Големата борба помеѓу Христа и сатаната

25. Божјиот закон е непроменлив

“И се отвори Божјиот храм на небото и се покажа ковчегот на Неговиот завет во Неговиот храм” (Откровение 11:19). Ковчегот на Божјиот завет се наоѓа во светињата над светињите, во второто одделение на светињата. Во службата на земната светиња која служела “на сликата и на сенката на небесните нешта” (Евреите 8:5), ова одделение се отворало само на големиот Ден на помирување за да се исчисти светињата. Според тоа, најавата дека на небото е отворен Божјиот храм и дека во него е виден ковчегот на заветот, укажува на отворањето на небесната светиња над светињите во 1844 година во која Христос тогаш влегол да го изврши завршното дело на помирување. Оние што со вера го следеле својот голем Првосвештеник кога влегол во Светињата над светињите да ја продолжи Својата посредничка служба, го видоа тука ковчегот на Неговиот завет. Откако претходно го проучиле предметот на светињата, дошле до сознанието дека Спасителот ја променил Својата служба, дека сега служи пред самиот Божји ковчег и дека тука, повикувајќи се на Својата крв, ги застапува грешниците.

Во ковчегот на заветот, во земната светиња, се наоѓале две камени плочи на кои биле испишани прописите на Божјиот закон. Ковчегот бил само место каде се чувале плочите на Божјиот закон и самото присуство на овие божествени прописи му давале важност и светост.

Кога на небото се отворила Божјата црква се покажал ковчегот на Неговиот завет. Тоа значи дека во небесната светиња над светињите свето се чува Божјиот закон - законот што среде грмежи и громови на Синај го изговорил самиот Бог и го напишал со Својот прст на камени плочи.

Божјиот закон во небесната светиња е возвишен оригинал чијшто верен препис биле заповедите напишани на камените плочи и запишани во Мојсеевото Петокнижие. Оние што ја сфатиле оваа важна точка, исто така ја согледале и светоста и непроменливоста на Божјиот закон. Како никогаш дотогаш, ја запознале и силата на зборовите на Спасителот: “Додека постојат небото и земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè” (Матеј 5:18). Бидејќи Божјиот закон претставува откровение на Неговата волја и израз на Неговиот карактер, мора засекогаш да остане “како верен сведок на небото.” Ниедна заповед никогаш не е укината. Не е изменета ниту една негова буква, ниту една цртичка. Псалмистот вели: “О, Господи, Твојот Збор останува довека, постојан како небесата.” “ Сите Негови заповеди се постојани, утврдени за сите времиња, довека” (Псалм 119:89; 111:7, 8).

Четвртата Божја заповед како што првобитно била објавена: “Помни го денот саботен, за да го празнуваш. Шест дена работи, и сврши ги во нив сите свои работи, а седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог; тогаш немој да вршиш никаква работа, ни ти, ни синот твој, ни ќерката твоја, ни слугата твој, ни слугинката твоја, ни волот твој, ниту придојдениот, кој се наоѓа кај тебе, оти за шест дена ги создаде Господ небото и Земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина; заради тоа Господ го благослови седмиот ден и го освети” (Излез 20:8-11) - се наоѓа во самото срце на Декалогот.

Божјиот Дух трогателно влијаел на срцата на оние што го истражувале Неговото Слово. Незадржливо им се наметнувало уверувањето дека непочитувајќи го денот за одмор на Творецот, во незнаење ја престапувале оваа заповед. Почнале да ги истражуваат причините зошто се празнува првиот ден во седмицата наместо денот што самиот Бог го посветил. Во Светото писмо не можеле да пронајдат никаков доказ дека четвртата заповед е укината или дека саботата е променета. Благословот со кој седмиот ден уште на самиот почеток бил прогласен за свет, никогаш не му е одземен. Тие најискрено настојувале да ја запознаат Божјата волја и да ја почитуваат; и кога сфатиле дека всушност се престапници на Неговиот закон, нивните срца ги исполнило навистина длабока болка и тие својата верност кон Бога ја покажале со тоа што почнале да ја празнуваат саботата.

Многу и мошне сериозни напори се вложувани за да се оспори и побие нивната вера. Никој не можел да ги затвори очите пред фактот дека доколку земната светиња е симбол или слика на небесната, тогаш и законот чуван во ковчегот на заветот на земјата бил точен препис на законот што се наоѓа во ковчегот на небото; и кога ја прифатиле вистината за небесната светиња со самото тоа ги признале и барањата на Божјиот закон, а со тоа и обврската кон саботата која е составен дел на четвртата заповед. Тука лежела тајната за огорчениот и одлучен отпор против хармоничното толкување на Светото писмо кое ја откривало Христовата служба во небесната светиња. Луѓето се напрегнувале со сите сили да ја затворат вратата што самиот Бог ја отворил, а да ја отворат вратата што Тој ја затворил. Но, Оној “Кој отвора, и никој не затвора! Кој затвора и никој не отвора!” нагласил: “Ете, поставив пред тебе отворена врата, што никој не може да ја затвори” (Откровение 3:7, 8). Самиот Христос ја отворил вратата, ја започнал службата во светињата над светињите; светлината заблескала низ отворената врата на небесната светиња и се покажало дека и четвртата заповед е составен дел на законот што се чува тука; она што Бог го воспоставил ниту еден човек не може да го собори.

Оние што ја прифатиле светлината за Христовото посредување и непроменливоста на Божјиот закон, констатирале дека тие вистини се истакнати во четиринаесеттото поглавје на Откровението. Пораките што се истакнати во ова поглавје содржат тројно предупредување, кое треба да ги подготви жителите на Земјата за второто Христово доаѓање (Види додаток). Најавата: “Настапи часот на Неговиот суд”, укажува на завршниот дел на Христовата служба за спасение на луѓето. Таа ја најавува вистината, што мора да се проповеда сè додека Спасителот не заврши со посредувањето, и не дојде повторно на Земјата да го земе Својот народ кај Себе. Судот што е започнат во 1844 година мора да продолжи сè додека не биде решен случајот на секој човек, без оглед дали тој се наоѓа меѓу мртвите или меѓу живите; и затоа тој ќе трае сè до крајот на времето на милоста. И затоа, да би се подготвиле луѓето да опстанат на судот, во пораката им се заповеда: “Бојте се од Бога и подајте Му слава”, “и поклонете Му се на Оној, Кој ги создал небото и Земјата, морето и водните извори.” Резултатот од прифаќањето на оваа порака е даден во следните зборови: “Тука е трпението на светите, кои ги држат Божјите заповеди и верата во Исуса.” Луѓето, за да се подготват и одржат на судот, треба да ги држат Божјите заповеди. Мерило за карактерот на тој суд ќе биде токму Божјиот закон. Апостол Павле кажува: “Оние што згрешиле при Закон, според Законот ќе бидат и судени... во денот кога Бог преку Исуса Христа според моето Евангелие, ќе ги суди човечките тајни.” А понатаму додава дека “ќе бидат оправдани оние, кои се извршители на Законот” (Римјаните 2:12-16). За да може Божјиот закон да се држи, важна е верата; зашто “без вера не е можно да Му се угоди на Бога.” “А сè што не е според верата, грев е” (Евреите 11:6; Римјаните 14:23).

Првиот ангел ги повикува луѓето: “Бојте се од Бога и подајте Му слава!” - Поклонете Му се и признајте Го како творец на небото и Земјата. Да би го правеле тоа, мораат да го држат Неговиот закон. Мудрецот вели: “Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто тоа за човекот е сè” (Проповедник 12:13). На Бога не Му е угодно никакво богослужение што не е придружувано со покорување на Неговите заповеди. “Бидејќи љубовта кон Бога се состои во тоа: да ги пазиме заповедите Негови.” “Кој го отстранува увото свое да не го слуша законот, на таквиот и молитвата му е одвратна” (1. Јованово 5:3; Изреки 28:9).

Должноста да Го славиме Бога произлегува од самиот факт дека Тој е Творец и дека како на Таков сите созданија му должат благодарност за своето постоење. Секаде каде што во Библијата се истакнува дека Тој, за разлика од незнабожечките богови, навистина има полно право на почитување и славење, тука се наведуваат и доказите за Неговата творечка моќ. “Бидејќи сите богови на незнабошците се ништо, а Господ го создаде небото” (Псалм 96,5). “Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите? - вели Светецот. Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал?” “Зашто вака вели Господ, Кој го создаде небото, Он, Бог, Кој i даде облик на Земјата, и Кој ја создаде... Јас сум Господ, и нема друг (Исаија 40:25, 26; 45,18). Псалмистот вели: “Знајте дека Господ е Бог: Тој нè создаде, и ние сме Негови, Негов народ сме” (Псалм 100:3). “Дојдете, да се поклониме и да паднеме, да Му се поклониме на Бога, нашиот Создател” (Псалм 95:6). А светите суштества кои се поклонуваат на небото пред Бога, како доказ дека тоа Нему и навистина му се должи, повторуваат: “Достоен си, Господи и Боже наш, да ја примиш славата, и честа и силата, зашто Ти си создал сè...” ( Откровение 4:11).

Во четиринаесеттото поглавје на Откровението, луѓето се повикуваат да го слават Творецот; и пророштвото во истото поглавје укажува на особеноста на верниците што како резултат на објавувањето на тројната вест, ги држат Божјите заповеди. Една од овие заповеди непосредно упатува на Бога како на Творец. Четвртата заповед кажува: “А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог... оти за шест дена ги создаде Господ небото и Земјата, морето и сè што е во нив; а во седмиот ден си отпочина: заради тоа Господ го благослови саботниот ден и го освети” (Излез 20:10, 11). Во врска со саботата, Господ исто така кажува: “Празнувајте ги моите саботи за да бидат знак меѓу Мене и вас, па да знаете, дека Јас сум Господ, вашиот Бог” (Езекиел 20:20). А за тоа се наведува и причината: “Зашто Господ за шест дена ги создаде небото и Земјата, а во седмиот ден сi отпочина и се одмори” (Излез 31:17).

“Важноста на саботата како спомен на создавањето се состои во тоа што таа постојано нè потсетува на вистинската причина зашто на Бога Му должиме благодарност и постојано оддавање на слава” - зашто Тој е Творец, а ние негови созданија. “Поради тоа саботата се наоѓа во самата основа на служењето на Бога, зашто таа, оваа голема вистина ја истакнува на највпечатлив начин, што не може да се каже ниту за една друга институција. Вистинската основа или причината за тоа што му се поклонуваме на Бога, не само во седмиот ден туку воопшто, се наоѓа во разликувањето меѓу Творецот и Неговите созданија. Овој голем факт не може никогаш да застари и не смее никогаш да се заборави.” - Џ. Н. Ендрјуз (Andrews) Историја за саботата, 27 поглавје.

На луѓето секогаш треба да им ја предочуваме вистината, дека Бог саботата ја воспоставил уште во Едем; и сè додека постои фактот, дека како на Творец Му должиме благодарност, саботата нема да престане да биде знак и спомен на тоа. Кога саботата секогаш би била празнувана, мислите и чувствата на луѓето би биле посветени на Творецот, како предмет на нивно почитување и поклонување, и никогаш не би постоел ниту еден идолопоклоник, атеист или неверник. Празнувањето на саботата претставува знак на верност кон вистинскиот Бог, “кој ги создаде небото, Земјата, морето и водните извори.” Од ова произлегува дека веста во која на луѓето им се заповеда да го слават Бога и да ги држат Неговите заповеди, посебно ги повикува да ја држат четвртата заповед.

Наспроти на оние што ги држат Божјите заповеди и ја имаат верата Исусова, третиот ангел укажува и на други, против чиишто заблуди тој изрекува сериозна и страшна закана: “Кој ќе му се поклони на ѕверот и на неговиот лик, и прими белег на своето чело или на својата рака, тој ќе пие од виното на Божјиот гнев” (Откровение 14:9, 10). За да ја разбереме оваа вест, потребно е правилно да се толкуваат употребените симболи. Што се подразбира под изразот: ѕвер, лик и белег (жиг)?

Низата пророштва во кои се наоѓаат овие симболи, почнуваат во дванаесеттото поглавје на Откровението со симболот на ламја која “сакаше да го убие” Христа по Неговото раѓање. Ламјата е сатаната (Откровение 12:9) кој го поттикнувал Ирода да Го убие Спасителот. Негов главен претставник во војувањето против Христа и Неговиот народ, во првите векови на христијанската ера, било Римското царство, претежно со паганска религија. И додека ламјата првобитно го претставува сатаната, во преносна смисла таа е симбол на паганскиот Рим.

Во тринаесеттото поглавје (од 1 до 10 стих) е опишан друг ѕвер, кој “беше како леопард” на кој ламјата му ја даде “силата своја, престолот свој и голема власт”. Овој симбол, како што веруваа повеќето протестанти го претставува папството, кое наследило сила и власт од старото Римско царство. За ѕверот сличен на леопардот пророштвото кажува: “Нему му се даде уста, што зборуваше големи зборови... Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога, за да го похули името Негово, живеалиштето Негово и оние, што живеат на небото. И му се даде да војува против светите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.” Ова пророштво, кое речиси се изедначува со описот на малечкиот рог во 7 поглавје на Даниеловата книга, без сомнение укажува на папството.

“И му се даде власт така да прави четириесет и два месеца.” “И видов”, пророкот продолжува понатаму, “дека една од главите негови како да беше смртно ранета”, потоа продолжува: “Кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен; кој со меч убива, со меч треба да биде убиен.” Овие “четириесет и два месеци” исто како и периодот “за време, за две времиња и за половина време” (Даниел 7 поглавје), претставуваат три и пол години или 1260 денови - односно го означуваат времето кога папската превласт го прогонувала и угнетувала Божјиот народ. Овој временски период, како што е наведено во претходните поглавја на оваа книга, започнал со воспоставувањето на папството 538 година по Христа, а завршил 1798 година. Во тоа време со заробувањето на папата од страна на француската војска, папската власт навистина била смртно ранета и пророштвото: “Кој во ропство води, во ропство ќе биде одведен,” очигледно се исполнило.

Во ова поглавје се појавува уште еден симбол. Пророкот нагласува: “И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне” (Откровение 13:11). И самата појава на овој ѕвер и начинот на неговото појавување предвестуваат дека нацијата претставена со симболот на овој ѕвер се разликува од народите претставени со претходните симболи. Големите светски царства што владееле со светот, му се претставени на пророкот Даниел, како ѕверови што се појавиле откако “четирите небесни ветрови се бореа над големото море” (Даниел 7:2). Во седумнаесеттото поглавје ангелот објаснува дека водите се: “луѓето и народите, племињата и јазиците” (Откровение 17:15). Ветровите се симболи на воените судири. Четирите небесни ветра, што се бореле на големото море, ги претставуваат страшните сцени на освојување и преврати со чиешто посредство земните царства доаѓаат на власт.

Меѓутоа, ѕверот со рогови сличен на јагне, е виден “како излегува од земјата.” Наместо да руши други сили за да ја воспостави својата, вака претставената нација, мора да се појави на една, дотогаш незаземена територија и да се развива постепено и мирно. Затоа таа не можела да излезе од многубројните и меѓусебно завојувани народи на Стариот свет - од она немирно море на “луѓе, народи, племиња и јазици.” Значи таа мора да се побара на Западниот континент.

Која нација во таканаречениот Нов свет почнала да се развива во 1798 година во сила и величина, и да го привлекува на себе вниманието на светот? Примената на овој симбол е надвор од секое сомневање. Една нација и само една одговара на дадените цитати на пророштвото; тоа јасно укажува на Соединетите Американски Држави. Колкупати мислата, а понекогаш сосема точно и зборовите на библискиот пророк, несвесно ги употребувале говорниците и историчарите опишувајќи го настанувањето и развојот на оваа нација. Во видението ѕверот е виден “како излегува од земјата.” Наместо зборот “излегува” во преводот можел да се употреби изразот “никнува или израснува како билка.” А, како што веќе видовме, оваа нација морала да се појави на дотогаш незаземена територија. Еден истакнат писател, опишувајќи го настанувањето на Соединетите Држави, говори за “тајната на нивното настанување од празнината” и кажува: “Бесшумно како трска израснавме до држава.” - Г. А. Таунсенд (Townsend) Новиот свет во споредба со стариот, 462 стр. Еден европски дневник во 1850 година пишуваше за Соединетите Држави како за некоја необична империја која “изникнала” и “во тишината на земјата секој ден ја зголемува својата моќ и гордост.” Едварт Еверт во својот говор за побожните дојденци, основачи на оваа нација, кажува: “Барале осамено место, простодушно во својата скриеност, и сигурно во својата оддалеченост од престојувалиштето на насилниците, каде што малата црква од Лејден можела да ужива слобода на совеста. Погледнете ги силните области преку кои тие, со мирно усвојување,... го носеле знамето на крстот. “Одржан говор во Плимут, во државата Масачусетс, (Massachusetts) 22.12.1824 год.11. стр

“Имаше два рога како кај јагне.” Роговите како кај јагне укажуваат на младост, невиност и благост, што одговараат на карактерот на Соединетите Држави во времето кога пророкот ги видел како се подигаат од земјата во 1798 година. Меѓу христијанските изгнаници кои први пребегале во Америка, барајќи засолниште пред угнетувачкиот бес на христјанството, имало многумина што цврсто решиле таму да основаат држава на широките темели на граѓанската и верската слобода. Нивните погледи биле внесени во “Декларацијата на независноста”, која ја нагласува големата вистина дека: “Сите луѓе се родени еднакви и надарени со неотуѓиво право на живот, на слобода и стремеж кон среќа!” А Уставот на народот му гарантира право на самоуправување, предвидувајќи дека законите ги создаваат, и за нивната примена се грижат претставници избрани од народот. Загарантирана е и слобода на вероисповед, и секому му е дозволено да служи на Бога според диктатот на својата совест. Републиканизмот и протестантизмот биле основа на начелата на нацијата. Овие начела ја претставуваат тајната на нивната моќ и напредок. Многумина, кои во христијанските земји ширум Европа, биле прогонувани и угнетувани, се упатиле во оваа земја со големо интересирање и полни со надеж. Милиони се истовариле на нејзините брегови и Соединетите Држави се издигнале во редот на најмоќните нации во светот.

Но, ѕверот со рогови како кај јагне, проговори “како змев”. “И тој ја вршеше власта на првиот ѕвер, пред него, и направи земјата и нејзините жителите да му се поклонуваат на првиот ѕвер, чија смртоносна рана беше залечена... велејќи им на жителите на земјата, да направат лик (икона) на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив” (Откровение 13:11-14).

Роговите како кај јагне, а гласот како кај змев, симболично укажуваат на упадливата противречност помеѓу исповедувањето и праксата на вака прикажаната нација. “Говорот” на една нација го претставуваат одлуките на нејзините законодавни и судски власти. Со ваквите свои одлуки оваа нација ги негира слободните и мирољубивите начела кои ги прокламирала за темел на својата државна политика! Пророчката најава дека таа ќе зборува “како змев” и дека ќе ја врши “власта на првиот ѕвер”, јасно го претскажува развојот на духот на нетрпеливоста и прогонството што го покажале и нациите симболично прикажани со змевот и со ѕверот сличен на леопард. А податокот дека ѕверот со два рога ќе направи “земјата и нејзините жители да му се поклонуваат на првиот ѕвер”, кажува дека оваа држава својата власт ќе ја употреби за да наметне држење на нешто со што ќе му се укажува чест на папството.

Ваквата постапка директно би се спротивставувала на генијалноста на нејзините слободни институции, на отворените и свечени прогласи на Декларацијата за независноста и Уставот. Основачите на нацијата мудро настојувале да го спречат користењето на световната власт од страна на црквата со нејзините неизбежни последици на нетрпеливост и прогонство. Уставот пропишува дека: “Конгресот не може со закон да нареди почитување на некоја религија, ниту пак да ја забрани слободата на нејзиното исповедување”, и дека,”верата никогаш не смее да се бара како квалификација за добивање на било која јавна служба во Соединетите Држави.” Само со очигледно газење на овие чувари на националната слобода, државната власт би можела, со закон, да наметне почитување на некој верски пропис. Меѓутоа, дури ни таквата недоследност не би го надминала она што е прикажано во самиот симбол. А тоа е факт дека ѕверот со рогови како кај јагне - во своето исповедување чист, благ и незлобен - во праксата зборува како змев.

“Велејќи им на жителите на Земјата, да направат лик на ѕверот.” Овде јасно се прикажува обликот на владетелството во кое законодавната власт се наоѓа во рацете на народот; ова е најочигледен доказ дека Соединетите Држави ја претставуваат нацијата означена во ова пророштво.

Меѓутоа, што значи “лик на ѕверот”, и како тој треба да биде направен? Ликот на првиот ѕвер ќе му го направи ѕверот со два рога. Затоа и се нарекува со лик на ѕверот. За да дознаеме што е тоа лик, и како треба да биде направен, мораме да ги проучиме карактеристичните обележја на самиот ѕвер - папството.

Кога црквата во почетокот се расипала, застранувајќи од едноставноста на евангелието и прифаќајќи ги незнабожечките обреди и обичаи, таа ја изгубила божествената сила и дарот на Светиот Дух, а за да може да владее над совеста на народот, барала поддршка од световните власти. Како резултат на тоа се појавило папството - црквата што владеела над државата користејќи ја за остварување на своите цели, особено за казнување на “ересите”. Соединетите Држави да можат да направат лик на првиот ѕвер, црквата треба, така да управува со државната власт, за да може да го употреби нејзиниот авторитет за постигнување на своите сопствени цели.

Секогаш кога црквата во своите раце ја имала државната власт, таа тоа го злоупотребувала казнувајќи ги оние што не се служеле со нејзиното службено учење. Протестантските цркви кои, соединувајќи се со световните власти, тргнале по стапките на Рим, покажале слична желба да ја ограничат слободата на совеста. Пример за тоа е Англиканската црква која долго време ги прогонувала оние што не се согласувале со нејзиното службено учење. Во текот на 16. и 17. век, илјадници проповедници, што се осмелиле да мислат поинаку, биле присилени да ги остават своите цркви, а многумина и од пастирите и од верниците биле изложени на парични казни, затвор, мачење и маченичка смрт.

Отпадот, уште во почетокот ја навел црквата да бара помош од државната власт, а тоа го подготвило патот за развој на папството, прикажано со симболот на ѕверот. Павле кажува: “Оној ден нема да настапи додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на беззаконието” (2. Солунјаните 2:3). На ист начин отпадот во црквата ќе го подготви патот на ликот на ѕверот.

Библијата кажува дека пред Господовото доаѓање ќе настане состојба на верско пропаѓање, слично на состојбата во првите векови. “Но знај го ова: во последните денови ќе настанат времиња тешки. Зашто луѓето ќе станат саможиви, среброљупци, самофалци, горди, хулители, непокорни спрема родителите, неблагодарни, неправедни, недружељубиви, непомирливи, клеветници, невоздржливи, нескротливи, предавници, пребрзи, надуени, повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле” (2. Тимотеј 3:1-5). “А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења” (1. Тимотеј 4:1). Сатаната ќе дејствува “со секаква сила, и со чудесни знаци и со лажни чуда, и со секаква неправедна измама.” А сите оние “кои загинуваат, зашто не ја примија љубовта кон вистината за да се спасат”, ќе бидат препуштени сами на себе да прифатат “сила на заблуда за да и веруваат на лагата” (2. Солунјаните 2:9-11). Кога ќе дојде до оваа состојба на безбожност, последиците ќе бидат исти како и во првите векови.

Големата разновидност на верување што постои во протестантските цркви, многумина ја сметаат за пресуден доказ дека никогаш не може да се постигне присилно верско единство меѓу нив. Па сепак во протестантските цркви веќе со години сè повеќе се засилува стремежот да се обединат, тргнувајќи од онаа што во учењето на сите им е заедничко. За да се постигне ова обединување, ќе мора да се избегне претресувањето на сите предмети во кои не се сите сложни - па колку и да се важни тие предмети од библиска гледна точка.

Чарлс Бичер, еден истакнат американски говорник, во еден свој говор одржан во 1846 година рекол дека проповедништвото на “Евангелско - протестантските заедници” не само што од почеток е создавано под страшен притисок со чисто човечки страв, туку дека тоа живее, се движи и диши во услови на длабока расипаност и секогаш се повикува на пониските елементи на својата природа за да ја замолкне вистината и да потклекне пред силата на отпадот. Нели било исто така и со Римокатоличката црква? Зарем нивното искуство не се повторува и во нашиот случај? И што гледаме пред себе? - Нов сеопшт собор! Нов Светски синод! Евангелистички сојуз и единствена вероисповед!” - Говор на тема: Библијата е доволно Кредо - одржан во Форт Вејн во Индијана, 22. 02. 1846 година. Кога тоа еднаш ќе се постигне, тогаш во настојувањето да се постигне целосно единство, ќе остане само еден чекор до примена на сила.

Кога водечките цркви во Соединетите Држави, обединувајќи се во оние точки на учење кои инаку им се заеднички, од државата ќе побараат, нивните одлуки да ги наметне со сила и да ги поддржи нивните институции, тогаш протестантска Америка практично ќе и направи лик на римокатоличката хиерархија, наметнување на граѓански казни на оние што ќе се осмелат поинаку да мислат и веруваат - ќе биде неизбежна последица.

Ѕверот, со два рога, “направи сите - мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови - (нареди) да им се стави белег (жиг) на десната рака или на челата нивни, та никој да не може ни да купува ниту да продава, освен оние, што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово” (Откровение 13:16, 17). Меѓутоа, предупредувањето на третиот ангел гласи: “Кој ќе му се поклони на ѕверот и на ликот негов, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на гневот Божји” (Откровение 14:9). “Ѕверот”, што се споменува овде, на кој луѓето ќе му се поклонуваат присилени од страна на ѕверот со два рога е папството - првиот ѕвер, сличен на леопард, што е опишан во тринаесеттото поглавје од Откровението. “Ликот на ѕверот” го претставува оној облик на отпаднатиот протестантизам што ќе се развие кога протестантските цркви ќе побараат помош од граѓанските власти со сила да ги наметнат своите догми. Останува уште да го дефинираме “белегот на ѕверот.”

По предупредувањето да не му се поклонуваме на ѕверот и на неговиот лик, пророштвото кажува: “Тука е трпението на светите, кои ги држат Божјите заповеди и верата во Исуса.” Бидејќи оние што ги држат Божјите заповеди се истакнуваат наспроти оние што му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик и го примаат неговиот белег, од тоа јасно произлегува дека држењето на Божјиот закон од една страна, или пак неговото престапување од друга страна, ја претставува основната разлика помеѓу оние што му се поклонуваат на Бога и оние што му се поклонуваат на ѕверот.

Кршењето на Божјите заповеди претставува посебна карактеристика на овој ѕвер, а според тоа и на неговиот лик. За папството претставено во малиот рог, Даниел кажува: “И ќе помислува да ги промени времињата и законите” (Даниел 7: 25). А Павле пак истата сила ја нарекува “човек на беззаконието”, кој се издигнува над Бога. Едно пророштво го надополнува другото. Со самото настојување да го промени Божјиот закон, папството се издига над Бога; и секој кој, и кога ќе ја дознае вистината, и го прифаќа вака изменетиот закон; со тоа и оддава највисока чест на силата што го променила. Ваквата послушност на папските закони претставува знак на верноста кон папата, наместо кон Бога.

Папството се осмелило да го менува Божјиот закон. Втората заповед која забранува обожавање на статуи и слики е отстранета од законот, а четвртата заповед е изменета, така што наместо саботата како седми ден, го прогласува за празник првиот ден во седмицата. Но папистите тврдат дека втората заповед е отстранета, затоа што според нивно мислење е непотребна зашто наводно е содржана во првата; и дека тие го дале законот точно онака како што Бог сакал да биде сфатен. Таква промена пророкот не прорекол. Значи станува збор за намерна промена направена со промислување. “И ќе помислува да ги промени времињата и законите.” Извршената промена во четвртата заповед точно го исполнува пророштвото. Црквата тврди дека само таа има власт да извршува таква промена. Со тоа папската сила отворено се издигнува над Бога.

Додека оние што се поклонуваат на Бога посебно се познаваат по своето држење на четвртата заповед, зашто таа е знак на Неговата творечка моќ и сведок дека Тој навистина има право на почитување и обожување од страна на луѓето - поклониците на ѕверот се познаваат по своето настојување да го заменат денот, што претставува спомен на творечката моќ на Творецот, со денот што го вовел Рим. Своите дрски барања папството прво ги истакнало во врска со празнувањето на неделата (Види додаток); и во своето настојување присилно да го наметне празнувањето на неделата како “Господов ден”, првпат ја повикало напомош државната власт. Меѓутоа, Библијата како Господов ден го истакнува седмиот ден, а не првиот. Христос рекол: “Синот Човечки е господар и на саботата.” (Марко 2:28). Четвртата заповед кажува: “А седмиот ден е сабота Господова, на твојот Бог.” А преку пророкот Исаија самиот Господ за саботата кажува: “свет ден Господов” (Исаија 58:13).

Толку често истакнуваното тврдење дека Христос ја променил саботата е побиено со Неговите сопствени зборови. Во Својата беседа одржана на гората Тој нагласува: “Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците, не сум дошол, да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина ви велам, додека постојат небото и Земјата ниту една јота или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сè. И така, оној што ќе наруши и една најмала заповед и така ги научи луѓето, најмал ќе се нарече во царството небесно; а оној што ќе ги држи и поучува, голем ќе се нарече во царството небесно” (Матеј 5:17-19).

Непобитен е фактот што го признаваат сите протестанти дека Светото писмо на никому не му дава авторитет, ниту било какво право за промена на саботата. Тоа јасно се гледа од најпрочуените списи на Американското друштво за трактати и од Американските унии на неделните школи. Едно од овие дела го признава, “потполното молчење на Новиот завет кога станува збор за изричната заповед да се празнува неделата (првиот ден во седмицата), или во врска со дефинитивниот пропис за нејзиното празнување.” - Џорџ Елиот, Постојаност на саботата 184. стр.

Еден друг кажува: “Сè до Христовата смрт не е направена никаква промена што се однесува до овој ден.” И “според постоечките извештаи на апостолите не дале никаква изрична заповед - саботата како седми ден да се напушти и на нејзино место да се празнува првиот ден во седмицата.” - А. Е. Вефл (Waffle) Господов ден, 185. стр.

Римокатолиците признаваат дека промената на саботата ја извршила нивната црква, и тврдат дека протестантите празнувајќи ја неделата ја признаваат нивната власт. Во книгата “Католички катехизам на христијанската вера” на прашањето: кој ден треба да се празнува според четвртата заповед, е дадена следната изјава: “За време на Стариот завет посветен ден била саботата; но црквата упатена од Исуса Христа и водена од Светиот Дух, саботата ја заменила со недела; така што ние сега го празнуваме првиот ден, а не седмиот. Тоа значи дека сега неделата е Господов ден.”

Како знак на авторитетот на Католичката црква, папските писатели истакнуваат: “Правото на овој чин на промената на саботата во недела што го одобруваат и протестантите: ... зашто со самото празнување на неделата тие признаваат дека црквата има власт да ги воведува празниците, и дека непочитувањето на тие празници претставува грев” - Хенри Тубервил, Извадок од делото “Христијанска доктрина, 58. стр. Според тоа, што е промената на саботата освен белег или знак на авторитетот на Римокатоличката црква - “белег на ѕверот”?

Римската црква не престанала да полага право на превласт, и кога светот и протестантските цркви, го прифаќаат празникот што таа го вовела, а ја отфрлаат библиската сабота, тогаш тие всушност го признаваат ова дрско пречекорување на дозволеното.Тие за оваа промена можат да се повикуваат на авторитетот на отците и преданијата, но правејќи го тоа го побиваат токму она начело што ги дели од Рим - а тоа е начелото “Библијата и само Библијата ја претставува верата на протестантите.” Секој папист може да види дека протестантите се лажат самите себеси и дека во овој случај намерно ги затвораат очите пред фактите. Кога движењето за присилно наметнување на неделата наидува на одобрување, секој папист се радува знаејќи дека тоа со времето, целиот протестантски свет ќе го доведе под знамето на Рим.

Папистите тврдат дека “празнувањето на неделата од страна на протестантите е клеветничка должност, што тие, и против својата волја, и го укажуваат на авторитетот на Католичката црква.” - Мгр. Сегур - Отворен разговор за протестантизмот, 213. стр. Принудното наметнување на неделата од страна на протестантските цркви, претставува присилување за поклонување на папството - ѕверот. Оние што, иако го разбираат барањето на четвртата заповед, ја празнуваат лажната наместо вистинската сабота, на тој начин како поданици заколнати на верност и оддаваат почитување на онаа сила која единствено го бара тоа. Освен тоа, со самото присилно наметнување на верските должности со помош на државата, овие цркви самите му прават лик на ѕверот. Затоа Соединетите Држави со присилното наметнување за празнување на неделата ќе присилуваат и на поклонување на ѕверот и на неговиот лик.

Многу христијани во минатите времиња ја празнувале неделата, мислејќи дека ја празнуваат Библиската сабота. И денес има честити христијани во разни христијански цркви, не исклучувајќи ја ниту Римокатоличката, кои искрено веруваат дека неделата е од Бога одреден ден за одмор. Бог ја прифаќа нивната искрена намера и нивната чесност. Меѓутоа, кога празнувањето на неделата ќе биде присилно и со закон наметнато, и кога светот ќе биде просветлен во врска со својата обврска кон вистинската сабота, тогаш сите оние што ќе продолжат да ја престапуваат Божјата заповед, покорувајќи му се на прописот што не се засновува на поголемиот авторитет отколку што е Рим, со тоа ќе укажуваат поголема чест на папството отколку на Бога. Тие на тој начин како поданици се заколнуваат на верност на Рим и на силата што со сила ја наметнува институцијата што самиот тој ја вовел. Тие му се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик. Отфрлајќи ја институцијата за која самиот Бог кажува дека претставува знак на Неговиот авторитет, и почитувајќи го, наместо неа, она што го вовел Рим како знак на својата надмоќност, тие примаат знак на поданичка верност кон Рим - “белег на ѕверот”. Дури тогаш, кога исходот на сето ова ќе биде изложен на жителите на Земјата, и кога тие ќе бидат доведени до таа одлука, чии заповеди ќе ги слушаат: Божјите или човечките; тогаш оние што ќе продолжат да ги престапуваат Божјите заповеди со самото тоа ќе примат “белег на ѕверот”.

Најстрашна закана, што кога и да им е упатена на смртниците, се наоѓа во пораката на третиот ангел. Гревот за кој тука станува збор, и што го предизвикува излевањето на Божјиот гнев непомешан со милост, мора навистина да е страшен. Луѓето не смеат да останат во темнина во врска со овој мошне важен предмет; предупредувањето против овој грев треба да се објави пред Бог да почне да го казнува светот со Своите казни, за сите да можат да знаат зашто тие казни наидуваат, и да би им се дала можност да ги избегнат. Пророштвото кажува дека првиот ангел својата порака ја објавува на “секое племе, јазик, колено и народ.” Предупредувањето на третиот ангел, што претставува дел од истата тројна вест, исто така треба да се објави ширум светот. Ова предупредување, според пророштвото, со силен глас ќе го објави еден ангел што лета среде небото; и тоа вниманието на цел свет ќе го привлече на себе.

Како исход на оваа борба, целото христијанство ќе биде поделено на два големи дела - на оние што ги држат Божјите заповеди и верата во Исуса, и на оние што се поклонуваат на ѕверот и на неговиот лик и го примаат неговиот белег. Иако црквата и државата ќе ги соединат своите сили да ги присилат “сите мали и големи, богати и сиромашни, слободни и робови” (Откровение 13:16), да го примат “белегот на ѕверот”, Божјиот народ сепак нема да го прими. Пророкот уште на Патмос ги видел “оние кои го победија ѕверот и неговиот лик и неговиот белег и бројот на неговото име, стоеја на стакленото море и имаа Божји харфи и ја пееја песната на Мојсеја, Божјиот слуга, и песната на Јагнето” (Откровение 15:2, 3).