Големата борба помеѓу Христа и сатаната

22. Исполнети пророштва

Кога поминало времето во кое за првпат се очекувало Христовото доаѓање - во пролетта 1844. година - оние што со вера го очекувале Неговото доаѓање некое време биле во неизвесност, дури и во сомнеж. Додека светот на нив гледал како на потполно поразени луѓе и им докажувал дека биле во заблуда, извор на нивната утеха сè уште било Божјото Слово. Многумина продолжиле да ги пребаруваат Светите списи, преиспитувајќи ги доказите на својата вера и внимателно проучувајќи ги пророштвата, за во нив да би нашле нови зраци на светлина. Сведоштвото на Библијата што беше во прилог на нивното гледиште изгледаше јасно и убедливо. Знаците што не можеа да бидат погрешно сфатени укажуваа на фактот дека Христовото доаѓање се приближило. Особените Божји благослови, како во обратувањето на грешниците, така и во будењето на духовниот живот меѓу христијаните, посведочиле дека пораката била од небото. И покрај тоа што верниците не можеле да го објаснат своето разочарување, сепак чувствувале дека во нивното дотогашно верско искуство навистина ги водел Бог.

Пророштвата за кои тие сметале дека упатуваат на времето на Христовото доаѓање, биле проткаени и со поуки што особено одговарале на нивната состојба на неизвесност и очекување и ги храбреле да истраат со вера, дека она што тогаш за нивниот разум им изгледало темно, во вистинско време ќе стане сосема јасно.

Меѓу овие пророштва било и она од книгата на пророкот Авакум 2:1-4: “Застанав на стража, и стоејќи на кулата, набљудував за да разберам, што ќе ми каже Тој, и што да одговорам на укорот од Него. Ми одговори Господ и ми рече: Запиши го видението и обележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да може да го прочита; зашто видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави. Оној што иде, ќе дојде. И ете, гордата душа, нема да се успокои, а праведникот преку верата ќе живее.”

Упатството дадено во ова пророштво: “Запиши го видението и обележи го на плочи јасно, та оној, што ќе чита, да може да го прочита,” го поттикна Чарлс Фич уште 1842 година да направи пророчка карта и шематски да ја прикаже визијата што е опишана во Даниеловата книга и во Откровението. Објавувањето на оваа карта се сметаше за исполнување на дадениот налог преку Авакум. Меѓутоа никој тогаш не забележа дека привидното одложување на исполнувањето на оваа визија - извесното време на “двоумење” - се споменува во самото цитирано пророштво. По разочарувањето овој дел од пророштвото изгледаше мошне значаен: “Зашто видението се однесува до определеното време; тоа зборува за свршетокот и нема да излаже; па, и ако забави, чекај го, оти ќе наиде и нема да се забави... а праведникот преку верата ќе живее.”

Исто така и еден дел од пророштвото на Езекиeл за верниците претставувало сила и утеха: “И ми дојде Господовото слово: Човечки сине, какви ви се тие приказни за Израелевата земја? Се зборува: 'Ете, деновите минуваат, а од пророштвото ништо!' Затоа речи им: 'Господ, Господ, зборува вака... деновите веќе наближуваат, и сите Мои пророштва ќе се исполнат... бидејќи Јас, Господ, Господ, зборувам, тоа и ќе биде и словото нема да биде одложено...”Еве што се зборува во Израелевиот дом: Видението што овој го виде е за далечни денови! Пророкува за далечни времиња! Затоа речи им Господ, Господ, зборува вака: Ниедно Мое слово нема веќе да се одложи! Што реков, речено е и сè ќе се исполни! - Говори Господ Бог.” (Езекиел 12:21, 25, 27, 28).

Оние што чекаа се израдуваа, верувајќи дека Оној, кој од почеток го знае крајот гледа низ вековите, и дека на овој начин - гледајќи го однапред нивното разочарување - им ги упатил зборовите на охрабрување и надеж. Кога во Светото писмо не би имало такви стихови што би ги храбреле да чекаат со трпение и кои би ја зацврстувале нивната доверба во Божјото Слово, нивната вера ќе се изгасела во оној тежок час на искушение.

Параболата за десетте девојки што е забележана во 25-тото поглавје на Евангелието според Матеја, исто така го прикажува искуството на адвентниот народ. Во 24-тото поглавје на истото Евангелие, Христос во одговорот на прашањето на Своите ученици во врска со знаците на Неговото доаѓање, и крајот на овој свет, укажал на некои од најважните настани од историјата на светот и на црквата од првото до второто Негово доаѓање, како што се: разурнувањето на Ерусалим, големата неволја на Неговата заедница за време на незнабожечките и папските прогонства, затемнувањето на Сонцето и на Месечината и паѓањето на ѕвездите. Потоа зборувал за Своето доаѓање во слава на Своето царство, и со згодната парабола ги прикажал двата вида слуги што го очекуваат Неговото доаѓање. Дваесет и петтото поглавје започнува со овие зборови: “Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки.” Овде, ни се прикажува црквата што живее во последните денови, истата онаа на која е укажано и на крајот на претходното 24-то поглавје. Во оваа парабола нејзиното искуство се илустрира со настаните што се одигруваат на една источна свадба.

“Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекат младоженецот. Петте од нив беа мудри, а петте неразумни. Неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе масло; а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и масло; и бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате.” (Матеј 25:1-6).

Христовото доаѓање, како што според најавата на првата ангелска вест било сфатено, е прикажано со доаѓањето на младоженецот. Ширењето на реформацијата, предизвикано со објавувањето на близината на Неговото доаѓање, одговарало на излегувањето на девојките во пресрет на младоженецот. Во оваа парабола, како и во онаа во 24-тото поглавје, ни се прикажуваат два вида од оние што го очекуваат Господарот или младоженецот. Сите ги земаат своите светилки - Библијата - и со нејзината светлина поаѓаат во пресрет на Младоженецот. Но додека “неразумните, како ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе масло” - “мудрите заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и масло.” Групата на верници прикажана со мудри девојки ја примила Божјата милост, преродбенската и просветлувачката сила на Светиот Дух, што Неговото Слово го прави видело на нозете и светлина што го осветлува патот. Тие со страв Божји ги истражувале Светите списи за да ја дознаат вистината и сесрдно се стремеле кон чистотата на срцето и животот. Тие имале лично искуство со Бога, и таква вера во Неговото Слово која не можело да ја совлада ниту разочарувањето ниту одлагањето. Останатите пак “земајќи ги светилниците свои, не понесоа со себе масло.” Овие се раководеле според моменталните побуди. Нивниот страв бил предизвикан со сериозноста и убедливоста на објавената вест, но тие се потпирале на верата на своите браќа, задоволни со треперливиот пламен на добрите побуди, без вистинско разбирање на вистината и без вистинско дејствување на Божјата милост на срцето. Тие излегле во пресрет на Господа, полни со надеж во наградата која по нивното мислење непосредно претстоела, но не биле подготвени за одолговлекување и разочарување. Кога наишле искушенија нивната вера ослабела, и нивните светилки почнале да гаснат.

“И бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.” Со задоцнувањето на младоженецот е прикажано истекувањето на одреденото време кога Христовото доаѓање било очекувано, разочарувањето и привидното одложување. Во ова време на неизвесност, слабите и површните набрзо почнале да се колебаат и нивните напори попуштија; но оние чијашто вера се темелела на личното познавање на Библијата, под своите нозе имаа цврста карпа што брановите на разочарувањето не можеа да ја однесат. “Сите задремаа и заспаа”, едни во рамнодушност, напуштајќи ја верата, а други во трпеливо очекување на појасна светлина. Сепак во ноќта на искушението, се чини дека и овие последните до извесна мера ја изгубиле својата ревност и побожност. Површните и слабите не можеа повеќе да се потпрат на верата на своите браќа. Секој морал сам за себе да стои или да падне.

Токму во тоа време почнал да се појавува фанатизам. Некои што тврдеа дека цврсто веруваат во објавената вест, го отфрлија Божјото Слово како единствен сигурен водач и, тврдејќи дека ги води Духот, целосно се предадоа под контролата на своите сопствени чувства, впечатоци и вообразеност. Некои покажуваа слепа и занесеничка ревност, осудувајќи ги сите оние што не го одобруваа нивниот став. Нивните фанатички идеи и дејствувања не наишле на одобрување кај повеќето адвентисти, но многу придонеле делото на вистината да се изнесе на потсмев и срам.

Сатаната и на овој начин настојувал да се спротивстави на Божјото дело и да го уништи. Адвентното движење во народот предизвикало големо возбудување; илјадници грешници се обратиле, а верните не престанувале да ја објавуваат вистината дури и тогаш кога изгледало дека Младоженецот доцни. Кнезот на злото ги губел своите поданици; и за да го изложи Божјото дело на потсмевање, настојувал некои од оние што ја признале верата да ги измами и одведе во екстремизам. Неговите агенти подготвено ја демнеле секоја заблуда, секоја грешка, секоја невешта постапка кај адвентистите, и тоа на народот го прикажувале во најцрна боја, за да ги замразат адвентистите и нивната вера. Затоа, колку бил поголем бројот на оние што успеа да ги наведе формално да ја прифатат верата во второто Христово доаѓање, а при тоа во срцето да останат под негова контрола, толку имал поголема корист, свртувајќи го вниманието на јавноста на таквите, како на претставници на целата заедница на верници.

Сатаната е “клеветник на нашите браќа” (Откровение 12:10) и ги инспирира луѓето да бараат грешки кај Божјиот народ, додека нивните добри дела не ги споменуваат. Тој многу е активен, секогаш, кога Бог работи за спасување на душите. Кога “дојдоа синовите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната” (Јов 1:6). Кај секое духовно будење тој е подготвен да доведе и такви што се со непосветено срце и со неурамнотежен дух. Кога таквите ќе прифатат некоја точка на вистината и ќе добијат место меѓу верниците, тој тогаш дејствува вешто преку нив, да уфрли лажни теории на кои невнимателните лесно наседнуваат. Не е никаков доказ на вистинско христијанство само тоа ако некој се наоѓа во друштвото на Божјите деца, па дури и на местото на богослужението на духовната Господова трпеза. Сатаната преку оние што може да ги употреби како свои агенти, често е присутен и при најсвечените прилики.

Кнезот на злото се бори за секоја педа на земјата по која чекори Божјиот народ на својот пат кон небесниот град. Ниту една реформа во црквата не е спроведена, а при тоа да не наишла на сериозни пречки. Така било и во деновите на Павле. Секаде каде што апостолот ќе основал црква, ќе дошле и такви што тврделе дека ја прифаќаат верата, но сепак настојувале да внесат и некоја ерес, која кога би била прифатена ја потиснувала љубовта спрема вистината. И на Лутер му задавале многу грижи и неволји со своите постапки, фанатички настроените луѓе кои тврделе дека Бог говори непосредно преку нив, и кои врз основа на тоа своите лични мислења и сфаќања ги ставале над сведоштвата на Светите списи. Многумина кои во верата немале никакво искуство, но биле задоволни со себе и вообразено секогаш сакале да слушнат и проповедаат нешто ново, просто биле маѓепсани со преправањето на овие нови учители и се здружувале со тие сатански агенти за да го срушат она што Лутер поттикнат од Бога го изградил. И двајцата браќа Весли, како и многу други кои со своето влијание и својата вера биле благослов за светот, на секој чекор наидувале на ова сатанско лукавство, кое исклучително ревните, непосветените и неурамнотежените ги турка во секој можен фанатизам.

Вилијам Милер не се согласувал со влијанието на оние што биле наклонети кон фанатизмот. Тој како и Лутер во своето време, тврдел дека секој дух треба да се провери со Божјото Слово. Милер рекол: “Ѓаволот над некои во нашето време има голема моќ. На кој начин ќе дознаеме со чиј дух се тие? Библијата дава точен одговор: “Ќе ги познаете според нивните родови'“ Бидејќи многу духови излегоа на светот, нам во Божјото Слово ни е наредено да ги испитаме духовите. Духот кој нас не нè упатува да живееме трезвено, праведно и побожно во овој свет не е Христов дух. Сè повеќе сум уверен дека сатаната е вмешан во овие диви движења... Многумина меѓу нас, кои тврдат дека се посветиле, продолжуваат со традициите и обичаите што ги вовеле луѓето, а за вистината не знаат повеќе од оние што не се расфрлаат со таквите тврдења.” - Bliss стр. 236. “Духот на заблудата нас нè одвраќа од вистината, а Божјиот Дух нас не води кон вистината.” “Но, ќе речете, човекот може да биде во заблуда а да мисли дека ја има вистината. Што тогаш? На тоа одговараме: Божјиот Дух и Светото писмо секогаш се согласуваат. Ако човекот себеси се споредува преку Божјото Слово и ако утврди дека е во совршена хармонија со сите негови прописи, тогаш мора да верува дека ја има вистината; но ако најде дека духот што го води не е во согласност со Духот на Божјиот закон или Неговото Слово во целост, тогаш треба да биде внимателен да не се фати во сатанската стапица.” - Адвентен гласник и знаци на времето, св. VIII, бр. 23. (15. јан. 1845.). “Често во осветленото око, во лицето навлажнето со солзи и во придушено - испрекинатите зборови на каење, сум видел повеќе докази за внатрешна побожност, отколку во сеопштото дигање на буна со која таканареченото христијанство толку свечено парадно се фали.” - S. Bliss, стр. 282.

Во деновите на реформацијата, нејзините непријатели сите зла на фанатизмот ги припишувале токму на оние кои најревно му се спротивставувале. Слично постапувале и противниците на адвентното движење. И не биле задоволни само со тоа што лажно ги претставувале и зголемувале заблудите на одделни екстремисти и фанатици, туку ширеле и мошне неповолни вести кои не биле дури ниту слични на вистината. Овие луѓе биле гонети само со предрасуди и омраза. Нивниот мир бил нарушен со објавувањето на веста дека Христос е пред вратата. Тие се плашеле од тоа дека може да биде вистина, а посакувале сепак да не биде така, и во тоа била тајната на нивното непријателство и борбата против адвентистите и нивната вера.

Фактот дека во редовите на адвентистите се нашле и некои фанатици, не може да биде причина да се тврди дека движењето не е од Бога, како што и присуството на фанатици и измамници во црквата во времето на Павле и Лутер не претставувал доволна причина за да се осуди нивната работа. Нека Божјиот народ се разбуди од сонот и сесрдно нека го започне делото на покајание и реформа; нека ги истражува Светите списи за да ја запознае вистината, онаква, каква што е во Исуса; нека се посвети целосно на Бога - тогаш нема долго да се чека на очигледните докази дека сатаната сè уште е буден и активен. Со сите можни измами тој ќе ја покаже својата моќ, повикувајќи ги на помош сите паднати ангели на своето царство.

Фанатизмот и раздорот не биле предизвикани со објавувањето на веста за второто Христово доаѓање. Овие појави се појавија во летото 1844 година кога адвентистите биле во сомнеж и забуна во врска со својата вистинска положба. Проповедањето на првата ангелска вест и “полноќниот вик” водело токму кон спречување на фанатизмот и раздорот. Оние што учествувале во оваа сериозна работа меѓусебно биле сложни; нивните срца меѓусебно биле полни со љубов и со љубов кон Исуса, надевајќи се дека наскоро лично ќе Го видат. Една вера, една блажена надеж ги воздигнала над контролата на секакво човечко влијание и се покажала како штит против сите сатански напади.

“И бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа. А на полноќ се чу викање: Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате! Тогаш сите тие девојки станаа и ги приготвија своите светилници” (Матеј 25:5-7). Во летото 1844 година, во временскиот период помеѓу пролетниот датум кога за првпат се очекувал крајот на 2300 денови и есента истата година кога, како подоцна е утврдено, тие денови навистина истекле, веста се објавувала токму со библиските зборови: “Ете младоженецот иде!”

Она што доведе до ова движење беше откритието дека декретот на Артаксеркс за повторното ѕидање на Ерусалим кој претставувал појдовна точка за периодот од 2300 пророчки денови, стапил на сила есента 457 година пред Христа, а не на почетокот на таа година како што тоа тогаш се верувало. Ако сметаме од есента 457 година пред Христа, тогаш периодот од 2300 години истекува во есента 1844 година по Христа. (Види додаток)

Земените докази и од старозаветната симболичка служба во Светињата, исто така укажува на есента како на време кога ќе настапи настанот означен како “чистење на светињата.” Ова станало јасно кога вниманието било свртено на начинот како се исполнувале симболите што укажувале на првото Христово доаѓање.

Колењето на Пасхалното јагне било претслика на Христовата смрт. Павле кажува: “Оти, Христос, Пасхата наша, се закла за нас” (1. Коринтјаните 5:7). Снопот од првината на жетвата, што бил вртен пред Господа, за време на Пасха, бил претслика на Христовото воскресение. Зборувајќи за воскресението на самиот Христос, а потоа и на сите што ќе поверуваат во Него, Павле кажува: “Прв е Христос, потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови.” (1. Коринтјаните 15:23). Како што вртениот сноп, бил прводобиеното зрело жито пред жетвата, така и Христос е првенец на онаа бесмртна жетва на откупените, што ќе биде собрана во Божјите амбари при идното воскресение.

Овие симболи своето исполнување го нашле, не само во врската со настаните туку и во врската со времето. Четиринаесеттиот ден од првиот еврејски месец, на истиот ден и месец во кои во текот на долгите петнаесет векови се колело пасхалното јагне, Христос, јадејќи ја со Своите ученици пасхалната вечера, установил обредна свеченост која требало да биде спомен на Неговата смрт, како, “Божјо јагне кое ги зеде гревовите на светот.” Истата ноќ Тој паднал во рацете на безбожниците, кои Го распнале и убиле. А како исполнување на симболичното вртење на првиот сноп, нашиот Спасител веќе на третиот ден воскреснал од мртвите и станал “првина за умрените” (1. Коринтјаните 15:20), симбол на сите воскреснати праведници чиешто “понизено тело” сега ќе биде преобразено да “стане подобно на Неговото славно тело” (Филипјаните 3:21).

На сличен начин и сите оние претслики што се однесуваат на второто Христово доаѓање требало да се исполнат во времето што укажувало на симболичната служба. Во Мојсеевиот старозаветен систем на богослужение чистењето на светињата или големиот Ден на помирување се паѓал во десеттиот ден на седмиот еврејски месец (Левит 16:29-34). Тогаш свештеничкиот поглавар; откако ќе го извршел очистувањето на целиот Израел, и на тој начин со тоа ги отстранувал нивните гревови, излегувал да го благослови народот. Така адвентистите верувале дека Христос, како наш Првосвештеник, ќе се појави уништувајќи го гревот и грешниците да ја исчисти Земјата и на народот што Го чека да му подари бесмртност. Десеттиот ден во седмиот месец - Големиот ден на помирување и очистување на светињата, кој во 1844 година се паѓал на 22. октомври, се сметал за ден на второто Христово доаѓање. Тоа било во согласност со веќе изнесените докази дека 2300 денови ќе истечат во есента и заклучокот изгледал несоборлив.

Во параболата од Евангелието според Матеј 25:1-13, по времето на чекање, кога “сите задремаа,” следува доаѓањето на младоженецот. Тоа е во согласност со веќе изнесените докази од пророштвата и од симболичната жртва. Овие докази убедливо зборуваа во прилог на својата вистинитост и “полноќниот вик” го објавуваа илјадници верници.

Ова движење, како брановите на плимата што надоаѓа, незадржливо се ширело по земјата од град до град, од село до село, сè додека народот во своето очекување на младоженецот наполно не бил разбуден. Фанатизмот пред оваа порака исчезнувал како ран мраз пред Сонцето. Верниците го отфрлиле својот сомнеж и збунетост, а надежта и храброста им донеле нов живот. Во делото ги немало тие претерувања кои секогаш се покажуваат кога ќе дојде до израз човечкото возбудување, неконтролирано од влијанието на Божјото Слово и Божјиот Дух. По својот карактер делото било слично на она од времето на понизноста и искреното враќање кон Господа кое во стариот Израел обично станувало по предупредувањето и укорите што биле упатувани преку Неговите слуги - пророци. Имало исти карактеристични белези, што во сите времиња биле карактеристични за Божјото дело. Имало помалку восхитување, но затоа повеќе длабоко испитување на срцата, признавање на гревовите и раскинување со светот. Подготовката за средба со Господа била главната грижа што ги мачела душите на сите верници. Затоа постојано биле на молитва и во потполност посветени на Господа.

Опишувајќи го ова дело, Милер истакнува: “Нема некое големо изразување на радост, се чини дека тоа е задржано за идна прилика, кога сето небо и земја ќе се здружат во радост на неискажано блаженство и слава. Нема воодушевени извици; и тоа е оставено за подоцна, за радосниот час кога ќе се чуе радосниот извик од небото. Пејачите молчат; тие чекаат да и се придружат на ангелската војска и на небесните хорови... Нема спротивности во чувствата; сите се еднодушни и едномислени.” - Блис, стр 270. 271.

Друг учесник во ова движење сведочи: “Ова движење насекаде предизвика најдлабоко испитување на срцата и понизност на душите пред величествениот Бог што е на небесата. Довело до тоа луѓето да го презираат и отфрлуваат сето она што е од овој свет; споровите беа средени, грешките признаени, а скршеното и покајничко срце кон Бога упатувало понизни молитви за милост и простување. Тоа довело до лично понижување пред Бога во молитвата и до толкаво понизно каење какво што никогаш порано не сме виделе. Токму како што Бог, преку пророкот Јоил им наредил што да прават кога ќе се приближи големиот Господов Ден, луѓето ги раскинуваа своите срца, а не своите облеки и се приближија кон Господа “во пост, плач и ридање” (Јоил 2:12). Како што Бог ветил преку Захарија, духот на милоста и покајанието, во молитва се излил врз Неговите деца; тие навистина погледале во Оној што бил прободен и тогаш настанала голема жалост... Оние што чекале на Господа, ги мачеле своите души пред Него.” - Блис, Адвентен (Shield and Review) Штит и Преглед, I, стр. 271. (јануари 1845.).

Од сите големи верски движења што се појавувале, ниедно не било послободно од човечките несовршенства и сатанските измами од оваа во есента 1844. година. Уште и сега, по толку изминатати години, сите оние што учествувале во ова движење и оние што останале постојани на темелот на вистината, го чувствувале светото влијание на оној благословен дел и ни сведочат дека тоа дело навистина беше од Бога.

На повикот: “Ете, младоженецот иде, излезете да го пречекате,” сите оние што чекаа “станаа и ги приготвија своите светилници.” Тие го проучуваа Божјото Слово со, дотогаш, невидена ревност. Од небото биле испратени ангели да ги разбудат оние што биле обесхрабрени и да ги подготват да ја прифатат веста. Делото не зависело од знаењето и ученоста на луѓето, туку од Божјата сила. Меѓу првите што го чуле овој повик и го прифатиле, не биле најнадарените туку најпонизните и најпреданите луѓе. Земјоделците ги оставаа своите недожнеани полиња, занаетчиите својот алат и со солзи во очите радосно тргнале да го објавуваат предупредувањето. Оние што порано предничеле во делото, биле меѓу последните што му се придружиле на ова движење. Повеќето цркви ги затворале своите врати пред ова движење, а поголемиот број на оние што го прифатиле отстапиле од нивното членство. Со Божјото провидение, оваа вест била споена со втората ангелска вест и така на ова дело му дало посебна сила.

Веста: “Ете, младоженецот иде,” не се ширела толку благодарејќи на докажувањата, иако доказите од Светото писмо биле јасни и убедливи. Таа била придружувана од незапирлива сила, сила што ги придвижувала душите. Тука немало сомневања ниту прашања. При победоносното Христово влегување во Ерусалим, народот што од сите страни се собрал на празникот, масовно се упатил кон Маслиновата Гора и кога се измешал со мноштвото, кое славејќи го придружувало Исуса, го освоило сеопшто воодушевување, и се придружил кон триумфот: “Благословен е Кој иде во името Господово!” (Матеј 21:9). На сличен начин и неверниците што доаѓале масовно на собирите на адвентистите - некои од љубопитност, а некои едноставно да се подбиваат - ја чувствувале незадржливо убедливата моќ што ја придружувала веста: “Ете, младоженецот иде!”

Во тоа време верниците имале таква вера што Бог одговарал на нивната молитва - вера “која во предвид ја имаше наградата” (Евреите 11:26). Божјата милост, како пороен дожд на жедна земја, се спуштила врз оние што сесрдно ја барале. Тие што очекувале наскоро да го видат својот Откупител лице в лице, чувствувале свечена радост што не може да се опише. Ублажувачката и потчинувачката сила на Светиот Дух ги растопила срцата на верниците кога Неговиот благослов толку обилно се излеал врз нив.

Оние што ја прифатиле веста, внимателно и свечено се приближувале кон времето кога се надевале дека ќе се сретнат со својот Господ. Секое утро чувствувале дека прва должност им е да се уверат дека Бог ги прима. Во срцето биле цврсто соединети и многу се молеле заедно едни за други. Често се состанувале на скришни места да би разговарале со Бога во молитва, и гласот на нивните сесрдни залагања во молитвите се дигал кон небото од полињата или шумичките. Сигурноста на одобрувањето од Спасителот ја сметале за поважна од насушниот леб; доколку некој облак ги помрачел нивните мисли, не се смирувале додека не го отстранеле. Чувствувајќи ги несоборливите докази на благодатта на простувањето со сето срце копнееја да Го видат Оној што на нивната душа им беше толку мил.

Но морале да доживеат уште едно разочарување. Времето на чекање изминало, а Спасителот не се појавил. Со непоколеблива доверба го очекувале Неговото доаѓање, а сега се чувствувале исто како и Марија која доаѓајќи на гробот на Спасителот наоѓајќи го празен, плачејќи извикала: “Го дигнале мојот Господ и не знам каде Го положиле” (Јован 20:13).

Чувството на стравопочит и стравот дека веста сепак би можела да биде вистинска, некое време ги задржувало неверниците, и не ги напуштило веднаш по истекувањето на најавеното време; во почетокот не се осмелиле толку дрско да триумфираат над разочараните верници. Меѓутоа, кога знаците на Божјиот гнев не се покажале, тие закрепнале од својот страв и продолжиле повторно да ги исмеваат и да им се подбиваат на верниците. Повеќето од оние што тврделе дека веруваат во скорото Господово доаѓање се откажале од својата вера. Некои кои биле мошне самоуверени во својата гордост биле толку длабоко повредени што посакувале да заминат од овој свет. Слично на Јона, тие се жалеле на Бога говорејќи: “подобро е да умрам отколку да живеам” (Јона 4:8). Оние што својата вера, наместо на Божјото непогрешливо Слово, ја темелеле на мислењето на другите, сега биле подготвени да ги променат своите погледи. Подбивачите слабите и “кукавиците” ги придобиле во своите редови, а тогаш сите се соединиле во тврдењето дека повеќе не треба да стравуваат ниту било што да очекуваат. Времето поминало. Господ не дошол, а светот може да остане таков каков што е уште многу илјада години.

Меѓутоа, сесрдните и искрени верници што се откажале од сè поради Христа, ја чувствувале Неговата близина како никогаш порано. Тие, во согласност со своето верување, на светот му го објавиле последното предупредување и очекувајќи дека наскоро ќе бидат примени во друштвото на својот божествен Учител и во друштвото на небесните ангели, речиси се повлекле од друштвото на оние што не ја прифатиле веста. Со најсрдечен копнеж ја повторувале молитвата: “Да, дојди, Господе Исусе! Дојди што поскоро!” Но, Тој не дојде. А сега повторно да се преземе тешкиот товар на грижите и тешкотиите на овој живот, да се поднесува исмејување и подбивање од страна на светот, навистина било страшно искушение за нивната вера и трпение.

Па сепак ова разочарување не било толку големо како она што го доживеале Христовите ученици во времето на Неговото прво доаѓање. Кога Исус триумфално влегол во Ерусалим, Неговите следбеници верувале дека токму сега Тој има намера да стапи на Давидовиот престол и да го ослободи Израел од неговите угнетувачи. Со голема надеж и со радосно очекување, тие едноставно се натпреварувале кој на својот Цар ќе Му укаже поголемо почитување. Многумина своите горни облеки ги постилале како килим на Неговиот пат и мавтале пред Него со палмовите гранчиња. Во своето воодушевување се соединиле во радосен извик: “Осана, на синот Давидов!” Кога фарисеите, вознемирени и лути поради ваквото изразување на радост, барале од Христа да ги укори Своите ученици, Тој им одговорил: “Ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат” (Лука 19:40). Пророштвото морало да се исполни. Учениците ја извршувале Божјата намера, па сепак морале да доживеат горчливо разочарување. По неколку дена тие биле сведоци на Неговата маченичка смрт и морале да Го положат во гроб. Нивните очекувања не се исполниле ниту во најмала подробност, а нивните надежи биле закопани заедно со Исус. Дури кога нивниот Господ триумфално воскреснал од гробот, сфатиле дека сето тоа било најавено порано во пророштвата и “дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите” (Дела 17:3).

Петстотини години пред тоа, Господ преку пророкот Захарија рекол: “Ликувај од радост, Сионска ќерко! Воскликнувај, Ерусалимска ќерко! Еве твојот Цар иде при тебе: справедлив е и спасува, кроток и седнал на осле, на ослица, младенче на ослицата” (Захарија 9:9). Кога учениците би знаеле дека Христовиот пат води право во судницата и во смрт, тие не би можеле да го исполнат ова пророштво.

На сличен начин Милер и неговите соработници го исполниле пророштвото, објавувајќи ја веста која според најавата на Божјото Слово требала да се објави на светот. Меѓутоа, тие не би можеле да ја објават кога во потполност би ги разбрале пророштвата што укажувале на нивното разочарување, а кои едновремено ја содржат и втората вест која исто така требала да им се објави на сите народи пред Господовото повторно доаѓање. Првата и втората ангелска вест беа објавени во вистинско време и го извршија делото кое Бог со нивно посредство имал намера да го изврши.

Светот се надевал дека, ако помине времето на очекување, а Христос не се појави, целата наука на адвентизмот ќе биде отфрлена. Додека многумина притиснати од силните искушенија, ја напуштиле својата вера, други и понатаму останале постојани и цврсти. Плодовите на адвентното движење - духот на понизноста, преиспитувањето на сопственото срце, откажувањето од светот и реформирањето на животот, што го следеле ова дело, сведочеле дека тоа навистина било од Бога. Не се осмелувале да одречат дека проповедањето на веста за Христовото доаѓање било проследено со силата на Светиот Дух и не можеле да откријат ниту една грешка во адвентистичкото сметање на пророчките периоди. Ниту нивните најспособни противници не успеале да го побијат нивниот систем за толкување на пророштвата. Затоа тие без очигледни библиски докази, не можеле да се согласат да ги отфрлат своите гледишта до кои дошле со најсесрдни и побожни истражувања на Светото писмо, со ум просветлен со Божјиот Дух, и со срце што горело со Неговата животна сила. Не можеле рамнодушно да ги отфрлат заклучоците што одолевале на најостроумните критики и на најогорчените напади на популарните вероучители и мудреци од овој свет, и кои цврсто се спротивставувале на комбинираните сили на ученоста и речитоста, како и на зајадливото боцкање и на подбивањата со кои постојано ги опсипувале и угледните и простите слоеви.

Навистина, во најавувањето на очекуваниот настан се прикрала една грешка, но тоа не можело да ја разниша нивната вера во Божјото Слово. Кога Јона на улиците на Ниневија соопштил дека градот за четириесет дена ќе пропадне, Господ го примил покајанието и понизноста на Ниневијците и им го продолжил времето на милоста; сепак пораката на Јона била од Бога испратена и Ниневијците биле проверени како што сакал Бог. Адвентистите верувале дека Бог на сличен начин ги водел во објавувањето на предупредувањето за судот. “Таа”, тврделе тие, “ги искуша срцата на сите оние што ја слушнаа и што кај нив разбуди љубов кон Господовото доаѓање, или од друга страна, предизвика повеќе или помалку забележлива, но на Бога добро позната омраза против Неговото доаѓање. Таа повлече гранична линија... така што оние кои сакаа да ги преиспитаат своите срца можеа да знаат на која страна би се наоѓале кога Господ би дошол тогаш - дали би можеле да извикаат: “Еве ова е нашиот Бог, Него го чекавме и ќе не спаси!... или би им викале на горите и на камењата да паднат врз нив и да ги скријат од лицето на Оној што седи на престолот и од гневот на Јагнето. Ние сме убедени дека Бог на овој начин ги проверил припадниците на Својот народ, ја искушал нивната вера и допуштил да се покаже дали во часот на искушение ќе се повлечат од своите позиции за кои можеби ги сметал за способни, и дали ќе бидат подготвени наполно да се откажат од овој свет и да покажат безусловно надевање во Божјото Слово.” - Адвентен Глас и Знаци на времето, VIII, бр. 14 (13. Ноември 1844.).

Чувствата на оние што сè уште верувале дека Бог ги водел во нивните минати искуства, Милер ги изразува со зборовите: “Кога би ми било овозможено да поминам уште еднаш низ животот со доказите што ми беа дадени, мислам и пред Бога и пред луѓето искрено би било да постапам токму така како што постапив порано.” “Се надевам дека крвта на предупредените души нема да се најде на мојата облека. Чувствувам дека, колку што беше во мојата моќ, се ослободив од секоја вина во врска со нивното осудување.” “Иако бев двапати разочаран,” пишуваше овој Божји човек, “сепак уште не сум поразен ниту обесхрабрен... Мојата надеж во Христовото доаѓање е посилна од кога и да е порано. Јас го правев само она што, по долгогодишното трезвено размислување, го сметав за света должност да го правам. Ако сум згрешил, тоа можеше да биде од милосрдие и христијанска љубов спрема моите ближни и од уверување за мојата должност кон Бога.” “Едно знам: го проповедав само она што го верував; Бог беше со мене, во делото се манифестираше Неговата сила и навистина се постигнаа многу добра.” “Со учењето, 'зашто се приближи времето', илјадници беа наведени да го проучуваат Светото писмо и благодарение на тоа и со попрскувањето на Христовата крв многумина се помирени со Бога.” - Блис, 256, 255, 277, 280, 281 стр.

“Никогаш не барав насмевка и наклоност од горделивите, ниту пак се обесхрабрував кога ми се закануваше светот. Ниту сега нема да ја купувам неговата наклоност, ниту пак, пречекорувајќи ја својата должност ќе ја раздразнувам неговата омраза. Никогаш нема да молам за живот од неговите раце, ниту пак, се надевам; ќе се исплашам да го жртвувам ако тоа Бог во Своето добро провидение го одреди.” - J. Whit, Life of W. Miller, 315 стр.

Бог во тој тежок час не го оставил ниту заборавил Својот народ; Неговиот Дух сè уште бил со оние што не се откажале толку брзоплето од светлината што ја примиле, обвинувајќи и напаѓајќи го адвентното движење. Зборови на охрабрување и предупредување за искушуваните верници кои чекале во оваа криза се наоѓаат во следните библиски стихови: “И така, не отфрлајте ја вашата слобода, која има голема награда. Имено, вам ви е потребно трпение, за да ја исполните Божјата волја и да го добиете ветувањето. Зашто: уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави. А Мојот праведник ќе живее од верата, ако се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него. А ние не сме од оние кои се повлекуваат за погибел, туку од оние кои веруваат за спасение на душата” (Евреите 10:35 - 39).

Дека ова предупредување се однесува на црквата во последните денови, најочигледно укажуваат зборовите што ја истакнуваат близината на Господовото доаѓање: “Уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде и нема да се забави.” Овде дадената поука може особено да се примени на искуството на адвентистите во ова време. Оние на кои им биле упатени овие зборови биле во опасност да доживеат бродолом на својата вера. Тие водени од Светиот Дух и Божјото Слово ја извршувале Неговата волја, но не можеле да ја сфатат Неговата намера во своето минато искуство ниту да го видат патот пред себе, и затоа дошле во искушение да се сомневаат во тоа дали навистина Бог ги водел. На тоа време особено се однесувале Павловите зборови: “А Мојот праведник ќе живее од верата.” Во времето кога јасната светлина на “полноќниот вик” го осветлила нивниот пат и кога, во отпечатеното пророштво, виделе како брзо се исполнуваат знаците што им зборувале дека Христос е близу, адвентистите се однесувале исто така како веќе да Го гледаат. Но сега скршени поради неисполнетите надежи, можеле да се одржат само со верата во Бога и Неговото Слово. Светот со подбив зборувал: “Измамени сте, напуштете ја веќе еднаш таа ваша вера и признајте дека адвентното движење беше од сатаната.” Но Божјото Слово во продолжение на истиот текст кажува: “Ако се повлече, Мојата душа нема да благоволи во него.” Да ја напуштеа сега својата вера и да ја порекнуваа силата на Светиот Дух, со која беше придружувана оваа вест, би значело да се вратат во пропаст. Тие издржаа благодарение на охрабрувачките зборови на апостолот: “Не отфрлајте ја вашата слобода.” “вам ви е потребно трпение”... “Зашто уште малку, мошне малку, и Оној Кој доаѓа ќе дојде, и нема да се забави” Единствен нивен сигурен пат беше, светлината примена од Бога и понатаму да ја негуваат и одржуваат, и цврсто да се држат на Неговите ветувања, да продолжат со истражувањето на Светото писмо и трпеливо да чекаат и да стражарат додека не ја примат дополнителната светлина.