Големата борба помеѓу Христа и сатаната

26. Реформа во врска со саботата

Реформата, која во поглед на саботата треба да се изврши во последните денови јасно ја прорекол уште пророкот Исаија: “Вака вели Господ: пазете го правосудството и вршете правда; зашто е близу спасението од Мене и откровението на Мојата правда. Блажен е човекот, кој го прави тоа, и синот човечки, кој здраво се придржува за тоа, кој пази на саботата за да не ја оскверни и ја чува раката своја - за да не врши никакво зло.” “И синовите на другоплемениците, што се присоединиле кон Господа, за да Му служат и да го сакаат името на Господа, да бидат слуги Негови, - сите кои ја пазат саботата да не ја осквернат и цврсто се придржуваат на заветот Мој. Јас ќе ги одведам на Мојата света гора и ќе ги зарадувам во Мојот дом за молитва. (Исаија 56:1, 2, 6, 7).

Овие зборови се однесуваат на христијанската епоха, што покажува и самиот контекст на наведеното пророштво: “Господ Бог, кој ги собира распрснатите Израелци, вели: кон собраните кај Израелот ќе собирам и други” (Исаија 56:8). Овде се најавува собирање на незнабошците со посредство на евангелието. А на оние што тогаш ќе ја почитуваат саботата, пророштвото изрекува благослов. Така обврската на четвртата заповед се протега преку времето на распнувањето, воскресението и Христовото вознесение, опфаќајќи го и времето на новозаветната епоха кога Неговите слуги, радосната вест на Евангелието треба да им ја објават на сите народи.

Преку истиот пророк Господ наложува: “Запази го ова сведоштво, запечати го ова откровение меѓу Моите ученици” (Исаија 8:16). Печатот на Божјиот закон се наоѓа во четвртата заповед. Само оваа заповед од сите десет, покрај името, ја наведува и титулата на Законодавецот. Таа Го истакнува како Творец на небото и Земјата, и со тоа покажува дека само на Него како на Творец, треба да Му се поклонува и да Му се укажува почитување. Освен овој пропис, во Декалогот не се наоѓа ништо што толку јасно би покажувало со чиј авторитет е даден законот. Кога папската сила ја променила саботата, печатот е симнат од законот. Христовите следбеници се повикани пак да го воспостават со тоа што саботата, според четвртата заповед, ќе ја издигнат на нејзиното вистинско место, како спомен на делото на Творецот и знак на Неговиот авторитет.

“Закон и сведоштво барајте.” Светот е преполн со противречни учења и теории, но Божјиот закон е единствено непогрешливо мерило со кое треба да се проверува секое мислење, учење и теорија. “Оној што не зборува така”, кажува пророкот, “за него нема светлина” (Исаија 8:20).

Освен тоа, на пророкот му е даден налог: “Викај со сиот глас, не се воздржувај, крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов - на гревовите негови.” Овде Господ за гревовите и беззаконијата не ги укорува безверниците од овој свет, туку оние што ги нарекува “Мој народ”, Тој понатаму кажува: “Тие секој ден Ме бараат и сакаат да ги знаат Моите патишта, кои како народ, божем постапува праведно и не ги остава законите на својот Бог; сакаат од Мене праведен суд” (Исаија 58:12). Овде нам ни се предочуваат луѓето што се чувствуваат дека се праведни, и кои на изглед покажуваат големо интересирање за Божјата служба; меѓутоа, вака строгиот и сериозен укор од страна на Оној што ги испитува срцата им покажува дека тие ги газат Божјите заповеди.

На заповедта што била отфрлена, пророкот вака укажува: “Тогаш твоите потомци ќе градат врз стари урнатини: ти ќе ги востановиш темелите на многу поколенија, и ќе те викаат обновител на урнатини, градител на патишта за населби. Ако заради саботата ја воздржиш ногата своја да ги исполнува желбите на твоето срце во светиот Мој ден, и ако ја нарекуваш саботата радост, свет ден Господов, ако ја празнуваш и ако ја почитуваш со тоа да не се занимаваш со обичните работи, да им угодуваш на своите желби и да празнословуваш, тогаш ќе имаш радост во Господа” (Исаија 58:12, 13). Исто така и ова пророштво се однесува на нашето време. Тука споменатите “урнатини” се направени во Божјиот закон кога Римската сила ја променила саботата. Но дошло време оваа божествена институција повторно да се издигне. Урнатината треба да се соѕида и “темелите на многу поколенија” треба повторно да се издигнат.

Саботата што е посветена на одморот на Творецот и на Неговиот благослов ја празнувал уште Адам во својата невиност во светата Едемска градина, а и тогаш кога поради својот пад во грев, што горчливо го оплакувал, бил истеран од својата среќна татковина. Ја празнувале и сите патријарси од Авел па сè до праведниот Ное, Аврам и Јаков. Додека избраниот народ бил во мисирско ропство, многумина среде идолопоклонството што владеело таму, ја изгубиле вистинската претстава за Божјиот закон; но кога Господ ги ослободил од ропство, Тој пред очите на целата насобрана нација, со величественост што влева најдлабоко стравопочитување, го објавил Својот закон за сите да можат да ја дознаат Неговата волја, да се бојат од Него и секогаш да Му бидат послушни.

Оттогаш па сè до денес, знаењето за Божјиот закон е сочувано на земјата, и саботата од четвртата заповед е празнувана. Иако на “човекот на беззаконието” му успеало да го замени и да го фрли под нозете светиот Божји ден, сепак и за време на папската превласт имало верни души кои на скришни места, тајно ја празнувале саботата. Од времето на реформацијата, во секое поколение имало и такви што не престанувале да ја празнуваат. Иако најчесто изложени на навреди, срам и прогонство, секогаш имало и такви што сведочеле за непроменливоста на Божјиот закон и за светата обврска кон саботата како спомен на создавањето.

Овие вистини, како што се прикажани во четиринаесеттото поглавје на Откровението, во врска со “вечното евангелие”, ќе претставуваат она по што Христовата заедница ќе може да се препознае во времето на Неговото доаѓање. Како резултат на објавувањето на тројната вест, пророкот најавува: “Овде е трпението на светите, кои ги држат Божјите заповеди и верата во Исуса.” А оваа вест е последна што треба да се објави пред Господовото доаѓање. Веднаш по нејзиното објавување, пророкот го видел Синот човечки како доаѓа во слава да ја ожнее земната жетва.

Оние што ја прифатиле светлината за светињата и за непроменливоста на Божјиот закон, биле исполнети со радост и восхитување кога ја согледале убавината и хармоничната поврзаност на вистините откриени на нивното сфаќање. Сакале светлината, што на нив им изгледала толку скапоцена, да ја пренесат и на сите останати христијани; и биле осведочени дека и тие со радост ќе ја прифатат. Но, вистините според кои се разликувале од светот, на многумина што тврделе дека се Христови следбеници не им биле добредојдени. Покорувањето на четвртата заповед барало жртва пред која повеќето се повлекле.

Кога се изнесени барањата за саботата, многумина во своето расудување за тоа поаѓале чисто од световно гледиште. “Ние отсекогаш сме ја празнувале неделата”, истакнувале тие, “ја празнувале и нашите татковци, и многу добри и побожни луѓе умреле во надеж празнувајќи ја неделата. Ако тие биле во право, тогаш сме и ние. Празнувањето на таа нова сабота би нè довело до судир со целиот свет и ние не би можеле да влијаеме врз никого. Што може да очекува една мала група која го празнува седмиот ден да направи наспроти целиот свет што ја празнува неделата?” Со слични аргументи се обиделе и Евреите да го оправдаат своето отфрлување на Христа. Бог ги прифаќал нивните татковци додека ги принесувале жртвите, тогаш зашто и тие не би можеле да се спасат како нивни деца, ако тргнат по истиот пат? Исто така и во Лутеровото време папистите тврделе дека вистинските христијани умирале во католичката вера, и дека според тоа оваа вера е доволна за спасение. Таквото сфаќање претставува опасна пречка за секакво напредување во верата и кон угодниот живот на Бога.

Многумина тврделе дека празнувањето на неделата е цврсто втемелено учење и мошне распространет црковен обичај низ вековите. Наспроти овие тврдења, се докажало дека саботата и нејзиното празнување се многу постари, стари дури колку и самиот свет и одобрени од Бога и од ангелите. Темелите на саботата се положени уште тогаш кога се полагани и самите темели на Земјата, “кога ликуваа утринските ѕвезди и кога сите Божји синови извикуваа од радост (Јов 38:6, 7; Битие 2:1-3). Затоа оваа институција со полно право го бара нашето почитување; таа не е воспоставена со човечки авторитет и не се засновува на човечки преданија. Значи саботата ја воспоставил самиот Бог и со Своето непроменливо Слово ја прогласил за ден за одмор.

Кога вниманието на народот било свртено кон реформата во врска со саботата, популарните проповедници го извртувале Божјото Слово и неговите цитати ги толкувале така за што поуспешно да ја смират разбудената совест кај оние што ја барале вистината. А оние, што самите не го истражувале Светото писмо, обично се задоволувале со прифаќање на заклучоците што им одговарале на нивните желби. Со лукави аргументирања, со измамливи заклучоци, со преданијата на татковците и со авторитетот на црквата, многумина упорно настојувале да ја побијат вистината, додека нејзините поборници, за да ја докажат важноста на четвртата заповед, ја користеле само Библијата. Кротките и едноставни луѓе, наоружани само со Божјото Слово, одолеале на нападите на учените теолози кои вчудовидени и гневни, увиделе дека сета нивна препреденост е немоќна пред едноставните и искрените заклучоци на луѓето, кои биле поснаодливи во читањето на Светите списи, отколку во филозофското надмудрување.

Во недостатокот на соодветни Библиски докази, многумина - заборавајќи дека слични приговори се изнесувани и против Христа и Неговите ученици, - упорно истакнуваа: “Како тоа прашањето за саботата да не го разбираат големите и учени луѓе? Само малкумина од нив веруваат како вие. Не е можно дека само вие сте во право, а толку учени луѓе во светот да се во заблуда.”

За да се побијат таквите аргументи било доволно само да се цитираат соодветните учења на Светото писмо и да се истакне начинот на Божјото постапување со Својот народ во сите времиња. Бог дејствува преку оние што го слушаат Неговиот глас и што Му се послушни, и кои се подготвени ако затреба - да изнесат и непријатни вистини, не плашејќи се да ги осудат популарните гревови. Причината што Бог почесто не бира учени и угледни луѓе за водачи во некое реформно движење, е таа што тие се потпираат на својата вероисповед, теории и теолошки системи и не чувствуваат потреба да ги учи Бог. Да го разберат и правилно да го објаснат Светото писмо можат само оние што лично одржуваат постојана врска со Оној кој е извор на мудроста. Понекогаш се повикани луѓе со поскромно школско образование, за да ја проповедаат вистината, не затоа што не се учени, туку затоа што не се толку задоволни со себе за да не допуштат да бидат поучувани од Бога. Тие учат во Христовата школа и нивната понизност и послушност ги прави големи. Доверувајќи им го познавањето на Својата вистина, Бог им укажува чест спрема која земните почести и човечката величина се потполно безначајни.

Повеќето адвентисти ги отфрлиле вистините за светињата и Божјиот закон; и многумина од нив потполно ја изгубиле довербата во адвентното движење и прифатиле нездрави и противречни мислења за пророштвата што се однесувале на ова дело. Некои паднале во заблуда, повторно и повторно да го утврдуваат времето на второто Христово доаѓање. Во светлината што сега го осветлувала прашањето за светињата, можеле јасно да видат дека ниту еден пророчки временски период не допира до второто Христово доаѓање и дека точното време на овој настан не е проречено. Но свртувајќи се од оваа светлина тие продолжиле и понатаму да го утврдуваат времето за Господовото доаѓање, и секој пат се разочарувале.

Кога верниците во Солун го прифатиле погрешното мислење за Христовото доаѓање, апостол Павле им упатил совет, своите надежи и очекувања внимателно да ги преиспитаат во светлината на Божјото Слово. Ги упатил на настаните што според пророштвата требало да се случат пред Христовото доаѓање и им покажал дека немаат основа да го очекуваат Неговото доаѓање во свое време. “Никој да не ве измами на каков и да е начин” (2. Солунјаните 2:3) биле зборовите на неговото предупредување. Да продолжеле да се занесуваат со очекувања што не можеле да се поткрепат со Светите списи, тоа потполно би ги навело на сосема погрешен пат, разочарувањето би ги изложило на потсмев од страна на неверниците, а би се изложиле и на опасноста да паднат во малодушност, и во искушение да се посомневаат во вистините, суштествени за нивното спасение. Ова апостолово предупредување упатено до Солунјаните, содржи важна поука за оние што живеат во последните денови. Многумина адвентисти сметале дека оние, што својата вера ако не ја насочат на точно одредениот ден на Христовото повторно доаѓање, не можат да бидат толку ревносни и трудољубиви во својата подготовка за тој ден. Но, бидејќи нивните надежи на овој начин постојано се потхранувале само затоа за повторно да би биле уништени, тоа за нивната вера бил таков удар, што станало речиси скоро невозможно големите вистини на пророштвата да ги трогнат нивните срца.

Истекувањето на одреденото време за суд во објавувањето на пораката на првиот ангел, било од Бога наредено. Пресметувањето на пророчкото време што претставувало темел на оваа порака, а што го одредува крајот на 2300 денови во есента 1844 година, останува несоборливо. Постојаните обиди да се пронајдат нови датуми за почетокот и крајот на пророчките времиња, како и неоснованите тврдења користени за да се докаже ова, не само што ги одвраќаат мислите од сегашната вистина, туку дури и на презир го изложуваат секој обид да се разјаснат пророштвата. Колку почесто се одредува датумот за второто Христово доаѓање, и колку тоа почесто се проповеда, толку подобро им одговара на сатанските цели. Зашто кога така утврденото време за Христовото доаѓање ќе помине, тој ги изложува на потсмев и презир поборниците на таквото учење, и така му нанесува срам на големото адвентно движење од 1843 и 1844 година. Оние што ќе продолжат во оваа заблуда, најпосле за Христовото доаѓање ќе одредат датум што ќе биде и премногу далеку во иднината. На тој начин ќе бидат наведени да се успијат во лажна сигурност, и на многумина нема да им се отворат очите сè додека не биде предоцна.

Историјата на стариот Израел претставува впечатлива илустрација на доживувањата низ кои поминале адвентистите. Бог Својот народ во адвентното движење го водел исто така како што Израелските синови ги извел од Египет. Нивната вера во нивното големо разочарување била испробана како и верата на Евреите на Црвеното Море. Кога и понатаму би имале доверба во Раката што ги водела во преживеаните искуства, тие би го виделе Божјото спасение. Кога сите што во 1844 година соработувале во ова дело, би ја прифатиле пораката на третиот ангел и би ја објавувале во сила на Светиот Дух, Господ изобилно би ги благословил нивните напори, а светлината како несопирлив порој би го преплавила светот. Жителите на Земјата би биле предупредени уште пред многу години, завршното дело би било довршено, и Христос веќе би дошол да го избави Својот народ.

Синовите на Израел не талкале четириесет години низ пустината затоа што Бог сакал да биде така; Тој сакал да ги поведе право во Хананската земја и таму да ги насели како Свој свет и среќен народ. Но, “гледаме дека не можеа да влезат поради неверието” (Евреите 3:19). Поради постојаното застранување и отпадништво испопаѓаа во пустината, и други биле подигнати да влезат во ветената земја. Исто така не била Божја волја Христовото доаѓање толку да се оддолжува и припадниците на Неговиот народ толку години да останат на овој грешен и несреќен свет. Но неверството ги одделило од Бога. Бидејќи тие одбија да го извршат делото што им беше доверено, беа повикани други да го продолжат ширењето на веста. Од милост кон светот, Христос сè уште го одложува Своето доаѓање, за грешниците да имаат можност да го слушнат предупредувањето и во Него да побараат засолниште пред да се излее Божјиот гнев.

И денеска како и во минатите времиња, изнесувањето на вистината што ги открива гревовите и заблудите на своето време предизвикува отпор. “Зашто секој што прави зло, ја мрази светлината и не оди кон светлината, за да не бидат осудени неговите дела, оти се лукави” (Јован 3:20). Увидувајќи дека своите ставови не можат да ги поткрепат со Светото писмо, многумина одлучуваат сепак да ги поддржуваат ставајќи на коцка сè, и најзлобно го напаѓаат карактерот и мотивите на оние што стануваат во одбрана на непопуларните вистини. Таквата политика се водела наспроти вистината и нејзините поборници во сите времиња. Илија бил обвинет дека на Израел му донесува несреќа и немир, Еремија дека е предавник на нацијата, Павле дека го обесчестува храмот. Од нивните денови па сè до денес, оние што сакаат да останат верни на вистината, се жигосани како бунтовници, еретици, расколници и отпадници. Многумина чијашто вера е премногу слаба за да го прифатат најсигурниот пророчки збор, лековерно и без никакви докази го прифаќаат обвинувањето против оние што се осмелуваат да ги жигосаат омилените гревови. Тој дух ќе се манифестира сè повеќе и повеќе. Библијата јасно учи дека се приближува времето кога државните закони ќе станат толку спротивни на Божјиот закон, и дека секој што ќе сака да се покорува на сите божествени прописи мора да биде подготвен на срам, осуда и казна како злосторник.

Имајќи го предвид сето тоа, која е должноста на гласникот на вистината? Зарем да заклучи дека вистината не смее да се проповеда само затоа што нејзиното објавување, луѓето често ги поттикнува да ја избегнуваат и да се противат на нејзините барања? Не, причините Божјото Слово да се премолчува затоа што неговото објавување предизвикува отпор денес не се ништо поубедливи отколку што биле во деновите на реформаторите. Непоколебливата постојаност на светите луѓе и мачениците и нивното бестрашно исповедување на верата се забележани за доброто на новите поколенија. Тие живи примери на светост и непоколеблива честитост треба да им вдахнат сила и храброст на оние што сега се повикани да стојат како сведоци за Господа. Тие не ја примиле благодатта на вистината само за себе, туку преку нив знаењето за Бога да се пренесува и на други. Дали Бог на Своите слуги им дал соодветна светлина и за ова поколение? Тогаш тие се должни таа светлина да ја пренесат и на другите.

Во старо време, Господ на еден што имал задача да зборува во Негово име Му рекол: “А домот Израелов не ќе сака да те слуша, тие не сакаат Мене да Ме слушаат. Но и покрај тоа Тој тогаш нагласил: “Кажувај им ги зборовите Мои - па слушале тие или не” (Езекиел 3:7; 2:7). На Божјите слуги во нашево време им е упатена оваа заповед: “Викај со сиот глас, не се воздржувај; крени го гласот како труба, укажи му на народот Мој на беззаконието негово, и на домот Јаковов - гревовите негови” (Исаија 58:1).

Во границите на своите можности и прилики, секој што ја прифатил светлината на вистината примил свечена и страшна одговорност како и споменатиот Израелов пророк на кого му било упатено Господовото Слово: “И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израелов: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене. Кога ќе му речам на грешникот: 'грешнику, ти бездруго ќе умреш', а ти не му кажеш ништо, не го предупредиш беззаконикот, да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од твојата рака. Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од својот пат, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја” (Езекиел 33:7-9).

Големата пречка за прифаќањето и објавувањето на вистината е фактот дека тоа секогаш е поврзано со неугодности и подбивања. Тоа е единствен аргумент во борбата против вистината што нејзините поборници никогаш не можеле да го побијат. Но тоа вистинските Христови следбеници нема ниту да ги застраши ниту да ги одврати. Тие не чекаат вистината да стане популарна. Свесни за својата должност, тие промислено и доброволно го примаат на себе крстот, заклучувајќи заедно со апостол Павле дека “нашата сегашна лесна неволја ни донесува прекумерно, и неизмерно, вечно изобилство на слава” (2. Коринтјаните 4:17), и како некогаш Мојсеј, “хулењето на Христа го сметаше за поголемо богатство од египетските богатства” (Евреите 11:26).

Оние што во верските прашања, наместо начелата, се ракуваат според светската политика, во срцето се само слуги на овој свет, па какво и да биде нивното исповедување. Ние секогаш треба да бидеме на страната на правдата затоа што тоа е единствен правилен став, а последиците да ги препуштиме на Бога. За своите големи реформи, светот им должи на луѓето со начела, вера и храброст. Такви луѓе мора да го предводат делото на реформата и во наше време.

Така зборува Господ: “Послушајте Ме, вие кои ја познавате правдата, народе, во чие срце е Мојот Закон! Не плашете се од човечки хули, не плашете се од навреди! Зашто молецот ќе ги разјаде како облека, црвот ќе ги изеде како волна. Но Мојата правда ќе трае довека, и Моето спасение од род до род” (Исаија 51:7, 8).