Големата борба помеѓу Христа и сатаната

09. Швајцарски реформатор

Во изборот на орудието за реформа на црквата се забележува истиот божествен план како и при формирањето на црквата. Големиот учител ги заобиколил големите луѓе на земјата, видните и богатите кои како водачи на народот биле навикнати од луѓето да примаат пофалби и почести. Тие поради својата надмоќност биле толку горди и самоуверени што не можеле да бидат преобразени во луѓе што ќе сочувствуваат со своите ближни, и да станат соработници на понизниот Назаретќанец. На необразованите галилејски рибари, кои работеле тешка работа им бил упатен повикот: “Појдете по Мене, и Јас ќе ве направам ловци на луѓе” (Матеј 4:19). Тоа биле понизни луѓе, готови да бидат поучувани како ученици. Колку помалку биле под влијанието на лажното учење во своето време, дотолку повеќе Христос можел поуспешно да ги поучува и воспитува за своја служба. Така било и во деновите на големата реформација. Водечките реформатори биле луѓе со скромно потекло - луѓе што ниту малку не биле горди на својата положба, потполно ослободени од свештенството и верската закоравеност на своето време. Божјиот план секогаш бил, за големите успеси да се послужи со скромни орудија. Тогаш славата не се припишува на луѓето, туку на Него, како на Оној кој работи преку нив “да сакаат и да постапуваат според Неговата волја.”

Неколку седмици по Лутеровото раѓање во колибата на саксонскиот рудар, во куќата на еден пастир во Алпите е роден, Урлих Цвингли. Околината на Цвингли во неговото детство и неговото прво воспитување претставувале добра подготовка за неговата идна задача. Воспитуван среде величествените убавини на природата, многу рано длабоко ја почувствувал Божјата големина, моќ и величество. Историјата на јуначките дела направени во неговите родни планини, ги запалила и распламтувала неговите младешки стремежи. Од својата побожна баба ги слушал скапоцените приказни од Библијата што таа ги насобрала од легендите и црковните преданија. Со исклучително интересирање слушал за големите дела на патријарсите и пророците, за пастирите што ги напасувале своите стада по ритчињата на Палестина и разговарале со ангелите, за Детето од Витлеем и за Човекот од Голгота.

Слично на Лутеровиот, и татко му на Цвингли сакал неговиот син да биде образован, и момчето рано отишло од својата родна долина. Неговите умни способности многу брзо се развивале, и наскоро се поставило прашањето: каде да се најдат учители кои би биле во состојба да го поучуваат. Во тринаесеттата година тргнал кон Берн каде што се наоѓала најпознатата школа во цела Швајцарија во тоа време. Но тука се појавила опасност која се заканувала да ја уништи неговата иднина. Монасите вложувале најрешителни напори да го одвлечат во манастир. Доминиканците и Фрањевците воделе меѓусебна соперничка борба за наклонетост на народот. Тоа се обидувале да го постигнат со упадливо украсување на своите цркви, со сјајот на своите церемонии и со привлечноста на прочуените реликвии и со чудотворните слики.

Доминиканците од Берн виделе дека доколку го придобијат тој млад надарен ученик, за себе ќе си обезбедат и добивка и чест. Неговата необична младост, неговата вродена способност како говорник и писател, неговата надареност за музика и поезија, би го привлекле народот на нивните богослуженија и би ги зголемиле приходите на нивниот ред поуспешно отколку сиот нивен сјај и раскош. Со ласкање и со измама настојувале да го наведат Цвингли да стапи во нивниот манастир. Лутер како студент, жив се погребал во нивните манастирски ќелии и Божјото провидение да не го ослободело оттаму, за јавноста ќе останел потполно изгубен. Цвингли не смеел да се изложи на истата опасност. Провидението одредило неговиот татко да дознае за намерата на монасите. Тој никако не сакал син му да води безделничен и бескорисен монашки живот. Сфатил дека во прашање е неговата иднина и му наредил без одлагање да се врати дома.

Момчето се покорило на татковата заповед, но не можел долго да биде задоволен во својата родна долина, по извесно време, отпатувал во Базел за да ги продолжи своите студии. Тука Цвингли за првпат ја слушнал радосната вест за Божјата милост како бесплатен дар. Професорот по стари јазици, Витембах, додека го изучувал грчкиот и еврејскиот јазик дошол во врска со Светите списи и преку неговите предавања зраците на божествената светлина го осветлиле умот и на неговите студенти. Тој изјавил дека постои постара вистина и неспоредливо повредна од теоријата на школските научници и филозофи. Оваа стара вистина била сознанието дека Христовата смрт претставува единствен откуп за грешниците. Тие зборови за Цвингли биле како прв зрак на светлина што и претходи на зората.

Наскоро Цвингли бил повикан да го напушти Базел и да ја прифати својата животна задача. Неговото прво поле за работа била една парохија во Алпите, недалеку од неговата родна долина. Бидејќи бил ракоположен за свештеник, “со сето срце се посветил на проучување на божествената вистина,” зашто, според зборовите на еден соработник “бил свесен колку мора да има знаење оној на кого му е доверено Христовото стадо.” - Вили, VIII, 5 поглавје. Колку повеќе го истражувал Светото писмо сè појасно ја забележувал спротивноста помеѓу библиските вистини и ересите на Рим. Библијата ја прифатил како Божјо Слово, и како единствено совршено и непогрешливо мерило на верата и животот. Сфатил дека таа мора да биде самата свој толкувач. Не се осмелувал со Светото писмо да поткрепува некои однапред создадени теории или учења, туку за своја должност тој сметал дека треба да ја запознае неговата одредена и јасна наука. Се служел со сите средства што би можеле да му бидат од помош за да се здобие со потполно и правилно разбирање на светите вистини на Божјото Слово и барал помош од Светиот Дух кој, како што тој често истакнувал, ќе ја открие вистинската смисла на Своето Слово на сите оние кои тоа го бараат искрено и со молитва.

“Светото писмо”, зборувал Цвингли, “доаѓа од Бога, а не од луѓето. Бог кој просветлува ќе даде и да разбереш дека неговите зборови доаѓаат од Бога. Божјото Слово... не може да погреши - тоа е јасно, самото поучува, самото се отвора, тоа ја осветлува душата со блаженство и со милост, ја зајакнува во Бога, ја прави понизна, така што сосема се губи себеси од вид, а го прифаќа Бога.” Цвингли на себе ја искусил вистинитоста на овие зборови. Зборувајќи за своето искуство од тоа време, пишувал: “Кога потполно се предадов на проучувањето на Светото писмо, филозофијата и теологијата (сколастиката) постојано ме вознемируваа. Најпосле дојдов до заклучок дека морам сето тоа да го отфрлам и да го побарам Бога само во Неговото едноставно Слово. Тогаш почнав да се молам за просветлување, и Светото писмо ми стануваше сè појасно.” - Исто VIII, погл 6.

Учењето што го проповедал Цвингли не потекнувало од Лутер. Тоа било Христово учење. “Ако Лутер го проповеда Христа”, зборувал швајцарскиот реформатор, “тогаш и двајцата исто правиме. Тие, кои тој ги довел до Христа, повеќе се од оние кои јас ги доведов. Меѓутоа, тоа не е важно. Јас не сакам да носам друго име освен Христовото, чијшто војник сум, и Тој е мој единствен Водач. На Лутер никогаш не сум му напишал ниту еден единствен збор, а ни тој на мене. Зошто?... За да би се видело колку Божјиот Дух е согласен со самиот Себе, зaшто и двајцата без никаков договор, така единствено го објавуваме Христовото учење.” - Д’Обиње (D’Aubignie) VIII , 9 поглавје.

Во 1516 година Цвингли бил повикан за проповедник во манастирот Ајнзиделн. Тука требало да добие јасна слика за расипаноста на Рим, и како реформатор да изврши влијание што ќе се почувствува далеку од неговите родни Алпи. Една од главните привлечности на Ајнзиделн претставувала сликата на Девицата Марија која, како што се зборувало, имала моќ да прави чуда. Над вратата на влезот во манастирот стоел натписот: “Тука може да се добие потполно простување на гревовите.” - Исто VII, 5 поглавје. Поклониците во секое годишно време доаѓале да се поклонат пред олтарот на Девицата, меѓутоа, на големиот годишен празник, посветен посебно на неа, се слевало големо мноштво на поклоници, не само од овие краеви на Швајцарија, туку дури и од Франција и Германија. Цвингли, длабоко трогнат од оваа сцена, ја користел можноста на овие робови на празноверието да им ја објави слободата што ја донесува евангелието.

“Немојте да вообразувате,” зборувал тој, “дека Бог е повеќе во оваа црква, отколку на кое било друго место. Било каде да се наоѓаме, Бог е околу нас и нè слуша... Можете ли со бескорисни дела, со поклоненија, со дарови и со слики, со повикување на Девицата или на светците, да ја осигурате за себе Божјата милост? Каква е користа од умножувањето на зборовите со кои ги украсуваме своите молитви? Колку ќе помогне сјајната калуѓерска капа, добро избричената глава, долгата добро поставена облека, или извезените со злато обувки?... Бог гледа на срцето, а нашето срце толку често е далеку од Него. Христос еднаш е жртвуван на крст”, нагласувал тој, “и тоа е доволна жртва за гревовите на сите верници за сета вечност.” - Исто VIII, 5 поглавје.

За многумина слушатели овие учења не биле добродојдени. Тоа за нив било горчливо разочарување да слушнат дека нивниот напорен пат напразно е направен. Не можеле да сфатат дека Христос им нуди бесплатно простување. Тие биле задоволни со стариот пат кон небото на кој им укажал Рим. Се исплашиле од тешкотиите на кои би наишле при барањето на подобар пат. Им било полесно во поглед на спасението да се надеваат на свештениците и папата, отколку да бараат чистота на срцето.

Меѓутоа, другите пак со радост ја прифатиле веста за спасението преку Христа. Обичаите и обредите што им ги пропишал Рим не им донеле душевен мир, и тие со вера ја прифатиле крвта на Спасителот како средство за очистување и помирување со Бога. Се враќале во својот роден крај и на другите да им ја откријат скапоцената светлина што ја добиле. На тој начин вистината се пренесувала од село до село, од град до град, а бројот на поклониците на олтарот на Девицата Марија сè повеќе се намалувал. Се намалиле и приходите од народот, а со самото тоа и платата на Цвингли која потекнувала од тие дарови. Меѓутоа, сето тоа нему му причинувало само радост, затоа што видел дека моќта на празноверието и фанатизмот се руши.

Црковните власти не биле слепи за делото што Цвингли го извршил, но сè уште ништо не преземале. Се надевале дека неговата служба сè уште можат да ја искористат за својата работа, настојувале да го придобијат со ласкање, но во меѓувреме вистината сè повеќе се зацврстувала во срцата на луѓето.

Цвинглиевите напори во Ајнзиделн го подготвувале за поголемо поле на работа кое наскоро требало да настапи. По тригодишен престој тука, бил повикан за официјален проповедник на соборната црква во Цирих. Во тоа време Цирих бил најзначајниот град во Швајцарскиот сојуз, и влијанието извршено во тој град морало надалеку да се почувствува. Великодостојниците на црквата кои и го повикале во Цирих, настојувале да спречат какви било иновации и поради тоа се потрудиле да го поучат на неговите должности.

“Не смееш да пропуштиш”, нагласувале тие, “да се грижиш за приходите на црквата, и не смееш да занемариш ниту најмала ситница. Потсетувај ги верниците и од проповедалната и во исповедалната да ги плаќаат сите десетоци и приноси и потсети ги со своите прилози да ја докажат својата љубов кон црквата. Потруди се да ги зголемиш приходите од болните, од мисата и од сите верски обреди воопшто.” “Во твојата должност спаѓаат делењето на Светите тајни, проповедањето и грижата за стадото,” додале неговите инструктори, “меѓутоа, во тие должности, а особено во проповедањето, може да те замени твојот помошник. Светите тајни ќе ги делиш само на угледните личности, и тоа само на повик, инаку да го даваш тоа секому без разлика е забрането.” - Исто VIII, 6 поглавје.

Цвингли сето тоа мирно го сослушал, и бидејќи се заблагодарил на честа што е повикан на толку важна служба почнал да им објаснува како сака да постапи: “Животот на Христа долго време бил криен од народот,” рекол тој. “Јас ќе го проповедам целото Евангелие од почетокот до крајот... користејќи го како изворен материјал само Светото писмо, и испитувајќи ги неговите длабочини, споредувајќи еден дел со друг и барајќи ја смислата во постојана усрдна молитва. Ќе ја посветам својата служба на слава и на чест на Бога и на Неговиот еднороден Син, за вистинско спасение на душите и нивното морално воздигнување во вистинската вера.” - Исто VIII, 6 погл. Иако некои свештеници не го одобрувале неговиот план и настојувале да го одвратат од него, Цвингли сепак останал непоколеблив. Изјавил дека нема намера да воведува некои нови методи, туку стари и познати со кои црквата се користела порано додека во своето учење била почиста.

Веќе бил разбуден интересот за вистината што ја изнесувал, и народот масовно доаѓал да ги слуша неговите проповеди. Меѓу неговите слушатели се наоѓале и такви кои одамна престанале да ги посетуваат богослуженијата. Својата служба секогаш ја почнувал со отворање на eвангелието, ги читал и ги толкувал на своите слушатели вдахновените записи за животот, учењата и смртта на Исус Христос. И тука, како и во Ајнзиделн, Божјото Слово го истакнувал како единствен непогрешлив авторитет, а Христовата смрт како единствена потполна жртва. “Сакам да ве одведам кај Христа”, зборувал тој, “кај Христа, вистинскиот извор на спасение.” - Исто VIII, 6 поглавје. Додека зборувал, околу него се собирал многу народ од сите сталежи, почнувајќи од државниците и научниците, па сè до занаетчиите и селаните. Со длабок интерес ги слушале неговите зборови. Тој не им зборувал само за спасението кое на грешникот му се нуди како незаслужен дар, туку и храбро ги осудувал расипаноста и пороците на своето време. Многумина, враќајќи се од црквата го славеле Бога зборувајќи: “Овој човек навистина е проповедник на вистината. Тој ќе биде наш Мојсеј, кој нас ќе нè изведе од темнината на Египет.” - Исто, VIII, 6 поглавје.

Меѓутоа, иако неговите настојувања во почетокот биле примени со големо воодушевување, сепак по некое време се појавил отпор. Монасите се кренале да ја спречат неговата работа и да ги осудат неговите учења. Многумина со него се подигрувале и го исмејувале, а некои прибегнувале и кон најдрски закани. Но Цвингли сето тоа трпеливо го поднесувал, зборувајќи: “Ако сакаме грешните и порочни луѓе да ги придобиеме за Христа, мораме пред многу работи да ги затвораме очите.” - Исто VI, 6 поглавје.

Отприлика во тоа време, за делото на реформацијата стигнала нова помош. Еден пријател на реформацијата во Базел, испратил некого по име Луцијан со Лутеровите списи во Цирих, тврдејќи дека продавањето и растурањето на тие книги би можело да биде моќно средство за ширење на светлината. “Провери”, му пишувал тој на Цвингли “дали овој човек имал доволно разумност и вештина, доколку е така, тогаш нека ги продава Лутеровите списи на Швајцарците, од место до место, од град до град, од село до село и од куќа до куќа, а особено неговото објаснување на молитвата “Оче наш”, наменето за лаиците. Доколку за тие книги повеќе ќе се знае, дотолку повеќе ќе има и купувачи.”- Исто, VIII, 6 поглавје. Така светлината себеси си подготвувала пат.

Меѓутоа, додека Бог е подготвен синџирите на незнаењето и празноверието да ги скрши и раскине, сатаната со сета сила работи да ги обвие луѓето со уште поголема темнина, а нивните окови да ги направи уште посилни. Кога во различни земји почнале да се појавуваат луѓе подготвени на народот да му ја прикажуваат вистината за простувањето на гревовите и оправдувањето преку Христовата крв, Рим уште поенергично ја продолжувал својата срамна трговија по целото христијанство, нудејќи им простување на гревовите за пари.

Секој грев имал и своја цена, а на луѓето им била дадена потполна слобода да прават и најлоши гревови, само ако ги полнат црковните благајни. Така паралелно оделе две движења: едно нудело простување на гревовите за пари, а другото нудело простување преку Христа - Рим го одобрувал гревот и го правел извор за своите приходи, додека реформаторите го осудувале гревот и укажувале на Христа како на единствен Откупител и Ослободител.

Во Германија продавањето на прошталниците им било доверено на доминиканските калуѓери, под водство на злогласниот Тецел. Во Швајцарија трговијата била ставена во рацете на фрањевците, под контрола на еден италијански монах Самсон. Самсон веќе и направил добри услуги на црквата, обезбедувајќи од Германија и Швајцарија огромни суми на пари кои ја полнеле папската ризница. Сега крстарел по Швајцарија привлекувајќи големи маси на свет, лишувајќи ги сиромашните селани од нивните скромни приходи, и измамувајќи од богатите богати дарови. Меѓутоа, влијанието на реформацијата веќе се чувствувало, иако оваа нечесна трговија не била целосно осуетена, сепак била значајно ослабена. Цвингли сè уште бил во Ајнзиделн, кога Самсон набрзо по своето доаѓање во Швајцарија ја отпочнал својата трговија во еден соседен град. Откако реформаторот бил известен за неговата мисија, веднаш му се спротивставил. Двајцата соперници дури не се ни сретнале, но успехот на Цвингли во разоткривањето на фратровите претензии и лаги бил толку голем што тој бил принуден да го напушти тој крај и да оди понатаму.

Во Цирих Цвингли со ревност проповедал против трговците со прошталници, а кога Самсон се приближил до градот, во пресрет му дошол пратеникот на градскиот совет предупредувајќи го дека од него се очекува да го продолжи својот пат. Сепак Самсон со лукавство успеал да влезе во градот, но бил вратен назад, не успевајќи да продаде ниту една единствена прошталница, набрзо после тоа ја напуштил Швајцарија.

Силен поттик на реформацијата и дала појавата на чума, “големата црна смрт”, која во 1519. година беснеела по цела Швајцарија. Соочени на тој начин со смртта, многумина увиделе колку се ништожни и безвредни прошталниците што неодамна ги купиле за пари, и тогаш копнееле за подлабок и поцврст темел на верата. Исто така и Цвингли се разболел, лежел во Цирих тешко болен така што била изгубена секоја надеж за негово оздравување, и веќе се ширел гласот дека умрел. Во тој тежок час на искушение неговата надеж и храброст останале непоколебливи. Со вера гледал на крстот на Голгота, со цврста верба дека тука принесената жртва претставува доволен откуп за сите гревови. Истргнувајќи се од челустата на смртта го проповедал евангелието со уште поголема ревност отколку кога и да било порано, а неговите зборови имале некоја незадржлива моќ. Народот со радост го поздравувал својот сакан духовен пастир кој се вратил од работ на гробот. Бидејќи и самите доаѓале од болничките постели на своите болни и претсмртници, ја чувствувале вредноста на евангелието како никогаш порано.

Цвингли дошол до појасно сфаќање на вистината и поцелосно ја искусил на самиот себе нејзината преродувачка моќ. Падот на човекот и планот на спасението биле предмети на кои тој многу се задржувал. “По Адама”, зборувал тој “сите сме мртви, потонати во расипаност и осудени.” - Вили, VIII, 9 поглавје. “Христос... нас нè откупил и нам ни осигурал вечно спасение... Неговото страдање е... вечна жртва која може засекогаш да излечи, таа ја задоволува Божјата правда за сите оние кои со цврста и непоколеблива вера се потпираат на неа.” Сепак, јасно учел дека Христовата милост не ни дава слобода и понатаму да грешиме. “Каде има вера во Бога, тука е и Бог, а каде се наоѓа Бог, тука има и ревност која луѓето ги поттикнува и просто ги нагонува на добри дела.” - Д’Обиње VIII, 9 поглавје.

Проповедите на Цвингли биле толу привлечни што соборната црква била преполна со оние кои дошле да го слушаат. Малку по малку, колку што можеле неговите слушатели да примат, им ја откривал вистината. Внимавал веднаш на почетокот да не им укажува на точките што би ги исплашиле и би ги предизвикале нивните предрасуди. Сфатил дека негова задача е нивните срца да ги придобие за Христовата наука, со Неговата љубов да ги омекне и да го постави пред нив Неговиот пример, а кога ќе ги прифатат принципите на евангелието, нивните празноверни сфаќања и обичаи неизбежно ќе се изгубат.

Реформацијата во Цирих напредувала чекор по чекор. Вознемиреноста и стравот на нејзините непријатели се разбудила во силен отпор. Една година пред тоа во Вормс монахот од Витенберг на папата и на царот решително го рекол своето “не”, а сега судејќи по сè, изгледало дека и во Цирих ќе дојде до слично противење на папските барања. Нападите врз Цвингли зачестиле. Во областите подредени на папската власт учениците на евангелието, одвреме навреме, биле живи спалувани на клади, но тоа не било доволно; и овој учител на кривоверството морал да биде замолкнат. Поради тоа бискупот од Констанца на советот во Цирих испратил тројца пратеници со обвинение дека Цвингли го поучува народот да ги престапува црковните закони и со тоа го доведува во опасност мирот и општествениот поредок. Ако не се почитува авторитетот на црквата, истакнал бискупот, ќе дојде до општа анархија. Цвингли одговорил дека веќе четири години го проповеда евангелието во Цирих и дека “тој град е помирен и поспокоен отколку кој било друг град во сојузната држава”, “Зар тогаш не е”, нагласил тој, “христијанството навистина најдобар чувар на општата сигурност?” - Вили, VIII, 11 поглавје.

Пратениците на бискупот ги предупредиле членовите на градскиот совет да останат во црквата, бидејќи надвор од неа, според нивните зборови, нема спасение. Цвингли одговорил: “Таквото обвинение нека не ве вознемирува. Темелот на црквата е истата Карпа, истиот Христос кој на Петар му дал име, зашто тој верно го признал. Било кој човек, во кој било народ, поверува со сето срце во Господ Исус Христос, ќе биде прифатен од Бога и ќе биде спасен. Тоа е вистинската црква, во која надвор од неа никој не може да биде спасен.” Д’Обиње VIII, 11 поглавје. Како резултат на оваа расправа, еден од пратениците на бискупот ја прифатил реформната вера.

Градскиот совет не се согласил да ги преземе бараните мерки против Цвингли и Рим се подготвувал за нов напад. Дознавајќи за заговорот на своите непријатели, реформаторот извикнал: “Само нека дојдат, им се плашам колку и издадената карпа на пенливите бранови што беснеат во нејзиното подножје.” - Вили VIII, 2 поглавје. Напорите на свештениците само го унапредувале делото што имале намера да го уништат. Вистината продолжила да се шири. Лутеровите приврзаници во Германија, обесхрабрени поради неговото исчезнување, биле повторно охрабрени откако слушнале за напредокот на евангелието во Швајцарија.

Доколку реформацијата во Цирих сè повеќе се зацврстувала и нејзините плодови сè повеќе се забележувале во отстранувањето на пороците и во сè поголемиот ред и слога. “Во нашиот град владее мир”, пишувал Цвингли, “нема караници, лицемерие, завист и неслога. Од каде може да дојде таква хармонија, ако не од Господа и од нашата наука која нè прави мирољубиви и побожни.” - Исто VIII, 1 поглавје 5.

Победите што ги извојувала реформацијата, ги поттикнала папистите на уште порешителни напори да ја уништат. Увидувајќи колку малку постигнале со своите настојувања Лутеровото дело во Германија да го уништат со прогонство, решиле на реформацијата да и се спротивстават со нејзиното сопствено оружје. Со Цвингли била закажана јавна расправа, а за да бидат сигурни во победата, го задржале правото тие да го одредат не само местото на борбата, туку и судиите што ќе решаваат кој меѓу противниците е во право. А кога еднаш ќе го имаат Цвингли под своја власт, ќе се погрижат повеќе да не им побегне. Штом ќе биде замолкнат водачот, мислеле тие, движењето набрзо ќе биде задушено. Меѓутоа, таа намера била најгрижливо сокриена.

Било одредено оваа расправа да се одржи во Баден, но Цвингли не бил присутен. Советот на градот Цирих, сомневајќи се во намерите на папистите и спомнувајќи си за кладите кои биле подигнати за приврзаниците на евангелието во сите папски кантони, му забраниле на својот пастор да се изложува на оваа опасност. Во Цирих тој бил подготвен да се соочи со секој пратеник што Рим можел да го испрати, но да оди во Баден, каде крвта на мачениците за вистината штотуку била пролеана, би значело да се оди во сигурна смрт. Еколампадиј и Халер биле избрани да ја застапуваат реформацијата, додека фамозниот доктор Ек, поддржан од мнозинството учени доктори и прелати бил бранител на Рим.

Иако Цвингли лично не бил присутен на таа расправа, сепак се почувствувало неговото влијание. Записничарите биле избрани од самите паписти, а на останатите под закана на смртна казна им било забрането да земаат било какви прибелешки. И покрај тоа, Цвингли секој ден примал точни извештаи за сè што се зборувало во Баден. Еден студент кој присуствувал на расправата пишувал секоја вечер извештај за доказите изнесени во текот на денот. Други двајца студенти врз себе земале обврска тие записи заедно со секојдневните писма на Еколампадиј да ги однесат на Цвингли во Цирих. Реформаторот одговарал давајќи совети и упатства. Неговите писма биле пишувани ноќе, а студентите со нив се враќале следното утро во Баден. За да не предизвикаат никакво сомневање кај стражарите поставени на градските врати, овие гласници на своите глави носеле корпи со пилиња и така непречено поминувале.

На таков начин Цвингли водел борба со своите лукави противници. “Тој со своите размислувања што ги испратил во Баден,” вели Миконие, “повеќе придонесувал отколку кога лично би присуствувал меѓу своите непријатели.” - Д’Обиње, XI, 13 поглавје.

Восхитени и сигурни во претстојната победа, папистите заминале за Баден во своите најубави облеки и со најсјајни накити. Живееле раскошно, нивните маси секогаш биле полни со најскапи видови слатки и со најодбрани вина. Товарот на своите црковни должности го олеснувале со веселби и забави. Реформаторите во однос на нив претставувале вистинска спротивност, во очите на народот поради својата скромност биле само малку подобри од питачите, нивните скромни оброци ги задржувале многу кратко на масата. Домаќинот на Еколампадиј кој имал можност својот гостин да го следи во неговата соба, секогаш го затекнувал во учење и молитва, па со чудење нагласувал во својот извештај дека тој кривоверец во секој случај “многу е побожен.”

На конференцијата, “Ек горделиво се качил на сјајно накитената говорница, додека скромниот Еколампадиј, едноставно облечен, морал да го заземе местото наспроти својот горд противник на една грубо изработена столица.” - Исто II,13. Ек никогаш не го изневерил неговиот продорен глас и неограничената самодоверба. Неговата ревност уште повеќе била поттикната со сјајните изгледи на богатство злато и слава, зошто како бранител на верата очекувал да биде награден со богат хонорар. Кога му недостигале докази, прибегнувал кон навреди дури и клетви.

Еколампадиј, скромен и без многу доверба во самиот себе, избегнувал да се впушта во препирања, а кога најпосле проговорил, дал свечена изјава: “Не признавам ниту едно друго мерило освен Божјото Слово.” Иако во однесувањето бил благ и многу учтив, во судирот се покажал како способен, вешт и храбар борец. Додека папистите, по својата вообичаена пракса, постојано се повикувале на црковните обичаи како на врховен авторитет, реформаторот непоколебливо се држел за Светото писмо. “Обичаите во Швајцарија”, нагласувал тој, “имаат вредност само ако се во согласност со уставот, а во поглед на верата нашиот устав е Библијата.” - Исто II, 13 поглавје.

Разликата помеѓу двајцата соперници не останала без дејство. Мирен и јасен во своите докази, благ и скромен во своето излагање, реформаторот ги придобил за себе слушателите кои со одвратност ги отфрлиле фалбените и бучни Екови тврдења.

Расправата траела осумнаесет дена. На крајот папистите со голема сигурност полагале право на победа. Повеќето пратеници биле на страната на Рим и соборот ги прогласил реформаторите за победени и ги исклучил од црквата заедно со нивниот водач Цвингли. Меѓутоа, плодовите на заседанието покажале кој всушност бил во право. Оваа расправа на протестантизмот му дала уште поголем замав, и набрзо после тоа, за реформацијата се изјасниле најважните градови - Берн и Базел.