Големата борба помеѓу Христа и сатаната

24. Во светиња над светињите

Предметот на светињата бил клуч кој ја отклучил тајната на разочарувањето во 1844 год. Тој на погледот на разочараните им открил систем на поврзани и хармонични вистини, покажувајќи им дека големото адвентистичко движење навистина го водела Божјата рака и, разјаснувајќи ја положбата и задачата на Божјиот народ, му ги открила неговите сегашни должности. Како што Христовите ученици, по онаа страшна ноќ на душевна болка и разочарување, “се зарадуваа кога Го видоа Господа” (Јован 20:20), така сега се зарадувале и оние што со вера го очекувале Неговото второ доаѓање. Тие очекувале дека Тој ќе се појави во слава на Своите верни да им донесе награда. Меѓутоа, бидејќи се разочарале во својата надеж, тие Исуса потполно го изгубиле од вид, и како Марија на гробот извикале: “Го дигнале Господа од гробот и не знам каде Го положиле” (Јован 20:2). Сега во светињата над светињите повторно го здогледале лицето на својот милостив Свештенички Поглавар, кој наскоро ќе се појави како нивен цар и ослободител. Светлината што доаѓала од светињата го расветлила минатото, сегашноста и иднината. Знаеле дека Бог ги водел со Своето непогрешливо провидение. Иако, слично на првите ученици, тие самите не ја сфатиле смислата на пораката што ја објавувале, сепак таа во секој поглед била исправна. Со своето објавување на оваа порака, ја извршиле Божјата намера, и нивната работа за Господа не била напразна. Препородени со големата Божја милост “за жива надеж”, се радувале со “неискажана и прославена радост” (1. Петрово 1:3, 8).

Меѓутоа и Даниеловото пророштво: “Уште две илјади и триста вечери и утра, тогаш светињата ќе се исчисти” (Даниел 8:14), и првата ангелска вест: “Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд” (Откровение 14:7), упатувале на Христовата служба во светињата над светињите и на истражниот суд, а не на Христовото доаѓање на Земјата, за да го спаси Својот народ и да ги уништи безбожниците. Грешката не се поткраде во пресметувањето на пророчките временски периоди, туку токму во настанот што требаше да се случи по истекувањето на 2300 денови. Поради оваа своја грешка верниците доживеале разочарување, но сето тоа во пророштвото било најавено, и се што можеа да очекуваат според Писмото, се исполнило во она време. Во исто време додека тие ги оплакувале своите неисполнети надежи, се исполнил настанот што е најавен во самата вест, настанот што морал да се исполни пред да може Христос да дојде, за на Своите верни да им донесе награда.

Христос дошол, но не на Земјата како што тие очекуваа, туку како што во симболот било најавено, во небесната светиња над светињите. Пророкот Даниел Го видел во визија како во тоа време доаѓа пред “Старецот”. “Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде” - не на Земјата - туку до “Старецот и застана пред Него” (Даниел 7:13).

Оваа доаѓање исто така ни го најавува и пророкот Малахија: “Ненадејно ќе дојде во Својот храм Господ, Кого вие Го барате, и Ангелот на Заветот, по кого копнеете. Еве Го, веќе доаѓа - зборува Господ над Воинствата” (Малахија 3:1). Господовото доаѓање во Неговиот храм за Неговиот народ бил ненадеен и неочекуван. Не Го барале таму, туку очекувале дека Тој ќе дојде на Земјата, “Во пламенен оган, за да даде одмазда на оние кои не Го познаваат Бога и кои не му се послушни на евангелието...” (2. Солунјаните 1:8).

Меѓутоа, народот сè уште не бил подготвен да го сретне својот Господ. За нив морало да се изврши уште едно дело. Им била дадена одредена светлина која нивните мисли ги насочила кон Божјиот храм на небото; и ако со вера го следат својот Свештенички Поглавар во Неговата тамошна служба, ќе им бидат откриени и нови должности. На црквата морало да и се даде уште една вест на предупредување и поука.

“Но”, се прашува пророкот, “кој ќе го издржи денот на Неговото доаѓање и кој ќе устои кога Тој ќе се јави? Зашто Тој е како огнот на леарот и како пепелницата на белачот, и ќе седне како оној, кој топи и пречистува сребро. Ќе ги исчисти Левиевите синови и ќе ги претопи како златото и среброто, за да Му принесат на Господа жртва во правда” (Малахија 3:2, 3). Оние што ќе живеат на Земјата во времето кога Христовото посредување во небесната светиња ќе биде завршено, ќе мораат да стојат пред Бога без посредник. Нивните облеки ќе мораат да бидат беспрекорни, а нивниот карактер исчистен од гревовите со Христовата крв. Со Божја милост и трудољубиво настојување од своја страна, тие мораат да победат во борбата со злото. Додека на небото се води истражниот суд, а гревовите на покајаните верници се отстрануваат од светињата, меѓу Божјиот народ на земјава мора да се изврши особено дело на чистење и отстранување на гревот. Оваа дело појасно е прикажано во пораките објавени во четиринаесеттото поглавје на Откровението.

Кога ова дело ќе биде довршено, и Христовите следбеници ќе бидат подготвени за Неговата појава, тогаш “приносот Јудин и на Ерусалим ќе Му биде мил како во старите времиња” (Малахија 3:4). Тогаш црквата, што Господ при Своето доаѓање ќе ја земе кај Себе, ќе биде “славна Црква, без мани или порок, или нешто слично” (Ефесјаните 5:27). Тогаш таа ќе изгледа “како зора, убава како Месечина, светла како Сонце, страшна како војска со знамиња” (Песна над песните 6:10).

Освен укажувањето на Господовото доаѓање во Неговиот храм, пророкот Малахија исто така го најавува и Неговото второ доаѓање - доаѓањето на суд: “Ќе дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и прељубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние, кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и на сирачето, против оние, кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене - зборува Господ над Воинствата” (Малахија 3:5). Јуда упатува на истата сцена кога кажува: “Ете, иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да направи суд над сите и за да ги изобличи сите безбожници за сите нивни нечесни дела, што ги беа направиле со своето беззаконие, и за сите лоши зборови, што ги изрекле за Него безбожните грешници” (Јуда 14,15). Ова Господово доаѓање во Неговиот храм, се два одредени и сосема различни настани.

Христовото доаѓање како наш Првосвештеник во светињата над светињите да ја исчисти светињата претскажан во пророштвото на Даниел 8:14; доаѓањето на Синот човечки пред Старецот, опишано во книгата на истиот пророк; Даниел 7:13; и ова Господово доаѓање во Неговиот храм најавено преку Малахија - сето тоа се описи на еден ист настан. Така Христос во дваесет и петтото поглавје на Евангелието по Матеј, во својата парабола за десетте девојки, е претставен и со доаѓањето на младоженецот на свадбената свеченост.

Во летото и есента 1844 година е објавувана веста: “Ете младоженецот иде!” Тогаш се појавиле два вида на верници, прикажани во параболата со мудри и неразумни девојки - едни кои со радост го очекувале Христа да се појави и трудољубиво се подготвувале да Го дочекаат; и други кои под влијанието на стравот и моменталните побуди се задоволувале со теоријата на вистината, но потполно лишени од скапоцените дарови на Божјата милост. Во параболата, кога младоженецот дошол “подготвените влегоа со Него на свадбата.” Овде споменатото доаѓање на младоженецот се случило пред свадбата. Свадбата го претставува Христовото примање на Неговото царство. Светиот град, Новиот Ерусалим, кој е престолнина и главен град на царството, е наречен “жена, невеста на Јагнето.” Ангелот во видение му рекол на Јован: “Дојди да ти ја покажам невестата, жената на Јагнето!” “И ме пренесе во дух”, кажува пророкот..., “и ми го покажа светиот град Ерусалим, како слегува од небото од Бога” (Откровение 21:9, 10). Според ова, очигледно е дека невестата го претставува светиот град, а девојките што излегуваат во пресрет на младоженецот ја прикажуваат заедницата. Според Откровение 19,9. припадниците на Божјиот народ треба да бидат гости на вечерата на свадбата на Јагнето. Ако се гости, тие не можат во исто време да бидат претставени и како невеста. Христос, како што тоа ни го истакнува пророкот Даниел, ќе прими од Старецот “власт, слава и царство.” Тој ќе го прими Новиот Ерусалим, - престолнината на Своето царство што ќе биде “како невеста, која е украсена за својот маж” (Даниел 7:14; Откровение 21:2). Примајќи го на тој начин Своето царство Тој ќе дојде со сета Своја слава како “Цар над царевите и господар над господарите”, за да му даде спасение на Својот народ, кој ќе седне на трпезата со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно (Матеј 8:11; Лука 22:30), да земе учество во вечерата на свадбата на Јагнето.

Најавата: “Ете, младоженецот иде!”, што била ширена во летото 1844 година, илјадници биле наведени непосредно после тоа да го очекуваат Христовото доаѓање. Во одреденото време младоженецот навистина дошол, но не на Земјата, како што тоа го очекувал Неговиот народ, туку пред Старецот на свадбената свечаност во небото, да го прими Своето царство. “Подготовените влегоа со Него на свадбата, и вратата се затвори” (Матеј 25:10). Тие не можеле лично да бидат присутни на свадбата, зашто таа е одржана на небото, додека тие се наоѓале на земјата. Значи Христовите следбеници треба да го “чекаат својот господар кога се враќа од свадбата” (Лука 12:36). Меѓутоа, тие мораат да сфатат што работи Тој таму, и со вера да Го следат кога излегува пред Бога. Во таа смисла може и за нив да се каже дека “влегоа со Него на свадбата.”

Во параболата, на свадбата влегле оние девојки што покрај светилките имале и масло во своите садови. Оние што покрај познавањето на вистината што е содржана во Светото писмо, имале и дарови на Духот и Божја милост; кои во ноќта на своето горчливо искушение трпеливо чекале и во Библијата барале појасна светлина - тие ја сфатиле вистината во врска со небесната светиња и настанатата промена во тамошната служба на Спасителот, и со вера Го следеа во Неговото дело горе во небесната светиња. И сите што, благодарение на сведоштвото на Светите списи, ќе ги прифатат дадените вистини и со вера ќе Го следат Христа кога ќе стапи пред Бога да го изврши последното посредување и потоа да Го прими Своето царство - сите овие, во параболата се прикажани како поканети гости што како “готови влегоа со Него на свадбата.”

Во параболата што е опишана во 22 поглавје на Евангелието според Матеј е употребена истата слика на свадбата и јасно е прикажано дека истражниот суд ќе се одржи пред свадбата. Пред свадбата доаѓа Царот да ги види гостите (Матеј 22:11), дали сите се облечени во свадбено руво, - во беспрекорно чисти облеки на карактерот испрани и обелени “во крвта на Јагнето” (Откровение 7:14). Оној што не ќе биде облечен во таква облека ќе биде исфрлен, а сите оние што на проверувањето ќе се најдат во свадбено руво, Бог ќе ги прими во Своето царство и ќе ги прогласи за достојни да царуваат со Него и да седнат на престолот. Ова дело на проверување на карактерот, на дефинитвното одлучување кој е подготвен за Божјото царство - го претставува истражниот суд, завршното дело во небесната светиња.

Кога делото на истражниот суд ќе биде довршено, кога ќе биде испитан и дефинитивно решен случајот на секој поединец, кој во било кој век се сметал за Христов следбеник, тогаш и никако порано, ќе биде завршено времето на проверување и вратата на милоста конечно ќе се затвори. Така кратката реченица: “И подготвените влегоа со Него на свадбата и се затвори вратата,” нè води преку завршното посредување на Спасителот во светињата, до моментот кога ќе биде завршено големото дело за спасението на човештвото.

Во службата на земната светиња која, како што видовме, е само симбол на службата во небесната светиња, службата во првото одделение престанувала кога Првосвештеникот на големиот Ден на помирувањето ќе стапнел во Светињата над светињите. Бог заповедал: “Кога тој ќе влезе да ја исчисти Светињата, нека нема никој друг во шаторот за состанок, додека тој не излезе” (Левит 16:17). Така Христос, влегувајќи во светињата над светињите, да го изврши последното исчистување, престанал со Својата служба во првото одделение. Но со завршувањето на службата во првото одделение, започнала службата во второто одделение. Кога свештеничкиот поглавар во симболичната служба на Денот на исчистувањето го напуштил првото одделение на светињата, влегол во второто одделение пред Бога да ја принесе крвта жртвувана за гревовите на сите Израелци што навистина се покајале. Така и Христос завршил само еден дел од Својата посредничка должност за да го почне вториот дел, повикувајќи се пред Отецот сè уште на Својата крв во корист на грешникот.

Овој предмет адвентистите не го разбрале во 1844 година. Бидејќи поминало времето во кое Спасителот бил очекуван, тие сè уште верувале дека Неговото доаѓање е близу; сметале дека настапил критичниот момент и дека Христовото посредување за човекот пред Бога е завршено. Им изгледало дека, според библиското учење, времето на милоста ќе заврши за илјадници пред вистинското Господово доаѓање на небесните облаци. Тоа им изгледало евидентно врз основа на оние библиски цитати што упатуваат на времето кога луѓето ќе бараат, ќе тропаат и ќе викаат на вратата на милоста, но повеќе не ќе им се отвори. Сега им се наметнувало прашањето: Дали времето во кое тие го очекувале Христовото доаѓање, всушност е само почеток на оној временски период кој непосредно ќе му претходи на Неговото доаѓање. Објавувајќи го предупредувањето за библискиот суд, чувствувале дека својата должност кон светот ја извршиле, и така што се однесува до спасението на грешниците, од душите им паднала голема тежина, а богохулното исмејување од безбожниците за нив бил уште еден доказ дека Божјиот Дух се повлекол од оние што ја презреле и отфрлиле Неговата милост. Сето тоа ги зацврстувало во уверувањето дека времето на милоста е при крај; или, како што тие лично се изразувале, дека “вратата на милоста е затворена”.

Но со истражувањето на прашањето за светињата, се појавила и појасна светлина. Сега увиделе дека биле во право кога верувале дека крајот на 2300 денови, во 1844 година навистина означува важен и критичен момент. Меѓутоа, иако било вистина дека вратата на милоста и надежта се затворила, низ која луѓето осумнаесет векови имале пристап кон Бога, се отворила другата врата, и на луѓето им е понудено простување на гревовите со Христовото посредување во светињата над светињите. Еден дел од Неговата посредничка служба е довршен, но само за да отстапи место на другиот. Сè уште постоела “отворена врата” во небесната светиња, каде што Христос се залага пред Отецот за спасение на грешниците.

Сега се видело дека Христовите зборови од Откровението: “Вака вели Светиот, Вистинитиот, Кој го има Давидовиот клуч; Кој отвора, и никој не затвора! Кој затвора и никој не отвора: ги знам делата твои. Ете, поставив пред тебе отворена врата, што никој не може да ја затвори” (Откровение 3:7, 8), можат да се применат токму на црквата во тоа време.

Сите кои со вера го следеле Христа во Неговото големо дело на помирување ќе ја уживаат благодатта на Неговото посредување, додека оние што ја отфрлуваат светлината што е дадена за ова дело на Неговата служба од тоа посредување нема да имаат никаква корист. Евреите што ја отфрлиле дадената светлина при првото Христово доаѓање и одбиле да поверуваат во Него како во Спасител на светот, преку Него не примиле ниту простување. Кога Исус по Своето вознесение влегол во небесната светиња за да, благодарение на заслугите на Сопствената крв, го излее врз Своите ученици благословот на Своето посредување, Евреите биле оставени во потполна темнина за и понатаму да продолжат со своите бескорисни жртви и приноси. Службата на старозаветните симболи и сенки била завршена. Онаа врата низ која луѓето порано навистина имале пристап кон Бога, не била повеќе отворена. Евреите одбиле да го побараат Христа на патот што тогаш единствено бил достапен - односно со посредство на Неговата служба во небесната светиња. Затоа и не можеле да воспостават врска со Бога. За нив вратата била затворена. Тие не Го запознале Христа како вистинска жртва и како единствен посредник пред Бога, затоа и не можеле да се користат со благодетите на Неговото посредување.

Состојбата на тие неверни Евреи најдобро ја илустрира состојбата на многумина безбожни и неверни меѓу таканаречените христијани кои намерно го игнорираат делото на нашиот милостив Првосвештеник. Кога во симболичната служба Првосвештеникот влегувал во светињата над светињите, од сите Израелци се барало да се соберат околу светињата и на најсвечен начин да ја понижат својата душа пред Бога, за да добијат простување на своите гревови и да не бидат исклучени од собирот на верните. Колку тогаш е поважно ние во овој вистински Ден на помирување да ја сфатиме службата на нашиот Првосвештеник и да знаеме што ни е должност и што Тој очекува од нас.

Луѓето не можат неказнето да ги отфрлат предупредувањата што Бог им ги испраќа во Својата милост. Во деновите на Ное небото на жителите на светот им испратило вест и нивното спасение зависело од тоа дали ќе ја прифатат или отфрлат оваа вест. Меѓутоа, тие го отфрлиле Божјото предупредување, најпосле Божјиот Дух конечно се повлекол и тие завршиле во брановите што дошле од потопот. Во времето на Авраам милоста престанала да се залага за грешните жители на Содом, и освен Лот, неговата жена и двете ќерки, сите останати нашле смрт во огнот испратен од небото. Така било и во Христовите денови. Божјиот Син морал да им каже на неверните Евреи на онаа поколение: “Ете, ви се остава вашиот дом пуст” (Матеј 23:38). Гледајќи низ вековите и мислејќи токму на овие последни денови, истиот Тој Сезнаечки Стражар и Светец рекол за оние што “не ја примиле љубовта на вистината за да се спасат: “И затоа Бог им испрати сила на заблуда, за да поверуваат на лагата; та да бидат осудени сите, кои не поверуваа во вистината, а ја засакаа неправдата” (2. Солунјаните 2:10-12). Бидејќи го отфрлиле учењето на Неговото Слово, Бог од нив ја повлекува силата на Својот Свет Дух и ги препушта на измамите што тие ги сакаат.

Меѓутоа, Христос сè уште посредува во корист на човекот, и светлината сигурно ќе им биде дадена на оние што се стремат кон неа. Адвентистите ова во почетокот веднаш не го разбрале, но сепак подоцна им станало јасно, кога почнале да им се разјаснуваат библиските текстови што дефинитивно ја одредиле нивната работа.

По истекот на одреденото време, во 1844 година настапило време на големо искушение за оние што сè уште се држеле за адвентната вера. Нивната единствена помош во врска со зацврстувањето на нивниот вистински став, била светлината која нивното внимание го насочила кон небесната светиња. Некои се одрекле од своето верување во своето поранешно пресметување на пророчките временски периоди, и она моќно влијание на Светиот Дух, што го придружувал адвентното движење почнал да и се припишува на човечка или сатанска сила. Другите непоколебливо верувале дека во сè што преживеале ги водел самиот Бог; и додека чекале, стражареле и се молеле за да ја дознаат Божјата волја, увиделе дека нивниот голем Првосвештеник го отпочнал и вториот дел на својата служба и следејќи Го со вера, биле наведени да ја сфатат и последната задача на црквата. Сега појасно ја сфатиле пораката на првиот и вториот ангел, и биле подготвени да ја прифатат и на светот да му го објават свеченото предупредување на третиот ангел од Откровението во 14-тата глава.