Големата борба помеѓу Христа и сатаната

06. Хус и Јероним

Семето на евангелието било донесено во Чешка уште во деветиот век. Библијата била преведена, а јавното богослужение се одржувало на народен јазик. Но како што повеќе растела папската власт, Божјото Слово било сè повеќе потиснувано. Папата Гргур VII, кој се зазел да ја понизи гордоста на кралевите, настојувал исто така да го подјарми и народот, и со таа цел издал декрет со кој ја забранил употребата на чешкиот јазик во јавното богослужение. Папата изјавил: “дека на Семожниот му е угодно кога Неговото име се слави и богослужението се одржува на еден непознат јазик и дека од непочитувањето на ова правило произлегле многу зла и ереси” - Вили, III, 1 поглавје. Така Рим решил светлината на Божјото Слово да се угаси и народот да остане во темнина. Меѓутоа, небото предвидело и други средства за сочувување на црквата. Многу Валденжани и Албижани, протерани од своите домови во Италија и Франција, се нашле во Чешка. Иако не се осмелувале да проповедаат јавно, сепак тие трудољубиво работеле во тајност. Така вистинската вера била чувана во текот на вековите.

Уште пред деновите на Хус, во Чешка имало луѓе кои јавно ја осудувале изопаченоста на црквата и пороците на народот. Нивните напори предизвикале големо интересирање. Папската хиерархија, плашејќи се за својата власт, почнала да ги прогонува учениците на евангелието. Присилени своите богослуженија да ги одржуваат во шумите и планините, верниците и таму биле прогонувани од страна на војниците, а многу дури и убиени. Подоцна бил издаден декрет сите оние што ќе ја напуштат римокатоличката религија мораат да бидат спалени. Меѓутоа, жртвувајќи го својот живот, христијаните со вера ја гледале победата на своето дело. Еден од оние што учеле “дека спасението може да биде засновено само на вера во распнатиот Спасител”, умирајќи изјавил: “Гневот на непријателот на вистината засега има превласт над нас, но тоа нема да биде засекогаш; ќе се подигне еден меѓу обичниот народ, без меч и авторитет, и него нема да го победат.” - Вили, III, 1 поглавје. Лутеровото време било уште далеку, но некој веќе се подигал, чиешто сведоштво против Рим ќе ги потресе народите.

Јан Хус бил со скромно потекло, со смртта на неговиот татко рано останал сираче. Неговата побожна мајка, која воспитувањето и Господовиот страв го сметала за најскапоцено богатство, настојувала на својот син да му обезбеди такво наследство. Хус најпрво учел во провинциско училиште, а потоа отишол на универзитетот во Прага, каде што е примен како студент ослободен од плаќање на школарината. На патот за Прага го испраќала мајка му; како сиромашна вдовица таа на својот син не можела да му даде никакво богатство од овој свет, но кога се приближиле до големиот град, клекнала покрај момчето кое толку рано останало без татко, повикувајќи го на него благословот на нивниот небесен Татко. Тешко дека таа мајка насетувала во колкава мера ќе биде услишена нејзината молитва.

На универзитетот Хус набрзо се истакнал со својата неуморна трудољубивост и брзото напредување, додека неговиот беспрекорен живот, благородност и љубезно однесување му донеле општо почитување. Бил искрен следбеник на Римокатоличката црква, и усрдно се стремел за духовните благослови кои таа ги ветувала. При една јубилејна свеченост, отишол да се исповеда и бидејќи ги дал последните пари кои ги имал во своите скромни залихи, се присоединил кон процесијата да стане учесник на ветеното проштевање. По завршувањето на образованието стапил во свештеничките сталежи каде што многу брзо станал истакнат и наскоро потоа бил повикан во кралскиот двор. Бил поставен за професор, а подоцна и за ректор на универзитетот на кој своевремено и самиот се здобил со образование. За неколку години овој скромен и сиромашен ученик, кој студиите можел да ги продолжи само благодарејќи на помошта од добротворните институции, станал гордост за својата татковина, а неговото име се прочуло по цела Европа.

Меѓутоа, делото на реформацијата Хус го започнал на друго подрачје. Неколку години по своето посветување за свештеник е наименуван за проповедник во Витлеемската капела. Втемелувачот на оваа капела, проповедањето на Светото писмо на народниот јазик го препорачувал како многу значајна работа. И покрај спротивставувањето на Рим, употребата на народниот јазик во Чешка не била сосема изоставена. Сепак непознавањето на Божјото Слово било големо, а меѓу луѓето од сите сталежи владееле најлоши пороци. Против сите овие зла Хус храбро станал не штедејќи никого, повикувајќи се секогаш на Божјото Слово како би ги истакнал начелата на вистината и чистотата и да би ги втиснал во срцата на луѓето.

Јероним, еден граѓанин на Прага кој подоцна толку тесно се поврзал со Хус, по своето враќање од Англија ги донел списите на Виклиф. Англиската кралица, која го прифатила Виклифовото учење, била чешка принцеза и благодарение на нејзиното влијание, списите на реформаторот кружеле и во нејзината татковина. Хус овие дела ги читал со најголемо интересирање. Уверен дека нивниот автор е искрен христијанин, бил наклонет реформите кои Виклиф ги застапувал да ги разгледува со наклонетост. Така Хус, и не забележувајќи, зачекорил по патот кој ќе го одведе далеку од Рим.

Отприлика во тоа време во Прага дошле двајца учени странци од Англија кои, прифаќајќи ја светлината, дошле да ја шират и во оваа оддалечена земја. Отпочнувајќи со отворен напад на папската превласт, набргу од властите биле замолкнати; но бидејќи не сакале да се откажат од своите намери, примениле друг начин на работа. Бидејќи биле и уметници, а не само проповедници, ја продолжиле започнатата работа со примена на оваа своја вештина. На еден ѕид пристапен за јавноста нацртале две слики. Едната го прикажувала Христа како влегува во Ерусалим, “кроток и јава на магаре” (Матеј 21:5), во придружба на учениците, во износена и од долгиот пат испрашена облека и босоног. Другата слика ја претставувала папската процесија - папата облечен во најраскошна облека, со тројна круна на главата како јава на сјајно накитен коњ како цар, пред кого одат трубачи, и го придружуваат кардинали и црковни великодостојници облечени во најскапоцени облеки.

Тоа била проповед која го привлекла вниманието на сите сталежи. Народот масовно доаѓал тука и внимателно гледал во овие цртежи. Никој не пропуштал да ја прочита во нив содржаната поука, и многумина длабоко биле трогнати со спротивноста меѓу Христовата кроткост и понизност и гордоста на папата, таканаречен Христов слуга. Во Прага завладеала голема возбуда, и по извесно време странците се увериле дека во интерес на нивната сигурност е да си заминат. Меѓутоа, поуката што ја пружиле не паднала во заборав. Овие слики оставиле многу длабок впечаток на Хусовата душа, и тоа го поттикнало уште потемелно да ја проучува Библијата и Виклифовите списи. Иако сè уште не бил подготвен да ги прифати сите реформи кои ги препорачувал Виклиф, појасно го видел вистинскиот карактер на папството и порешително ја осудувал гордоста и изопаченоста на црковната хиерархија.

Од Чешка светлината е пренесена и во Германија, зашто немирите на прашкиот универзитет предизвикале повлекување на стотина студенти од германско потекло. Многумина од нив своите први знаења за Библијата ги добиле токму од Хус, враќајќи се од тука го шириле евангелието во својата татковина.

Вестите за делото започнато во Прага стигнале и во Рим, и набргу Хус бил повикан да се појави пред папата. Да се послуша ова би значело да се изложи на сигурна смрт. Чешкиот крал и кралица, универзитетот, членовите на благородништвото и претставниците на владата упатиле молба до папата на Хус да му се дозволи да остане во Прага, а на Рим да му одговара преку пратеници. Наместо да ја одобри оваа молба, папата го продолжил судскиот процес и Хус во отсуство бил осуден, а потоа целокупното население на Прага го прогласил за исклучен од црквата, а градот го проколнал.

Оваа осуда во она време предизвикала вознемиреност со широки размери. Церемониите кои придружувале една таква осуда биле така замислени да го застрашат народот, кој во папата гледал Божји заменик, и во своите раце ги држи клучевите и на небото и на пеколот, и има власт да изрекува и овоземни и духовни казни. Се верувало дека вратата на небото е заклучена за целата област над која е изречено ова проклетство, и дека и нивните покојни ќе бидат исклучени од становите на блаженството сè додека папата не го симне ова проклетство. Во знак на оваа страшна несреќа биле откажувани сите богослужби и секаква верска служба. Црквите биле затворени. Венчавките се одржувале во црковното двориште. Мртвите, чиишто погреби биле забранети на местото посветено за тоа, биле погребувани без вообичаените погребни церемонии, во ендеци пред гробовите или некаде во полето. Така Рим, со мерките кои можеле да делуваат на мечтата поттикнувајќи најцрни мисли, настојувал да завладее со совеста на луѓето.

Цела Прага била преплавена со конфузија и немири. Најбројни биле оние кои го обвинувале Хус како причинител на сите нивни несреќи и барале да биде предаден на осветата на Рим. За да ја стиши олујата, реформаторот за некое време се повлекол во своето родно село. Обраќајќи се со писмо до своите пријатели кои останале во Прага, тој вели: “Се повлеков од вашата средина имајќи го на ум советот и примерот на Исуса Христа, на злите да не им дадам повод да навлечат на себе вечно проклетство, а за добрите да не предизвикам неволја и прогонство; се повлеков безбожните свештеници сосема да не го забранат проповедањето на Божјото Слово меѓу вас. Но, не сум ве напуштил за да се одрекнам од божествената вистина за која, со Божја помош, со задоволство би умрел.” - Боннецхосе, Реформатори пред Реформацијата, век, I, 87. Хус не престанал да работи туку патувал по околината и им проповедал на оние кои сакале да го слушаат. На овој начин мерките што ги презел папата да го потисне евангелието, придонеле за негово уште поголемо ширење... “Зашто ништо не можеме против вистината, туку за вистината” (2. Коринтјаните 13:8).

“Се чини дека Хус во овој период од својот живот поминувал низ тешка душевна борба. Иако црквата со вистинска грмотевица на своите напади се заканувала да го уништи, тој не и го оспорувал авторитетот. Римокатоличката црква за него сè уште била Христова невеста, а папата Негов претставник и намесник. Хус се борел против злоупотребата на авторитетот, а не против самиот авторитет. Ова предизвикало страшен судир меѓу она што убедливо му го зборувал разумот и она што го барала неговата совест. Ако авторитетот е праведен и непогрешлив, како што тој верувал, зошто тогаш се чувствува принуден да му се спротивстави? Да се покори, како што видел, би значело дека греши, но, како тоа послушноста кон една непогрешлива црква да води до толкави последици? Тоа бил проблем кој не можел да го реши, тоа бил повод за сомнежот кој постојано го мачел. Најприближно решение до кое можел да дојде била мислата дека свештениците, како и оние кои некогаш во деновите на Спасителот, станале безбожни и дека својот законски авторитет го користеле за незаконски цели. Тоа го поттикнало да го усвои и на други да им го проповеда начелото, дека прописите на Светото писмо, прифатени со разумот, треба да управуваат со нашата совест, со други зборови, дека само Бог кој зборува преку Библијата, а не црквата која зборува преку свештениците, претставува единствен непогрешлив водач.” - Вили, III, 2 поглавје.

Кога возбудата во Прага по извесно време се смирила, Хус се вратил во својата Витлеемска капела и продолжил да го проповеда Божјото Слово со уште поголема храброст и ревност од порано. Неговите непријатели биле неуморни и јаки, но кај кралицата и кај многу благородници нашол пријатели; а многумина од народот застанале на негова страна. Споредувајќи ги неговите чисти и возвишени учења, и неговиот свет живот со понижувачките догми кои ги проповедале претставниците на Рим, и со скржавоста и развратот со кои тие живееле, многумина сметале дека е чест да бидат со него.

Дотогаш Хус бил осамен во својата работа, а сега во делото на реформацијата му се придружил и Јероним кој за време на престојот во Англија го прифатил Виклифовото учење. Овие двајца оттогаш толку биле обединети во животот, што дури ниту во смртта не се разделиле. По сјајот на генијалноста, речитоста и ученоста - таленти који ја освојуваат популарноста, Јероним бил поистакнат, но во оние особини кои ја сочинуваат силата на катактерот, Хус бил поголем. Неговото мирно расудување ја скротувало Јеронимовата избувлива природа, а Јероним со вистинска понизност ја сфаќал неговата вредност и бил послушен на неговите совети. Благодарение на здружените напори на двајцата, реформацијата се ширела и напредувала уште побрзо.

Бог на овие избрани луѓе им го расветлил разумот, и тие согледале многу заблуди на Рим. Но не ја примиле целосната светлина која била наменета за светот. Бог преку овие свои слуги го изведувал народот од темнината на папските заблуди, но постоеле уште многу големи пречки на кои морале да наидат, и Тој ги водел постепено, чекор по чекор, според тоа колку биле во состојба да поднесат. Секако дека тие не биле подготвени одеднаш да ја примат светлината. Како што полниот сјај на пладневното сонце го заслепува оној кој бил длабоко во темнината, исто така и тие, кога целосната вистина би им била откриена одеднаш, морале да отстапат. Затоа Господ својата вистина на овие водачи на реформацијата им ја откривал малку по малку, колку што народот во тоа време можел да прими. Во подоцнежните векови требало да дојдат други, исто така верни работници, кои ќе го водат народот понатаму по патот на реформацијата.

Раздорот во црквата сè уште траел. Титулата папа во исто време ја носеле тројца од нив и секој се борел за превласт, а нивните борби христијанството го исполнувало со злосторства и буни. Незадоволувајќи се само со тоа што во меѓусебните пресметки се проколнувале и исклучувале од црквите, прибегнале дури и кон вооружени борби. Секој од нив настојувал да се снабди со оружје и да собере војска. Се разбира дека за сето тоа требало да се соберат големи суми пари, па затоа сите можни положби, повластици и благословите на црквата ги нуделе и продавале за пари. (Види додаток) Земајќи пример од своите поглавари, свештениците исто така прибегнале кон симонија и водење на вистински војни за да ги понижат своите соперници со кои се бореле за престиж, но и да ја засилат својата власт. Хус сè поотворено и посмело грмел против сите тие гадотии кои се трпеле во името на верата, па народот јавно ги обвинувал римските поглавари како причинители на бедата која потполно го преправила христијанството.

Повторно се чинело дека Прага се наоѓа на прагот на крвав судир. Како и во минатото, Божјиот слуга бил обвинет како оној “што донесува несреќа на Израелот” (1. Цареви 18:17). Над градот повторно било изречено проклетство од страна на црквата, а Хус повторно морал да се повлече во своето родно село. Неговото толку верно сведочење во омилената Витлеемска капела било завршено. Требало од уште поголема говорница да прозбори на целото христијанство, пред да го положи својот живот како сведок за вистината.

За да се излечат злата кои тогаш ја растргнувале Европа, бил повикан општ црковен собор во Констанца. Овој собор, по желба на царот Сигисмунд, го свикал папата Јован И, еден од тројцата сопернички папи. Но тоа барање, меѓутоа, никако не му одговарало на папата Јован, чијшто карактер и начин на живот не можеле да ја издржат критиката дури и на прелатите толку слаби во поглед на моралот, какво што воглавно било свештенството во тоа време. Меѓутоа, не се осмелувал да се спротивстави на волјата на Сигисмунд. (Види додаток)

Основната цел на соборот била лечење на раздорот во самата црква и искоренување на кривоверството. Поради тоа на соборот биле повикани двајца сопернички папи, и Јан Хус како јавен пропагатор на новите сфаќања. Првите двајца, поради својата безбедност, не дошле лично, туку ги испратиле своите застапници. Папата Јован I, иако привидно сам го свикал соборот, дошол со голем страв, сомневајќи се дека царот има тајна намера да го собори, и плашејќи се дека ќе биде повикан на одговорност поради пороците со кои и нанесувал срам на папската тијара, како и за злосторствата со кои дошол до неа. Сепак во Констанца влегол со голем сјај, опколен со црковни великодостојници и пратен од дворската свита. Сите свештеници и великодостојници на градот со огромно мнозинство на граѓани, излегле да го поздрават и да му посакаат добредојде. Четворица достоинственици над неговата глава носеле златен балдехин. Пред него е носена хостија, а раскошната облека на кардиналите и благородниците давала призор на исклучителен раскош.

Во исто време до Констанца се приближувал вториот патник. Хус бил свесен за опасноста што му се заканува. Се простил со своите пријатели така како никогаш повеќе со нив нема да се сретне, и тргнал на тој пат чувствувајќи дека тој пат го води право на клада. Иако од Чешкиот крал добил сигурна придружба, а и од самиот Сигисмунд спроведно писмо со кое е гарантирана неговата безбедност за време на патувањето, сепак тој сите свои работи ги средил така како сосема веројатно да го чека смрт.

Во едно писмо што го упатил до своите пријатели во Прага, тој вели: “Патувам браќа мои, со гарантно писмо од самиот цар да се сретнам со своите многубројни и смртни непријатели... Потполно се потпирам на семоќниот Бог, во својот Спасител, верувам дека Тој ги слуша вашите усрдни молитви, дека ќе ми подари мудрост и разум да им се спротивставам, и дека ќе ми го подари Својот Свети Дух да ме утврди во Неговата вистина за храбро да можам да се соочам со искушенијата, со затворот а, ако биде потребно и со свирепа смрт. Исус Христос трпел поради Своите избраници, па зарем тогаш да се чудиме што и нам ни оставил пример и ние, но за сопствено спасение сè со трпение да поднесуваме? Тој е Бог, а ние Негови созданија, Тој е Господар, а ние Негови слуги, Тој е Творец на светот, а ние бедни смртници, а сепак страдал! Зошто тогаш и ние исто така не би трпеле, посебно ако страдањето нам ни служи за чистење од гревовите? Поради тоа драги мои, ако мојата смрт придонесе за Неговата слава, молете се таа што побргу да дојде, и Господ да ми помогне да бидам постојан во поднесувањето на своите неволји. Но, ако е потребно повторно да се вратам во вашата средина, тогаш молете се на Бога да се вратам незасрамен, да не проневерам ниту една точка од евангелската вистина, туку на своите браќа да им дадам најдобар пример. Веројатно повеќе никогаш нема да ме видите во Прага, но ако со волјата на семожниот Бог ви се вратам, да појдеме напред уште порешително во познавањето на Бога и љубовта која е основа на Неговиот закон.” - Бончоуз, I, 147.

Во едно друго писмо упатено до еден свештеник кој станал ученик на евангелието, Хус со длабока понизност зборувал за своите грешки, обвинувајќи се себеси “дека со задоволство носел богати облеки и многу часови поминувал во лекомисленост.” Потоа ги додал овие трогателни совети: “Нека твојата душа биде зафатена со Божјата слава и спасување на душите, а не со добивање на црковни бенифиции и имоти. Чувај се повеќе да не ја украсуваш својата куќа отколку својата душа, и повеќе од сè друго, води грижа за својата духовна зграда. Кон сиромашните постапувај богобојазливо и биди понизен, немој да го трошиш твојот имот на гозби. Ако не го поправиш својот живот, и не се воздржуваш од сè што е излишно, се плашам дека сето тоа тешко ќе ти се освети како и на мене... Ти ја познаваш мојата наука, зашто моите поуки ги примаше уште од детството, и поради тоа нема потреба повеќе да ти пишувам. Но те молам со милоста на нашиот Господ да не ме следиш ниту во една суета што си ја видел кај мене”... На обвивката од ова писмо додал: “Те заколнувам, пријателе мој да не го кршиш овој печат пред да бидеш сигурен дека сум мртов.” - Бончоуз, И, 148.149.

На својот пат, Хус насекаде можел да ги забележи знаците на ширењето на својата наука, и одобрувањето со кое се гледало на неговата работа. Народот масовно се собирал за да го поздрави, а во некои места и најистакнатите претставници на властите го придружувале додека поминувал по улиците на нивниот град.

Кога стигнал во Констанца, му била овозможена целосна слобода. Покрај царското гарантно писмо, имал и папско ветување за личната безбедност. Но и покрај сите тие свечени и повеќе пати повторувани изјави, реформаторот набргу, на заповед на папата и кардиналите, бил уапсен и фрлен во еден грозен затвор. Подоцна бил префрлен во една голема тврдина на другиот брег на Рајна и таму бил задржан како затвореник. “Папата кој со измама го фрлил во затвор, имал малку корист од неговата вероломност, зашто набргу и самиот станал затвореник во истиот затвор.” - Бончоуз, I, 247. За него на овој собор било докажано дека тој покрај убиствата - покрај трговијата со свети работи и прељубодејство, направил и најгнасни гревови “кои не доликуваат да се именуваат.” Сето тоа било изнесено на самиот собор, и конечно тој бил лишен од својата тијара и фрлен во затвор. Двајцата преостанати соперници кои се бореле за папскиот престол исто така биле симнати и на нивно место бил избран нов папа.

Иако самиот папа бил обвинет за многу поголеми злосторства од оние за кои самиот Хус ги обвинувал свештениците, поради кои барал реформа, сепак тој ист собор кој го отфрлил папата, решил да го уништи и реформаторот. Апсењето на Хус во Чешка предизвикало големо огорчување. Моќното благородништво до соборот упатило најостри протести против тој насилен и срамен чин. Дури и самиот цар, кој не сакал да допушти газење на гарантното писмо дадено на Хус, се спротивставил на вероломните мерки преземени против него. Но непријателите на реформаторот биле отруени со омраза и решителни. Искористувајќи ги предрасудите на царот и неговата страшливост, со лукавство се повикале на неговата ревност за црквата. “Ги изнесувале сите можни аргументи за да докажат дека дадениот збор на еретикот, или лицето што е ставено под сомнение поради ерес, не мора да се одржи, па дури и ако имаат гарантно писмо од царот или кралевите.” - Жак Ланфан, (Јацљуес Ленфант) Историја на концилот во Констанца, I, 516. На тој начин тие надвладеале.

Изнемоштен од затворот и болеста, - зашто влажниот и нечист воздух во затворот предизвикал грозница која за малку не го уништила - Хус најпосле бил изведен пред соборот. Оптоварен со синџири стоел пред царот, кој со својата чест и дадениот збор му гарантирал дека ќе го штити за време на своето сослушување, цврсто ја бранел вистината и во присуство на собраните црковни и државни великодостојници вложил сериозен и оправдан протест против изопаченоста на црковната хиерархија. Кога бил повикан да се одлучи дали сака да се одрече од своето учење или да појде во смрт, тој ја избрал судбината на мачениците.

Божјата милост го поддржувала. Во текот на тешкото страдање од неколку седмици, кои поминале пред конечно да му биде изречена пресудата, неговата душа ја исполнувал небесен мир. “Ова писмо - нагласил тој на еден свој пријател - го пишувам во затвор, со својата окована рака, очекувајќи ја утре својата смртна пресуда... Кога, благодарение на Исус Христос, пак ќе се сретнеме во слаткиот мир на идниот живот, ќе дознаеш колку Бог бил милостив кон мене и како ме поддржуваше во моите искушенија и на судењето.” - Бончоуз, ИИ, 67.

Во својата мрачна ќелија, однапред ја гледал славната победа на вистинската вера. Враќајќи се во своите сништа во капелата во Прага, каде што го проповедал евангелието, ги видел папата и неговите бискупи како ги бришат Христовите слики што тој ги нацртал на нејзините ѕидови. “Тој сон го натажил, но веќе утредента видел многу уметници како тие ликови ги обновуваат прикажувајќи ги во уште поголем број и во поубави бои. Кога го довршиле своето дело, опкружени со голема маса насобрани, уметниците извикале: Нека дојдат сега папата и бискупите, впечатокот на ова тие никогаш повеќе нема да го избришат!” Прераскажувајќи го овој сон реформаторот нагласил: “Сигурен сум дека Христовиот лик никогаш повеќе нема да биде избришан. Тие сакаат да го уништат, но во секое срце секогаш повторно ќе го насликаат проповедници далеку подобри и поуспешни отколку што сум јас.” - Д’Обиње, 6 поглавје.

Хус за последен пат бил изведен пред соборот. Тоа било големо и сјајно собрание - царот, државните кнезови, кралските пратеници, кардинали, бискупи и свештеници, и огромна маса на оние кои дошле како набљудувачи да го видат сето она што требало да се случи тој ден. Од сите страни на таканаречениот христијански свет се собрале сведоци на оваа прва голема жртва во долгата борба со која требало да се извојува слобода на совеста.

Повикан да се изјасни за својата дефинитивна одлука, Хус одбил што било да одрече, и насочувајќи го својот пробивен поглед во царот, кој дадениот збор толку срамно го прекршил, изјавил: “Дојдов на овој собор по своја слободна волја, под јавна заштита потпирајќи се на ветувањето и дадениот збор на овде присутниот цар.” - Бончоуз, II, 84. На Сигисмундовото лице се појавило црвенило кога погледот на сите во собранието се насочил кон него.

Била изречена смртна пресуда и започнала церемонијата на деградација. Бискупите на својот затвореник му облекле свештеничка облека, а тој, земајќи ја својата свештеничка облека рекол: “Нашиот Господ Исус Христос во знак на понижување бил наметнат со бела наметка, кога Ирод го враќал кај Пилат.” - Исто, ИИ, 86. Кога повторно бил повикан да се одрече од својата наука, обраќајќи се на народот одговорил: “Како би се осмелил да погледнам во небото! Како би можел да го гледам ова мноштво луѓе на кои им го проповедав чистото евангелие? Не, јас сметам дека нивното спасение е повредно од ова мое бедно тело осудено на блиска смрт.” Тогаш од него била соблечена облеката и тоа дел по дел, додека секој бискуп, извршувајќи го својот дел на церемонијата, изговорил над него по едно проклетство. На крајот на главата му ставиле капа од хартија во вид на митра со пирамидален облик на која биле насликани одвратни ликови на ѓаволи со упадлив натпис “архиеретик”. “Со најголема радост ќе ја понесам оваа круна на срамот за Тебе, о, Исусе, Кој поради мене си го носел венецот од трње” - извикал Хус.

Откако го облекле така, великодостојниците рекле: “Сега твојата душа ја предаваме на ѓаволот.” “А јас”, извикал Хус, подигнувајќи го својот поглед кон небото, “ја препорачувам во Твоите раце, Господе Исусе, својата преку Тебе спасена душа!” - Вили, III, 7 поглавје.

Тогаш го предале на световните власти и го одвеле на губилиште. По него одела огромна поворка - стотици вооружени војници, свештеници и великодостојници во своите скапоцени одежди и голем број жители на Констанца. Кога бил врзан за столбот на кладата и кога сè било готово, само огнот да се запали, маченикот уште еднаш бил повикан да го спаси својот живот откажувајќи се од своите заблуди. Хус извикнал: “Од која заблуда да се откажам? Знам дека не сум изнесувал никаква заблуда. Не се чувствувам ниту малку виновен. Го повикувам Бог за сведок дека сè што сум пишувал или проповедал има за цел само спасување на душите од гревот и од пропаста; поради тоа сум подготвен вистината која ја застапував да ја запечатам со сопствената крв!” - Исто, III, 7 поглавје. Кога пламенот букнал околу него, тој почнал да пее: “Исусе сине Давидов смилувај ми се!” И така продолжил сè додека неговиот глас засекогаш не бил замолкнат.

Неговото херојско држење ги засегнало дури и неговите непријатели. Еден ревен папист, опишувајќи ја маченичката смрт на Хус и Јероним, кој на ист начин бил убиен нешто подоцна, вели: “И двајцата појдоа храбро во смрт, се подготвувале за оган како да се повикани на свадбена веселба, не покажувајќи со гласот дека нешто ги боли. Кога букнал пламенот, почнаа да пеат химни и одвај силата на огнот можеше да го замолкне нивното пеење.” - Исто, III, 7 поглавје.

Кога Хусовото тело наполно изгорело, неговата пепел заедно со земјата на која лежел, била собрана и фрлена во Рајна и на тој начин однесена во океанот. Неговите прогонители мислеле дека така ќе ја искоренат вистината која тој ја проповедал, но залудно. Тешко и да помислувале дека пепелта која тој кобен ден била носена кон морето, ќе биде како семе разнесена во сите земји на светот, и дека во дотогаш уште непознати краеви ќе донесе богата жетва во вид на нови сведоци на вистината. Гласот кој тој ден се слушал во салата на соборот во Констанца, предизвикал одглас кој ќе го слушнат сите идни поколенија. Хус повеќе го немало, но вистината за која умрел никогаш не можела да пропадне. Неговиот пример на вера и постојаност охрабрил многумина и покрај мачењето и смртта решително да сведочат за вистината. Неговото погубување на целиот свет му ја открило подлата свирепост и одвратната вероломност на Рим. Непријателите на вистината, не знаејќи, го потпомагале делото кое напразно настојувале да го уништат.

Но во Констанца требало да се подигне уште една клада. Крвта на уште еден маченик требало да посведочи за вистината. Кога Јероним се поздравувал со Хус, при неговото заминување на соборот, го советувал да биде храбар и постојан, уверувајќи го дека доколку се најде во опасност, веднаш ќе му дојде на помош. Дознавајќи дека реформаторот во Констанца е во заробеништво, овој верен ученик веднаш се подготвил да го исполни даденото ветување. Без никакво гарантно писмо, во придружба на само еден свој другар, тргнал кон Констанца. Стигнувајќи таму, се осведочил дека само се изложил на голема опасност, а за Хусовото ослободување ништо не може да се стори. Побегнал од тој германски град, но на враќање кон татковината бил фатен, врзан во синџири и во придружба на војници вратен назад. Кога првпат бил изведен пред соборот, неговите обиди да се брани од обвинувањата изнесени против него биле проследени со извици: “Во оган со него, во оган!” - Бончоуз, I, 243. Бил фрлен во затвор, окован во синџири и тоа во таква положба, која му создавала големи болки и го хранеле само со леб и вода. По неколку месеци лежење во затвор, Јероним поради свирепоста на која често бил изложен тешко се разболел, и неговите непријатели, плашејќи се дека ако умре ќе им избега од раце, ја ублажиле постапката кон него, иако во затвор го држеле уште една година.

Хусовата смрт ги немала последиците што папистите ги очекувале. Газењето на гарантното писмо со кое му била гарантирана сигурноста, предизвикало вистинска бура на огорченост, па затоа соборот решил Јероним наместо да го запалат, ако е можно да го присилат на одрекување. Поради тоа тој бил изведен пред соборот и му било предложено да избере, или да се откаже од верата или да умре на клада. Во почетокот на неговото затворање, смртта за него би претставувала вистинска благодат во споредба со страшните маки на кои бил изложен, но сега, ослабен од болеста и тешките услови на затворскиот живот, измачуван од стравот и неизвесноста, одделен од своите пријатели и обесхрабрен од Хусовата смрт, Јероним паднал со духот и се согласил да се покори на соборот. Ветил дека ќе остане приврзан на католичката вера и ги прифатил решенијата на соборот во врска со осудата на учењата на Виклиф и Хус, со исклучок на “светите вистини” што ги проповедале тие. - Исто, II, 141.

Со оваа постапка, Јероним се обидел да го замолкне гласот на својата совест и да ја избегне страшната судбина. Но во осаменоста на затворот појасно увидел што направил. Размислувајќи за Хусовата храброст и верност, сфатил колку спротивно постапил со своето одрекување од вистината. Се сетил на својот божествен Учител на кого се заколнал на верност и кој поради него претрпел смрт на крст. Пред своето одрекување тој и покрај сите страдања низ кои поминувал, наоѓал утеха во уверението дека Бог му е наклонет, а сега грижата на совеста и сомневањата ја растргнувале неговата душа. Знаел дека ќе мора да направи уште и други одрекнувања за навистина да се помири со Рим. Патот по кој тргнал можел да го одведе само во потполно вероотстапување. Поради тоа донел дефинитивна одлука: - дека нема да се одрече од својот Господ само за да избегне едно краткотрајно страдање.

Наскоро пак бил изведен пред соборот. Со неговото потчинување судиите не биле сосема задоволни. Нивната крвожедна страст поттикната од Хусовата смрт, барала нови жртви. Само со потполно одрекување од вистината Јероним можел да го сочува својот живот. Меѓутоа, тој решил јавно да ја признае својата вера и по стапките на својот брат маченик да отиде на клада.

Го повлекол своето поранешно изнудено одрекување, и како секој човек осуден на смрт, барал да му се даде прилика да ја изнесе својата одбрана. Плашејќи се од последиците на неговите зборови, бискупите барале едноставно да ја признае вистинитоста на обвинувањата што се изнесени против него или да ги негира. Против таквата свирепост и неправда, Јероним дал приговор: “Триста и четириесет дена ме држевте во страшна темница”- рекол тој - “во кал, во убиствена нечистотија и смрдеа, лишен речиси од сè, сега ме изведовте овде и ги слушате обвинувањата што моите непријатели ги рекоа за мене, а не сакате да ја сослушате мојата одбрана... Ако навистина сте мудри луѓе и видело на светот, внимавајте да не згрешите против правдата. Што се однесува до мене, јас сум само слаб смртник, мојот живот повеќе нема значење, и ако ве предупредувам да не изречете неправда тоа го правам повеќе за вас отколку за самиот себе.” - Исто, II, 146,147.

Најпосле неговата молба била исполнета. Во присуство на своите судии, Јероним клекнал и се молел Божјиот дух да управува со неговите мисли и зборови, како не би изговорил нешто што е против вистината и недостојно за неговиот Учител. Над него тој ден се исполнило Христовото ветување дадено на Неговите први ученици: “И ќе ве одведат пред управници и цареви заради Мене... Кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во тој час ќе ви биде дадено што да кажете, бидејќи не сте вие што ќе говорите,туку Духот на вашиот Татко ќе говори во вас” - (Матеј 10:18, 20).

Зборовите на Јероним предизвикале чудење и восхит дури и кај неговите непријатели. Цела година бил осамен во затворот, каде не можел ни да види книга, а не пак нешто да прочита, во големи телесни маки и душевен страв, а сепак неговите докази биле толку јасни и силни, како цело време да се занимавал со проучување. Им укажал на своите слушатели на многу свети луѓе што биле осудени од неправедни судии. Речиси во секоја генерација имало луѓе, кои настојувајќи да го подигнат народот во своето време, биле напаѓани и осудувани; но подоцна се покажувало дека всушност заслужувале најголемо почитување. И самиот Христос на едно такво неправедно судење бил обвинет и осуден како злосторник.

Со своето одрекување, Јероним всушност ја признал пресудата, изречена над Хус, а сега изјавил дека се кае поради тоа и сведочел за невиноста и светоста на маченикот. “Го познавав Хус од неговото детство” - рекол тој. “Тој беше прекрасен човек, праведен и свет, а тој е осуден наспроти неговата невиност... И јас исто така сум подготвен да умрам. Не се плашам од маките што ми ги подготвуваат моите непријатели и лажните сведоци, кои еден ден ќе мораат да дадат одговор поради своите клевети пред големиот Бог, кого никој не може да го излаже.” - Бончоуз, II, 151.

Осудувајќи се самиот себеси затоа што се одрекол од вистината, Јероним продолжил: “Од сите гревови кои сум ги направил од мојата младост, ниеден до таа мера не ја оптоварува мојата душа и не предизвикува во мене толку горчливо каење, колку оној кој го направив на ова кобно место, одобрувајќи ги неправедните пресуди изречени против Виклиф и светиот маченик Јан Хус, мојот учител и мојот пријател. Да, тоа го признавам од длабочината на моето срце, и со ужас и одвратност изјавувам дека срамно потклекнав, кога од страв пред смртта ги осудив нивните учења. Поради тоа со понизност... го молам Семоќниот Бог, милостиво да ги прости моите гревови, а особено овој најодвратен од сите.” Обраќајќи се кон судиите решително изјавил: “Вие ги осудивте Виклиф и Хус не затоа што ја потресоа науката на црквата, туку едноставно само затоа што ги жигосуваа и осудуваа срамните дела на свештенството, нивното трошење без сметка, нивната гордост и сите пороци на бискупите и свештениците. Тоа што тие го тврдеа е неспорно, и јас свечено изјавувам дека со нивното мислење потполно се согласувам.”

Неговите зборови биле прекинати. Бискупите, тресејќи се од гнев, почнале да викаат: “Уште каков доказ ни треба? Со сопствени очи го гледаме најтврдоглавиот еретик!”

Не обраќајќи се на бурата негодување, Јероним извикал: “Што, мислите ли дека се плашам од смртта? Цела година ме држевте во страшно дувло полошо од самата смрт. Со мене постапувавте посвирепо отколку што би можел тоа да го направи еден Турчин, Евреин или незнабожец. Моето месо буквално скапа на коските на моето сè уште живо тело, сепак не се жалам, зашто жалење не му доликува на човек од срце и храброст. Меѓутоа, не можам да се начудам на толкавата свирепост кон еден христијанин!” - Исто, II, 151,153.

Повторно се дигнала вистинска бура од негодување, и Јероним брзо бил вратен назад во ќелијата. Сепак, меѓу слушателите имало и такви врз кои неговите зборови оставиле длабок впечаток, и кои сакале да му го спасат животот. Во затворот го посетиле црковните великодостојници убедувајќи го да се покори на соборот. Му ветувале најсјајна иднина како награда ако престане со своето спротивставување на Рим. Сепак, исто како што постапил и неговиот Учител, кога Му била понудена славата од овој свет, Јероним останал непоколеблив.

“Докажете ми врз основа на Светото писмо дека сум во заблуда” - рекол тој - “тогаш ќе се откажам!”

“Светото писмо!” Извикал еден од неговите иследници - “зар сè треба да се просудува според него? Кој можел да го разбере додека црквата не го протолкува?”

“Зар човечките преданија се поверодостојни од евангелието на нашиот Спасител?” - одговорил Јероним. “Павле ги советувал оние на кои им пишувал да не ги слушаат човечките преданија, туку нагласил: “Истражувајте ги писмата.”

“Еретику!” - одговорил еден од присутните - “жалам што толку зборував со тебе. Гледам дека упорно те гони ѓаволот.” - Вили, III,10.

Наскоро му била изречена смртна пресуда. Изведен е на истото место каде и Хус го жртвувал својот живот. Во смртта отишол со песна на усните, а неговото лице блескало од радост и спокојство. Неговиот поглед бил насочен кон Христа, а смртта за него ја изгубила својата страшност. Кога егзекуторот, пред самото запалување на кладата, дошол зад него, маченикот му довикнал: “Дојди слободно напред!” “Запали го огнот пред моите очи! Да се плашев, сега не ќе бев овде!”

Последните зборови што ги изговорил кога околу него пламнал огнот, биле зборовите на молитва: “Господе Семожен Татко” - извикал - “смилувај ми се, прости ги моите гревови, зашто Ти знаеш дека секогаш ја сакав твојата вистина.” - Бончоуз, II, 168. Неговиот глас замолкнал, но усните и понатаму шепотеле молитва. Кога огнот го завршил своето, била собрана пепелта на маченикот заедно со земјата на која лежела, и како и Хусовата, била фрлена во Рајна.

Така завршиле овие верни Божји луѓе и носители на Неговата светлина. Но светлината на вистината што ја објавиле, светлината на нивниот херојски пример, не можела да се изгаси. Да се спречи изгревањето на денот кој тогаш почнал да зазорува врз светот било неможно, токму така како што на луѓето им е неможно да го вратат Сонцето од неговиот пат.

Погубувањето на Хус во Чешка запалило вистински оган на негодување и огорченост. Целата нација почувствувала дека реформаторот паднал како плен на злосторничките свештеници и на вероломноста на царот. За Хус, од службеното место се зборувало како за верен учител на вистината, а соборот кој го осудил на смрт бил прогласен виновен за убиство. Неговите учења сега го привлекле вниманието и предизвикале поголемо интересирање отколку кога и да е порано. Виклифовите списи, со папските едикти биле осудени на спалување. Но тие што биле сочувани од уништувањето, сега се вадени од засолништата и проучувани, споредувани со Библијата или со оние нејзини делови до кои народот можел да дојде. Многумина на тој начин биле поттикнати да ја прифатат реформираната вера.

Хусовите убијци не го набљудувале мирно триумфот на неговото дело. Папата и царот ги здружиле сите свои сили за да го загушат движењето, а војската на Сигисмунд удрила на Чешка.

Но, се појавил еден ослободител. Јан Жишка, кој набргу по избивањето на војната целосно ослепел, но сепак станал еден од најспособните и највештите војсководачи на своето време, кој ги предводел Чесите. Потпирајќи се на Божјата помош и на праведноста на своето дело, овој народ им одолевал на нападите и на најсилните армии упатени против него. Царот повеќе пати испраќал нови сили и навлегувал во Чешка, но на свој срам секогаш бил поразуван. Хусистите се издигнале над стравот од смртта и ништо не можело да ги спречи. Неколку години по почетокот на војната умрел храбриот Жишка, а на негово место дошол Прокоп, кој исто така бил храбар и вешт војсководител, а во извесен поглед уште поспособен како водач.

Непријателите на Чешка, дознавајќи за смртта на слепиот војсководител, сметале дека сега им се пружа погодна можност да освојат сè што дотогаш изгубиле. Папата објавил крстоносна војна против хусистите. Повторно против Чешка е поведена огромна војска, но само затоа за да доживее уште еден страшен пораз. Била објавена и друга крстоносна војна. Во сите католички земји во Европа биле собирани луѓе, пари и оружје. Многу луѓе се собрале под папското знаме, уверени дека еретичките хусисти конечно ќе бидат уништени. Огромни воени сили, сигурни во својата победа, навлегле во Чешка. Народот повторно се собрал да го одбие непријателот. Двете војски се приближувале една кон друга, додека најпосле меѓу нив не останала само една река. “Крстоносците бројно биле далеку помоќни, но наместо без одлагање да ја прегазат реката и да ги нападнат хусистите, поради што и дошле од толкава далечина, стоеле без зборови и гледале во овие војници.” - Вили, III, 17. Наеднаш таа огромна војска ја обзел некој таинствен страв. Без ниеден напад, тие силни формации биле разбиени, поразени, и расеани како да ги разбила некоја невидлива сила. Голем број војници биле убиени од хусистите, на кои им преостанало само да ги гонат бегалците, а во рацете на победниците паднал огромен плен, така што војната ги збогатила Чесите наместо да ги осиромаши.

Неколку години подоцна, за време на владеењето на новиот папа, започнала уште една крстоносна војна. Како и порано, од сите католички земји на Европа биле собрани многу луѓе и средства. Големи привилегии им биле ветувани на оние кои ќе земат учество во овој опасен потфат. На секој крстоносец му било осигурано потполно простување на најгнасните злосторства. На сите оние кои во војната ќе загинат им била ветена голема награда на небото, а оние кои ќе ја преживеат требало на бојното поле да ги жнеат плодовите на чест и богатства. Повторно била собрана огромна војска, која откако ја поминала границата, навлегла во Чешка. Хусистите се повлекле и така го намамиле освојувачот длабоко во внатрешноста на земјата, наведувајќи ги да поверуваат дека веќе ја добиле победата. Најпосле војската на Прокоп застанала, се свртела кон непријателот и се подготвила за напад. Крстоносците, согледувајќи ја својата грешка, останале во својот логор, очекувајќи напад. Кога се зачуло приближувањето на војската, уште пред и да се појават хусистите на повидок, крстоносците пак ги зафатила необјаснета паника. Принцовите, војсководците и обичните војници, бегале на сите страни фрлајќи го своето оружје. Напразно личниот пратеник на папата, кој бил водач на инвазијата, настојувал да ја собере својата застрашена и дезорганизирана војска. Наспроти сите негови напори и самиот бил повлечен со општата струја на бегалците. Поразот бил потполн и повторно во рацете на победникот паднал голем плен.

Така и по вторпат многубројната војска, упатена од најсилните народи на Европа, многу храбри, воинствени и за борба обучени и опремени луѓе, побегнале без ниту еден удар на мечот, пред малата војска на дотогаш непознатиот и слаб народ. Тука се покажала само Божјата сила. Напаѓачите биле совладани со некој натприроден страв. Оној што фараонот и неговата војска ги потопил во Црвеното Море, Оној што ги натерал Мадијамците да побегнат пред Гедеон и неговите сè на сè триста луѓе, Оној што за една ноќ ја скршил силата на гордите Асирци, повторно ја испружил својата рака да ја сруши моќта на дрските угнетувачи. “Од страв ќе треперат, каде и страв нема. Зашто Бог ќе ги распрсне коските на оние кои војуваат против тебе. И тие ќе се посрамат, зашто Бог ги отфрли” (Псалм 53:5).

Најпосле, увидувајќи дека не можат да ги победат со вооружена сила, папските водачи прибегнале кон дипломатија. Дошло до компромис со кој на Чесите привидно им е дадена слобода на совеста, а всушност тоа само ги потчинило на римската власт. Како услов за мир со Рим, Чесите истакнале четири точки: слободно проповедање на Библијата, право целата црква да зема причест со вино и леб и употреба на мајчиниот јазик во богослужението, исклучување на свештениците од сите световни служби и од световните власти и во случај на престап, еднаква одговорност пред граѓанскиот суд како за световните така и за свештените лица. Папските власти најпосле се сложиле дека: “овие четири хусистички услови треба да ги прифатат, но правото на разјаснување на истите и одредување на нивното точно значење да му припадне на соборот, со други зборови на папата и царот.” - Вили, III, 18. На тој темел е склучен договорот и Рим со лицемерство и измама го постигнал она што не успеал да го постигне со сила. Толкувајќи ги споменатите точки од договорот, а исто и Библијата, според своето мислење можел да ја извртува нивната смисла за тие да служат за неговите цели.

Голем дел од чешкиот народ, кога сфаќајќи дека неговата слобода е продадена, не се согласил да го потпише овој договор. Се појавиле неслоги и раздори што довеле до внатрешни судири и крвопролевања. Во тие борби паднал благородниот Прокоп, а тогаш во Чешка исчезнала слободата.

Сигисмунд, кој неверно ги предал и Хус и Јероним на папистите, сега станал Чешки крал, и погазувајќи ја сопствената заклетва дека ќе ги штити правата на Чесите, тој настојувал во земјата да го воспостави папството. Меѓутоа, малку постигнал со својата унижувачка покорност и угодувањето на Рим. Дваесет години неговиот живот бил исполнет со мачни напори и опасности. Долгото и безуспешно војување немилосрдно ги уништувало неговите армии и ги празнело државните каси. И сега, бидејќи владеел само една година, умрел, оставајќи го своето царство на работ на граѓанска војна, а на потомството едно име жигосано со срам.

И понатаму продолжиле несогласувањата, востанијата и крвопролевањата. Во Чешка повторно навлегле туѓи војски, а внатрешните раздори продолжиле да ја растргнуваат нацијата. Оние што останале верни на евангелието биле изложени на крваво прогонство.

Бидејќи нивните поранешни браќа, склучувајќи договор со Рим, ги примиле и неговите заблуди, оние што останале приврзани на старата вера, формирале посебна црква под името “Обединети браќа”. Со оваа постапка на себе навеле проклетство од сите сталежи, но сепак останале цврсти и непоколебливи. Иако биле присилени да бараат засолниште во шумите и пештерите, се собирале да го читаат Божјото Слово и заедно да се молат на Бога.

Од гласниците што потајно ги испраќале во разни земји, дознале дека тука и таму “постојат поединци следбеници на вистината, - некои во овој, а некои во оној град, дека и тие се предмет на прогонство, “и дека среде Алпите постои стара црква која се темели на Светото писмо и се бори против идолопоклонството и изопаченоста на Рим” - Вили, III, 19. Овие вести биле примени со голема радост, и така стапиле во преписка со валденжанските христијани.

Верни на евангелието, Чесите во долгата ноќ на своето прогонство и во оној најтемен час го насочувале својот поглед кон хоризонтот како луѓе што очекуваат утро. “Ним им паднало на дел да живеат во злите денови, но... тие се сеќавале на зборовите кои најпрвин ги изговорил Хус, а Јероним ги повторил: дека мора да помине еден цел век пред да осамне денот. Овие зборови за хусистите биле исто тоа што за израeлските племиња значеле зборовите на Јосиф изговорени во домот на нивното ропство: “Јас ќе умрам, но Бог вас секако ќе ве посети и ќе ве изведе од оваа земја” (Битие 50:24). - Исто, III, 19. Последните години на петнаесеттиот век сведочат за бавното, но сигурно зголемување на бројот на “Обединети браќа”. Иако, сè уште далеку од тоа дека конечно биле оставени на мир, сепак донекаде уживале мир. “Во почетокот на шеснаесеттиот век во Чешка и Моравија имало околу двесте нивни цркви.” - Езра Халл Гиллетт, Животот и времето на Јан Хус, II, 570. “Толку биле оние што како остаток го избегнале уништувачкиот бес на огнот и мечот, и доживеале да го видат “осамнувањето на денот” што го прорекол Хус” - Вили, III, 19.