиот татко, откако врз жртвеникот го положи својот син Исак? Гледаш ли дека верата им помогна на неговите дела, и дека преку делата верата стана совршена?” “Гледате ли дека човекот се оправдува со дела, а не само со вера?” (Јаков 2:14, 20-22, 24).

Сведоштвото на божественото Слово е спротивно на ова лажно учење за вера без дела. Да се бара небесна наклоност, а да не се исполнуваат условите под кои е понудена милоста - тоа не е вера, туку дрско пречекорување на дозволеното, зашто вистинската вера има свој темел во ветувањата и во прописите на Светото писмо.

Нека никој не се лаже верувајќи дека може да стане свет додека намерно престапува било која Божја заповед. Престапот што се прави свесно го замолкнува гласот на Светиот Дух и ја одделува душата од Бога. “Гревот е беззаконие”- престапување на законот. А “секој, што греши, (го престапува законот), не Го видел ниту Го познал” (1. Јованово 3:4, 6). Иако Јован во своите Посланија се задржува на љубовта, тој сепак не се притеснува да го открие вистинскиот карактер на оние што тврдат дека се свети, а живеат во престап на Божјиот закон. “Кој вели: Го познав, а заповедите Негови не ги пази, лажец е и вистината не е во него; а кој го пази словото Негово, во него е Божјата љубов навистина совршена: по тоа узнаваме дека сме во Него” (1. Јованово 2:4, 5). Овде е дадено мерилото со кое треба да се провери секое исповедување на верата. Ниту еден човек не можеме да го сметаме за свет дури не го провериме со Божјото мерило на светоста, мерило што е единствено и на небото и на Земјата. Ако луѓето не ја признаваат важноста на моралниот закон, ако ги омаловажуваат и лекомислено ги земаат божествените прописи, ако ја престапуваат или менуваат дури и најмалата Негова заповед, и така ги учат луѓето, тие нема да бидат почитувани во очите на небото, тогаш за нивните тврдења дека се свети со сигурност можеме да знаеме дека се неосновани.

Тврдењето на некој дека е без грев, само по себе претставува доволен доказ дека оној што го тврди тоа е далеку од светоста. Тој нема вистинска претстава за неспоредливата Божја чистота и светост, и за онаа што мора да станат оние што сакаат да бидат во согласност со Неговиот карактер; тој нема вистинска претстава ниту за чистотата и возвишената милност Исусова, ниту пак за убиственото проклетство на гревот, и затоа тој себеси се смета за свет. Колку е подалеку од Христа, колку се понесоодветни неговите претстави за Божјиот карактер и барања, тој сè поправеден и посвет изгледа во сопствените очи.

Посветеноста, што е истакната во Светото писмо, го опфаќа целото битие - духот, душата и телото. Павле се молел за верниците во Солун, “и целиот ваш дух, и душата и телото да се запазат без порок при доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос” (1. Солунјаните 5:23). Во своето Послание до Римјаните тој исто така нагласува: “Браќа, во името на Божјата милост, ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба” (Римјаните 12:1). Во времето на стариот Израел секоја жртва што се принесувала на Господа морала да биде внимателно испитана. Ако на животното што било наменето за жртва би се пронашла било каква мана, тоа не можело да биде примено, зашто Бог изрично наредил дека жртвата мора да биде “без мана”. Така и од христијаните со право се бара да ги дадат своите тела “во жртва жива, света и благоугодна на Бога.” За да можат да го направат тоа, сите нивни сили мораат да бидат сочувани во најдобра состојба. Секоја постапка со која се намалуваат телесните или умните сили, човекот го прават неспособен за служба на Неговиот Творец. Може ли на Бога да Му биде угодно ако Му принесеме нешто што сепак не е најдобро? Христос рекол: “Љуби Го својот Господ Бог со сето свое срце.” Тие што навистина Го љубат Господа со сето свое срце, ќе настојуваат да Му ја посветат најдобрата служба во својот живот и постојано ќе се стремат, сите сили на своето битие да ги доведат во хармонија со законите што ги потпомагаат нивните способности да ја извршуваат Неговата волја. Тие нема, попуштајќи им на апетитот и на страстите, да ја ослабат или обесчестат жртвата што ја принесуваат на својот небесен Татко.

Петар нагласува: “Да се пазите од телесните желби, што војуваат против душата” (1. Петрово 2:11). Секое грешно задоволство ги отапува умствените сили и ги умртвува душевните и духовните способности, така што сразмерно ослабува и влијанието на Божјото Слово и на Неговиот Дух врз срцето. Пишувајќи до Коринтјаните Павле истакнал: “Да се исчистиме од секаква телесна и духовна нечистота, довршувајќи ја својата светост со страв пред Бога” (2. Коринтјаните 7:1). А во духовните плодови - “љубовта, радоста, мирот, трпението, љубезноста, добрината, милоста, верата, кротоста”, тој ја додава и “воздржливоста” (Галатјаните 5:22, 23).

Сепак колкумина од таканаречените христијани кои, наспроти овие вдахновени изјави, ги ослабуваат своите сили во потерата за заработка и со поклонувањето на модата; колкумина од нив својата од Бога дадена мажественост ја унижуваат со ненаситно јадење, со пијанство и со забранети задоволства! А црквата, наместо да го осуди ова зло, честопати уште повеќе го поттикнува повикувајќи го на помош токму апетитот и желбата за добивка и за забави за да ја наполни својата каса, што со љубовта кон Христа не успева да го направи. Кога Исус би влегол во денешните цркви и таму би ги видел гозбите и несветата трговија што се спроведува во име на религијата, зарем не би ги истерал со право сите тие сквернители, како што во Своето време ги истерал менувачите на пари од Ерусалимскиот храм?

За мудроста што доаѓа одозгора, апостол Јаков кажува дека: “најнапред е чиста” (Јаков 3:17). Кога би ги сретнал оние што го земаат скапоценото име на Исуса во својата со тутун извалкана уста, чиишто тела и дух се проникнати со овој одвратен мирис и кои со него го загадуваат небесниот воздух и сите околу себе ги присилуваат да го дишат тој отров, кога овој ист апостол би дошол во допир со праксата што толку е спротивна на чистотата на евангелието, зар не би ја осудил кажувајќи им дека е “земна, телесна и ѓаволска”. Робовите на тутунот, пред луѓето можат да тврдат дека се благословени со потполна посветеност, тие можат да зборуваат за својата надеж дека ќе влезат во небото, но Божјото Слово јасно кажува: “Во него нема да влезе ништо нечисто” (Откровение 21:27).

“Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји” (1. Коринтјаните 6:19, 20). Оној чиешто тело навистина е црква на Светиот Дух никогаш нема да биде роб на некоја убиствена навика. Неговите сили му припаѓаат на Христа, кој го откупил со Сопствената крв. Сè што има тој Господово е. Како може да биде без вина ако го растура и безмилосно го троши овој капитал што му е доверен? Многу таканаречени христијани трошат огромни суми пари за неполезни и штетни уживања; додека душите умираат од глад за Словото на животот. На Бога му се задржува од десетокот и од приносот, додека луѓето на олтарот на убиствените уживања спалуваат повеќе отколку што даваат за потпомагање на сиромашните или за ширење на евангелието. Кога сите што тврдат дека се Христови следбеници навистина би биле посветени, тогаш нивните средства наместо да бидат потрошени за бескорисни па дури и за штетни задоволства, би притекувале во Господовата ризница, и христијаните би биле пример за умереност, самооткажување и самопожртвуваност. Тогаш тие навистина би биле виделина на светот.

Светот се дал на задоволување на своите желби и страсти. “Телесните желби, желбите на очите и гордоста на животот” управуваат со масите. Но Христовите следбеници имаат посвет повик. “Затоа излезете од нивната средина и одделете се” - вели Господ, “и не допирајте се до нечистото; и Јас ќе ве примам”. Во светлината на Божјото Слово, со право можеме да тврдиме дека посветувањето не може да биде вистинско, ако не доведува до целосно откажување од грешниот живот и од задоволствата на овој свет.

На оние што ги исполнуваат условите: “Затоа излезете од нивната средина и одделете се... и не допирајте се до нечисто”, Бог им ветува: “И Јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот” (2. Коринтјаните 6:17, 18). Предност е и должност на секој христијанин да се здобие со богато и скапоцено искуство со Бога. “Јас сум Светлина на светот”, кажал Христос, “кој врви по Мене нема да оди во темнина, туку ќе ја има Светлината на Животот” (Јован 8:12). “Патеката на праведните е како блескава светлина, која свети сè повеќе и повеќе дури не настане ден” (Изреки 4:18). Секој чекор, направен со вера и послушност, ја доведува душата во поблиска врска со Оној што претставува светлина на светот “и во Него нема никаква темнина” (1. Јованово 1:5). Сјајните зраци на Сонцето на правдата ги осветлуваат Божјите слуги и тие треба да ја одблеснуваат Неговата светлина. Како ѕвездите што ни зборуваат дека на небото постои “големо видело” (Сонцето) со чијашто светлина тие блескаат, така и христијаните треба да го манифестираат фактот дека на престолот на вселената седи Бог, чијшто карактер е достоен за слава и подржување. Доблестите на Неговиот Дух, чистотата и светоста на Неговиот карактер, ќе се огледуваат во Неговите сведоци.

Во Посланието до Колосјаните, Павле ги опишува обилните благослови што им се ветени на Божјите деца: “Затоа... не престануваме да се молиме и да сакаме да се исполните со познавање на Неговата волја во секоја мудрост и духовно разбирање, да живеете достојно пред Бога, угодувајќи Му во сè, принесувајќи плод во секое добро дело и да растете во познавањето на Бога, укрепувајќи се со секаква сила преку Неговата славна моќ за секаква трпеливост и големодушност со радост” (Колосјаните 1:9-11).

Во Посланието до Ефесјаните, тој исто така пишува за својата желба, браќата во Ефес добро да ја запознаат возвишеноста на христијанските предности. Со најјасен јазик тој им ја открива чудесната моќ и сознанието што можат да го имаат како синови и ќерки на Севишниот. Тие имале предност Бог да им даде, “по богатството на Својата слава, сила” да се утврдат “преку Неговиот Дух во внатрешниот човек”, да бидат “вкоренети и утврдени во љубовта”, за да можат “со сите свети да разберат, што е ширина и должина, и височина и длабочина”, и да ја запознаат “Христовата љубов, што го надминува секое знаење.” Но, оваа молитва на апостолот го постигнува врвот кога се моли за предноста: “Да се исполните со сета полнота Божја” (Ефесјаните 3:16-19).

Овде се откриени блескавите достигнувања што и ние со вера во ветувањата на нашиот небесен Отец, можеме да ги оствариме доколку ги исполниме Неговите барања. Благодарение на Христовите заслуги, имаме слободен пристап кон престолот на неограничената сила. “Оној Кој не Го поштеди ни Својот сопствен Син, туку Го предаде за сите нас, како да не ни подари со Него сè?” (Римјаните 8:32). Отецот на Својот Син Му ја дал силата на Својот Дух без неограничена мерка, исто така и ние можеме да бидеме учесници во неговата полнина. Исус кажува: “Ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небесниот Отец ќе им даде Дух Свети на оние, што Му бараат?” (Лука 11:13). “Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам.” “Досега ништо не сте барале во Мое име; барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна” (Јован 14:14; 16:24).

Иако понизноста е карактеристично обележје на христијанскиот живот, сепак тој не треба да биде олицетворение на тага и самопотценување. Предност е на секој поединец да живее со таков живот, за навистина да може да очекува Божјо одобрување и Негов благослов. Нашиот небесен Татко не сака секогаш да се чувствуваме така како да сме во темнина или под некоја осуда. Не е доказ на вистинска понизност ако одиме со наведната глава и ако срцето ни е исполнето со мисли само за себе. Секој може да дојде кај Исуса, да биде исчистен со Неговата крв и да застане пред законот без срам или грижа на совеста. “И сега нема никакво осудување за оние кои се во Исуса Христа” (Римјаните 8:1).

Благодерение на Христовите заслуги паднатите Адамови синови можат да станат “Божји синови” (Јован 1:12). “Бидејќи Оној, што осветува, и оние, што се осветуваат, сите се од Еден; и затоа не се срамува да ги нарече браќа” (Евреите 2:11). Христијанскиот живот треба да биде живот на вера, победа и радост во Бога. “Оти секој, кој е роден од Бога, го победува светот; и ова е победата што го победи светот - верата наша” (1. Јованово 5:4). Навистина “Господовата радост е ваша сила” како што рекол Господовиот слуга, Немија (Неемија 8:10). А Павле пишува: “Радувајте се секогаш во Господа! Пак велам: радувајте се!” (Филипјаните 4:4). “Молете се постојано! Благодарете за сè, зашто тоа е Божја волја за вас во Христа Исуса” (1. Солунјаните 5:17, 18).

Такви се плодовите на библиското обратување и посветување; но тие плодови мошне ретко се забележуваат токму затоа што христијанскиот свет се однесува толку рамнодушно кон големите начела на правдата, што се истакнати во Божјиот закон. Тоа е причината што толку ретко се покажува она длабоко и тајно дејствување на Божјиот Дух, што ги карактеризирало верските будења во поранешните години. Со постојаното набљудување на нешто, ние се менуваме и стануваме слични на тоа во што гледаме. Но, бидејќи постојано се запоставуваат светите прописи во кои Бог на луѓето им го открил совршенството и светоста на Својот карактер, а мислите на народот се насочени на човечките учења и теории, тогаш не е никакво чудо што во црквите настапило вакво опаѓање на првобитната побожност. “Зашто Мојот народ”, кажува Господ, “направи две зла: Ме остави Мене, Изворот на живата вода, и си ископаа извори издупчени кои не можат да држат вода” (Еремија 2:13).

“Блажен е оној човек, што не оди на безбожнички совет... туку му омилел законот на Господа и за Неговиот закон размислува дење и ноќе. Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сè што прави, во сè напредува” (Псалм 1:1-3). До будење и оживување на првобитната вера и побожност меѓу оние што тврдат дека се Божји народ ќе дојде само тогаш кога Божјиот закон повторно ќе се издигне на неговото вистинско место. “Вака вели Господ: Застанете на патишта, распрашајте се за некогашните патеки: Кој пат води кон доброто? Тргнете по него и ќе најдете спокојство за своите души” (Еремија 6:16).