Големата борба помеѓу Христа и сатаната

15. Библијата и француската револуција

Во шеснаесеттиот век реформацијата, отворајќи ја Библијата на народот, настојувала да навлезе во сите европски земји. Некои народи радосно ја поздравиле како весник испратен од небото. Во други земји папството успеало, во значителна мерка, да го спречи влегувањето; и тука светлината на библиското сознание, со нејзиното благословено влијание, била речиси сосема исклучена. Во една земја оваа светлина иако заблескала, поради темнината што преовладувала не била сфатена; и борбата помеѓу вистината и заблудата траела со векови. Најпосле победило злото, а вистината со небесно потекло била оттурната. “Судот се состои во ова: Светлината дојде во светот, а луѓето ја засакаа темнината повеќе од светлината” (Јован 3:19). Оваа нација морала да ги жнее последиците на својот избор. Влијанието на Божјиот Дух кој единствен може да го задржи злото, најпосле било одземено од народот кој го презрел понудениот дар на Неговата милост. На злото му било допуштено да созрее, и целиот свет ги видел последиците на упорното отфрлување на светлината.

Борбата што во Франција со векови се водела против Библијата го достигнала својот врв во сцените на револуцијата. Овој страшен колеж бил неизбежна последица на спречувањето и забранувањето на Светото писмо од страна на Рим. (Види додаток) Тоа била најтрогателна слика во која светот можел да го види исходот на папската политика - очигледна илустрација на она што учењето на Римокатоличката црква го водела повеќе од илјада години.

Пророците го претскажале спречувањето и забраната на Светото писмо кое папството го применувало за време на својата превласт; а Откровението укажува на страшните последици кои поради доминацијата на “човекот на беззаконието” морале да ја погодат токму Франција.

Господовиот ангел рекол: “Тие ќе го газат светиот град четириесет и два месеца. И ќе им дадам на двајца Мои сведоци, и тоа облечени во вреќи, да пророкуваат илјада двесте и шеесет дена... И кога ќе го завршат своето сведоштво, ѕверот, кој излегува од бездната, ќе војува против нив, и ќе ги победи, и ќе ги убие. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат... И жителите на Земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние, што живеат на земјата. И по три ипол дена, влезе во нив животворен дух од Бога, и застанаа на свои нозе, а голем страв ги обзеде оние, кои ги гледаа” (Откровение 11:2- 11).

Овде споменатите периоди “четириесет и два месеци” и “илјада двесте и шеесет дена” имаат исто значење; и го претставуваат времето во кое Христовата заедница била угнетувана и прогонувана од страна на Рим. Периодот од 1260 години на папска превласт започнува 538 година по Христа и според тоа треба да се заврши во 1798. година. (Види додаток). Во тоа време француската војска влегла во Рим и го заробила папата кој потоа во прогонство и умрел. Иако набрзо потоа бил избран нов папа, сепак папската хиерархија никогаш повеќе не можела да ја поврати онаа власт каква што пред тоа ја имала.

Сепак прогонството на црквата не продолжило сè до крајот на претскажаниот период од 1260 години. Од сомилост кон Својот народ, Бог го скратил времето на нивното огнено искушение. Во Своето пророштво “за големата неволја”, што ќе ја снајде црквата, Спасителот рекол: “И ако не се скратат оние дни, никој не би се спасил, но заради избраните ќе се скратат тие дни” (Матеј 24:22). Под влијание на реформацијата, прогонствата престанале и пред 1798. година.

Што се однесува до двајцата сведоци, пророкот понатаму кажува: “Тие се две маслинови дрвја и два светилника, кои стојат пред Господарот на Земјата” (Откровение 11:4). “Твоето Слово”, рекол псалмистот, “е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека” (Псалм 119:105). Овие двајца сведоци ги претставуваат списите на Стариот и Новиот завет. И едниот и другиот претставуваат значајно сведоштво за потеклото и вечното траење на Божјиот закон. И двата сведочат за планот на спасението. Симболите, жртвите и пророштвата на Стариот завет упатуваат на Спасителот Кој требало да дојде. Евангелијата и посланијата на Новиот завет зборуваат за Спасителот, Кој дошол токму онака како што во споменатите симболи и пророштва бил најавен.

“Тие ќе пророкуваат 1260 дена, облечени во вреќи.” Најголем дел од тој временски период, овие Божји сведоци за пошироката јавност биле непознати. Папската сила настојувала од народот да го скрие Словото на божествената вистина, и му дала лажни сведоци да го побијат неговото сведоштво. (Види додаток) Кога Библијата била забранета од страна на црквата и световните власти, кога нејзините сведоштва биле изопачувани и кога на сите начини кои само можеле да ги измислат луѓето и демоните, настојувале човечките срца да ги одвратат од неа; кога оние што се осмелиле да ги објавуваат нејзините свети вистини биле прогонувани, предавани, мачени, живи закопувани во мрачни затворски ќелии и поради својата вера завршувале со маченичка смрт или пак биле присилувани да бегаат во засолништа по горите, во клисурите и пештерите, тогаш овие двајца верни сведоци пророкувале облечени во вреќи. Тие сепак своето сведоштво не престанувале да го изнесуваат низ целиот временски период од 1260 години. И во деновите на најмрачниот период имало верни луѓе кои го сакале Божјото Слово и кои ревнувале за Неговата чест. На тие верни слуги самиот Бог им подарил мудрост, сила и авторитет Неговата вистина да ја објавуваат во текот на целиот тој период.

“И, ако некој сака да им направи неправда, оган ќе излезе од нивната уста и ќе ги проголта нивните непријатели; да, така треба да биде убиен оној, што ќе посака тоа да го направи.” (Откровение 11:5). Газењето на Божјото Слово не може да остане неказнето. Значењето на оваа страшна закана ни е дадено во последната глава на Откровението: “Јас му сведочам секому, кој ги слуша пророчките зборови на оваа книга. Ако некој им додаде нешто, Бог ќе му додаде од злата опишани во оваа книга. Ако некој одземе нешто од зборовите на книгата на ова пророштво, Бог ќе му го одземе неговиот дел од дрвото на животот и од светиот град, и од она, што е напишано во оваа книга” (Откровение 22:18, 19).

Тоа се предупредувањата кои самиот Бог им ги дал на луѓето, строго да се чуваат за да на било кој начин не го менуваат она што го открил Тој или заповедал. Овие свечени и сериозни закани се однесуваат на сите оние кои со своето влијание ги наведуваат луѓето да го омаловажуваат Божјиот закон. Тие треба да им зададат страв и трепет на сите оние кои толку лекомислено тврдат дека е сеедно дали се држиме или не до Божјиот закон. Сите оние кои своето лично мислење го издигнуваат над божественото откровение и кои потполно јасната смисла на Светото писмо ја менуваат за да си угодат себеси или да се прилагодат кон светот, преземаат на себе страшна одговорност. Пишаното Божјо Слово, Божјиот закон, ќе претставува мерило на карактерот на секој поединец и ќе ги осуди сите оние кои врз основа на овој непогрешлив тест ќе бидат прогласени за лесни.

“И кога ќе го завршат своето сведоштво.” Временскиот период во кој овие двајца сведоци пророкувале облечени во вреќа, се завршил во 1798 година. Кога на нивното сведочење во темнината на папството се приближил крајот, силата, која во пророштвото е прикажана како “ѕверот, кој излегува од бездната,” им објавила војна. Со граѓанските и црковни власти во поголемиот број на земји во Европа сатаната со векови управувал преку папството. Меѓутоа, овде се појавува нов облик на сатанската сила.

Политиката на Рим била Библијата, под изговор на стравопочитување кон неа, треба да се држи заклучена на непознат јазик и скриена од народот. Под неговото владетелство овие двајца сведоци пророкувале “облечени во вреќи.” Но според пророштвото требало да се појави и друга сила - ѕверот од бездната - која на Божјото Слово отворено ќе му објави војна.

“Големиот град,” каде овие двајца сведоци навистина биле убиени и каде нивните мртви тела биле оставени да лежат на улицата “духовно се нарекува... Египет.” Од сите народи споменати во библиската историја, Египет најдрско се откажувал и од самото постоење на живиот Бог и одбивал да се покори на Неговите заповеди. Ниеден владетел на светот не се осмелил на толку отворен и дрзок бунт против авторитетот на небото, како фараонот египетскиот цар. Кога Мојсеј, пренесувајќи му ја примената порака му рекол: “Вака вели Господ”, фараонот горделиво одговорил: “Кој е Тој Господ за да Го послушам јас и да ги пуштам Израелците? Јас не го познавам Тој Господ ниту ќе ги пуштам Израелците” (Излез 5:2). Тоа е отворено неверување во Бога, и народот кој овде сликовито е прикажан со Египет, исто така ќе ги одбие барањата на живиот Бог и ќе го покаже истиот дух на неверство и дрскост. “Големиот град” се споредува “духовно” и со Содом. Расипаноста на Содом во престапувањето на Божјиот закон, особено се огледала во развратот. И овој грев бил упадлив белег на нацијата која ги исполнила сите поединости на даденото пророштво.

Според зборовите на пророкот, нешто пред 1798. година требало да се подигне една сила со сатанско потекло и карактер и на Библијата отворено да и објави војна. А во земјата во која сведоштвото на двајцата Божји сведоци ќе биде замолкнато, треба, според пророштвото, да се покаже безбоштвото на фараонот и развратот на Содом.

Оваа пророштво најточно и најтрогателно се исполнило во историјата на Франција. За време на Револуцијата во 1793 година “светот за првпат слушнал дека еден собир на луѓе родени и воспитувани во цивилизација, собир што врз себе си го зема правото да владее со еден од најистакнатите народи на Европа, сложно го подига својот глас откажувајќи се од најсвечената вистина која воопшто може да ја прими човечката душа, и отфрлајќи ја еднодушно верата во Бога и богослужението” - Волтер Скот, (Sir Walter Scott) Наполеонов живот, I, 1 поглавје 7. Франција е единствената земја во светот за која е сочуван автентичен извештај дека, како нација, подигнала рака против Творецот на вселената. Постоеле, и сè уште постојат, голем број богохулници и мноштво безверници во Англија, Германија, Шпанија и во другите земји; но Франција зазема посебно место во историјата на светот како единствена држава која со декрет на своето Законодавно собрание прогласила дека нема Бог, и во која сите жители на престолнината и огромното мноштво ширум земјата, жени и мажи, пееле и играле од радост кога овој проглас бил прифатен.” - Блеквудско списание, (Blackwood’s Magazine) ноември 1870. год.

Франција исто така покажала и особености што особено биле карактеристични за жителите на Содом. За време на револуцијата владеела состојба на морална пониженост и разврат, слична на онаа што ја условила пропаста на Содомската долина. Неверувањето во Бога и развратот на Франција, историчарот го опишува токму така како што е и најавено во пророштвото. “Во тесна врска со законите што се однесуваат на религијата бил и законот со кој бракот - таа најсвета обврска која човечките суштества можат да ја преземат и од чијашто стабилност зависи и самиот опстанок на општеството - е сведен на привремен; чисто граѓански договор, кој можат две лица по своја волја да го склучат или да го раскинат... Самите демони да се ангажирале да пронајдат начин како најсигурно да уништат сè што во семејниот живот е чесно, убаво и трајно, а во исто време да бидат сигурни дека злото што имале намера да го направат трајно ќе поминува од поколение на поколение, не можеле да измислат ништо поефикасно отколку што била деградацијата на бракот... Софија Арнолд, актерка прочуена по својата духовност, таквиот брак го нарекла “сакрамент на браколомството.” - Скот, св. I, 17 поглавје.

“Каде што и нивниот Господ беше распнат” (Откровение 11:8). И оваа подробност на пророштвото исто така се исполнила во Франција. Ниту во една земја на потрогателен начин не се открил духот на непријателство и противење на Христа. Ниту во една друга земја вистината не наишла на поогорчен и посвиреп отпор. Со прогонствата, што толку немилосрдно ги подигнала против следбениците на евангелието, Франција го распнувала Христа во лицето на Неговите ученици.

Со векови на почвата на Франција била пролевана крвта на светите маченици. Додека Валденжаните по планините на Пиемонт биле убивани “за Божјото Слово и за сведоштвото на Исуса Христа,” слични жртви за вистината поднесувале и нивните браќа, француските албигензи. Во деновите на реформацијата нејзините приврзаници биле убивани со најстрашни мачења. Кралот и благородниците, жените од висок род и нежните девојки, гордоста и витештвото на нацијата, се насладувале гледајќи ги смртните маки на оние кои како маченици умирале за Христа. Храбрите Хугеноти, во борбата за правата кои човечкото срце ги смета за најсвети, ја пролевале својата крв на многу боишта. Протестантите биле ставени надвор од законот, уценувани и прогонувани како диви ѕверови.

Мал број потомци на старите христијани наречени “Црква во пустината” кои во осумнаесеттиот век, постоеле само уште во Франција и се криеле по планините на нејзиниот југ, сè уште ја чувале верата на своите татковци. Доколку би се осмелиле да се состанат ноќе на падините на планините или во некое осамено место, биле прогонувани од страна на “старата змија” (Откровение 12:17), и водени на доживотна робија на галиите. Најдобрите, најобразованите и најблагородните Французи често биле оковани со синџири заедно со разбојниците и убијците и изложени на најсвирепо мачење. Види, Вили, гл. 6. Други со кои се постапувало многу помилосрдно биле ладнокрвно стрелани додека ненаоружани и немоќни паѓале на колена да се помолат на Бога. Стотици старци, незаштитени жени и невини деца останувале да лежат мртви на местото каде се состанувале поради богослужение. Минувајќи по планинските падини или шуми каде обично тие се состанувале, не било ништо необично на секои четири чекори да се наиде на лешеви во тревата и обесени на дрвјата. Нивната земја “опустена со меч, крвничка секира и со клади била претворена во широка, мрачна дивина.” “Овие стравотии не се случувале во мрачниот среден век, туку во сјајната ера на Луј XIV, кога науката била негувана, кога книжевноста цветала, и кога свештенството на дворот и престолнината ја претставувале учени и речити луѓе кои се прикажувале како многу благи, кротки и полни со милосрдие.” - Исто, 7 поглавје.

Но најцрниот на црната листа на злосторствата, најстрашниот меѓу пеколните дела и стравотии во сите векови, бил дотогаш нечуениот колеж во Вартоломејската ноќ. Светот сè уште со згрозување и со ужас се сеќава на тој свиреп и на најподол начин изведен ненадеен напад. Францускиот крал, по наговарање на римокатоличките свештеници и великодостојници го одобрил злосторството. Едно ѕвоно, огласувајќи се во мртвата тишина на ноќта, го дало договорениот знак за почеток на колежот. Илјадници протестанти кои, потпирајќи се на кралскиот чесен збор, мирно спиеле во своите домови, без било какво предупредување биле извлекувани од своите куќи и ладнокрвно убивани.

Како што Христос бил невидлив водач на Својот народ при неговото ослободување од египетското ропство, така и сатаната бил невидлив водач на своите поданици во ова страшно дело на масовно убивање. Колежот во Париз продолжил седум дена, а првите три дена со несфатлива жестокост. Колежот не се ограничил само на престолнината туку со посебен налог од страна на кралот се проширил и на сите покраини и градови каде што живееле протестантите. Не се гледало ниту на старост ниту на пол. Не биле поштедени ниту седите старци ниту невините новороденчиња во лулките. Благородник и селанец, старо и младо, мајка и дете, сите заедно биле убивани. Овој ѕверски колеж ширум целата Франција траел цели два месеца. Седумдесет илјади луѓе кои го претставувале цветот на нацијата биле убиени.

“Кога веста за овој масакр стигнала во Рим, радоста на свештениците немала граници. Гласникот што ја објавил оваа страшна вест, лоренскиот кардинал го наградил со илјада круни. Оваа за Рим радосна вест била поздравена со топовски плотун од тврдината св. Ангел; ѕвоната одекнале во сите камбанарии; огновите запалени во знак на сеопшта веселба ноќта ја претвориле во ден; а Гргур XIII во придружба на кардиналите и другите црковни великодостојници, ја повел сјајната поворка во црквата св. Луј каде што лоренскиот кардинал ја пеел Те Деум... Бил искован спомен - медал како спомен на овој масакр, а во Ватикан сè уште можат да се видат трите Васариеви фрески кои го прикажуваат: нападот на адмиралот, потоа кралот како во советот го подготвува заговорот за ова подло убиство, и самата сцена на колежот. Папата на францускиот владетел му испратил Златен Трендафил, а четири месеци по колежот... тој полн со самозадоволство ја слушал беседата на еден француски свештеник... кој зборувал за оној ден полн со радост и среќа кога светиот отец, примајќи ја веста за овој колеж, во свечена поворка отишол да му се заблагодари на Бога и на светиот Луј” - Хенри Вајт, (Henry White) Колежот во Вартоломејската ноќ, погл. XIV, пар. 24.

Истиот оној дух што бил поттикнувач на колежот во Вартоломејската ноќ, бил водач и во страшните сцени на револуцијата. Исус Христос бил прогласен за измамник, а општиот лозунг на француските безверници бил: “Да го столчиме бедникот” при што мислеле на Христа. Богохулењето и одвратниот разврат оделе рака под рака, а најподлите луѓе, чудовишта на свирепоста и порокот, биле поставени на највисоки места. Во сè, на сатаната му било укажувано најголемо почитување, додека Христос во Своите особини на вистината, чистотата и несебичната љубов, бил повторно распнуван.

“Ѕверот, кој излегува од бездната, ќе војува против нив, и ќе ги победи, и ќе ги убие.” Богохулната сила што владеела во Франција за време на револуцијата и владеењето на теророт, повела таква војна против Бога и Неговото свето Слово каква светот сè уште не видел. Народното собрание забранило секакво богослужение. Библиите биле собрани и јавно запалени со манифестација на сите можни подбиви. Божјиот закон најдрско бил фрлен под нозете. Сите библиски институции биле укинати. Седмичниот ден за одмор бил отфрлен, а наместо него секој десетти ден бил посветен за веселба, насладување и богохулење. Крштевањето и причестувањето биле забранети. А на надгробните натписи, упадливо истакнати, се тврдело дека смртта е вечен сон.

Стравот од Бога не само што повеќе не е сметан за почеток на мудроста, туку се тврдело дека тој претставува почеток на лудоста. Било забрането секое верско богослужение, освен оддавањето почести на слободата и татковината. “Парискиот бискуп што бил признаен од новата власт, бил повикан да ја преземе главната улога во најбесрамната и најодвратната лакрдија која некогаш се одиграла пред претставниците на една нација... Доведен во свечена поворка, тој изјавил пред собранието дека религијата што толку години ја проповедал, во секој поглед, е само дел на поповштината која нема никаков темел ниту во историјата ниту во светата вистина. Свечено и отворено го одрекол постоењето на Бога, на кого му бил посветен да му служи и изјавил дека во иднина ќе и служи на слободата, еднаквоста, доблеста и моралноста. Потоа на масата ги оставил своите бискупски одликувања и од претседателот на собранието примил братска прегратка. По примерот на овој великодостојник на црквата, тргнале уште некои отпадници од редовите на свештенството.” - Скот, I, 17 поглавје.

“И жителите на земјата ќе се зарадуваат и ќе се развеселат заради нив, и ќе си праќаат дарови еден на друг, зашто тие два пророка ги мачеа оние, што живеат на земјата.” Неверната Франција го замолкнала гласот на укорот на овие двајца Божји сведоци. Словото на вистината лежело мртво на нејзините улици, а оние, што ги мразеле ограничувањата и барањата на Божјиот закон, сега се радувале. Луѓето јавно се противеле на Небесниот Цар. Слично на грешниците од старите времиња довикувале: “Од каде знае Бог? Сознава ли Севишниот?” (Псалм 73:11).

Со богохулна дрскост во која одвај може да се поверува, еден од свештениците на новиот ред рекол: “Боже, ако постоиш, освети го Своето навредено име. Се противам! Ти молчиш. Не се осмелуваш да ги фрлиш своите стрели и громови. Кој по сето тоа ќе верува дека постоиш?” - Арчибалд Алисон, (Archibald Alison) Историја на Европа, I, 10 поглавје. Каков одглас на фараоновото прашање: “Кој е Тој Господ за да го послушам јас ?”... “Јас не го познавам Тој Господ!”

“Безумникот рече во своето срце: “Нема Бог“ (Псалм 14:1). За оние кои ја изопачуваат Неговата вистина Господ кажува: “...Нивното безумие ќе се открие пред сите” (2. Тимотеј 3:9). Бидејќи одбила да му служи на живиот Бог, Кој е “висок и возвишен и живее во вечноста”, Франција набрзо се спуштила до толку понижувачко идолопоклонство ја обожавала божицата на разумот, во лицето на една развратна жена, и тоа уште во Собранието на народните претставници и нејзините највисоки граѓански и законодавни власти! Еден историчар забележал: “Една од церемониите на ова време на вистинска налудничавост ненадминлива е по својата апсурдност комбинирана со безбоштво. Вратата на Собранието се отворила пред една група на музичари, по која оделе членовите на Градското собрание во свечена поворка, пеејќи химни во чест на слободата, и следејќи го предметот на своето идно обожување, една жена завиткана во свила која ја нарекле божица на разумот. Штом стигнала во салата, свечено и ја тргнале свилата и ја поставиле од десната страна на претседателот, и веднаш сите во неа ја препознале танчарката од операта... На ова лице, како на најпогоден претставник на таквиот разум што станал предмет на нивното обожување, јавно и се поклонило француското Народно собрание.

Оваа безбожна и смешна церемонија станала некаков вид мода, и устоличувањето на божицата на разумот се повторувало и имитирало во целата нација, особено во оние места каде жителите сакале да докажат дека и дораснале на придобивките на револуцијата.” - Скот, св. I, 17 поглавје.

Говорникот што го вовел обожувањето на разумот, нагласил: “Законодавци! Фанатизмот му го отстапи местото на разумот”. Неговите матни очи не можеле да го поднесат сјајот на светлината. “Денес се собрало огромно мноштво на свет под овие готски сводови, кои за првпат го одгласуваат гласот на вистината. Тука Французите денес свечено го извршија единственото правилно богослужение - богослужение на слободата и разумот. Тука ги изразивме новите желби за успехот на републиканското оружје и грбот; тука мртвите идоли ги заменивме со разумот - со овој жив лик, ремек-дело на природата.” - М. А. Т. (M. A. Thiers) Историја на Француската револуција, II, стр. 370.371.

Кога божицата била одведена во Собранието, говорникот ја фатил за раката и обраќајќи се до собранието, рекол: “Смртници, престанете да се тресете пред немоќните громови на Бога кој е создаден како производ на вашиот страв. Отсега немојте да признавате ниту едно божество освен разумот. Јас ви го претставувам неговиот најчист и најблагороден лик; ако веќе морате да имате идоли, принесувајте жртви само на вакви како што е овој... О, покривало на разумот, падни пред возвишениот сенат на слободата!”

“Откако претседателот ја прегрнал божицата таа влегла во раскошно украсената кола, и среде неизмерното мноштво, воведена во катедралата Нотрдам, за тука да го заземе местото на божеството. Потоа била подигната на главниот олтар и сите присутни во знак на обожување и се поклониле.” - Алисон, св. I, гл. 10.

Набрзо, по ова, било изведено јавно спалување на Библијата. Во една прилика членовите на “Здружението на народниот музеј” влегле во салата на Градското собрание со извици: “Да живее разумот!” На врвот на еден стап носеле полусогорени остатоци од разни книги, меѓу кои имало молитвеници, разни црковни книги, како и Стари и Нови завети, кои, како што рекол претседателот: “во големиот оган испаштале за сите лудости на кои го навеле човечкиот род.” - Париски журнал (Journal of Paris) 1793. бр. 318.

Папството започнало дело кое сега се довршило со потполно неверство. Папската политика ги создала оние општествени, политички и верски прилики кои Франција ја турнале во пропаст. Хроничарите кои ги опишувале стравотиите на Револуцијата заклучуваат дека овие испади мораат да се стават на товар на круната и црквата. (Види додаток) Поточно земено, мораат да и се припишат на црквата. Папството ги затруло душите на кралевите против реформацијата, прикажувајќи ја како непријател на круната, и како причина за таков раздор кој може да биде судбоносен за мирот и единството на нацијата. Во природата на римокатолицизмот било, со такви средства и на таков начин да разгорува најужасна свирепост и најдрско насилство што некогаш е направено со царски авторитет.

Духот на слободата чекорел напоредно со Библијата. Насекаде каде што евангелието било прифатено, на луѓето им се отворале очите. Почнале да се ослободуваат од оковите кои ги држеле како робови во незнаење, порок и празноверие. Почнале да мислат и да работат како луѓе. Владетелите тоа го забележале и почнале да се плашат за својот деспотизам.

Рим не пропуштил да ги разгорува нивните љубоморни стравувања. Во 1525 година папата му рекол на францускиот регент: “Оваа манија (протестантизмот) ќе ја расипе и уништи не само религијата, туку истовремено и сите поглаварства и благородништво, законите, редот и општествениот поредок воопшто.” - Г. Ф. (G. de Felice) Историја на протестантизмот во Франција, I, 2 поглавје.

По неколку години, еден папски пратеник го предупредил кралот: “Величество, не лажете се. Протестантизмот ќе го собори не само верскиот туку и граѓанскиот поредок... Престолот не е во ништо помала опасност од олтарот... Воведувањето нова религија неминовно доведува до создавање на нова власт.” - Д’Обиње (D’Aubigne) Историја на реформацијата на Европа во деновите на Калвин, II, 36 поглавје. Теолозите ги поттикнувале предрасудите на народот, зборувајќи дека протестантското учење ги “измамува луѓето на новости и глупости; го лишува владетелството од љубовта и од пожртвуваната верност на неговите поданици и ја опустошува и црквата и државата.” Така на Рим му успеало да ја подигне Франција против реформацијата. “За да се одржи престолот и благородништвото и да се сочува таканареченото законодавство, мечот на прогонството најпрво бил изваден во Франција.” - Вили, XIII, 4 поглавје.

Француските владетели не биле во состојба да ги предвидат последиците на оваа убиствена политика. Учењето на Светото писмо во срцата на луѓето би ги всадила оние начела на правдата, умереноста, вистината, еднаквоста и на човекољубието кои претставуваат аголен камен на благосостојбата и напредокот на секој народ. “Правдата го возвишува народот.” “Престолот се зацврстува со правда” (Изреки 14:34; 16,12). “Делото на правдата ќе биде мирот, а плодот на праведноста, покој и надеж засекогаш” (Исаија 32:17). Оној кој се покорува на Божјиот закон, најверно ќе го почитува и законот на својата земја. Кој се бои од Бога, ќе го почитува и владетелот кој праведно и законски ја применува својата власт. Но несреќната Франција ја забранила Библијата и ги изгонила нејзините следбеници. Со векови искрените, чесните, посветените и совесни луѓе, луѓе кои имале храброст да ги исповедаат своите осведочувања, морале да патат поради својата вера. Таквите со векови биле присилувани како робови да работат на галии, да умираат на кладите или да гнијат по затворските ќелии. Илјадници и илјадници од нив морале спасот да го побараат во бегството; и тоа траело цели двесте и педесет години по реформацијата.

“Во овој долг временски период одвај би можело да се издвои едно поколение Французи кое не било очевидец како следбениците на евангелието бегаат пред лудиот бес на своите прогонители, и своето знаење, трудољубивост, уметност и смисла за ред и поредок, во што редовно се истакнувале, ги носеле со себе со тоа да ги обогатат земјите во кои наоѓале засолниште. А во ист сразмер земјата што ќе им дала прибежиште, благодарение на нивните дарови и способности, станувала побогата, а нивната татковина станувала сè посиромашна. Кога сите тие изгнаници би останале во Франција, кога во текот на тие триста години нивните трудољубиви способности би биле насочени на изградба на нивната земја; кога, за сето тоа време, нивните уметнички способности би биле искористени во разните гранки на занаетчиството и индустријата; кога нивниот создавачки дух и нивниот истражувачки ум би ја обогатиле нивната книжевност и наука; кога нивната мудрост би управувала со државните совети, а нивната храброст управувала со битките, кога нивната праведност би создавала закони и кога Библиската религија би го јакнела умот и управувала со совеста на народот, со каква слава денес би била овенчана Франција! Колку голема, напредна и среќна би била таа земја - пример на народите!

“Но слепиот и неумолив фанатизам го истерал од нејзината земја секој учител на доблеста, секој борец за ред, секој искрен бранител на престолот; на оние кои својата земја сакале да ја направат угледна и славна им било зборувано: “Бирајте клада или прогонство!” Конечно пропаста на државата била потполна. Немало повеќе луѓе кои поради тоа што бараат слобода на совеста би требало да бидат прогонувани, немало повеќе верници кои би требало да се водат на клада, патриоти што би требало да се истераат во прогонство.” - Вили, XIII, 20 поглавје. А Револуцијата со сите нејзини стравотии била кобна последица на сето тоа.

“Со бегството на Хугенотите во Франција дошло до сеопшто назадување. Напредните индустриски градови кои дотогаш цветале, почнале да пропаѓаат; плодните области ја повратиле својата првобитна пустош; интелектуалната отапеност и моралното опаѓање настапиле по периодот на исклучителен напредок. Париз станал огромно сиротилиште и се смета дека пред избивањето на Револуцијата двесте илјади сиромашни барале милостина од рацете на кралот. Во нацијата која била во распаѓање сè уште цветал само езуитскиот ред кој со страшна тиранија господарел над црквите и школите, затворите и галиите.”

Евангелието на Франција би и донело решение за нејзините политички и социјални проблеми, но вештината на нејзиното свештенство, нејзиниот крал и нејзините законодавци не му биле дораснати, што најпосле ја турнало нацијата во анархија и пропаст. Освен тоа, под доминацијата на Рим, народот ги изгубил од вид благословените Христови поуки за самопожртвуваноста и несебичната љубов. Ја отфрлил праксата за штедење и самоодрекување во корист на другите. На богатите не им било приговарано затоа што ги угнетувале бедните, сиромашните останале беспомошни во своето слугување и понижување. Себичноста на богатите и моќните била сè поизразена и потешка. Незаситното и расипано благородништво со векови ги угнетувало и експлоатирало селаните. Богаташите ги малтертирале сиромашните, и им правеле неправди, а сиромашните ги мразеле богатите.

Во многу покраини имотите биле во сопственост на благородниците, а работниците биле само наемници; тие зависеле од милоста на земјопоседниците, и биле присилени да ги задоволуваат нивните претерани барања. Издржувањето и на црквата и на државата паднало врз припадниците на средниот и нискиот сталеж, кои поради тоа морале да плаќаат големи даноци и на граѓанските власти и на свештенството. “Самоволието на благородниците се сметало за врховен закон; земјоделците и селаните можеле да умрат од глад, а нивните угнетувачи воопшто и да не се свртат... Народот бил присилен исклучиво да внимава на интересите на големопоседниците. Животот на земјоделците бил живот на постојани напори и со ништо не ублажена беда; нивните жалби, ако би се и осмелиле да ги изнесат, биле отфрлани со најдрско презирање. Судовите секогаш биле на страната на благородниците, а против селаните. Судиите јавно примале мито, а најобичниот ќеф на аристократијата, во својот систем на општа расипаност имал сила на закон. Ниту половината од данокот, кој световните великани од една, а свештенството од друга страна, што успевале да го изнудат од народот не стигнувал во кралската или црковната благајна; сè се растурало во развратни забави и во самозадоволување. А луѓето, кои на овој начин ги закинувале и осиромашувале своите ближни, биле ослободени од сите даноци, и по законот или обичаите, имале право на секоја државна служба. Имало сто и педесет илјади припадници на привилегираната класа, и за да се задоволи нивниот растурлив ќеф, милиони биле осудени на безнадежен и недостоен живот.“ (Види додаток).

Дворот потполно се оддал на раскош и растурање. Народот во таквите свои владетели не можел да има никаква доверба. На сите мерки што ги преземале властите, народот со недоверба гледал како на нивно лукавство и себичност. Повеќе од половина век, пред Револуцијата, на престолот седел Луј XV, кој, дури и во тие тешки времиња се оддавал на мрзеливост, лекомисленост и сетилни уживања. Набљудувајќи ја расипаноста и свирепоста на аристократијата, осиромашеноста и непросветленоста на нискиот сталеж, државата во финансиски неприлики и разбирливата огорченост на народот, навистина не било потребно пророчко око за да се предвиди ужасот на претстојната побуна која заканувајќи се лебдела над Франција. На предупредувањето од своите советници кралот обично одговарал: “Настојувајте вака да остане додека јас сум жив, по мојата смрт нека дојде што сака.” Напразно се предупредувало и укажувало на потребата од реформа. Тој го видел злото, но немал ниту храброст ниту сила да го спречи. Судбината што ја очекувала Франција најсликовито е прикажана во неговиот бесчувствителен и себичен одговор: “После мене, потоп!”

Искористувајќи го сомнителното расположение и стравот на кралот и владеечкиот сталеж, Рим влијаел врз нив народот да го држат во ропство, знаејќи добро дека тоа ќе ја ослаби државата, со што настојувал да ја наметне својата власт и над владетелите и над народот. Водејќи далекусежна политика, папството согледало дека, доколку сака луѓето да ги направи послушни робови, мора да ги окове во синџири и нивните души; зашто најсигурен начин на поробените да им се спречи бегството од ропството е да ги направи неспособни да живеат во слобода. Илјада пати пострашна од физичките страдања, кои биле последица на нивната политика, била моралната пониженост. Лишен од Библијата и препуштен на верската закоравеност и на себичноста на свештенство, народот бил облечен во незнаење и празноверие како во мртовечко руво, и сè подлабоко тонел во пороци, така што бил сосема неспособен да владее со себеси.

Меѓутоа, резултатот на сето тоа бил сосема поинаков отколку што очекувал Рим. Наместо масите да ги одржи во слепа покорност и оддаденост на своите догми, тој од нив, со ова, направил безверници и револуционери. Народот сè она што било римокатоличко го презрел како поповска измислица, а во свештенството гледал класа која само го угнетува и експлоатира. Зашто единствен бог што народот го познавал бил богот на Рим, а нивната религија се состоела само од римокатоличкото учење. А бидејќи лакомоста и свирепоста на Рим ја сметале како законски плод на Библијата, затоа не сакале да знаат ниту за неа.

Рим лажно го претставувал карактерот и на самиот Бог и ги изопачувал Неговите барања и затоа луѓето сега ја отфрлиле и Библијата и нејзиниот Автор. Рим барал слепо верување во своите догми, тврдејќи дека тоа е во согласност со Светите списи на Библијата. Како реакција на тоа, Волтер и неговите соработници потполно го отфрлиле Божјото Слово и насекаде ширеле отров на неверство. Рим свирепо го држел народот под својата железна пета, а сега масите, понижените и малтертирани, во својата одвратност спрема тиранијата на црквата, отфрлиле секакво ограничување. Разјарени што толку долго и слепо се поклонувале на една светулкава измама, сега луѓето во исто време ја отфрлиле и вистината и заблудата; сметајќи ја разузданоста за слобода, робовите на порокот ликувале во својата вообразена слобода.

Во почетокот на Револуцијата на народот, со посебно кралско дозволување, му било овозможено во Народното собрание да има свое претставништво кое по бројот на пратениците го надминувало претставништвото на благородништвото и свештенството. Со тоа рамнотежата на власта била во рацете на народот, но тој не бил подготвен да ја употреби мудро и умерено. Жедно настојувајќи што порано да ги исправи претрпените неправди, народот решил потполно да го измени општественото уредување. Луто навредениот и разгневениот народ, чиишто мисли биле полни со горчливи и долгонаталожени сеќавања на поднесените неправди, решил со револуција да ја измени состојбата на неподносливата беда и да им се освети на оние кои ги сметал за причинители на своите страдања. Угнетениот народ од тиранијата што морал да ја поднесе, извлекол поука, и сега угнетуваните станале угнетувачи на оние кои дотогаш ги угнетувале.

Несреќната Франција морала во крв да ги жнее страшните плодови од семето што го посеала. Ужасни биле последиците на нејзината потчинетост на врховното господарење на Рим. Онаму каде што Франција, под влијание на римокатолицизмот, на почетокот на реформацијата ја подигнала првата клада, тука Револуцијата ја подигнала својата прва гилотиња. На истото место каде што првите маченици на протестанската вера биле спалени во шеснаесеттиот век, паднале под гилотињата првите жртви во Револуцијата во осумнаесеттиот век. Отфрлувајќи го евангелието, кое би можело да и донесе исцелување, Франција ширум ја отворила вратата на безверието и пропаста. Кога биле отфрлени ограничувањата на Божјиот закон, се покажало дека човечките закони се неадекватни да ги задржат страшните поплави на човечките страсти; нацијата била преплавена со дух на револт и анархија. Војната против Библијата го одбележала почетокот на временскиот период кој во историјата на светот се нарекува “Владетелство на теророт”. Мирот и среќата биле протерани од домовите и од срцата на луѓето. Никој не бил сигурен. Кој денес триумфирал, утредента можел да биде осомничен и осуден. Насилство, расипаност и алчност се ширеле без никакво ограничување.

Кралот, свештенството и благородништвото биле присилени да поднесат страшни свирепости на еден до лудило разбеснет народ. Убиството на кралот само уште повеќе ја засилило жедта на народот за освета; и оние што ја издале наредбата да се убие кралот, наскоро и самите биле одведени на губилиштето. Било решено без милост да се убијат сите оние на кои паднало сомневање дека се непријатели на Револуцијата. Затворите биле преполни; едно време во нив имало повеќе од двесте илјади затвореници. Градовите ширум Франција биле преплавени со сцени на страв и ужас. Една револуционерна партија станувала против друга и Франција се претворила во огромно бојно поле на завојувани маси, контролирани само од бесот на насобраните страсти. “Во Париз буните и нередите избувнувале едни по други, а граѓанството било поделено на различни партии кои како се чинело немале никаква цел освен меѓусебно да се истребат.” А сеопштата беда и злото да бидат уште поголеми, Франција се вплеткала во долга и исцрпувачка војна со големите сили на Европа. “Земјата била на работ на целосна пропаст, војската бучно негодувала поради неисплатените лични примања. Парижаните умирале од глад, по внатрешноста на земјата пустошувале разбојници, а цивилизацијата потполно се изгасила во потполната анархија и незаузданост.”

Народот многу добро ги запаметил лекциите на свирепоста и мачењата на кои Рим толку ревно го учел. Конечно дошол денот на освета. Сега Христовите следбеници повеќе не биле фрлани во затвори и водени на клади. Тие веќе одамна биле убиени или истерани во прогонство. Немилосрдниот Рим сега требало да ја почувствува убиствената сила на оние што ги воспитувал да се насладуваат со пролевање на крв. “Вековното прогонство и најсвирепото мачење на обесправените, со што свештенството во Франција дало најочигледен пример, сега се свртело против него самиот и тоа со сета жестина. Губилиштата се црвенееле од крвта на свештениците. Галиите и затворите, некогаш полни со Хугеноти сега биле преполни со нивните прогонувачи. Оковани за веслачката клупа и со напор подигајќи ги веслата, католичките свештеници ги преживеале сите маки што нивната црква толку дарежливо ги задавала на благите и благородни кривоверци.” - (Види додаток)

“Тогаш дошле денови кога најварварските закони биле применувани во најсвирепите судови, кога никој не можел да го поздрави соседот или да му се помоли на Бога..., а да не се изложи на опасност дека и со тоа направил смртно злосторство; кога шпионите демнееле на секој агол; кога секое утро гилотињата била вработена; кога затворите биле толку преполни како бродови претоварени со робови; и кога низ уличните канали се пенела човечка крв, течејќи во Сена... Додека низ улиците на Париз секој ден поминувале коли натоварени со жртви кои биле водени на губилишта на судбината, дотогаш намесниците што одборот на Владата ги испратил во провинцијата се насладувале со свирепоста која го надминувала дури и она што се одигрувало во престолнината. Ножот на смртоносната машина се дигал и паѓал премногу бавно за да би можел да ја изврши својата страшна задача. Долги редови на затвореници се убивани со плотун (Вид артилериски зрна употребени за дејство на кратко растојание). Бродови преполни со несреќни жртви намерно се потопувани. Лион бил претворен во пустелија. Во Арас на затворениците им била скратена дури и свирепата милост на брза смрт. По целиот тек на Лоара, од Домур до морето, цели јата на врани и гаврани се гостеле со голите лешеви што меѓусебно биле испреплетени во страшни прегратки. Немало милост ниту за пол ниту за старост. Бројот на седумнаесетгодишни момчиња и девојки, што биле убиени од страна на оваа свирепа сила, се качувал на стотици. Новороденчињата, што биле одземени од мајчините гради, биле фрлани како играчки од копје на копје на построените Јакобинци.” (Види додаток) Во краток период од десет години, било уништено големо мноштво на човечки суштества.

Сето тоа било како што сакал сатаната. Тоа е она за кое тој со векови не престанува да се стреми. Негова тактика од почетокот до крајот е само измама, а негова непроменлива одлука е на луѓето да им нанесува болка, жалост и несреќа, да го нагрди и извалка Божјиот лик во човекот како Негово создание, да ги осуети божествените намери на добрина и љубов и со тоа да предизвика жалост на небото. Потоа со својата измамничка вештина ги заслепува сетилата на луѓето и ги наведува злото што доаѓа од него да го припишат на Бога, како сите тие несреќи да се одредени од Бога и затоа неизбежни. На сличен начин тој и оние што толку долго ги понижувал и злоставувал со својата свирепост, кога еднаш ќе извојуваат слобода, ги поттикнува на испади и на стравотии. Тогаш тираните и угнетувачите на таквата сцена на незауздана распуштеност укажуваат како на илустрација на она што го донесува слободата.

Кога заблудата ќе биде разобличена во еден дух, сатаната едноставно само и наметнува друга маска, и масите ја прифаќаат исто толку алчно како и порано. Кога луѓето еднаш се осведочиле дека римокатолицизмот е измама, и кога сатаната со тоа вековно застапништво не можел повеќе да ги наведува да го прекршуваат Божјиот закон, тогаш ги наведувал секоја религија да ја сметаат за измама, а Библијата за измислица; и кога еднаш ги отфрлиле Божјите закони, се предавале на незауздано беззаконие.

Судбоносната заблуда која на населението на Франција и донела толкава несреќа било игнорирањето на големата вистина дека вистинската слобода се наоѓа токму во прописите на Божјиот закон. “О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови!” “Нема мир за безбожниците, вели Господ” (Исаија 48:18, 22). “А кој ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло.” (Изреки 1:33).

Оние кои не веруваат во Бога и отпаѓаат од верата, му се противат и на Божјиот закон и ја одрекуваат неговата важност; но последиците од нивното влијание докажуваат дека благосостојбата на човекот зависи од неговото покорување на божествените закони. Оние што не сакаат овие поуки да ги читаат од Божјата книга, принудени се да ги читаат од историјата на народите.

Додека сатаната во одвраќањето на народот од послушноста кон Божјиот закон се служел само со католичката црква, неговата сила била скриена, а неговото дело така маскирано што униженоста и бедата, кои биле плод на сето тоа, не биле сфатени како плод на престапувањето на Божјиот закон. Неговата моќ со дејството на Божјиот Дух била осуетена до тој степен што неговите намери не можеле во потполност да се остварат. Народот воопшто не бил во состојба да ја утврди причината и нејзините последици и не можел да го открие изворот на својата беда. Меѓутоа, во Револуцијата кога Народното собрание отворено го отфрлило Божјиот закон, и во владеењето на теророт што настапил после тоа, секој можел да ја согледа вистинската врска помеѓу причината и последицата.

Кога Франција јавно го отфрлила Бога и Библијата, злите луѓе и духовите на темнината ликувале што ја постигнале толку долго саканата цел - царство без ограничување на Божјиот закон. “Кога нема брза пресуда за злодело, човечкото срце е наклонето да прави зло.” (Проповедник 8:11). Меѓутоа, прекршувањето на праведниот и свет закон неизбежно ја условува несреќата и пропаста. Иако казната не дошла веднаш, безбожноста на овие луѓе сепак ја условила нивната неизбежна пропаст. Вековите на отпадништва и злосторства го собирале гневот за денот на плаќањето, а кога мерката на нивното беззаконие се преполнила, тогаш оние што толку долго и бунтовно го презирале Бога, предоцна сфатиле колку е страшно кога ќе се исцрпи Божјото трпение. Божјиот Дух кој единствено може да ја заузда сатанската свирепа сила во голема мера се повлекол, и на оној што ужива во страдањето и болката на луѓето му било допуштено да работи што сака. Оние што се решиле за бунт против Бога и Неговиот закон, биле оставени да ги жнеат плодовите на својот избор сè додека земјата не им била преплавена со злосторства и премногу страшни за да можат да се опишат. Од опустените провинции и разорените градови, се дигал страшен крик - крик на очај. Франција толку многу се растресла како да била зафатена со страшен земјотрес. Верата, законот, општествениот поредок, семејството, државата и црквата - сè било соборено со раката на беззаконието која се подигнала против Божјиот закон. Навистина, како што рекол мудрецот: “Нечесниот пропаѓа од својата нечесност” (Изреки 11,5). “Иако некој грешник прави стопати зло, и судот му се одложува, но јас знам дека ќе им биде добро само на оние што се бојат од Бога, кои имаат страв пред Неговото лице. А на грешникот нема да му биде добро.” (Проповедник 8:12, 13). “Зашто го мразеа знаењето и не го избраа Господовиот страв; затоа ќе јадат плод од своето владеење и ќе се наситат со сопствени совети.” (Изреки 1:29, 31).

Верните Божји сведоци - списите на Стариот и Новиот завет, коишто богохулната сила “која излегува од Бездната” привидно ги “убила”, не останале долго неми. “И по три ипол дена, влезе во нив животворен дух од Бога, и застанаа на свои нозе, а голем страв ги обзеде оние, кои ги гледаа” (Откровение 11:11). Во 1793 година Франција со декрет на своето Законодавно собрание прогласила укинување на христијанската религија и потполна забрана на Библијата. Три ипол години подоцна со резолуција на истото тело, овој декрет е укинат, а читањето на Светите списи повторно е одобрено. Светот бил вџашен од поплавата на беззаконието што настанало како неизбежна последица на отфрлањето на Светото писмо и луѓето ја признавале неопходноста од вера во Бога и Неговото Слово како темел на доблеста и моралот. “Кого ти прекоруваше и навредуваше?” прашува Господ, “Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо своите очи? Против Светецот Израелев” (Исаија 37:23). “Затоа, еве, Јас ќе ги научам сега, ќе им ја покажам Својата рака и Својата сила, па ќе познаат, дека името Мое е Господ” (Еремија 16:21).

Во врска со споменатите двајца сведоци пророкот понатаму кажува: “И слушнаа силен глас од небото, кој им велеше: “Искачете се ваму! “И тие ќе се издигнат на небото во облаци, и нивните непријатели ќе ги видат” (Откровение 11:12). Откако Франција им објавила војна на овие двајца сведоци, тие во светот се почитувани повеќе од кога и да е порано. Во 1804 година е основано Британското меѓународно библиско здружение. По него се основани слични организации со многубројни филијали токму на почвата на Европа. Во 1816 година е основано Американското библиско здружение. Кога било основано Британското библиско здружение, Библијата е печатена и издавана на педесет јазици. Оттогаш таа е преведена и објавена на многу стотици јазици и дијалекти. (Види додаток).

Во текот на педесетте години што и претходеле на 1792 година, малку внимание и било обрнувано на мисионерската дејност во странските мисии. Ниедно ново здружение не било основано, и имало малку верски заедници што се обиделе да го шират христијанството и во незнабожечките земји. Меѓутоа, пред крајот на осумнаесеттиот век дошло до големи промени. Луѓето повеќе не се задоволувале со резултатите од рационализмот и почувствуле потреба за божествено откровение и вера која се темели на стекнатото искуство. Од тоа време, делото во странските мисии тргнало со дотогаш невиден полет. (Види додаток).

Усовршувањето на печатарското знаење дало нов замав во ширењето на Библијата. Зголемените можности за сообраќајните врски помеѓу разни земји, отстранувањето на старите предрасуди или националните исклучителности, затворањето во сопствените граници, и конечно отстранувањето на папството од светската власт - сето тоа придонело да се отвори патот за ширењето на Божјото Слово. Веќе неколку години Библијата слободно се продава и на улиците на Рим, а сега веќе стигнала и во секој населен дел на земјината топка.

Неверно настроениот Волтер, во една своја фалбаџиска изјава кажува: “Ми здосади постојаното повторување на приказната дека дванаесет луѓе ја основале христијанската религија. Јас ќе докажам дека е доста еден човек да ја урне.” Поминале многу генерации од неговата смрт. Милиони продолжувале со слична војна против Библијата. Но не само што не ја уништиле, туку таму каде што во Волтеровото време имало сто примероци, денес има десет илјади, па дури и преку сто илјади примероци на оваа Божја книга. Според зборовите на еден поранешен реформатор на христијанската црква: “Библијата е наковална на која се истрошиле многу чекани.” “Ниедно оружје, направено против тебе”, кажува Господ, “нема да има успех, и секој јазик кој би се подигнал против тебе на суд, ти ќе го обвиниш” (Исаија 54:17).

“А Словото на нашиот Бог останува вечно” (Исаија 40:8). “Верни се сите Негови заповеди; утврдени засекогаш, засновани врз вистина и правда.” (Псалм 111:7, 8). Сè што е изградено со човечки авторитет, се урива; но она што е втемелено на карпата на непроменливото Божјо Слово, ќе остане цврсто и постојано засекогаш.