Големата борба помеѓу Христа и сатаната

13. Холандија и скандинавските земји

Во Холандија папската тиранија многу рано предизвикала решителен протест. Така, седумстотини години пред Лутера два епископа, кои како пратеници престојувале во Рим, го запознале вистинскиот карактер на “светата столица” и бестрашно го обвиниле римскиот понтифекс, зборувајќи: “Бог црквата, како своја кралица и свршеница, ја направил благородно и вечно прибежиште за нејзиното семејство, давајќи и мираз кој е непоминлив и неуништлив и вечна круна и жезол... сите тие предности ти како крадец си ги задржал за себе. Си седнал во Божјиот храм (2. Солунјаните 2:4); наместо да си врховен епископ, а се однесуваш како тиранин... Наместо да си слуга на слугите, како што се нарекуваш, се трудиш да станеш господар над господарите... Ти ги презираш Божјите заповеди... Божјиот Дух е основач на сите цркви по целото лице на земјата... Градот на нашиот Бог, чиишто граѓани сме ние, ги опфаќа сите делови на вселената и е поголем од градот кој светите пророци го нарекувале Вавилон, кој тврди дека е божествен, се воздигнува до небото и се фали дека неговата мудрост е бесмртна; и конечно, иако без никаква основа, тврди дека никогаш не грешел ниту пак ќе греши некогаш.” - Гералд Брандт, Историја на реформацијата во помалите земји, VII поглавје 6.

Сличен протест во текот на вековите што настапиле подигале и други. А оние први учители, кои, патувајќи низ разни земји биле познати под разни имиња и слично на валденжанските мисионери, насекаде ширејќи го познавањето на евангелието, се пробиле и во Холандија. Нивното учење брзо се ширело. Валденжанската Библија тие ја превеле на холандски јазик во стихови. “Нејзината голема предност”, нагласувале тие, “е што нема шеги, приказни, безначајни ситници ниту измами, туку само зборови на вистината. Понекаде ќе се наиде на тврда лушпа, но и тука може лесно да се дојде до јатката и до сласта на она што е добро и свето.” - Исто, книга I, стр. 14. Така во дванаесеттиот век пишувале пријателите на старата вера.

Тогаш започнале прогонствата од страна на римокатолиците; но и покрај кладите и мачењата сè повеќе се умножувал бројот на верниците кои решително изјавувале дека Библијата е единствен сигурен авторитет на верата и “дека никој не смее да се присили да верува, туку треба да се придобие со проповедање.” - Мартин, книга II, стр. 87.

Лутеровото учење во Холандија нашло плодна почва, и сериозни и верни луѓе се нафатиле да го проповедаат евангелието. Од една холандска покраина дошол Мено Симонс. Воспитан како римокатолик и ракоположен за свештеник, воопшто не ја познавал Библијата и не сакал ниту да ја чита од страв да не биде заведен од кривоверството. Кога во него се појавил сомнеж во поглед на папското учење за претворањето на виното и лебот во вистинско Христово тело и крв, тој сметал дека сатаната го искушува и настојувал да се ослободи од него со исповеди и молитви, но напразно. Потоа оддавајќи се на распуштен живот се обидел да го замолкне гласот на совеста, но без успех. По некое време бил наведен да го проучува Новиот завет и благодарение на тоа и на Лутеровите списи, тој ја прифатил реформната вера. Набрзо потоа во едно соседно село бил очевидец кога на еден човек му ја отсекле главата само затоа што се крстил. Тоа го поттикнало да ја проучува Библијата во врска со крштевањето на малите деца. За ова не можел да најде докази во Светите списи, но видел дека како услов за крштевање секогаш се бара покајание и вера.

Мено ја оставил римската црква и го посветил својот живот на проповедање на вистините што ги прифатил. Меѓутоа, како во Германија така и во Холандија се појавиле фанатици што ширеле апсурдно и заводливо учење, се подбивале на редот и моралот и прибегнувале кон насилство и побуни. Мено ги согледал страшните последици до кои ваквите движења неизбежно би довеле и решително се спротивставил на лажното учење и на неостварливите замисли на овие фанатици. Меѓутоа, имало многумина што од овие фанатици биле заведени, но кои подоцна се одрекле од ова штетно учење; а имало уште и потомци на старите христијани, плодови на валденжанското учење. Меѓу таквите Мено дејствувал со голема ревност и успешно.

Дваесет и пет години тој патувал заедно со својата жена и децата, поднесувајќи тешкотии и оскудица и често бил во животна опасност. Ја пропатувал Холандија и северна Германија работејќи претежно меѓу пониските сталежи, но со многу распространето влијание. По природа бил речит, иако со скромно образование, бил човек со непоколеблива чесност, со понизен дух, љубезен во однесувањето, искрено и сериозно побожен, и бидејќи со својот живот ја потврдувал науката што ја проповедал ја придобил довербата на народот. Неговите следбеници биле расеани и угнетувани. Многумина страдале и поради тоа што погрешно ги поистоветувале со фанатички настроените Минцерови приврзаници. Сепак, благодарение токму на неговата работа, многумина се обратиле.

Никаде учењето на реформацијата не било толку широко прифатено како во Холандија. Но ретко во која земја нејзините приврзаници биле изложени на пострашни прогонства. Во Германија Карло V ја прогонувал реформацијата, и тој, кога би било по негово, сите нејзини приврзаници со задоволство би ги испратил на клада; но кнезовите се подигнале против неговата тиранија. Во Холандија неговата моќ била поголема, и наредбите за прогонство следувале брзо една по друга. Да се чита Библијата, да се проповеда, да се слуша за неа или пак само да се спомне нејзиното име, тоа значело да се изложиш на смртна опасност и да завршиш на клада. Да се молиш на Бога во тајност, да не се поклонуваш на слики или да пееш некој псалм, исто така се казнувало со смрт. Дури и оние што биле подготвени да се одречат од сè, признавајќи дека се во заблуда, биле осудувани на смрт: на мажите да им се отсече главата, а жените да бидат живи закопани. За време на владеењето на Карло V и Филип II, биле убиени илјадници верни приврзаници на реформацијата.

Еднаш, така цело семејство било доведено пред инквизиторите и обвинето дека изостанало од мисата извршувајќи го богослужението во својата куќа. Запрашан за тоа што тие работат на своето тајно богослужение, најмладиот син одговорил: “Ние паѓаме на колена и се молиме на Бога да го просветли нашиот ум и да ни ги прости гревовите; се молиме и за нашиот владетел неговото владеење да биде успешно, а неговиот живот среќен, се молиме и за нашите судии и поглавари да ги сочува Бог.” - Вили, II, 6 поглавје. Некои од судиите биле длабоко трогнати, но сепак таткото и еден од синовите биле осудени на клада.

Верата на мачениците растела и зајакнувала заедно со бесот на прогонителите. Не само мажите туку и нежните жени и младите девојки покажувале непоколеблива храброст. “Имало жени кои би застанале пред самата клада на својот маж, и додека тој жив горел во огнот му дошепнувала зборови на утеха или го храбрела со пеење на псалми. “Младите девојки живи легнувале во своите гробови толку спокојно како да одат во одајата за ноќна починка; оделе на губилиште и во оган облечени во своите најубави фустани, како да одат на венчање.” - Исто, II, 6 поглавје.

Меѓутоа, како и во првите векови кога незнабоштвото сакало да го уништи евангелието, крвта на христијаните била само семе. (види Tertullian, Апологија, пар. 50) Прогонството придонело бројот на сведоците за вистината уште повеќе да се зголеми. Раздразнет до лудило од несовладливата решителност на народот, монархот од година во година упорно продолжувал со својата свирепост, но напразно. Револуцијата под раководството на благородниот Вилем Орански, конечно на Холандија и донела слобода на вероисповедта.

Во горите на Пиемонт, во низините на Франција и на бреговите на Холандија, напредокот на евангелието е обележан и платен со крвта на неговите приврзаници. Меѓутоа, во северните земји, евангелието влегло мирно. Витенберските студенти, враќајќи се од студиите во татковината, ја донеле реформираната вера и во Скандинавија. Објавувањето на Лутеровите списи исто така придонело за ширење на светлината. Едноставниот и отпорен народ на северот се одвратил од расипаноста, раскошот и празноверието на Рим и ја прифатил чистотата, едноставноста и спасоносните вистини на Библијата.

Таузен, “данскиот реформатор”, бил селски син. Момчето многу рано дало доказ за силата и бистрината на својот ум. Копнеел за повисоко образование, но поради сиромаштијата на неговите родители, тоа му било оневозможено, стапил во манастир. Тука со чистотата на својот живот, трудољубивоста и верноста ја здобил наклоноста на претпоставените. На испитите се покажало дека поседува талент кој на црквата и ветувал големи услуги во иднина. Заклучено било да му се овозможи образование на некој од униерзитетите во Германија или Холандија. На младиот студент му било дозволено самиот да ја избере школата; единствен услов бил да не отиде во Витенберг. Ученикот кој се подготвува за служба на црквата не смеел да биде изложен на отровот на кривоверството. Така заклучиле фратарите.

Таузен заминал во Келн кој во тоа време, како и денес, бил тврдина на римокатолицизмот. Но, тука наскоро му се згадил мистицизмот на школските професори. Отприлика во тоа време до рака му дошле Лутеровите списи. Ги читал со чудење и воодушевување и посакал реформаторот лично да го поучува. Но за да го постигне тоа морал да се замери со својот монашки старешина и да ја изгуби издршката која дотогаш ја примал. Најпосле сепак се решил на тоа и наскоро се запишал на унивезитетот во Витенберг.

По враќањето во Данска, повторно се вратил во својот манастир. С# уште никој не го осомничил за лутеранство. Не им ја открил својата тајна, но настојувал, не предизвикувајќи предрасуди кај своите другари, да ги поведе во посвет живот и почиста вера. Им ја отворал Библијата, ја разјаснувал нејзината вистинска смисла и им го проповедал Христа како единствено оправдание на грешникот и како негова единствена надеж за спасение. Голем бил гневот на надлежниот старешина, кој во него полагал големи надежи очекувајќи да биде верен бранител на католичката црква. Без одложување бил преместен во друг манастир и под строг надзор чуван во ќелија.

На запрепастување на неговите нови чувари, неколку монаси наскоро го прифатиле протестантизмот. Низ решетките на својата ќелија, Таузен своите другари ги довел до спознавање на вистината. Кога данските отци би знаеле како католичката црква постапува со оние кои ги смета за еретици, гласот на Таузен никогаш повеќе не би се слушнал, но наместо жив да го закопаат во некоја подземна темница, тие го протерале од манастирот. Тогаш биле немоќни, бидејќи токму во тоа време стапил на сила еден кралски едикт што на поборниците на новото учење им давал заштита. Таузен почнал да проповеда. Му биле отворени црквите и народот масовно доаѓал да го слуша. И други го проповедале Божјото Слово. Новиот завет, преведен на дански јазик, брзо се раширил. Напорите на папистите да го спречат делото, само го забрзале и не траело долго, а Данска веќе се изјаснила во корист на реформацијата.

И во Шведска младите луѓе кои се напојувале на изворот во Витенберг им ја донеле на своите земјаци водата на животот. Двајцата први поборници на шведската реформација, Олаф и Лауренцие Петри, синови на еден ковач од Еребр, студирале во времето на Лутер и Меланхтон и ревно настојувале вистините што ги запознале да ги проповедаат и на другите. Олаф, слично на Лутер, го будел народот со својата ревност и речитост додека Лауренцие, по примерот на Меланхтон, бил учен, тивок и оддаден на размислување. И двајцата биле луѓе со голема побожност и со високо теолошко образование и со непоколеблива храброст во застапувањето на вистината. Противењето од папските приврзаници ни тука не изостанало. Католичките свештеници ги растревожиле непросветените и суеверни маси. Олаф Петри често бил мета на разбеснетиот џган, а понекогаш одвај си го спасувал животот. Меѓутоа, кралот овие рефоматори ги поддржувал и штител.

Под власта на Римокатоличката црква, народот осирамашил и стенкал под насилството на угнетувањето. Бил лишен од Светите списи, а бидејќи имал вера само на надворешна форма и церемонија, вера која на душата не и донесувала никаква светлина, се вратил на празноверието и обичаите на своите незнабожечки предци. Нацијата се поделила на два противнички табора, чиишто бескрајни борби уште повеќе ја зголемувале сеопштата беда. Кралот се решил за реформација на црквата и државата, и со радост ги поздравил овие способни и силни помагачи во борбата против Рим.

Во присуство на самиот монарх и водечките луѓе на Шведска, Олаф Петри многу подготвено го бранел учењето на реформираната вера пред поборниците на римокатолицизмот. Тој изјавил дека учењето на црковните отци може да се прифати само тогаш ако е во согласност со Светите списи, тврдејќи дека суштественото учење за верата е прикажано во Библијата толку јасно и едноставно за тоа сите луѓе да можат да го разберат. Христос кажува: “Мојата наука не е Моја, туку од Оној Кој Ме пратил.” А Павле кажува дека: “Но ако и ние, или ангел од небото, ви проповеда друго евангелие, различно од она што ви го проповедавме, да биде проклет” (Јован 7:16; Галатјаните 1:8). “Како тогаш некои се осмелуваат”, нагласувал реформаторот, “според својата волја да воспоставуваат нови догми и да ги наметнуваат како неопходни за спасение.” - Вили, X, 4 поглавје. Докажал дека декретите на црквата, ако се спротивставуваат на Божјите заповеди, не се меродавни, и го истакнувал големото начело на протестантизмот; “Библијата, и само Библијата” е правило на верата и животот.

Оваа борба, иако водена на релативно непозната сцена, може да ни покаже “какви биле луѓето што ги пополнувале редовите во војската на реформаторите. Тоа не биле неучени секташки и бучни полемичари - далеку од тоа; тоа биле луѓе, што го проучувале Божјото Слово и кои добро знаеле да ракуваат со оружјето со кое арсеналот на Библијата ги снабдува своите познавачи. Што се однесува до ученоста, биле пред своето време. Кога своето внимание ќе го насочиме само на сјајните центри како што биле Витенберг и Цирих, и прочуените имиња на Лутер и Меланхтон, Цвингли и Еколомпадиј, со право можеме да кажеме: тие биле водачи на движењето и природно е од нив да очекуваме големо влијание и значајни придобивки; но останатите како подредени не биле такви. Меѓутоа, доколку се свртиме на зафрлената сцена на Шведска и на скромните имиња на Олаф и Лауренциј Петри, ако од споменатите учители се свртиме кон овие како нивни ученици - кого гледаме... Научници и теолози, луѓе што целосно ги совладале вистините на евангелието и кои со леснотија ги победуваат лукавите итромани и великодостојниците на Рим.” - Исто, X, 4. поглавје

Како резултат на оваа расправа, шведскиот крал ја прифатил протестантската вера, а наскоро за тоа се изјаснило и народното собрание. Олаф Петри го превел Новиот завет на шведски јазик, а по желба на кралот браќата се нафатиле да ја преведат и целата Библија. Така шведскиот народ за првпат го примил Божјото Слово на својот мајчин јазик. Државниот собор одредил проповедниците по целата земја да го толкуваат Светото писмо и децата во училиштата да учат да ја читаат Библијата.

Благословената светлина на евангелието постепено но сигурно го растерала мракот на незнаењето и суеверието. Ослободена од римокатоличката тиранија, нацијата се издигнала до сила и големина, каква што никогаш пред тоа немала. Шведска станала една од тврдините на протестантизмот. Еден век подоцна, во часот на најтешката опасност, овој мал и дотогаш слаб народ бил единствен во Европа што се осмелил да и пријде во помош на Германија во страшната триесетгодишна војна. Се чинело дека цела северна Европа повторно ќе падне под папска тиранија. Меѓутоа, токму шведските армии и овозможиле на Германија да ја запре поплавата на папскиот успех, да извојува верска толеранција за протестантите - не само за лутераните туку и за калвинистите - и во оние земји што ја примиле реформацијата да ја поврати слободата на совеста.