Големата борба помеѓу Христа и сатаната

12. Реформацијата во Франција

По протестот во Шпаер и Аугзбуршката вероисповед, кои ја означиле победата на реформацијата во Германија, настапиле години на меѓусебни судири и мрак. Ослабен од раздорите меѓу своите бранители, и под ударот на моќните непријатели, протестантизмот како да бил осуден на потполно уништување. Илјадници од нив своето сведоштво го запечатиле со сопствената крв. Избила граѓанска војна, а протестанското дело го издал еден од нејзините најугледни приврзаници; најблагородните кнезови кои ја прифатиле реформацијата, паднале во рацете на царот и како робови биле водени од град во град. Но, во часот на својот привиден триумф, царот доживеал пораз. Видел како пленот му се граба од рацете и најпосле бил принуден да загарантира толерирање на учењето, чиешто уништување го сметал за своја животна задача. Го ставил на коцка своето царство, своето богатство, па и самиот живот, само да го уништи кривоверството. Сега ги видел своите армии, истрошени од војувањето, своите ризници испразнети, своите многубројни кралства загрозени од буни, додека верата која напразно настојувал да ја загуши и понатаму се ширела на сите страни. Карло V се борел против силата на Семожниот. Бог рекол: “Нека биде светлина”, а царот настојувал со сила да го задржи мракот. Неговите планови биле осуетени; и тој, исцрпен од долгогодишните борби, остарел пред време, се одрекол од престолот и жив се погребал повлекувајќи се во еден манастир.

Во Швајцарија, како и во Германија, за реформацијата дошле црни денови. Додека многу области ја прифатиле реформираната вера, други слепо се држeле за римската вероисповед. Прогонството на оние што сакале да ја примат вистината, најпосле довело до граѓанска војна. Цвингли и многу други што се здружиле со него во реформацијата, паднале на крвавото поле кај Капела. Еколомпадиј, совладан од оваа страшна несреќа набрзо потоа умрел. Рим триумфирал и на многу места изгледало како да повратил сè што порано загубил. Но Оној чиишто совети се од искона, не го оставил ниту Своето дело ниту Својот народ. Неговата рака им донела ослободување. Тој во други земји разбудил нови работници за да го продолжат делото на реформацијата.

Во Франција зората на реформацијата почнала да осамнува пред воопшто да се слушне за Лутеровото име. Еден од првите што почнал да ја сфаќа светлината на вистината бил стариот Лефевр, многу учен човек, професор на Парискиот универзитет, искрен и предан католик. Додека ја проучувал старата книжевност, неговото внимание го привлекла Библијата и тој ја вовел како предмет на проучување за своите студенти.

Лефевр бил одушевен почитувач на светците и решил да напише житие на светците и на мачениците според црковните легенди. Оваа работа барала многу труд, и Лефевр веќе значително напредувал, кога се досетил дека Библијата во тоа би можела да му биде од корист, но не од таква, како што тие биле прикажани во римокатоличките календари. Плимата на божествената светлина го расветлила неговиот разум. Со одвратност се свртел од задачата што претходно на себеси ја поставил и сосема се посветил на проучувањето на Божјото Слово. Скапоцените вистини што тука ги открил наскоро почнал и да ги проповеда.

Во 1512 година, пред Лутер и Цвингли да го започнат делото на реформацијата, Лефевр пишувал: “Самиот Бог е Тој што нам во својата милост ни дава оправдување, со кое преку верата се оправдуваме и подготвуваме за вечен живот.” - Вили, XIII, 1 поглавје. Занимавајќи се со тајната на спасението извикал: “О колку ли неискажана и несфатлива замена: Невиниот е осуден, а виновникот ослободен; Благословениот ја поднесува клетвата, а проклетиот е благословен; Животот (Оној кој е извор на Животот) умира, а мртовецот прима живот, Славата е покриена со срам, а оној кој нема ништо друго освен срам на лицето се облекува со слава.” - Д’Обиње, XII, 2 поглавје (лондонско издание).

И додека проповедал дека честа за откупувањето му припаѓа единствено на Бога, го истакнувал и тоа, дека човекот е должен да биде послушен. “Ако си член на Христовата црква”, зборувал тој, “тогаш си дел од Христовото тело и како таков исполнет со божествена природа... О кога луѓето само би можеле да ја сфатат оваа предност, колку почисти, почестити и посвети би биле во својот живот; сите почести од овој свет би ги сметале за срам, во споредба со внатрешната убавина што е скриена од телесните очи.” - Исто, XII, 2 поглавје.

Меѓу Лефевровите студенти имало неколку од нив кои со голем интерес ги слушале неговите зборови, и кои, уште долго, кога гласот на нивниот учител не се слушал повеќе, продолжиле да ја објавуваат вистината. Меѓу овие се нашол и Виљем Фарел. Син на побожни родители, и воспитуван безусловно и слепо да верува во науката на црквата, можел за себе да каже како апостол Павле, “јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера” (Дела 26:5). Како оддаден поборник на римокатолицизмот, горел од желба да го уништи секој кој би се осмелил да и се спротивстави на црквата. “Чкртав со забите како бесен волк”, рекол подоцна раскажувајќи за тој период од својот живот, “ако некој зборуваше против папата.” - Вили XIII, 2 поглавје. Во своето почитување и обожавање на светците бил неуморен, обиколувајќи ги заедно со Лефевр сите париски цркви, клечејќи пред олтарите и разубавувајќи ги со дарови. Но сета таа побожност не можела да донесе мир на неговата душа. Сите дела што ги преземал за покајување и страдање не можеле да го ослободат од свеста за гревот која сè повеќе го обземала. Зборовите на реформаторот: “Спасението доаѓа од милоста,” за него биле како глас од небото “Невиниот е осуден, а виновникот ослободен”. “Само Христовиот крст го отвора небото и ја затвора вратата на пеколот.” - Исто, XIII, 2 поглавје.

Фарел радосно ја примил вистината. Обраќајќи се како некогаш Павле, тој од оковите на традицијата се свртел кон слободата на Божјите деца. Кога во своето срце се одвратил од папата и целосно се предал на Христа, и тој од крвожеден и граблив волк станал сличен како што и самиот кажал, на кротко јагне.” - Д’Обиње, XII, 3 поглавје.

Додека Лефевр ја ширел светлината само меѓу своите студенти, Фарел, кој сега во работата за Христа бил исто толку ревен, како што порано ревнувал за папата, почнал вистината да ја проповеда јавно. Набрзо му се придружил еден црковен великодостојник, епископот од Мо. И други учители кои поради своите способности и ученост уживале висок углед, се придружиле во проповедањето на евангелието, придобивајќи приврзаници од сите сталежи, од домовите на скромните занаетчии и селани до кралската палата. Сестрата на тогашниот владетел Франсоа I, Маргарета Наварска, ја примила реформираната вера. Се чинело дека и самиот крал и кралицата мајка, извесно време гледале благонаклонето на оваа вера, и реформаторите полни со надеж го очекувале времето кога Франција ќе биде придобиена за евангелието.

Но нивните надежи не се исполниле. Христовите ученици ги чекале искушенија и прогонства. Но тоа, од нивните очи било милостиво сокриено. Настапило време на мир, за тие да соберат сили за претстојната бура на искушенија; и реформацијата брзо напредувала. Епископот од Мо, најревносно настојувал во својата епархија да ги поучува и свештениците и народот. Неморалните и неуките свештеници биле отстранети и каде што тоа било можно, биле заменети со образовани и побожни луѓе. Епископот многу сакал неговите верници сами да имаат пристап кон Божјото Слово, што наскоро и го постигнал. Лефевр почнал да го преведува Новиот завет, и токму во времето кога Лутеровата Библија излегла од печат на германски јазик во Витенберг, во Мо е објавен Новиот завет на француски јазик. Епископот не штедел ниту труд ниту средства да го рашири во своите парохии, и така наскоро селаните во областа Мо го имале во своите раце Светото писмо.

Како што патникот кој веќе умира од жед со радост го поздравува жуборливиот извор на животворната вода, така овие души го примиле Божјото Слово како небесна порака. Работниците во полињата, како и занаетчиите во своите работилници, внесувале ведрина во својата секојдневна работа со разговорите за скапоцените библиски вистини. Наместо навечер да ги обиколуваат крчмите, оделе едни кај други да го читаат Божјото Слово и да се соединат во молитвите и во славењето на Господа. Наскоро во сите овие места настапила голема промена. Иако биле припадници на најнискиот сталеж, необразовани и принудени на тешка физичка работа, сепак во нивниот живот била видлива силата на божествената милост, која ја преобразува и облагородува душата. Понизни, љубезни и свети, тие биле живи сведоци на она што евангелието може да го направи за оние што искрено го прифаќаат.

Зраците на светлината запалена во Мо, се распростреле надалеку. Бројот на обратениците секој ден станувал поголем. Кралот за извесно време го зауздувал гневот на хиерархијата, зашто ја презирал тесноградата и слепа закоравеност на монасите, но папските водачи на крајот сепак надвладеале. И тогаш е подигната клада. Епископот од Мо, присилен да бира оган или одрекување, го избрал полесниот пат. Но, иако паднал водачот, неговото стадо останало непоколебливо. Многумина среде пламенот на кладата храбро сведочеле за вистината. Со својата верност и храброст на кладата, овие понизни христијани им посведочиле на оние илјадници, кои за време на мир, можеби никогаш не би го слушнале нивното сведоштво.

Не се осмелиле само понизните и сиромашните среде страдањата и срамотењата да сведочат за Христа. И во владетелските дворови и кралските палати имало души на кои вистината им била поскапоцена од целото нивно богатство или положба, па дури и од самиот живот. Под витешката опрема често се криел повозвишен и попостојан дух, отколку под епископските одела и под митрите. Луј Беркен, по потекло благородник, бил бестрашен дворски витез, мошне посветен на науката, со отмено однесување и беспрекорен морал. “Бил”, кажува еден писател, “многу ревен следбеник на сите папски одредби и верен посетител на сите миси и проповеди... и како врв на сето тоа, лутеранството, како нешто посебно и одвратно, го презирал од дното на душата”. Но, како и многу други, и тој со Божјо провидение бил наведен да ја проучува Библијата и бил запрепастен што во неа не го нашол “учењето на Рим, туку Лутеровата наука.” - Вили, XIII, 9 поглавје. Оттогаш сосема се посветил на евангелието.

Како “најучен француски благородник”, на многумина им се чинело дека токму тој, поради својата генијалност и речитост, непоколеблива храброст, херојска ревност и влијание на дворот, зашто бил кралски миленик, судбински бил предодреден да биде реформатор на својата нација. Беза вели: “Кога Франсоа I, за Франција би бил тоа што Фридрих Саксонски бил за Германија, Франција во Беркен би нашла втор Лутер”. “Тој е уште полош од Лутер”, викале папистите - Исто, XIII, 9 поглавје. И навистина за приврзаниците на Рим во Франција тој бил уште поопасен од Лутер. Го фрлиле во темница како еретик, но кралот го ослободил. Борбата траела со години. Кралот Франсоа нерешително се колебал помеѓу Рим и реформацијата; дивјачката безумна ревност на монасите тој наизменично понекогаш ја толерирал, понекогаш ја зауздувал. Папските власти трипати го затворале Беркен, за владетелот секојпат да би го ослободил, затоа што, восхитувајќи се на неговата генијалност и на неговиот благороден карактер, одбивал да го предаде на милост и немилост на злобната хиерархија.

Беркен постојано бил предупредуван за опасноста која му се заканувала во Франција, и пријателите го советувале да го следи примерот на оние кои безбедноста ја побарале во прогонство. Плашливиот и непостојан Еразмо, на кого и покрај целата неговата сјајна ученост му недостасувала онаа морална големина која на вистината ги потчинува и честа и животот му пишувал на Беркен: “Барај да те испратат како амбасадор во некоја странска земја; отпатувај во Германија. Го познаваш Бед и на него сличните. Тој е чудовиште, како ѕвер со илјада глави кој на сите страни прска отров. Твоите непријатели ги има цела легија. И дури кога твоето дело би било подобро од Исусовото, тие нема да те пуштат сè додека не те уништат. Не се надевај многу на царевата заштита. Во секој случај, не ме изложувај на опасности и неприлики како теолог.” - Исто, XIII, 9 поглавје.

Меѓутоа, доколку опасностите повеќе се натрупувале, дотолку станувала поголема Беркеновата ревност. Не само што не се согласил со политиката за себично служење на интересите за сопствената безбедност, туку се решил на уште посмели мерки. Не само што истапил во одбрана на вистината, туку напаѓал и многу заблуди. Обвинувањата за кривоверство, што папистите настојувале да ги подигнат против него, тој ги вперил против нив. Негови најревни и најогорчени непријатели биле учените доктори и монасите на Теолошкиот факултет на големиот Универзитет во Париз, еден од најголемите црковни авторитети како во градот така и во државата. Беркен од списите на овие доктори издвоил дванаесет правила кои јавно ги прогласил како “спротивни на Библијата и еретички”, и се обратил до кралот со молба во овој спор да биде судија.

Владетелот којшто не бил против тоа водачите на сопреничките страни да ја измерат својата сила и острина на расудување, се израдувал што ќе има можност да ја понижи гордоста на тие надуени монаси, па им наредил на папистите своето дело да го бранат со Библијата. Меѓутоа, тие добро знаеле дека ова оружје малку ќе им користи; затворите, мачењата и кладите претставувале оружје со кое тие подобро знаеле да ракуваат. Така положбата се променила, и тие самите сфатиле дека се наоѓаат над јамата во која имале намера да го турнат Беркен. Збунети и запрепастени барале излез преку кој би можеле да побегнат.

“Токму во тоа време се случило на аголот на една улица да биде осакатен кипот на девицата Марија.” Во градот завладеала голема возбуда. Многу луѓе се сливале кон тоа место, давајќи воздишка од својата жалост и огорченост. И кралот бил длабоко трогнат. Тоа било прилика што монасите можеле добро да ја искористат и тие долго не се колебале. “Тоа се плодовите на Беркеновата наука”, велеле тие. “Сè ќе биде урнато - религијата, законите па и престолот - поради овие лутерански заговори.” - Исто, XIII, 9 поглавје.

Беркен повторно е затворен. Кралот отпатувал од Париз и монасите непречено можеле да ја спроведат својата волја. Реформаторот бил сослушан и осуден на смрт, а за кралот Франсоа повторно да не би се вмешал да го спаси, пресудата била извршена истиот ден кога била и изречена. Напладне Беркен е изведен на губилиште. Се собрала огромна маса на луѓе за да го види настанот на денот, и многумина со чудење и со трепет констатирале дека жртвата е избрана од најугледното француско благородничко семејство. Запрепастеност, огорченост, презир и горчлива омраза ги замрачиле лицата на разбранетата маса; но, на едно лице немало ниту една сенка. Мислите на маченикот биле далеку од оваа мачна глетка; тој бил свесен само за присутноста на својот Господ.

“Страшната и срамно понижувачка кола на која седел, намуртените лица на неговите прогонители, страшната смрт кон којашто одел во пресрет - ништо од сето тоа тој не забележувал. Оној кој живее, а бил мртов и кој живее во век и векови, и кој ги има клучевите од пеколот и смртта, бил покрај него. Лицето на Беркен, светело со сјај и небесно спокојство. Ја облекол својата најомилена облека, наметка од кадифе, елек од атлас и дамаст и панталони од позлатена ткаенина.” - Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, II, 16 поглавје. Бил подготвен својата вера да ја посведочи во присуство на Царот над царевите и пред очите на целата вселена и поради тоа ниту еден знак на жалост не смеел да ја помати оваа радост.

Додека поворката полека минувала по улиците преполни со набљудувачи, народот со чудење го забележувал неговото ненарушено спокојство, и триумфот на радост во неговиот поглед и држење. “Тој изгледа”, зборувале тие, “како човек кој седи во храм и размислува за свети работи,” - Вили, XIII, 9 поглавје.

На губилиштето Беркен се обидел на народот да му каже уште неколку збора; но монасите, плашејќи се за последиците од тоа, почнале толку да викаат, а војниците со ѕвекотот на своето оружје подигнале таква врева што сето тоа целосно го задушил гласот на маченикот. Така во 1529 година најголемиот културен и црковен авторитет на Париз, “задушувајќи ги, на губилиштето, светите зборови на маченикот што умира, му дал лош пример на разбеснетиот народ од 1793 година”. - Исто, XIII, 9 поглавје.

Беркен бил задавен, а потоа неговото мртво тело било фрлено во оган. Веста за неговата смрт предизвикала голема жалост меѓу пријателите на реформацијата во цела Франција. Но неговиот пример не бил напразен. “И ние сме подготвени”, кажаа сведоците на вистината, “радосно да појдеме во смрт, насочувајќи го својот поглед во идниот живот.”- Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, II, 16 поглавје.

За време на прогонствата во Мо, на учителите на реформираната вера им било скратено правото да проповедаат, и тие отишле во други полиња. По извесно време, Лефевр отишол во Германија. Фарел се вратил во своето родно место во источна Франција и продолжил да ја шири светлината во родниот крај на своето детство. Наскоро стигнале вестите за она што се случило во Мо, и вистината што Фарел почнал да ја проповеда со бестрашна ревност, нашла свои слушатели. Но властите наскоро станале да го замолкнат, и тој бил протеран од градот. Иако повеќе не можел да работи јавно, тој крстосувал по околните села и проповедал во приватните куќи и на осамените ливади, а засолниште наоѓал по шумите и пештерите кои добро ги познавал од времето на својата младост. Така Бог го подготвувал за поголеми искушенија. “Неволјите, прогонствата и сатанските интриги за кои однапред бил предупредуван, ги имало во изобилие”, кажува тој, “биле дури и потешки отколку што сам би можел да ги издржам; но Бог е добар Татко. Тој секогаш ми даваше потребна сила и пак ќе ми ја даде.” - Д’Обиње, Историја на реформацијата од шеснаесеттиот век, XII, 9 поглавје.

Како и во деновите на апостолите, прогонството само го забрзало “напредокот на евангелието” (Филипјаните 1:12). Протерани од Париз и Мо, “оние што се беа распрснале, одеа проповедајќи го Словото” (Дела 8:4). На овој начин светлината навлегла во многу оддалечени провинции на Франција.

Бог подготвувал нови работници да го шират Неговото дело. Во една париска школа се наоѓало едно сериозно и тивко момче што веќе дало докази за силата и проникливоста на својот ум и се истакнувало како со чистотата на својот живот така и со интелектуалноста за проучување и побожност. Неговата генијалност и трудољубивост го направиле гордост на школата, и со сигурност се очекувало дека Жан Калвин ќе биде еден од најспособните и најчесните бранители на црквата. Но зракот на божествената милост ги пробил дури и ѕидовите на сколастиката и празноверието со кои Калвин бил опкружен. Тој се згрозувал слушајќи за новото учење и ни најмалку не се сомневал дека еретиците навистина го заслужуваат огнот во кој се фрлани. Меѓутоа, и против своја волја и самиот не знаејќи како, одеднаш се соочил со ова кривоверство, и бил присилен да ја преиспита силата на римокатоличката теологија, за да ја побие протестанската наука.

Еден Калвинов роднина, кој ја прифатил реформацијата, живеел во Париз. Овие двајца роднини, при своите средби, често расправале за прашањата што го вознемирувале христијанството. “Во светот има само два вида на религии”, рекол Оливетан, кој бил протестант. “Едниот вид го измислиле луѓето и според нив човекот се спасува со церемониите и добрите дела; вториот ја прави онаа религија која е откриена во Библијата и која учи дека спасението е дар на Божјата милост.”

“На мене не ми е потребна таа твоја нова наука” - извикал Калвин. “Мислиш ли дека цел живот сум живеел во заблуда?” - Вили, XIII, 7 поглавје.

Меѓутоа, во неговата душа се разбудиле мисли кои и покрај сета своја волја не можел да ги истера. Во самотијата на својата собичка размислувал за зборовите на својот роднина. Свеста за сопствената грешност толку силно го обземала што од тоа не можел да се ослободи. Се видел себеси без посредник во присуство на еден свет и праведен Судија. Посредувањето на светците, добрите дела, црковните церемонии, - сето тоа било немоќно да го ослободи од гревот. Пред себе го гледал само мракот на вечното очајување. Напразно и најучените теолози се обидувале да го охрабрат и да ги ублажат неговите душевни страдања. Напразно барал прибежиште во исповедувањето и покајанието - неговата душа ништо не можело да ја помири со Бога.

Додека Калвин сè уште водел бесплодна и тешка борба во својата душа, еден ден случајно на јавниот плоштад бил очевидец на спалувањето на еден еретик. Бил вчудоневиден од очигледниот израз на спокојство што почивало на лицето на маченикот. Во маките на оваа страшна смрт, и под уште пострашната осуда и проклетството на црквата, маченикот покажувал вера и храброст која младиот студент, со болка ја споредувал со сопственото очајување и мрак, иако животот го поминувал во најточна оддаденост на црквата. Знаел дека еретиците својата вера ја темелат на Библијата и решил да ја проучи и, ако е можно, да ја открие тајната на нивната радост.

Во Библијата го нашол Христа. “О, Татко!” - извикал со олеснување, “Неговата жртва го ублажила Твојот гнев: Неговата крв ги измила моите гревови; на крстот го носел моето проклетство; Неговата смрт ми донела оправдување... Ние сме измислиле многу излишни лудости. Но Ти си го ставил пред мене твоето Слово како запален факел, и Ти го трогна моето срце да ги презрам сите други заслуги, освен Исусовите.” - Мартин, III, 13 поглавје.

Инаку Калвин се подготвувал за свештенички позив. Уште во својата дванаесетта година бил именуван за помошен свештеник во една мала црква, и според црковниот пропис, бискупот свечено му ја потстрижал косата. Не примил посветување ниту ја вршел должноста на свештеник, но станал член на свештенството, ја носел титулата и поради тоа примал и соодветно издржување.

Тогаш чувствувајќи дека никогаш нема да може да стане свештеник, извесно време се посветил на студиите по право, но најпосле се откажал и од тоа и решил потполно да се посвети на евангелието. Сепак се колебал јавно да истапи како проповедник. По природа бил плашлив и големата одговорност на таа положба му се чинела претешка, затоа решил да ги продолжи студиите. Најпосле, сепак се согласил да ги задоволи љубезните молби на своите пријатели. “Убаво е”, рекол тој “кога на некој од толку ниско потекло ќе му се укаже толку висока чест.” - Вили, XIII, 9 поглавје.

Калвин мирно го започнал своето дело и неговите зборови биле како роса која паѓа да ја освежи земјата. Го напуштил Париз и престојувал во еден провинциски град под заштита на принцезата Маргарита, која од љубов кон евангелието им укажувала заштита на оние што го проповедале. Калвин сè уште бил момче, многу благороден, скромен и ненаметлив. Своето дело го започнал по куќите. Опкружен од членовите на домаќинството, ја отворал Библијата и им ги толкувал вистините за спасението. Оние што ја слушнале оваа спасоносна порака радосно ја носеле и на другите, и така учителот од големиот град наскоро излегол и во околните мали места и села. Не заобиколувајќи ги ни дворовите на грофовите и големопоседниците, ни колибите на сиромашните, одел само напред, положувајќи ги темелите на црквите од кои излегувале бестрашни сведоци на вистината.

По неколку месеци Калвин повторно се нашол во Париз. Во круговите на учените и образованите луѓе завладеала невообичаена вознемиреност. Студирањето на старите јазици луѓето ги довело до Библијата и многумина, чиишто срца не биле трогнати со нејзините вистини, ревно расправале за нив и дури самите се впуштале во борба со заробениците на римокатолицизмот. Иако Калвин на полето на теолошките расправии бил добар борец, требало да изврши поголема задача отколку што ја имале овие бучни теолози. Кај народот дошло до духовно будење и оживување на свеста, и сега дошло време да му се открие вистината. Додека универзитетските сали одѕвонувале од теолошките расправии, Калвин одел од куќа до куќа, ја отворал Библијата на народот и му зборувал за Христа и за Неговата жртва за човечкиот род.

Со Божјото милостиво провидение, Париз уште еднаш требало да биде повикан за да го прими евангелието. Го отфрлил повикот на Лефевр и Фарел, но било предодредено сите сталежи во големата престолнина уште еднаш да ја слушнат пораката на евангелието. Кралот, од политички причини, не застанал сосема на страната на Рим во борбата против реформацијата. Принцезата Маргарита сè уште се надевала дека протестантизмот ќе триумфира во Франција. Решила во Париз да се проповеда реформираната вера. Додека царот бил отсутен, таа на еден протестантски проповедник му наредила да проповеда во градските цркви. Кога папските великодостојници го забраниле тоа, принцезата го отворила дворот. Една соба била уредена како црква и објавено е дека секој ден, во одредено време, ќе се одржува проповед на која се повикува народот од сите сталежи. Многу луѓе доаѓале на богослужение. Не само црквата, туку и преддворјето и соседните простории биле полни со народ. Илјадници од нив се собирале секој ден - благородници, државници, правници, трговци и занаетчии. А и самиот цар, наместо да ги забрани таквите собири, наредил две париски цркви да се отворат за таквите проповеди. Никогаш пред тоа градот не бил толку обземен со Божјото Слово. Се чинело дека духот на животот дувнал на народот од самото небо. Умереноста, чистотата, редот и трудољубивоста го замениле пијанството, развратот, караниците и безделничењето.

Но и хиерархијата не седела со скрстени раце. Царот сè уште се притеснувал да го забрани проповедањето, и поради тоа тие се свртеле кон народот. За да би предизвикале страв, предрасуди и фанатизам кај необразованите и празноверните маси не се плашеле од ништо. А Париз, кој слично на Ерусалим во старо време, слепо се поведувал за своите лажни вероучители, не го препознал времето на својата посета ниту она што служело за неговиот мир. Две години било проповедано Божјото Слово во оваа голема метропола, но додека некои го прифатиле евангелието, мнозинството го отфрлило. Царот Франсоа покажувал извесна толеранција, но само додека тоа одговарало на неговите лични интереси, и папистите успеале да ја повратат својата надмоќност. Црквите повторно биле затворени, а кладите запалени.

Калвин сè уште бил во Париз, подготвувајќи се со проучување, размислување и со молитва за својата идна работа, и продолжувајќи и понатаму да ја шири светлината. Најпосле сепак бил ставен под сомнение, и властите донеле одлука да го спалат на клада. Сметајќи се сигурен во својата повлеченост, Калвин не ни помислувал на опасност, кога одеднаш во неговата соба дотрчале неговите пријатели со веста дека веќе се испратени полицајците да го уапсат. Во истиот миг се слушнало силно тропање на надворешната врата. Повеќе не смеел да се колеба. Некои од неговите пријатели ги задржале полицајците на вратата, додека другите му помогнале на реформаторот да се спушти низ прозорецот, и тој брзо побегнал кон периферијата на градот. Наоѓајќи засолниште во колибата на еден работник кој бил пријател на реформацијата, Калвин се преоблекол во облеката на својот домаќин и со мотика на рамото, продолжил понатаму. Се упатил на југ и пак нашол засолниште на подрачјето на принцезата Маргарета.” - Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, II, 30 поглавје.

Тука останал неколку месеци, под сигурна заштита на моќните пријатели, занимавајќи се како и порано со проучување. Но евангелизацијата на Франција му останала во срцето, и не можел долго да остане неактивен. Штом бурата малку стивнала, побарал ново поле за работа во Поатје, каде што имало универзитет и каде што новата наука наишла на добар прием. Луѓето од сите сталежи радосно го слушале евангелието. Тука Калвин не проповедал јавно, но во куќата на градоначалникот, во својот стан, а понекогаш и во некој парк го изнесувал словото на вечниот живот на оние кои сакале да го чујат. Подоцна, кога бројот на неговите слушатели се зголемил, сметале дека е посигурно да се состануваат некаде надвор од градот. За место на состанување била избрана една пештера во тесната и длабока горска клисура, каде што дрвјата и наведнатите карпи скриената осаменост ја правеле уште попотполна. Мали групи на верници, напуштајќи го градот од разни насоки, незабележано стигнувале до тоа скриено собиралиште. На ова зафрлено место била читана и толкувана Библијата. Тука протестантите на Франција за првпат ја извршиле и Господовата вечера. Од оваа мала заедница во светот биле испратени неколку верни евангелисти.

Калвин уште еднаш се вратил во Париз. Сè уште не можел да ја напушти надежта дека Франција како нација ќе ја прифати реформацијата. Но во својата работа речиси насекаде наидувал на затворена врата. Да го проповеда евангелието би значело да појде веднаш на клада, и тој најпосле решил да оди во Германија. Само што ја напуштил Франција, на протестантите се истурила бура која и на него, кога таму долго би се задржал, неизбежно би му донела смрт.

Француските реформатори, сакајќи нивната земја да оди паралелно со Германија и Швајцарија, цврсто биле решени против празноверните обичаи на Рим да поведат беспоштедна борба, која, се надевале тие, ќе ја разбуди целата нација. За таа цел, едно утро по цела Франција осамнале пароли во која е напаѓана мисата. Но, наместо да ја унапреди реформацијата, овој ревен, но лошо пресметан чекор донел пропаст не само на неговите извршители, туку и на пријателите на реформираната вера во цела Франција. Тој на приврзаниците на Рим им го дал токму она што толку долго го посакувале, изговор за потполно уништување на кривоверците, како поттикнувачи на опасноста која ја загрозува сигурноста на престолот и мирот на нацијата.

Една непозната рака - на некој непромислен пријател, или на лукав непријател кој никогаш не е откриен, залепила една таква плаката на вратата на кралската приватна резиденција. Кралот бил вчудоневиден. Во овој натпис немилосрдно е нападнато празноверието, кое со векови длабоко било почитувано. Беспримерната храброст со која овие страшно запрепастувачки обвинувања толку отворено изнесени пред очите на самиот владетел, го распалила неговиот гнев. Зачуден, тој неколку часа стоел тресејќи се и не бил во состојба да изговори ниту еден збор. Потоа неговиот гнев нашол израз во ужасно страшните зборови: “Да се уапсат сите без разлика, што се под сомнение за лутеранство. Сакам сите да ги истребам!” - Исто, II, 10 поглавје. Коцката паднала. Кралот решил сосема да премине на страната на Рим. Веднаш се преземени сите мерки да се уапси секој лутеран во Париз. Еден беден занаетчија, приврзаник на реформацијата, кој обично ги повикувал верниците на нивните тајни состаноци, бил уапсен и, под закана на неизбежна смрт на клада, му било наредено папскиот пратеник да го води во куќата на секој поединечен протестант во градот. Во прв момент со одвратност одбил да ја прифати таа подлост, но на крајот стравот од огнот сепак натежнал, и тој се согласил да стане предавник на своите браќа. Во придружба на свештениците, на оние кои им ги носеле кадилниците, монасите и војниците, Морин, кралскиот детектив, придружуван од овој предавник, поминувал по улиците на градот полека и молчејќи. Демонстрацијата била привидно прикажана како да е организирана во чест на “светите сакраменти”, како акт на исчистување за навредите што протестантите наводно и ги нанеле на мисата. Но зад тој свечен изглед се криела убиствена намера. Пристигнувајќи до куќата на некој од лутераните, предавникот само ќе дал знак, не изговарајќи ниту збор. Поворката ќе застанела и тие ќе влегле во куќата, ќе ги извлекле членовите на семејството надвор, ќе ги оковале во синџири, и страшната поворка ќе продолжела понатаму, барајќи нови жртви. “Не била поштедена ниту една куќа, ниту голема ниту мала, па дури ниту Парискиот универзитет... Пред Морин се тресел целиот град ... Тоа навистина било владетелство на терор.” - Исто, IV, 10 поглавје.

Жртвите умирале во најстрашни маки, зашто особено било наредено огнот да гори полека и така да се продолжат нивните претсмртни маки. Но тие умирале како победници. Нивната решителност останала непоколеблива, а нивниот мир непоматен. Нивните прогонители, немоќни да ја поколебаат нивната нескршлива постојаност, се чувствувале победени. “Биле подигнати клади во сите делови на Париз, и спалувањето било вршено постојано, ден по ден, та со ширењето на свирепото погубување, да се шири и стравот од кривоверството. Меѓутоа, победата на крајот сепак била на страната на евангелието. На целиот Париз му била дадена можност да види какви луѓе создала новата вера. Навистина нема поречити проповедалници од кладите и маченичкиот столб. Непоматената радост која блескала од лицата на овие луѓе кога оделе на губилиште, нивното херојско држење среде лутиот пламен, нивното благо и милостиво простување на неправдите, го претвориле, не еднаш, гневот во сомилост, а омразата во љубов и со неодолива речитост сведочеле во корист на евангелието.” - Вили, XIII, 20 поглавје.

Свештениците во своето настојување гневот на народот да го одржат на самиот врв, против протестантите ширеле најстрашни обвинувања. Им припишувале заговор по кој наводно над католиците планирале да извршат масовен колеж, да ја урнат постоечката власт и да го убијат кралот. Но тоа свое тврдење со ништо не можеле да го поткрепат. Овие злокобни пророштва сепак морале да се исполнат, но во сосема други околности и од сосема други причини. Стравотиите што католиците ги извршиле над недолжните протестанти, проколнувале за освета, и во подоцнежните векови им ја донеле токму оваа судбина која според нивното пророштво му се заканувала на кралот, на неговата влада и на неговите приврзаници, но од рацете на неверниците, а причина биле самите паписти. Значи, не воведувањето на протестантизмот, туку напротив, неговото потиснување, по триста години на Франција и ги донело оние страшни несреќи.

Сомневања, недоверба и ужас ги опфатиле сите општествени слоеви. Среде сеопштото возбудување било очигледно дека Лутеровата наука фатила длабоки корени во срцата на луѓето кои се одликувале со образование, влијание и беспрекорен карактер. Положбите од доверба и чест одеднаш останале празни. Занаетчии, печатари, научници, професори на универзитети, писатели па дури и дворски службеници, исчезнале. Стотици од нив побегнале од Париз, како доброволни изгнаници од земјата на своите предци, на тој начин многумина за првпат дале до знаење дека и припаѓаат на реформираната вера. Папистите вчудоневидено гледале околу себе при помислата колку кривоверци, во кои воопшто не се сомневале, престојувале во нивната средина. Тие го излеале својот бес на мноштвото скромни жртви што биле под нивна власт. Затворите биле преполни, а самиот воздух како да потемнел од кладите на кои приврзаниците на евангелието биле спалувани на сите страни.

Франсоа I порано се фалел дека е водач на големата културна преродба што го обележала почетокот на 16-тиот век. Сакал на својот двор да собира учени луѓе од сите земји. На неговата љубов кон науката и презирот што го покажувал кон незнаењето и празноверието на монасите, донекаде може да се припише неговата толеранцијата кон реформацијата. Но, целиот обземен со ревност да го искорени “кривоверството,” овој заштитник на науката издал едикт со кој во цела Франција била укината слободата на печатот. Франсоа I останал еден од многуте примери во историјата кои докажуваат дека образованието не претставува заштита од верската нетрпеливост и прогонствата.

Со една свечена и јавна церемонија Франција се обврзала на потполно уништување на протестантизмот. Свештениците барале навредата направена на небото со отфрлување на мисата, мора да биде окајана со крв, и дека кралот, во интерес на нацијата, мора јавно да го одобри ова одвратно дело. За оваа ужасна церемонија бил избран 21. јануари 1535. година. За таа цел биле поттикнати празноверни стравувања и слепа омраза кај целата нација. Париските улици биле преполнети со маси од луѓе кои дошле од внатрешноста. Денот требало да започне со величествена и раскошна поворка. “Куќите покрај кои оваа поворка поминувала биле обележени со црнина, а тука и таму биле подигнати олтари.” Пред секоја врата горел факел во чест на “светиот сакрамент.” Уште пред разденувањето, поворката почнала да се формира пред кралската палата. “На чело на поворката биле носени крстови и знамиња на поедини црковни парохии, а по нив оделе граѓани, двајца по двајца, со запалени факели. Зад нив оделе четири монашки реда, секој во своите посебни носии. Потоа следувала голема збирка на прочуени реликвии, зад кои јавале црковните великодостојници во своите пурпурни и скерлетни носии, украсени со скапоцени камења - сјајна и блескава поворка.”

“Хостијата ја носел парискиот бискуп под величествениот балдехин кој го држале четири најугледни кнеза... Зад хостијата одел кралот... тој ден Франсоа I не ја носел ниту круната, ниту кралската облека.” “Гологлав, со наведнат поглед, држејќи во рацете запалена свеќа”, кралот на Франција се појавил “како покајник.” - Исто XIII, 21 поглавје. Пред секој олтар покорно се поклонувал не поради пороците што ја сквернавеле неговата душа, ни поради невината крв што ги испрскала неговите раце, туку поради наводно “смртните гревови” на неговите поданици што се осмелиле да ја отфрлат “светата миса”. По него одела кралицата, а потоа државните великодостојници, исто така по двајца во ред, и секој со запален факел во рака.

Како дел од службата тој ден, самиот крал во големата сала на бискупската палата одржал говор на високите државни чиновници. Истапил пред нив со нажалено лице и со зборови на трогателна реторика тажел, оплакувајќи ја народната “изопаченост на богохулните, денот на жалоста и срамот” што осамнал за француската нација. Тогаш го повикал секој верен поданик на престолот да помогне во истребувањето на опасната “ерес”, која ја турка Франција во пропаст... “Како што е вистина, господо, дека јас сум ваш крал”, рекол тој, “кога би знаел дека еден од моите делови на телото е извалкан или заразен со овој одвратен гнилеж, би ви дал да го отсечете... Уште повеќе кога би видел дека дури и некое мое дете е извалкано со тоа, не би го поштедил... Јас самиот би се одрекол од него и би го жртвувал на Бога!” Неговиот говор го загушиле солзи, а целиот собир заплакал и еднодушно извикнал: “Ќе живееме и ќе умреме за католичката вера!” - Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, IV, 12 поглавје.

Страшна темнина се спуштила врз оваа нација кога ја отфрлила светлината на вистината. “Божјата благодат која носи спасение за сите луѓе” (Тит 2:11), се покажала; но Франција, иако ја видела нејзината моќ и светлина, иако илјадници биле привлечени со нејзината божествена убавина и цели градови и села осветлени со нејзиниот сјај, се одвратила од вистината, зашто повеќе ја засакала темнината отколку светлината. Французите како нација го отфрлиле небесниот дар што им бил понуден. Тие не престанувале “злото да го нарекуваат добро, а доброто зло” (Исаија 5:20), додека не станале жртви на својата тврдоглава самоизмама. Макар што можеле и вистински да веруваат дека, прогонувајќи го Божјиот народ, на “Бога служба прават”, сепак нивната искреност не можела да ги ослободи од вината. Тие своеволно ја отфрлиле светлината што би ги сочувала да не бидат измамени и своите раце да не ги извалкаат со крвта на недолжните жртви.

Во големата катедрала - во која по неполни три века, истата нација, заборавајќи на живиот Бог, на престолот ја издигнала “божицата на разумот”, сега била положена свечена заклетва дека кривоверството потполно ќе се искорени. Повторно била формирана поворка и претставниците на Франција го почнале делото за кое се заколнале дека ќе го извршат. “На кратки растојанија биле подигнати клади на кои протестантските христијани биле живи спалувани, и тоа така било наместено, одделни клади да бидат запалени токму во моментот кога ќе наиде царот за поворката да застане и да биде очевидец на погубувањето. - Вили XIII, 21 поглавје. Деталите на мачењето што овие сведоци за Христа морале да ги претрпат, премногу се ужасни за да можеме да ги прераскажуваме, но сепак жртвите не покажувале никакво колебање или нерешителност. На присилувањето да се одрекне од својата вера, еден верник одговорил: “Верувам само во она што некогаш го проповедале пророците и апостолите и во што верувале сите заедници на светите.” “Мојата вера се надева во Бога, и ќе им се спротивстави на сите сили на пеколот.” - Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, IV, 2 поглавје.

Така поворката се запирала по ред на сите места за мачење. Враќајќи се на своето појдовно место пред кралската палата, масата се разотишла, а кралот и неговите великодостојници се повлекле задоволни од настаните на денот, честитајќи си себеси што започнало делото што ќе доведе до потполно истребување на кривоверството.

Евангелието на мирот што Франција го отфрлила, требало да биде скоро сосема искоренето, но колку страшни ќе бидат последиците од тоа! На 21 јануари 1793 година, двесте педесет и осум години подоцна, сметајќи од денот кога Франција го најавила потполното истребување на реформаторите, низ улиците на Париз поминувала друга поворка и со сосема друга цел. “Пак кралот бил главна личност, пак се кренала буна и врева; пак се слушало викањето на оние што барале нови жртви, пак се подигани црни губилишта, и пак денот се завршил со грозни погубувања. Отимајќи се на своите темничари и џелати, Луј, тој ден бил довлечкан на гилотината и тука со сила бил држен додека не паднала секирата, а отсечената глава се стркалала на земјата.” - Вили, XIII, 21 поглавје. Кралот не бил единствената жртва; во текот на тие крвави денови на владеењето на теророт, недалеку од тоа место, на гилотината биле погубени две илјади и осумстотини луѓе.

Реформацијата на светот му ја отворила Библијата, укажала на светите прописи на Божјиот закон и настојувала да го втисне во свеста на народот. Неизмерната Божја љубов им ги открила на луѓето начелата и прописите на небото. Бог рекол: “И така, пазете ги и исполнувајте ги, зашто во тоа е вашата мудрост и вашиот разум пред очите на сите народи, кои, откако ќе ги чујат сите тие наредби, ќе речат: само овој голем народ е мудар и разумен народ” (Второзаконие 4:6). Меѓутоа, Франција отфрлајќи го небесниот дар, посеала семе на анархија и пропаст, што како неизбежна последица довело до револуција и владеење на терор.

Многу време пред прогонството предизвикано со непромисленото лепење на плакати, храбриот и ревен Фарел бил принуден да бега од својата татковина. Отишол во Швајцарија каде со својата работа, ставајќи се на располагање на Цвингли, придонел за победата на реформацијата. Тука ги поминал и своите последни години, но продолжил да врши пресудно влијание и на реформацијата во Франција. За време на првите години на Фареловото прогонство, неговите напори особено биле насочени кон ширењето на евангелието во неговата татковина. Многу време поминал проповедајќи го евангелието меѓу своите сонародници во близина на границата, од каде што неуморно ја следел борбата што се водела во самата земја и помагал со зборови на охрабрување и совети. Со помош и на другите изгнаници се преведени списите на германските реформатори на француски јазик и заедно со француската Библија се печатени во голем број. Колпортерите овие дела ги продавале по цела Франција. Ги добивале по ниска цена, а добивката од работата им овозможувала да работат без прекин.

Фарел своето дело во Швајцарија го започнал како скромен учител. Повлекувајќи се во една зафрлена парохија, се посветил на воспитување на децата. Покрај вообичаените предмети во училиштето внимателно ги вовел и библиските вистини, надевајќи се дека преку децата ќе допре и до родителите. Некои од нив и поверувале, но се вмешале свештениците за да ја спречат неговата работа, и суеверното население било наговорено да му се спротивстави. “Ова не може да биде Христово евангелие,” тврделе свештениците, “зашто како што се гледа, неговата проповед не донесува мир туку војна.” - Вили, XIV, 3 поглавје. Како и првите Христови ученици, Фарел, кога ќе бил прогонет од еден град, одел во друг. Одел од село до село, од град до град. Пеш, често трпејќи глад, студ, умор и секаде бил во животна опасност. Проповедал на плоштадите, во црквите, а понекогаш неговиот глас се слушал и од проповедалните на катедралите. Понекогаш ќе најдел црква без слушатели, а понекогаш неговите проповеди биле прекинувани со викање и со подбиви; а се случувало и со сила да го симнат од проповедалната. Повеќепати толпата го напаѓала и го претепувала до смрт. Па сепак непоколебливо одел напред. Иако во својата борба честопати бил одбиен, тој со неуморна истрајност ги повторувал нападите; и доживеал да види како градови и села, кои дотогаш биле тврдина на папството, еден по друг ја отвораат вратата на евангелието. Малата парохија што го претставувала првото поле на неговата работа, наскоро ја примила реформацијата. И градовите Морат и Нојшател се одрекле од папските обреди и ги отстраниле идолопоклоничките слики од своите цркви.

Фарел одамна сакал во Женева да го подигне знамето на протестантизмот. Кога овој град би можел да се придобие, би станал центар на реформацијата за Франција, Швајцарија и Италија. Поставувајќи си го тоа себеси за цел, продолжил со работата додека не придобил многу околни градови и села. Тогаш дошол во Женева со еден единствен придружник. Меѓутоа, му дозволиле да одржи само две проповеди. Свештениците кои напразно настојувале од градските власти да ја изнудат неговата осуда, го повикале пред црковниот совет на кој дошле со оружје скриено под облеката, решени да му го одземат животот. Пред салата се собрала збеснета толпа наоружана со колци и мечеви за да го пречека и да го убие, доколку случајно би му успеало да побегне од собранието. Меѓутоа, тој сепак е спасен, благодарејќи на градските власти и на еден одред вооружени војници. Во зора, следниот ден тој со својот другар бил одведен преку езерото на сигурно место. Така се завршил неговиот прв обид да ја евангелизира Женева.

За вториот обид било избрано скромно орудие, едно момче со толку скромен изглед што ладно го примиле дури и оние што тврделе дека се пријатели на реформацијата. Меѓутоа, што можело да се очекува од еден таков претставник кога самиот Фарел бил отфрлен? Како некој со толку мала храброст и искуство можел да оддолее на бурата пред која најсилните и најхрабрите биле принудени да бегаат? “Не со сила ни со снага туку со Мојот Дух, вели Господ над војските” ( Захарија 4:6). “Што е слабо пред светот, Бог го избра, за да ги посрами силните.” “Зашто безумното од Бога, помудро е од луѓето, и слабото од Бога, посилно е од луѓето” (1. Коринтјаните 1:27, 25).

Фромен - така се викал тој млад човек - своето дело го започнал како учител. Вистините со кои ги поучувал децата во училиште, тие ги повторувале дома. Наскоро и родителите почнале да доаѓаат да слушнат како се објаснува Библијата, додека училишната сала не се исполнила со внимателни слушатели. Новиот завет и пригодни брошури биле делени слободно и така стигнале до многумина што не се осмелувале да дојдат јавно да го слушнат излагањето на новото учење. Набргу и овој млад проповедник бил принуден да побегне; но вистините што ги проповедал тој останале во срцето и мислите на луѓето. Семето на реформацијата било посеано и тоа продолжило да се засилува и да се шири. Споменатите проповедници се вратиле и најпосле, благодарејќи на нивните залагања, во Женева е воведено протестантско богослужение.

Градот веќе бил изјаснет за реформацијата кога Калвин, по многу талкања и тешкотии влегол низ неговата врата. Враќајќи се од својата последна посета на своето родно место, бил на пат за Базел, но бидејќи патот бил запоседнат од војската на Карло V, бил принуден да појде по заобиколен пат преку Женева.

Во таа Калвинова посета на Женева, Фарел ја видел Божјата рака. Иако Женева веќе ја прифатила реформираната вера, сепак тука требало да се заврши голема работа. Луѓето се обраќаат кон Бога како поединци, а не како заедници, делото на духовниот препород морало да се изврши во срцата и совеста со силата на Светиот Дух, а не со декретите на црковните собори. Жителите на Женева, иако го отфрлиле авторитетот на Рим, сè уште не биле подготвени да се одречат од пороците што цутеле под неговата закрила. Да се воведат овде чисти начела на евангелието, а народот да се подготви достојно да го заземе местото кое му го понудило Провидението, не било лесна работа.

Фарел бил осведочен дека во Калвин нашол човек кој може навистина да му се придружи во оваа задача. Во името на Бога, свечено го заколнал младиот евангелист да остане тука и да соработува со него. Калвин исплашен се колебал. По природа плашлив и мирољубив, се плашел да стапи во допир со храбриот, независниот па дури и со избувливиот дух на женевците. Неговото слабо здравје и неговата наклонетост да се оддава на учењето, го наведувале да бара повлеченост. Верувајќи дека на реформацијата најдобро би и послужил со своето перо, сакал да најде мирно катче за студирање и оттаму по пат на печатот, да ги поучува и подигнува црквите. Но Фареловото свечено и толку сериозно предупредување му дошло како повик од небото и тој не се осмелил тоа да го одбие. Му се чинело, како што тој подоцна рекол: “Како од небото да се подала Божјата рака која го дофатила и неотповикливо го поставила на местото од кое одвај чекал да побегне.” - Д’Обиње, Историја на реформацијата во Европа во деновите на Калвин, IX, 17 поглавје.

Во тоа време, на протестантизмот му се заканувале големи опасности. Против Женева грмеле папските анатеми, а моќните нации и се заканувале со потполно уништување. Како овој мал град да и се спротивстави на моќната хиерархија која толку често ги присилувала царевите и владателите да и се потчинат? Како да се одржи пред армиите на големите светски освојувачи?

Во целото христијанство на протестантизмот му се заканувале силни непријатели. Првите победи на реформацијата поминале, а Рим собирал нови сили надевајќи се дека ќе ја уништи. Во тоа време е основан редот на езуитите - најсвирепите, најбезобѕирните и најмоќните меѓу сите приврзаници на папството. Раскинувајќи ги сите земни врски и човечки интереси, мртви кон барањата на природните наклоности, замолкнувајќи го гласот на совеста и разумот, езуитите не признавале никакви обврски и правила, освен на својот ред, и единствената должност им била да ја зголемат неговата моќ. (Види додаток). Христовото евангелие ги оспособило неговите приврзаници, да се спротивстават на опасностите, да ги издржат страдањата, студот, гладот, тешките напори и сиромаштвото, и високо да го држат знамето на вистината, и покрај темниците, мачењето и кладите. За да се бори против тоа, езуитизмот и своите следбеници ги вдахнал со фанатизмот да издржат слични опасности, и на силата на вистината да се спротивстават со сето оружје на измамата. Ниту едно злосторство за нив не било толку големо за да не можат да го извршат; ниту една измама толку подла за да не можат да ја применат, ниту едно лицемерство толку ниско за да не можат да го употребат. Иако се заколнувале на вечна сиромаштија и понизност, цел на нивното изучување било стекнување богатство и власт, за сето тоа да го употребат за уништување на протестантизмот и за воспоставување врховна власт на папството.

Како членови на редот, ја носеле наметката на побожноста и светоста, посетувале затвори и болници, им правеле услуги на болните и сиромашните, тврдејќи дека се откажале од светот и дека го носат светото име на Исус, Кој поминал по светот правејќи добро. Но оваа беспрекорна надворешност често криела злосторнички и убиствени намери. Основното начело на овој ред било - целта ги оправдува средствата. Според тоа правило лагата, кривоклетството и атентатите не само што биле простливи туку и препорачливи, доколку служат за интересите на црквата. Под сите можни видови на лукавство, езуитите се вовлекувале во државните служби, успевале да станат советници на царевите и да ја обликуваат политиката на многу нации. Станувале слуги за да ги шпионираат своите господари. Основале школи за воспитување на кнежевските и благородничките синови и школи за обичниот народ, и така децата на протестантските родители биле неосетно наведени да ги прифатат папските обреди. Сиот надворешен сјај и раскош на римокатоличкото богослужение, имал за цел на народот да му го помати разумот, а мечтата да ја заслепи и занесе, и така синовите ја издавале слободата за која нивните татковци толку мачно се бореле и ја пролевале својата крв. Езуитите се рашириле по цела Европа, и каде и да пристигнувале, папството таму и оживувало.

За моќта на езуитите уште повеќе да се зголемува, со папски декрет повторно била воведена инквизицијата (Види додаток). И покрај општото гнасење со кое се гледало на тоа дури и во католичките земји, овој страшен суд сепак повторно е воведен од страна на папските владетели, и најстрашни свирепости, и премногу страшни за да можат да се изнесат на светлината на денот, се повторувале во мрачните ќелии на инквизиторските темници. Во многу земји на Европа, илјадници луѓе кои биле цвет на својата нација - најдобрите и најблагородните, најобразованите и најдобро воспитаните, побожните и предани пастири, трудољубивите и родољубивите граѓани, сјајните научници, талентираните уметници и вештите занаетчии, биле најнемилосрдно убивани или присилени да бегаат во туѓина.

Такви биле средствата со кои Рим настојувал да ја изгаси светлината на реформацијата, од луѓето да ја одземе Библијата и пак да воспостави незнаење и празноверие во средниот век. Но, благодарејќи на Божјиот благослов и на несебичните напори на оние благородни луѓе што ги покренал Тој, да се угледаат на Лутер, протестантизмот не е уништен. Благодарноста за својата сила и виталност, тој не и ја должел на наклоноста и оружјето на германските, ниту на кои било други кнезови. Најмалите земји, најскромните и најслабите нации станале негови одбранбени кули. Малечката Женева, среде моќните непријатели што настојувале да ја уништат; Холандија, која на своите песочни брегови на Северното Море непомирливо се борела против шпанската тиранија, тогаш најголемо и најбогато кралство, како и пустата и неплодна Шведска која исто така придонела за победата на реформацијата.

Калвин во Женева работел речиси триесет години, прво на основање на црква која ќе се држи до моралните начела на Библијата, а потоа и на ширењето на реформацијата по цела Европа. Неговиот животен пат како јавен водач не бил беспрекорен, ниту неговото учење било потполно слободно од заблудата. Но тој бил орудие за обнародување на големите вистини кои во неговото време биле од особена важност за докажување на начелата на протестантизмот, против опасно надоаѓачките поплави на папството и за чистотата и едноставноста на животот во реформираната црква, наместо горделивоста и расипаноста поттикнати од римокатоличките учења.

Од Женева излегувале списи и учители што го ширеле учењето на реформираната вера. Оттаму прогонетите од сите земји, чекале поука, совет и охрабрување. Калвиновиот град станал засолниште за прогонетите реформатори од цела Западна Европа. Бегајќи од бурните прогонства кои не престанувале со векови, бегалците барале засолниште пред портите на Женева. Изгладнети, ранети, лишени од татковината и од своите најмили, тука им е укажувано добредојде и нежно гостопримство. Тука наоѓајќи нова татковина, тие на благословениот град што толку љубезно ги примил, за возврат му ја донеле својата побожност, своето знаење и своите деловни способности. Многумина што овде нашле засолниште пак се враќале во својата татковина и продолжувале и понатаму да се борат против тиранијата на Рим. Џон Нокс, храбриот шкотски реформатор, големиот број на англиски пуританци, протестанти од Холандија и Шпанија и француските хугеноти, од Женева го понеле факелот на вистината за да ја расветли темнината на својата татковина.