Големата борба помеѓу Христа и сатаната

11. Протест на кнезовите

Едно од најблагородните сведоштва што кога и да е објавено во прилог на реформацијата, бил протестот на христијанските кнезови во Германија, изнесен на државниот собор во Шпаер во 1529 година. Храброста, верата и решителноста на овие Божји луѓе ја извојувале слободата на мислите и совеста за вековите кои тукушто биле на повидок. Нивниот протест на христијаните кои ја прифатиле реформацијата им дал назив: “Протестанти”. Начелата кои се содржани во него “ја претставуваат суштината на протестантизмот.” - Д’Обиње, XIII, 6 поглавје.

На реформацијата со заканување и бил предвестен мрачен и страшен ден. И покрај Вормскиот едикт, кој Лутера го ставил надвор од законот и го забранил ширењето на неговата наука и верувањето во неа, сепак во царството и понатаму преовладувала верска подносливост. Божественото провидение ги скротувало силите што и се спротивставувале на вистината. Карло V решил целосно да ја задуши реформацијата, но често, кога ја подигнувал раката да зададе удар, бил присилен тој удар да го задржи. Се чинело, не само еднаш, дека на оние што се осмелувале да му се спротивстават на Рим, им се заканува неизбежна пропаст, но во критичниот момент ќе се појавела или турската војска на источната граница, или францускиот цар, или пак и самиот папа, кои љубоморни на сè поголемиот напредок на германското царство, поаѓале во војна против него, и така среде тие меѓународни судири и немири на реформацијата и била дадена можност да се зацврсти и да се прошири.

Најпосле владетелите верни на папството сепак ги решиле или барем ги пригушиле своите меѓусебни непријателства, и така можеле заеднички да настапат против реформаторите. Државниот собор одржан во Шпаер во 1526 година на секоја држава по прашањето на верата и оставил целосна слобода до свикувањето на новиот сеопшт собор, но кога поминале опасностите поради кое е направено ова отстапување, царот во 1529 година го свикал другиот собор во Шпаер со намера конечно да го задуши ересот. Требало кнезовите, ако некако е можно со мирни средства, да се наведат да се изјаснат против реформацијата, а во случај тоа да не успее, Карло бил во состојба да употреби и меч.

Папистите воодушевено извикнувале од радост. Дошле во Шпаер во голем број, покажувајќи ја отворено својата омраза кон реформаторите и кон сите оние што им биле наклонети. Во тоа време Меланхтон пишувал: “Ние сме како срам и буниште на целиот свет, но Христос ќе погледне на Својот сиромашен народ и Тој ќе му биде заштита.” - Исто, XIII, 5 поглавје. На евангелистичките кнезови, присутни на овој собор, им било забрането проповедањето на евангелието дури и во местата на нивните престојувалишта. Но жителите на Шпаер гладни и жедни за Божјото Слово, и покрај постоечката забрана, масовно доаѓале на богослуженијата кои биле одржувани во капелата на саксонскиот изборен кнез.

Тоа ја забрзало кризата. На државниот собор е прогласена царска порака во која владетелот изрично бара резолуцијата која дозволува слобода на совеста, бидејќи дала повод за големи нереди, да се поништи. Овој самоволен и тирански акт предизвикал голема огорченост и запрепастување кај евангелистичките христијани. Еден меѓу нив извикал: “Христос повторно е во рацете на Кајафа и Пилат.” Приврзаниците на Рим станувале сè погласни и сè пожестоки. Еден закоравен папист изјавил: “Турците се подобри од Лутераните, зашто и Турците одржуваат пост, а Лутераните го обесчестуваат. Ако треба да бираме помеѓу Светите од Бога дадени списи и старите заблуди на црквата, ние ќе го отфрлиме она првото. Меланхтон пишувал: “Секој ден, пред преполното собрание Фабер фрла по некој нов камен на нас евангелистите.” - Исто, XIII, 5 поглавје.

Верската толеранција со закон била воведена, и евангелистичките држави цврсто решиле да се спротивстават на газењето на своите права. Лутер, кој под проклетството на Вормскиот едикт сè уште бил во прогонство, не можел да дојде во Шпаер, но неговото место го заземале неговите соработници и кнезовите што самиот Бог ги подигнал да го бранат неговото дело во оваа криза. Благородниот Фридрих Саксонски, некогашниот Лутеров заштитник, во меѓувреме умрел, но војводата Јохан, неговиот брат што го наследил на престолот, со радост ја поздравил реформацијата и иако по природа многу мирољубив, за сите прашања што се однесувале на интересите на верата покажал исклучителна енергичност и храброст.

Свештениците барале државите што ја примиле реформацијата безусловно да и се покорат на римската управа. А, реформаторите пак од друга страна, со полно право се повикувале на слободата што порано им била призната. Не можеле да се согласат Рим повторно да ги врати под своја контрола земјите кои со толку голема радост го прифатиле Божјото Слово.

Најпосле бил предложен следниот компромис; - таму каде што реформацијата сè уште не била спроведена најстрого да се применува Вормскиот едикт, а во “оние земји каде што народот го отфрлил и каде што не би му се потчинил без опасност да дојде до побуна, не смеат да се воведуваат нови реформи, не смее да се гиба во спорните прашања, не смее да се спречува да се извршува мисата, и не смее да се дозволи римокатолиците да го прифатат лутеранството.” - Исто, XIII, 5 поглавје. Ова решение на соборот било изгласано со големо задоволство на папските свештеници и великодостојници.

Кога овој едикт би бил ставен во сила и кога би бил спроведен, “реформацијата не би можела да се шири... таму каде што дотогаш не навлегла, ниту би можела да се зацврсти дури ни таму каде што веќе постоела.” - Исто, XIII, 5 поглавје. Слободата на говорот би била забранета. Никакво духовно будење и обратување не би било допуштено. Од пријателите на реформацијата се барало без било какво одложување да им се покорат на сите овие ограничувања и забрани. Надежта на светот само што не се изгасила. “Со повторно воспоставување на римската хиерархија... неизбежно би се предизвикало враќање и на старите злоупотреби,” и лесно би можело да се најде можност, “за конечно уништување на делото кое веќе било толку страшно потресувано со фанатизмот и раздорот.” - Исто, XIII, 5 поглавје.

Кога претставниците на евангелистичките странки се состанале поради советување, гледале еден во друг збунети и запрепастени. Прашањето одело од уста до уста: “Што да се прави?” Бил во прашање исходот на она што било од пресудна важност за светот: “Треба ли водачите на реформацијата да попуштат и да го прифатат едиктот?” Како реформаторите во оваа криза, која навистина била страшна и огромна, лесно можеле да тргнат по погрешен пат! Колку веродостојни изговори и прифатливи причини можеле да најдат за одлуката да се покорат? На Лутеранските кнезови им било загарантирано слободно исповедување на нивната вера. Таа иста предност се однесувала и на сите оние нивни приврзаници кои реформацијата ја прифатиле пред да бидат усвоени овие мерки. Зарем ова да не ги задоволи? Колку опасности би избегнале ако би се покориле? А во колку непознати опасности и судири можел да ги вовлече отпорот! Кој знае какви сè тешкотии ќе донесе иднината? Да го прифатиме мирот! Да го прифатиме маслиновото гранче што Рим ни го поддава и да ги залечиме раните на Германија. Со такви и слични аргументи реформаторите можеле да го оправдаат своето прифаќање на условите, кои наскоро би довеле до неизбежна пропаст на целиот потфат за кој се залагале.

“Но, за среќа, тие го проѕреле начелото на кое се темелела оваа спогодба, и постапиле според верата. Какво било тоа начело? - Тоа било правото на Рим да врши притисок на совеста и да ја забранува слободата на било какво истражување. Но зар на нив и на нивните протестантски приврзаници не им била загарантирана слободата на вероисповедта? - Да, но како милост која била посебно условена во предложениот договор, а не како право. А што се однесува на оние што не биле опфатени со овој договор, меродавно било големото начело на власта; слободата на совеста воопшто не била земена во предвид. Рим би останал непогрешлив судија и ќе морал да се слуша. Кога би се прифатил предложениот договор, тоа практично би значело да се согласат слободата на совеста да се ограничи само на реформираната Саксонија; а што се однесува до целокупното останато христијанство, слободното истражување и исповедување на реформираната вера би претставувало злосторство, кое ќе се казнува со затвор и со клада. Ќе можат ли тие да се согласат слободата на совеста да се локализира или на било кој друг начин да се ограничува? Ќе можат ли да објават дека реформацијата го придобила и последниот обратеник и дека ја освоила последната стапка на земјата? И зар секаде таму каде што Рим сè уште господари, неговата доминација треба да се овековечи! Ќе можат ли реформаторите да се чувствуваат чисти од крвта на стотици и илјадници кои, со ставањето на сила и примената на овој договор, ќе мора да ги жртвуваат своите животи во папските земји? Тоа, во овој судбоносен час, би значело предавство на делото на евангелието и слободата на христијанството.” - Vyli, IX, 15 поглавје. “Тие биле подготвени подобро да жртвуваат сè што имаат: положбата, круната, па дури и самиот живот.” - Д’Обиње, XIII, 5 погалвје.

“Да го отфрлиме овој декрет”, рекле кнезовите. “Кога е во прашање совеста мнозинството нема никаква власт.” Пратениците изјавиле дека Германија ужива мир благодарение само на декретот од 1526 година и дека неговото укинување би го исполнило царството со немири и раздори. Државниот собор не е надлежен да прави било што друго освен да ја сочува слободата на вероисповедта до свикувањето на следниот концил.” - Исто, XIII, 5 поглавје. Должност на државата е само да ја штити слободата на совеста, и тука е границата на нејзиниот авторитет кога е во прашање верата. Секое општествено уредување кое со помош на граѓанските власти се обидува да ги регулира или принудно наметнува верските прописи, го жртвува токму она начело за кое евангелистичките христијани толку благородно се бореле.

Папистите решиле по секоја цена да го спречат сето она што го нарекувале “дрска тврдоглавост”. Настојувале меѓу приврзаниците на реформацијата да предизвикаат раздор и да ги заплашат сите оние кои сè уште не се изјасниле отворено за неа. На крајот, пред државниот собор биле повикани и претставниците на слободните градови, и од нив се барало да се изјаснат дали се согласуваат со предложените услови или не. Тие барале извесно одлагање, но залудно. Кога на тој начин биле ставени на проба, речиси половина од нив се согласиле со реформаторите. Оние што на овој начин одбиле да ја жртвуваат слободата на совеста и правото на сопствен суд, добро знаеле дека поради таквиот сопствен став ќе бидат предмет на критика, осуда и прогонство. Еден од делегатите рекол: “Ние мораме или да се одречеме од Божјото Слово или да бидеме спалени.” - Исто, XIII, 5 поглавје.

Кралот Фердинанд, како царски застапник на државниот собор, видел дека едиктот ќе предизвика сериозни раздори ако кнезовите не можат да бидат наведени да го прифатат и поддржат. Се обидел тоа да го постигне со вешто наговарање, знаејќи добро дека употребата на сила таквите луѓе би ги направила уште порешителни. “Ги молел кнезовите да го прифатат едиктот, уверувајќи ги дека тоа на царот ќе му биде особено по волја.” Но овие верни луѓе го признавале авторитетот на Оној кој е над сите земни владетели, па одговориле мирно. “Ние ќе му се покориме на царот во сè што придонесува за зачувување на мирот и што може да послужи во чест на Бога.” - Исто, XIII, 5 поглавје.

На крајот кралот, пред сите учесници на државниот собор, му најавил на изборниот кнез и на неговите истомисленици дека “едиктот наскоро ќе биде излезен во форма на царски декрет” и дека ќе биде објавен во целото царство, а ним им “преостанува единствено да се покорат на мнозинството.” Откако го рекол тоа, го напуштил собранието, не давајќи им на реформаторите можност за советување и одговор. “Залудно испраќале делегација која кралот го молела со преколнување да се врати. На сите нивни приговори, тој едноставно одговорил: “Работата е готова, останува само да се покорите.” - Исто, XIII, 5 поглавје.

Припадниците на царската страна биле уверени дека христијанските кнезови ќе останат приврзани кон Светото писмо, како на авторитет поголем од сите човечки науки и прописи, а исто така знаеле дека прифаќањето на ова начело на крајот сигурно ќе го урне папството. Но, “гледајќи само на она што се гледа”, како и ијадници пред и по нив, си ласкале себеси дека моќта е на страната на царот и папата, а дека реформаторите се слаби. Кога реформаторите би биле зависни само од човечка поддршка и помош, навистина би биле немоќни, како што тоа го претпоставувале папистите. Но, иако малубројни и скарани со Рим, сепак имале нешто што ја претставувало нивната сила. Против “Решението на државниот собор, се повикувале на Божјото Слово, а против германскиот цар Карло, на Исуса Христа, царот над царевите и Господарот над господарите.” - Исто, XIII, 6 поглавје.

Бидејќи Фердинанд одбил да го одобри нивното совесно сведоштво, кнезовите, без оглед на неговата отсутност, решиле својот протест без никакво одлагање да го изнесат пред народното собрание. Веднаш била составена свечена изјава и предадена на државниот собор: “Со ова ние протестираме пред Бога, нашиот единствен Творец, Бранител, Откупител и Спасител, кој еднаш ќе ни суди, и изјавуваме пред сите луѓе и созданија дека ние поради себе и својот народ, не даваме никаква согласност ниту на било кој начин го поддржуваме предложениот едикт, ниту што било друго што противречи против Бога, Неговото Свето Слово, нашата совест и спасението на нашите души.”

“Што! Зар да го ратификуваме овој едикт? Тоа би значело да се одобри оспорување на правото на еден човек да го запознае Бога дури и тогаш кога тој чувствува дека самиот Семожен Бог го повикал таквото сознание да го прими!” “Нема друга здрава наука, освен онаа која е во согласност со Божјото Слово... Господ забранува ширење и поддржување на секоја друга наука... Светото писмо треба да се разјаснува само со неговите јасни текстови... А оваа света книга е лесно разбирлива за сè она што им е потребно на христијаните, и е дадена со цел да ја растера темнината во која се наоѓаме. Решени сме, Божјата милост да ја сочуваме, и да го задржиме чистото проповедање само на Неговото Слово, така како што тоа е дадено во библиските книги на Стариот и Новиот завет, не додавајќи ништо што би било против него. Ова Слово е единствената вистина, тоа е сигурно правило на сите науки и на сè во животот, и никогаш не може да нè разочара или измами. Кој гради на овој темел ќе се одржи против сите сили на пеколот, додека сета човечка суета која ќе се крене против тоа Слово, ќе падне пред Божјото лице.”

“Поради тоа го отфрламе јаремот што ни се наметнува.” “Во исто време се надеваме дека неговото царско Величество ќе постапи со нас како што му доликува на еден христијански владетел кој го сака Бога над сè друго, и изјавуваме дека сме подготвени како кон него така и кон вас, милостиви господа, да ја укажеме сета љубов и почитување, што оправдано го сметаме за своја законска должност.” - Исто, XIII, 6 поглавје.

Протестот оставил длабок впечаток на државниот собор. Храброста на оние што го вложиле протестот предизвикала чудење и вознемиреност кај мнозинството присутни. Иднината им изгледала бурна и неизвесна. Раздорите, судирите и крвопролевањата им изгледале неизбежни. Но реформаторите, убедени во праведноста на својата работа, и потпирајќи се на раката на Семожниот, “биле полни со храброст и решителност”.

“Начелата на овој прочуен протест ја претставуваат суштината на протестантизмот. Протестот посебно бил вперен против две човечки злоупотреби на верата: првата е мешање на граѓанските власти во прашањето на верата и совеста, а втората е самоволието и тиранијата од страна на црковниот авторитет. Наспроти овие злоупотреби, протестантизмот ја издигнува силата на совеста над световната власт, а авторитетот на Божјото Слово над авторитетот на видливата црква. На прво место тој на земните владетели им го порекнува правото да се мешаат во она што е божествено изјавувајќи заедно со пророците и апостолите: “Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето.” Во присутност на круната на Карло V, тој ја воздигнува круната на Исус Христос. Тој оди и понатаму, го истакнува непогрешливото начело дека секое човечко учење мора да му се потчини на Божјото Слово. - Исто, XIII, 6 поглавје. Подносителите на протестот, освен тоа, го истакнале своето право дека своето верско осведочување за вистината можат слободно да го покажат, и дека она што Божјото Слово го учи да можат не само да го веруваат и самите да го спроведуваат во животот, туку и на другите да им го проповедаат, порекнувајќи им го правото на свештениците и граѓанските власти во тоа да се мешаат. Протестот во Шпаер бил сериозно сведоштво против верската нетрпеливост, и решителна одбрана на правото на секој поединец да служи на Бога според својата совест.

Оваа декларација била поднесена. Таа се врежала во помнењето на илјадници од нив и е внесена во небесните книги, од каде што со никакви човечки напори не можела да се избрише. Целата евангелистичка Германија го примила овој протест како израз на својата вера. Насекаде луѓето во оваа декларација ја виделе најавата за новото и подобро време. Еден од кнезовите им рекол на протестантите во Шпаер: “Семожниот Бог, кој ви дал милост толку силно, слободно и храбро да Го признаете, нека ве сочува вечно во таа христијанска постојаност.” - Исто, XIII, 6 поглавје.

Кога реформацијата, откако постигнала извесен успех, би се согласила, чекајќи погоден момент, да се приспособи на приликите со цел да обезбеди наклоност на светот, би го изневерила и Бога и самата себе, и така самата би станала причина за сопствената пропаст. Искуството на овие благородни реформатори содржи поука за сите идни поколенија. Сатанската тактика во борба против Бога и Неговото Слово во ништо не се променила; тој сè уште, како тоа што го правел и во 16-тиот век, се противи Светото писмо да биде правило на верата и животот. И денес многу се отстапува од учењето и прописите на Библијата и затоа е неопходно да се вратиме на големото начело на протестантизмот - Библијата и само Библијата како правило на верата и должностите. Со сите средства кои може да ги доведе под своја контрола, сатаната сè уште настојува да ја уништи верската слобода. Антихристијанската сила што ја отфрлиле протестантите во Шпаер, сега со нова сила настојува повторно да ја задобие својата изгубена врховна власт. Истата непоколеблива преданост кон Божјото Слово покажана во оваа сериозна криза на реформацијата, е единствената надеж и за реформацијата во наше време.

Имало знаци дека протестантите се во опасност, но имало и такви знаци кои покажале дека божествената рака била поддадена да ги заштити своите верни. Отприлика во тоа време, “Меланхтон во друштво на својот пријател Гринеус по улиците на Шпаер брзал кон Рајна, и инсистирајќи врз него итно без никакво одлагање да се префрли преку реката. Кога Гринеус, зачуден, запрашал за причината на ова избезумено брзање, Меланхтон му рекол: “Еден непознат старец со сериозен и свечен изглед, се појави пред мене и рече: “За некој момент Фердинанд ќе ги испрати службениците надлежни да го уапсат Гринеус”.

Тој ден Гринеус негодувал по повод една проповед на Фебер, водечки папски теолог, и на крајот на проповедта отворено му приговорил дека брани “некои одвратни заблуди.” Фебер го прикрил својот гнев, но веднаш потоа отишол кај кралот и од него добил овластување, тој дрзок хајделбершки професор веднаш да се уапси. Меланхтон бил сигурен дека самиот Бог го спасил неговиот пријател, испраќајќи на овој начин еден од Своите свети ангели да го предупреди.

“На брегот на Рајна, Меланхтон будно набљудувал сè додека не се уверил дека водената препрека го спасила Гринеус од неговите прогонители кои работеле за неговата глава. Кога го видел од другата страна, Меланхтон конечно издивнал извикувајќи: “Најпосле е отргнат од свирепите челусти на оние кои се жедни за невина крв”. Кога се вратил дома, му кажале дека по неговото заминување стражарите во потрага по Гринеус, ја претресле целата негова куќа.” - Исто, XIII, 6 поглавје

Реформацијата требало да се изнесе пред великаните на оваа земја на уште поистакнат начин. Кралот Фердинанд одбил да ги сослуша евангелистичките кнезови, но сепак на нив им била дадена прилика својот предмет да го изнесат во присуство на царот и многуте великодостојници на црквата и државата. За да ги смири несогласувањата што го вознемирувале царството, Карло V, една година по протестот во Шпаер го свикал државниот собор во Аусбург, и најавил дека лично ќе претседава. Повикани биле и водачите на протестантите.

На реформацијата и се заканувале големи опасности, но нејзините поборници сè уште своето дело го доверувале во Божји раце и се заветувале дека најрешително ќе го бранат евангелието. Саксонскиот изборен кнез го наговарале неговите советници да не оди на државниот собор. Тие тврделе дека: “Царот бара да дојдат кнезовите само за да ги намами во стапица. Да се согласи да отиде и заедно со својот моќен непријател да се затвори меѓу ѕидовите на еден град, не значи ли тоа сè да се стави на коцка?” Но други благородно изјавиле: “Кнезовите нека бидат храбри и Божјото дело ќе биде спасено.” “Бог е верен и Тој нас нема да нè остави “ - рекол Лутер. - Исто, XIV, 2 поглавје.

Сепак изборниот кнез со својата придружба се упатил кон Аугсбург. Сите знаеле на каква опасност се изложува тој и многумина оделе со натажени лица и вознемирени срца. Но Лутер, кој ги придружувал до Кобург, ја засилил нивната поколебана вера пеејќи им ја својата позната химна што ја напишал на тој пат “Најсилна крепост е Господ Бог.” Со борбените звуци на оваа вдахновена песна биле растерани многу лоши претчувства и оживеале многу обесхрабрени срца.

Кнезовите што ја прифатиле реформацијата решиле своите погледи да ги претстават со систематско излагање на доказите земени од Светото писмо. Подготовката на тие докази му била доверена на Лутер, Меланхтон и на нивните соработници. Оваа исповедување протестантите го прифатиле како израз на својата вера и се собрале да го потпишат овој важен документ. Тоа бил сериозен и пресуден момент. Реформаторите биле загрижени нивниот потфат да не биде измешан со политичките прашања, верувајќи дека реформацијата може да го врши само она влијание кое потекнува од Божјото Слово. Кога христијанските кнезови пристапиле да ја потпишат подготвената исповед, Меланхтон се вмешал меѓу нив велејќи: “Теолозите и вероучителите треба да го предложат и потпишат ова, а авторитетот на големите луѓе да го сочуваме за нешто друго.” “Господ да чува,” - одговорил Јохан Саксонски, “мене да ме исклучите. Јас сум решен да го направам она што е право; без оглед на мојата круна, јас сакам да го признаам Господ. За мене крстот на Исус Христос е поскапоцен отколку изборната капа и мојот хермелин. Кажувајќи го тоа, го потпишал документот. Еден друг кнез, земајќи го перото во рацете, рекол: “Кога се работи за честа на Мојот Господ Исус Христос подготвен сум да го дадам... животот и имотот.” Побрзо ќе се откажам од своите поданици и својата положба, побрзо би ја напуштил земјата на своите предци само со стап во раце,” продолжил тој, “отколку што би прифатил некое друго учење од ова што е содржано во оваа исповед.” Толкава била верата и бестрашноста на овие Божји луѓе. - Исто, XIV, погл. 6.

Најпосле дошло времето да се појават пред царот. Карло V, седејќи на престолот, опкружен со изборните кнезови и дворската свита, ги примил протестантските реформатори. Била прочитана исповедта на нивната вера. На овој величествен собир, јасно биле прикажани вистините на евангелието и откриени заблудите на папската црква... Со право тој ден е наречен “најголем ден на реформацијата, еден од најславните денови во историјата на христијанството и на човештвото.” - Исто, XIV, 7 поглавје. Поминале само неколку години откако монахот од Витенберг стоел во Вормс сам пред народното собрание. Сега на неговото место стоеле најблагородните и најмоќните кнезови на царството. На Лутера му било забрането да дојде во Аугсбург, но тој бил присутен со своите зборови и молитви. “Најмногу се радувам”, пишувал тој “што го доживеав овој час кога Христос е славен и воздигнуван од толку угледни вероисповедници и пред толку величествен собор.” - Исто, XIV, 7 поглавје. Така се исполниле зборовите на псалмистот забележани во Светото писмо: “Ќе зборувам за сведоштвата Твои пред царевите” (Псалм 119:46).

Во Павлово време евангелието поради кое тој станал заробеник, токму на тој начин било изнесено пред кнезовите и благородниците на царскиот град. Така било и во оваа прилика: она што царот го забранил да се проповеда од проповедалната, сега јавно се проповедало во палатата; она што многумина го сметале за недолично дури и за ушите на слугите, сега со восхитување го слушале господарите и великаните на царството. Царевите и државниците биле слушатели, крунисаните кнезови биле проповедници, а проповедта била величествената и возвишената Божја вистина. “Од времето на апостолите,” вели еден писател, “немало поголем настан, ниту повеличествено исповедување на верата.” - Д’Обиње, XIV, 7 поглавје.

“Сè што рекле лутераните е вистина, не можеме тоа да го побиеме,” изјавил еден папски бискуп. “Можете ли со здрав разум да го побиете исповедувањето на верата кое го составиле изборниот кнез и неговите сојузници?” го прашал друг, доктор Ек. “Со списите на апостолите и пророците не, но со списите на отците и црковните собори, да.” “Разбирам”, рекол оној кој го поставил ова прашање. “Лутераните според вашите зборови се во рамките на Светото писмо, а ние сме надвор од него”! - Исто, XIX, 8 поглавје.

Некои од германските кнезови биле придобиени за реформаторската вера. Самиот цар изјавил дека протестантските наоди се правата вистина. Исповедта била преведена на многу јазици и раширена низ цела Европа, и милиони, во подоцнежните поколенија ја прифатиле како израз на својата вера.

Верните Божји луѓе во овие свои напори не биле осамени. Додека поглаварствата, властите и поднебесните духови на злобата се здружиле против нив, Господ не ги заборавал Своите верни. Кога очите би им биле отворени, би ги виделе исто јасно знаците на божествената присутност и помош, како што тоа го видел еден пророк во старо време. Кога Елисеевиот слуга го предупредил својот господар за непријателската војска што ги опколила од сите страни и им оневозможила секаков обид за бегство, пророкот се помолил: “Господи, отвори му ги очите да види!” (2. Цареви 6:17). И гледај, гората се исполни со бојни коли и огнени коњи, небесните војски биле тука да го бранат овој Божји човек. Исто така ангелите будно бдееле над оние што се залагале за делото на реформацијата.

Едно од начелата што најрешително го истакнувал Лутер било, за одбрана на реформацијата да не се прибегнува кон световните власти, ниту пак да се употребува телесно оружје. Се радувал што кнезовите на царството го прифатиле евангелието, но кога предложиле да се здружат во еден одбранбен сојуз, изјавил дека “науката на евангелието треба да ја брани самиот Бог... Доколку луѓето помалку се мешаат во ова дело, дотолку Божјото посредување во негова корист ќе биде поочигледно. Сите политички мерки на претпазливост, според негово мислење можеле да се припишат на недоличен страв и на грешна недоверба.” - Д’Обиње, лондонско издание, X, 4 поглавје.

Кога силните непријатели се здружиле за да ја уништат реформираната вера и кога се чинело дека илјадници мечеви се извлечени против неа, Лутер пишувал: “Сатаната врие од бес, безбожните попови организираат заговор и ни се закануваат со војна. Храбрете го народот, и понатаму да се бори храбро со вера и молитва пред Божјиот престол, така што нашите непријатели, победени од Божјиот Дух, да бидат присилени на мир. Прво што е најпотребно и што е најглавно, тоа е молитва. Нека знае народот дека е изложен на острицата на мечот и на сатанскиот гнев и нека се моли.” - Д’Обиње, X, 4 поглавје.

Подоцна, по повод предлогот на некои кнезови што ја прифатиле реформацијата да се создаде одбранбен сојуз, Лутер рекол дека единствено оружје што може да се употреби во ова војување претставува “духовниот меч.” По повод ова, на саксонскиот изборен кнез тој му напишал: “Ние, според нашата совест, не можеме да одобриме таков сојуз. Подобро десетпати ќе умреме, отколку нашето евангелие да доведе до пролевање на макар и една капка крв. Наше е да бидеме слични на јагниња одредени за колење. Мораме да го носиме Христовиот крст. Вашата кнежевска возвишеност нека не се плаши. Ние со молитва ќе направиме повеќе, отколку сите наши непријатели со своето фалење. Само да не ги извалкаме нашите раце со крвта на своите браќа. Ако царот побара да излеземе пред суд, подготвени сме да излеземе. Вие не можете да ја браните нашата вера, секој мора да верува сам за себе и на сопствен ризик.” - Исто, XIV, 1 поглавје.

Од тајното место на молитвата дошла сила, која во времето на реформацијата, го потресла светот. Тука, Божјите слуги, во свето спокојство, цврсто застанале на своите нозе на карпата на Неговите ветувања. За време на борбата во Аугсбург, Лутер “не пропуштал секој ден, на молитвата да и посвети најмалку три часа, и тоа во време кое било најпогодно за учење.” Во повлеченоста на неговата соба можело да се слушне како ја излева својата душа пред Бога во зборови “полни со преколнувања, страв и надеж, како кога човек му зборува на пријател.” “Знам”, зборувал тој во својата молитва, “дека Ти си наш Татко и наш Бог и дека ќе ги растуриш прогонителите на Твоите деца, зашто и Твоето дело заедно со нас е во опасност. Целиот овој потфат е Твое дело и ние го презедовме само затоа што Ти нас просто нè принуди. Затоа одбрани нè нас о Господе!” - Исто, XIV, 6 поглавје.

На Меланхтон, кој бил потиштен под товарот на грижите и стравот, му пишувал: “Милост и мир во Христа! Во Христа велам, а не во светот. Амин. Ја мразам, со сè поголема омраза, твојата претерана загриженост која толку страшно те нагризува. Ако потфатот е неоправдан, да го напуштиме, а ако е праведен, зошто да се сомневаме во ветувањата на Оној кој нам ни налага мирно да спиеме?... Христос нема да го изневери делото на праведноста и вистината; Тој живее и владее, и од што тогаш да се плашиме?” - Исто, XIV, 6 поглавје.

Бог ги слушнал молитвите на Своите слуги. Тој на кнезовите и проповедниците во својата милост им дал сила и храброст, бранејќи ја вистината да се спротивстават на управителите на темнината од овој свет. Господ вели: “Еве, поставувам во Сион аголен Камен, одбран и скапоцен; и кој верува во Него, нема да се посрами” (1. Петрово 2:6). Протестантските реформатори ѕидале на Христа, и пеколната врата не можела да ги надвладее.