Големата борба помеѓу Христа и сатаната

14. Подоцнежни англиски реформатори

Додека Лутер на германскиот народ ја отворил дотогаш затворената Библија, Тиндал поттикнат од Божјиот Дух настојувал истото тоа да го направи за Англија. Виклифовата Библија била преведена од латинскиот текст кој содржел многу заблуди. Тој превод никогаш не бил печатен, а трошоците од препишаните примероци биле толку високи што, освен богаташите и благородниците, само мал број на луѓе можеле да ги набават; покрај тоа, црквата строго ја забранувала Библијата и затоа таа слабо била раширена. Во 1516 година, една година пред прогласувањето на Лутеровите тези, Еразмо ја издал својата грчка и латинска верзија на Новиот завет. Така Божјото Слово прв пат било печатено на изворниот јазик. Во тоа издание многу грешки од поранешните преводи биле поправени, а смислата била појасно изразена. Оваа издание на многу образовани луѓе им овозможило подобро да ја запознаат вистината, и на делото на реформацијата му дало нов поттик. Но сè уште обичниот народ бил лишен од Божјото Слово. Така Тиндал требал да го доврши Виклифовото дело и на своите сонародници да им ја даде Библијата на нивниот мајчин јазик.

Како трудољубив студент и ревен истражувач на вистината, тој евангелието го примил од Еразмовиот Нов завет на грчки. Бестрашно ги проповедал своите убедувања при што настојувал секое учење да се споредува со Божјото Слово. На тврдењето од папистите дека црквата ја дала Библијата и дека само таа може да ја толкува, Тиндал одговорил: “Знаете ли вие кој ги научил орлите да го најдат својот плен? Па тој ист Бог ги учи Своите гладни деца во Неговото Слово да го најдат својот Отец. Далеку од тоа дека вие нам сте ни го дале Светото писмо, вие од нас сте го скриле; вие живи ги спалувате оние што го проповедаат и кога би можеле би го спалиле и самото Свето писмо” - Д’Обиње, (D’Aubigne). Историја на реформацијата од 16-тиот век II, 4 поглавје.

Тиндаловото проповедање разбудило големо интересирање, и многумина ја прифатиле вистината. Но свештениците биле претпазливи и штом Тиндал ќе напуштел еден делокруг, тие со заканувања и со криво прикажување на неговото учење настојувале да ја уништат неговата работа. Многу често во тоа и успевале. “Што да се прави?” извикнал тој. “Додека јас на едно место сеам, на друго место непријателот го пустоши полето кое штотуку го напуштив; не можам да бидам насекаде. О, кога христијаните би го имале Светото писмо на својот мајчин јазик, тогаш и самите би биле во состојба да им пружат отпор на овие лукави итреци. Без Библијата е невозможно да се зацврстат неупатените луѓе во вистината.” - Исто, II, 4 поглавје.

Тогаш во мислите му се родила една нова одлука која повеќе не го напуштила. “Псалмите во Јеховиниот храм”, нагласувал тој, “биле пеени на јазикот на израелскиот народ; зошто тогаш и нам евангелието не би ни се проповедало на англиски?... Зар црквата на пладне да има помалку светлина отколку што имала во осамнувањето?... Христијаните мораат да го читаат Новиот завет на мајчиниот јазик.” Теолозите и вероучителите не се согласуваат меѓу себе. Само со помош на Библијата народот може навистина да дојде до вистината. “Едни се држат за еден вероучител, другите пак за друг. Секој од тие учители му противречи на другиот. Како тогаш можеме да ја согледаме разликата: Кој овде зборува право, а кој погрешно?... Како?... Навистина само со помош на Божјото Слово.” - Исто, II, 4 поглавје.

Наскоро, потоа еден учен католички теолог, впуштајќи се со Тиндал во препирка, извикнал: “Подобро е да сме и без Божјите закони, отколку без папските.” Тиндал на тоа возвратил: “Јас го презирам и папата и сите негови закони, и ако Бог ми го сочува животот јас за неколку години ќе направам момчето што оди по плугот, повеќе да знае за Светото писмо отколку вие.” - Анали на англиската Библија, стр. 19.

Намерата која уште од порано ја негувал во своето срце, на народот да му го даде Светото писмо на неговиот мајчин јазик, сега конечно созреала, и тој веднаш се фатил за работа. Протеран од своето родно место, отишол во Лондон и таму непречено продолжил со работата. Но папската сила повторно го присилила да бега. Се чинело како цела Англија да е затворена за него па решил да побара засолниште во Германија. Тука започнал со печатење на Новиот завет на англиски јазик. Двапати работата била прекинувана; но кога печатењето му било забрането во еден град, тој одел во друг. Најпосле се упатил во Вормс каде Лутер, неколку години пред тоа, го бранел евангелието пред државниот собор. Во овој стар град имало многу пријатели на реформацијата, и тука Тиндал непречено ја продолжил започнатата работа. Набрзо биле довршени три илјади примероци на Новиот завет, а истата таа година излегло и второто издание.

Со голема ревност и неуморна истрајност, Тиндал ја продолжил својата работа. Иако англиските власти будно ги чувале своите пристаништа, сепак Божјото Слово на разни начини тајно е внесувано во Лондон, а оттаму ширено по целата земја. Папските приврзаници се труделе да го запрат ширењето на вистината, но напразно. Така, еднаш бискупот на дарамската област од еден книжар, Тиндалов пријател, ја откупил целата залиха на Библии со намера да ги уништи, цврсто убеден дека на тој начин многу ќе направи да се спречи нејзиното ширење. Но, напротив, со парите добиени за одеднаш продадениот контингент бил купен материјал за ново и подобро издание, кое не би можело да излезе да не бил овој случај. Кога Тиндал подоцна бил затворен, му била понудена слобода под услов да ги наведе имињата на оние што му помогнале да ги подмири трошоците околу печатењето на Библијата. Тој одговорил дека дарамскиот бискуп направил повеќе отколку кој било друг, зашто плаќајќи ја високата цена за книгите што му останале непродадени, го охрабрил со уште поголема волја да ја продолжи работата.

Тиндал со предавство паднал во рацете на своите непријатели и така еднаш со месеци чмаел во заточеништво. На крајот својата вера ја посведочил и со маченичка смрт; но духовното оружје што тој го подготвил, Светото писмо, оспособило други борци низ вековите да ја продолжат борбата се до нашите денови.

Латимер јавно истакнувал од проповедалната дека Библијата треба да се чита на народен јазик. “Авторот на Светото писмо”, нагласувал тој, “е самиот Бог и тоа Писмо е меродавно и непоминливо како и самиот негов Автор. Го нема тој крал, ниту цар, ниту судии ниту било каков владетел... кој не е должен да го слуша... Неговото свето Слово. Да не одиме по погрешен пат, туку да допуштиме да не води Божјото Слово; да не продолжуваме по патиштата на нашите предци, ниту пак да го следиме она што го правеле тие, туку за она што требало да го направат.” - Хуго Латимер, “Прва беседа одржана пред Едвард VI.”

Барнс и Фрит, верните пријатели на Тиндал, исто така станале да ја бранат вистината. На нив потоа им се придружиле и Ридли и Крамер. Сите овие луѓе, како водачи на реформацијата во Англија, биле образовани и во повеќе случаи високо ценети во Римокатоличката црква поради својата ревност и побожност. До нивно спротивставување на папството дошло затоа што ги запознале заблудите на “светата столица”. И токму тоа нивно познавање на тајните на Вавилон на сведоштвото што го изнесувале против него му давало уште поголема сила.

“Сега ќе ви поставам едно чудно прашање” - рекол еднаш Латимер. “Знаете ли кој е најревен бискуп и прелат во цела Англија?... Гледам сите се претворивте во уво... ќе ви кажам: тоа е ѓаволот! Тој никогаш не се оддалечува од својата бискупија; кога и да го побарате, секогаш е дома... секогаш е зад плугот... никогаш нема да го најдете без работа, ве уверувам... Каде ѓаволот ќе се всели, тука се отфрлаат книгите, а се земаат свеќи и кадилници, се отфрла Библијата, а се земаат бројаниците; се отфрла светлината на евангелието, а се палат свеќи од восок; да, дури и напладне;... се отфрла Христовиот крст, а се истакнува чистилиштето кое на луѓето им ги празни џебовите... се отфрла грижата околу облекувањето на голите, сиромашните и немоќните, а се истакнува украсувањето на сликите и китењето на ликовите од дрво и камен; човечките традиции и заповеди се издигнуваат над Бога и над Неговото Слово, кое е најсвето... О, кога нашите прелати би биле толку ревни да го сеат семето на добрата наука, исто како што е ревен сатаната кога го сее каколот и плевелот!” - Исто, “Беседа за плугот”.

Големото начело што го застапувале овие реформатори - истото она кон кое се придржувале Валденжаните, Виклиф, Јан Хус, Лутер, Цвингли и нивните соработници, бил непогрешливиот авторитет на Светото писмо, како правило на верата и живеењето. Таканареченото право на папата, црковните собори, отците и кралевите да ја контролираат совеста по прашањата на верата, тие решително го одрекле. Библијата за нив била најголемиот авторитет, и со нејзиното учење ја проверувале секоја доктрина и секое тврдење. Верата во Бога и Неговото Слово ги подржувала овие свети луѓе кога умирале на кладата или на справата за мачење. “Биди храбар”, му довикнал Латимер на својот другар на кладата пред пламените јазици да го замолкнат неговиот глас: “ние денеска со Божја милост ќе запалиме таква свеќа во цела Англија која, убеден сум во тоа, никогаш нема да се изгаси.” - Латимерово животно дело, I, стр. 13.

Во Шкотска никогаш сосема не било уништено семето на вистината што го посеале Колумба и неговите соработници. Со векови подоцна, кога црквите во Англија се потчиниле на Рим, тие во Шкотска ја сочувале својата слобода, но во дванаесеттиот век и тука завладеало папството, и во ниедна друга земја не го зацврстило својот апсолутизам како овде. Никаде темнината не била погуста отколку овде. Но сепак зраците на светлината навлегле низ темнината и го најавиле новиот ден. Лолардите, кои од Англија дошле со Библијата и со Виклифовото учење, многу придонеле да се сочува знаењето за евангелието, а секој век имал свои сведоци и свои маченици.

Со почетокот на големата реформација во Шкотска биле донесени Лутеровите списи, а потоа и Тиндаловиот Нов завет на англиски јазик. Незабележани од хиерархијата, овие неми гласници кои молкум се носени преку ридовите и долините, насекаде повторно го запалувале факелот на вистината, кој во Шкотска речиси бил изгасен, и го уништувале она што Рим го направил во текот на четирите века на својата тиранија.

Тогаш крвта на мачениците дала нова сила на движењето. Папските поглавари сфаќајќи ја одеднаш опасноста што им се заканила на нивните интереси, однеле на клада некои од најблагородните и најучени синови на Шкотска. Но со тоа само подигнале таква проповедална од која зборовите на храбрите сведоци што умирале за вистината одекнувале по целата земја, што длабоко ги трогнало срцата на луѓето и ги инспирирало со решителност да ги отфрлат римските окови.

Хамилтон и Висхарт, со кнежевско потекло и благороден карактер, го завршиле животот на клада заедно со цела низа на скромни ученици. Но од местото каде што Висхарт бил спален на кладата дошол борец кого пламенот не ќе може да го замолкне, реформатор под чиешто влијание на папството ќе му одѕвони смртното ѕвоно во Шкотска.

Џон Нокс го свртел грбот на традициите и на црковниот мистицизам за да се насладува со вистините на Божјото Слово, а учењето на Висхарт го зацврстило во одлуката да си оди од католичката црква и да им се придружи на прогонетите реформатори.

Наговорен од своите истомисленици да го прифати повикот за проповедник, тој се воздржувал плашејќи се од одговорноста и се согласил со тоа дури по неколку дена размислување во самотија и тешка борба со самиот себе. Меѓутоа, кога еднаш ја примил должноста, одел напред со непоколеблива решителност и со бестрашна храброст сè до крајот на својот живот. Овој честит и искрен реформатор не се плашел од луѓето. Огнот на мачеништвото што се разгорувал околу него, само уште повеќе ја зголемил неговата ревност. Иако непријателската секира, заканувачки, постојано му лебдела над главата, тој не само што не отстапувал, туку замавнувајќи храбро и надесно и налево му задавал уништувачки удари на постоечкото идолопоклонство.

Кога бил изведен пред кралицата на Шкотска во чиешто присуство исчезнувала ревноста на многу протестантски водачи, Џон Нокс бестрашно сведочел за вистината. Тој не можел да се придобие со ласкање; а не се плашел ниту од закани. Кралицата го обвинувала за ширење на ерес. Изјавила дека тој, учејќи го народот на верата, која државата ја забранува, со тоа ја крши и Божјата заповед која на поданиците им налага да се покоруваат на своите владетели. Нокс на тоа решително одговорил:

“Бидејќи ни потеклото ни авторитетот на вистинската религија не потекнуваат од земните владетели туку само од вечниот Бог, поданиците не се должни својата вера да ја прилагодуваат кон желбите или наклоноста на своите владетели. Зашто често се случува владетелите најмалку да се упатени во вистинската Божја вера... Кога сите Аврамови потомци би ја прифатиле религијата на фараонот, чиишто поданици тие биле долго време, ве прашувам вас, госпоѓо, каква религија би била денес во светот? Или кога во времето на апостолите сите би ја прифатиле религијата на римските императори, каква би била денес верата во светот?... И така, госпоѓо, можете да видите дека поданиците не се должни да ја исповедаат верата на своите владетели, иако се должни да им се покоруваат.”

Тогаш кралицата рече: “Вие Светото писмо го толкувате на еден начин, а тие (римокатоличките учители) на друг; кому да му верувам и кој тука да биде судија?”

“Верувајте му на Бога кој јасно ни зборува преку Своето Слово,” одговорил реформаторот, “а надвор од она што е напишано во тоа Слово, не треба да верувате ниту на едните ниту на другите. Божјото Слово е јасно само по себе, а доколку понекаде се појави и нешто нејасно, Светиот Дух кој никогаш не противречи на самиот себе го објаснува тоа на друго место, така што веќе не може да има сомневање освен за оние што упорно остануваат во незнаење.” - Давид Лаинг, Собрани дела на Џон Нокс, II, стр. 281, 284.

Така овој бестрашен реформатор, во животна опасност, храбро ја изнесувал вистината и пред нејзиното кралско величество. Со иста бестрашна храброст се држел за својата цел, молејќи се и водејќи ги Господовите битки, сè додека Шкотска не се ослободила од папството.

Во Англија прифаќањето на протестантизмот за државна вера ги намалило прогонствата, иако сосема не ги запрело. Иако многу доктрини на Рим биле отфрлени, сепак се задржани доста од неговите облици. Врховната власт на папата била отфрлена, но на место на папата како глава на црквата застанал монархот. Богослужението во црквите сè уште било далеку од чистотата и едноставноста на евангелието. Големото начело на верската слобода сè уште не било сфатено. Иако протестантските владетели ретко применувале ужасни свирепости што Рим ги употребувал против кривоверството, но сепак ни тие на секого не му го признавале правото да му служи на Бога според својата совест. Од сите било барано да го прифатат учењето и да ги одржуваат обичаите што ги воспоставила државната црква. Оние што мислеле поинаку (еретици во протестантска смисла), со векови биле изложувани на поголеми или помали прогонства.

Во седумнаесеттиот век илјадници проповедници биле истерани од својата служба. На народот, под закана на големи казни, затвор и прогонства, му било забрането да присуствува на било какви верски состаноци, освен оние кои ги одобрувала црквата. Оние верни души кои не сакале да изостанат од богослуженијата што Бог ги одобрува, биле присилени да се состануваат ноќе во мрачните улички, во темните тавански собички, а во некои годишни времиња и во шумите. Во длабоките засолништа на шумите, во храмот што го направил самиот Бог, се состанувале овие расеани и прогонети Божји деца да ги излеваат своите души во молитва и заблагодарување. Но, и покрај сета своја претпазливост, многумина страдале поради својата вера. Затворите биле преполни. Семејствата биле растурени, а многумина протерани во туѓи земји. Но Бог бил со Својот народ, и прогонствата не можеле да ги замолкнат нивните сведоштва. Многумина биле присилени да одат дури и преку океанот, и во Америка да го положат темелот на граѓанската и верска слобода, која претставува бедем и гордост на таа земја.

И пак, слично како и во деновите на апостолите, прогонствата само помогнале и придонеле за евангелието уште повеќе да се шири. Во една одвратна дупка меѓу крадци и разбојници, Џон Буњан ја вдишувал небесната атмосфера, и тука ја напишал својата чудесна алегорија за патувањето на побожниот патник од земјата на пропаста во небесниот град. Повеќе од двесте години овој глас од затворот на Бедфорд не престанува да ги потресува срцата на луѓето. Буњановите книги: “Патувањето на поклоникот” и “Обилната милост и за најголемиот грешник” довеле многу загубени души на патот на животот.

Бакстер, Флавел, Алеин и други луѓе надарени, образовани и со длабоко христијанско искуство храбро станувале во одбрана на верата, “која еднаш им е дадена на светите.” Делото што толку предано го извршиле овие луѓе, делото што владетелите од овој свет го забранувале и го ставале надвор од законот, не може никогаш да пропадне. Флавеловите дела: “Извор на животот” и “Делување на милоста,” на илјадници луѓе им покажале како да се предадат на Христа. Бакстеровото дело “Преобразениот пастир”, се покажало како благослов за многумина што го сакале оживувањето на Божјото дело, а неговиот “Вечен одмор на светите” го извршил своето дело приведувајќи ги душите кон “одморот кој сè уште му останува на Божјиот народ.”

Сто години подоцна, во времето на големата духовна темнина, се појавиле, како носители на божествената светлина, Вајтфилд и браќата Весли. Под управата на државната црква англискиот народ дошол во состојба на верско опаѓање, кое едвај се разликувало од незнабошците. Таканаречената природна вера била омилена наука на свештениците и таа ја сочинувала речиси целата нивна теологија. Припадниците на повисоките сталежи подбивно им се смееле на побожните, фалејќи се дека се над нивниот фанатизам. Пониските сталежи сè подлабоко тонеле во незнаењето и пороците, зашто црквата немала ниту храброст ниту вера да го задржи сè поочигледното пропаѓање на побожноста.

Големата доктрина за оправдувањето преку вера, вистината што Лутер толку јасно ја проповедал, речиси се изгубила од вид, а римокатоличкото начело за спасението преку добри дела, го заземало нејзиното место. Вајтфилд и браќата Веслеј, кои биле членови на државната црква, искрено ја барале Божјата милост и Неговото одобрување, а тоа, како и што учеле, можело да се обезбеди само со честит живот и со држење на верските обреди.

Кога Чарлс Весли во болеста која била толку сериозна што мислел дека му дошол крајот, бил запрашан на што ја темели својата надеж во вечниот живот, тој одговорил: “Се трудев да му служам на Бога како што најдобро знаев.” Кога му се причинило дека пријателот кој го запрашал не е сосема задоволен од неговиот одговор, Весли помислил: “Што! Зар моите напори не претставуваат доволна основа за таквата надеж? Зар би ме лишел од она што сум го заслужил со своите напори? Јас инаку немам ништо друго во што би можел да се надевам.” - (John Whitehead) Џ. В. Животот на Чарлс Весли стр. 102. Таква била густата темнина што во тоа време ја обвивала црквата, таа од луѓето ја скрила жртвата на помирување, на Христа му ја одзела Неговата слава, а мислите на грешникот ги одвратила од единствената надеж во спасението - крвта на распнатиот Спасител.

Весли и неговите соработници увиделе дека вистинската вера има свое седиште во срцето и дека Божјиот закон се однесува и на мислите, како и на зборовите и делата. Осведочени дека е потребна и светост на срцето исто така како и коректност во однесувањето, тие навистина почнале да живеат нов живот. Со сесрдни молитви проследени со напори настојувале да ги совладаат злите наклоности на непрепороденото срце. Живееле живот на самоодрекување, добрина и понизност, преземајќи ги со голема строгост и точност сите мерки кои, како им се чинело, можеле да придонесат да го постигнат она што најмногу го сакале - светост, која ќе им обезбеди Божја наклоност. Но сепак не го постигнале она за што се стремеле. Со сопствените напори не биле во состојба да се ослободат од “клетвата за гревот”, ниту пак да ја раскинат нејзината моќ. Тоа била борба слична на онаа што и Лутер ја водел со самиот себе во својата ќелија во Ерфурт. Тоа било истото прашање што ја мачело и неговата душа: “Како човекот ќе се оправда пред Бога?” (Јов 9:2).

Огнот на божествената вистина кој скоро згаснал на олтарите на протестантизмот, требало повторно да се запали со стариот факел кој со векови го чувале, пренесувајќи го од поколение до поколение, чешките христијани. По започнатата реформација во деновите на Хус и Јероним, протестантизмот во Чешка под инвазијата на римските хорди бил наполно прегазен. Сите оние кои не сакале да се откажат од вистината биле принудени да бегаат од својата земја. Некои нашле прибежиште во Саксонија каде што ја сочувале старата вера. Преку потомците на овие христијани светлината дошла и до Веслеј и неговите истомисленици.

Џон и Чарлс Весли откако биле ракоположени за проповедници, биле заедно со една мисија испратени во Америка. На палубата на бродот се наоѓала една група моравски протестанти. Во текот на пловидбата настанала силна бура и Џон Весли, соочен со смртта, чувствувал дека не е сигурно измирен со Бога. Сосема спротивно на ова, моравските браќа покажале такво спокојство и сигурност какво тој не видел дотогаш.

“Доста долго и пред тоа”, кажувал тој, “ја набљудував исклучителната сериозност на нивното однесување. Својата понизност постојано ја докажуваа со тоа што на другите патници им правеа такви услуги кои ниту еден Англичанец никогаш не би ги направил. За тие услуги ниту барале ниту примале некаква плата, туку само би рекле дека тоа е добро за нивните горделиви срца и дека нивниот Спасител за нив направил многу повеќе. И секој нов ден им давал нова можност да ја покажат кроткоста, која не можела да ја наруши никаква навреда. Доколку некој би ги турнел, удрил или соборил, станувале и заминувале; но без ниту еден збор на жалење. Сега им се дала можност да покажат дека и чувството на страв исто така им е туѓо како и духот на гордоста, гневот и осветата. Во средина на псалмот со кој го започнаа своето богослужение, огромен бран од разбрануваното море, кое инаку личеше на страшно изорени бразди, се крена молскавично, го поплави главното едро, го раскина на парчиња, и го покри целиот наш брод, така што изгледаше како веќе да нè проголтаа морските длабочини. Англичаните ги зафати страшна паника придружувана од извици на страв и ужас, додека Словените мирно продолжија да пеат. Подоцна прашав еден од нив: “Зар вие не се исплашивте?” Тој одговори: “Фала му на Бога, не.” На моето прашање: “А зар не се исплашија ни вашите жени и деца?” тој одговори благо: “Не, нашите жени и деца не се плашат од смртта.” - Вајтхед, (Whitehead) Животот на Џон Веслеј стр. 10.

Стигнувајќи во Савана, Весли кратко време живеел кај моравските браќа и нивното христијанско однесување на него оставило длабок впечаток. За едно нивно богослужение кое многу се разликувало од безживотниот формализам на англиската црква, пишувал: “Големата едноставност и свеченост на целата служба направија да заборавам на изминатите илјада и седумстотини години и во мислите да се преселам во еден од оние собири со кои претседавале Павле, изработувач на шатори, или Петар, рибарот; и каде немало никаков формализам ниту раскош, но затоа очигледно се покажувала силата на Светиот Дух.” - Исто, стр. 11, 12.

По враќањето во Англија, Весли, поучен од еден моравски проповедник, појасно ја сфатил библиската вера. Бил осведочен дека спасението на душите не може да се заслужи со сопствени дела, туку само со потполна верба во “Божјото јагне кое ги зеде на Себе гревовите на светот.” На еден собир на моравските браќа одржан во Лондон, била прочитана една Лутерова констатација во која се опишува промената која Божјиот Дух ја врши во срцето на верникот. Додека Весли го слушал тоа, верата пламнала и во неговата душа. “Почувствував некоја необична топлина во душата”, зборувал тој. “Чувствував дека за спасение на мојата душа треба да се надевам во Христа и само во Христа, и бев сигурно осведочен дека Тој ги зел и моите гревови, токму моите и ме спасил од законот на гревот и смртта.” - Исто, стр. 52.

Во текот на долгите години на мачни и тешки напори - години на најстрого самооткажување, покори и понижувања - Весли упорно се борел имајќи пред очите само една цел - целта да го најде Бога. Сега Го нашол; дознал дека милоста која тој напразно се обидувал да ја придобие со пост и молитви, милостињи и самооткажување, всушност е дар, “без сребро и без плаќање.” (Исаија 55:1).

Кога еднаш се утврдил во Христовата вера, со сета душа горел од желба насекаде да го рашири сознанието за прекрасното евангелие на Божјата милост, која бесплатно се добива како незаслужен дар. “Целиот свет го сметам за своја парохија”, нагласувал тој, “и каде и да се наоѓам во неа, сметам дека е мое право и света должност на сите кои сакаат да слушаат да им ја објавам радосната вест за спасението.” - Исто, стр. 74.

Тој продолжил со својот строг живот на самооткажување кој сега веќе не бил темел, туку резултат на верата; не корен, туку плод на светоста. Божјата благодат во Христа е темел на надежта на еден христијанин, а таа благодат ќе се покаже во послушноста. Весли целиот свој живот го посветил во проповедањето на големите вистини што ги примил - вистината за оправдување преку вера во Христовата крв на исчистување, и за силата на Светиот Дух која може да го прероди срцето и која, како плод на обратувањето, се огледа во прилагодувањето на животот по примерот на Христовиот.

Вајтфилд и браќата Весли, биле подготвени за својата задача по долгото и длабоко лично осведочување за сопствената изгубеност; а за да бидат во состојба како добри Христови војници да ги поднесат сите тешкотии, морале да бидат изложени на огнено искушение, на омаловажување, потсмев и прогонства, и тоа како на универзитетот така и подоцна кога стапиле во својата проповедничка служба. Нив и неколкумината нивни симпатизери, непобожните другари уште за време на студиите подбивно ги нарекле “методисти” - име кое денес со гордост го носи една од најголемите верски заедници во Англија и Америка.

Како членови на англиската црква, биле многу врзани за нејзиниот начин на богослужение, но Господ во Своето Слово им покажал повисок пример. Светиот Дух незапирливо ги поттикнувал да го проповедаат Христа и тоа само распнатиот. Силата на Семожниот ги придружувала нивните напори. Благодарение на тоа, илјадници луѓе ги признавале своите гревови и навистина биле обратени. Неопходно било овие овци да се заштитат од грабливите волци. Сепак Веслеј не мислел да основа некоја нова верска заедница туку ги организирал како здружение на методисти.

Таинствено и мачно било противењето на кое овие проповедници наидувале во државната црква. Меѓутоа, Бог во својата премудрост така управувал со настаните, што реформата почнала во самата црква. Кога би дошла однадвор, реформата не би проникнала токму таму каде што била најпотребна. Меѓутоа, бидејќи поборниците на ова будење биле црковни луѓе и, каде и да им се укажала можност, дејствувале во самата црква, вистината наоѓала пристап и таму каде инаку вратите би и биле затворени. Некои од свештениците, разбудени од постоечката морална заспаност, станале ревни проповедници во своите парохии. Црквите кои биле просто скаменети од формализмот, се разбудиле во живот.

Во времето на Весли, како и во сите векови на црковната историја, луѓе со разни способности ги извршувале задачите што им биле доверени. Тие секогаш не се согласувале во секоја точка на учењето, но сите биле инспирирани од Светиот Дух и се здружувале со намера да придобијат души за Христа. Разликите што постоеле помеѓу Вајтфилд и браќата Весли, извесно време се заканувале да доведат до меѓусебно оддалечување; но бидејќи во Христовата школа сите научиле да бидат кротки, меѓусебната воздржаност и христијанската љубов ги помириле. Немале време за меѓусебни расправии додека на сите страни владееле заблуди и беззаконија, а грешниците оделе во пропаст.

Овие Божји слуги морале да одат по стрмна патека. Влијателните и образованите луѓе ги употребиле сите свои сили во борбата против нив. По извесно време главнината на свештенството покажала решително непријателство кон нив, и црковната врата била затворена и за чистата вера и за оние што ја проповедале. Обвиненијата и клетвите на свештенството изрекувани од проповедалниците им давале поттик на елементите на мракот, незнаењето и беззаконието. Џон Веслеј повеќепати ја избегнувал смртта со чудото на Божјата милост. Кога бесот на разлутениот народ еднаш се распалил против него, и кога се чинело дека нема никаков излез, еден ангел во човечки облик застанал покрај него, народот бил присилен да се повлече, и Христовиот слуга неповреден отишол од местото на опасноста.

За своето избавување од бесот на разјарениот народ, Весли раскажувал: “Многумина настојуваа да ме турнат во процепот додека се спуштавме по лизгавата патека во градот, знаејќи добро дека тешко повеќе ќе се подигнам ако еднаш паднам. Но јас ниту еднаш не се препнав, па дури и не се ни лизнав сè додека не бев сосема надвор од дофатот на нивните раце... Иако многумина се напрегнуваа да ме дофатат за јаката или облеката за да ме соборат, ниту еден не ме фати толку цврсто. Само на еден му успеа да ме фати за капакот на џебот од мојот елек кој му остана во рацете, но капакот на другиот џеб, во кој се наоѓаше една банкнота, беше само половина скинат... Еден силен човек, непосредно зад мене, замавна неколку пати за да ме удри со дебелиот дабов стап; да ме удреше само еднаш по тилот не ќе требаше повеќе да се труди. Но секој пат промашуваше, ни самиот не знам како, бидејќи не можев да се помрднам ниту лево ниту десно... Еден, навалувајќи на мене, се проби низ гужвата и ја подигна раката за да ме удри, но наеднаш ја спушти раката и само ме помилува по главата велејќи: “Каква мека коса има!”... Први чиишто срца дале да се обратат биле оние кои по нешто ги сметале за “херои на својот град, водачи на простиот џган во секоја прилика; еден од нив бил најдобар борач во борбата со мечки...

“Колку благо и постепено Бог нас нè подготвува за извршување на Неговата волја! Пред две години едно парче цигла ме закачи по рамото. По една година еден со камен ме погоди меѓу очите. Минатиот месец добив еден удар, а вечерва два, еден пред да стигнеме во градот, а еден на враќање; но и двата беа како ништо; зашто, иако еден со сета своја сила ме удри во градите, а друг ме удри по устата толку силно што веднаш ми потече крв, сепак од ниту еден удар не почувствував болка поголема отколку да ме пипнаа со сламка.” - Џон Весли, Собрани дела, III, 297-298.

Методистите во тие први години на своето постоење - и народот и проповедниците, биле изложени на подбивања и прогонства како од членовите на црквата така и од неверниците кои со клеветење биле подбуцнувани против нив. Често биле изведувани пред судови, кои тоа биле само по име, зашто правдата била многу редок гостин во судниците во тоа време. Многупати трпеле насилство од своите прогонувачи. Збеснатиот народ одел од куќа до куќа, ја уништувал покуќнината и мебелот, ограбувал сè што му се допаѓало и свирепо ги малтертирале мажите, жените и децата. Во некои случаи преку огласите истакнати на јавните места биле повикувани сите оние што сакаат да помогнат во кршењето на прозорците и во ограбувањето на методистичките куќи, во одредено време да се соберат на одредено место. Оваа отворено кршење на човечките и божествените закони останувало неказнето. Систематски биле прогонувани луѓе чијашто единствена грешка била во тоа што настојувале грешниците да ги вратат од патот на пропаста, упатувајќи ги на патот на светоста.

На обвинувањата подигнувани против него и неговите другари, Џон Веслеј рекол: “Некои истакнуваат дека учењето на овие луѓе е лажно, погрешно и занесеничко, дека е ново и досега неслушнато; дека тоа се квекери, фанатици и паписти. Сите овие тврдења веќе се пресечени во коренот, зашто непобитно е докажано дека секоја гранка на ова учење е токму учењето на Светото писмо, како што го толкува и самата наша црква. Според тоа, ако Светото писмо е вистинито, ова учење не може да биде ниту лажно ниту погрешно.” “Други зборуваат дека нивното учење е престрого; дека патот кон небото го направиле претесен.” Тоа всушност е првобитен приговор (единствен за одредено време) и тој претставува скриена основа за илјадници други кои се појавуваат во разни облици. Но, зарем тие патот го прават потесен отколку што го направил нашиот Господ и Неговите апостоли? Зар нивното учење е построго од учењето на Библијата? Да разгледаме само неколку недвосмислени текстови: “Љуби го Господа твојот Бог со сето свое срце, и со сета своја душа и со сета твоја мисла.” “За секој празен збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден.” “Според тоа, јадете ли, пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава.”

“Ако нивното учење е построго од ова, тогаш заслужуваат укор и осуда, но вие во својата совест сте осведочени дека тоа не е така. А кој може да биде за една црта помалку точен, а со тоа да не го изневери Божјото Слово? Може ли приставот на Божјите тајни да се смета за верен ако проневери еден дел од светото богатство? - Не. Тој не може и не смее ништо да укине, ништо да ублажи, тој е присилен да изјави пред секого: “Јас не можам Светото писмо да го снижам и да го приспособам кон вашата волја. Морате да се издигнете до него или засекогаш да пропаднете.” На ова се засновува друго популарно обвинение според кое “овие луѓе немаат братска љубов.” Дали тие навистина се лишени од љубовта? Во кој поглед? Зарем не ги хранат гладните и не ги облекуваат голите? “Не, не е тоа; во тој поглед тие немаат недостаток; но тие се толку немилосрдни во расудувањето, тие мислат дека никој не може да биде спасен освен оние што одат по нивниот пат.” - Исто, III, стр. 152,153.

Духовното опаѓање што толку очигледно се покажало во Англија непосредно пред Веслеј, во голема мера било последица на антиномистичкото учење (учење дека христијаните не се должни да го држат Божјиот закон). Многумина тврделе дека Христос го укинал моралниот закон и поради тоа христијаните не се должни да се придржуваат на него; дека оној кој верува е ослободен од “робувањето на добрите дела.” Други, иако ја признале непоминливоста на законот, тврделе дека проповедниците не мораат да ги поттикнуваат верниците да се држат до Неговите прописи, бидејќи наводно оние кои Бог ги избрал за спасение, “со незапирливата божествена милост, ќе бидат наведени да живеат побожно и корисно”, додека оние што се предодредени за вечно проклетство “нема да имаат сили да се покоруваат на Божјиот закон.”

Други, кои исто така сметале дека “избраните не можат да ја изгубат Божјата милост ниту пак да бидат лишени од Неговата наклоност,” дошле до уште погрозен заклучок, дека “беззаконијата што тие ќе ги направат всушност не се грешни ниту пак можат да се сметаат за престап на Божјиот закон, и дека, според тоа, немаат причина ниту да ги признаваат своите гревови, ниту пак со каење да ги напуштаат.” - (Енциклопедиска статија “Антиномија”) Тргнувајќи од тоа, тие дури тврделе дека и еден од најгрозните гревови, “она што општо се смета за страшен престап на Божјиот закон, во Божјите очи не е грев,” ако тоа го направи еден од Неговите избраници”, “бидејќи една од важните и особени карактеристики на избраните е фактот дека тие не можат ништо да направат што не би било по Божја волја или што би било забрането со Неговиот закон.”

Овие чудовишни учења всушност се истите како и учењата на подоцнежните популарни просветители и теолози - дека Божјиот закон не претставува непроменливо мерило на правдата, туку дека самото општество себеси си одредува мерило на моралот, кое поради тоа, постојано се менува. Сите овие идеи дишат со духот на оној кој уште меѓу безгрешните жители на небото го започнал своето дело, стремејќи се да ги укине оправданите ограничувања кои ги наметнува Божјиот закон.

Учењето дека божествената волја однапред и непроменливо го одредува карактерот на секој човек, многумина навело целосно да го отфрлат Божјиот закон. Веслеј решително станал против заблудите на антиномистичките учења и докажал дека учењето што води кон отфрлување на моралниот закон целосно е спротивно на Светото писмо. Библијата учи: “Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе” (Тит 2:11). “Ова е добро и угодно пред Бога, нашиот Спасител, Кој сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познавање на вистината. Зашто Бог е Еден, и Еден е Посредникот меѓу Бога и луѓето - Човекот Христос Исус, Кој се даде Себеси како откуп за сите.” (1. Тимотеј 2:3-6). Божјиот Дух се дава како незаслужен дар за секој што сака да Го прими да го оспособи да не го пропушти понуденото спасение. Така Христос бил “Вистинската светлина, Која го осветлува секој човек, кој доаѓаше во светот.” (Јован 1:9). Луѓето го губат спасението само затоа што понудениот дар на животот своеволно го одбиваат.

Одговарајќи на тврдењето дека десетте заповеди заедно со церемонијалниот закон, се укинати со Христовата смрт, Веслеј рекол: “Моралниот закон изразен во десетте заповеди, кои ги нагласувале и пророците, Христос не го укинал. Целта на Неговото доаѓање не била да поништи ниту најмал дел од тој закон. Тоа е закон кој никогаш не може да се укине, кој стои цврсто како верен сведок на небото... Тој уште од почетокот на светот бил напишан не на камени плочи, туку во срцата на сите човечки синови кога излегле од рацете на Творецот. Иако гревот ги замаглил буквите испишани со Божјиот прст, тие не можат сосема да се избришат од човечката душа сè додека имаме совест за доброто и злото. Секој дел од овој закон мора да остане на сила за сите луѓе и за сите времиња, зашто тоа не зависи ниту од времето ниту од местото, ниту од било какви други околности кои се подложни на промени, туку од природата на непроменливоста на меѓусебните односи помеѓу Бога и човекот.

Не сум дошол да го укинам, туку да го исполнам... Несомнено е дека овде Христос сака да каже (кога ќе се земе во обѕир сè што кажал пред и после тоа) - дојдов законот да го утврдам во неговата целовитост, наспроти сите човечки толкувања; дојдов за сè што во врска со тоа уште е темно и нејасно во потполност да го расветлам; дојдов да го разјаснам правото и полното значење на секој негов дел; да ја покажам должината и широчината и сета далекусежност на секоја заповед, како и височината и длабочината и неразбирливата чистота и духовност на секоја негова поединост.” - Wesley, Проповед 25.

Весли учел дека помеѓу законот и евангелието постои совршена хармонија. “Поврзаноста што постои помеѓу законот и евангелието е поцврста отколку што може и да се замисли. Од една страна, законот го отвора патот на евангелието и постојано укажува на него; од друга страна, евангелието нас постојано нè упатува на уште поцелосно исполнување на законот. Законот, на пример, од нас бара да го љубиме Бога и ближните и да бидеме кротки, понизни и свети. Ние чувствуваме дека не сме дораснале за тоа; дека тоа е “невозможно за човекот”, меѓутоа, во евангелието наоѓаме уверување дека Бог ќе ни даде таква љубов и дека ќе нè направи понизни, кротки и свети; ние со вера се фаќаме за оваа радосна вест на евангелието; и на тој начин “правдата на законот се исполнува во нас преку верата што е во Христа Исуса”...

“Најголеми непријатели на Христовото евангелие”, рекол Весли, “се оние кои отворено и јавно го 'осудуваат Законот' и го 'обезвреднуваат законот', кои ги учат луѓето да ја газат, отфрлуваат, омаловажуваат или порекнуваат обврската не само на една, било тоа да е најмала или најголема, туку на сите Божји заповеди... Најчуден, од сите околности што ја придружуваат оваа голема измама, е фактот дека оние што се нејзини жртви мислат дека соборувајќи го Божјиот закон му прават чест на Христа и дека побивајќи го Неговото учење му служат Нему. Да, тие го почитуваат токму како Јуда кога рекол: 'Здраво Рави! И го целива!' И Тој со право на секој од нив би можел да каже: “Зар со бакнеж го предаваш Синот Човечки?” Да зборуваш за Неговата крв, а да му ја одземаш круната; и да отфрлаш било кој дел од Неговиот закон под изговор да се забрза напредокот на Неговото евангелие, всушност не е ништо друго туку предавство со бакнеж. Оној што верата ја проповеда на начин, кој директно или индиректно ги одвраќа луѓето од послушноста и кој тврди дека Христос го укинал или ја намалил важноста и на најмалата Божја заповед, навистина не може да ја избегне ваквата осуда.” - Исто, проповед 35.

На оние што тврделе дека “проповедањето на евангелието претставува крај на законот”, Весли им одговорил: “Ова во целост го побиваме. Евангелието навистина не претставува крај на законот, зашто законот ги осведочува луѓето во нивната грешност, и ги буди оние што на самиот крај на пеколот сè уште безгрижно спијат. Апостол Павле кажува дека: “Преку законот доаѓа познавањето на гревот”, а додека човекот не ја спознае својата грешност тој не може да почувствува ниту потреба за очистување кое се постигнува само преку Христовата крв... “Здравите немаат потреба од лекар, туку болните”, рекол и самиот наш Господ. Според тоа, бесмислено е да им се препорачува лекар на здравите или на оние што мислат дека се здрави. Најпрво морате да ги уверите дека се болни инаку нема да ви бидат благодарни за вашиот труд. Исто така бесмислено е да им се препорачува Христос на оние чиешто срце никогаш не се скршило со осведочувањето за сопствената грешност.” - Исто, проповед 35.

Така Весли проповедајќи го евангелието за Божјата милост, настојувал како и неговиот Господ, “законот да го направи голем и славен.” Верно ја извршил задачата што Бог му ја доверил, и прекрасни биле плодовите што доживеал да ги види. На крајот на неговиот долг живот од преку осумдесет години, повеќе од половина век го поминал како патувачки проповедник. Бројот на негови отворени приврзаници се зголемил на повеќе од половина милион души. Меѓутоа, бројот на оние кои благодарение на неговите напори биле оттргнати од пропаста и униженоста на гревот и упатени на поблагороден и почист живот, бројот на оние што благодарение на неговото учење добиле побогато и подлабоко христијанско искуство, нема во целост да се дознае сè додека целото семејство на спасени не се собере во Божјото царство. Неговиот живот на секој христијанин му дава поука од непроценлива вредност. О, кога доблестите, како што се: верата и понизноста, неуморната ревност, самопожртвувањето и преданоста на овој Божји слуга би се огледале и во денешните цркви!