Големата борба помеѓу Христа и сатаната

08. Лутер пред државен собор

На престолот во Германија стапил нов цар, Карло V, а пратениците на Рим побрзале да му честитаат на владетелот и да го придобијат, својата власт да ја употреби во борба против реформацијата. Од друга страна, саксонскиот изборен кнез, на кого царот требало најмногу да му биде благодарен за својата круна, го замолил да не презема никакви мерки против Лутера пред да го сослуша. Така царот се нашол во многу тешка положба. Папистите не очекувале ништо помалку од царски едикт со кој Лутер би бил осуден на смрт. Изборниот кнез решително изјавил дека “ниту неговото царско величество, ниту кој било друг докажал дека списите на реформаторот се побиени”, поради тоа барал: “на доктор Мартин Лутер да му се предаде гарантно писмо како би можел лично да одговара пред судот, составен од учени, побожни и непристрасни судии.” - Д’Обиње, VI, 11 поглавје.

Вниманието на сите партии сега било насочено кон собранието на германските државници, свикано во Вормс, набрзо по стапувањето на Карло V на престолот. На тој национален собор требало да се претресат важни политички и други прашања од општ интерес. За првпат германските кнезови требало да се состанат со својот млад владетел на советодавното собрание. Од сите страни на државата дошле црковни и државни великодостојници. Световни господари од висок род, силни и љубоморни на своите наследни права, црковни поглавари свесни за својата надмоќност во врска со положбата и власта, дворски витези со својата вооружена придружба и пратеници од странски и далечни земји - сите се собрале во Вормс. Сепак, на ова огромно собрание најголем интерес предизвикал случајот на саксонскиот реформатор.

Карло претходно му заповедал на изборниот кнез да го поведе Лутера со себе на државниот собор, ветувајќи му заштита и можност слободно да расправа за спорните точки со компетентни и за тоа надлежни лица. Лутер со нетрпение очекувал да стапи пред царот. Во тоа време неговото здравје многу се влошило, но сепак му напишал на изборниот кнез: “Ако не можам здрав да дојдам во Вормс, сепак ќе бидам пренесен таму онаков каков што сум, па макар и болен. Зашто ако царот таму ме повикал не смеам да се сомневам дека ме повикал самиот Бог. Ако имаат намера да употребат сила, што е многу веројатно (зашто не ме викаат да се научат на нешто подобро), морам оваа работа да ја предадам на Бога. Сè уште живее и владее Оној кој ги сочувал тројцата млади луѓе во огнената печка. Ако и не ме спаси, мојот живот не значи многу. Да настојуваме само евангелието да не биде изложено на потсмев од безбожниците, да бидеме подготвени и својата крв да ја дадеме за него, за тие да не нè победат. Не е мое да решавам дали за спасението на другите ќе послужи мојот живот или мојата смрт... Од мене можете да очекувате сè... само не бегство или одрекување. Не можам да бегам, а уште помалку да одречам.” - Исто VII, гл. 1.

Кога во Вормс се прочула веста дека Лутер ќе дојде пред државниот собор, настанало општо возбудување. Алеандер, папскиот пратеник, на кого Лутеровиот случај му бил посебно доверен, се вознемирил и се разгневил. Согледал дека последиците ќе бидат кобни за папството. Да се води истрага за случајот за кој папата веќе изрекол пресуда, значело да се омаловажи авторитетот на врховниот свештеник - папата. Освен тоа, се плашел дека силните и речити докази на овој човек би можеле многу кнезови да одвратат од папството. Поради тоа кај Карло V најитно вложил приговор против Лутеровото доаѓање во Вормс. Отприлика во тоа време била објавена и булата за Лутеровото исклучување од црквата, овој настан и начинот на пратениковото прикажување на работите го натерале царот да попушти. Му напишал на изборниот кнез дека доколку Лутер не мисли да порекне, мора да остане во Витенберг.

Незадоволен со оваа победа, Алеандер со сите сили и лукавства кои му стоеле на располагање работел на тоа Лутер да биде осуден. Со упорност, која би била достојна за некоја подобра цел, го наметнувал своето барање врз вниманието на кнезовите, прелатите и другите членови на собранието обвинувајќи го реформаторот за “буна, дигање востание, безбожништво и богохулење.” Но жестокоста и страста што ја открил пратеникот јасно зборувале каков дух го покренува. “Тој се раководи со омраза и освета”, забележале сите присутни, “а не со ревност и побожност.” - Исто, VII, гл. 1. Повеќето присутни на соборот, повеќе од кога и да било порано, биле наклонети Лутеровото дело да го оценат поволно.

Алеандер со двојна жестокост навалувал на царот, истакнувајќи дека е должен да ги извршува папските едикти. Меѓутоа, според германските закони, тоа не можело да се направи без одобрување и согласност од кнезовите; и на крајот совладан од навалувањата на легатот, царот му дозволил својата работа да ја изнесе пред државниот собор. “Тоа за папскиот пратеник бил исклучителен ден. Собранието било големо, но настанот бил уште поголем. Алеандер требало да го застапува Рим... “мајката и господарката на сите цркви”. Требало врховната власт на Петар да ја одбрани пред собраните поглавари на христијанството. “Тој имал дар на речитост, кој бил во сообразност со големината на моментот. Провидението одредило Рим да се појави во лицето на својот најнадарен говорник, кој ќе го застапува пред најголемиот суд, пред да биде осуден.” - Вили, VI, гл. 4. Некои од оние кои биле наклонети кон реформаторот со страв гледале каков ќе биде резултатот на излагањето на Алеандер. Изборниот саксонски кнез не бил присутен, но по негов налог стигнале некои од неговите советници за да го прибележат говорот на пратеникот.

Алеандер ги употребил сите сили на својата ученост и речитост за да ја побие и оспори вистината. Вина по вина тој фрлал врз Лутера, како на непријател на црквата и државата, на живите и мртвите, свештениците и лаиците, на соборот и на одделни христијани. “Во Лутеровите списи има толку заблуди”, тврдел тој, “што поради нив би можело да се спалат стотина илјади еретици!”

Во заклучокот настојувал и приврзаниците на реформацијата да ги прикаже како оние што заслужуваат презир. “Кои се сите тие Лутерани? Толпа дрски и безобразни учители, расипани свештеници, развратни монаси, прости адвокати и пропаднати благородници, заедно со простиот народ што тие го завеле и изопачиле. Колку пак католичката партија е понадмоќна од нив по бројот, способноста и силата. Едногласната одлука на ова собрание ќе ги просветли простите, ќе ги предупреди неразумните, ќе ги зацврсти колебливите, а слабите ќе ги засили.” - Д’Обиње, VII, глава 3.

Со такво оружје биле нападнати бранителите на вистината во сите времиња. Исти докази сè уште се изнесуваат против сите оние кои се осмелуваат наспроти вкоренетите заблуди, да ги истакнуваат јасните учења на Божјото Слово. “Кои се тие проповедници на нови учења?” - извикуваат оние кои ја сакаат популарната религија. “Тие се необразовани, малубројни и од сиромашни слоеви, а сепак тврдат дека ја имаат вистината и дека се Божји избран народ. Тие се лаици и измамени. Колку нашата црква е над нив, во поглед на бројот и влијанието! Колкав е бројот на учените и големите луѓе во нашите редови! Колку сме ние посилни во секој поглед”! Тоа се аргументи кои секако имаат влијание врз светот, но тие и денес не се пологични отколку што биле во деновите на реформацијата.

Реформацијата не завршила со Лутер, како што многумина го мислат тоа. Таа мора да продолжи сè до крајот на историјата на овој свет. Големата задача што ја имал Лутер се состоела во тоа, да ја пренесе светлината и на другите со која Бог го осветлил. Сепак, тој не ја примил целата светлина што требала да му се пренесе на светот. Од она време па сè до денес, страниците на Светите списи постојано зрачеле нова светлина и секогаш се откривани нови вистини.

Излагањето на папскиот пратеник оставило длабок впечаток врз државниот собор. Тука не бил Лутер со јасните и убедливи вистини на Божјото Слово да го победи папскиот борец. Никој не се ни обидел да го брани реформаторот. Се забележувала општа наклоност не само да се осуди реформаторот и неговото учење, туку ако е можно и целосно да се искорени оваа ерес. Рим имал среќа својот предмет да го брани во најповолни прилики. Сè што можел да каже во своја корист, кажал. Но оваа привидна победа била само знак на пораз. Разликата помеѓу вистината и заблудата требала да биде сè појасна, зашто меѓу нив морало да дојде до отворена борба. Од тој ден, Рим никогаш веќе не стоел толку сигурно како дотогаш.

Додека повеќето членови на соборот биле подготвени да го предадат Лутера на осветата на Рим, многумина од нив ја увидувале расипаноста што владеела во црквата, и осудувајќи го сето тоа, сакале да ги отстранат злоупотребите кои германскиот народ морал да ги поднесува поради порочноста и лакомоста на поповската хиерархија. Легатот папската власт ја прикажал во најубави бои. Но Господ покренал еден член на државниот собор вистински да го прикаже влијанието на папската тиранија. Со благородна решителност, на тоа кнежевско собрание, станал саксонскиот кнез Георг и со поразна точност ги изнел измамите и гадотиите на папството и укажал на нивните ужасни последици. На крајот рекол: “Ова се само некои од злоупотребите кои сведочат против Рим. Тие го отфрлиле секое чувство на срам, а имаат само една цел: пари, пари, пари... така што токму проповедниците чијашто должност е да ја проповедаат вистината ја зборуваат само лагата, и таквите не само што се трпат туку уште и се наградуваат, зашто колку повеќе лажат толку повеќе е поголема нивната добивка. Од тој загаден извор течат толку нечисти води. Развратот и пружа рака на лакомоста и алчноста... Токму свештенството претставува причина за соблазни што толку кутри души ги турка во вечна пропаст. Мора да дојде до една сеопфатна реформа.” - Исто, VII, глава 4.

Подобар и посилен приказ на папските злоупотреби ни самиот Лутер не би можел да изнесе, а фактот дека говорникот бил решителен непријател на реформаторот, на неговите зборови им дал уште поголема важност.

Кога очите на присутните на ова собрание би биле отворени, тие во својата средина би ги виделе Божјите ангели како во темнината на заблудата внесуваат светлосни зраци и ги подготвуваат душите и срцата да ја примат вистината. Силата на божествената вистина и мудроста владееле дури и со умовите на противниците на реформацијата, и така бил подготвуван патот за големото дело кое требало да се изврши. Мартин Лутер не бил присутен, но во собранието се слушнал гласот на Оној кој бил поголем од Лутер.

Соборот веднаш избрал еден одбор кој требало да состави список за сите облици на папските угнетувања, кои толку тешко го притискале германскиот народ. Овој список содржел сто и една спецификација и бил поднесен до царот со молба веднаш да преземе мерки за отстранување на тие злоупотреби. “Толку многу души се изгубени”, истакнале подносителите на молбата, “се случуваат толку многу разбојништва и изнудувања, затоа што ги дозволува духовната глава на христијанството. Должност ни е да ја спречиме пропаста и обесчестувањето на нашиот народ. Поради тоа најпокорно ве молиме што е можно побрзо да дадете налог за сеопфатна реформа, тоа да го преземете и спроведете.” - Исто, VII, гл. 6.

Сега учесниците на соборот побарале реформаторот да излезе пред нив. И покрај молбите, приговорите и заканите на Алеандер, царот најпосле се согласил и Лутер е повикан да дојде пред државниот собор. Со повикот му е испратено и писмо со кое му е гарантирано сигурно враќање. Повикот во Витенберг му го однел еден гласник на кого му било наредено да го доведе во Вормс.

Пријателите на реформаторот се исплашиле и растажиле. Познавајќи ги предрасудите и непријателството што се покажувало кон него, се плашеле дека дури ни гарантното писмо нема да биде почитувано и го молеле да не го изложува својот живот на опасност. Тој им одговорил: “Папистите во Вормс сигурно не сакаат да ме видат, туку да ме осудат и убијат. Сеедно. Немојте да се молите за мене, туку за Божјото Слово... Христос ќе ми ја даде силата на Својот Дух да ги победам тие слуги на заблудата. Дури сум жив ќе ги презирам, а со својата смрт ќе ги победам. Тие мислат во Вормс да ме присилат на одрекување. Но моето одрекување ќе гласи: Порано папата го нарекував Христов намесник, а сега тврдам дека е противник на нашиот Господ, и апостол на ѓаволот”. - Исто, VII, 6 гл.

На овој опасен пат Лутер не тргнал сам. Освен царскиот гласник, било решено да го придружуваат и тројца негови сигурни пријатели. Меланхтон најусрдно сакал и тој да им се придружи. Тој со сето срце бил врзан за Лутер и копнеел да го придружува, ако е потребно, и во затвор и во смрт. Но неговите молби не биле задоволени. Во случај Лутер да загине, надежта на реформацијата морала да се концентрира на овој негов млад соработник. Простувајќи се со Меланхтон, реформаторот рекол: “Ако моите непријатели ме убијат и не се вратам, тогаш продолжи ти да проповедаш и биди цврст во вистината... Работи место мене. Ако ти останеш жив, мојата смрт нема да има толку големи последици.” - Исто, VII, гл. 7. Студентите и граѓаните што се собрале да го испратат Лутера биле длабоко потресени. Многумина чиишто срца биле трогнати од евангелието, му посакале среќен пат со солзи во очите. Така реформаторот и неговите сопатници тргнале кон Витенберг.

На патот забележале дека народот е потиштен поради лошите претчувства. Во некои градови не им биле укажувани никакви почести. Кога еднаш застанале да преноќат, еден пријателски расположен свештеник го изразил своето стравување за Лутера посочувајќи му го портретот на еден италијански реформатор кој бил осуден на маченичка смрт. Наредниот ден дознале дека во Вормс се осудени Лутеровите списи. Царските гласници го објавиле царскиот декрет и го повикувале народот да ги предаде забранетите книги на властите. Гласникот кој го известил за тоа, загрижен за неговата сигурност на соборот, и мислејќи дека тој можеби се поколебал во својата одлука, го запрашал ќе сака ли да го продолжи патувањето. Лутер одговорил: “Иако моето исклучување ќе биде разгласено во сите градови, сепак ќе го продолжам својот пат.” - Исто, VII, 7. гл.

Во Ерфурт Лутер бил дочекан со почести. Опкружен со воодушевениот народ, одел по улиците низ кои некогаш толку често поминувал со питачка торба. Ја посетил својата манастирска ќелија и се сетил на борбата низ којашто морал да помине, за светлината која сега ја осветлувала цела Германија да најде место во неговата душа. Го молеле да одржи една проповед. Тоа навистина му било забрането, но клисарот му дозволил, и монахот чијашто должност некогаш била во манастирот да ги извршува најниските работи, сега се качил на проповедалната.

Пред преполнетото собрание проповедал за Христовите зборови: “Мир вам!... Филозофи, доктори и писатели,” нагласил тој, “настојувале да ги поучат луѓето како може да се добие вечен живот, но тоа не им тргнало од рака. Јас сега ќе ви го кажам тоа... Бог воскреснал од мртвите еден човек, Господ Исус Христос, за Тој да ја уништи смртта, да го искорени гревот и да ги затвори вратите на пеколот. Тоа е дело на спасението... Христос победил! Тоа е радосна вест; и ние се спасуваме со Неговите заслуги, а не со некои наши дела... Нашиот Господ Исус Христос рекол: “Мир вам! Видете ги моите раце”, што значи: Гледај о човеку, Јас, само Јас сум Оној кој ослободува од гревовите и кој те откупил; и сега имај мир, вели Господ.”

Продолжил објаснувајќи дека вистинската вера се огледа во светото живеење. “Затоа, бидејќи Бог нас нè спасил, да настојуваме нашите дела да Му бидат по волја. Ако си богат, со своето богатство подмири ги потребите на сиромашните. Ако си сиромав, настојувај твојата служба да биде прифатлива и угодна на богатите. Ако твојата работа ти користи само на тебе, тогаш службата што мислиш дека ја правиш за Бога всушност е лага.” - Исто, VII, гл. 7.

Народот како замајан ги слушал неговите зборови. На гладните души им бил делен лебот на животот. Христос пред нив бил издигнат над папите, легатите, царевите и кралевите. Лутер со ништо не укажувал на опасноста која му се заканувала. Не сакал тој да стане предмет на нивното размислување или сочувствување. Зборувајќи за Христа, себеси сосема се изгубил од вид. Тој се сокрил зад Страдалникот од Голгота, настојувајќи само Исуса да го прикаже како Спасител на грешниците.

Продолжувајќи го така својот пат, реформаторот насекаде наидувал на големо интересирање. Насекаде љубопитното мноштво се собирало околу него, а пријателските гласови го предупредувале на намерите на римокатолиците. “Жив ќе ве спалат” зборувале некои, “вашето тело ќе го претворат во пепел, како што направиле со Јан Хус.” Лутер одговорил: “Дури и кога би запалиле оган, кој долж целиот пат помеѓу Витенберг и Вормс би се издигал до небото, јас сепак ќе појдам во името на Господа; ќе излезам пред нив; ќе влезам во устата на тој ѕвер и ќе му ги скршам забите, признавајќи го Господа Исуса Христа.” - Исто, VII, гл.7

Веста за неговото приближување кон Вормс предизвикала голема возбуда. Неговите пријатели се плашеле за неговата безбедност, а неговите непријатели се плашеле за успехот на својата работа. Многумина сериозно настојувале да го одвратат да не влезе во градот. Поттикнати од папистите, го советувале да се повлече во тврдината кај некој пријателски расположен витез каде, како што рекле, сите потешкотии можат да се решат на пријателски начин. Пријателите, опишувајќи ги опасностите кои му се закануваат, настојувале во него да разбудат страв. Но сите нивни напори останале залудни. Лутер, уште непоколеблив, им изјавил: “Кога во Вормс би имало толку ѓаволи колку што има ќерамиди на покривите, сепак би влегол во него.” - Исто, VII, гл.7.

При неговото влегување во Вормс, многу народ се упатил кон градската врата за да му посака добредојде. Таков поздрав не бил забележан ниту кога доаѓал самиот цар. Возбудувањето било многу длабоко, а среде масата еден продорен и тажен глас запеал една погребна песна за да го потсети Лутера на судбината што го чека. “Бог ќе биде моја одбрана,” рекол тој слегувајќи од колата.

Папистите не верувале дека Лутер навистина ќе се осмели да се појави во Вормс, и неговото доаѓање ги запрепастило сите нив. Царот веднаш ги повикал своите советници да размислат како да постапи. Еден од бискупите, строг папист, изјавил: “Ние долго расправавме за таа работа. Вашето царско величество треба веќе еднаш да се ослободи од тој човек. Нели Сигисмунд го испрати Јан Хус на клада! Ние не сме должни на еден еретик да му дадеме гарантно писмо ниту таквото писмо да го почитуваме.” “Не е така” одговорил царот, “мораме да го одржиме даденото ветување.” - Исто, VII, гл. 8. Поради тоа било решено реформаторот да се сослуша.

Целиот град сакал да го види тој необичен човек, и наскоро неговата соба била преполна со посетители. Лутер штотуку закрепнувал од својата неодамнешна болест; бил уморен од патот кој траел полни две седмици; морал да се подготви за големиот настан во утрешниот ден, и поради тоа му бил неопходен мир и одмор. Но желбата да го видат била толку голема така што се одморал само неколку часа, а тогаш околу него се собрале благородници, витези, свештеници и граѓани. Меѓу нив се наоѓале многу благородници кои од царот смело барале реформа во поглед на црковните злоупотреби, а кои, како што се изразил Лутер “преку моето евангелие станаа слободни да се решат на таков чекор” - Martyn, стр. 393. Дошле и пријатели и непријатели да го видат храбриот монах, а тој сите ги примил со непоколеблив мир, на сите одговарајќи им достоинствено и мудро. Се држел цврсто и храбро. Неговото бледо и истоштено лице со очигледни траги на напор и болест, имало љубезен дури и радосен израз. Свеченоста и длабоката сериозност на неговите зборови, му давале сила на која и неговите непријатели не можеле да и одолеат. И пријателите и непријателите биле восхитени. Едни биле уверени дека го прати божествено влијание, а останатите зборувале како и фарисеите во своето време за Христа: “Ѓаволот е во него.”

Следниот ден Лутер бил повикан да излезе пред државниот собор. На еден царски офицер му било заповедано да го доведе во салата за сослушување; па сепак одвај стигнал до одреденото место. Сите приоди биле заглавени со набљудувачи, желни да го видат монахот што се осмелил да се спротивстави на авторитетот на папата.

Токму кога требало да стапи пред своите судии, еден стар војсководач, јунак од многу битки, љубезно му рекол: Беден калуѓеру, ти кој си толку скромен сега одиш да направиш нешто што ниту јас, ниту многу други војсководачи не сме направиле дури ни во најкрвавите судири. “Ако твојата работа е праведна и ако си сигурен во тоа, оди во Божјото име и не плаши се. Бог нема да те остави.” - Д’Обиње, VII, 8 поглавје .

Најпосле Лутер стоел пред државниот собор. Царот седел на престолот. Бил опкружен со најугледните личности на царството. Никогаш ниеден човек не дошол пред повеличествено собрание од ова пред кое Мартин Лутер требало да одговара за својата вера. Дури и самото негово појавување пред соборот веќе претставувало симбол на значајна победа над папството. Тој човек веќе бил осуден од папата, а сега стоел пред судот кој со самата оваа постапка се издигнал над папата. Папата го прогласил за проклет и исклучен од секое човечко општество; а сега тој со почит и одбрани зборови бил повикан и примен од страна на највисокото собрание на светот. Папата го осудил на вечно молчење, а тој сега требало да зборува пред илјадници внимателни слушатели кои дошле од најоддалечените краеви на христијанскиот свет. На тој начин благодарение на Лутеровото посредување дошло до огромна пресвртница. Рим веќе почнал да слегува од својот престол, а тоа паѓање го предизвикал гласот на еден монах. - Исто, VII, 8 поглавје.

Пред тоа силно и меродавно собрание, реформаторот со скромно потекло како да бил застрашен и збунет. Некои кнезови, на кои не им избегало неговото возбудување, му се приближиле и еден од нив му дошепнал: “Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат.” Друг рекол: “И пред управители и цареви ќе ве водат поради Мене, и во оној час ќе ви се даде што да кажете.” Така големите луѓе од овој свет ги употребиле Христовите зборови да го охрабрат Неговиот слуга во часот на искушението.

Лутер бил доведен до едно место точно пред престолот на царот. Длабока тишина завладеала во преполнетата сала. Тогаш станал еден царски службеник и покажувајќи ја збирката на Лутеровите списи, го повикал реформаторот да одговори на две прашања: Дали тие списи ги признава како свои, и дали е подготвен да ги порекне мислите што ги истакнува во нив. Откако биле прочитани насловите на книгите, Лутер одговорил дека, што се однесува до првото прашање, признава дека книгите се негови. “Но кога станува збор за второто,” рекол тој “бидејќи тоа се однесува на верата и на спасението на душите, и се однесува на Божјото Слово кое е најголемото богатство на небото и на земјата, би било неразумно да одговорам без размислување. Би можел да тврдам помалку отколку што бараат околностите или повеќе отколку што тоа го бара вистината и така да направам грев против Христа кој рекол: “А кој се одрече од мене пред луѓето, ќе се одречам и јас од него пред Отецот кој е на небесата” (Матеј 10:33). Поради тоа најпонизно го молам царското величество да ми даде време за размислување, како би можел да одговорам, а тоа да не биде на штета на Божјото Слово.” - Д’Обиње, VII, 8 поглавје.

Поднесувајќи го ова барање, Лутер постапил мудро. Таквата постапка го уверило собранието дека тој не се раководи од страст ниту со моментални побуди. Таквиот мир и самосовладување, што не се очекувало од човек кој се покажал толку смел и непопустлив, ја зацврстиле Лутеровата сила и му овозможиле подоцна да одговори внимателно, решително, мудро и достоинствено, со што своите противници ги разочарал, и ја укорил нивната дрскост и гордост.

Следниот ден требало да се појави пред соборот и да го даде својот дефинитивен одговор. Набљудувајќи ги силите што се здружиле против вистината, за еден момент паднал во малодушност. Неговата вера се поколебала; го обзеле страв, трепет и ужас. Опасностите што му претстоеле сè повеќе се зголемувале; се чинело дека неговите непријатели веќе триумфирале и дека ќе преовладаат силите на темнината. Облаци се собрале околу него и се чинело дека ќе го одделат од Бога. Копнеел за сигурност на ветувањата дека Господ над војските ќе биде со него. Во душевен страв се фрлил со лицето на земја, и од неговото скршено срце потекле лелеци што само Бог можел да ги разбере.

“О семожен и вечен Боже,” се молел тој, “колку е страшен овој свет! Погледни како ја отвора својата челуст за да ме проголта, а јас толку малку имам доверба во Тебе... Ако морам да се потпрам само на моќта на овој свет, тогаш сè е завршено. Мојот последен час дошол, пресудата е изговорена... О, Боже, помогни ми против сета мудрост на овој свет. Направи го тоа... Ти сам... зашто тоа не е мое дело, туку Твое. Јас лично, овде немам што да правам, ниту со овие големи луѓе да се расправам. Но ова дело е Твое... а тоа е праведно и вечно. О, Господе, помогни ми! Верен и непроменлив Боже, јас не се потпирам ниту на еден човек... Сè што е човечко се покажало како несигурно; сè што доаѓа од човекот пропаѓа... Ти ме избра за ова дело... Ти биди со мене поради името на Твојот љубен Син Исус Христос, кој е моја одбрана, мој штит и моја сигурна тврдина.” - Исто, VII, 8 поглавје.

Во премудроста на Своето провидение Бог допуштил Лутер да сфати каква опасност му се заканува, за да не се потпре на сопствената сила и дрско да се урне во опасност. Меѓутоа, ужасот што го обземал не бил последица на стравот од страдања, маки или смрт која изгледала дека е неизбежна. Всушност дошло до вистинска криза, а тој се почуствувал недоволно силен за да се соочи со неа. Се заканувала опасност со својата слабост да нанесе загуби на делото и вистината. Тој се борел со Бога не поради својата лична сигурност, туку поради победата на евангелието. Го доживеал истиот душевен страв и истата внатрешна борба како и Јаков кога онаа ноќ сам се молел на Јавок и кога го добил името Израел. Како и Израел и тој и одолеал во борбата на душата со Бога. Во својата потполна беспомошност, се фатил со вера цврсто за Христа, Тој силен Ослободител. И тогаш бил поткрепен со сигурноста дека пред државниот собор нема да излезе сам. Се вратил мирот во неговата душа и тој бил радосен што му било дозволено да го издигне Божјото Слово пред владетелите на нацијата.

Со цврста вера во Бога, Лутер се подготвувал за борбата што го очекувала. Направил план за својот одговор, прегледал одделни места од своите списи, и пронашол од Светото писмо згодни докази во прилог на своите тврдења. Тогаш полагајќи ја левата рака на светата книга, која била отворена пред него, а десната подигајќи ја кон небото свечено се заколнал “дека ќе остане верен на евангелието и својата вера слободно ќе ја исповеда, па дури и ако би морал своето сведоштво да го запечати со сопствената крв.” - Исто, VII, 8 поглавје.

Кога повторно излегол пред соборот, неговото лице не носело траги на страв ниту на загриженост. Мирен и спокоен, а сепак возвишен во својата благородност и храброст, стоел пред великаните на оваа земја како Божји сведок. Царскиот службеник побарал повторно да ја слушне неговата одлука: дали е расположен да се одрече од своето учење. Лутер одговорил со пригушен и смирен глас, без жестокост и страст. Се однесувал воздржано и учтиво, но сепак покажал цврста верба и радост со што го изненадил целото собрание.

“Пресветли царе, славни кнезови, милостиви господа” нагласил Лутер, “доаѓам пред вас денес во согласност со вчерашниот налог, и поради Божјата милост го молам вашето царско величество и вашата кнежевска милост оваа одбрана, според мое убедување праведна и вистинита, милостиво да ја сослушате. Ако, од незнаење, не се однесувам според дворските обичаи и правила, ве молам да ми простите, зошто јас не сум воспитуван во царски двор, туку во самотија на манастири.” - Исто VII, 8 поглавје.

Поминувајќи потоа на самиот предмет, подвлекол дека неговите објавени дела не се сите од ист карактер. Во некои се расправа за верата и добрите дела па дури и неговите непријатели ги прогласиле не само за безопасни туку за корисни. Да се одрече од нив тоа би било исто што и да се осуди вистината која сите ја признаваат. Другите видови дела се состојат од списи кои ја откриваат расипаноста и злоупотребата на папството. Да се одрекне од тие дела, би значело да се зацврсти римската тиранија и ширум да се отвори вратата на многу и големи безбожништва. Во третиот вид на своите книги тој ги напаѓал поединците што го бранеле постоечкото зло. Во врска со овие свои списи, признал дека често бил поостар отколку што тоа прилега. Не тврди дека е без грешки, но и од тие книги не може да се одрекне, зашто таквата постапка непријателите на вистината би ги направила уште похрабри, и тие би ја искористиле можноста Божјиот народ да го угнетуваат со уште поголема свирепост.

“Но, јас сум само човек, а не Бог,” - продолжил тој, “и поради тоа ќе се бранам така како што тоа и Христос го правел: “Ако реков зло докажете дека е зло...” (Јован 18:23). Поради Божјата милост, ве преколнувам, пресветли царе, и вас, славни кнезови, а и сите останати, без оглед на положбата, со пророчките и апостолските списи да ми докажете дека сум во заблуда. Штом ќе ме убедите во тоа ќе се откажам од сите заблуди, прв ќе ги соберам своите книги и ќе ги фрлам во огнот.”

“Тоа што сега го кажав, се надевам јасно покажува дека внимателно сум ги измерил и разгледал опасностите на кои се изложувам. Далеку од тоа дека сум обесхрабрен, туку напротив се радувам што гледам дека поради евангелието и денес, токму како и во минатото, доаѓа до судири и раздори. Тоа е карактеристично, тоа е судбината на Божјото Слово. Исус Христос вели “Не дојдов да донесам мир, туку меч” (Матеј 10:34). Бог е чудесен и страшен во своите совети, внимавајте под изговорот на смирување на неслогите и раздорот да не го прогонувате светото Божјо Слово, за да не ја навлечете на себе страшната поплава на несовладливи опасности, несреќа на денот и вечна пропаст... Би можел да наведам многу примери од Светите списи. Би можел да зборувам за фараоните, за вавилонските и израелските цареви, кои за сопствената пропаст никогаш не придонеле повеќе отколку тогаш кога својата власт се обидувале да ја засилат со своите навидум најмудри предлози и совети. Бог е Оној кој преместува планини, а притоа никој да не забележи (Јов 9:5). - Исто VII, 8 поглавје.

Бидејќи тоа го кажал на германски, Лутер бил замолен истите тие зборови да ги повтори и на латински. Иако исцрпен од претходниот напор, ја прифатил молбата и го повторил своето излагање со иста јасност и енергија, Тоа било направено по Божјо провидение. Умот на мнозина кнезови бил толку заслепен со заблудата и празноверието што првиот пат не можеле да ја сфатат силата на Лутеровите докази, но при второто излагање јасно ги сфатиле изнесените точки.

Оние, кои своите очи упорно ги затворале пред светлината и решиле да не дозволат да бидат уверени со вистината, силата на Лутеровите зборови ги доведувала до бес. Кога Лутер престанал да зборува, говорникот на државниот собор налутено рекол: “Не одговоривте на поставеното прашање... Од вас се бара да дадете јасен и одреден одговор... Сакате ли или не сакате да порекнете?”

Реформаторот одговорил: “Бидејќи царското величество и милоста на кнезовите бараат јасен, едноставен и одреден одговор, јас ќе го дадам, а тоа е: Не можам својата вера да му ја потчинам ниту на папата ниту на соборот, зашто е јасно како ден дека тие често грешеле и противречеле едни на други. Значи ако не ме убедат со сведоштвото на Светото писмо, или со многу јасни причини, ако не ме убедат со цитатите кои ги наведов, и ако на тој начин не ја потчинат мојата совест на Божјото Слово, јас не можам и не сакам ништо да порекнам, зашто христијанинот се изложува на опасност, ако зборува против својата совест. Тука стојам, и не можам поинаку: Бог нека ми помогне. Амин!” - Исто, VII, 8 поглавје.

Така овој честит човек стоел на сигурниот темел на Божјото Слово. Небесна светлина го осветлувала неговото лице. Додека зборувал против силите на заблудата и бестрашно сведочел во прилог на возвишената вера која го победува светот, сите јасно ја виделе големината и чистотота на неговиот карактер, и мирот и радоста на неговото срце.

Целото собрание за еден момент занемело од изненадување. При својот прв одговор Лутер зборувал со придушен глас, настапувајќи со стравопочит, речиси покорно. Папистите тоа го протолкувале како доказ дека неговата храброст почнала да исчезнува. Неговата молба да му се дозволи да размисли ја сметале како предзнак за неговото одрекување. Самиот Карло, набљудувајќи го истоштеното и наведнатото тело на монахот, неговата едноставна облека и скромноста на неговиот настап, рекол: “Овој никогаш нема да ме стори кривоверец.” Меѓутоа, храброста и постојаноста која сега ја покажал, како и силата и јасноста на неговите докази предизвикала чудење и восхит кај сите присутни. Царот восхитен извикал: “Овој монах зборува бестрашно, и со непоколеблива храброст!” Многу германски кнезови со гордост и радост го набљудувале овој претставник на својата нација.

Приврзаниците на Рим биле поразени, нивното дело се појавило во многу неповолна светлина. Тие настојувале да ја сочуваат својата моќ, но не со повикување на Светото писмо, туку кон посегнување на закани, тие единствено сигурни аргументи на Рим. Говорникот на државниот собор кажал: “Ако не одрекнеш, царот и државниците ќе мораат да размислат каков став треба да заземат кон непоправливиот еретик.”

Лутеровите пријатели, кои со голема радост ја слушале неговата благородна одбрана, затрепериле кај овие зборови, но докторот мирно рекол: “Бог нека ми помогне, ништо не можам да порекнам. - Исто, VII, 8 поглавје.

Му било наредено да излезе додека кнезовите заседавале. Се чувствувало дека настапил решавачкиот момент. Лутеровото постојано одбивање да се потчини би можело да влијае врз историјата на црквата во текот на вековите. Поради тоа било решено да му се даде уште една можност за порекнување. И последен пат е повикан пред собранието. Повторно бил запрашан, ќе сака ли да се одрекне од своите учења. “Немам друг одговор,” рекол тој, “освен оној кој веќе го дадов”. Било очигледно дека ниту со ветувања ниту со закани не можат да го натераат да попушти на барањата на Рим.

Папистите биле крајно огорчени што еден обичен монах ја презира нивната власт пред која трепереле кралеви и благородници; сакале тој да го почувстува нивниот гнев и да го мачат до смрт. Но Лутер, сфаќајки ја опасноста, на сите им зборувал со христијанско достоинство. Неговите зборови биле ослободени од гордост, страст или извртување. Тој сосема од вид се изгубил себеси и големците што го опкружувале, чувствувајќи единствено дека се наоѓа во присуство на Оној кој бескрајно е повозвишен од папата, кардиналите, кралевите и царевите. Преку Лутеровото сведоштво зборувал самиот Христос, и тоа толку силно и возвишено што на моменти и пријателите и непријателите почувствувале стравопочитување и восхитување. Божјиот Дух, присутен на овој собор, дејствувал врз срцата на водечките луѓе во царството. Некои кнезови храбро ја признале праведноста на Лутеровото дело. Многумина се увериле во вистината, но кај нив впечатоците не биле трајни. Имало и такви кои во моментот не го покажувале своето осведочување, но кои подоцна проучувајќи ги сами Светите списи, станале бестрашни поборници на реформацијата.

Изборниот кнез Фридрих бил многу загрижен за Лутеровото доаѓање пред државниот собор и длабоко возбуден го слушал неговиот говор. Со гордост и радост ја набљудувал неговата храброст, решителност и воздржаност, и решил уште порешително да истапи во негова одбрана. Споредувајќи ги соперничките страни во овој спор, видел дека мудроста на папата, кралевите и великодостојниците се покажала ништожна пред силата на вистината. Папството доживеало пораз што ќе го паметат сите народи и сите времиња.

Кога легатот видел каков впечаток бил предизвикан од Лутеровиот говор, се исплашил како никогаш порано за сигурноста на римската власт и решил да ги употреби сите средства што ги имал на располагање само за да го уништи реформаторот. Со сета своја речитост и дипломатска вештина, со која исклучително се истакнувал, му прикажал на младиот цар колку би било лудо и опасно за делото на еден непознат монах да го жртвува пријателството и поддршката на силната папска столица.

Неговите зборови не останале без дејство. Само еден ден по одговорот на Лутер, Карло заповедал пред државниот собор да се изјави дека тој ќе ја продолжи политиката на своите предци, и дека ќе ја чува и штити католичката вера. А, бидејќи Лутер одбива да се одрекне од своите заблуди, против него и ересите што ги проповеда ќе се применат најстроги мерки.” Еден, со сопствената лудост заведен монах станал против верата на целиот христијански свет. Јас ќе ги жртвувам своите кралства, своите богатства, пријатели, своето тело, крв, душата и животот само да ја спречам таквата безбожност. Подготвен сум августинецот Лутер да го испратам дома и да оневозможам во народот да создава каков било неред; потоа, против него и неговите упорни приврзаници ќе станам со исклучување, проклетство и со сите средства пресметани за нивно уништување. Ги повикувам сите претставници на моите земји да се покажат како верни христијани.” - Исто, VII, 8 поглавје. Сепак, царот изјавил дека гарантното писмо што му било дадено на Лутер мора да се почитува и пред да се преземат мерки против него, мора да му се дозволи безбедно да се врати дома.

Меѓу членовите на соборот се појавиле две спротивни мислења. Пратениците и папските претставници повторно побарале гарантното писмо дадено на реформаторот да се поништи. “Рајна мора да ја прими неговата пепел - зборувале тие - како и Хусовата пред еден век.” - Исто, VII, 8 поглавје. Но германските кнезови, иако и самите наклонети кон папството и отворени непријатели на Лутер, се изјасниле против таквото газење на дадениот збор, што би ја извалкало честа на целата нација. Потсетувајќи се на страшните несреќи што следеле по Хусовата смрт, изјавиле дека не се осмелуваат врз Германија и својот млад цар да навлечат такви ужасни зла.

Самиот Карло во одговорот на подлиот предлог на папистите рекол: “Ако честа и верноста би биле протерани од целиот свет, би требало да најдат засолниште барем во срцата на кнезовите.” - Исто, VII, 8 поглавје. Но неумоливите и најогорчените непријатели на Лутер вршеле притисок врз царот да постапи со реформаторот како што Сигисмунд постапил со Хус - да го препушти на милост на црквата. Но сеќавајќи се како Хус на јавното собрание покажувајќи ги своите синџири го потсетил царот на погазениот даден збор, Карло V изјавил: “Не сакам да црвенеам како Сигисмунд!” - Ленфант, I, 422.

Меѓутоа, Карло свесно ја отфрлил вистината што Лутер ја застапувал. “Цврсто решив да го следам примерот на своите предци” пишувал царот... , Д’Обиње VII, 9 поглавје. Наумил да не свртува од патеката на обичаите, па дури ни кога е во прашање правдата и вистината. Сакал како и неговите татковци да го поддржи папството со сите негови свирепости и изопачености. Останал при оваа своја одлука, одбивајќи да прифати било каква светлина, освен онаа што ја имале неговите татковци, или да исполни било каква должност што тие не ја исполниле.

И денес има многу такви кои слепо се придржуваат до обичаите и преданијата на своите татковци. Кога Господ ќе им испрати дополнителна светлина, тие одбиваат да ја примат само затоа што нивните татковци ја немале, па ни прифатиле. Ние не сме ниту во времето ниту во околностите и животните прилики на нашите татковци, поради тоа ниту нашите должности и одговорности не се, и не можат да бидат исти. Бог нема да ни одобри доколку во настојувањето да утврдиме што ни е должност, наместо Словото на вистината да го истражуваме за себе, гледаме на примерот на нашите татковци. Нашата одговорност е поголема од одговорноста на нашите предци. Ние сме одговорни за светлината и знаењето што тие го примиле и нам ни го предале во наследство, но исто така и за новооткриената светлина, која сега допира до нас од Божјото Слово.

Христос рекол за неверните Евреи: “Да не дојдев и да не им зборував, немаше да имаат грев, но сега немаат изговор за својот грев” (Јован 15:22). Истата божествена сила преку Лутер им зборувала и на царот и на германските кнезови. И додека од Божјото Слово блескала светлина, Неговиот Дух последен пат се борел со повеќето на тој собор. Како што Пилат, пред многу векови, дозволил гордоста и честољубивата популарност да го затворат неговото срце за зборовите на Спасителот на светот, како што нерешителниот Феликс треперејќи го молел гласникот на вистината: “Сега оди си! И кога ќе најдам време, пак ќе те повикам” (Дела 24:25); како што горделивиот Агрипа признал: “Уште малку па ќе ме наговориш да бидам христијанин” (Дела 26:28), а сепак ја отфрлил пораката испратена од небото - исто така и Карло V, покорувајќи се на диктатот на светската горделивост и државна политика, решил да ја отфрли светлината на вистината.

Гласовите за плановите направени против Лутер брзо се ширеле и во градот предизвикале големо возбудување. Реформаторот стекнал многу пријатели кои, познавајќи ја вероломната свирепост на Рим кон сите кои би се осмелиле да ја разоткријат неговата изопаченост, решиле тој да не стане негова жртва. Стотина благородници свечено се заколнувале дека ќе го земат во заштита. Многумина царската порака јавно ја прогласиле како доказ за слабоста и немоќното потчинување на врховната власт на Рим. На вратите на куќите и на плоштадите се појавиле плакати, едни го осудувале, а други го поддржувале Лутера. На еден од тие плакати биле напишани значајните зборови на Мудрецот: “Тешко тебе земјо кога царот твој е дете!” (Проповедник 10:16). Воодушевувањето на народот за Лутера, и неговата популарност во цела Германија, го увериле царот и државниот собор дека секоја неправда направена врз Лутер ќе го загрози мирот на царството, а и сигурноста на самиот престол.

Фридрих Саксонски останал мудро воздржан, прикривајќи ги внимателно своите вистински чувства кон реформаторот, но истовремено го чувал и неуморно бдеел над него, следејќи го секој чекор, и негов и на неговите непријатели. Меѓутоа, имало и многу такви кои не се обидувале да ја скријат својата наклоност кон Лутера. Го посетувале кнезови, грофови, барони и други угледни личности од световниот и духовниот сталеж. “Докторовата мала соба” пишувал Спалатин, “не можела да ги прими сите кои доаѓале.” - Мартин, I, 404. Луѓето втренчено гледале во него како да е нешто повеќе од човек. Дури и оние кои не верувале во неговите учења можеле само да се восхитуваат на неговата возвишена честитост, која го навела побрзо животот да го изложи на опасност, отколку да работи против својата совест.

Вложувани се најсериозни напори за да се издејствува Лутеровата согласност за евентуален компромис со Рим. Благородниците и кнезовите го предупредиле доколку тврдоглаво остане на своето мислење наспроти црквата и соборот, набрзо ќе биде прогонет од државата и ќе биде оставен без заштита. На тоа апелирање Лутер одговорил: “Христовото евангелие не може да се проповеда без тешкотии. Зошто тогаш заканите и стравот од опасност да ме одвратат од Господ и Неговото Слово кое единствено е вистинито? Не, побрзо би го жртвувал своето тело, својата крв и својот живот.” - Д’Обиње, VII, 10 поглавје .

Повторно вршеле притисок да ја прифати пресудата на царот, па да нема повеќе од што да се плаши. “Се согласувам со добра волја” одговорил тој; “царот, кнезовите, па дури и во општествената положба некои најмали христијани да ги испитаат моите книги но под услов за мерило да го земат Божјото Слово. Луѓето треба само да послушаат што вели тоа. Немојте да вршите притисок на мојата совест која се потчинува само на Светото писмо.” - Исто, VII, 10 поглавје.

При вториот обид да го наговорат, тој одговорил: “Се согласувам да се одречам од гарантното писмо. Мојата личност и мојот живот ги предавам во рацете на царот, но од Божјото Слово никогаш!” - Исто VII, 10 поглавје. Изразил добра волја да се покори на одлуката на еден општ собор, но под услов од соборот да се побара да одлучува според Светото писмо. “Што се однесува до Божјото Слово и верата,” додал тој, “секој христијанин би можел да пресудува сам исто толку добро како и папата, па макар овој да има поддршка од милион собори.” - Исто, I, 410. Најпосле и пријателите и непријателите се увериле дека е излишен секој понатамошен обид за измирување.

Кога реформаторот би попуштил само во една единствена точка, сатаната и неговите соработници би ја однеле победата. Но неговата непоколебливост и постојаност претставувале средство за еманципација на црквата и почеток на нова и подобра ера во историјатата на христијанството. Влијанието на еден човек кој се осмелил за верските прашања да мисли и постапува самостојно, дејствувало на црквата и на светот не само во неговото време, туку и во сите идни поколенија. Неговата постојаност и верност ќе ги крепи сите до “свршетокот на векот” сите кои ќе мора да поминат низ слични искушенија. Божјата сила и големина биле издигнати над концилот и човечките одлуки, над моќта и власта на сатаната.

Наскоро после тоа на Лутер со царски авторитет му било наредено да се врати дома, и тој знаел дека после тоа набрзо ќе следи и негова осуда. Над неговата патека се надвиле заканувачки облаци, сепак кога го напуштал Вормс, срцето му било полно со радост и со благодарност. “Самиот ѓавол ја чуваше папската тврдина”- зборувал тој, “но Христос во неа направи голема пукнатина, и сатаната беше принуден да признае дека Господ е посилен од него.” - Д’Обиње VII, 11 поглавје.

По своето заминување, сè уште со желба неговата цврстина да не биде погрешно протолкувана како бунт, Лутер му напишал на царот: “Бог, кој ги испитува срцата, ми е сведок дека сум готов да се потчинам на вашето царско величество во честа или во срамот, во животот или во смртта, во сè освен кога е во прашање Божјото Слово, благодарение преку кое човекот живее. Во сите овоземни и деловни прашања, мојата преданост останува непоколеблива, без оглед на тоа дали добивам или губам, зашто тоа нема никакво влијание врз спасението. Но кога во прашање се вечните интереси, Божја волја не е човек да се потчинува на човекот. Зошто таквото потчинување во духовните работи во суштина претставува обожување, а тоа единствено му припаѓа на Бога.” - Исто I, 420.

На враќање од Вормс, Лутер е пречекуван со уште поголемо одушевување, отколку при заминувањето. Духовните великодостојници го поздравувале исклучениот монах, а граѓанските власти му укажувале почит на човекот кој од самиот цар бил прогласен за виновен. Инсистирале тој да одржи проповед, и покрај царската забрана, уште еднаш стапнал на проповедалната. Јас никогаш не сум се зарекнал дека Божјото Слово ќе го оковам во синџири, ниту пак тоа некогаш ќе го направам.” - Мартин I, 420.

Штотуку го напуштил Вормс, а папистите веќе го наговориле царот против него да издаде едикт. Во тој едикт Лутер бил прикажан како “самиот сотона во облик на човек, облечен во монашко одело.” - Д’Обиње VII, 11. Била издадена наредба, штом ќе помине важноста на неговото гарантно писмо, против него да се преземат сите мерки за да се спречи неговата работа. Секому му било забрането да му даде засолниште, храна или пијалак, да му помагаат и да го бодрат било со зборови или дела, јавно или тајно. Требало да се фати каде и да се наоѓа и да се предаде на властите, неговите приврзаници да се уапсат, а нивниот имот да се заплени, неговите списи да се уништат, и најпосле, сите оние кои ќе се осмелат да постапат спротивно на овој декрет да се казнат на ист начин. Саксонскиот изборен кнез и кнезовите кои биле наклонети кон Лутера го напуштиле Вормс набрзо после неговото заминување, а државниот собор го одобрил декретот на царот. Папистите победоносно триумфирале сметајќи дека судбината на реформаторот е запечатена.

Во тој час на опасност, Бог за Својот слуга предвидел пат за спасение. Едно будно око го следело Лутеровото движење и, едно верно и благородно срце донело решение да го спаси. Било очигледно дека Рим нема да се задоволи с# дотогаш додека не ја издејствува неговата смрт. Од челустата на лавот можел да биде сочуван само со криење. Самиот Бог на Фридрих саксонски му дал мудрост да направи план за избавување на реформаторот. Со помош на верните пријатели била спроведена намерата на изборниот кнез и Лутер навистина бил сокриен и од пријателите и од непријателите. Враќајќи се дома, тој ненадејно бил фатен, одвоен од својата придружба и преку шумата итно одведен во замокот Вартбург, осамена планинска тврдина, подигната на врвот на еден рид. Неговото одведување и криење било толку таинствено, што дури ни Фридрих долго време не знаел каде бил одведен Лутер. Ова непознавање на фактите не било случајно, зашто сè додека изборниот кнез не знаел ништо за Лутеровото засолниште не можел ништо и да открие. Тој знаел само толку дека реформаторот е на сигурно, и со тоа сознание бил задоволен.

Поминале пролетта, летото и есента; дошла и зимата, а Лутер сè уште бил заточеник во Вартбург. Алеандер, папскиот пратеник на државниот собор, и неговите луѓе триумфирале, затоа што се чинело дека светлината на евангелието сè повеќе се гаси. Но, наместо тоа, реформаторот својата светилка ја полнел од резервоарот на вистината, за нејзиното светло да заблеска со уште поголем сјај.

Во пријателската безбедност на Вартбург, Лутер извесно време се радувал ослободен од жестоката битка и борбената врева. Меѓутоа, тишината и одморот не можеле да му дадат трајно задоволство. Навикнат на активен живот и тешки борби, не ја поднесувал лесно безработицата. Во тие денови на осаменост, пред очите постојано му била состојбата на црквата и тој очаен зборувал: “Оф! Зар во овие последни денови на Божјиот гнев, нема никој кој би застанал пред Него како ѕид и би се заложил за спасението на Израелот!” - Исто IX, 2 поглавје. Размислувал за себе и се плашел дека поради повлекувањето од борбата ќе биде обвинет за страшливост. Си префрлувал себеси за немарност и угодување на самиот себеси. А сепак секој ден правел повеќе отколку што би можело да се очекува од еден човек. Неговото перо никогаш безработно не мирувало. Неговите непријатели си ласкале себеси дека тој е замолкнат, и поради тоа биле запрепастени и збунети со очевидните докази за неговата постојана активност. Цела низа списи што излегувале од неговото перо кружеле по цела Германија. Освен тоа, на своите сонародници им направил многу голема услуга преведувајќи го Новиот завет на германски јазик. Од својот карпест Патмос, речиси една година тој продолжувал да го објавува евангелието и да ги осудува гревовите и заблудите на своето време.

Бог Својот слуга го отстранил од јавниот живот не само за да го заштити од гневот на неговите непријатели и да му овозможи еден мирен период за овие значајни работи. Требало да постигне нешто многу поскапоцено. Во осаменоста и скриеноста на своето планинско засолниште, Лутер бил оддалечен од секоја земна потпора и човечка пофалба. На тој начин бил сочуван од гордоста и самодовербата, тие толку чести придружници на успехот во човечкиот живот. Преку страдања и понижувања повторно се подготвувал со сигурност да зачекори на вртоглавите висини на кои одненадеж бил подигнат.

Кога луѓето се радуваат на слободата која им ја донесува вистината, тие се наклонети да ги воздигнуваат оние кои Бог ги употребил како орудија за да ги скрши синџирите на заблудата и празноверието. Сатаната настојува човечките мисли и наклонетоста да ги одврати од Бога, и да ги насочи на човечките сили; тој ги наведува да ги почитуваат само орудијата и да ја занемарат Раката која управува со сите настани на провидението. Многу често верските водачи на таков начин фалени и славени, ја губат од вид својата зависност од Бога и стануваат премногу самоуверени. Тргнувајќи од тоа, тие настојуваат да завладеат со умот и совеста на луѓето кои се наклонети да гледаат на нив, наместо на Божјото Слово. Делото на реформата често било спречувано поради таквиот дух на неговите приврзаници. Бог сакал делото на реформацијата да го сочува од оваа опасност. Тој сакал тоа дело да не носи човечки, туку божествен печат. Човечките очи го посматрале Лутера како толкувач на вистината, затоа тој бил отстранет за погледот на сите повторно да биде насочен кон вечниот Автор на вистината.