Големата борба помеѓу Христа и сатаната

21. Отфрлено предупредување

Вилијам Милер и неговите соработници го објавувале учењето за второто Христово доаѓање со единствена цел: своите ближни да ги поттикнат на подготовка за судниот ден. Тие настојувале, кај оние што ја исповедале верата да ја разбудат вистинската надеж на црквата и да им укажат на потребата за подлабоко христијанско искуство; исто така настојувале да ги убедат и необратените дека им е должност, без одлагање, да се покаат и да се обратат кон Бога. Тие не настојувале било кого да обратуваат кон некоја секта или верска група, и затоа работеле меѓу заинтересираните, меѓу сите секти не мешајќи се во нивната организација и црковните прописи.

“Во целокупната моја работа”, кажува Милер, “никогаш не сум сакал ниту мислел надвор од постоечките верски заедници да создадам некој посебен одвоен интерес или на една од нив, било во што да и дадам предност за сметка на друга. Мислев воопшто за доброто на сите. Претпоставував дека сите христијани се радуваат на Христовото доаѓање и дека оние што не можеле да видат така како што јас гледав, нема затоа помалку да ги љубат оние што ќе го прифатат ова учење, и не помислував дека некогаш ќе бидат потребни одделени собири. Моја единствена цел беше желбата да ги обраќам душите кон Бога, на светот да му го објавувам судот што доаѓа и да ги поттикнам своите ближни да ја извршат онаа подготовка на срцето која ќе ги оспособи во мир да се сретнат со Бога. Повеќето од оние што се обратија со моето залагање пристапија кон разните постоечки цркви.” - С. Блис (Bliss) Сеќавања на В. Милер, 328.

Бидејќи со својата работа тежнееше да ги подига црквите, извесно време на неговата работа гледале со одобрување. Но кога проповедниците и црковните старешини се одлучиле против учењето за Христовото доаѓање, настојувајќи да ја задушат секоја расправија за овој предмет, тие на ова учење се спротивставиле не само од проповедалниците, туку дури и им забраниле на своите членови да ги слушаат проповедите за второто Христово доаѓање и на своите состаноци да не зборуваат за оваа надеж. Така верниците се нашле во многу тешка положба и во збунетост. Тие ги сакале своите цркви и не биле расположени да ги напуштат; но, кога виделе дека сведоштвото на Божјото Слово се потиснува и дека им се забранува да ги истражуваат пророштвата, чувствувале дека верноста кон Бога им забранува да им останат потчинети. Оние што настојувале да го отфрлат сведоштвото на Божјото Слово, тие не можеле да ги сметаат за Христова црква, која е “столб и тврдина на вистината.” Затоа сметале дека е оправдано да ја раскинат својата дотогашна врска. Во летото 1844 година од црквите отстапиле околу педесет илјади членови.

Во тоа време во повеќето цркви во Соединетите Држави дошло до забележителни промени. Веќе многу години во нивното учење и пракса се забележувало постепено, но постојано прилагодување кон обичаите од овој свет, како и пропорционално опаѓање на вистинскиот духовен живот. Но таа година се покажале речиси во сите цркви во земјата очигледни знаци на изнудено нагло пропаѓање. Иако изгледало како никој да не може да ја пронајде и објасни причината за оваа појава, самиот факт бил мошне забележителен и често коментиран и во печатот и од проповедалната.

На соборот на црковните старешини на Филаделфија, господин Берне, автор на мошне познатиот библиски коментар и проповедник во една од водечките цркви во тој град, “истакнал дека во својата дваесетгодишна служба никогаш, сè до последниот обред на причеста, не ја објавил оваа служба, а притоа да не примил во црквата поголем или помал број на членови. Но сега веќе нема пробудувања, нема повеќе обратувања, меѓу оние кои ја исповедаат верата нема видливо растење во милоста, никој повеќе не доаѓа во неговата работна соба да разговара со него за спасението на својата душа. Со порастот на деловниот успех и поволните изгледи во трговијата и индустријата, се појавува сè поголема наклоност кон земните интереси. Така е кај сите верски заедници.” - Соборен журнал (Congregational journal) 23. мај 1844 год.

Во февруари истата година професор Фини од факултетот во Оберлин, рекол: “Пред нас стои фактот дека речиси сите Протестантски цркви во нашата земја потполно се нечувствителни па дури и непријателски расположени речиси кон сите морални реформи на нашето време. Има некои исклучоци, но не толку за овој факт да не можеме да го прикажеме како општ. Имаме уште еден друг факт во прилог на ова: речиси сеопшто отсуство на оживувачкото влијание во сите цркви. Духовната отапеност ги проникнала речиси сите и страшно е длабока, тоа го потврдува и верскиот печат ширум нашата земја. Членовите на црквите во голема мерка станале поклоници на модата - рака под рака тие одат со неверниците да ги бараат земните уживања; излети, игранки, прослави и разни други забави. Но да не зборуваме повеќе за овој болен предмет. Доста е што доказите се напластуваат и тешко н# товарат, покажувајќи дека црквите, општо земено, жалосно се изопачиле. Тие мошне се оддалечиле од Господа и Тој се повлекол од нив.”

Еден писател, во познатото верско списание “Телескоп во религијата”, пишува: “Никогаш не сме биле очевидци на такво сеопшто опаѓање на религијата како сега. Навистина црквата треба да се разбуди и да ги истражува причините за оваа жалосна состојба, зашто една ваква духовна состојба мора секого да го загрижи на кого Сион му е во срцето. Кога ќе помислиме колку се ретки и малубројни случаите на вистинското обратување и речиси беспримерната безобѕирност и неосетливоста на грешникот, речиси не сакајќи мораме да кажеме: 'Зар Бог заборавил да биде милостив?, или зар вратата на милоста веќе е затворена' ?”

Ваква состојба никогаш не настанува, а причината за тоа да не постои во самата црква. Духовната темнина што паѓа на народите, на црквите и на поединците, никогаш не била предизвикана со некакво самоволно скратување на божествената милост од страна на Господа, туку со занемарување и отфрлање на божествената светлина од страна на луѓето. Впечатлива илустрација на оваа вистина ни дава историјата на Евреите во Христовото време. Оддавајќи се потполно на служење на овој свет и заборавајќи на Бога и Неговото Слово, нивниот ум станал замрачен, а срцето алчно и врзано само за земните интереси. Затоа во врска со доаѓањето на Месијата биле во целосно незнаење и во својата гордост и безверие го отфрлиле Откупителот. Сепак Бог дури ни тогаш на еврејската нација не и го скратил сознанието за благословите на спасението ниту можноста за учество во нив. Но тие отфрлајќи ја вистината, изгубиле секаква желба за дарот на небото. “Тие продолжиле од мракот да прават светлина, а од светлината мрак” (Исаија 5:20) сè додека светлината што била во нив, не станала темнина; и колку била длабока и непроѕирна оваа темнина! (Матеј 6:23).

На сатанската политика и одговара луѓето формално да се држат до верата, но само да немаат дух на жива побожност. Евреите, и по дефинитивното отфрлање на евангелието, со ревност продолжиле да ги одржуваат своите стари обреди; најстрого ја чувале својата национална посебност, иако и самите морале да признаат дека Божјата присутност повеќе не се манифестирала во нивната средина. Даниеловото пророштво толку јасно упатувало на времето на доаѓањето на Месијата и толку точно ја најавувало Неговата смрт, што тие ги одвраќале заинтересираните од проучувањето на тоа пророштво, и најпосле рабините дури ги проколнувале сите оние што се обидувале да го пресметаат споменатото време. Илјада и осумстотини (сега повеќе од илјада и деветстотони) години израелскиот народ продолжува во своето слепило и непокајание, рамнодушен кон милостивите понуди на спасението и не обрнувајќи се на благословите на евангелието. Тоа е свечено и страшно предупредување кое толку очигледно покажува колку е опасно да се отфрли испратената светлина од небото.

Каде и да постојат вакви причини, неминовно мораат да настапат и исти последици. Оној што свесно го задушува чувството на должноста, затоа што тоа се коси со неговите наклоности, на крајот воопшто нема да биде во состојба да ја разликува вистината од заблудата. Разумот се помрачува, совеста станува нечувствителна, срцето стврднува, а душата се одделува од Бога. Кога се омаловажува и презира пораката на божествената вистина, црквата ја обвива темнина; верата и љубовта се повеќе се ладат и настанува оттуѓеност и раздор. Членовите на црквата своите интереси и сили ги сосредочуваат на световните работи, а грешниците стануваат уште потврди во своето непокајание.

Пораката на првиот ангел што е забележана во четирнаесеттото поглавје од Откровението која го најавува времето на Божјиот суд и која ги повикува луѓето да се бојат од Бога и да Му дадат слава, била одредена оние што се нарекуват Божји народ да ги оддели од штетното влијание на овој свет и да ги разбуди да ја увидат својата вистинска состојба на световност и отпадништво. Во оваа порака Бог на припадниците на црквите им испратил предупредување кое, кога би било прифатено, би ги отстранило злата што ги одделувалале од Него. Кога би ја прифатиле таа небесна порака, своите срца да ги понижат пред Господа и искрено да настојуваат да извршат подготовка за да можат да опстанат во Неговото присуство, Божјиот Дух и Неговата сила би се манифестирале меѓу нив. Црквата повторно би ја постигнала онаа благословена состојба на единство, вера и љубов, што постоела во времето на апостолите кога верниците биле со “едно срце и една душа”, кога ги “зборуваа Божјите зборови слободно”, “а Господ секој ден го зголемуваше друштвото на оние што се спасуваа” (Дела 4:32, 31; 2:47).

Кога оние што се нарекувале Божји народ би ја прифатиле светлината која им заблескала од Божјото Слово, би го постигнале она единство за кое Христос се молел, а кое апостол Павле го опишува како “единството на Духот, во врската на мирот.” Тоа е кажува тој: “едно тело и еден дух, како и што сте повикани кон една надеж на вашето звање. Еден Господ, една вера, едно крштевање” (Ефесјаните 4:3-5).

Такви благословени резултати доживеале оние што ја примиле адвентната порака. Тие дошле од разни верски заедници, но ги отфрлиле сите противречни верувања, сите секташки бариери што дотогаш ги делеле; напуштена е небиблиската надеж во илјадагодишното царство на мир на земјата, исправени се погрешните мислења за второто Христово доаѓање, отстранети се гордоста и прилагодувањето кон светот; сè што не било како што треба, поправено е, срцата се соединиле во најслатко заедништво и завладеала љубовта и радоста. Доктрината која тоа го направила за оние неколкумина верници што ја прифатиле, би го направила тоа исто и за сите останати кога би ја примиле.

Но црквите воопшто не го прифатиле предупредувањето. Нивните проповедници кои како “стражари во домот Израелов” биле должни први да ги забележат знаците за Христовото доаѓање, не ја препознале вистината ниту во сведоштвата на пророците, ниту во очигледните знаци на времето. Бидејќи срцата им биле преполни со световни желби и честољубие, се ладела љубовта кон Бога и верувањето во Неговото Слово; и кога им било предочено учењето за близината на Христовото доаѓање таа само ги поттикнала нивните предрасуди и неверувањето. Фактот дека оваа порака ја проповедале мнозинство луѓе што не биле ракоположени проповедници и верски учители, беше истакнуван како аргумент против неа. Како и во Христовите денови, наспроти јасното сведоштво на Божјото Слово, се поставувало прашањето: “Поверувал ли некој од кнезовите или фарисеите во Него?” Гледајќи како е тешко да ги побијат аргументите што биле добиени со проучувањето на пророчките временски периоди, многумина ги одвраќале другите од проучувањата на овие пророштва, тврдејќи дека пророчките книги се запечатени и дека не можат да се разберат. Многумина, верувајќи им слепо на своите духовни пастири, одбиле да го слушаат предупредувањето, а други, иако осведочени во вистинитоста на пораката, не се осмелиле да ја признаат “за да не бидат исфрлени од синагогата” (Јован 12:42). Пораката што самиот Бог ја испратил да би ја искушал и исчистил црквата, јасно открила колку многу биле оние што својата наклоност и љубов наместо на Христа ја посветиле на светот. Врските што ги врзувале за земјата, биле посилни од она што ги привлекувало кон небото. Решиле да го послушаат гласот на световната мудрост и ја отфрлиле пораката на вистината која го испитува срцето.

Отфрлајќи ги предупредувањата на првиот ангел, го отфрлиле и средството што небото го предвидело за нивната духовна обнова. Со презир го отфрлиле весникот на милоста кој можел да го поправи она што ги одделувало од Бога, и со уште пострасна желба го барале пријателството на овој свет. Тука била причината за онаа страшна состојба на отпадништво, духовна смрт и световност која владеела во црквите во 1844 година.

Во четиринаесеттото поглавје од Откровението, по првиот ангел следува друг со пораката: “Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со отровното вино на своето блудство” (Откровение 14:8). Изразот “Вавилон” води потекло од зборот “Бабел” и значи збрка. Во Светите списи овој израз се употребува да ги означи разните облици на лажна или отпадната религија. Во седумнаесеттото поглавје од Откровението Вавилон е прикажан како жена - илустрација која во Библијата се употребува како симбол на црквата. Жената полна со доблести ја претставува чистата црква, а неморалната жена отпаднатата црква.

Во Библијата светиот и траен карактер на поврзаноста што постои помеѓу Христа и Неговата Заедница се прикажува како брачна врска. Господ припадниците на Својот народ ги соединил со Себе со свечен завет, ветувајќи им дека Тој ќе биде нивен Бог, додека тие се заветувале дека ќе Му припаѓаат Нему и само Нему. Тој кажува преку Својот пророк: “И ќе те свршам за Себе вечно, и ќе те свршам за Себе во правда и суд, во благослов и милосрдност” (Осија 2:19). А преку друг пророк повторно нагласува:”Јас сум ваш маж” (Еремија 3:14). И Павле ја употребува истата илустрација во Новиот завет кога кажува: “Зашто ве свршив со еден Маж, за да ве приведам како чиста девица пред Христа” (2. Коринтјаните 11:2).

Неверството на црквата кон Христа, кое се покажало во тоа што својата доверба и својата наклоност наместо на Него ја поклонила на овој свет и дозволила љубовта кон светот да и ја обземе душата, се споредува со браколомство. Гревот на старозаветниот Израел во оддалечувањето од Господа е прикажан токму со таа илустрација, а чудесната Божја љубов што овој народ со толкав презир ја отфрлил, трогателно е прикажана со следните зборови: “Ти се заколнав и стапив во сојуз со тебе, вели Господ Бог - и ти стана Моја.” “И беше многу убава, па достигна царско велелепие. И се разнесе славата твоја меѓу народите поради твојата убавина, зашто таа претставуваше полно совршенство при великолепниот накит, со кој те искитив... Но, ти се надеваше на убавината своја, и користејќи се со славата своја, почна да блудствуваш.” “Но навистина, како што жена вероломна го изневерува сопругот свој, така вероломно постапивте со Мене вие, доме Израелев, вели Господ.” “Но беше како неверна жена, која место својот маж, прибира туѓи мажи” (Езекиел 16:8. 13-15; Еремија 3:20; Езекиел 16:32).

Апостол Јаков во Новиот завет на мошне сличен јазик се обраќа до таканаречените христијани кои се стремат повеќе кон пријателството на овој свет отколку за наклоноста на небото и Божјото одобрување. “Прељубодејци и прељубодејки, не знаете ли, дека пријателството од овој свет е непријателство на Бога? Оти, кој сака да му е пријател на светот, му станува непријател на Бога” (Јаков 4:4).

Во седумнаесеттото поглавје на Откровението, Вавилон е прикажан како “жена облечена во пурпур и скерлет, и накитена со злато, драгоцени камења и бисери; во раката своја држеше златна чаша, полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино. А на челото беше напишано името: Тајна, Вавилон големиот, мајка на блудниците и на земните гнасотии.” Пророкот понатаму кажува: “И ја видов жената како се опива со крвта на светите и од крвта на сведоците Исусови” (Откровение 17:4-6). За Вавилон понатаму се кажува дека е како: “Голем град, кој царува над земните цареви” (Откровение 17:18). Папскиот Рим ја претставувал токму таквата власт која со векови господарела над владетелите на христијанскиот свет. Пурпурот и скерлетот, златото, скапоцените камења и бисерот, мошне јасно го опишуваат сјајот, повеќе отколку царскиот раскош со кој римската света столица толку гордо се расфрла. И ниту за една друга власт не може со толкава сигурност да се каже дека е “пијана од крвта на светите” како за оваа црква која толку свирепо ги прогонувала Христовите следбеници. Гревот кој исто така ја товари црквата прикажана како Вавилон е и одржувањето на противзаконските врски со “земните цареви.” Со оддалечувањето од Господа и со недозволеното здружување со незнабошците, еврејската црква станала блудница, а Римокатоличката, која на ист начин се расипала, барајќи поддршка од световните власти, во Божјото Слово ја прима истата осуда.

За Вавилон пророкот кажува дека е “мајка на блудниците. “Со симболот на нејзини ќерки мора да се прикажани оние цркви кои цврсто се држат за нејзиното учење и традиции и го следат нејзиниот пример во жртвување на вистината и Божјото одобрување за да би можеле да стапат во духовен браколомен однос со светот. Веста: “Падна, падна Вавилон”, најавена во четирнаесеттото поглавје на Откровението, мора да се однесува на верски заедници кои некогаш биле чисти, но се расипале. Бидејќи оваа вест доаѓа по предупредувањето за судот, значи дека таа мора да се објави во последните денови; затоа не може да се однесува само на Римокатоличката црква, зашто таа црква е во пад веќе многу векови. Освен тоа, во осумнаесеттото поглавје на Откровението Божјиот народ се повикува да излезе од Вавилон. Според овој навод на Светите списи, многумина од Божјиот народ сè уште се наоѓаат во Вавилон. А во кои верски групи денес се наоѓаат поголемиот дел од Христовите следбеници? Без било какво сомневање, во разни заедници кои ја исповедаат протестантската вера. Во времето на своето основање, овие заедници благородно се бореле за Бога и Неговата вистина и ги придружувал Неговиот благослов. Дури и безверниот свет бил принуден да ги признае благотворните последици што настапиле со прифаќањето на начелата на евангелието, како што пророкот своевремено рекол и за Израелот: “Гласот за твојата убавина се рашири меѓу народите зашто ти беше совршена во Мојот накит што го стави на тебе, зборува Господ Бог” (Езекиел 16:14). Меѓутоа нивниот пад дошол поради истите стремежи кои на Израел му донеле проклетство и пропаст - стремежи да ја имитираат праксата на неверниците и да го придобијат нивното пријателство. “Но твојата убавина те занесе, заради својот глас му се предаде на блудството” (Езекиел 16:15).

Многу протестантски цркви го следат примерот на Рим во недозволените врски со “земните цареви” - државните цркви го прават тоа со својата поврзаност со световните власти, а останатите верски заедници со тоа што бараат наклоност и одобрување од светот. Изразот Вавилон - збрка и неразликување со право може да се примени на овие групи, зашто сите тврдат дека своето учење го земаат од Библијата, а сепак се поделени во безбројни секти кои се мошне противречни во исповедувањето на верата и теориите.

Освен грешната поврзаност со светот, црквите кои се одвоиле од Рим покажуваат и други негови особини.

Еден римокатолички писател во предговорот на својата книга вака аргументира: “Ако Римската црква поради почитувањето на светците се смета виновна за идолопоклонство, тогаш исто така може да се смета за виновна и нејзината ќерка, Англиската црква, која десет свои храмови и посветила на девицата Марија, а само еден на Христа.” - Ричард Чалонер (Richard Challoner) Католички христијански поуки, 21, 22 стр.

А д-р Хопкинс во својата “Расправа за илјадагодишното царство” кажува: “Нема причини антихристијанскиот дух и неговите обичаи да ги ограничиме само на црквата која денес се нарекува Римокатоличка. Протестантските цркви имаат во себе многу антихристијанско и далеку од тоа дека потполно се реформирани и ослободени од расипаноста и од сето она што е лошо.” - Самуел Хопкинс, Собрани дела, II, 238.

Во врска со одделувањето на Презбитеријанската црква од Рим, д-р Гатри го пишува следното: “Пред триста години нашата црква излегла од Римокатоличката со отворена Библија на своето знаме и со девиза: “Прегледајте го Писмото” (Јован 5:39). Потоа поставува значајно прашање: “Дали таа од тој Вавилон излегла чиста?” - Т. Гатри (Guthrie) Евангелие во книгата на пророкот Езекил 237 стр.

Сперџен кажува: “Се чини дека Англиската црква целата е проникната со сакраментаризмот (учење за светите тајни); но се чини исто така дека речиси сите што се одделиле од католичката црква опасно се вплеткани и во филозофско безверие. Оние од кои очекуваме нешто подобро, едни од други се одвраќаат од самите темели на верата. Осведочен сум дека и самото срце на Англија, слично на пчелиното саќе, е издупчено со проклетото безверие што с# уште има храброст да застане зад проповедалната и да се нарекува христијанско.”

Кој бил почетокот на вака големото отпаѓање? Како тоа црквата во почетокот се оддалечила од едноставноста на евангелието? Со своето приспособување кон паганските обичаи, таа сакала на незнабошците да им го олесни прифаќањето на христијанството. Апостол Павле за тоа уште во своите денови рекол: “Тајната на беззаконието веќе дејствува” (2. Солунјаните 2:7). Додека апостолите живееле, црквата останала сразмерно чиста. Меѓутоа, “пред крајот на вториот век повеќето цркви примиле друг облик; исчезнала поранешната едноставност, и незабележително, кога старите ученици биле положени во гроб, дошле нивните деца и новообратеници... и делото добило сосема нов изглед.” - Роберт Робинсон; Црковни истражувања, 6 погл. 17 пар. 51 стр. За да придобијат што поголем број приврзаници, ги снижиле возвишените начела на христијанската вера, а како последица на тоа “поплавата на незнабоштвото проникнала во црквата, носејќи ги со себе и своите обичаи, пракса и идоли.” - Гавази: Предавања 278. стр. Кога христијанската религија себеси си обезбедила одобрување и поддршка од световните владетели, таа со зборови била масовно прифатена; но иако според надворешноста биле христијани, многумина “во суштина останале незнабошци, особено по тоа што тајно им служеле на своите идоли” - Исто, 278. стр.

Зар истото тоа не се повторило речиси во секоја црква што се нарекува Протестантска? Кога нивните основачи, оние кои навистина биле проникнати со вистинскиот дух на реформа ќе изумрат, водството го преземаат нивните наследници и “сè добива сосема нов изглед”. Држејќи се слепо за верувањето на своите татковци и одбивајќи да прифатат било која новооткриена вистина, надвор од она што тие го гледаат, децата на реформаторите значително отстапуваат од нивниот пример на понизност, самооткажување и од откажувањето од светот. Така исчезнала “првобитната едноставност.” А поплавата на световноста навлегла во црквата, носејќи ги со себе “и своите обичаи, пракса и идоли”.

Леле, до која ужасна мерка пријателството кон светот, кое претставува “непријателство кон Бога” денес се одгледува меѓу таканаречените Христови следбеници. Колку многу популарните цркви во целото христијанство се оддалечиле од библиските мерила на понизноста, самооткажувањето, едноставноста и побожноста! Џон Весли говорејќи за ставот на христијаните кон правилната употреба на парите, рекол: “Не трошете ниту еден дел од толку скапоцениот талент само за да ја задоволите желбата на очите за излишното и скапоцено облекување или непотребно украсување. Не трошете ниту денар за необично украсување на своите домови, на излишен и скапоцен мебел, на скапоцени слики и на позлатување... Не трошете ништо за да би ја задоволиле “гордоста на животот”,... за да го привлечете вниманието и восхитувањето на луѓето. “Додека сè ти оди на добро, луѓето ќе зборуваат добро за тебе. Додека се облекуваш во 'скерлет и свила' и живееш 'секој ден господски', многумина без сомнение ќе ја фалат твојата отменост, твојот вкус, дарежливост и гостопримство. Но не го плаќај толку скапо нивното одобрување. Подобро е да бидеш задоволен со честа што доаѓа од Бога.” - Весли (Wesley) Одбрани дела, 50 проповед, “Употреба на парите.”

Меѓутоа, на ваквото учење во многуте цркви на нашето време веќе никој и не се обрнува. Да се исповедува некоја религија, денес станало популарно во светот. Владетелите, политичарите, правниците, лекарите, трговците - сите стануват членови на црквата за на тој начин себеси да си обезбедат почитување и доверба од општеството и да ги забрзаат своите земни интереси. На овој начин тие настојуваат своите валкани работи да ги покријат со плаштот на христијанската вероисповед. Разните верски заедници, засилени со богатството и со влијанието на овие покрстени среброљупци, поттикнати се, за целта на својата популарност и стекнување на нови покровители, со фалење да нудат уште повеќе, како на некоја лицитација. Во најубавите улици се подигнати величествени, и најраскошно украсени цркви. Тие што доаѓаат на нивните богослуженија се украсуваат облекувајќи се по последната мода и со скапоцени накити. На талентираните проповедници им се дава голема плата за, правејќи ги богослуженијата занимливи, да го привлекуваат народот. Тие во своите проповеди не смеат да ги жигосуваат омилените гревови, туку напротив, мораат да ласкаат така што нивните зборови пријатно да звучат во ушите на оние што ја сакаат модата и раскошот. На овој начин во црковните книги се запишуваат отмени грешници, а омилените гревови се покриваат со наметка на побожноста.

Зборувајќи за современиот став на таканаречените христијани кон светот, еден од водечките американски весници пишува: “Црквата незабележано се предала на духот на времето и своите богослуженија ги приспособила кон современите барања.” “Сето она што може верата да ја направи навистина привлечна, сега црквата го употребува како свое орудие.” Еден писател во њујоршкиот лист “Индепендент” за современиот методизам го пишува следното: “Границата која ги одделува побожните од неверниците сè повеќе се губи како во некоја полусенка, луѓето и од едната и од другата страна се трудат сосема да ја избришат разликата помеѓу своите постапки и забави.” “Популарноста на верата многу придонела да се зголеми бројот на оние што сакаат да ги уживаат нејзините благодети, но не и чесно да ги исполнуваат своите должности.”

Ховард Кросби (Howard Crosby) вели: “Длабоко нè загрижува тоа што христијанската црква толку малку ги исполнува намерите на својот Учител. Како што некогаш Евреите допуштиле пријателството со идолопоклониоците да им ги одврати срцата од Бога... така и денешната Христова црква, со своето погрешно дружење со неверниците, сè повеќе го потиснува, од Бога одредениот начин на вистински христијански живот и се предава на погубните, иако често наизглед прифатливи навики на нехристијанскиот свет, образложувајќи го тоа со докази и заклучоци кои се потполно туѓи на Божјото откровение и спротивни на секое растење во милоста.” - Здраво христијанство, 141 стр.

Во оваа поплава на световност и желба за уживање, речиси сосема исчезнало самооткажувањето и пожртвувањето поради Христа. “Некои луѓе и жени што сега се активни во нашите цркви, во своето детство се учени да се жртвуваат за да бидат способни нешто да дадат или направат за Христа. Но сега “ако во некој фонд недостасуваат средства... од никој не смее да се побара да приложи нешто. О, не! Затоа се организираат изложби, приредби, исценирано сослушување на суд, некоја старечка вечера или ручек, што било само народот да се забавува.”

Гувернерот на Висконсин, Вошберн, во својата годишна порака на 9. јануари 1875 година изјавил: “Се чини дека се неопходни закони за да се укинат училиштата што создаваат коцкари. Ги има насекаде. Дури и црквите (без сомнение ненамерно) понекогаш го прават ова ѓаволско дело. Се организираат бесплатни концерти, добротворни лотарии и разни извлекувања, понекогаш се дава во религиозни и добротворни цели, но често и за безвредни лотарии, наградни пакети итн. Што сè е пресметано само да се дојде до незаработени пари. За моралот, особено на младите, ништо не е толку опасно и отровно колку стекнувањето на пари и имоти без работа. Кога угледни и за почитување заслужни луѓе се впуштаат во вакви ризични потфати, а својата совест ја смируваат со тоа што вложените пари се наменуваат во корисна цел, тогаш не е чудно што младината станува роб на опасни навики кои возбудливата игра на среќа речиси кај секого ги предизвикува.”

Духот на приспособување кон светот незадржливо проникнува во сите христијански цркви. Роберт Аткинс, во едно свое предавање што го одржал во Лондон, ја изнел црната слика на духовното отпаѓање што преовладува во Англија: “Сè помалку има вистински праведници на земјата, а тоа никој не го зема на срце. Денешните таканаречени верници, во сите цркви го сакаат светот, се стремат што повеќе да му се приспособат, сакаат светска удобност и се стремат за почитување и углед. Тие се повикани да страдаат за Христа, но се повлекуваат пред секој укор... Отпадништво, отпадништво, отпадништво, е напишано на челото на секоја црква; и кога тие тоа би го знаеле и чувствувале, сè уште би имало надеж; но леле! Тие велат: 'Богати сме и се збогативме и ништо не ни треба' “ - Библиотека на Вториот адвент (Second Advent Library) - трактат бр. 39.

Големиот грев, што го товари Вавилон е и тоа што со “отровното вино на блудството свое ги напои сите народи” (Откровение 18:2). Оваа опојна чаша што оваа отпадната црква ја нуди на светот, го претставува лажното учење што таа го присвоила како последица на својата незаконска врска со земните цареви. Пријателството со светот ја расипало нејзината вера и таа исто така на светот му возвраќа убиствено влијание со ширењето на учењето кое е во директна спротивност со онаа што толку јасно е изложено во Светото писмо.

Римокатоличката црква народот го лишила од Библијата и барала од секого да ги прими нејзините учења наместо светото Божјо Слово. Задачата на реформацијата била повторно да го врати Божјото Слово на човештвото. Но, нели исто така е вистина дека во црквите од нашето време луѓето се учат својата вера повеќе да ја темелат на догматските учења на својата црква отколку на Светото писмо? Чарлс Бичер, (Charles Beecher) зборувајќи за припадниците на протестантските цркви, нагласува: “Тие просто отстапуваат од секој поостар збор упатен против нивното вероисповедување со иста чувствителност каква што католичките свети отци згрозени ја покажувале поради острите зборови против обожавањето на светците и мачениците на кои тие им биле приврзани... Протестантско - евангелистичките заедници толку многу ги врзале рацете една на друга, но и на самите себе, што во ниту една од нив не може да биде проповедник оној што, покрај Библијата, не прифати и по некоја друга книга... Не е вообразеност да се тврди дека вероисповедниот догматизам во протестантските цркви почнува да ја забранува Библијата исто така како што правел и Рим, само на многу полукав начин.” - Проповед “Библијата е доволен симбол на верата”, (Bible a Sufficient Creed) одржана во Форт Вејн, во државата Индијана, 22. 01. 1846 година.

Кога верните учители го изложуваат Божјото Слово, тогаш се креваат професионални проповедници кои, како учени луѓе, тврдат дека го разбираат Светото писмо, и здравото учење го прогласуваат за ерес и на овој начин ги одвраќаат од вистината оние што искрено ја бараат. Кога светот не би бил толку безнадежно опиен со отровното вино на Вавилон, јасните вистини на Божјото Слово кои можат да го трогнат срцето би осведочиле и би обратиле многумина. Но верата, што е оптоварена со религиско - вероисповедните сфаќања, изгледа толку конфузна и противречна што народот повеќе не знае во што да верува како вистина. Одговорноста за непокајувањето на светот лежи на црквата.

Пораката на вториот ангел, што е забележана во четиринаесеттото поглавје на Откровението, за првпат е проповедана во летото 1844 година и тогаш особено се однесувало на црквите во Соединетите Држави, каде што предупредувањето за судот најмногу е објавувано и речиси од сите било отфрлено, и во чиишто цркви опаѓањето на побожноста и верата земало најголем замав. Но пораката на вториот ангел не го достигна своето целосно исполнување во 1844 година. Тогаш црквите кои одбиле да ја примат светлината на адвентната порака доживеале морален пад, но тој пад не бил целосен. Продолжувајќи и понатаму да ги отфрлаат вистините специјално одредени за тоа време, тие паѓале сè подлабоко и подлабоко. Сепак сè уште не можело да се каже: “Падна, падна Вавилон... зашто со отровното вино на блудството свое ги напои сите народи.” Тогаш сè уште не ги опил сите народи. Духот на прилагодување кон светот и на рамнодушност кон вистините кои претставуваат проверка на верноста за нашето време постои и се проширил во протестантските цркви во сите христијански земји; и сите тие цркви се опфатени со свеченото и страшно обвинување на вториот ангел. Но делото на отпадот сè уште не ја достигнало својата кулминација.

Библијата ни кажува дека пред доаѓањето на Господа сатаната ќе работи “со секаква сила и знаци и лажни чудеса, и со секое неправедно измамување,” и оние што “не ја примиле љубовта на вистината за своето спасение,” ќе бидат оставени да ја прифатат “силата на измамата, за да поверуваат на лагата” (2. Солунјаните 2:9-11). Сè додека не настапи ваква состојба и сè додека во целото христијанство не дојде до потполно обединување на црквата со светот, падот на Вавилон нема да биде целосен. Промената настанува постепено, малку по малку, а целосното исполнување на пророштвото од Откровението 14:8 сè уште е во иднина.

И покрај духовната темнина и постојаното оддалечување од Бога, во црквите што го сочинуваат Вавилон, повеќето вистински следбеници сè уште се наоѓаат во тие свои верски заедници. Меѓу нив има и многу такви кои сè уште никогаш не ги разбрале особените вистини за ова време. Не е мал бројот на оние што се незадоволни со својата сегашна состојба и кои копнеат за појасна светлина. Тие напразно го бараат Христовиот облик во црквите за кои се приврзани. Како што овие заедници сè повеќе и повеќе ќе се оддалечуваат од вистината, а сè поблиску ќе се соединуваат со светот, разликата помеѓу овие две страни ќе станува сè поголема и најпосле ќе дојде до нивно дефинитивно разделување. Ќе дојде време кога оние што повеќе од сè го љубат Бога нема да можат да останат долго во заедница со оние “кои се повеќе сластољупци отколку богољупци, на изглед побожни, а од силата на Бога се одрекле” (2. Тимотеј 3:4, 5).

Осумнаесеттото поглавје на Откровението укажува на времето кога, како последица на отфрлувањето на тројното предупредување од Откровението 14:6-12 црквата во целост ќе ја достигне состојбата најавена во пораката на вториот ангел, а Божјиот народ кој сè уште ќе се наоѓа во Вавилон, ќе биде повикан да ја раскине секоја заедница со него. Оваа е последната порака која ќе биде упатена на светот и таа ќе го изврши своето дело. Кога оние “што не и веруваа на вистината туку ја сакаа неправдата” (2. Солунјаните 2:12), ќе и бидат предадени на силата на измамата да поверуваат во лагата, тогаш светлината на вистината ќе ги осветли сите оние чиишто срца се подготвени да ја примат, а сите Божји деца што се наоѓаат во Вавилон, ќе го послушаат повикот: “Излезете од неа народе мој!” (Откровение 18:4).