Големата борба помеѓу Христа и сатаната

16. Предци на американските дојденци

Англиските реформатори, иако се одрекле од римокатоличкото учење, задржале многу негови облици. На тој начин Англиската државна црква, иако го отфрлила авторитетот и официјалната вероисповед на Рим, сепак во своето богослужение внела многу негови обичаи и обреди. Обично се тврдело дека тие и таквите формалности не се прашања на совеста; иако Светите списи изрично не ги пропишуваат, па според тоа не се ни битни; сепак, бидејќи не се забранети, се мислело дека суштински не се ниту штетни. Нивното одржување наводно имало за цел да се намали јазот кој протестантските цркви ги дели од Рим; и обично се нагласувало дека на тој начин римокатолиците полесно ќе ја прифатат протестантската вера.

За конзервативците и за оние што се за компромис, овие причини изгледале логични. Но постоеле и други кои не мислеле така. Самиот факт, дека овие обичаи “имале за цел да го премостат јазот помеѓу Рим и реформацијата,” (Мартин, V, стр. 22), за нив претставувал доволна причина да не ги прифатат. Тие во нив виделе знак на ропство од кое штотуку се ослободиле и во кое во никој случај не сакале да се вратат. Сосема логично заклучиле дека Бог во Своето Слово одредил правила за богослужение и дека луѓето тука немаат право било што да додаваат или одземаат. И самиот почеток на големото отпадништво во христијанството се состоел токму во настојувањето Божјиот авторитет да се дополни со авторитетот на црквата. Рим почнал да го налага она што Бог не го забранувал, и на крајот дошол дотаму што го забранувал она што Бог изрично го наредувал.

Многумина најусрдно сакале да се вратат на чистотата и едноставноста на првата христијанска црква. Тие во многу обичаи на Англиската црква виделе споменици од идолопоклонството, и совеста не им дозволувала да го прифатат нејзиното богослужение. Меѓутоа, црквата поддржувана од државниот авторитет не дозволувала никакво несогласување со нејзините обичаи. Според граѓанскиот закон било задолжително да се присуствува на црковното богослужение, а недозволените верски собири биле забранувани со закана на казна затвор, прогонство и смрт.

На почетокот на седумнаесеттиот век, тогашниот владетел, кој штотуку седнал на англискиот престол, најрешително изјавил дека пуританците ќе ги присили “или да се приспособат... или ќе ги протера од земјата, или ќе направи нешто уште и полошо.” - Г. Б. (George Bancroft) Историја на САД, II, 12 поглавје. Прогонувани, мачени, затворани и не гледајќи дека нешто подобро ги чека и во иднина, многумина дошле до осведочување дека за оние што сакаат да Му служат на Бога според сопствената совест, “Англија засекогаш престанала да биде место на живеење.” - Ј. Г. П. (J. G. Palfrey) Историја на нова Англија, III, пар. 43. Некои решиле да побараат прибежиште во Холандија. Ги очекувале тешкотии, материјална беда и заточеништво. Нивните намери биле спречувани, ги предавале на непријателите, но нивната непоколеблива истрајност сепак победила и тие најпосле нашле засолниште на гостољубивите брегови на Холандската република.

Бегајќи да го спасат голиот живот, тие ги оставале своите куќи и имоти и сите средства за живот. Како странци и придојденици во туѓа земја, меѓу народ со друг јазик и обичаи, биле присилени да прифаќаат нови и за нив дотогаш непознати занимања, за да го заработат насушениот леб. Средовечните луѓе кои својот живот го поминале во обработување на земјата, сега морале да учат некој занает. Но тие, новонастанатата ситуација ја прифатиле со радост и не го губеле времето во безделничење, незадоволство и негодување. Иако често мачени од сиромаштијата, сепак му благодареле на Бога за благословите со кои сè уште ги опсипувал и се радувале што непречено и во мир можеле да ја одржуваат својата духовна заедница со Бога. “Знаеле дека овде се само придојденици, и не обѕрнувајќи се многу на тоа, го насочувале својот поглед кон небото, својата најмила татковина и со тоа се тешеле.” - Г. Б. Историја на САД, I, погл. 12. пар 15.

Прогонството и тешкиот живот само уште повеќе ја зацврстувале нивната љубов и вера. Тие верувале во Божјите ветувања и Тој не ги заборавал во моментите кога имале потреба. Неговите ангели биле покрај нив за да ги храбрат и помагаат. А кога Божјата рака им го покажала патот преку морето, во земјата каде можеле да основаат своја држава, и на своите деца да им осигураат драгоцено наследство на верска слобода, тргнале без двоумење по патеката на Провидението.

Бог дозволил овие припадници на Неговиот народ да поминат низ такви искушенија, за да ги подготви за исполнување на Своите најдобри намери што ги имал за нив. Заедницата била изложена на понижување за да можела да се воздигне.

Бог токму во тоа време имал намера да ја покаже Својата сила во нејзина корист, за на светот да му даде уште еден доказ дека Тој никогаш не ги заборава оние што се надеваат на Него. Тој така управувал со настаните што сатанскиот гнев и заговорот на злите луѓе само ја издигнале Неговата чест, а Неговиот народ го довеле на сигурно место. Прогонството и изгнанствата го отвориле патот на слободата.

Прво што направиле кога биле присилени да се одделат од Англиската црква, пуританците меѓусебно свечено се заветувале дека како слободен Божји народ “сложно ќе одат по патот што Тој им го открил, и ќе прифатат сè што Тој дополнително ќе им открие.” - Џ. Браун, (J. Brown) Татковци на придојдените, 74 стр. Овде навистина бил вистинскиот дух на реформата, животниот принцип на протестантизмот. Со таква цел сите придојденици ја напуштиле Холандија за во Новиот свет да ја најдат својата татковина. Нивниот проповедник, Џон Робинсон, што по Провидението бил спречен да појде со нив, им рекол на прогонетите во својот проштален говор:

“Браќа, ние сега ќе се разделиме и само Бог знае дали ќе доживеам некогаш да ги видам вашите лица. Но, било да се видиме во овој живот или не, јас ве заколнувам пред Бога и Неговите свети ангели, да не ви бидам јас поголем пример, отколку што мене ми беше Христос. Ако Бог преку некое друго орудие ви открие нешто друго, бидете секогаш подготвени тоа да го примите исто така како што ја примивте вистината со посредство на мојата служба; длабоко сум осведочен дека Господ има уште вистини и светлини што треба да заблескаат од Неговото Свето Слово.” - Мартин, (Martyn) V, 70 стр.

“Што се однесува до мене, јас не можам да престанам да ја оплакувам состојбата на реформираните цркви што во верата дошле до одреден степен и не сакаат да одат понатаму отколку што дошле оние кои како орудие на реформацијата биле основачи на нивните движења. Лутераните не можат да се натераат да одат понатаму од она што Лутер можел да го види во своето време... а калвинистите, гледате, стојат таму каде што ги оставил тој голем Божји човек кој сепак не можел да види сè. Тоа е несреќа која не може да се прежали; зошто иако овие луѓе во своето време претставувале запалени и сјајни светилки, сепак тие не проникнале во сите Божји совети; меѓутоа, кога денес би живееле, тие секако би биле подготвени да примат и нова светлина, исто така како што тогаш биле расположени да ја примат тогашната.” - Д. Нил (D. Neal) Историја на пуританците, I, 269 стр.

“Не заборавајте на заветот на својата црква со кој сте се обврзале дека ќе се држите до сите Господови патишта што досега сте ги запознале и кои сè уште ќе ги запознавате. Сеќавајте се на своите ветувања и на заветот со Бога и на своето меѓусебно заветување дека ќе го примите секој нов зрак на светлина и секоја вистина која уште ќе ви се открие од Неговото напишано Слово, но притоа внимавајте што примате како вистина, ве проколнувам вас. Пред да примите некое ново учење како вистина, споредувајте го и мерете го со другите текстови на Светите списи, зашто не е можно христијанскиот свет, кој штотуку излегол од толку густа антихристијанска темнина, одеднаш да дојде до потполно сознание.” - Мартин, V, стр. 70, 71.

Копнежот за слобода на совеста, ги инспирирал овие придојденици храбро да ги поднесат опасностите на долгиот пат преку морето, да ги издржат тешкотиите и опасностите на дивината и со Божји благослов на бреговите на Америка да ги положат темелите на една силна нација. Но, иако биле честити и богобојазливи, овие придојденици не го сфатиле во потполност големото начело на верската слобода. Не биле подготвени слободата, за која самите поднеле толку жртви, исто така рамноправно да им ја гарантираат и на другите. “Малкумина од нив и меѓу најславните мислители и моралисти на седумнаесеттиот век имале правилни поими за она големо начело земено од Новиот завет, со кое Бог се признава за единствен меродавен да одлучува за верата на еден човек.” - Исто, V, 297 стр. Учењето дека Бог и дал право на црквата да владее над совеста и да го казнува она што самата ќе го прогласи за ерес, претставува најдлабоко вкоренета папска заблуда. Овие реформатори, иако ја отфрлиле римската вероисповед, сепак наполно не се ослободиле од неговиот дух на нетрпеливост. Густата темнина со која папството, во текот на повеќевековната доминација, го обвиткала христијанството, сè уште не била наполно растерана. Еден од главните проповедници на колонијата Масачусетс, Беј, рекол: “Толеранцијата направила светот да стане антихристијански; и црквата никогаш не направила зло казнувајќи ги кривоверците.” - Исто, V, 335 стр. Доселениците го прифатиле правилото дека право на глас имаат само членовите на црквата. Била основана, некој вид, државна црква, во која секој морал да дава придонес за издржување на свештенството, а судиите биле овластени да го прогонуваат “кривоверството”. Така световната власт била во рацете на црквата. Прогонството - како неизбежна последица на таквите мерки, набрзо се појавило и тука.

Единаесет години по основањето на првата колонија, во таканаречениот Нов свет дошол и Роџер Вилијамс. Како и првите дојденци и тој дошол да ужива во слободата на верата. Но за разлика од нив тој сметал - што виделе малку од нив во неговото време - дека таа слобода е неотуѓиво право на секој поединец, без оглед на неговата вероисповед. Тој бил усрден истражувач на вистината и верувал, како и Робинсон, дека не е можно сета светлина од Божјото Слово веќе да е прифатена. Вилијамс бил “прв човек во христијанството на поновото време, што учел дека граѓанската власт треба да се заснова на учењето за слободата на совеста и рамноправноста на мислењето пред законот.” - Г. Б. Историја на САД I, 15 поглавје. Должност на судовите и власта, тврдел тој, е да го спречуваат злосторството, но никако и да владеат над совеста. “Судиите или властите,” истакнувал тој, “можат да решаваат за должностите на човекот кон човекот, но кога ќе сакаат да ја пропишат должноста на човекот кон Бога, тогаш го прават она за што не се надлежни, и тогаш тука повеќе нема никаква сигурност. Зашто сосема е јасно, ако еден судија или поглавар има таква власт, тој може да го прогласи за меродавно денес ова, а утре она мислење или верување, како што тоа во Англија го правеле разни кралеви и кралици, а во Римокатоличката црква папите и црковните собори; така што верата станала куп од збрки и срам.” - Мартин, V, 340 стр.

Присуствувањето на богослуженијата во државната црква се барало под закана на парична казна или лишување од слобода. “Вилијамс категорично ја осудил примената на овој закон; најлошата одредба во англиските закони била таа со која присуството на богослуженијата во парохалната црква се наметнувало со примена на сила. Да се присилуваат луѓето да се соединат со припадниците на другите вероисповеди, го сметал за отворена повреда на нивните природни права; со сила да се влечат неверните и рамнодушните на јавното богослужение, значи да се бара од луѓето лицемерство... “Никој не смее”, додал тој, “да биде присилуван против својата волја да присуствува на богослужението или пак финансиски да го потпомага.” “Што!” Извикале неговите противници, вчудоневидени од неговите ставови, “дали работникот не е достоен за својата плата?” “Да”, одговорил Вилијамс, “но од оние што го вработуваат”. - Г. Б. Историја на САД, I, 15 поглавје.

Роџер Вилијамс, како верен проповедник, човек со ретки способности, непоколеблива чесност и искрена добрина, бил почитуван и сакан; но неговата решителност во порекнувањето на правата на граѓанската власт да господари над црквата и неговата непоколебливост во барањето за верска слобода, не можеле да бидат толерирани. Прифаќањето на ова ново учење, тврделе неговите противници, би ги “поткопало и самите темели на власта во оваа земја.” - Исто, I, 15 поглавје. Бил осуден на протерување од колонијата; и најпосле за да го избегне апсењето, морал среде зима и по најлоша вејавица, да побегне во прашумата.

“Четиринаесет седмици”, кажува тој, “се пробивав по најлошото време, не знаејќи ниту за леб, ниту за постела. Но гавраните ме хранеа во таа дивина, а шупливото дрво често ми послужуваше како заклон.” - Мартин, I, 349. 350. стр. Така го продолжувал своето мачно бегство низ снегот и беспатната шума, додека не нашол засолниште кај едно индијанско племе, чијашто љубов и доверба ја задобил настојувајќи да ги запознае со вистините на евангелието. По повеќемесечно талкање, стигнал до брегот на Нарагансет, Бејскиот залив, и тука ги положил темелите на првата држава на новото време, која правото на верската слобода го признала во полна смисла на тие зборови. Основен принцип на колонијата на Роџер Вилијамс бил: “секој има слобода да му служи на Бога како што му налага совеста.” - Исто, I, стр 354. Неговата мала држава, Род Ајленд, станала прибежиште на сите угнетувани, растела и напредувала сè додека нејзините основни принципи, граѓанска и верска слобода, не станале темелен камен на американската република.

Во овој голем стар документ кој овие предци на протестантска Америка го прогласиле за повелба на своите права - Декларација на независноста, тие велат: “Сметаме дека овие вистини сами по себе се разбирливи; дека сите луѓе се создадени еднакви, дека Творецот им дал извесни неотуѓиви права во кои ги вбројуваме: животот, слободата и стремежот кон среќна иднина.” Уставот најизрично ја гарантира неповредливоста на совеста: “Никаков верски услов никогаш не може да се бара како квалификација за вршење на било каква јавна служба во Соединетите Држави.” “Конгресот не може да изгласа никаков закон со кој би се вовел некој вид на државна религија или пак забранувало слободното исповедување на било која вера.”

“Творците на Уставот го признале свеченото начело дека односите на човекот кон Бога стојат над човечкото законодавство и дека неговото право на совеста е неотуѓиво. За докажување на оваа вистина не се потребни причини; за неа сме свесни во длабината на своето битие. Оваа свест, спротивставувајќи се на човечките закони, одржала толку маченици во најтешки маки и во пламенот на кладата. Тие чувствувале дека нивната должност кон Бога е неспоредлива над сето она што го озакониле луѓето, и дека човекот нема право да господари над нивната совест. Тоа е вродено начело кое секој го носи во себе, и што со ништо не може да се искорени.” - Конгресна документација на САД серија 200, документ 271.

Кога во Европа се прочуло дека постои земја во која секој може да ги ужива плодовите на својата работа и да живее според уверувањето на сопствената совест, луѓето масовно почнале да пристигаат на бреговите на Новиот свет. Населбите брзо се множеле. “Масачусетс со посебен закон им понудил добредојде и прифаќање, на општествен трошок, на христијаните од било која народност кои ги препловиле водите на Атлантикот, 'за да ги избегнат војните, угнетувањето или гладот' од страна на своите прогонители. Така овие бегалци и изгнаници, според законските одредби, станале гости на државата.” - Мартин, V, 417 стр. За дваесет години, од првото истоварување во Плимут, илјадници и илјадници доселеници се населиле во Нова Англија.

За да го постигнат она за што копнееле, “придојдените биле задоволни со скромен живот и тешка работа да си осигураат себеси средства за гол опстанок. Од земјата очекувале само најскромна награда за вложениот труд. Никакви златни очекувања не ги фрлале своите сенки на нивниот пат, ниту пак се занесувале со некои сјајни изгледи за иднината... Биле задоволни со постепен, но постојан напредок на својата општествена заедница. Трпливо ја поднесувале скудноста на дивината, полевајќи ја со солзи и пот билката на слободата, додека своите корени не ги пуштила длабоко во земјата.”

Библијата за нив била темел на верата, извор на мудроста и повелба на слободата. Нејзините начела трудољубиво биле проучувани во училиштата, во домовите и во црквите, а нејзините плодови се покажале во штедливоста, интелегенцијата, моралната чистота и умереноста. Можело со години да се живее во пуританските населби, “а да не се види пијан човек, да не се чуе ниту една пцовка, и да не се сретне ниту еден питач.” - Т. Б. Историја на САД, I, 19 поглавје. Тоа претставувало очигледен доказ дека начелата на Библијата се најсигурна гаранција за националната големина. Слабите и зафрлени колонии прераснале во сојуз на моќни држави, а светот со чудење забележал како во мир и напредок се развива “црква без папа и држава без крал.”

Меѓутоа, постојано се зголемувал бројот на оние кои крајбрежјето на Америка ги привлекувало од побуди сосема спротивни на оние кои ваму ги довеле првите дојденци. Иако првобитната вера и чистиот живот имале големо и насочувачко влијание, сепак тоа влијание, како што растел бројот на оние што барале само световни предимства, бил сè послаб.

Примената на правилото прифатено уште во времето на првите доселеници: дека право на глас имаат само членовите на црквата, и дека само тие можат да заземат положби во државната служба, довело до најубиствени последици. Овие мерки се воведени како средство да се сочува чистотата на државата, но тие довеле до пропаст на црквата. Бидејќи исповедувањето на верата станало услов да се добие правото на глас и работно место во државната служба, многумина стапиле во црквата, иако во срцето воопшто не се измениле, раководејќи се исклучиво од световната политика. Така членството на црквата во голема мера се состоело од необратени луѓе; дури и меѓу проповедниците имало такви кои не само што проповедале заблуди, туку и за силата на Светиот Дух, кој единствено може да го прероди срцето, не знаеле ништо. Така, пак се покажале лошите последици - во историјата на црквата, од деновите на Константин до денес, толку често повторуваниот обид: црквата да се подигнува со помош на државата и со световната власт да се поддржува евангелието на Оној кој рекол: “Моето царство не е од овој свет” (Јован 18:36). Секое, па дури и најбезначајното, обединување на црквата со државата, иако можеби изгледа дека светот го приближува кон црквата, всушност само црквата ја приближува кон светот.

Големото начело што толку благородно го застапувале Робинсон и Роџер Вилијамс: дека вистината не се осознава одеднаш и дека христијаните треба секогаш да бидат подготвени да го прифатат секој нов зрак на светлина, што може да засвети од Божјото Слово, нивните следбеници ја изгубиле од вид. Протестантските цркви во Америка, исто така како и оние во Европа, кои имале среќа да го примат благословот на реформацијата, пропуштиле на патот на започнатата реформа да напредуваат. Иако одвреме навреме, понекои верни луѓе станувале да ги објават новите вистини и разоткријат долго негуваните заблуди, повеќето, како и Евреите во времето на Христа и папистите во времето на Лутера, биле наклонети да веруваат само во она во што верувале нивните татковци и да живеат како што живееле тие. Затоа нивната религија повторно се дегенерирала во формализам; а заблудите и празноверието кои, кога црквата би продолжила да живее во светлината на Божјото Слово, можеле да бидат отфрлени, се задржале дури и се негувани. На овој начин, духот што ја инспирирал реформацијата исчезнал, додека во протестантските цркви не се покажала исто така голема потреба од реформа, како што тоа било случај во Римокатоличката црква во времето на Лутера. Завладеала истата наклоност кон уживањата од овој свет, истото духовно мртвило, истото обожување на човечкото мислење и издигнувањето на човечките теории, наместо учењата содржани во Божјото Слово.

Големото ширење на Библијата во почетокот на деветнаесеттиот век и силната светлина што на овој начин се излила на овој свет, не биле проследени со соодветен напредок во познавањето на откриените вистини или со вера потврдена во секојдневниот живот. Сатаната повеќе не можел, како во поранешните времиња, да го држи Божјeто Слово далеку од народните маси; тоа било секому на дофат; меѓутоа, сепак, за да ја оствари својата цел, тој навел многумина таа света Божја вистина малку да ја ценат. Луѓето го занемариле истражувањето на Светото писмо и затоа продолжиле да прифаќаат погрешни толкувања и да ги поддржуваат учењата кои во Библијата немаат никаков темел.

Гледајќи промашување во своите напори да ја задуши вистината, сатаната повторно го оживотворил планот на компромисот, а познато е дека токму компромисот своевремено бил повод за големиот отпад и формирањето на римокатолицизмот. Тој ги навел христијаните да се соединат, сега не со незнабошците, туку со оние што со потполното приспособување кон светот, се покажале идолопоклоници, исто така како и оние што се поклонувале на статуи и слики. Последиците од ова соединување ниту сега не биле помалку убиствени отколку во поранешните времиња; гордоста и растурањето се негувале под наметките на верата, а црквите се расипале. Сатаната продолжил да ги извртува учењата на Библијата, а човечките преданија кои упропастиле милиони души, фатиле длабок корен. Црквата ги воздигнувала и чувала тие преданија, наместо да се бори “за верата која им е дадена на светите еднаш засекогаш.” Така биле погазени големите начела за кои реформаторите толку се залагале и жртвувале.