Големата борба помеѓу Христа и сатаната

07. Лутеровото одвојување од Рим

Најистакнатиот меѓу оние што биле повикани да ја изведат црквата од темнината на папството, во светлината на почистата вера бил Мартин Лутер. Ревен, огнен и побожен, незнаејќи за никаков друг страв освен страв пред Бога, и признавајќи го како темел во делото на верата единствено Светото писмо. Лутер бил човек од своето време, преку него Бог извршил големо дело за реформацијата на црквата и просветлувањето на светот.

Како и првите весници на евангелието, Лутер потекнувал од сиромашниот сталеж. Својата најрана младост ја поминал во скромниот дом на еден германски селанец. Со секојдневна напорна работа како рудар, неговиот татко ги заработувал средствата за неговото образование. Тој сакал неговиот син да биде правник, но Бог решил да го направи градител во големиот храм кој, во текот на вековите, полека се подигнувал.

Тешкотии, откажувања и строга дисциплина биле школа во која Бесконечната Мудрост го подготвувала Лутера за значајната мисија на неговиот живот.

Лутеровиот татко бил човек со силен и активен дух и со многу силен карактер, чесен, решителен и искрен. Бил верен на своите убедувања, на должностите, не обрнувајќи се на последиците. Раководејќи се правилно со своите чувства, на монаштвото гледал со недоверба. Затоа многу негодувал кога Лутер без негово одобрување стапил во еден манастир. Требало да поминат две полни години таткото да се помири со синот, но и понатаму неговите погледи останале исти.

Лутеровите родители посветувале големо внимание на воспитувањето на своите деца. Настојувале да ги поучат во познавањето на Бога и во извршувањето на христијанските должности. Синот често слушал како татко му се моли за него да се сеќава на името Господово, и еден ден да помогне за унапредување на вистината. Секоја предност за морален и интелектуален развој, што им го овозможувал нивниот макотрпен живот, неговите родители настојувале мудро да ја искористат. Сериозно и неуморно се труделе своите деца да ги подготват за побожен и корисен живот. Решитeлни и со цврст карактер, понекогаш покажувале поголема строгост, меѓутоа, самиот реформатор, иако бил свесен дека тие во тој поглед грешат, повеќе ја одобрувал отколку што ја осудувал нивната дисциплина.

Во училиштето, што почнал да го посетува мошне рано, со Лутер се постапувало остро, па дури и сурово. Сиромаштијата на неговите родители била толку голема, што оставајќи го родителскиот дом за да посетува училиште во друго место, извесно време бил принуден да се прехранува пеејќи од врата до врата, а често морал и да гладува. Мрачните и празноверни сфаќања за верата што тогаш преoвладувале, го исполнувале со страв. Навечер поаѓал на спиење со тажно срце, гледајќи со страв во мрачната иднина, во постојаниот страв од Бога кого го замислувал како строг и неумолив судија, како свиреп тиранин, а не како небесен Татко полн со милост и љубов.

Но и покрај толку многу големи обесхрабрувања, Лутер се стремел кон возвишените морални и интелектуални доблести кои ја привлекувале неговата душа. Бил жеден за знаење, а неговиот сериозен и практичен дух го поттикнувал повеќе да го сака она што е трајно и корисно, отколку она што за окото е сјајно, а површно.

Кога во својата осумнаесетта година стапил на универзитетот во Ерфурт, неговата положба и изгледите за иднината биле многу поповолни од оние во младите години. Бидејќи неговите родители со работа и со штедливост си го осигурале потребниот приход, сега можеле и нему да му ја дадат неопходната помош. А влијанието на разумните пријатели донекаде го ублажило мрачниот впечатокот на неговото поранешно воспитување. Оддавајќи се на грижливо проучување на најдобрите писатели, го збогатил својот дух со нивните најважни мисли, а знаењето на мудреците го преточил во своја “сопственост”. Дури и под строгите стеги на своите поранешни учители, покажувал надеж дека еднаш ќе се истакне, а сега во услови на поволни влијанија неговиот ум брзо се развивал. Доброто помнење, живата мечта, големата способност за размислување и неуморната трудољубивост во учењето, сето тоа наскоро му го осигурало првото место во редовите на неговите другари. Интелектуалната дисциплина му помогнала да созрее, и ја поттикнала духовната активност и остроумност, што го подготвила за подоцнежната борба во неговиот живот.

Стравот Господов што се наоѓал во Лутеровото срце, го оспособил да ја сочува цврстината на намерата и го водел во длабока понизност пред Бога. Секогаш се чувствувал зависен од Божјата помош, не пропуштал денот да го започне со молитва, додека срцето постојано му воздивнувало барајќи ја Неговата помош и водство. “Да се молиш добро”, често зборувал, “вреди повеќе од половината од она што е научено.” - Д’Обиње, II, 2 поглавје.

Кога Лутер еден ден ги прегледувал книгите во универзитетската библиотека, открил една Библија на латински. Таква книга порано никогаш не видел. Дури не ни знаел дека таа постои. Пред тоа, на јавните богослуженија слушал од читањето на одделни делови од евангелието и посланијата и претпоставувал дека тоа е целата содржина на Светите списи. Сега првпат ја видел Библијата во целина. Со стравопочитување и чудење ги прелистувал нејзините свети страници, срцето му затреперило а пулсот работел побрзо додека ги читал зборовите на животот, застанувајќи за момент за да извика: “О, кога Бог мене би ми дал една ваква книга!” - Исто, II, 2 поглавје. Ангелите кои биле испратени од небото биле покрај него, а зраците на виделината од Божјиот престол на неговиот разум ги откривале богатствата на вистината. Секогаш се плашел дека ќе го навреди Бога, а сега како никогаш порано го совладало длабоко убедување за сопствената грешност.

Сериозниот стремеж да се ослободи од гревот и да најде мир во Бога, конечно го натерал да стапи во манастир и да се посвети на монашкиот живот. Овде од него барале да ги извршува најниските и најтешките работи и да проси од куќа до куќа. Бил во години кога човек најмногу чувствува потреба да биде почитуван и ценет и овие понижувачки работи длабоко ги повредувале неговите вродени чувства, меѓутоа, трпеливо ги поднесувал понижувањата верувајќи дека тоа е неопходно поради неговите гревови.

Секој момент кој можел да го оддели од своите секојдневни должности го користел за учење, често жртвувајќи ги часовите за спиење, па дури и времето предвидено за неговите скромни оброци. Најрадосен бил кога го проучувал Божјото Слово. Нашол една Библија која со синџир била врзана за манастирскиот ѕид и често тука доаѓал. Доколку неговото осведочување за гревот било подлабоко, дотолку повеќе настојувал со сопствените дела да добие простување и мир. Водел многу строг живот, настојувајќи лошата наклонетост на својата природа, од која не можел да го ослободи неговиот монашки живот, да ја искорени со пост, камшикување и неспиење. Не отстапувал пред ниедна жртва само за да ја постигне чистотата на срцето, која би го оспособила да му угоди на Бога. “Јас навистина бев побожен калуѓер”- рекол подоцна - “и точно ги исполнував сите правила на својот ред, повеќе отколку што може и да се замисли. Ако некогаш еден монах би можел да дојде во небото благодарејќи на своите монашки дела, тогаш сигурно јас би имал право на тоа... Да продолжев така мачењето на телото би ме одвело во смрт.” - Исто, II, 3 поглавје. Поради таквото маченичко казнување на телото ја изгубил силата и страдал од грчеви и несвестици, од кои никогаш повеќе сосема не закрепнал. Но, и покрај сите негови напори, неговата измачена душа не наоѓала олеснување. Конечно паднал во очај.

Кога Лутер мислел дека сè е загубено, Бог му дал еден пријател и помошник. Побожниот Штаупиц го отворил Божјото Слово на Лутеровиот ум и му препорачал да го одврати вниманието од самиот себе, да престане да размислува за бескрајното мачење, со кое наводно, Бог ќе ги казни престапниците на својот закон, и наместо тоа да гледа на Исуса, својот Спасител, кој ги простува гревовите. “Наместо да се измачуваш себеси поради своите гревови, фрли се во прегратките на Спасителот. Надевај се на Него во праведноста на Неговиот живот, во помирувањето благодарение на Неговата смрт... Слушај го Божјиот Син. Тој станал човек за да ти осигура божествена милост и на тебе. Љуби Го зaшто Тој најпрвин тебе те љубел.” - Исто, II, 4 поглавје. Така зборувал овој гласник на милоста. Неговите зборови врз Лутера оставиле длабок впечаток. По долгата борба против многу вкоренетите заблуди, сега бил во состојба да ја сфати вистината и најпосле во неговата вознемирена душа завладеал мир.

Лутер бил посветен за свештеник и повикан од манастирот да предава како професор на универзитетот во Витенберг. Тука се посветил на проучување на Светите списи на Библијата на изворните јазици. Почнал да држи предавања за Библијата, на многумина воодушевени слушатели им ги толкувал Псалмите, Евангелијата и Посланијата. Штаупиц, неговиот пријател и старешина, го поттикнувал да застане на проповедалната и да го проповеда Божјото Слово. Лутер се колебал сметајќи се себеси за недостоен во Христово име да му зборува на народот. Дури по долгата борба со самиот себеси попуштил на молбите на својот пријател. Веќе доволно бил запознаен со Светото писмо и Божјата милост се гледала на него. Неговата речитост ги освојувала душите на слушателите. Јасноста и силата со која ја прикажувал вистината го осведочувала нивниот разум, а неговата длабока побожност навистина можела да го трогне срцето.

Лутер сè уште бил верен син на папската црква, и не мислел дека некогаш ќе биде нешто друго. По Божјо провидение, решил да го посети Рим. Патувал пеш, а ноќевал обично по манастирите. Во еден манастир во Италија се зачудил на богатството, сјајот и раскошот на кои наишол тука. Уживајќи дворски приходи, монасите живееле во сјајни одаи, се облекувале во најскапи и најбогати облеки, и се хранеле од раскошни трпези. Со болна загриженост Лутер ја споредувал оваа глетка со својот живот полн со самооткажување, напори и тешкотии. Тоа многу го збунило.

Најпосле оддалеку го здогледал градот на седумте брега. Длабоко возбуден, се фрлил на земјата извикнувајќи: “Свети Риме, јас те поздравувам!” - Исто, II, 6 поглавје. Влегол во градот, ги посетувал црквите, слушал чудесни приказни што ги повторувале свештениците и монасите, и ги извршувал сите пропишани церемонии. Насекаде наидувал на глетки што го исполнувале со чудење и ужас. Видел дека беззаконието ги зафатило сите редови на свештенството. Слушал непристојни шеги од високите великодостојници, а нивното страшно безбожништво и сквернавење што го покажувале дури и за време на мисата, го исполнувало со ужас. Каде и да бил меѓу монасите или граѓаните, насекаде наидувал на расипаност и на разврат. Каде и да се свртел, наместо светост забележувал сквернавење. “Не може ниту да се замисли” - пишувал тој - “какви сè гревови и срамни дела се прават во Рим, тоа мора да се види и чуе за да може да се верува.” Поради тоа настанала и поговорката: “Ако воопшто постои пекол, тогаш Рим мора на него да е изграден: тоа е бездна од каде доаѓаат сите гревови!” - Исто, II, 6 поглавје.

Еден нов декрет на папата ветувал простување на гревовите на сите оние што на колена ќе се искачат по таканаречените “Пилатови скали” по кои, како што се зборувало, нашиот Спасител слегувал кога ја напуштил Римската судница, и кои, наводно, со некое чудо од Ерусалим биле пренесени во Рим. Еден ден Лутер побожно се качувал по тие скали, кога одеднаш се слушнал еден глас сличен на грмеж: “Праведникот ќе живее од верата” (Римјаните 1:17). Засрамен и уплашен, скокнал на нозете и побегнал од тоа место. Овој цитат од Библијата никогаш повеќе не престанал да дејствува на неговата душа. Оттогаш појасно од кога било порано сфатил колкава е заблудата да се верува дека спасението може да се заслужи со човечки напори, и ја увидел потребата од постојаната вера во Христовите заслуги. Неговите очи се отвориле, и никогаш повеќе не се затвориле пред измамите на папството. Свртувајќи го своето лице од Рим, го свртел од него и своето срце, и оттогаш неговото одделување од Рим станувало сè поизразено сè додека конечно не ја прекинал секоја врска со папската црква.

По враќањето од Рим, Лутер од универзитетот во Витенберг добил диплома за доктор по теологија. Сега му било овозможено како никогаш порано да се посвети на проучување на Светото писмо што толку многу го сакал. Свечено се заветувал дека секој ден во својот живот внимателно ќе го проучува и совесно проповеда само Божјото Слово, а никако измислиците и учењето на папистите. Сега тој не бил само монах или професор, туку ополномоштен весник на Библијата. Бил повикан како пастир да го храни Божјото стадо кое било гладно и жедно за вистината. Решително изјавил дека христијаните не треба да примаат никаква друга наука, освен онаа која се темели на авторитетот на Светите списи на Библијата. Овие зборови го погодувале самиот темел на папската врховна власт и претставувале важен принцип на реформацијата.

Лутер видел колку е опасно да се издигнуваат човечките теории над Божјото Слово. Храбро станувал против шпекулативното неверство на учените и се спротиставувал на филозофијата и теологијата кои толку долго имале доминантно влијание над народот. Таквите студии ги прогласил не само за безвредни туку и за штетни, настојувајќи мислите на своите слушатели да ги одврати од лажните мудрувања на филозофите и теолозите, и да ги насочи кон вечните вистини кои ги изнесуваат пророците и апостолите.

Скапоцена била пораката која тој ја донесувал на жедното мноштво кое просто го голтало секој негов збор. Таква наука никогаш порано не допрела до нивните уши. Радосната вест за љубовта на Спасителот и сигурноста на простувањето и мирот преку Неговата пролеана крв го израдувала секое срце и ги вдахнала со бесмртна надеж. Во Витенберг била запалена светлина чиишто зраци допреле до најоддалечените делови на земјата и чијшто сјај ќе станува сè поблескав до крајот на светот.

Но светлината и темнината не можат да се согласат. Помеѓу вистината и заблудата постои нескротлив судир. Да се чува и брани едното, значи да се напаѓа и соборува другото. Самиот наш Спасител рекол: “Не сум дошол да донесам мир, туку меч” (Матеј 10:34). Неколку години по почетокот на реформацијата Лутер изјавил: “Бог не само што ме води, туку едноставно ме турка напред. Тој ме освои, јас не сум свој господар. Со задоволство би живеел во мир, но фрлен сум среде бури и револуции.” - Д’Обиње, V, 2 поглавје. Тој сега морал да се впушти во борба.

Католичката црква вршела трговија со Божјата милост. Масите на менувачите (Матеј 21,12) биле поставени крај нејзините олтари, а низ воздухот се огласувале викотниците на продавачите и купувачите. Под изговор дека се собираат прилози за подигање на црквата на Свети Петар во Рим со дозвола на папата, јавно се нудени за продавање прошталници за гревовите. На сметка на злосторствата се градел храм за служба на Бога, а неговиот аголен камен требало да биде поставен на беззаконието! Меѓутоа, токму средствата предвидени за издигањето на Рим предизвикале смртен удар на неговата моќ и големина. Токму тоа ги подигнало најодлучните и најрешителните противници на папството, и ја предизвикало битката која го потресла папскиот престол и ја разнишала трикратната круна на главата на врховниот свештеник.

Служителот што бил одреден во Германија да ја води продажбата на прошталниците - по име Тецел - бил обвинет за најниски злосторства против општеството и Божјиот закон, но сепак избегнувајќи ја потполно заслуженета казна за своите злосторства, бил искористен да ги остварува користољубивите и бескрупулозно смислените планови на папата. Со голема дрскост ги повторувал очигледните лаги и раскажувал чудесни приказни заведувајќи ги на тој начин неупатените, лековерните и суеверните маси. Кога луѓето би го имале Божјото Слово, не би можеле толку лесно да бидат измамени. Но Библијата им била забранета и папството ги држело под своја контрола, само да би се зголемувала моќта и богатството на честољубивите поглавари на црквата. - (Да се види John C.L. Gieseler, Преглед на црковната историја, 4, I,5).

Кога Тецел доаѓал во некој град, пред него одел предвесник и најавувал: “Божјата милост и милоста на светиот отец (папата) е пред вашата врата” - Д’Обиње, III, 1 поглавје. И народот го поздравувал богохулниот измамник, како самиот Бог да слегол од небото кај нив. Најнечесната трговија била воведена во црквата, и Тецел од проповедалната ги истакнувал прошталниците како најскапоцен Божји дар. Тврдел дури дека врз основа на неговите потврди за купеното простување, сите гревови што купувачот сака да ги направи исто така ќе му бидат простени и поради тоа “дури и покајанието не е неопходно”- Исто, III, 1 поглавје. Дури и повеќе од тоа, ги уверувал своите слушатели дека прошталниците имаат моќ да ги спасат не само живите туку и мртвите, и дека во оној момент кога на дното на неговото ковчеже ќе заѕвонат парите, душата во чија корист биле дадени парите ќе излезе од чистилиштето и ќе отиде на небото. (Да се види K. R. Hagenbach; Историја на реформацијата, I, 96).

Кога Симон гаталецот им понудил пари на апостолите за да купи власт и да прави чуда, Петар му одговорил: “Среброто твое нека загине заедно со тебе, зашто помисли дека дарот Божји се добива за пари.” (Дела 8,20). Меѓутоа, Тецеловата понуда илјадници од нив жедно ја прифатиле. Во неговата ризница се слевало злато и сребро. Спасението што се нудело за пари било прифаќано полесно отколку она што било условено со покајание, вера и постојани напори за човекот да му се спротивстави на гревот и да го совлада. (Види додаток).

Науката за прошталниците наишла на отпор кај побожните и учените луѓе во Римокатоличката црква, и имало многу од оние кои не можеле да поверуваат во таквите тврдења толку спротивни на разумот и откровението. Ниеден од великодостојниците на црквата не се осмелувал јавно да стане против таа одвратна трговија, но луѓето во душите станале вознемирени и загрижени и многумина во страв се прашувале: дали Бог преку некое орудие нема да изведе чистење на црквата.

Лутер, иако сè уште строг католик, се згрозувал од богохулната дрскост на трговците со прошталници. Мнозина од верниците кои припаѓале под негов надзор, купувајќи потврди за проштевање, наскоро почнале да доаѓаат кај него како кај свој пастор исповедајќи ги своите разни гревови, и очекувајќи разрешување, не затоа што се покајале и што сакаат да го поправат својот живот, туку врз основа на купените потврди за проштавање. Лутер одбил да ги прогласи за невини, предупредувајќи ги дека ќе пропаднат во своите гревови ако не се покаат и не го променат својот живот. Збунети и мошне возбудени го побарале Тецел жалејќи му се дека нивниот исповедник не ги признава неговите потврди, некои дури се осмелиле да побараат враќање на своите пари. Фратарот бил исполнет со бес. Изговарајќи најстрашни проклетства, наредил на главниот плоштад да се запали оган и изјавил дека од папата има заповед “да го спали секој еретик што ќе се осмели да стане против неговите најсвети прошталници.” - Д’Обиње, III, 3 поглавје.

Тогаш Лутер храбро го започнал своето дело како борец за вистината. Неговиот глас одекнувал од проповедалната како сериозно и свечено предупредување. На народот му укажувал на одвратниот карактер на гревот и учел дека за човекот е невозможно со сопствени дела да ја намали вината или да ја избегне казната. Само покајание пред Бога и вера во Христа можат да го спасат грешникот. Божјата милост не може да се купи, таа е бесплатен дар од Бога. Го советувал народот да не купува прошталници туку со вера да гледа во распнатиот Откупител. Им го раскажувал своето болно искуство, како залудно настојувал спасението да го осигура со понижувачко и покајничко мачење на телото и ги уверувал своите слушатели дека мир и радост нашол дури тогаш кога го одвратил погледот од самиот себе и поверувал во Христа.

Бидејќи Тецел продолжил со трговијата и со своите безбожни тврдења, Лутер се решил на уште посилен протест против овие очигледни злоупотреби. Наскоро за тоа му се дала и можност. Дворската црква во Витенберг имала многу реликвии кои во одредени денови на некои празници биле прикажувани на народот, и сите во тоа време што би ја посетиле црквата и би се исповедале, добивале потполно простување на гревовите. Поради тоа, народот во тие денови во голем број доаѓал во црквата. Се приближувал еден од најважните празници, празникот “Сите Свети”. Непосредно пред тој ден Лутер, приклучувајќи се кон мноштвото што се упатило во црквата, заковал на црковната врата листа од деведесет и пет точки против учењето и прошталниците, изјавувајќи дека е подготвен следниот ден на универзитетот да ги брани овие тези, пред сите оние што мислат дека е потребно да им се спротивстават.

Неговите тези го привлекле сеопштото внимание. Биле читани многупати, и повторувани на сите страни. На универзитетот и во целиот град настанало големо возбудување. Истакнатите тези покажале дека власта за простување на гревовите и ослободување од казната никогаш не му била доверена на папата, ниту на било кој друг човек. Целиот план за продавање на прошталници бил само фарса, вештина, со која благодарејќи на народното празноверие се измамувале пари од него, лукавство на сатаната, пресметано да ги уништи душите на сите оние што ќе поверуваат во неговите лажни претензии. Реформаторот јасно го прикажал и фактот дека Христовото евангелие е најскапоценото богатство на црквата и дека Божјата милост што е откриена во него, бесплатно им се дава на сите оние што ја бараат со покајание и вера.

Лутеровите тези предизвикувале на расправија, но никој не се осмелувал да го прифати тој предизвик. Прашањата што ги поставил се рашириле за неколку дена по цела Германија, а за неколку седмици одекнувале низ целото христијанство. Многу побожни римокатолици, што го забележувале сè пораспространетото беззаконие во црквата го осудувале сето тоа, но не знаеле како на сето тоа да му се застане на пат, ги читале Лутеровите тези со голема радост, препознавајќи го во нив Божјиот глас. Чувствувале дека Бог милостиво ја подал својата рака да ја сопре брзата поплава на расипаност што доаѓала од римскиот стол. Кнезовите и поглаварите тајно се радувале што најпосле ќе биде совладана дрската сила што го забранувала секое право на приговор на своите одлуки.

Меѓутоа, повеќето од оние што го сакале гревот и празноверието, ги опфатило ужас кога биле разоткриени заблудите што го смирувале нивниот страв. Лукаво препредените свештеници прекинати во своето дело на одобрување на престапи и злосторства, изложени на опасност да ги изгубат своите приходи, побеснеле и се здружиле да ги бранат своите тврдења. Реформаторот наишол на огорчени тужители. Едни го обвинувале дека постапува пребрзо и страсно. Другите го обвинувале за дрскост, зборувајќи дека Бог не го води, туку дека тоа го работи од гордост и остра непромисленост. “Не знаете ли дека човек ретко може да изнесе нешто ново”, им одговорил тој, “а притоа да не изгледа горд и да не биде обвинет за предизвикување караница?... Зошто Христос и сите маченици биле убиени? Затоа што на луѓето им се чинело дека се горди, дека ја презираат мудроста на своето време и дека истакнуваат нови сфаќања, а претходно скромно не ги прашале за совет приврзаниците на старите сфаќања.”

Потоа изјавил: “Сè што ќе направам ќе биде според Божјиот совет, а не според човечка мудрост. Ако делото е од Бога, кој може да го спречи, а ако не е од Него, кој може да го унапреди? Не мојата волја, не нивната, не нашата, туку само Твојата волја, о свети Оче, кој си на небесата!” - Исто, III, 6 поглавје.

Иако бил покренат со Божјиот Дух да го започне своето дело, Лутер не можел да го продолжи без сериозни судири. Приговори и срамотење од страна на непријателите, погрешното толкување на неговите намери, нивните неправедни и злокобни предупредувања на сметка на неговиот карактер, навалувале на него незадржливо како поплава, и не сосема без успех. Тој со сигурност сметал на тоа дека водечките луѓе на нацијата, и во црквите и во школите, со задоволство ќе му се придружат во напорите за остварување на реформацијата. Зборовите на охрабрување упатени од страна на оние што се наоѓале на истакнати функции го исполнувале со радост и надеж. Претчувствувал зазорување на поведар ден за црквата. Меѓутоа, охрабрувањето набрзо се претворило во навреди и осудување. Многу великодостојници во државата и црквата биле уверени во вистинитоста на неговите тези, но набрзо виделе дека прифаќањето на тие вистини би довело до големи промени. Да се просветли и реформира народот, всушност би значело да се поткопа авторитетот на Рим, да се сопрат илјадници притоки што се сливале во неговите ризници, со што во голема мера би била ограничена расипаноста и раскошот на папските поглавари. Освен тоа, да се научат луѓето да мислат и работат како одговорни суштества, само од Христа да го очекуваат спасението, со тоа би се поткопал престолот и авторитетот на врховниот свештеник, а тоа дефинитивно би го уништил и нивниот авторитет. Од тие причини го отфрлиле од Бога понуденото сознание, застанале меѓу непријателите на Христа и вистината, и се спротивставиле на човекот што самиот Бог го испратил за нивно просветлување.

Лутер се плашел гледајќи дека е потполно осамен - еден човек против најмоќните сили на земјата. Понекогаш бил во недоумица, плашејќи се дали во тоа спротивставување на авторитетот на црквата навистина го води Бог. “Кој бев јас” - пишувал тој, “да станам против величеството на папата пред кој... треперат кралевите на земјата и целиот свет?... Никој не може да сфати колку страдав во моето срце во текот на првите две години, во какво сомневање па дури можам да речам и очајување, често паѓав...” - Исто, III, 6 поглавје. Но тој сепак не бил препуштен на целосно обесхрабрување. Бидејќи, изостанала човечката поддршка, гледал само во Бога и сознал дека со потполна сигурност може да се потпре на Неговата семожна рака.

На еден пријател на реформацијата, Лутер му напишал: “Светото писмо не можеме да го сфатиме ниту со проучување ниту со разум. Најпрвин мора да се почне со молитва. Моли се на Господа во својата голема милост да ти подари правилно сфаќање на Својот Збор. Најдобар толкувач на Божјиот Збор е самиот нејзин Автор, како што и самиот Тој вели: “Сите ќе бидат научени од Бога” (Јован 6,45). “Не надевај се дека ќе постигнеш нешто со сопствени напори, или со способностите на својот ум, надевај се единствено во Бога и во делувањето на Неговиот Дух. Верувај им на зборовите на човекот кој го знае тоа од лично искуство.” - Исто, III, 7 поглавје. Овде се крие поуката од најголемо значење за сите оние што се чувствуваат поврзани со Бога, свечената вистина на своето време да ја пренесат и на другите. Овие вистини ќе предизвикаат непријателства и на сатаната и на сите оние кои се наклонети кон измислици што самиот тој ги конструирал. Во борбата со силите на злото потребно е нешто повеќе од силата на разумот и човечката мудрост.

Кога противниците се повикувале на обичаите и преданијата, или на тврдењата и авторитетот на папата, Лутер им се спротивставувал со Библијата и само со Библијата. Тука се наоѓале доказите што тие не можеле да ги побијат па поради тоа робовите на формализмот и празноверијата ја барале неговата крв, како што некогаш Евреите ја барале Христовата крв. “Тој е еретик”, викале ревнителите на Рим. “Да се допушти на еден толку страшен еретик да живее само еден час повеќе, претставува најсрамно предавство на црквата. Веднаш да подигнеме клада за него!” - Исто, III, 9 поглавје. Но Лутер не паднал како плен на нивниот бес. Бог му наменил дело што требало да го изврши и Божјите ангели биле испратени да го заштитат. Меѓутоа, многумина кои од Лутера ја примиле скапоцената светлина, станале предмет на сатанскиот гнев и поради вистината поднесувале многу маки и смрт.

Лутеровите учења го привлекле вниманието на многу мисловни луѓе низ цела Германија. Од неговите проповеди и списи извирале зраци на светлина што разбудиле и просветлиле илјадници од нив. Живата вера го заземала местото на мртвиот формализам што толку долго се одржувал во црквата. Народот сè повеќе ја губел довербата во празноверието на Рим. Биле соборени оградите на предрасудите. Божјиот Збор со кој Лутер го проверувал секое учење и секое барање, бил како остар меч од двете страни, кој на себеси си правел пат до срцата на луѓето. Насекаде се будела желбата за духовно напредување. Насекаде се чувствувало глад и жед за правда, што со векови не било случај. Погледот на народот, толку долго насочуван кон човечките обреди и земните посредници, сега во покајување и вера бил насочен само кон Христа и тоа распнатиот.

Оваа големо и сè пораспространето интересирање уште повеќе разбудило страв кај папските властодршци. Лутер примил повик да дојде во Рим и лично да одговара за ширење на ерес. Овој налог многу ги застрашил неговите пријатели. Тие добро знаеле каква опасност му се заканува во тој град на најголема изопаченост, и веќе пијан од крвта на христијанските маченици. Поради тоа се спротивставиле на неговото заминување во Рим, барајќи да биде сослушан во Германија.

Ова барање најпосле било прифатено, и папата наименувал еден пратеник да го испита случајот. Во упатствата доставени од страна на папата веќе стоело дека Лутер е прогласен за еретик. Поради тоа на пратеникот му било наредено “да го гони по судски пат, и неизоставно да го присили на покорност.” Во случај, Лутер да остане непоколеблив, или на папскиот пратеник на некој начин му избега од рацете, овој бил ополномоштен “да го прогонува во сите краеви на Германија, да ги прогони, проколне и исклучи од црквата сите оние што ќе се согласат со него.” - Исто, IV, 2 поглавје. Понатаму папата му дал налог на својот пратеник - со цел за потполно истребување на оваа заразна ерес - сите со исклучок на царот, без оглед на нивниот углед и достоинство во црквата и државата, кои ќе пропуштат да го фатат и да го предадат Лутера и неговите следбеници на римската освета, да ги прогласат за исклучени.

Тука се покажал вистинскиот дух на папството. Во целиот тој документ не се забележувала ниту трага од христијанските начела, па дури немало ниту вообичаена човечка правда. Лутер бил далеку од Рим, и немал можност својот став да го објасни или брани. Уште пред да биде испитано неговото дело, прогласен е за еретик, и истиот ден бил предупреден, обвинет и осуден, и сето тоа од оној кој се нарекува свет татко, единствен врховен и непогрешлив авторитет на црквата и државата.

Во тоа време, кога на Лутер најмногу му било потребно сочувство и совет од верен пријател, Божјото провидение го испратило во Витенберг, Меланхтон. Млад, скромен, и воздржлив во своето однесување, со здраво расудување, со широко знаење, исклучително речит, а покрај тоа со чист и честит карактер. Меланхтон со сите тие свои особини се здобил со општо восхитување и почитување. Наскоро станал воодушевен ученик на евангелието и Лутеров најблизок пријател и вреден помошник. Неговата благородност, претпазливост и точност претставувале дополнување на Лутеровата храброст и енергија. Нивната поврзаност во делото, на реформацијата и дала нова сила, а тоа за Лутер претставувало извор на големо охрабрување.

За место на сослушување бил избран Аугсбург, а реформаторот таму се упатил пеш. Многумина сериозно стравувале за неговиот живот. Се слушале јавни закани дека на патот ќе го фатат и убијат, па неговите пријатели го молеле да не се изложува на таков ризик. Дури го молеле за извесно време да го напушти Витенберг и да побара обезбедување од оние што биле подготвени да го земат во заштита. Но тој не сакал да ја напушти положбата што му ја одредил самиот Бог. Тој се чувствувал должен и покрај бурата што надоаѓала, да продолжи верно да ја брани вистината. Тој зборувал: “Јас сум, слично на Еремија, човек против кого секој вика, но што повеќе се зголемуваат нивните закани, дотолку е поголема и мојата радост... Мојата чест и мојот личен углед тие веќе ги уништија. Ми преостанува единствено моето бедно тело и него нека го земат, со тоа ќе ми го скратат животот за неколку часови. Но душата не можат да ми ја земат. Оној што сака на светот да му го објавува Христовото Слово, мора во секој миг да биде подготвен на смрт.” - Исто, IV, 4 поглавје.

Веста за Лутеровото доаѓање во Аугсбург го исполнила срцето на папскиот пратеник со големо задоволство. Сега изгледало како бунтовниот еретик, што го свртел вниманието на целиот свет, веќе да бил во власта на Рим, а пратеникот цврсто решил да не му дозволи да избега. Реформаторот пропуштил за себе да си обезбеди гарантно писмо. Пријателите упорно го молеле без тоа да не се појавува пред папскиот пратеник, и самите направиле с# за да му обезбедат таква гаранција од царот. Папскиот пратеник имал намера ако некако е можно да го присили Лутера на одрекување, а ако тоа не му успее, да го спроведе во Рим каде би ја доживеал судбината на Хус и Јероним. Поради тоа преку своите агенти се обидувал да го наговори Лутера да дојде пред него без гарантно писмо, и на тој начин да биде препуштен на неговата милост. Реформаторот решително го одбил тоа. И не сакал да се појави пред папскиот пратеник сè додека не го прими документот со кој царот му ја гарантирал својата заштита.

Приврзаниците на Рим решиле на политички начин да го придобијат Лутера со привидна благонаклоност. Во разговорот со него, папскиот пратеник бил многу љубезен, но барал Лутер безусловно да се покори на авторитетот на црквата, и откаже од секоја точка на своето учење без докажувања или било какво прашање. Тој не го проценил добро карактерот на човекот со кој требало да преговара. Во својот одговор, Лутер го нагласил своето почитување кон црквата, својот копнеж за вистината, подготвеноста да одговори на сите забелешки изнесени на сметка на неговото учење, и тие учења да ги поднесе на иследување на компетентните универзитети. Но истовремено го кренал својот глас против постапката на кардиналот со која од него е барано откажување, без никакво докажување дека бил во заблуда.

Единствен одговор на папскиот пратеник бил: Одречи! Одречи! Реформаторот покажал дека неговиот став се темели на Светото писмо и решително изјавил дека не може да се откаже од вистината. Бидејќи не бил во состојба да ги побие Лутеровите аргументи, легатот го опсипал со порој прекори и исмејувања, сето тоа помешано со цитати од преданијата и изјавите од црковните отци, и не дозволувајќи му на реформаторот воопшто да дојде до зборови. Увидувајќи дека разговорот, воден на еден таков начин, не е од никаква корист, Лутер конечно издејствувал својот одговор да го предаде писмено. “На тој начин”, кажува тој во писмото упатено подоцна до еден свој пријател, “имав двократна добивка: Прво, она што го напишав, може да се даде и на други на расудување, второ, така постои поголема можност да се дејствува барем на стравот, ако не и на совеста на еден дрзок и брблив тиранин, кој инаку би можел да победи со својот заповеднички глас.” Лутеровиот живот и неговото време, 271, 272 . (Martyn)

На следниот состанок Лутер накратко ги изнел, јасно и силно разјаснувањата на своите погледи, поткрепени со многубројни цитати од Светото писмо. Овој свој состав, откако најпрвин го прочитал гласно, го предал на кардиналот кој со презир го отфрлил, нарекувајќи го мноштво излишни зборови и безвредни цитати. Лутер, потполно разбуден, сега отворено ја прифатил борбата со гордиот великодостојник на црквата на неговото сопствено подрачје, традициите и науките на црквата и сосема ги побил неговите тврдења.

Откако великодостојникот увидел дека Лутеровите докази се несоборливи, целосно ја изгубил власта над себе, и во гневот извикал: “Одречи! Или ќе те испратам во Рим, каде што ќе дојдеш пред други судии на кои им е наредено да се позанимаваат со твојот случај. Тебе, твоите приврзаници, и сите што те помагаат или што ќе ти помагаат во иднина ќе ве исклучам од црквата.” Најпосле рекол гордо и во гнев: “Одречи или повеќе не ми излегувај пред очи!” - Д’Обиње, Лондонско издание, IV, 4 поглавје.

Реформаторот набргу се повлекол со своите пријатели, со што јасно дал до знаење дека од него не може да се очекува никакво порекнување. Тоа не одговарало на намерите на кардиналот. Тој си ласкал себеси дека ќе биде во состојба со сила да го натера Лутера на покорност. А сега, останувајќи само со своите приврзаници, гледал во едниот па во другиот, страшно нерасположен поради неочекуваниот неуспех на целиот свој потфат.

Лутеровите напори во овој судир не биле без добри резултати. Мноштвото што присуствувало на овие расправи имало можност да ги спореди овие два човека, да проценат со каков дух се и во што лежи силата и вистинитоста на нивните гледишта. И колку упадлива била разликата! Реформаторот, едноставен, понизен и решителен, стоел тука во Божја сила, имајќи ја вистината на својата страна, папскиот претставник вообразен, дрзок, горд и неразумен без ниеден доказ од Светото писмо, лутејќи се викал: “Одречи, или ќе те испратам во Рим да ја примиш казната!”

Иако Лутер си обезбедил гарантно писмо, папистите ковале заговор да го фатат и фрлат во затвор. Меѓутоа, неговите пријатели, гледајќи дека неговото понатамошно задржување во овој град е бескорисно, настојувале тој без одлагање да се врати во Витенберг, и тоа со најголема претпазливост и во најголема тајност. Така Лутер пред зазорување, на коњ и во придружба на само еден водач што му го обезбедила управата на градот, го напуштил Аугсбург. Исполнет со мрачни претчувства поминувал тивко по неосветлените улици на градот. Будните и свирепи непријатели демнееле над неговата глава. Дали ќе ги избегне поставените замки? Тоа биле часови на душевен страв и сериозни молитви. Стигнувајќи до малата врата на излезот од градот, таа се отворила пред него, и тој заедно со својот водач излегол од градот. Кога се нашле слободни, надвор од градското подрачје, бегалците побрзале, и пред папскиот пратеник да биде известен за Лутеровото заминување, тие веќе биле надвор од дофатот на своите прогонители. Плановите на сатаната и неговите емисари биле осуетени. Човекот за кого сметале дека веќе е во нивни раце, побегнал како птица од стапицата на птичарот. На веста за Лутеровото бегство легатот, изненаден, бил вџашен од бес. Очекувал дека поради својата мудрост и решителност во постапките со човекот кој ја разнишал и вознемирил црквата ќе биде пофален, но неговите надежи се изјаловиле. На својот гнев му дал издив во писмото упатено до Фридрих, саксонскиот изборен кнез, тешко обвинувајќи го Лутера и барајќи од Фридрих да го испрати Лутера во Рим, или пак да го протера од Саксонија.

Во својата одбрана Лутер барал легатот или папата да ја докажат неговата заблуда од Светото писмо и најсвечено се заколнал дека ќе се откаже од својата наука доколку се докаже дека таа е во спротивност со Божјото Слово. И ја изразил својата благодарност на Бога што го удостоил да пострада поради толку свети работи.

Изборниот кнез дотогаш малку знаел за учењето на реформаторот, но искреноста, силата и јасноста на Лутеровите зборови врз него оставиле длабок впечаток; и сè додека не се докаже дека реформаторот е во заблуда Фридрих решил да биде негов заштитник. Одговарајќи на барањето на пратеникот, напишал: “Би требало да бидете задоволни што доктор Мартин Лутер воопшто се појавил пред вас во Аугсбург. Ние не очекувавме дека ќе го присилувате на откажување, не докажувајќи му претходно дека е во заблуда. Ниеден од учените луѓе во нашето кнежевство не ме известил дека науката на Мартин е безбожна, антихристијанска или еретичка”. Дури и повеќе, кнезот одбил да го испрати Лутера во Рим или да го протера од својата земја.” - Д’Обиње, IV, 10 поглавје.

Изборниот кнез видел дека моралните огради во општеството наголемо се соборени. Било неопходно големо дело на реформа. Сложените и скапите потфати со цел за спречување и казнување на злосторствата би биле сосема непотребни кога луѓето би ги признале и слушале Божјите заповеди и гласот на просветлената совест. Видел дека Лутер работи токму на тоа и тајно се радувал што во црквата се чувствувало подобро влијание.

Забележал исто така дека Лутер како професор на универзитетот бил извонредно успешен. Поминала само една година откако реформаторот ги приковал своите тези на црковната врата, и можело да се забележи дека бројот на поклониците што ја посетувале црквата по повод празникот “Сите Свети” значително се намалил. Рим бил лишен од своите почитувачи и дарови но затоа нивното место го пополнувале поинакви посетители што доаѓале во Витенберг не како поклоници да ги обожаваат неговите реликвии, туку како студенти да ги наполнат универзитетските сали. Лутеровите списи насекаде буделе ново интересирање за списите на Светото писмо, па студентите не само од сите краеви на Германија туку и од другите земји просто се сливале во Витенбершкиот универзитет. Момчињата, здогледувајќи го Витенберг за првпат “ги подигнувале своите раце кон небото и му заблагодарувале на Бога што направил светлината на вистината да заблеска од тој град, како некогаш од Сион, и од таму да се рашири до најодалечените земји.” - Исто, IV, 10 поглавје.

Лутер во поглед со заблудите на римокатолицизмот сè уште бил само делумно обратен. Меѓутоа, кога го споредувал Божјото Слово со папските декрети и одредби, бил вчудоневиден. “Ги читам папските декрети” - пишувал тој “и... не знам не е ли папата самиот антихрист или апостол на антихристот, до таа мерка Христос се прикажува лажно во тие декрети дури и распнува.” - Исто, IV, 10 поглавје. Сепак, Лутер во тоа време с# уште бил приврзаник на Римокатоличката црква и не помислувал дека некогаш ќе се оддели од неа.

Списите на реформаторот и неговата наука допреле до секоја нација во христијанскиот свет. Одделни примероци на неговите списи си направиле себеси пат до Франција и Шпанија. Делото се раширило во Швајцарија и Холандија. Во Англија неговите учења се примени како слово на животот. Вистината исто така проникнала и во Белгија и во Италија. Илјадници се тргнале од премреноста слична на духовната смрт и почнале да живеат со живот на радост и надеж, живот што ни го дава верата.

Поради Лутеровите напади Рим станувал сè поогорчен, па некои од неговите фанатички противници, дури и меѓу докторите на католичките универзитети, изјавиле дека оној, кој би го убил овој бунтовен монах ништо не би згрешил. Еден ден на реформаторот му се приближил некој странец со пиштол сокриен под наметката и го запрашал зошто се движи така сам. “Јас сум во Божјите раце”, одговорил Лутер. “Тој е моја сила и мој штит. Што тогаш ми може човекот?” - Исто, VI, 2 поглавје. Кога ги слушнал овие зборови странецот побледел и побегнал од него како од присуство на небесен ангел.

Рим сакал да го уништи Лутера, но Бог бил негова заштита и одбрана. “Неговите учења насекаде со задоволство биле слушани: - “во манастирите и колибите... во дворовите на благородниците, на универзитетите и во кралските палати;” и насекаде се појавувале благородни луѓе подготвени да ги потпомогнат неговите напори.” - Исто, VI, 2 поглавје.

Некаде во тоа време Лутер, читајќи ги Хусовите дела, забележал дека чешкиот реформатор ја прифатил големата вистина за оправдувањето со вера, која тој самиот настојувал да ја истакне и проповеда. “Сите ние”, - рекол Лутер, “Павле, Августин и јас станавме хусисти и не знаејќи за тоа.” “Бог сигурно ќе го казни светот”, продолжил тој, “затоа што вистината му е проповедана уште пред еден век, а била отфрлена и на клада спалена” - VI, 1 поглавје. (Њѕлие).

Во еден повик за реформација на христијанството, упатен во писмена форма до царот и германското благородништво, Лутер пишувал за папата: “Одвратно е да се гледа човек кој се прикажува за Христов намесник, а во раскошот и сјајот не му е рамен ниту самиот цар. Зар со тоа покажува сличност со сиромашниот Исус и скромниот Петар? Папата, велат тие, е господар на светот! Но Христос за чијшто намесник тој со фалење се прикажува, рекол: “Моето царство не е од овој свет.” Може ли сувереноста на еден намесник да биде поголема од онаа што ја има неговиот господар?” - Д’Обиње, VI, 3 поглавје.

За универзитетите Лутер пишувал: “Се плашам дека универзитетите ќе станат голема врата на пеколот доколку во нив трудољубиво не се проучува Светото писмо и ако не се всадува во срцата на младите. На никого не му препорачувам своето дете да го испраќа таму каде што Светото писмо не е врвно мерило. Секоја институција во која Божјото Слово не се проучува постојано мора да се изопачи.” - Исто, VI, 3 поглавје.

Ова писмо со секавична брзина се раширило по цела Германија и извршило силно влијание врз народот. Целиот народ бил раздвижен и многумина се собрале под знамето на реформацијата. Лутеровите противници, горејќи од желба за освета, го поттикнувале папата против него да преземе решителни мерки. Бил издаден налог неговите учења неодложно да се осудат. На реформаторот и на неговите приврзаници им бил даден рок од шеесет дена; доколку за тоа време не се одрекнат од сè, сите ќе бидат исклучени од црквата.

Тоа била тешка криза за реформацијата. Пресудата за исклучување од црквата, којашто Рим можел да ја изрече, со векови влевала страв во коските на силните владетели и на големите царства им донесувала несреќа и очајување. На оние кои ваквата осуда секаде би ги “погодила” се гледало со страв и ужас, им бил оневозможен секаков допир со своите блиски, а со нив се постапувало како со оние кои се ставени надвор од законот и кои треба да се прогонуваат до истребување. Лутер не бил слеп за бурата што требало да се истури врз него, но бил постојан, полн со доверба дека Христос ќе биде негов помошник и негов штит. Со вера и храброст на маченик, пишувал: “Што ќе се случи не знам ниту пак се грижам за тоа... Каде и да падне ударот, јас не се плашам. Ниеден лист од дрвото не паѓа без волјата на нашиот небесен Татко. А колку пак повеќе Тој се грижи за нас! Не е тешко да се умре за Словото на Оној што станал отелотворување на тоа Слово и умрел за нас. Ако со Него умреме, со Него и ќе оживееме, откако ќе поминеме по патот по кој Тој поминал пред нас, ќе бидеме таму каде што е и Тој и ќе останеме со Него засекогаш.” - Исто, III, Лондонско издание, Валтер 1840, 6, 9.

Кога папската була стигнала до Лутера, тој рекол: “Ја презирам и ја отфрлам како безбожна, лажна... Во неа се осудува самиот Христос... Се радувам што страдам поради она што е подобро и поважно од с#. Сега се чувствувам послободен во срцето, зашто најпосле сигурно знам дека папата е антихрист и дека неговиот стол го претставува самиот сатански престол.” - Д’Обиње, VI, 9 поглавје.

Сепак, наредбата од Рим не останала без дејство. Затворите, мачењата и мечот претставувале силно оружје за изнудување на покорност. Слабите и празноверните трепереле од декретот на папата, Иако мнозинството било наклонето кон Лутера, на многумина им се чинело дека животот е премногу скапоцен за да го ризикуваат за делото на реформацијата. Како се да зборувало дека делото на реформацијата се ближи кон својот крај.

Но Лутер сè уште бил бестрашен. Врз него Рим ги фрлил своите анатеми и светот бил убеден дека Лутер мора, или да загине, или да биде присилен да се потчини. Но тој, пресудата на оваа страшна сила ја свртел против неа самата и јавно ја изговорил својата одлука засекогаш да раскине со неа. Во присуство на мноштво студенти, доктори и граѓани од сите сталежи, Лутер ја запалил папската була, заедно со канонските закони, декрети и некои списи кои ја поддржувале папската власт. “Моите непријатели”, рекол тој, “можеле со спалувањето на моите книги да му наштетат на делото на вистината во очите на простите луѓе и да ги упропастат душите, од таа причина сега и јас ги спалувам нивните книги. Започнала сериозна борба. Досега со папата само си играв. Оваа дело го започнав во Божјо име, тоа ќе биде довршено со Неговата сила и без мене.” - Исто, VI, 10 поглавје.

На прекорите на своите непријатели што потсмевливо му дофрлувале поради слабоста на неговите предмети, Лутер одговарал: “Кој знае, можеби Бог ме избрал и повикал, зар не би требало да се плашат дека презирајќи ме мене, го презираат и самиот Бог? Мојсеј бил сам кога требало да го изведе Израелскиот народ од Египет, Илија бил осамен за владеењето на цар Ахав, Исаија сам во Ерусалим, а Езекија сам во Вавилон... Бог никогаш не избрал за пророк некој првосвештеник или некоја друга личност, обично избирал луѓе од понискиот сталеж, презрени, а еднаш дури и говедарот Амос. Во сите векови светите луѓе биле од Бога повикани да ги укоруваат великаните на своето време, царевите, кнезовите, свештениците и мудреците, и тоа со опасност по сопствениот живот. Не тврдам дека и јас сум пророк, но нагласувам дека токму поради тоа треба да се плашат што сум осамен, додека нив ги има многу. Сигурен сум дека Божјото Слово е со мене, а не со нив. - Исто, VI, 10 поглавје.

Сепак Лутер за потполно одделување од црквата не можел да се реши без тешки внатрешни борби со самиот себе. Во тоа време тој пишувал: “Секој ден сè повеќе чувствувам колку е тешко да се ослободиш од нешто што ни е всадено во душата уште од детството. О, колку болки ме чинеше, иако го имав Светото писмо на своја страна, додека се убедив самиот себеси дека морам да му се спротивставам на папата, и да го прогласам за антихрист? Колкави беа страдањата на мојата душа! Колкупати самиот на себе со горчина си го поставував прашањето кое толку често се слушаше од устата на папистите: “Зар само ти си мудар? Зарем е можно сите останати да се во заблуда? Што ќе биде ако ти сепак не си во право, а си вовлекол во заблуда толку души што затоа засекогаш ќе пропаднат? “Така се борев самиот со себе и со сатаната сè додека Христос со Своето непогрешливо Слово потполно не ја утврди и ослободи мојата душа од таквите сомневања.” - Мартин, 372, 373.

Папата на Лутер му се заканил со исклучување од црквата доколку не одрече с#, а сега оваа закана и е извршена. Била обнародена нова папска була со која реформаторот конечно е прогласен за исклучен од црквата и јавно жигосан како оној што и небото го проколнува, осудата истовремено ги погодувала и сите оние кои би го прифатиле неговото учење. Големиот судир започнал со сета своја жестокост.

Сите оние кои Бог ги употребува да ги објават особените вистини за своето време, неизбежно мораат да наидат на противење и отпор. Во Лутеровите денови она што тој го застапувал ја претставувало актуелната вистина - вистина која во тоа време била од посебна важност. Исто така постои и сегашна вистина за црквата и во нашите денови. Оној кој сè извршува според Својата волја, нашол дека е потребно луѓето да ги доведе во разни околности и да им довери такви должности кои одговараат за нивното време и условите во кои се наоѓаат. Доколку знаат да ја ценат привремената светлина, пред нив ќе се отворат и подлабоки сознанија за Божјата вистина. Но и денес повеќето не копнеат за вистината повеќе од приврзаниците на папството што му се противеле на Лутера. Наклонетоста човечките теории и преданија да се прифаќаат наместо Божјото Слово, постои и денес исто така како и во минатите времиња. Поради тоа оние кои ја проповедаат вистината за ова време не треба да очекуваат дека ќе наидат на поповолен прием отколку реформаторите во поранешните времиња. Големата борба помеѓу вистината и заблудата, помеѓу Христа и сатаната, што повеќе се приближуваме до крајот на историјата на овој свет, станува сè пожестока.

Исус им рекол на Своите ученици: - “Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето, но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот и ве мрази. Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазуваа, и вашите ќе ги запазат” (Јован 15:19, 20). А од друга страна нашиот Господ јасно вели: “Тешко вам, кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто така им правеа на лажните пророци и нивните татковци” (Лука 6:26). Духот на овој свет, денеска не е повеќе во согласност со Христовиот Дух отколку што бил во поранешните времиња, и оние кои денес го проповедаат Божјото Слово во неговата чистота не наидуваат на поголема наклоност и одобрување отколку и тие во своето време. Противењето на вистината може да го промени својот облик, непријателството може да биде помалку отворено зашто е полукаво, но сè уште постои истиот отпор и спротивставување и ќе постои сè до “крајот на векот.”