Големата борба помеѓу Христа и сатаната

10. Напредок на реформацијата во Германија

Лутеровото мистериозно исчезнување предизвикало вистинско запрепастување ширум Германија. Распрашувањата за него се слушале на сите страни. За него кружеле најстрашни вести и многумина верувале дека е убиен. Настанала голема жалост, не само меѓу оние кои отворено биле на негова страна, туку и меѓу илјадници од оние кои не го манифестирале јавно својот став спрема реформацијата. Многумина свечено се заветувале дека неговата смрт ќе ја осветат.

Папските водачи исплашено набљудувале со какви размери биле опфатени непријателските чувства против нив. Иако претпоставувале дека Лутер навистина е мртов, најпрвин ликувале поради тоа, но набргу посакале да се сокријат од гневот на народните маси. Неговите непријатели не биле толку вознемирени ниту од неговите најхрабри дела додека престојувал меѓу нив, колку сега по повод неговото исчезнување. Оние кои во својата омраза и бес настојувале да го уништат реформаторот сега, кога тој станал беспомошен заробеник, биле полни со страв: “Ни преостанува уште едно средство за спасение” рекол еден, “да го побараме Лутера во светот со запалени факели и повторно да го вратиме на народот што го бара.” - Д’Обиње IX, 1 поглавје. Очигледно било дека царскиот едикт останал без очекуваното дејство. Папските пратеници со огорчување забележале дека едиктот предизвикал далеку помало внимание отколку Лутеровата судбина.

Радосната вест дека тој, иако заробеник, сепак е на сигурно место, го смирила стравот кај народот и уште повеќе го поттикнала воодушевувањето во негова корист. Неговите списи биле читани со поголема усрдност отколку кога и да било порано. Сè поголем број на луѓе се придружувале кон делото на храбриот човек, кој, под такви тешки околности, го бранел Божјото Слово. Реформацијата постојано станувала сè посилна. Семето што го посеал Лутер насекаде никнувало. Неговото отсуство го направило она што неговата присутност не можела да го направи. Останатите соработници сега чувствувале нова одговорност, затоа што нивниот водач бил отстранет. Со оживеана вера и усрдност оделе напред и правеле сè што било во нивна можност, за делото кое толку славно започнало, да не биде спречено.

Но и сатаната не бил без работа. И во оваа прилика се обидел да го направи она што настојувал да го направи кај секое реформаторско движење - да го измами народот и уништи, подметнувајќи му наместо вистинска, лажна реформа. Како што во првиот век на христијанската ера постоеле лажни христоси, исто така и во шеснаесеттиот век се појавиле лажни пророци.

Неколку луѓе, длабоко обземени од возбудата која се јавила во верскиот свет, си вообразиле дека од небото примиле особени откровенија, и тврделе дека самиот Бог ги повикал делото на реформацијата кое, според нивното тврдење, Лутер штотуку го започнал тие да го продолжат и усовршат. Всушност, тие го поткопувале токму она што тој го изградил. Го отфрлиле основното начело што претставувало темел на реформацијата - Божјото Слово, како сеопфатно мерило на верата и животот, а на местото на тој непогрешлив водач го поставиле променливото и несигурното мерило, сопствените чувства и влијанија. На тој начин го отфрлиле најсигурниот детектор за откривање на заблудата и лагата, па на сатаната му бил отворен патот потполно и без пречки да завладее со умот и мислите на луѓето.

Еден од тие пророци тврдел дека прима упатства од ангелот Гаврил. Еден студент кој се соединил со нив ги напуштил своите студии, изјавувајќи дека од самиот Бог примил мудрост и способност да го толкува Неговото Слово. Другите кои по својата природа биле наклонети кон фанатизмот, се согласиле со нив. Работата на овие занесеници предизвикувала големо возбудување. Лутеровите проповеди насекаде го разбудиле народот да чувствува потреба од реформа, а сега некои навистина искрени души, со тврдењето на овие нови пророци, биле заведени на крив пат.

Водачите на ова движење дошле во Витенберг, и се обиделе на Меланхтон и на неговите соработници да им ги наметнат своите барања. “Ние сме од Бога испратени”, рекле тие, “да го поучиме народот . Со Господ водиме доверливи разговори и ја гледаме иднината, со еден збор, ние сме апостоли и пророци и се повикуваме на доктор Лутер.” - Исто, IX, 7 поглавје.

Реформаторите се зачудиле и збуниле. Со вакви елементи тие дотогаш сè уште не се сретнале и не знаеле што да преземaт. Меланхтон рекол: “Во овие луѓе има необичен дух, но каков?... Да се чуваме да не го гасиме Божјиот Дух, но да не дозволиме ни сатанскиот дух да нè заведе.” - Исто, IX, 7 поглавје.

Наскоро се покажале плодовите на ова ново учење. Народот бил наведен да го занемари или потполно отфрли Светото писмо. Во училиштата настанала забуна. Студентите ги прекинувале своите студии и, презирајќи секакво ограничување, ги напуштале универзитетите. Луѓето кои се чувствувале меродавни и повикани делото на реформацијата да го оживеат и водат, успеале само во тоа да го доведат до работ на пропаста. Приврзаниците на Рим, охрабрени од сето тоа, радосно извикале: “Само уште последниот удар, и сè ќе биде наше.” - Исто, IX, 7 поглавје.

Кога Лутер во Вартбург слушнал што се случува, рекол длабоко загрижен: “Отсекогаш очекував дека сатаната ќе ни испрати такво зло.” - Исто, IX, 7 поглавје. Тој го согледал вистинскиот карактер на овие самонаречени пророци и ја видел опасноста што се заканувала на делото на вистината. Спротивставувањето на папата и на царот не му создало толкав немир и грижа, како ова сега. Од таканаречени пријатели на реформацијата, станале нејзини најголеми непријатели. Токму оние вистини кои му донеле толку голема радост и утеха, станале причина за раздор и забуна во црквата.

Во делото на реформацијата Лутера го поттикнувал Божјиот Дух и просто го туркал напред, така што се надминал себеси. Тој немал намера да спроведе толку радикални промени и да се најде во положба во која сега се нашол. Тој бил само орудие во рацете на Семожната Сила, и често загрижено се плашел за последиците на своето дело. Еднаш рекол: “Кога би знаел дека мојата наука ќе му наштети само на еден единствен човек, колку тој да бил незначителен и неук, што е невозможно зaшто таа е вистинско евангелие, подобро десетпати би умрел отколку да не ја одречам.” - Исто, IX, 7 поглавје.

Најпосле и самиот Витенберг, првобитното средиште на реформацијата, длабоко паднал под влијанието на фанатизмот и беззаконието. Оваа страшна состојба не била последица на Лутеровото учење, но неговите непријатели по цела Германија вината за сето тоа сепак ја фрлиле на него. Со болка во душата, Лутер често се прашувал: “Зарем тоа може да биде крај на големото дело на реформацијата?” - Исто, IX, 7 поглавје. Меѓутоа, кога сесрдно се помолил на Бога, мирот повторно завладеал во неговото срце. “Господе,” нагласувал тој во молитвата, “делото не е мое, туку Твое. Ти нема да дозволиш да го расипат фанатизмот и празноверието.” Но помислата во овој критичен час да остане далеку од борбата му станала неподнослива. Поради тоа решил да се врати во Витенберг.

Без одложување тргнал на овој опасен пат. Бил анатемисан и прогонет од царството. Неговите непријатели слободно смееле да му го одземат животот, а на неговите пријатели им било забрането да му помогнат или да го сокријат. Царската власт презела најостри мерки против неговите приврзаници. Но тој видел дека делото на евангелието е во опасност и тргнал бестрашно, во името Господово, да се бори за вистината.

Во писмото до изборниот кнез, објаснувајќи ја својата намера да го напушти Вартбург, Лутер рекол: “Вашето Височество нека знае дека во Витенберг доаѓам под далеку посилна заштита отколку што е заштитата на кнезовите и изборниците. Не мислам од Вашето Височество да барам поддршка, а далеку од тоа дека би сакал Ваша заштита, пред сè јас Вас би ве штител. Поради тоа, кога би знаел дека Вашето Височество би сакало и би можело да ме заштити, воопшто не би одел во Витенберг. Тука не помага меч. Самиот Бог мора да направи сè, без човечка помош и соработка. Оној кој има најсилна вера, може најдобро и да заштити.” - Исто, IX, 8 поглавје.

Во друго писмо, напишано на патот за Витенберг, Лутер додал: “Подготвен сум да трпам немилост од Вашето Височество и гнев од целиот свет. Нели се жителите на Витенберг мое стадо? Нели Бог мене ми ги доверил? Нели сум должен да се изложам и на смртна опасност, ако тоа е неизбежно, поради нив? Освен тоа, се плашам во Германија да не избие голема буна и крвопролевање, со кое Бог ќе го казни нашиот народ.” - Исто, IX, 8 поглавје.

Со голема претпазливост и понизност, но цврсто и решително, се фатил за работа. “Со Божјото Слово”, рекол тој, “мораме да собориме и уништиме сè што е воспоставено со насилство. Немам намера против празноверните и неверните да употребам сила... Никој не смее да биде присилуван да верува. Слободата е суштина на верата.” - Исто, IX, 8 поглавје.

Наскоро низ целиот Витенберг се пронел глас дека Лутер се вратил и дека пак ќе проповеда. Народот масовно пристигнувал од сите страни и црквата била преполна. Стапнувајќи на проповедалната, Лутер поучувал, предупредувал и карал со голема мудрост и благост. Укажувајќи на постапката на некои кои се послужиле со насилство да ја укинат мисата, рекол:

“Мисата сама по себе е лоша и бескорисна и самиот Бог е против неа, таа треба да се укине и јас би сакал таа во целиот свет да биде заменета со проповедање на евангелието. Но никој не треба да се присилува да ја напушти. Да ја предадеме работата во Божји раце. Нека дејствува Неговото Слово, а не ние. Зошто? - ќе прашате вие. Затоа што јас не ги држам срцата на луѓето во своја рака, како грнчарот глината. Ние имаме право да зборуваме, но не и да донесуваме пресуди. Да проповедаме, а останатото му припаѓа на Бога. Ако употребам сила, што ќе добијам за возврат? Измама, неискрено однесување, мајмунство, човечки уредби и лицемерство... Но во тоа нема да има ниту искреност на срцето, ниту вера, ниту братска љубов. Онаму каде што тие три доблести недостигаат, тука недостига сè, а за тоа нешто јас не би ја дал ниту дршката од крушата... Бог со Своето Слово може да направи повеќе, отколку Вие и јас и сите соединети сили на светот. Бог ги освојува срцата, а кога ќе се придобие срцето, сè е добиено...

“Ќе проповедам, зборувам, пишувам, но нема да присилувам никого, зашто верата е доброволен чин. Еве видете што направив јас. Станав против папата, против продажбата на прошталници и папските следбеници, но без никакво насилство и нереди. Јас само го истакнував Божјото Слово, проповедав и пишував, - тоа беше сè што правев јас. И додека јас спиев... Словото, кое го проповедав, го ослабе папството и му нанесе повеќе штета отколку што би можел да направи било кој земски кнез или цар. Сепак ништо од сето тоа не направив јас, Божјото Слово сè направи. Да сакав да употребам сила, Германија можеби би била преплавена со крв. Но каков ќе беше исходот од сето тоа? Уништување и пропаст и на телото и на душата. Затоа останав мирен и дозволив Божјото Слово да кружи по светот и да го направи она што јас не можам.” - Исто, IX, 8 поглавје.

Секој ден, преку целата седмица, Лутер му проповедал на мноштвото желно за вистината. Божјото Слово ги скршило оковите на фанатичката возбуда. Силата на евангелието го вратила заведениот народ на патот на вистината.

Лутер не сакал да се состане со фанатиците кои биле причинители на ова големо зло. Знаел дека тоа се луѓе со нездраво расудување и со нескротливи страсти, кои, тврдејќи дека примиле посебно просветлување непосредно од небото, не трпат ниту најмала противречност, ниту најљубезни предупредувања или совети. Присвојувајќи го дрско највисокиот авторитет, тие од секого барале без било какво прашање или приговор да ги прифатат нивните барања. Но, бидејќи тие барале разговор со него, тој се согласил да ги прими, и во таа прилика толку успешно ги разоткрил нивните претензии, така што измамниците веднаш го напуштиле Витенберг.

Фанатизмот бил задушен за извесно време, но по неколку години избил со уште поголема жестокост и со уште пострашни последици. Зборувајќи за водачите на ова движење, Лутер рекол: “Светото писмо за нив е само мртво слово на хартија и сите тие викаат: “Дух, Дух!” но јас во никој случај не сакам со нив каде што води нивниот дух. Бог во својата милост нека ме сочува од таквата црква во која освен светците нема никој друг. Сакам да останам тука каде што има понизни, слаби и болни, кои знаат дека се грешници и се чувствуваат виновни и поради тоа постојано воздивнуваат, и од срце се молат на Бога за утеха и помош.” - Исто, X, 10 поглавје.

Тома Минцер, најактивен меѓу овие фанатици, бил човек со големи способности, кои, кога би биле правилно насочени, би му овозможиле да прави добро. Но тој не ги научил ниту основните начела на вистинската вера. “Бил обземен со желба да го реформира светот, при што, како и многу други занесеници, заборавил дека реформата треба да ја започне од самиот себе.” - Исто, IX, 8 поглавје. Славољубиво се стремел само за положба и влијание и не сакал да биде втор, па дури ни веднаш зад Лутер. Ги обвинувал реформаторите дека, заменувајќи го папството со авторитетот на Светото писмо, воспоставиле само поинаков облик на папство. Се сметал себеси, дека е од Бога повикан да спроведе вистинска реформација. “Кој го има тој дух” - тврдел Минцер, “има вистинска вера, иако никогаш во својот живот не го ни видел Светото писмо.” - Исто, X, 10 поглавје.

Тие фанатички расположени учители, се препуштиле на своите впечатоци, сметајќи ја секоја своја мисла и секој импулс за Божји глас. Така отишле во неповратна крајност. Некои други ги запалиле и своите Библии, викајќи: “Словото убива, а духот оживува.” Минцеровото учење и годело на човечката желба за нешто што е необично и чудесно и годело на гордоста, зашто човечките идеи и мислења ги издигнувало над Божјото Слово. Илјадници ја прифатиле неговата доктрина. Набргу отфрлил секаков ред во јавното богослужение, изјавувајќи дека да се слуша кнезот значи исто како обидот да му се служи и на Бога и на Велијара.

Разбудениот дух кој веќе почнал да го отфрлува од себе јаремот на папството, станал нестрплив барајќи да се ослободи дури и од оние ограничувања кои ги пропишуваат граѓанските власти. Минцеровата револуционерна наука, за која се тврдело дека е вдахновена од Бога, водела кон раскинување на сите ограничувања на редот, законитоста и кон стихијно препуштање на предрасудите и страстите. Настапиле страшни сцени на буни и насилства, а германските полиња биле натопени со крв.

Душевните страдања што порано Лутер ги преживеал во Ерфурт, сега го притиснале двапати потешко кога видел дека последиците на фанатизмот и се припишуваат на Реформацијата. Папски настроените властодршци тврделе, а многумина биле готови во тоа да поверуваат, дека буната е неизбежен плод на Лутеровото учење. Иако ова обвинување било без каква и да е основа, сепак тоа реформаторот многу го загрижило. Делото на вистината така да се понижи и спореди со најодвратниот вид на фанатизам, му се чинело потешко отколку што можел да поднесе. Од друга страна, и водачите на оваа буна го мразеле Лутера, зашто тој не само што се спротивставил на нивното учење и го одрекувал нивното тврдење за божествено вдахновение, туку дури ги прогласил и за бунтовници против граѓанските власти. За да му се одмаздат, тие го нарекле подмолен лицемер, човек кој присвојува власт. Се чинело, дека ја навлекол на себе омразата и на кнезовите и на народот.

Папистите се радувале, очекувајќи наскоро да ја видат целосната пропаст на реформацијата. Го напаѓале Лутера и му ги припишувале дури и оние заблуди кои тој најсериозно ги осудувал и настојувал да ги исправи. Партијата на овие занесени фанатици, лажно тврдејќи дека со неа неправедно се постапува, успеала да ја придобие поддршката на голем број луѓе, и како што тоа е чест случај со оние што ќе поминат на погрешна страна, почнале да се прикажуваат како маченици. И така, токму оние кои најенергично станале против реформацијата, биле сожалувани и славени како жртви на свирепоста и насилството. Тоа било дело на сатаната, поттикнато од истиот дух, кој буната ја започнал уште на небото.

Сатаната секогаш настојува да ги измами луѓето и да ги доведе дотаму гревот да го нарекуваат праведност, а праведноста грев. Колку само било успешно неговото дело! Колку често верните Божји слуги се опсипуваат со укори и критики само затоа што бестрашно стануваат во одбрана на вистината! Луѓето кои всушност се вистински сатански агенти се слават и воздигнуваат, дури ги сметаат и за маченици, додека оние кои поради својата верност кон Бога би требало да бидат почитувани и потпомагани, често остануваат осамени и секогаш се под некој сомнеж и недоверба.

Лажната светлина и лицемерноста сè уште го вршат своето измамничко дело. Во разни облици, сè уште, и денес се покажува истиот дух како и во Лутеровите денови, одвраќајќи ги мислите на луѓето од Светото писмо и наведувајќи ги луѓето подобро да се поведуваат за личните чувства и впечатоци отколку да се покоруваат на Божјиот закон. Ова е еден од најуспешните сатански пронајдоци за да фрли дамка на чистотата и вистината.

Лутер бестрашно го бранел евангелието од нападите кои доаѓале од сите страни. Божјото Слово се покажало како моќно оружје во секоја борба. Со истото тоа Слово тој се борел против дрско узурпираниот авторитет на папата и рационалистичката филозофија на научниците, додека цврсто како карпа се спротивставувал на фанатизмот кој настојувал да се соедини со реформацијата.

Секоја од овие противнички струи, на свој начин го отфрлила Светото писмо, а ја воздигнувала човечката мудрост како извор на верската вистина и познавање. Рационализмот просто го обожува разумот и го зема за мерило на верата. Римокатолицизмот упорно тврди дека папата како врховен свештеник располага со вдахновение кое, наводно, во непрекината линија доаѓа од апостолите и за сите времиња е непроменливо, со што им дава доволно прилики на секој вид разврати и расипаности да се сокријат под наметката на посветените апостолски овластувања. Вдахновението на кое, исто така дрско, полагале право Минцер и неговите едномисленици не дошло од некој повисок извор, туку е плод на исклучиво чудно мечтаење, а неговото влијание било воглавно уривачко во однос на секој авторитет, човечки или божествен. Меѓутоа, вистинското христијанство го зема Божјото Слово како голема ризница на вдахновена вистина и со него го проверува секое вдахновение.

По враќањето од Вартбург, Лутер го довршил својот превод на Новиот завет, и наскоро потоа евангелието е дадено на Германците на нивниот мајчин јазик. Овој превод со голема радост го примиле сите оние кои ја сакале вистината, а оние што се определиле за традициите и човечките заповеди, со презир го отфрлиле.

Свештениците се растревожиле при помислата дека сега на простите луѓе им е дадена можност да расправаат со нив за начелата на Божјото Слово, и дека на тој начин може да се разоткрие нивното незнаење. Оружјето на нивната телесна мудрост, било немоќно пред мечот на Духот. Рим го употребил целиот свој авторитет да го спречи ширењето на Светите списи, но декретите, проклетствата, исклучувањата и мачењата биле без никакво дејство. Колку повеќе Библијата, од страна на Рим, била осудувана и забранувана, толку поголем бил копнежот на народот да дознае што всушност таа учи. Сите што знаеле да читаат усрдно го истражувале Божјото Слово сами за себе. Го носеле со себе, го читале повторно и повторно, и не биле задоволни сè додека поголемиот дел не го научиле напамет. Гледајќи со каква љубов и задоволство е примен Новиот завет, Лутер веднаш почнал со преведување и на Стариот завет, и го објавувал во делови како што го завршувал.

Лутеровите списи подеднакво биле добредојдени и во село и во град. “Сè што Лутер и неговите пријатели напишале, другите разнесувале. Монасите, кои се увериле во противзаконскиот манастирски завет, сакале својот безделнички живот да го заменат со корисна работа, но, и премногу неупатени за да можат да го проповедаат Божјото Слово, крстосувале низ разни покраини, ги посетувале селата и помалите места и ги продавале Лутеровите книги. Германија наскоро била преплавена со тие храбри колпортери.” - Исто, IX, 11 поглавје.

Овие списи, со голем интерес ги проучувале и богатите и сиромашните, учените и простите. Селските учители, ноќе, на глас ги читале овие списи на мали групи собрани покрај огништата. При секој ваков напор, по некој ќе се уверел во вистината, и примајќи го Божјото Слово, со радост добрата вест за спасението ја пренесувал на другите.

Така се обистиниле вдахновените зборови. “Објавувањето на Твоите зборови, просветлува, ги вразумува простодушните” (Псалм 119:130). Проучувањето на Светото писмо довело до големи промени во мислите и срцата на луѓето. Папската власт ги држела своите поданици под железен јарем на незнаење и понижување. Суеверното почитување на обичаите и формите совесно било чувано, но во сета таа служба малку учествувале срцето и разумот. Лутеровото проповедање, кое за цел го имало откривањето на едноставните вистини на Божјото Слово, а тогаш и самото Слово, ставено во рацете на обичниот народ, ги разбудило неговите успиени сили и ја исчистиле и облагородиле не само неговата духовна природа, туку и на разумот му дале нова сила и решителност.

Можеле да се видат луѓе од сите сталежи како со Библијата во рацете го бранат учењето на реформацијата. Папските приврзаници, кои проучувањето на Светото писмо го препуштиле на свештениците и монасите, сега ги повикувале да истапат и да го побијат новото учење. Но непознавајќи ги Писмата, ниту силата Божја, свештениците и калуѓерите биле потполно поразени од оние кои ги жигосувале како непросветени и кривоверци. “За жал,” - рекол еден католички писател, “Лутер своите следбеници ги уверил дека нивната вера мора да се темели исклучиво на Светото писмо.” - Д’Обиње, IX, 11 поглавје. Народот масовно се собирал да слуша како луѓето со скромно образование ја бранат вистината, и како за неа расправаат со учените и речити теолози. Срамното незнаење на овие големи луѓе се покажало кога нивните аргументи биле побиени со едноставното учење на Божјото Слово. Работниците и војниците, жените, па дури и децата подобро го познавале Светото писмо од учените доктори и свештеници.

Разликата меѓу учениците на евангелието и бранителите на папското празноверие, се манифестирала во редовите на учените исто така силно како и во обичниот народ. “Наспроти поборниците на старата хиерархија, кои го занемариле проучувањето на јазиците и негувањето на книжевноста... се појавил благородниот дух на младите, оддадени на студиите, на проучувањето на Светите списи, желни подобро да се запознаат со ремек - делата од старото време. Со активен дух, со благородни души и со бестрашни срца, овие млади луѓе набрзо стекнале такво знаење што долго време никој со нив не можел да се мери... Затоа, кога овие млади поборници на реформацијата, на некој собор ќе се соочеле со теолозите на католицизмот, ги напаѓале со таква леснотија и сигурност што овие незнајковци останувале без зборови, се збунувале и заслужувале сеопшт презир.” - Исто IX, 11 поглавје.

Кога римокатоличкото свештенство забележало дека се намалил бројот на нивните верници, ги повикале на помош градските власти и се обидувале со сите средства што им биле на располагање да ги повратат своите слушатели. Но народот во новото учење го нашол она што ги задоволува потребите на душите и се одвратил од оние кои толку долго го хранеле со безвредни трици на празноверните обреди и човечките преданија.

Кога против овие учители на вистината бил распален пламенот на прогонството, тие се држеле за Христовите зборови: “Ако ве гонат од еден град, бегајте во друг” (Матеј 10:23). Светлината навлегувала на сите страни. На бегалците секаде гостољубиво им биле отворани вратите. Луѓето ги задржувале да останат и подолго; а тие го проповедале Христа, понекогаш и во црквите, а кога таквата можност им била скратена, тогаш во приватните куќи или пак под ведро небо. Секое место каде би се нашол некој подготвен да го слуша Божјото Слово, за нив претставувало посветен храм. Вистината, објавувана со таква енергија и сигурност, се ширела со незадржлива сила.

Напразно биле повикувани и црковните и градските власти со сила да го задушат кривоверството. Залудно биле применувани затвори, мачења, оган на клада и меч. Илјадници верници својата вера ја запечатиле со сопствената крв, а сепак делото незапирливо се движело напред. Прогонството придонело само за уште поголемо ширење на вистината, а фанатизмот што сатаната настојувал да го спои со неа, само помогнал разликата меѓу делото на сатаната и Божјото дело уште повеќе да се забележи.