Големата борба помеѓу Христа и сатаната

20. Големо верско будење

Големото верско будење во текот на објавувањето на скорото Христово доаѓање е проречено во самата порака на Првиот ангел запишана во четиринаесеттото поглавје на Откровението. Тој ангел пророкот го видел во видението како “лета среде небото, кој имаше вечно евангелие, да им го објави на земните жители, на секое племе, јазик, колено и народ”. И “со силен глас”, ја објавува пораката: “Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној кој го создал небото и Земјата, морето и водните извори” (Откровение 14:6, 7).

Значаен е и самиот факт што е кажано дека гласник на ова предупредување треба да биде еден ангел. Со чистотата, славата и силата на еден небесен гласник, Бог во Својата мудрост сакал да го прикаже возвишениот карактер на делото што требало да се изврши со оваа порака, како и силата и славата што требало да го придружуваат. А летот на ангелот “среде небото”, “силниот глас” со кој ова предупредување е разгласено и неговото ширење меѓу сите “што живеат на земјата” - “на секое племе, колено, јазик и народ” - сето тоа укажува на брзината на ширење на движењето и неговата распространетост ширум светот.

Самата порака го открива времето кога ова движење настанало. Се истакнува дека таа претставува дел на “вечното евангелие”; и дека го најавува почетокот на судот. Пораката за спасението е проповедана во сите времиња, но оваа порака претставува дел на евангелието кое може да се објавува само во последните денови, зашто само тогаш може да се каже дека настапил часот на судот. Пророштвата наведуваат низа едноподруго настани што треба да се одиграат пред почетокот на судот. Ова особено се однесува на настаните што се проречени во Даниеловата книга. Меѓутоа, за оној дел на неговото пророштво, кој се однесува на последните денови, на Даниел му било наредено: “Сокриј ги овие зборови и запечати ја оваа книга до последното време.” Сè додека не настапило тоа време, не можела да се објави веста за судот, заснована на исполнувањето на овие пророштва. Меѓутоа, во последното време, кажува пророкот, “мнозина ќе ја истражуваат и знаењето ќе се умножи” (Даниел 12:4).

Апостол Павле ги предупредувал своите современици да не го очекуваат Христовото доаѓање во своите денови: “Денот Господов нема да дојде додека прво не настапи отпад и не се појави човек на беззаконието, синот на погибелта” (2. Солунјаните 2:3). Дури по големото отпаѓање во христијанската црква и долгото владеење на “човекот на беззаконието”, можеме да го очекуваме доаѓањето на нашиот Господ. “Човекот на беззаконието”, познат во библиската терминологија и под изразите: “тајна на беззаконието”, “син на погибелта” и “беззаконик”, го претставува папството кое, како што е најавено во пророштвото, ќе има превласт во времетраење од 1260 години. Овој временски период се завршил во 1798 година. Христовото доаѓање не можело да настапи пред истекот на ова време. Павле во ова свое предупредување го опфаќа целиот христијански период се до 1798 година. Веста за второто Христово доаѓање требало да се објавува дури по истекот на ова време.

Таква вест во минатите векови никогаш не била објавувана. Павле, како што видовме, не ја проповедал; тој своите браќа ги упатувал на Господовото доаѓање во тогаш далечната иднина. Реформаторите исто така не ја проповедале. Мартин Лутер го очекувал судот отприлика триста години по своето време. Меѓутоа, од 1798 година Даниеловата книга е отпечатена, знаењето за пророштвата се умножило, и сериозната порака за блискиот суд многумина почнале да ја објавуваат.

Слично на големата реформација во шеснаесеттиот век и адвентното движење се појавило истовремено во разни христијански земји. Во Европа, како и во Америка, луѓе од вера и молитва биле поттикнати да ги проучуваат пророштвата, и пребарувајќи ги вдахновените записи на Божјото Слово, пронашле убедливи докази дека крајот на сè е пред вратата. Во разни земји се појавиле осамени групи на христијани кои со проучување на Светите списи дошле до уверување дека доаѓањето на Спасителот е многу близу.

Во 1821 година, три години откако Милер ги разјаснил пророштвата кои укажуваат на времето на судот, доктор Јосиф Волф, “мисионер на целиот свет”, почнал да го објавува скорото Христово доаѓање. Волф бил родум од Германија, со еврејско потекло, а татко му бил еврејски рабин. Уште во својата најрана младост Волф се уверил во вистинитоста на христијанската вера. Со многу активен и истраживачки дух внимателно ги слушал разговорите на побожните Евреи кои секојдневно се собирале во куќата на неговите родители, прераскажувајќи ги надежите и очекувањата на својот народ, славата на Месијата што требало да дојде и обновувањето на Израeлското царство. Еден ден кога слушнал дека го спомнуваат Исус од Назарет, момчето прашало кој бил Тој. “Еден Евреин со исклучително големи способности”- гласел одговорот, но “бидејќи се претставувал за Месија еврејскиот суд Го осудил на смрт.” “Зошто?”- продолжило момчето, зошто е разорен Ерусалим и зошто ние сме во ропство?” “Ах, ах”! одговорил неговиот татко, “затоа што Евреите ги убивале пророците.” На Момчето наеднаш му светнала мислата “Можеби Исус од Назарет бил пророк а Евреите Го убиле, иако бил невин.” - Откритие за патувањата и доживувањата на Ј. Волф (Travel and Adventures of Rev.Joseph Wolff) I, 6. Ова чувство во неговата душа било толку силно и незапирливо што и покрај забраната да влегува во христијанската црква, често стоел до вратата слушајќи проповед.

Кога имал само седум години, тој фалејќи се на еден стар христијанин од своето соседство, ја истакнал идната слава на Израeлот за доаѓањето на Месијата; на тоа старецот љубезно му рекол: “Драго дете ќе ти речам кој бил вистинскиот Месија; тоа е Исус од Назарет... што твоите предци го распнале на крст како што во далечното минато ги убивале и пророците. Оди си дома и прочитај го педесет и третото поглавје од книгата на пророкот Исаија и ќе се осведочиш дека Исус Христос е навистина Божји Син.” - Исто, св. I, 7 стр. Момчето веднаш го обзело цврсто убедување дека сето тоа навистина е така. Кога дошол дома го прочитал споменатото поглавје и се зачудил како сето тоа буквално се исполнило на Исус од Назарет. Дали зборовите на овој христијанин се вистинити? Момчето го замолило својот татко да му го протолкува ова пророштво, но овој го дочекал со толку мрачно молчење што тој повеќе никогаш не се осмелил да го спомне овој предмет. Меѓутоа, тоа само ја зголемило неговата желба што повеќе да дознае за христијанската вера.

Сознанието што го барал било од него, во неговиот еврејски семеен круг, грижливо криено; но тој уште во својата единаесетта година ја напуштил татковата куќа и се упатил во светот да се здобие со образование и да си избере вера и животно занимање. За извесно време нашол засолниште кај своите роднини, но набргу и тие го набркале како отпадник, и така оставен сам и без средства за живот, морал да се снаоѓа меѓу туѓинците. Патувал од место до место, истовремено трудољубиво учејќи и самиот се издржувал давајќи часови по еврејски јазик. Под влијание на еден католички учител бил наведен да ја прифати католичката вера, и решил како мисионер да се заложи за својот народ. Со таа цел по неколку години отишол во Рим да ги продолжи своите студии на тамошниот Факултет за пропаганда. Поради навиките да мисли независно и да зборува отворено, овде бил прогласен за еретик. Отворено ја нападнал злоупотребата на црквата и ја истакнувал неопходноста од реформа. Иако во почетокот наишол на исклучителна наклоност и одобрување од страна на папските великодостојници, сепак по извесно време бил отпуштен и оддалечен од Рим. Под надзор на црквата одел од место до место додека не виделе дека никогаш нема да го придобијат да се потчини на ропството на римокатолицизмот. Најпосле бил прогласен за непоправлив и е оставен по своја волја да оди каде што сака. Тој тргнал кон Англија и, примајќи го протестантското верско определување, стапил во англиканската црква. По двегодишното студирање, во 1821 година заминал во светот како мисионер.

Бидејќи ја прифатил големата вистина за Христа кој при своето прво доаѓање “беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, болен и свикнат на страдањата”, Волф увидел дека пророштвата со иста јасност го најавуваат и Неговото второ доаѓање во сила и слава. И додека како Евреин се трудел припадниците на својот народ да ги упати на Исуса од Назарет како на Ветениот и на Неговото прво доаѓање во понижување како жртва за гревовите на светот, истовремено им укажувал и на Неговото второ доаѓање како на Цар и Ослободител.

“Исус од Назарет, вистинскиот Месија”, истакнувал тој, “чиишто раце и нозе биле прободени, Кој е воден како јагне на колење, Кој бил познат како човек на болката и маката, Кој дошол првпат кога скиптaрот и владејачката палка биле одземени од Јуда; ќе дојде и вторпат на небесните облаци и со труба на архангел”. - Истражувања и мисионерски напори (Researches and Missionary Labors) Ј. Волф 62 стр. “И Неговите нозе ќе застанат тој ден на Маслиновата Гора; а онаа власт над сè што е создадено, која во почетокот му била дадена на Адама и која тој со падот во грев ја изгубил (Битие 1:26; 3:17), ќе му биде дадена на Исуса. Тој ќе биде цар над целата земја. Ќе престанат поплаките и воздишките на сите созданија, и ќе се слушаат само песни на слава и благодарност... Кога ќе дојде Исус во славата на Својот Татко со Своите ангели... најнапред ќе воскреснат мртвите во Христа” (1. Солунјаните 4:16; 1 Коринтјаните 15:23). “Тоа е она што ние христијаните го нарекуваме прво воскресение. Тогаш и животинското царство ќе го промени својот карактер (Исаија 11:6-9) и сè ќе му биде потчинето на Исуса. (Псалм 8). Ќе завладее сеопшт мир”. - Журнал за откритијата на Јосиф Волф, 378. 379 стр. Господ повторно ќе ја погледне Земјата и ќе рече: “Ете, сè е мошне добро” - Исто, стр. 294.

Волф верувал дека Господовото доаѓање е пред вратата. Неговите толкувања на пророчките времиња се разликувале само за неколку години од времето кога Милер го очекувал големиот крај. На оние што врз основа на Христовите зборови: “А за тој ден и час никој не знае” и оние што упорно истакнувале дека луѓето во поглед на близината на Христовото доаѓање ништо не можат да знаат, Волф им одговорил: “Зарем нашиот Господ рекол дека денот и часот никогаш нема да бидат познати? Зарем не ни ги дал знаците на времето за да можеме барем да го препознаеме приближувањето на Неговото доаѓање, како што може по смоквата “штом се подмладат нејзините гранки и пуштат лисје” да се познае дека “летото е близу”? (Матеј 24:32). Зарем никогаш да не го препознаеме тој временски период кога Тој нас самиот нè предупредува не само да го читаме Даниеловото пророштво туку и да го разбереме? А токму на Даниел му е речено да ги запечати овие зборови ‘до последното време’ (што било случај во негово време), и дека мнозина ќе истражуваат (еврејски израз за проучување и размислување за времето) ‘и знаењето (за тоа време) ќе се умножи’ (Даниел 12:4). Освен тоа, со ова Спасителот не сакал да каже дека ниту приближувањето на времето нема да биде познато, туку дека точниот ‘ден и час никој не го знае’? Тој нагласил дека знаците на времето ќе бидат доволно познати, за да нè поттикнат да се подготвуваме за Неговото доаѓање како што Ное го подготвувал ковчегот.” - Истражувања и мисионерски напори на Јосиф Волф, 404. 405. стр.

За популарното толкување или извртување на Светите списи, Волф пишувал: “Поголемиот дел на христијанските цркви се оддалечиле од јасната смисла на Светото писмо и се свртеле кон измамливиот систем на будистите кои веруваат дека идната среќа на човештвото ќе се состои во постојаното движење во вселенскиот простор, и претпоставуваат дека кога во Библијата го читаат зборот Евреи тоа мора да го разбираат како да пишува незнабошци; а кога читаат Ерусалим, дека тоа значи црква; ако во текстот е кажано земја, тоа значи небо; и дека под изразот Господово доаѓање треба да се разбере напредување на мисионерските друштва; а да се отиде “на гората Господова, и во домот на Богот Јаковoв,” значи да се оди на голем собор на методистите.” - Журнал за откритијата на Ј. Волф, 96 стр.

Дваесет и четири години од 1821 до 1845 Волф патувал по светот: во Африка ги посетил Египет и Абисинија (Етиопија), во Азија ги пропатувал Палестина, Сирија, Персија, Бухар и Индија. Ги посетил и Соединетите Американски Држави, откако претходно на патот за Америка проповедал и на островот Св. Елена. Во август 1837 година стасал во Њујорк. По говорот во овој град, проповедал во Филаделфија и во Балтимор и најпосле продолжил кон Вашингтон. “Овде” кажува тој, “на предлог на бившиот претседател Џон Квинси Адамс, едногласно ми беше ставена на располагање конгресната сала за предавање, кое го одржав една сабота, почестен со посетата на сите членови на конгресот; присуствувал исто така и епископот на Вирџинија како и свештенството и граѓаните на Вашингтон. Иста чест ми беше укажана и од членовите на владата во Њу Џерси и Пенсилванија во чиешто присуство држев предавање за своите истражувања во Азија и за карактерот на владетелството на самиот Исус Христос.” - Исто 398. 399 стр.

Др. Волф патувал по најнецивилизирани земји, без заштита на било која европска власт, претрпувајќи многу несреќи и опкружен со многу опасности. Го тепале по табаните, трпел глад, бил продаван како роб и три пати бил осудуван на смрт. Го напаѓале разбојници, а понекогаш речиси умирал од жед. Еднаш му било одземено сè што имал и морал да патува пеш стотици километри низ планините, додека снегот го удирал по лицето; а нозете така незаштитени и во постојаниот допир со замрзнатата земја му станале потполно неосетливи.

Кога го предупредувале да не оди без оружје меѓу дивите и непријателски племиња, тој говорел: “Снабден сум со подобро оружје - со молитва, со ревност за Христа и со сигурност во Неговата помош.” “Јас сум - нагласувал тој - уште наоружан и со љубов кон Бога и ближните, и Библијата ми е секогаш во мојата рака.” - В.Х.Д. Адамс, Често во опасности, стр. 192. Со себе секогаш носел Библија на еврејски и на англиски јазик. За едно свое подоцнежно патување тој кажува: “Во раката држев отворена Библија. Чувствував дека мојата сила се наоѓа во таа книга и дека нејзината сила ме одржува.” - Исто, стр. 201.

На тој начин се одржал во својата работа сè додека пораката за судот не била објавена на поголемиот дел на тогаш населената земјина топка. Меѓу Евреите, Турците, Персијанците, Индусите и многу други народности и племиња го ширел Божјото Слово на различни јазици и насекаде го најавувал скорото доаѓање на царството на Месијата.

На своите патувања во Бухара наишол на еден осамен и потполно изолиран народ кој исто така се придржувал кон учењето дека Христос наскоро ќе дојде. “Арапите во Јемен” - кажува тој - “имаат книга наречена Сеера, која ја содржи најавата за Христовото доаѓање и Неговото царство во слава, и тие очекуваат дека во 1840 година ќе се случат големи настани”. - Журнал за откритијата на Јосиф Волф, 377 стр. Во Јемен... шест дена поминав со потомците на Рихав. Тие не пијат вино, не садат лозје, не сеат ништо, живеат под шатори и си спомнуваат за зборовите на стариот и добар Јонадав, синот на Рихава. (Еремија 35:6, 7). Со нив ги затекнав и Израелските синови од Дановото племе... кои исто така како и потомците на Рихава го очекуваат скорото доаѓање на Месијата на небесните облаци.” - Исто 389 стр.

Со слично верување нашол уште еден мисионер во Татарија. Еден татарски свештеник го запрашал својот мисионер кога ќе дојде Христос по втор пат. Кога мисионерот одговорил дека за тоа ништо не знае, свештеникот многу се зачудил на таквата неупатеност на човекот кој тврдел дека е учител на Библијата, а потоа го изложил своето верување засновано на пророштвото, по кое Христос требало да дојде во 1844 година.

Во Англија адвентната порака се проповедала уште во 1826 година. Овде движењето не добило толку одреден облик како во Америка; точното време на Христовото доаѓање не било толку опширно проповедано, но големата вистина за второто Христово доаѓање во сила и слава била објавувана на големо. И тоа не само меѓу оние што не се сложувале со официјалното учење на државната црква. Англискиот книжевник Мурант Брок, тврдел дека со објавувањето на ова “евангелие за царството” се занимавале околу седумстотини проповедници во англиската црква. Пораката што упатувала на 1844 година како на време на Господовото доаѓање е објавувана и во Велика Британија. Публикациите за Христовото доаѓање донесени од Соединетите Држави се ширеле на сите страни. Во Англија се препечатувани книги и списанија од таков карактер, а во 1842 година Роберт Винтер, кој бил роден во Англија, а адвентистичката вера ја прифатил во Америка, се вратил во својата земја да го објавува Господовото доаѓање. Многумина му се придружиле во оваа дело и веста за судот е раширена во разни делови на Англија.

Во Јужна Америка, Лакунца, еден Шпанец и езуит, среде варварството на поповштината, го нашол патот до Светото писмо и така ја примил вистината за скорото Христово доаѓање. Чувствувајќи се присилен да го шири предупредувањето, а сепак сакајќи да ја избегне осудата на Рим, ги публикувал своите погледи под псевдонимот “Раби Бен - Езра”- претставувајќи се како обратен Евреин. Лакунца живеел во II - от век, но дури околу 1825 година неговата книга наоѓајќи пат до Лондон е преведена на англиски јазик. Нејзиното публикување придонело во Англија да се разбуди веќе разбуденото интересирање за веста за второто Христово доаѓање.

Во Германија оваа учење уште во II - от век го проповедал Бенгел, епископ на лутеранската црква и прочуен библиски научник и критичар. По завршување на школувањето, Бенгел се “посветил на студиите по теологија, кон кои го привлекувал неговиот по природа религиозно наклонет ум, продлабочен и засилен со неговото образование и со дисциплината од раната младост.” Како и другите сериозни млади луѓе пред и по него морал да води внатрешна борба со сомневањата и тешкотиите од религиозен карактер; и со многу чувства често ги споменувал ’многуте стрели што го прободувале неговото намачено срце и кои младоста му ја правеле тешко поднослива.’ Кога станал член на црковниот совет во Витенберг, се борел за верска слобода. “Иако држел до сите права и повластици на црквата, барал на сите оние кои чувствуваат како совеста да им е ограничена да им се дозволи слобода да истапат од државната црква.” - Енциклопедија на Британика, девето издание, статија “Бенгел.” Корисните последици на таквата политика и денес се чувствуваат во неговата татковина.

Кога еднаш подготвувајќи проповед за претстојната недела го проучувал 21-то поглавје од Откровението, со намера тоа да биде тема на неговото излагање, одеднаш му светнала светлина за второто Христово доаѓање. Пророштвата забележани во Откровението му се отвориле на неговиот разум како никогаш порано. Совладан од чувството за чудесното значење и неизмерната слава на глетката што пророкот ја опишал во таа книга, Бенгел бил присилен за извесно време да прекине со проучувањето на овој предмет. Меѓутоа на проповедалната пак му се појавила истата слика со сета своја впечатливост и сила. Од тоа време тој се посветил на проучување на пророштвата, особено на оние од Откровението, и наскоро се уверил дека тие укажуваат на Христовото доаѓање кое не е далеку. Датумот што тој го утврдил како време на второто Христово доаѓање се разликувал само за неколку години од оној што подоцна го прифатил Милер.

Бенгеловите списи се ширени по целиот христијански свет. Во неговата родна област, Витенберг, а донекаде и во другите делови на Германија, веќе прилично биле прифатени неговите погледи за пророштвата. По неговата смрт движењето и понатаму се ширело, а веста за Господовото доаѓање се слушнала во Германија во исто време кога и во другите земји го свртела вниманието на себе. Уште порано некои од верниците отишле во Русија, и таму основале свои населби, и верата во скорото Христово доаѓање сè уште се чува во германските цркви во таа земја.

Оваа светлина заблескала и во Франција и Швајцарија. Во Женева, каде што Фарел и Калвин во своето време ја рашириле вистината за реформацијата, сега веста за второто Христово доаѓање ја проповедал Госен. Додека уште студирал на универзитетот, Госен дошол во контакт со духот на рационализмот, кој во втората половина на осумнаесетиот и првата половина на деветнаесетиот век владеел во цела Европа, и кога стапил во проповедничката служба не само што бил неупатен во вистинската вера туку и бил наклонет кон скептицизмот. Во својата младост се интересирал за проучување на пророштвата. Читајќи ја Ролиновата “Историја на стариот век”, неговото внимание го привлекло второто поглавје на Даниеловата книга и бил вчудоневиден од зачудувачката точност со која пророштвата се исполниле, како што тоа се гледало од приказот на овој историчар. Тука нашол сведоштво за божественото вдахновение на Светите списи кое во подоцнежните години во разни опасности му служело како “сигурен ленгер на душата”. Не можел да се задоволи со учењето на рационализмот, и проучувајќи ја Библијата и барајќи појасна светлина, по извесно време, тој навистина се утврдил во верата.

Продолжувајќи да ги проучува и истражува пророштвата, дошол до уверување дека Господовото доаѓање е пред вратата. Импресиониран од свечената сериозност и значењето на оваа голема вистина, тој сакал да ја изнесе и пред народот; но популарното и широко распространетото верување дека Даниеловите пророштва се толку таинствени што не можат да се разберат, претставувало сериозна пречка на неговиот пат. На крајот - слично на Фареловата стратегија што ја применил своевремено во евангелизирањето на Женева - и тој се решил својата работа да ја започне со децата, надевајќи се дека преку нив ќе ги привлече и родителите.

Подоцна зборувајќи за својата намера за овој потфат тој истакнал: “Би сакал тоа да се сфати, не затоа што е од мало значење туку напротив што е мошне важно. Затоа сакав тоа да го прикажам во толку прифатлив облик и да им се обратам на децата. Сакав мојот глас да се слушне, а се плашев дека тој нема да се слушне ако прво им се обратам на возрасните.” “Затоа решив да им пристапам на најмладите. Ги собрав како мои слушатели само децата; ако нивниот број се зголеми, ако се види дека слушаат, дека им се допаѓа, дека тоа ги интересира, дека го разбираат моето излагање и дека можат и на другите да го пренесат, тогаш ќе бидам сигурен дека наскоро ќе имам и друг круг на слушатели, и возрасните ќе видат дека тоа што го изнесувам е навистина вредно за проучување. Ако биде така, тогаш битката е добиена.” - Л. Госен (Gausen) Даниелово пророштво, II, предговор.

Неговите напори вродиле со плод. Кога се обратил кон децата, дошле и постарите да го слушаат. Галериите на неговата црква биле полни со внимателни слушатели. Меѓу нив имало угледни и образовани луѓе, како и странци што се нашле во Женева на поминување, и така оваа вест преку нив е однесена и во други краеви.

Охрабрен со овој успех, Госен ги печател своите поуки со надеж дека во црквите каде што народот зборува француски ќе го поттикне проучувањето на пророчките книги. “Да се објават поуки што можат да ги разберат и децата”, нагласувал Госен, “значи дека на сите оние кои под лажен изговор дека пророчките книги се неразбирливи го занемаруваат нивното проучување, може да им се каже: ’Како можат да бидат неразбирливи, кога ги разбираат вашите деца?’ “Од сè срце сакам”, додава тој, “познавањата на пророштвата, по можност, да се направат што е можно попристапни за нашето стадо.” “Според мене навистина нема учење што повеќе би одговарало на потребите на нашето време.” “Само со проучување и запознавање на пророштвата можеме да се подготвиме за неволјите што ни претстојат и будни да го очекуваме Исус Христос.”

Иако бил еден од најистакнатите и најомилените проповедници на француски јазик, сепак Госен по некое време бил разрешен од должноста, а како негов главен престап било наведено дека во своето поучување на младите - наместо црковниот катехизам, еден незанимлив и рационалистички учебник, речиси без никаква позитивна вера - ја употребувал Библијата. Подоцна станал професор во една теолошка школа, додека во недела ја продолжувал својата работа како учител по веронаука и обраќајќи им се на децата, ги поучувал на Светото писмо. Неговите списи за пророштвата разбудиле голем интерес. Од професорската катедра, со посредство на печатот и со своето најомилено занимање, како учител на децата, продолжил долга низа на години да врши силно влијание, и бил орудие со кое вниманието на многумина им било свртено кон проучување на пророштвата кои покажувале дека Господовото доаѓање се приближило.

Веста за Христовото доаѓање била проповедана и во Скандинавија, и разбудила големо интересирање. Многумина се тргнале од својата безгрижна сигурност, и биле наведени да ги признаат и отфрлат своите гревови и во Христово име да побараат простување. Меѓутоа, на движењето му се спротивставило свештенството на државната црква и под негово влијание некои од оние што ја проповедале оваа вест биле фрлени во затвор. Во многу места каде што проповедниците на скорото Христово доаѓање на овој начин биле замолкнати, Бог сепак ја испратил Својата порака на еден чудесен начин - со посредство на малите деца. Како на малолетници, не можеле преку законските прописи да им наметнат никакво ограничување, и така можеле непречено да зборуваат.

Движењето почнало да се шири особено меѓу пониските сталежи, и во скромните домови на работниците, народот често се собирал да го слушне предупредувањето. Децата кои како проповедници им ја пренесувале вистината на другите и самите потекнувале од сиромашни куќички. Некои од нив не биле постари од шест или осум години; и додека нивниот живот докажувал дека го сакаат Спасителот и дека сакаат да живеат во согласност со светите Божји прописи, тие обично покажувале само разум и способности вообичаени кај децата од нивната возраст. Меѓутоа, кога стоеле пред народот било очигледно дека се под влијание што далеку ги надминува нивните природни способности. Нивниот глас и однесувањето целосно се менувале и тие со свечена сериозност и сила ја ширеле веста за блискиот суд, служејќи се дословно со зборовите на Светото писмо: “Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд.” Ги укорувале гревовите на народот, осудувајќи го не само развратот и порокот, туку и духовното назадување и желбата за световното уживање, и ги предупредувале своите слушатели без одложување “да бегаат од гневот што доаѓа.”

Народот треперејќи слушал. Божјиот Дух кој може да осведочи им зборувал на нивните срца. Многумина биле поттикнати со нов и длабок интерес да го проучуваат Светото писмо; неумерените и неморалните го реформирале својот живот; други пак се откажале од своите нечесни навики и било извршено толку забележливо дејствување што дури и самите проповедници на државната црква морале да признаат дека со движењето управувала Божјата рака.

Божја волја била веста за доаѓањето на Спасителот да се објави во скандинавските земји, и кога биле замолкнати гласовите на Неговите слуги, Тој со Својот Дух ги оспособил децата за делото сепак да се изврши. Кога Исус се приближувал кон Ерусалим придружуван од развеселеното мноштво кое со мафтање на палмови гранчиња и со радосни извици Го поздравувале како Давидов син, завидливите фарисеи љубоморно барале да им нареди да замолкнат; но Исус одговорил дека сето тоа е исполнување на пророштвата, и дека, ако тие замолкнат, и самите камења ќе проговорат. Сепак народот, заплашен со заканите на свештениците и старешините престанал да ја изразува својата радост кога поворката стигнала до вратата на Ерусалим, но децата и по влегувањето во самото преддворје на храмот продолжиле да мавтаат со палмовите гранчиња и радосно да извикуваат: “Осана на синот Давидов!” И кога фарисеите налутено Му рекле: “Ги слушаш ли што зборуваат овие?” Христос одговорил: “Да, зар не сте читале никогаш: Од устата на децата и доилчињата, Си приготвил пофалба?” (Матеј 21:8-16). И како што Бог во времето на првото Христово доаѓање дејствувал преку децата, на сличен начин дејствувал и сега, објавувајќи ја преку нив веста и за Неговото второ доаѓање. Божјото Слово дека веста за доаѓањето на Спасителот ќе се објавува на сите народи, јазици и племиња, морало да се исполни.

На Вилијам Милер и на неговите соработници им била дадена задача ова предупредување да го проповедаат во Америка. Оваа земја станала средиште на големото адвентно движење. Овде пророштвото за пораката на Првиот ангел директно се исполнило. Списите на Милер и на неговите соработници носени се до најодалечените земји. Во целиот свет, каде што мисионерите можеле да навлезат, насекаде била објавувана и радосната вест за скорото Христово доаѓање. На сите страни ширена е пораката за вечното евангелие: “Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд”.

Сведочењето на пророштвото кое, како што се чинело тогаш, укажувало на Христовото доаѓање во 1844 година во пролетта, фатило длабок корен во душите на народот. Како што се ширела веста од држава во држава, насекаде настанувало големо будење. Многумина биле осведочени дека доказите засновани на пророчкото пресметување на времето се правилни и, жртвувајќи ја гордоста на своето лично мислење радосно ја прифаќале вистината. Некои од проповедниците ги отфрлиле своите секташки погледи и чувства, се одрекле од своите плати и цркви и се соединиле во објавувањето на Христовото доаѓање. Меѓутоа, имало сразмерно малку проповедници кои ја прифатиле оваа порака, и затоа таа во поголем дел им била доверена на скромни лица. Земјоделците ги оставиле своите полиња, занаетчиите своите работилници, трговците својата стока, професионалците своите положби; а сепак бројот на работниците во однос на делото што требало да се изврши, бил премал. Состојбата во црквата потполно лишена од побожноста и состојбата во светот кој лежел во зло ги тиштел душите на верните стражари и тие доброволно поднесувале неволји, скудност и страдања додека ги повикувале луѓето на покајание и спасение. И покрај противењето на сатаната, делото сепак постојано напредувало, а вистината за повторното Христово доаѓање ја прифатиле многу илјади.

На сите страни се слушало пробивното сведоштво со кое грешниците и во светот и во црквата биле повикувани да бегаат од “гневот што доаѓа.” Слично на Јован Крстителот кој го најавувал првото Христово доаѓање, проповедниците секирата на укорот и предупредувањето ја ставиле на самиот корен на дрвото, барајќи од сите да донесат родови на вистинско покајание. Нивните трогателни повици биле во упадлива спротивност со уверувањата за мирот и сигурноста што се слушале од популарните проповедалници; и каде и да беше проповедана оваа вест, народот бил поттикнат. Едноставното и непосредното сведоштво на Светото писмо, придружувано со силата на Светиот Дух беше толку убедливо што ретко кој можеше да му се спротивстави. Оние што беа христијани само по име се тргнаа од својата лажна сигурност. Го увидоа своето верско назадување, својата љубов кон овој свет и неверството, својата гордост и себичност. Многумина почнаа да Го бараат Господа со покајание и понизност. Своите чувства и наклоност што толку долго ги врзуваа за земните интереси, сега ги насочија кон она што е небесно. Врз нив почивал Божјиот Дух и со понизни и на Бога потчинети срца се соединија во извикот: “Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд!”

Грешниците плачејќи прашуваа: “Што треба да правиме за да се спасиме?” Оние чијшто живот во минатото не бил обележан со чесност со сето срце настојуваа да се поправат. Сите оние што најдоа мир во Христа, копнееја своите благослови да ги поделат со другите. Срцата на родителите се обраќаа кон нивните деца, а срцата на децата кон родителите. Оградите на гордоста и резервираноста исчезнуваа. Се слушаа искрени признавања, а членовите на секое семејство работеа за спасението на оние што им беа најблиски и најмили. Често се слушаа најсериозни молитви за другите. Насекаде душите во длабок страв се бореа со Бога. Многумина, како Јаков, по цела ноќ се бореа во молитва за уверување дека гревовите им се простени, или пак за обратување на своите роднини и соседи.

Луѓе од сите слоеви масовно доаѓале на собирите на адвентистите. Богати и сиромашни, големи и мали, од различни причини со копнеж сакале лично да го слушнат учењето за второто Христово доаѓање. Господ го задржувал духот на отпорот додека Неговите слуги ги изнесувале причините на својата вера. Понекогаш орудието било слабо, но Божјиот Дух и давал сила на Неговата вистина. На овие собири се чувствувала присутноста на светите ангели, и друштвото на верните секој ден станувало сè поголемо. Кога доказите за Христовото доаѓање биле повторувани, големото мноштво без здив ги слушало овие свечени зборови. Се чинеше како небото и земјата меѓусебно да се приближиле. Впечатоците на божествената сила ја чувствувале и старите и младите како и оние во средни години. Луѓето од тие собири се враќале дома со песни на благодарност на усните, и гласови на радост се разнесувале низ ноќната тишина. Никој од оние што присуствувале на овие состаноци не може да ги заборави оние сцени на најживо интересирање.

Објавувањето на времето одредено за Христовото доаѓање предизвикало голем отпор кај сите сталежи, почнувајќи од проповедниците на проповедалниците па сè до најбезгрижниот грешник кој се противел на небото. Се исполнија зборовите од пророштвото: “Најнапред знајте го тоа дека во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби и ќе велат: Каде е ветувањето на Неговото доаѓање? Оти, откако татковците наши изумреа, сè си стои така, како од создавањето на светот” (2. Петрово 3:3, 4). Многумина кои тврделе дека Го љубат својот Спасител, изјавиле дека немаат ништо против учењето за Неговото второ доаѓање, туку се само против одреденото време. Но Божјото око што сè гледа ги читало тајните на нивните срца. Тие не сакале да слушнат ништо за Христа Кој доаѓа да му суди на светот според правдата. Тие биле неверни слуги, нивните дела не би можеле да го поднесат испитувачкиот поглед на Оној Кој ги чита срцата, и затоа се плашеле од средбата со својот Господ. Слично на Евреите за време на првото Христово доаѓање и тие не биле подготвени да Му посакаат добредојде; не само што одбивале да ги слушаат најјасните докази од Библијата, туку и се подбивале со оние што го чекале Господа. Сатаната и неговите ангели ликувале од радост и се смееле во лице на Христа и светите ангели, што оние кои се нарекуваат Негов народ имаат толку малку љубов кон Него и не го сакаат Неговото доаѓање.

“А за тој ден и час никој не знае”, гласел аргументот кој противниците на адвентната вера најчесто го истакнувале. Овој стих дословно гласи: “А за тој ден и час никој не знае, ниту ангелите небесни, а само Мојот Отец” (Матеј 24:36). Оние што го чекале својот Господ, го изнеле јасното и складното толкување на овој библиски текст, и злоупотребата на овие зборови од страна на нивните противници била очигледна. Овие зборови Христос ги изговорил во оној незаборавен разговор со Своите ученици на Маслиновата Гора кога последен пат излегол од храмот. Учениците Го прашале: “Каков е знакот за Твоето доаѓање и за крајот на светот?” Наведувајќи им извесни знаци, Христос нагласил: “Така и вие, кога ќе го видите сето тоа, знајте дека е близу, пред вратата” (Матеј 24:33). Една изјава на Спасителот не смее да биде прикажана така што би побила друга. Иако никој не го знае ниту денот ниту часот на Неговото доаѓање, ние сепак сме поучени, а затоа сме должни и да знаеме кога тој се приближил. Тука исто така ни се дава предупредување дека непрепознавањето на приближувањето на Христовото доаѓање поради занемарување на Неговите предупредувања за нас, исто така може да биде судбоносно, како што било судбоносно и за оние што живееле во Ноевите денови затоа што “не сетија додека не дојде потопот и однесе сè.” И параболата што е дадена во истото тоа поглавје ја истакнува спротивноста помеѓу верниот и неверниот слуга. Осудата што е изречена за оној кој во своето срце зборува: “Мојот господар уште долго нема да дојде,” најдобро покажува како Христос ги смета и како ќе ги награди оние што стражарат и го објавуваат Неговото доаѓање, а како оние кои го негираат. “Па така, бидете будни” нагласува Тој. “Блазе му на тој слуга, кого, кога ќе дојде господарот негов, го најде да постапува така” (Матеј 24:42, 46). “Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да узнаеш, кога ќе дојдам над тебе” (Откровение 3:3).

Павле зборува за оние кои Господовото доаѓање ќе ги затекне неподготвени токму затоа што и не го очекуваат. “Бидејќи вие самите многу добро знаете дека денот Господов ќе дојде така, како крадец во ноќно време. Оти, кога ќе речат: “Мир и безопасност!”, тогаш ненадејно ќе ги стигне погибел... и нема да избегнат.” Меѓутоа, мислејќи на оние што го послушале ова Господово предупредување, додава: “Но вие, браќа, не сте во темнина, та денот да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината” (1. Солунјаните 5:2-5).

Од ова јасно се гледа дека во Светите списи нема никакво оправдување за оние кои во поглед на близината на Христовото доаѓање остануваат во незнаење. Но оние кои барале само изговор за да ја отфрлат вистината, ги затвориле пред ова разјаснување и очите и ушите, и зборовите: “А за тој ден и час никој не знае” продолжиле да ги повторуваат не само дрските потсмевачи туку дури и таканаречените Христови проповедници. Кога народот се разбудил и почнал да прашува за патот на спасението, овие вероучители се поставувале помеѓу него и вистината, настојувајќи неговото стравување да го смират со лажни толкувања на Божјото Слово. Тие неверни стражари се обединиле во делото на големиот измамник, викајќи: “Мир, мир кога Бог не рекол: Мир.” Слично на фарисеите од Христовите денови многумина кои самите не влегувале во небесното царство ги спречувале и оние што сакале да влезат. Крвта на овие души ќе се бара од нивните раце.

Оние кои во црквите биле најпонизни и најпобожни, обично први ја прифаќале пораката. Оние кои Библијата ја проучувале само за себе, не можеле да не видат колку популарното мислење за пророштвата е небиблиско, и каде што народот - проучувајќи го Божјото Слово сам за себе - не давал да се подвласти под влијанието на свештенството, беше доволно адвентното учење само да се спореди со Светото писмо за да се потврди неговото божествено потекло.

Многумина биле прогонети од своите неверни браќа. Некои, за да ја задржат својата положба во црквата, се согласиле да не зборуваат јавно за својата надеж; други пак мислеле дека верноста кон Бога им забранува вистината што самиот Тој им ја доверил, на тој начин да ја скриваат. Не бил мал бројот на оние кои биле исклучени од членството на црквата само затоа што ја изразиле својата вера во Христовото доаѓање. На оние што го поднеле искушувањето на својата вера, биле скапоцени зборовите на пророкот: “Вашите браќа, кои ве мразат и кои ве гонат заради Моето име, велат: ’Нека се јави Господ во Својата слава, па ќе ја видиме вашата радост’. Но тие ќе бидат посрамени” (Исаија 66:5).

Божјите ангели со најголемо интересирање очекувале да го видат исходот од ова предупредување. Кога црквите, општо земајќи, ја отфрлиле пораката, ангелите со тага се свртиле од нив. Меѓутоа, имало многу од оние што во поглед на верата во Христовото доаѓање сè уште не биле ставени на проба. Многумина, заведени од својот брачен другар, од родителите или од децата, верувале дека е грев дури и да се слуша таквата ерес каква што ја проповедале адвентистите. На ангелите им било наредено будно да бдејат над таквите, зашто требало нова светлина од Божјиот престол да ја осветли нивната патека.

Оние што ја прифатиле оваа порака со неискажлив копнеж ја очекувале појавата на својот Спасител. Времето кога очекувале дека најпосле ќе се сретнат со Него било пред вратата. Кон овој час се приближувале мирно и свечено. Одржувањето на слатката заедница со Бога за нив претставувало залог на мир, кој во идната слава ќе им падне на дел. Никој од оние што лично ја искусиле оваа надеж и оваа сигурност не може да ги заборави оние прекрасни часови на очекување. Неколку седмици пред да настапи одреденото време, многумина од нив ги оставиле сите земни работи. Искрените верници грижливо ја преиспитувале секоја мисла и секоја желба на своето срце како да лежат на својата претсмртна постела, и како за неколку мига ќе мораат да ги затворат своите очи за сè што е на овој свет. Не се шиеле “облеки за вознесување” (Види додаток), но сите чувствувале потреба за внатрешно осведочување дека се подготвени за средба со Спасителот; нивната бела облека била чистотата на душата - карактер исчистен од гревот со Христовата крв. О, кога оние што тврдат дека се Божји народ сè уште би имале таков дух на самоиспитување, таква сесрдна и решителна вера! Кога би продолжиле да одат во таква понизност пред Господа и своите молитви на таков начин да ги упатуваат кон престолот на милоста, би имале далеку поскапоцено искуство отколку што имаат сега. Премалку се молитви, премалку искрено осведочување за гревот, а недостигот од жива вера многумина ги лишува од милоста што нашиот Откупител толку изобилно ја дава.

Бог сакал Својот народ да го провери. Неговата рака засолнила една грешка во пресметувањето на временските периоди споменати во пророштвото. Адвентистите не ја откриле оваа грешка, ниту ја откриле нивните најучени противници. Овие последните зборувале: “Вашето пресметување на пророчките периоди е правилно. Некои големи настани ќе настапат во најскоро време; но тоа не е она што го најавува господинот Милер; тоа е обратување на светот, а не второто Христово доаѓање.” (Види додаток).

Времето на очекување поминало, а Христос не се појавил да го ослободи Својот народ. Оние што со искрена вера и љубов го очекувале својот Спасител доживеале горчливо разочарување. Меѓутоа, Божјата намера сепак се остварила. Тој ги испитал срцата на оние што тврделе дека го очекуваат Неговото доаѓање. Меѓу нив имало и многу такви кои не биле покренати со никакви повозвишени побуди, туку само од страв. Нивното исповедување на верата немало никакво позитивно влијание на нивното срце и живот. Кога очекуваниот настан не се случил, тие изјавиле дека не се разочарани, тие и не верувале дека Христос ќе дојде. Тие беа меѓу првите што ја исмевале болката на искрените верници.

Но Исус и сите небесни чети со љубов и сочуство гледале на овие испробани па сепак разочарани верници. Кога би можел да се подигне превезот што го дели видливиот од невидливиот свет, тогаш би можеле да се видат ангелите како уште поблиску им приоѓаат на овие непоколебливи души и како ги штитат од стрелите на сатаната.