Големата борба помеѓу Христа и сатаната

05. Џон Виклиф

Пред реформацијата имало време кога примероците на Библијата биле многу ретки, но Бог не дозволил Неговото Слово потполно да биде уништено. Нејзините вистини не смееле засекогаш да останат сокриени. Тој тие зборови на животот можел да ги ослободи од оковите исто така како што ги отворал затворските врати и железните решетки за да ги ослободи Своите слуги. Во разни земји на Европа Божјиот Дух ги поттикнал луѓето да ја бараат вистината како сокриено богатство. Упатени со Божјото провидение на Светото писмо, со најжив интерес ги проучувале неговите свети страни. Биле подготвени да ја прифатат светлината, па и колку сето тоа скапо да ги чинело. Иако не виделе сè јасно, биле во состојба да проникнат во многу долго закопаните вистини. Тргнале како од Бога испратени гласници да ги раскинат оковите на празноверието и заблудата, повикувајќи ги оние кои толку долго биле заробени да станат и да ја бранат својата слобода.

Освен меѓу Валденжаните, Божјото Слово со векови практично било заклучено од луѓето, зашто постоело на јазици достапни само за образованите, но дошло времето Светото писмо да се преведе и предаде на народите на разни земји на нивниот мајчин јазик. Светот го пребродил времето на својата полноќ. Мракот исчезнувал и во многу земји се појавиле знаци на разденување.

Во четиринаесеттиот век во Англија се појавила “утринската ѕвезда на реформацијата.” Џон Виклиф бил весникот на реформацијата, не само за Англија, туку и за целото христијанство. Големиот протест против Рим што тој го најавил, никогаш повеќе не е замолкнат. Тој протест прераснал во борба со која е извојувана еманципацијата на човечката личност, слободата и самостојноста на црквите и народите.

Виклиф е воспитуван во дух ослободен од предрасуди, и за него Господовиот страв бил почеток на мудроста. Во училиштето бил забележан по својата длабока побожност, извонредните таленти и големата ученост. Со својата жед за знаење се трудел да ја запознае секоја гранка на науката. Ја изучувал сколастичката филозофија, граѓанските и црковните права, а особено законите на сопствената земја. Во неговата подоцнежна работа се покажала сета вредност на неговото учење во младоста. Темелното познавање на шпекулативната филозофија од тоа време му овозможило да ги открие нејзините заблуди, а проучувањето на државното и црковното право го подготвило да се впушти во големата борба за граѓанска и верска слобода. Знаел да ракува не само со оружјето од Божјото Слово, туку и да се послужи со интелектуалната наобразба добиена во училиштето, а бил упатен и во тактиката на учените луѓе. Силата на неговата генијалност, широчината и темелноста на неговото учење му овозможиле почитување и кај пријателите и кај непријателите. Неговите следбеници со задоволство гледале како нивниот толку истакнат борец стои на чело на водечките умови на нацијата, а неговите непријатели не можеле да го изложат на презир делото на реформацијата, укажувајќи на незнаењето или слабоста на нејзиниот поборник.

Виклиф уште на факултетот почнал да ги проучува Светите списи. Во она време кога Библијата постоела само на старите јазици (грчки и латински), само образованите можеле да го најдат патот до изворот на вистината, која за непросветените слоеви останувала сокриена. Така, уште тогаш бил подготвен патот за идното Виклифово дело како голем реформатор. Учените луѓе го проучувале Божјото Слово, и во него ја пронашле големата вистина за Неговата милост која на луѓето се дава како незаслужен дар. Во своите предавања го ширеле знаењето за оваа вистина и ги поттикнувале и другите да се свртат кон живото Божјо Слово.

Кога Виклиф своето внимание го насочил кон Светото писмо, тој со истата онаа темелност која му овозможила толку успешно да завладее со школските предмети, се дал и на проучување на Божјото Слово. Дотогаш чувствувал голема празнина која не можеле да ја надополнат ниту сколастичките студии ниту сите црковни учења. Во Божјото Слово го пронашол она што некогаш напразно го барал. Тука го согледал откриениот план на спасението, и Христос прикажан како единствен посредник помеѓу Бога и човекот. Се посветил на Христовата служба и решил да ги објави вистините кои му се откриле.

Како и подоцнежните реформатори, Виклиф во почетокот на својата работа не предвидувал каде ќе го одведе тоа. Тој на Рим не му се спротивставил со планирано размислување. Меѓутоа, неговата преданост кон вистината, судирот со заблудата го направила неизбежен. Колку појасно ја согледувал заблудата на папството, толку поревно го изнесувал учењето на Библијата. Видел дека Рим, поради волјата на човечките традиции, се одрекол од Божјото Слово; храбро го обвинил свештенството поради отфрлувањето на Светото писмо, барајќи решително Библијата да се врати на народот и нејзиниот авторитет повторно да се издигне во црквата. Бил способен и срдечен учител, речит проповедник, а неговиот секојдневен живот сведочел во прилог на вистината што ја проповедал. Со своето познавање на Светото писмо, силата на неговото расудување, чистотата на животот како и неговата непоколеблива храброст и чест, придобил почитување и општа доверба. Многумина од народот биле незадоволни од својата поранешна вера, гледајќи го беззаконието што владеело во Римокатоличката црква, па затоа вистините што Виклиф сам ги изнесувал ги прифатиле со отворена радост, но затоа папските поглавари се треселе од гнев кога виделе дека овој реформатор има поголемо влијание од нив.

Виклиф вешто ја откривал заблудата и храбро напаѓал многу злоупотреби одобрени од авторитетот на Рим. Извршувајќи ја должноста на кралски капелан, храбро истапил против плаќањето на данок што папата го барал од англискиот крал, докажувајќи дека папското присвојување над авторитетот на светските владетели се противи и на разумот и на откровението. Барањата на папата во Англија предизвикале големо огорчување, па учењата на Виклиф извршиле силно влијание врз водечките умови на нацијата. Кралот и благородниците биле единствени во оспорувањето на папското полагање на право врз световната власт, и во одбивањето да се плати бараниот данок. На тој начин на папската превласт во Англија и бил нанесен голем удар.

Друго зло против кое реформаторот водел долга и решителна борба било воведувањето на калуѓерско - питачкиот ред. Овие калуѓери ја преплавиле цела Англија, нанесувајќи сериозна штета на угледот и просперитетот на нацијата. Во производството, на подрачјето на просветата и моралот, насекаде се чувствувало нивното опустошувачко влијание. Монашкиот живот, како олицетворение на мрзеливоста и просењето, не само што многу ги исцрпувал изворите на националниот приход, туку и систематски ја извртувал на презир секоја корисна работа. Младите потполно се деморализирале и расипувале. Под влијание на овие калуѓери, многумина биле наведени да отидат во манастири, посветувајќи се на монашкиот живот, а тоа го правеле не само без согласност и одобрување на своите родители туку и без нивно знаење и покрај нивната забрана. Еден од поранешните великодостојници на Римската црква, истакнувајќи дека барањата на монаштвото се поголеми од обврските на детската љубов и должноста кон родителите изјавил: “Ако твојот татко би лежел пред твојата врата плачејќи и тажејќи, а твојата мајка би го покажувала телото што те носело, и градите што те доеле, гледај со нога да ги турнеш и појди кај Христа.” “Со оваа монструозна нечовечност”, како што Лутер подоцна ја нарекол, “која повеќе му прилега на волк и тиранин, отколку на христијанин и човек”, калени се срцата на младите, додека потполно не затврднале кон своите родители.” - Б. Серс, (Sears) Лутеров живот, стр. 70, 69. Така папските водачи, како и некогашните фарисеи, поради своите традиции ги укинувале Божјите заповеди (Марко 7:9-13). Така многу домови останувале пусти, а родителите без присуство на своите синови и ќерки.

Дури и студентите од универзитетот, измамени од лажното прикажување на монасите, биле натерани да стапат во нивните редови. Многумина подоцна зажалиле за тој чекор, увидувајќи дека ја прокоцкале среќата на сопствениот живот, а своите родители ги ожалостиле, но, кога еднаш паднале во замка, било неможно повторно да добијат слобода. Многу родители, плашејќи се од влијанието на овие монаси, не сакале своите деца да ги испраќаат на универзитет. Тоа направило бројот на студентите во големите образовни центри видливо да се намали. Школите ослабувале, а незнаењето се повеќе земало замав.

Папата на овие монаси им дал право да исповедаат гревови, и да даваат простување. Тоа станало извор на големо зло. Во настојувањето да ги зголемат своите приходи, овие калуѓери простувањето на гревовите го давале под толку лесни услови што секакви злосторници се обраќале до нив, а последица на тоа било брзото ширење на најлошите пороци и злосторства. Сиромашните и болните се оставани да страдаат, додека даровите што можеле да ги ублажат нивните неволји оделе кај монасите кои со заплашувања од народот изнудувале милостина, прогласувајќи ги за безбожни сите оние што ќе се осмелиле да не ги даваат даровите на нивниот ред. Наспроти нивната наводна сиромаштија, богатството на овие питачки редови постојано се зголемувало, а нивните грандиозни и многу убави палати и раскошни гозби само уште повеќе ја истакнувале с# поголемата сиромаштија на народот. И додека тие своето време го поминувале во раскош, изобилие и задоволства, наместо себе испраќале неучени луѓе што знаеле само да го забавуваат народот со необични приказни, легенди и шеги, што ги правело уште поголеми будали за сметка на калуѓерите. Но сепак на овие питачки редови им поаѓало од рака да се наметнат на празноверните маси и да ги убедат дека целата верска должност се состои во признавањето на врховната власт на папата, во почитувањето на светците и давањето милостина на монасите, и дека тоа е сосема доволно за себе да обезбедат место на небото.

Учените и побожни луѓе залудно настојувале во тие монашко - питачки редови да спроведат некоја реформа; но, Виклиф, согледувајќи ја јасно суштината на злото, удрил во самиот негов корен, изјавувајќи дека самиот систем на монаштво е погрешен и дека треба да се укине. Дошло до расправии во кои ненадејно се појавиле многу прашања. Додека крстосувале монасите низ земјата нудејќи ги на продажба папските прошталници, многумина почнале да се сомневаат во тоа дека простувањето на гревовите може да се купи за пари: прашувајќи се, нели простувањето на своите гревови треба да го бараат од Бога, а не од врховниот свештеник во Рим. (Види додаток). Бројот на оние што злокобно се вознемириле поради лакомоста на монасите незаситени во својата алчност, станувал сè поголем. “Римските калуѓери и свештеници”, зборувале тие, “ќе нè изедат како рак. Бог нека нè ослободи инаку народот ќе мора да пропадне.” - Д’Обиње I, 7 поглавје. За да го прикријат своето лакомство, овие монаси-питачи тврделе дека со тоа, наводно, го следат примерот на Спасителот, докажувајќи дека Исус и Неговите ученици биле помагани од дарежливоста на народот. Ова тврдење одело на нивна штета, зашто многумина биле поттикнати да ја земат Библијата и самите да ја дознаат вистината - иако Рим во никој случај не го сакал тоа. Мислите на луѓето биле упатени на изворот на вистината, што Рим сакал да го сокрие.

Виклиф почнал да пишува и објавува расправии против монасите, но не со цел со нив да се расправа, туку мислите на луѓето да ги упати на учењето на Библијата и нејзиниот Автор. Тој проповедал дека во врска со простувањето или исклучувањето од црквата, папата нема поголема власт отколку и обичните свештеници, и дека никој не може полноважно да биде исклучен, со исклучок ако самиот предходно не навлекол на себе Божја осуда. Навистина немало поефикасен потфат од овој што тој го презел да се сруши оваа огромна градба на духовна и светска доминација што папата ја подигнал и во неа ги држел заробени телата и душите на милиони луѓе.

Виклиф повторно бил повикан да ги брани правата на англиската круна од Рим, наклонет кон незаконско присвојување. Бил наименуван за кралски амбасадор и поминал две години во Холандија, преговарајќи со ополномоштените застапници на папата. Тука дошол во врска со црковните великодостојници од Франција, Италија и Шпанија, и така имал можност да погледне зад завесата и да дознае за многу работи кои во Англија за него би останале тајна. Научил многу нешта кои подоцна во неговата работа многу му помогнале. Во овие претставници на папскиот двор го прочитал вистинскиот карактер и целите на свештеничката хиерархија. Враќајќи се во Англија, го повторил своето поранешно учење, но сега поотворено и со поголем жар изјавувајќи дека лакомоста, гордоста и измамата се богови на Рим.

Во една своја расправа, зборувајќи за папата и неговите собирачи на пари изјавил: “Тие од нашата земја го изнесуваат она што би требало и би можело да ги намири сите трошоци околу издржувањето на сиромашните, годишно излегуваат илјадници марки кралски пари за сакраменти и духовни работи, а тоа е само проклета ерес - симонија - трговија со свети работи, тие на целото христијанство упорно му наметнуваат да го прифати и поддржи тоа кривоверство. И навистина кога нашата земја би имала голема планина со злато, и кога никој не би земал освен собирачите на овој горд светски понтифекс, планината со текот на времето би морала да се потроши, тој не престанува да зема пари од нашата земја, а за возврат нам не ни даваат ништо друго освен Божјо проклетство поради трговија со свети работи.” Џ. Луис, (J.Lewis) Историја за животот и страдањето на Џ. Виклиф, стр. 37.

Наскоро по своето враќање во Англија, Виклиф од самиот крал бил наименуван за ректор во Лутерворт. Тоа бил сигурен доказ дека монархот не бил ни малку незадоволен со неговиот прв говор. Влијанието на Виклиф се чувствувало во заклучоците и во постапките на дворот, како и во формирањето на верата што подоцна ја прифатила целата нација.

Но Рим набрзо врз него почнал да ги фрла своите громови. Во Англија се испратени три папски були: до универзитетот, кралот, и до великодостојниците на црквата. Во сите тие три записи папата наредил веднаш да се преземат најрешителни мерки како учителот на кривоверството би бил замолкнат. (А. Неандер, Општа историја на христијанската религија, исто така Види додаток). Меѓутоа пред да стигнат овие посланија, бискупите во својата гневност го повикале Виклиф да излезе пред нив поради сослушување. Виклиф на судот го придружувале двајца најмоќни кнезови во кралството, додека народот што ја опколил зградата, насила влегол во судницата и толку ги заплашил судиите што расправиите морале да бидат прекинати, а на реформаторот му било дозволено мирно да се врати. Малку подоцна, умрел Едвард III, кого епископите во неговата старост се обидувале да го свртат против реформаторот, а регент на кралството станал некогашниот заштитник на Виклиф.

Меѓутоа, по пристигнувањето на папските були, било решено и безусловно наредено на цела Англија да го фати кривоверецот и да го стави во затвор. Овие мерки воделе право на клада. Се чинело сосема сигурно дека Виклиф наскоро ќе мора да падне како плен на римската освета. Но Оној кој во старо време рекол: “Не плаши се... Јас Сум твој штит” (Битие 15:1) пак ја испружил својата рака да го заштити Својот слуга. Дошла смртта, но не за реформаторот, туку за папата кој сакал да го уништи. Гргур XI умрел, а великодостојниците што се собрале поради судењето на Виклиф се разотишле.

Божјото провидение и понатаму управувало со настаните за да би ѝ овозможило можност за развој на штотуку започнатата реформација. По смртта на Гргур дошло до избор на двајца ривалски папи. Две спротивставени сили, од кои секоја тврдела дека е непогрешлива, сега барале послушност. (Види додаток) Секоја од соперничките страни ги повикувала верниците да и помогнат во борбата против онаа другата, поткрепувајќи ги своите барања со страшни анатеми за своите противници, а ветување и награда на небото за сите помагачи. Оваа појава многу ја ослабела папската власт. Соперничките страни премногу биле зафатени во меѓусебните борби, а Виклиф за извесно време бил оставен на мир. Анатеми и меѓусебни обвинувања оделе од едниот на другиот папа, и потоци крв биле прелевани во борбата за остварување на нивните спротивставени барања. Со злосторства и скандали била преплавена црквата. За тоа време реформаторот живеел во тивка повлеченост во својата парохија во Лутерворт, и трудољубиво настојувал вниманието на луѓето да го одврати од закрвавените папи кои меѓусебно војувале, а да го насочи кон Исус - Кнезот на мирот.

Овој раздор, со сите кавги и расипаности кои ги предизвикал, го подготвил патот за реформацијата, овозможувајќи му на народот да ја увиди вистинската природа на папството. Во една расправа што ја издал под наслов: “За раздорот на папите”, Виклиф го повикал народот да размисли, дали овие двајца свештеници ја зборуваат правата вистина, кога еден со друг се проколнуваат и се нарекуваат антихристи. “Бог - велел тој - не можел повеќе да допушти да владее демонот само преку еден од нив туку... меѓу нив да дојде до раздор, како луѓето во името на Христос, би можеле полесно да ги отфрлат и двајцата.” - Р. Воган, (Vaughan) Живот и мислење на Џ. Виклиф II, стр. 6.

Виклиф, како и неговиот Учител го проповедал евангелието на сиромашните. Незадоволувајќи се со тоа примената светлина да се шири само во сиромашните семејства на својата парохија во Лутерворт, решил вистината да ја однесе во секој дел на Англија. За да го оствари тоа, формирал група на проповедници, скромни, верни Божји луѓе, кои ја сакале вистината, а повеќе од сè сакале да ја пренесат и на другите. Овие луѓе се упатиле на сите страни, проповедајќи ја вистината по улиците и плоштадите во големите градови и по селските раскрсници. Посетувале стари, болни и сиромашни донесувајќи им ја радосната вест за Божјата милост.

Како професор по теологија во Оксфорд, Виклиф го проповедал Божјото Слово во дворовите на универзитетот. Толку верно ја прикажувал вистината на студентите, кои ги посетувале неговите предавања, што го нарекле “доктор по евангелие”. Но најголемо дело во неговиот живот требало да биде преведувањето на Светото писмо на англиски јазик. Во едно свое дело под наслов “За вистината и значењето на Светите списи”, ја изразил својата намера да ја преведе Библијата за да може во Англија секој поединец на својот мајчин јазик да чита за чудесните Божји дела.

Но одненадеж неговата работа била прекината. Иако уште немал шеесет години, непрекинатата работа, студиите и нападите на неговите непријатели ги ослабеле неговите животни сили и предвремено го остареле. Се разболел од една опасна болест. Веста за тоа ги израдувала калуѓерите. Се надевале дека за злото што го направил на црквата сега горко ќе се покае и побрзале во неговата соба да ја чујат неговата исповед. Претставници на четири религиозни реда и четири световни чиновници се собрале околу овој човек кој според нивното мислење бил пред смрт. “Смртта ви е на усните - му рекле тие - покајте се за своите гревови и порекнете во наше присуство сè што сте зборувале против нас.” Реформаторот без зборови ги слушал, а потоа го замолил слугата да го подигне во постелата и одлучно подигнувајќи го својот поглед кон присутните кои го очекувале неговото порекнување, им рекол со цврст и силен глас од кој често се треселе: “Нема јас да умрам туку ќе продолажам да живеам, укажувајќи и понатаму на злосторствата на монашко-питачкиот ред!” - Д’Обиње, I, 7 поглавје. Запрепастени и посрамени, монасите побрзале да ја напуштат собата.

Зборовите на Виклиф се исполниле. Тој живеел и понатаму за Библијата - тоа најсилно оружје против Рим, и од Бога одредено средство за ослободување, просветлување и обратување на народите - да ја предаде во рацете на своите сонародници. Започнатото дело да би можело и да се доврши, требало да се совладаат големи и тешки препреки. Виклиф физички многу ослабел, знаел дека за работа му преостануваат само уште неколку години, го видел отпорот на кој ќе наиде, но охрабрен од ветувањето на Божјото Слово, тргнал напред и ништо не можело да го исплаши. Со посебна грижа на Божјото провидение, неговите умни способности биле сочувани во полна сила и така, богат со искуство, бил подготвен за ова најголемо дело. Додека во целото христијанство владеел немир, реформаторот во својата парохија во Лутерворт, не гледајќи на бурата што надвор беснеела, потполно и се посветил на својата избрана задача.

Најпосле била завршена и оваа голема работа - првиот превод на Библијата на англиски јазик. Божјото Слово и било откриено на Англија. Реформаторот повеќе не се плашел ниту од затвор ниту од клада. Во рацете на англискиот народ го ставил виделото кое никогаш нема да изгасне. Давајќи ја на своите сонародници Библијата, Виклиф направил многу повеќе за да се раскинат синџирите на незнаењето и изопаченоста, да се ослободи и подигне народот, отколку што тоа го направиле и најсјајните победи на бојното поле.

Бидејќи тогаш печатарската вештина уште не била позната, новите преписи на Библијата можеле да се добијат само со бавна и напорна работа. Интересот за таа книга бил толку голем што многумина доброволно се посветиле на нејзиното препишување, но препишувачите не биле во состојба да ја задоволат побарувачката. Некои поимотни купувачи сакале да ја имаат целата Библија. Други пак набавувале само по некој дел. Во многу случаи, неколку семејства се сложувале да купат по еден примерок. Така Виклифовиот превод на Библијата за кратко време нашол пат во домовите на народот.

Апелирајќи на здравиот човечки разум, ги разбудил луѓето од нивната пасивна потчинетост на папските догми. Виклиф сега проповедал наука која претставувала посебна карактеристика на протестантизмот - спасение со вера во Христа и единствена непогрешливост на Светото писмо. Проповедниците што тој ги испраќал ја ширеле Библијата и реформаторските списи со таков успех, така што новата вера ја прифатил речиси половината од англискиот народ.

Појавата на Светото писмо ги исплашила црковните власти. Сега требало да се соочат со противник посилен од Виклиф, со противник против кој нивното оружје не било многу корисно. Во тоа време во Англија не постоел закон кој би ја забранувал Библијата, зашто никогаш пред тоа не била објавена на народен јазик. Такви закони биле издадени подоцна и најстрого применувани. Меѓутоа, и покрај сите напори преземани од страна на свештенството имало многу прилики и можности за ширење на Божјото Слово.

И повторно папските водачи преку заговор сакале да го замолкнат гласот на реформаторот. Трипати, едно по друго, бил повикуван на суд поради истрага, но без успех. Најпрвин еден бискупски синод неговите списи ги прогласил за еретички, а бидејќи го придобиле на своја страна младиот крал Ричард II, изнудиле и еден кралски декрет со кој сите оние кои ќе се придружат кон забранетата наука, ќе бидат осудени на затвор.

На таквата одлука на синодот, Виклиф се жалел до Парламентот. Пред националниот совет храбро ја обвинувал хиерархијата и барал да се изврши реформа во многубројните злоупотреби што црквата ги одобрувала. Убедливо и силно ја опишал узурпацијата и корупцијата на папската столица. Неговите непријатели биле доведени во забуна. Сепак, бидејќи пријателите и помагачите на Виклиф биле принудени да се повлечат, со сигурност се очекувало дека и самиот реформатор, во својата длабока старост, осамен и без пријатели ќе се покори на здружениот авторитет на кралската круна и на митрата на црковните великодостојници. Но наместо тоа, папистите доживеале пораз. Парламентот, возбуден од силниот апел на Виклиф го повлекол едиктот за неговото прогонство, а реформаторот повторно се нашол на слобода.

И по третпат бил повикан на сослушување, и тоа пред највисокиот црковен суд во земјата. Тука нема да има никакво одобрување ниту милост за кривоверството. Тука Рим дефинитивно ќе триумфира, а работата на реформаторот ќе биде запрена, така мислеле папистите. Само ако ја постигнат својата цел, Виклиф ќе биде присилен да се одрече од своите учења, или во спротивно од судницата ќе оди право на клада.

Меѓутоа, Виклиф ништо не порекнал, не сакал да биде лицемер. Бестрашно го бранел своето учење и ги побивал обвинувањата на своите прогонители. Заборавајќи на себе и на својата положба, ги повикал своите слушатели пред Божјиот суд, мерејќи ги нивните лукавства и измами на мерилата на вечната вистина. Во судската сала се почувствувала силата на Светиот Дух. Бог направил присутните да бидат како маѓепсани. Изгледало како да немаат сила ни да се помрднат од своите места. Како стрели од Божјата футрола за стрели, зборовите на реформаторот ги погодувале нивните срца. Обвинувањата за ерес што ги подигнале против него, тој со убедлива сила ги префрлил на нив самите. “Како се осмелувате”, запрашал тој, “да ги ширите своите заблуди, и со Божјата милост поради заработувачка, да тргувате како со стока?”

“Со кого вие, по ваше мислење, се борите” - рекол на крајот; “Со еден стар човек кој е на крајот на животот? Не! Се борите со вистината, со вистината која е посилна од вас и која ќе ве победи.” Вили, II, 13 поглавје. Откако го рекол тоа, излегол од судската сала и ниту еден негов непријател не се обидел да го запре.

Виклифовата работа била речиси довршена, знамето на вистината кое толку долго го носел, требало наскоро да падне од неговите раце, но уште еднаш требало да посведочи за евангелието. Вистината требало да се изнесе и во самата тврдина на царството на заблудата. Виклиф бил повикан поради сослушување пред папскиот суд во Рим, кој толку често ја пролевал крвта на светите маченици. Тој добро знаел каква опасност му се заканува, но сепак ќе се јавел на повикот, доколку не добиел мозочен удар кој го онеспособил да тргне на пат. Но, иако неговиот глас не можел да се слушне во Рим, тој можел да прозбори и преку писмо и веднаш решил да постапи така. Од својата парохија реформаторот на папата му напишал писмо кое, иако составено со учтив тон и христијански дух, сепак претставувало остар прекор против ништожноста и гордоста на папскиот престол.

“Навистина се радувам - пишувал тој, што можам на секој човек, а особено на бискупот во Рим да ја објавам верата што ја исповедам и која ја сметам за здрава и вистинита, се надевам дека тој со радост ќе ја потврди или ако е погрешна ќе ја поправи.”

“Прво јас мислам дека Христовото евангелие го претставува Божјиот закон во целина... Поради тоа сметам дека римскиот бискуп е обврзан, доколку се смета за Христов намесник на земјата, најпрв од сите да го прифати законот на евангелието. Зашто големината на Христовите ученици не се огледала во световното достоинство и чест, туку во точното следење на Христа што се однесува до животот и работата... Христос за време на Својот патнички живот на земјата бил најсиромашен човек, отфрлувајќи со презир секаква световна власт и чест.

“Ниту еден верник за пример не треба да го земе папата ниту кој било светец, освен во оние точки во кои го следат Господа Исуса Христа; дури ни Петар и Зеведеевите синови во својот стремеж кон земни почести не оделе по Христовите стапки, и поради тоа во тие заблуди не треба да ги следиме.

“Папата сета земна власт и управувањето треба да им ги препушти на световните владетели, и во таа смисла да го поттикнува и насочува целокупното свое свештенство; зашто така постапувал Христос, а посебно преку Своите апостоли. Затоа, ако сум погрешил во некои од овие точки, понизно ќе примам укор, па дури ако е потребно ќе појдам и во смрт, кога би можел да постапувам според својата желба и волја, лично би се претставил на римскиот бискуп. Но Господ сакаше на друг начин и ме поучи повеќе да го слушам Бога отколку луѓето.”

Во заклучокот нагласил: “Да се молиме на Бога да влијае врз нашиот папа Урбан ВИ, тој и неговото свештенство во својот живот и навики да се угледаат на нашиот Господ Исус Христос, верниците со успех да ги поучуваат, а овие исто така верно да ги следат.” - Џ. Фокс, (J. Foxe) Дела и споменици, III, стр. 49, 50.

На тој начин Виклиф пред папата и неговите кардинали ја покажал Христовата благост и понизност, со што им ја покажал не само на нив туку и на целото христијанство разликата меѓу нив и Учителот за чиишто претставници се претставувале.

Виклиф не очекувал ништо друго освен дека таа негова верност ќе го чини живот. Кралот, папата и бискупите се здружиле за да го уништат, и сосема сигурно изгледало дека по неколку месеци ќе заврши на клада. Но неговата храброст била непоколеблива. “Зошто зборувате дека круната на мачеништвото треба да се бара далеку?” - велел тој. “Проповедајте го Христовото евангелие на гордите бискупи, и мачеништвото нема да изостане. Што? Зарем да молчам само затоа да би живеел?... Никогаш! Нека падне ударот, тоа и го очекувам.” - Д’Обиње, I, 8 поглавје.

Но Божјото провидение сè уште го чувало својот слуга. Човекот кој во текот на целиот свој живот ја бранел вистината, изложувајќи го својот живот постојано во опасност, не смеел да падне како жртва на омразата на нивните непријатели. Виклиф никогаш не настојувал самиот да се заштити, но сепак Господ бил негов заштитник; во моментот кога неговите непријатели мислеле дека им е сигурен плен, Божјата рака го засолнила надвор од нивниот досег. Токму кога во својата црква во Лутерворт сакал да ја подели причеста, паднал погоден од мозочен удар и за кратко време починал.

Самиот Бог ја одредил задачата на Виклиф. Го ставил словото на вистината во неговата уста и поставил стража околу него за да може тоа слово да дојде до народот. Неговиот живот бил заштитен, а неговата работа продолжувана, сè додека не бил положен темелот за големото дело на реформацијата.

Виклиф дошол од густата темнина на средниот век. Пред него немало никаков претходник според чијашто работа би можел да го обликува својот систем на реформа. Подигнат за посебна мисија, како Јован Крстителот, тој бил предвесник на една нова ера. А сепак системот на вистината што тој го изнесувал бил толку едноставен и целосен, така што реформаторите што дошле по него не го надминале, а некои не го ни достигнале, дури и сто години подоцна. Темелот бил положен толку широко и длабоко, а скелетот поставен толку цврсто и сигурно, така што оние кои дошле по него не морале повторно да го поставуваат.

Големото движење коешто Виклиф го започнал со цел за ослободување на совеста и умот, како и за еманципација на народите коишто толку долго биле впрегнати во триумфалната кола на Рим, имало свој корен во Библијата. Тука се наоѓал изворот на онаа благословена струја којашто, слично на реката на животот, од четиринаесеттиот век потекла за сите времиња. Виклиф го прегрнал Светото писмо, длабоко верувајќи дека тоа претставува вдахновено откровение на Божјата волја, како сигурно правило на верата и животот. Тој бил воспитуван Римокатоличката црква да ја смета за божествено непогрешлив авторитет, илјадагодишното учење и обичаите да ги прима со безусловно почитување; но тој сето тоа го оставил за да го послуша светото Божјо Слово. Тоа бил авторитетот кон кој тој го упатувал народот. Наместо на црквата која зборувала преку папата, укажувал на Божјиот глас како на единствен и вистински авторитет кој го наоѓаме во Неговото Слово. Учел дека Библијата претставува совршено откровение на Божјата волја, и не само тоа, туку и тоа дека Светиот Дух е единствен нејзин толкувач и дека треба секој со лично проучување на нејзините учења да дознае што му е должност. Така тој мислите на луѓето ги одвраќал од папата и од римската црква и ги упатувал на Божјото Слово.

Виклиф бил еден од најголемите реформатори. Од оние кои дошле по него, малку кој може да се изедначи со него по интелектуалната сила, и по јасноста на мислите, по цврстината со која се држел за вистината и храброста искажана во нејзината одбрана. Чистотата на животот, неуморната трудољубивост во проучувањето и работата, беспрекорната чесност и љубовта слична на Христовата и верност во службата - тоа биле особините со кои се одликувал овој прв реформатор и покрај духовната темнина и моралната изопаченост на времето во кое живеел.

Виклифовиот карактер претставува доказ за воспитната и преобразувачката моќ на Светото писмо. Библијата била таа која го направила таков каков што бил. Напорот да се сфатат големите вистини на божественото откровение на сите способности им дава свежина и сила. Тој го развива умот, ја изострува моќта на разбирањето и му дава зрелост на расудувањето. Проучувањето на Библијата ја облагородува секоја мисла, секое чувство и секој стремеж, повеќе од кои било студии. Тоа им дава цврстина на намерите, трпение, храброст и духовна сила; тоа го облагородува карактерот и ја просветлува душата. Сериозното проучување на Светото писмо, проучувањето со стравопочитување кое душата на истражувачот ја доведува во непосреден допир со Умот на Сезнајниот, на светот би му дало луѓе со посилни и поделотворни разумни способности, со поблагородни начела, што не може да се постигне ниту со најдоброто образование кое го овозможува човечката филозофија. “Објавувањето на Твоите зборови просветлува, ги вразумува простодушните” (Псалм 119:130).

Учењата што го изнесувал Виклиф продолжиле да се шират уште некое време. Неговите следбеници, познати под името виклифовци и лоларди пропатувале не само низ Англија туку отишле и по други земји проповедајќи го евангелието. Сега откако нивниот водач не бил со нив, овие проповедници работеле со уште поголема ревност отколку порано, и маси луѓе се собирале да ги слушаат нивните учења. Некои од припадниците на високото благородништво, па дури и сопругата на кралот се нашле меѓу обратените. Во многу места дошло до забележителна реформа во обичаите и навиките кај луѓето, а идолопоклоничките симболи на римокатолиците биле исфрлени од црквите. Меѓутоа, набргу се подигнала немилосрдна бура на прогонство против оние кои се осмелиле да ја земат Библијата како свој водач. Англиските владетели, со желба да ја зацврстат својата власт со поддршка од Рим, не се колебале да ги жртвуваат реформаторите. За првпат во историјата на Англија воведена е клада за учениците на евангелието. Едно по друго се нижеле мачеништво по мачеништво. Молитвите на бранителите на вистината кои свирепо биле прогонувани и мачени, се издигале до ушите на Господ. Прогонети како непријатели на црквата, и предавници на кралството, тие продолжиле да проповедаат на тајни места, наоѓајќи засолниште во скромните домови на сиромашните, а често и во дупките и пештерите.

И покрај жестината на прогонството, уште со векови продолжил мирниот, побожниот, усрдниот и трпеливиот протест против преовладувачката изопаченост на верата. Христијаните во она време имале само делумно познавање за вистината, но биле научени да го ценат и сакаат Божјото Слово, да му се покоруваат и со трпение да страдаат за него. Како верниците во апостолските денови, многумина го жртвувале својот земен имот за Христовото дело. Оние кои останале во своите домови, со радост им давале засолниште на своите прогонети браќа, а кога и самите биле прогонети, исто така со радост ја прифаќале судбината на бездомници. Навистина, илјадници од нив, застрашени од бесот на своите прогонители, ја купувале својата слобода со жртвување на својата вера и го напуштале затворот во покајничка облека, покажувајќи го на тој начин своето откажување. Но не бил мал бројот и на оние, а меѓу нив се наоѓале луѓе и со благородничко и со скромно потекло, кои во затворските ќелии, “во лолардските кули, во мачилиштата и среде пламенот храбро сведочеле за вистината, радувајќи се што се удостоиле да го запознаат “учеството во Неговите страдања” (Филимон 3:10).

Папистите немале прилика да ги остварат своите намери со Виклиф додека тој бил жив, нивната омраза не можела да се задоволи додека неговото тело мирно почивало во гробот. Четириесет години по неговата смрт, неговите коски - по одлука на црковниот собор одржан во Констанца, ги ископале и јавно ги спалиле, а пепелта била фрлена во блискиот поток. “Потокот - вели еден писател, ја однел неговата пепел во Авон, Авон во Сверн, Сверн во Бристолскиот залив, а овој во океанот. Така Виклифовата пепел станала симбол на неговото учење кое се раширило по целиот свет” - Т. Фулер, Историја на црквата во Британија, IV, дел 2, чл. 54. Неговите непријатели не насетувале какво значење имал нивниот злобен чин.

Со посредство токму на Виклифовите списи Јан Хус, од Чешка, бил поттикнат да се откаже од многуте заблуди на Римокатоличката црква и да пристапи кон делото на реформацијата. Така меѓу овие две, меѓусебно толку оддалечени земји, било посеано семето на вистината. Од Чешка движењето се раширило и во други земји и мислите на луѓето биле насочени кон Божјото Слово, кое долго било заборавено. Божествената рака го подготвувала патот за големата реформација.