Големата борба помеѓу Христа и сатаната

17. Утрински предвесници

Една од најславните и највеличествените вистини откриени во Библијата е вистината дека Христос повторно доаѓа, големото дело на откупението да го приведе кон крај. На Божјиот народ, како дојденец и патник, кој толку долго мора да патува низ “долината на смртната сенка”, дадена му е скапоцена и радосна надеж во ветувањето дека Оној Кој претставува “воскресение и живот” повторно ќе дојде за “изгнаниците да ги врати во татковината.” Учењето за второто Христово доаѓање, претставува всушност клучен текст во Светите списи. Почнувајќи од денот кога првиот човечки пар со жално срце исчекорил од Едем, децата на верата го чекале доаѓањето на Ветениот, Кој ќе ја скрши уривачката сила на непријателот и повторно ќе ги врати во изгубениот рај. Светите луѓе од далечното минато, во славното доаѓање на Месијата, гледале исполнување на своите надежи. Уште Енох, седми потомок на оние што живееле во Едем, и кој повеќе од триста години одел постојано според Божја волја, ја имал таа чест оддалеку да го види доаѓањето на Ослободителот. “Ете,” рекол тој, “иде Господ со илјадници Свои свети ангели, за да им суди на сите” (Јуда 14, 15). А патријархот Јов, во ноќта на своите маки извикал со непоколеблива сигурност: “Но јас знам, Откупителот мој е жив, и Тој на крајот ќе застане над правот... и јас во телото мое ќе го видам Бога. Јас сам ќе Го видам, моите очи не очите на друг” (Јов 19:25-27).

Христовото доаѓање, како вовед во неминливото царство на Неговата правда, ги инспирирало светите писатели за тоа да зборуваат со највозвишени и највозбудливи зборови. Библиските поети и пророците пишувале за тоа со зборови што гореле со небесен жар. Пеејќи за силата и величественоста на Израeлскиот Цар, Псалмистот вели: “Од Сион, кој е врв на убавината, ќе се појави Бог, иде нашиот Бог, и ќе прозбори... Одозгора Он ќе ги повика небото и земјата, за да му суди на Својот народ” (Псалм 50: 2-4). “Веселете се, небеса, и радувај се земјо!... зашто доаѓа, зашто доаѓа да с суди на земјата: Ќе му суди на светот со правда и на народите според Својата вистина” (Псалм 96, 11.13).

Пророкот Исаија пишува: “Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте вие, соборените во прав, зашто Твојата роса, е роса на растенијата; и земјата ќе ги исфрли мртовците.” “Смртта ќе биде проголтана засекогаш, ќе ги избрише Господ Бог солзите од сите лица, и ќе го симне срамот од Својот народ во целата земја, зашто така вели Господ. И ќе речат во тој ден: Ете Он е нашиот Бог! На него се надевавме, и Он нè спаси! Он е Господ; Него го чекавме, да се возрадуваме и развеселиме за спасението од Него” (Исаија 26:19; 25:8, 9).

И Авакум, во занес од светата визија, го набљудувал Неговото доаѓање: “Бог дојде од Теман, и Светецот од гората Фаран. Неговото величество ги покри небесата, и Неговата слава ја исполни земјата. Болскотот му е како сончева светлина, зраци светкаат од Неговите раце, и тука е скривалиштето на Неговата сила... Тој стана и земјата се затресе; погледа и во трепет ги доведе народите; одамнешни планини се распаднаа, првобитните ридови се урнаа, но патиштата Негови се вечни... Па си седнал на Своите коњи, на победничките бојни коли... Кога Те видоа, планините затреперија... бездната го пушти својот глас. Сонцето и Месечината застанаа на своето место пред болскотот на вперените Твои стрели, пред светкањето на сјајните Твои копја... Ти излегуваш за спасение на Твојот народ, за спасение на помазаникот Свој” (Авакум 3:3-13).

И самиот Спасител Своите ожалостени и загрижени ученици, непосредно пред разделбата со нив, ги тешел со уверувањето дека пак ќе дојде: “Да не се плаши вашето срце. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење... Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам, и ви приготвам место, пак ќе дојдам и ќе ве земам вас при Себе” (Јован 14, 1-3). “А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава, и ќе се соберат пред Него сите народи” (Матеј 25:31, 32).

Ангелите кои по Христовото вознесение на небото останале со Неговите ученици на Маслиновата Гора, им го повториле ветувањето за Неговото повторно доаѓање: “Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин, како што Го видовте да оди на небото” (Дела 1:11). А апостол Павле, зборувајќи под вдахновение на Светиот Дух, сведочи: “Бидејќи Сам Господ со заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото” (1. Солунјаните 4:16). Додека пророкот од Патмос восхитен вели: “Ете, иде со облаците, и ќе Го види секое око” (Откровение 1:7).

Околу Неговото доаѓање се сконцентрирани највеличествените настани во обновата на нашата планета - воспоставување на с# “што Бог беше рекол преку устата на сите Свои пророци од создавањето на светот” (Дела 3,21). Тогаш дефинитивно ќе биде скршена долготрајната власт на злото; сите царства на овој свет ќе станат, “царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос и Тој Ќе царува во сите векови” (Откровение 11:15). “Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види.” “Господ ќе направи да никне правдата и пофалбата пред сите народи.” “Во тој ден Господ над војските ќе биде “сјаен венец и славна круна за остатокот од Својот народ” (Исаија 40:5; 61:11; 28:5).

Тогаш долго очекуваното царство на Месијата, царството на мирот ќе биде воспоставено под целото небо. “Така, Господ ќе го утеши Сион, ќе ги утеши сите негови урнатини и ќе ги направи неговите пустини како рај и неговите степи - како Господова градина.” “Славата на Ливан ќе му се даде, великолепието на Кармил и Сарон.” “Не ќе те нарекуваат веќе Оставена, ни твојата земја Запустена, туку ќе те викаат Моја Милина, а твојата земја - Венчана.” “Како што младоженецот и се радува на невестата, така твојот Бог ќе ти се радува тебе.” (Исаија 51:3; 35:2; 62:4, 5).

Христовото доаѓање во сите векови било надеж на Неговите вистински следбеници. Ветувањето “Пак ќе дојдам”, што Спасителот лично го изговорил при разделбата со учениците на Маслиновата Гора, ја осветлувало иднината на Неговите следбеници и нивните срца ги исполнувало со радост и надеж, што никакава тага не можела да ја изгаси, ниту искушенијата да ги затемнат. “Славното јавување на нашиот Семоќен Бог и Спасител, Исус Христос,” претставувало “блажена надеж” за верниците и во најтешките неволји и прогонства (Тит 2:13). Кога солунските христијани тагувале погребувајќи ги своите драги покојници кои се надевале дека живи ќе го дочекаат повторното доаѓање на својот Господар, Павле тешејќи ги, ги насочувал нивните мисли на воскресението, што ќе се случи при второто Христово доаѓање. Тогаш сите оние што умреле во Христа ќе воскреснат заедно со живите и ќе бидат земени во средба со Господ во воздухот. “И така”, кажува тој, “засекогаш ќе бидеме со Господа. Затоа, утешувајте се еден друг со овие зборови” (1. Солунјаните 4:16- 18).

На карпестиот Патмос, омилениот ученик го слушнал потврдувањето на ова ветување: “Да, ќе дојдам скоро!” а неговиот одговор полн со копнеж: “Да, дојди, Господе Исусе”, ја изразува молитвата на Заедницата низ сите времиња на нејзиното постоење како придојдени и гости на овој свет (Откровение 22:20).

Од затворите, кладите, и губилиштата, каде што светите и мачениците храбро сведочеле за вистината, одекнува низ вековите овој ист израз на вера и надеж. “Цврсто осведочени дека Христос навистина воскреснал, и дека според тоа и нив ќе ги повика од гробот при Своето второ доаѓање”, еден од таквите христијани рекол дека “тие ја презреле смртта и се издигнале над неа.” - Т. Тејлор, (Daniel T. Taylor) Глас на црквите во сите векови стр. 33. Биле готови да слезат во гроб за да можат од него “да излезат слободни” во мигот на воскресението. - Исто, стр. 54. Сите тие очекувале “на облаците да дојде Господ во славата на Неговиот Татко” и да “настапи времето светите да го преземат царството.” Истата вера ја негувале и Валденжаните. - Исто, стр. 129-132. Виклиф доаѓањето на Спаистелот го сметал за надеж на црквата. Исто, стр. 132-134.

Лутер рекол: “Јас навистина сум уверен дека судниот ден не може да се одложува ниту полни триста години. Бог нема и не може и понатаму да го трпи овој безбожен свет.” “Се приближува големиот ден кога царството на гнасотијата ќе биде уништено.” - Исто, стр. 158. 134.

“Овој остарен свет не е далеку од својот крај”, рекол Меланхтон. Калвин ги повикува христијаните “да не се двоумат и топло да го посакуваат Христовото доаѓање како најсреќен од сите денови”, и кажува “дека целото семејство на верници пред своите очи секогаш го имало токму тој ден.” “Мораме да бидеме желни за Христа”, рекол тој, “да копнееме за Него, да Го очекуваме, сè додека не осамне овој голем ден, кога нашиот Господ потполно ќе ја открие славата на Своето царство.”- Исто, 158.134 стр.

“Нели нашиот Господ Исус се вознел на небото во човечки облик?” истакнувал Нокс, шкотскиот реформатор, “и зарем нема пак да дојде? Ние знаеме дека Тој пак ќе дојде и тоа со придружба на безброј ангели.” Ридли и Латимер, кои ги положиле своите животи за вистината, исто така со вера го чекале Господовото доаѓање. Ридли пишувал: “Светот несомнено - јас во тоа верувам и затоа тоа и го тврдам - се приближува кон својот крај. Да извикаме во своето срце заедно со Божјиот слуга, Јован: “Да, дојди, Господе Исусе!” - Исто, стр. 151. 145.

“Скапоцената мисла за Господовото доаѓање”, вели Бакстер, “помила ми е од сè друго.” - Ричард Бакстер, Дела, I, 555 стр. “Дело на верата и карактер на Неговите свети е да го сакаат Неговото доаѓање и желно да го очекуваат остварувањето на таа блажена надеж.” “Ако смртта е последниот непријател кој со воскреснувањето ќе биде уништен, тогаш можеме да сфатиме со колкава сесрдност, молитва и копнеж, верниците треба да го посакуваат второто Христово доаѓање кога и оваа последна победа ќе биде извојувана.” - Исто, I, 500 стр. Тоа е ден кој сите верни со надеж и копнеж треба да го очекуваат како ден кога во потполност ќе се оствари нивното откупување и сите желби и стремежи на нивните души.” “Побрзај, о Господе, со овој благословен ден.” - Исто, I, 182 стр. Тоа било надеж на Апостолската црква, на “црквата во пустината” и на сите реформатори.

Пророштвото го претскажува не само начинот и целта на Христовото доаѓање, туку ги дава и знаците по кои може да се знае дека тој настан е блиску. Исус рекол: “И ќе има знаци на Сонцето, на Месечината и на ѕвездите” (Лука 21:25). “Сонцето ќе потемни и Месечината нема да ја дава својата светлина. И небесните ѕвезди ќе попаѓаат и силите што се на небото ќе попуштат. И тогаш ќе Го видат Синот Човечки, како иде на облаци со голема слава и сила” (Марко 13:24-26). А Јован во Откровението, првите знаци што ќе му претходат на второто Христово доаѓање ги опишува вака: “Настана голем земјотрес, и Сонцето стана како вреќа од кострет, и Месечината стана како крв” (Откровение 6:12).

Овие знаци се забележани пред почетокот на деветнаесеттиот век. Како исполнување на ова пророштво во 1755 година се случил најстрашниот земјотрес кој кога и да било се случил во историјата на Земјата. Иако повеќе е познат како “земјотресот во Лисабон”, тој зафатил поголем дел од Европа, Африка и Америка. Се почувствувал на Гренланд, во Западна Индија и на островот Мадера, во Шведска и во Норвешка, во Велика Британија и во Ирска. Опфатил површина повеќе од шест милиони квадратни километри. Во Африка потресот имал сила речиси исто како во Европа. Поголемиот дел на Алжир бил разорен, а недалеку од Мароко една населба со осум до десет илјади жители, била проголтана од земјата. По должината на бреговите на Шпанија и Африка еден огромен бран поплавил цели градови, оставајќи зад себе страшен пустош.

Во Шпанија и Португалија потресот бил најразорен. Кадис го заплискал бран за кој очевидците кажуваат дека бил висок речиси дваесет метри. Планините - “најголеми во Португалија биле жестоко, речиси од темел растресени; врвовите на одделни планински масиви се распукале и на чудесен начин се распарчиле, при што огромни парчиња од карпи биле фрлени во околните долини. Се зборува дека од тие планини избувнал пламен.” - Ч. Лајел, (Sir Charles Lyell) Принципи на Геологијата, 495 стр.

Во Лисабон “се слушнал подземен татнеж, а веднаш потоа еден силен удар го срушил поголемиот дел на градот. За шест минути загинале шеесет илјади луѓе. Морето најнапред се повлекло оставајќи зад себе сув песочен брег; а потоа со страшен налет се вратило назад, подигнувајќи се преку петнаесет метри над своето вообичаено ниво.” “Покрај другите дотогаш невидени настани што за време на овие катастрофи се случиле во Лисабон, се споменува и потонувањето на новоизградениот пристанишен кеј, кој со огромни средства бил изграден од мермер. На тоа место се собрало огромно мноштво на луѓе, мислејќи дека тука, надвор од дофатот на урнатините што паѓале, ќе најдат посигурно засолниште; меѓутоа, кејот одненадеж потонал заедно со огромното мноштво луѓе што се нашле на него, и ниедно мртво тело никогаш не испливало на површината.” - Исто, 495 стр.

“За време на ударот на земјотресот настапило моментално уривање на сите цркви, манастири, на речиси сите јавни згради и на повеќе од една четвртина приватни куќи. Околу два часа по земјотресот, во разни делови на градот избувнале пожари, кои речиси три дена беснееле со таква жестокост што градот бил целосно опустен. Земјотресот се случил на денот на еден празник, кога црквите и манастирите биле полни со посетители, од кои малку кој се спасил.” - Американска енциклопедија, статија “Лисабон” 1831. “Стравот на народот бил неопислив. Никој не плачел; трагедијата ги надминала солзите. Луѓето трчале натаму - наваму, избезумени од страв и ужас, удирајќи се в лице и во гради, викајќи: “Мизерикордиа! (Милост, милост) Дојде крајот на светот!” Мајките ги заборавале своите деца и трчале наоколу со распетието во рацете. За несреќа многумина трчале во црквите за во нив да најдат засолниште. Залудно бил изложен сакраментот; залудно тие несреќни созданија ги прегрнувале олтарите, иконите и статуите на светците; свештениците и народот - сите заедно биле закопани во урнатините.” Се проценува дека тој кобен ден животот го загубиле околу деведесет илјади луѓе.

Дваесет и пет години подоцна се појавил и другиот знак спомнат во пророштвото - затемнување на Сонцето и Месечината. Овој знак бил дотолку повпечатлив затоа што времето на неговото појавување било точно одредено. Во разговорот со Своите ученици на Маслиновата Гора, опишувајќи го долгиот период на искушенија за црквата - 1260-те години на папските прогонства, за кои било ветено дека ќе бидат скратени, Спасителот споменува извесни настани што треба да му претходат на Неговото доаѓање и Го одредува времето кога првиот од нив ќе се појави: “Во тие дни, кажува Тој, “по тие неволји Сонцето ќе потемни, и Месечината нема да ја дава својата светлина” (Марко 13:24). Споменатите 1260 денови, или години, се завршуваат во 1798 година. Четврт век порано, прогонствата речиси сосема престанале. По овие прогонства, спрема Христовите зборови, Сонцето требало да се “затемни”. Ова пророштво се исполнило на 19 мај 1780 година.

“Речиси, ако не и сосема осамена, најтаинствената и до денес неразјаснетата природна појава од овој вид... се појавува мрачен ден на 19 мај 1780 год.” - најнеобјасливото затемнување на целото видливо небо и на атмосферата во Нова Англија.” - П. М. Дивенс, Нашиот прв век, 89 стр.

Еден очевидец од Масачусетс овој настан го опишува на следниот начин: “Сонцето изутрината излезе сјајно, но набрзо потемне. Облаците се спуштија многу ниско, а од нивната темнина злокобно светкаа молњи, се слушаа грмежи и почна да паѓа ситен дожд. Околу девет часот облаците се разредија и добија метален или бакарен изглед, а земјата, карпите, дрвјата, зградите, водата и луѓето изгледаа сосема поинаку од оваа чудна вонземнена светлина. По неколку минути, целото небо, со исклучок на тесниот венец на хоризонтот, го покри тежок црн облак, и темнината стана толку густа како што тоа обично се случува околу девет часот навечер (а ова се случувало во девет часот наутро) во летно време.

“Сè повеќе луѓето ги обземаше страв, загриженост и ужас. Жените стоеја на вратите зјапајќи во мракот што ја покри земјата, мажите се враќаа од нивите, дрводелецот го оставаше својот алат, ковачот ја напушташе својата работилница, а продавачот својата тезга. Училиштата се распуштиле и децата треперејќи бегале секое накај својот дом. Патниците се засолнуваа во најблиските куќи каде што ќе се најдеа. Најсериозното прашање: “Што ли допрва ќе биде?” - беше на сите усни и во сите срца. Се чинеше дека ураганот на пропаста само што не се истурил на земјата, или како да дошол крајот на сè.”

“По куќите беа запалени светла, а огнот од огништата светеше толку изразено како во есенски ноќи кога нема Месечина... Птиците отидоа на спиење, говедата се собраа на излезот на пасиштата и мукаа; се огласија и жабите, птиците ги пееја своите вечерни песни, а слепите лилјаци слободно летаа на сите страни. Меѓутоа, луѓето знаеа дека не е време за ноќ”...

“Др. Натанаил Витекер, (Nathanael Whittaker) пастор на евангелската црква во Салем, токму во тоа време држел проповед во која нагласил дека темнината е натприродна. Состаноци на верските Заедници се одржувале и во многу други места. Сите цитати, од вака набрзина подготвените проповеди, укажувале на неспорниот факт дека темнината се совпаѓа со библиското пророштво... Темнината била најгуста нешто по единаесет часот.” - Есекски истражувач на старини (Essex Antiquarian) април 1899. III, бр. 34, стр 53.54. Во повеќето места темнината во текот на целиот ден била толку густа што не можеле да се видат стрелките на часовникот, ниту можело да се руча, ниту пак да се извршува било каква домашна работа без запалено светло...

“Распространетоста на оваа темнина била со несфатливи размери. Од Фалмут на исток, допирала до најоддалечените делови на Конектикат и Алабама. На југ можела да се гледа долж целиот морски брег, а на север сè до каде се протегале американските населби.” - Вилјем Гордон, Историја на настанувањето и прогресот на независноста на САД III, 57 стр.

По потполно мрачниот ден, еден или два часа пред вечерта, небото делумно се разведрило, и се појавило Сонцето, иако сè уште обвиткано со црна густа магла. “По заоѓањето на Сонцето, облаците повторно надошле и брзо се стемнило.” “Темнината на оваа ноќ била исто толку страшна и необична како и во текот на одминатиот ден; иако Месечината во тоа време била речиси полна, никаков предмет не можел да се распознае без вештачко светло кое, гледано од соседните куќи или од други оддалечени места одвај се наѕирало како низ некој вид на онаа мисирска темнина опишана само во Библијата (Излез 11:21-23) низ која дури ни зраците на светлината не можеле да се пробијат.” - Исаија Томас, (Isaiah Thomas) Масачусетски извидувач, 25. мај 1798. год. Еден очевидец на оваа глетка кажува: “Не можев да се ослободам од помислата дека дури кога секое тело што свети во вселената би било обвиткано со непроѕирна темнина или да престане да постои, темнината не би можела да биде погуста.” - Писмо Др. Самуел Тениј, (Samyel Tenney) декември 1785. (објавено во Масачусетска колекција на историјата 1792. прва серија, I стр. 97). Иако Месечината таа вечер во девет часот била полна, “таа не можела ниту малку да ја растера сенката слична на смртта.” После полноќ темнината исчезнала, а кога Месечината се покажала, била црвена како крв.

Деветнаесетти мај, 1780 година е забележан во историјата како “мрачен” ден. “Од времето на Мојсеј не било забележано дека имало толку густа темнина на толкаво пространство и дека толку време траела. Описот на овој настан, како што ни го даваат очевидците, претставува само одглас на Господовите зборови, кои пророкот Јоил ги забележал две и пол илјади години пред нивното исполнување: “Сонцето ќе се преобрати во темнина, а Месечината во крв, пред да настапи великиот и страшен Господов ден” (Јоил 2:31).

Христос го предупредил Својот народ да внимава на знаците на Неговото доаѓање и да се радува кога ќе ги види знаците за доаѓањето на својот Цар. “А кога ќе почне да се случува тоа”, “гледајте и подигнете ги своите глави; зашто се приближува вашето избавување.” Укажувајќи им на Своите следбеници на дрвјата што почнале да пуштаат пупки во пролет, Тој продолжил: “Кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете дека летото е веќе близу. Така и вие, кога ќе видите дека ова се збиднува, знајте дека Божјото царство е близу” (Лука 21: 28, 30, 31).

Меѓутоа, бидејќи духот на понизноста и побожноста во црквата им го отстапил местото на гордоста и формализмот, се изладила љубовта кон Христа и верата во Неговото доаѓање. Потполно обземени со љубовта кон светот, со стремеж кон овоземните задоволства, оние што тврделе за себе дека се Божји народ, биле слепи за предупредувањата на Спасителот во врска со знаците на Неговото доаѓање. Учењето за второто Христово доаѓање потполно било занемарено; библиските цитати што се однесувале на тоа биле замаглени со погрешно толкување, сè додека во најголем дел сосема не биле игнорирани и заборавени. Тоа особено било случај со црквите во Америка. Слободата и удобноста што ја уживале сите општествени сталежи, користољубивиот стремеж кон богатството и раскошот што предизвикал сеопшта страст за заработување пари, слепото втурнување за популарност и за моќ што секому му се чинеле достапни, сето тоа ги довело луѓето сите свои интереси и надежи да ги насочат кон минливите вредности на овој живот, и оној свечен ден, кога на сегашниот поредок на настаните ќе дојде крајот, да го одложат за далечна иднина.

Кога Спасителот на Своите следбеници им укажал на знаците на Своето повторно доаѓање, ја прорекол состојбата на духовното назадување што ќе завладее непосредно пред Неговото второ доаѓање. Кога, како и во деновите на Ное, ќе се забележи жива активност во деловниот живот и стремеж за уживање; луѓето ќе купуваат, продаваат, садат, градат, ќе се женат и ќе се мажат, при што целосно ќе се заборави на Бога и на идниот живот. Христовото предупредување, наменето на оние што ќе живеат во тоа време гласи: “Само пазете се, вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и со грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно.” “Бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки “ (Лука 21:34, 36).

Зборовите на Спасителот од Откровението: “Ги знам твоите дела: имаш име дека си жив, а мртов си”, укажуваат на состојбата на црквата токму во тие денови. А за оние што не сакаат да се тргнат од својата рамнодушна сигурност, упатено им е ова свечено предупредување: “Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да дознаеш, во кој час ќе дојдам врз тебе” (Откровение 3:1, 3).

Поради тоа било неопходно да се предупредат луѓето на опасноста што им се заканува, да се разбудат и подготват за сериозните настани што се поврзани со крајот на времето на милоста и пробата. “Да, голем е Господовиот ден”, кажува пророкот, “и многу е страшен. Кој ќе го поднесе?” (Јоил 2:11). Кој ќе опстане кога ќе се покаже Оној за кој пророкот зборува: “Твоите очи се пречисти, за да гледаат зло; Ти не можеш да ги гледаш беззаконијата”; Авакум 1:13). На оние што викаат: “Те познаваме, Боже Израелев”, а во исто време го престапуваат Неговиот завет и трчаат по други богови, во своето срце кријат беззаконие и го љубат патот на неправдата - за таквите денот Господов ќе биде “темнина, а не светлина, мрак, а не сончев блесок” (Осија 8:1, 2; Псалм 16:4; Амос 5:20). “А во тоа време,” вели Господ, “Јас ќе го разгледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние кои седат на своите стражарски места и велат во срцето свое: Господ не прави ни добро ни лошо (Софонија 1:12). “Јас ќе го казнам светот за злото, безбожниците за беззаконието, ќе ја докрајчам горделивоста на горделивите, ќе ја понижам надуеноста на силниците” (Исаија 13,11). “Ни нивното сребро ни нивното злато не ќе ги спаси, во денот на Господовиот гнев!” “Нивното богатство ќе биде оставено на грабеж, нивните куќи на запустување” (Софонија 1:18, 13).

Гледајќи го во пророчка визија тоа страшно време, пророкот Еремија извикнал: “Моја утробо! Моја утробо, боледувам, срцето ми се раскинува! Душата ми трепери! Не можам да молчам, зашто го слушам гласот на рогот, бојните извици. Зло по зло, целата земја се опустошува “ (Еремија 4:19, 20).

“Тој ден е ден на гневот”, кажува Софонија, “ден на жалост и на тегоба, ден на запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив, ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули” (Софонија 1:15, 16). “Ете, Господовиот ден доаѓа лут, со гнев и пламната јарост, за да ја претвори земјата во пустина и да ги истреби од неа нејзините грешници” (Исаија 13:9).

Со оглед на овој голем ден, Божјото Слово со најсвечени и највпечатливи изрази го повикува Неговиот народ да се разбуди од своето духовно мртвило и со понизност и покајание да го бара Неговото лице. “Трубете со труба на Сион и викајте на Мојата света гора; нека треперат сите земни жители, оти настапува денот Господов, бидејќи е близу.” “Затрубете со труба на Сион, наредете пост, и објавете свечен собир. Соберете го народот, свикајте собир, поканете ги и старците, соберете ги децата и доилчињата, нека излезе младоженецот од својата одаја и невестата од својата горна одаја. Меѓу тремот и жртвеникот нека плачат свештениците, служителите на Господа... Вратете се кон Мене со сето свое срце во пост, плач и ридање. Раскинете ги срцата, а не своите облеки! Обратете Му се на Господа, вашиот Бог, зашто Тој е милостив и жалостив, бавен на гнев и полн со милосрдие и сожалува за злото.” (Јоил 2:1, 15-17, 12, 13).

Треба да се спроведе голема реформа, за да се подготви еден народ кој ќе биде во состојба да опстане во тој голем Господов ден. Бог видел дека многу од оние што тврдат дека се Негов народ, не градат за вечност и во Својата милост Тој им испраќа порака со предупредување за да ги разбуди од нивното мртвило и за да ги наведе да се подготват за Христовото доаѓање.

Оваа предупредување се истакнува во четиринаесеттото поглавје на Откровението. Овде тројната ангелска порака е прикажана така како да ја објавуваат небесни суштества, а веднаш после тоа следи доаѓањето на Синот Човечки “да го пожнее земното жито.” Првата од овие пораки го најавува часот на судот. Пророкот видел еден ангел како лета, “среде небото, кој имаше вечно евангелие, за да им го објави на жителите на Земјата, на секое племе и колено, јазик и народ. И зборуваше со висок глас: Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и Земјата, морето и водните извори” (Откровение 14:6, 7).

За оваа порака е речено дека претставува дел на “вечното евангелие.” Проповедањето на евангелието не им е доверено на ангелите, туку на луѓето. Светите ангели се употребени во управувањето со тоа дело, на нив им е доверен надзорот над големите движења преземени за спасение на човечкиот род; но вистинското проповедање на евангелието го извршуваат Христовите слуги што живеат на Земјата.

Верните луѓе кои со послушност се покоруваат на упатствата на Божјиот Дух и на учењето на Неговото Слово, биле повикани да го објават ова предупредување на светот. Тоа биле оние што внимавале на “најсигурното пророчко Слово”, како на “светило што свети на темно место, додека не осамне денот и Деница засвети во вашите срца” (2. Петрово 1:19). Тие барале знаење за Бога, повеќе отколку сите закопани богатства, сметајќи дека е “подобро да тргуваат со него отколку да тргуваат со сето сребро и злато” (Изреки 3:14). И Бог им открил големи вистини за Своето царство. “Господ е близу до оние кои се бојат од Него, ним им го открива Својот завет” (Псалм 25:14).

Учените теолози не ја разбрале оваа вистина, ниту тие ја објавувале. Кога би биле верни стражари, и кога трудољубиво и со молитва би ги проучувале Светите списи, тие би знаеле кое е времето на ноќта, пророштвата би им ги откриле настаните кои тукушто се одигрувале. Но тие не постапувале така, и пораката им била доверена на понизните луѓе. Исус рекол: “Одете дури има светлина, за да не ве опфати мракот” (Јован 12:35). Оние што го свртуваат лицето од светлината што Бог им ја дава, или што ќе пропуштат да ја бараат и ценат додека им е на дофат, ќе бидат оставени во темнина. Меѓутоа, за оние што сакаат да одат по Него, Спасителот кажува дека “нема да одат во темнина, а ќе имаат светлина во животот” (Јован 8:12). Било кој, што со искрено срце се стреми да ја врши Божјата волја и да живее според светлината што веќе му е дадена, ќе прими уште поголема светлина; на таквата душа ќе и биде испратена ѕвезда со небесен сјај за да ја упати во секоја вистина.

Во времето на првото Христово доаѓање свештениците и книжниците на светиот град, луѓе на кои им биле доверени светите пророштва на Божјото Слово, можеле да ги препознаат знаците на времето и први да го објават доаѓањето на Ветениот. Пророштвото на Михеј јасно го означило местото на Неговото раѓање; Даниел точно го утврдил времето на Неговото доаѓање (Михеј 5:2; Даниел 9:25). И двете пророштва Бог им ги доверил на еврејските старешини; и тие со ништо не можеле да се оправдаат, затоа што не знаеле и што не му објавиле на народот дека дошло времето за доаѓањето на Месијата. Нивното незнаење било само последица на грешната немарност. Евреите, понижувајќи се пред световните владетели, им оддавале почест на слугите на сатаната и ним на верност им се заколнувале. Обземени со своето честољубие и со борбите за положба и власт меѓу луѓето, сосема од вид ги изгубиле божествените почести што им ги понудил Царот на небото.

Токму тие водечки луѓе во Израелот биле должни со длабоко стравопочитување и со најголем интерес да ги изучуваат пророчките записи кои точно ги најавуваат местото, времето и околностите на големиот настан во историјата на светот - доаѓањето на Божјиот Син да го откупи и спаси човечкиот род. Требало целата нивна нација будно да го очекува тоа и да биде меѓу првите што ќе Го поздрават Откупителот на светот и ќе Му посакаат добредојде. Но, за жал, во Витлеем двајца уморни патници, кои пешки дошле дури од ритчињата на Назарет, по целата должина на тесната улица се до источниот крај на градот, напразно се обидувале да најдат катче за одмор и преноќиште. Ниедна врата за нив не била отворена. Во една бедна штала подигната за стока најпосле нашле преноќиште, и тука се родил Спасителот на светот.

Небесните ангели ја виделе славата што Божјиот Син ја делел со Отецот уште пред создавањето на светот, и тие Неговото доаѓање на земјата го очекувале со најголемо интересирање, како најрадосен настан за сите народи на светот. На ангелите им било доверено оваа радосна вест да ја објават на оние кои биле подготвени да ја примат, и полни со среќа и воодушевување да ја пренесат на жителите на земјата. Земајќи на Себе човечка природа, Христос длабоко се понизил; Тој требало да ја поднесе и неизмерната тежина на страдањата, и Својата душа да ја положи како откуп за гревот; но ангелите сепак сакале Синот на Севишниот дури и во Своето понижување да се појави пред луѓето овенчан со достоинство и слава која му доликува на Неговото име. Ќе сакаат ли великаните од овој свет да се соберат во престолнината на Израелот за да го поздрават Неговото доаѓање? Ќе сакаат ли легиите ангели да им Го претстават на оние што ја очекуваат Неговата појава?

Еден ангел се спуштил на Земјата да види кој сè е подготвен да го поздрави Исуса. Но не забележал никакви знаци на очекување. Не слушнал ниту еден глас на благодарност кон Бога што долго очекуваниот Месија бил на пат да се појави. Ангелот извесно време висел во воздухот над избраниот град и над храмот во кој божествената присутност со векови се откривала, но и тука владеела истата рамнодушност. Свештениците гордо и во сјај принесувале во храмот осквернавени жртви. Фарисеите гласно и упадливо му се обраќале на народот или на ќошињата на улиците ги изговарале своите фаленички молитви. Во царските палати, во Собранијата на мудреците, во школите на рабините, владеела истата рамнодушност во однос на чудесниот факт што целото небо го исполнил со благодарност и радост - фактот дека Спасителот на човештвото само што не се појавил на Земјата.

Немало никаков знак дека Христос се очекува, ниту било какви подготовки за дочек на Кнезот на животот. Изненаден, небесниот весник штотуку се подготвувал со срамниот извештај да се врати на небото, кога забележал една група на пастири што таа ноќ стражареле покрај своето стадо и кои, набљудувајќи го ѕвезденото небо, длабоко размислувале за пророштвото дека Месијата ќе дојде на Земјата и копнееле за доаѓањето на Спасителот на светот. Тие неколкумина луѓе биле подготвени да ја примат веста испратената од небото. Ним одненадеж им се појавил Господовиот ангел и им ја објавил неизмерно радосната вест. Небесната слава ја осветлила целата низина, потоа се појавиле безбројно многу ангели и, како радоста за еден весник да била преголема сам да ја објави, мноштво ангелски гласови ја запеале песната која еден ден ќе ја пеат сите спасени од сите народи: “Слава на Бога на височините, а на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја!” (Лука 2:14).

О, какви ли поуки за нас во овој опис на чудесните настани во Витлеем! Каков укор претставува ова за нашето неверување, за нашата гордост и духовна вообразеност! Какво предупредување за опасноста која и нам ни се заканува: рамнодушноста што постои денес да нè не направи неспособни да ги разликуваме знаците на времето, и поради тоа, и ние да не го препознаеме денот на својата посета.

Меѓутоа, ангелите нашле луѓе кои будно го очекувале доаѓањето на Месијата, не само меѓу скромните овчари на брекчињата на Јудеја. И во незнабожечките земји имало луѓе кои исто така Го чекале; тоа биле учени, богати и благородни филозофи, мудреци од Исток. Проучувајќи ја природата, овие мудреци го запознале Бога по делата на Неговите раце. Од еврејските Свети списи дознале за пророштвото за ѕвездата која ќе излезе од Јакова и желно го очекувале доаѓањето на Ветениот, Кој ќе биде “слава не само за Израелците”, туку и “светлина на незнабошците, и да биде спасение до крајот на земјата” (Лука 2:52. 32; Дела 13:47). Тие копнееле за светлина, и светлината од Божјиот престол го осветлувала патот по кој требало да поминат. Додека ерусалимските свештеници и рабини, како од Бога одредени чувари и толкувачи на вистината, биле обвиткани во мрак, небото испратило ѕвезда да ги води овие странци од далечните незнабожечки земји токму до местото на раѓањето на новородениот Цар.

Исто така Христос и при Своето второ доаѓање “ќе се јави без грев, а за спасение на оние кои Го очекуваат” (Евреите 9:28). Слично на веста за Христовото раѓање, ниту пораката за Неговото повторно доаѓање не им била доверена на верските водачи на народот. Тие ја прекинале својата врска со Бога и ја отфрлиле светлината испратена од небото; поради тоа и не припаѓаат на бројот на оние за кои Павле пишува: “Но вие, браќа, не сте во темнина, та Денот да ве затече како крадец. Бидејќи сите вие сте синови на светлината и синови на денот; ние не сме синови на ноќта, ниту на темнината” (1. Солунјаните 5:4, 5).

Стражарите на ѕидовите на Сион биле должни први да ја прифатат радосната вест за доаѓањето на Спасителот, први да го објават Неговото приближување, први да го предупредат народот да се подготви за Неговото доаѓање. Меѓутоа, тие заспале на стражарското место, сонувајќи за мир и сигурност, додека народот спиел во своите гревови. Исус Својата црква ја видел како неродна смоква, покриена само со лисја на растурлива самофалба, но без драгоцениот род. Таа се гордеела со надворешниот изглед на побожност и верските церемонии, но и недостасувал дух на понизност, покајание и вера - што единствено би можеле да направат нејзината служба да му биде угодна на Бога. Наместо плодови на Духот се покажала гордост, формализам, фалење, себичност и насилство. Назадувајќи сè повеќе, црквата ги затворила своите очи и пред знаците на времето. Бог не ја напуштил, а не и ја скратил ниту Својата наклоност; туку таа отстапила од Него и се одделила од Неговата љубов. Бидејќи не ги исполнила поставените услови, ниту Бог не можел да ги исполни дадените ветувања.

Ако светлината и од Бога дадените предности не се ценат и не се искористат, последиците од тоа се неизбежни. Ако црквата не го прифати секој зрак на светлина што Бог во Своето провидение и го дава, и ако не изврши сè што ќе и се открие како должност, верата неизбежно се претвора во обичен формализам, а духот на живата побожност исчезнува. Ова повеќепати се повторило во историјата на црквата. Бог од Својот народ бара дела на вера и послушност, дела што одговараат на примените благослови и предности. Послушноста бара жртва и подготвеност да се носи крстот; и тоа е причината што многу таканеречени Христови следбеници одбиваат да ја примат светлината која им ја праќа небото и поради тоа, слично на Евреите во старо време, не се во состојба да го препознаат времето на својата посета (Лука 19:44). Поради нивната гордост и неверувањето, Господ поминува покрај нив и Својата вистина им ја открива на оние кои, како витлеемските пастири и мудреците од Исток, внимаваат на секој зрак на светлината што им е дадена.