Големата борба помеѓу Христа и сатаната

04. Валденжани

Среде темнината која во текот на долгиот период на папската превласт ја покрила земјата, виделото на вистината не можело да биде сосема згаснато. Во сите времиња имало Божји сведоци - луѓе што имале вера во Христа како единствен посредник помеѓу Бога и човекот, на кои Библијата им била единственото животно правило и кои ја празнувале вистинската сабота. Колку светот им должи на овие луѓе, потомството, ниту идните поколенија никогаш нема да дознаат. Тие биле жигосани како еретици, нивните мотиви лажно толкувани, нивниот карактер клеветнички омаловажуван, а нивните списи забранувани, извртувани или осакатувани. Но сепак тие останувале цврсти, и од поколение на поколение ја чувале својата вера во нејзината чистота, како свето наследство за идните поколенија.

Историјата на верниот Божји народ во текот на мрачните векови кои следувале по воспоставувањето на врховната власт на Рим, запишана е само на небото, таа има малку место во човечките записи. За постоењето на Божјиот народ во тоа време одвај наоѓаме трага, освен во тужбите на нивните прогонители. Политиката на Рим се огледала во настојувањето да избрише секаква трага на неслога со неговите доктрини или декрети. Сè што се сметало за еретично, било тоа да се физички лица или списи, е уништено. Изразување на сомнеж, или само на едно прашање во врска со авторитетот на папските догми било доволно осомничените да го изгубат животот, било да се богати или сиромашни, угледни или обични луѓе. Рим исто така настојувал да го уништи секој извештај за својата свирепост кон еретиците. На папските собори било решено сите книги или списи што содржат такви извештаи да бидат запалени. Пред пронаоѓањето на печатарската вештина имало малку книги и тие по самиот свој облик биле незгодни за чување, поради тоа на приврзаниците на Рим не им било тешко да ја остварат својата намера.

На ниедна црква што се наоѓала во границите на римската власт, не ѝ било дозволено долго да ја ужива слободата на совеста. Само што дошло на власт, папството веднаш ја пружило раката да го уништи секого што ќе одбие да ја признае неговата надмоќност; и така црквите, една по друга, се потчинувале на неговата власт.

Во Велика Британија христијанството многу рано зафатило корен. Евангелието што го прифатиле Британците во првиот век сè уште останало неизопачено од римското отпадништво. Прогонствата од страна на незнабожечките цареви, кои се почувствувале се до овие оддалечени крајбрежја, биле единствениот дар што првите британски цркви го добиле од Рим. Многу христијани, бегајќи од прогонството во Англија, нашле засолниште во Шкотска, оттаму вистината е однесена во Ирска, и во сите тие земји била радосно примена.

Кога Саксонците ја заземале Британија, незнабошците ја задобиле власта. Освојувачите одбиле да бидат поучувани од страна на своите робови, и христијаните морале да се повлечат во планините и пустите тресетишта. Меѓутоа, виделото сокриено за извесно време продолжило и понатаму да свети. По само еден век, тоа во Шкотска заблескало со таков сјај, така што неговите зраци допреле дури до најоддалечените земји. Од Ирска дошол побожниот Колумбо со своите соработници, и собирајќи ги околу себе распрсканите верници на осамениот остров Јона, го направил центар на својата мисионерска работа. Меѓу овие евангелисти се наоѓал еден почитувач на библиската сабота и така оваа вистина дошла до народот. На островот Јона била основана школа од која мисионерите заминувале нe само во Шкотска и Англија, туку и во Германија, Швајцарија и Италија.

Но Рим го насочил својот поглед и на Британија и донел решение да ја стави под своја власт. Во шестиот век римските мисионери презеле акција да ги обратат незнабожечките Саксонци. Горделивите варвари ги примиле благонаклонето и илјадници од нив биле наведени да ја прифатат римската вера. Кога нивното дело почнало да напредува, папските водачи и нивните обратеници дошле во допир со првобитните христијани. Веднаш се покажала упадлива разлика. Овие припадници на првобитното христијанство биле едноставни, кротки и библиски воспитани во поглед на карактерот, учењето и однесувањето, додека следбениците на Рим покажувале празноверие, сјај и папска дрскост. Римскиот пратеник барал овие христијански цркви да ја признаат врховната власт на папата како највисок свештеник. Британците одговориле благо дека тие сакаат да бидат во љубов со сите луѓе, но дека папата нема право на врховна власт во црквата и тие можат да му ја укажуваат само таа потчинетост што му ја должат на секој Христов следбеник. Повеќепати Рим се обидувал да ја придoбие нивната покорност, но овие понизни христијани, изненадени од гордоста на римските емисари, решително одговориле дека не признаваат друг господар освен Христос. Тогаш се открил вистинскиот дух на папството. Римскиот претставник рекол: “Кога не сакате да ги примите браќата кои ви донесуваат мир, ќе ги примите непријателите кои ви донесуваат војна. Бидејќи не сакате да се соедините со нас и на Саксонците да им го покажете патот на животот, од нив ќе примите смртен удар!” - Д’Обиње (D’ Aubigne), Историја на реформацијата, II, 2 погл. Тоа не биле празни закани. Војни, интриги и измами, користени се против овие сведоци на библиската вера, сè додека британските цркви не биле уништени или принудени да се потчинат на папскиот авторитет.

Во земјите надвор од римската власт, постоеле во текот на многу векови групи на христијани, кои останале сосема слободни од папската расипаност. Опкружени со незнабошци, тие со текот на годините паднале под влијание на некои од нивните заблуди, но и понатаму ја сметале Библијата за единствено правило на верата и се придржувале на многу нејзини вистини. Овие христијани верувале во непроменливоста на Божјиот закон и според четвртата заповед ја празнувале саботата. Црквите кои ја држeле оваа вера и ја спроведувале во својот живот, постоеле во централна Африка и меѓу Ерменците во Азија.

Но меѓу оние што се спротивставувале на навлегувањето на папската сила особено се истакнувале Валденжаните. Токму во земјата каде што папството го поставило своето седиште, се појавил најсилен отпор против неговите лаги и изопачености. Со векови црквите на Пиемонт ја чувале својата независност, но конечно дошло време Рим да ја побара нивната покорност. По безуспешните борби против неговата тиранија, водачите на овие заедници ја признале, и против својата волја, надмоќноста на оваа сила на која, како што изгледало, и се покорува целиот свет. Сепак, имало и такви кои одбиле да се потчинат на папскиот авторитет и прелатите. Тие решиле да останат верни само на Бога и да ја сочуваат чистотата и едноставноста на својата вера. Така дошло до одделување. Оние кои ја исповедале старата вера морале да се повлечат, едни ги оставиле своите родни Алпи и го подигнале знамето на вистината во туѓи земји, други пак се повлекле во осамени долини и горски пештери и така ја сочувале својата слобода за да му служат на Бога.

Верата која валденжанските христијани со векови ја исповедале и чиешто учење го истакнувале, била во остра спротивност со лажните учења што потекнувале од Рим. Нивната вера се градела на напишаното Божјо Слово, на вистинскиот христијански темел. Но тие скромни земјоделци во своите зафрлени засолништа, одделени од светот и врзани за секојдневната работа околу своите стада и своите лозја, не дошле сами до вистината која била во толкава спротивност со догмите и ересите на отпаднатите цркви. Нивното верување не претставувало ништо ново, туку наследство примено од предците. Тие се бореле за верата на апостолската црква, за верата “која им е дадена на светите еднаш засекогаш” (Јуда 3). “Заедница во пустина”, а не горделива хиерархија воспоставена во големата светска метропола, била вистинската Христова Заедница, чувар на богатството на вистината која Бог му ја доверил на Својот народ да ја пренесе на светот.

Една од главните причини која довела до одделување помеѓу вистинската црква и Рим била омразата на римокатолицизмот кон библиската сабота. Како што најавило пророштвото, папската власт ја згазила вистината. Божјиот закон бил фрлен во прав, а човечките обичаи и преданија воздигнувани. Црквите кои биле под папската власт многу брзо биле присилени да ја празнуваат неделата како свет ден. Среде мошне распространетите заблуди и празноверија, многумина, дури и од вистинскиот Божји народ, кои ја празнувале саботата, толку многу се збуниле што и во недела се воздржувале од работа. Меѓутоа, ниту тоа не било доволно за водачите на папството. Тие барале не само да се празнува неделата, туку и да се осквернува саботата, оние кои би се осмелиле да ја слават ги обвинувале со најтешки зборови. Божјиот закон можеле да го држат во мир само оние кои побегнале надвор од дофатот на римските сили.

Валденжаните први од европските народи го добиле преводот на Светите списи на Библијата (Види додаток). Со векови пред реформацијата ја имале Библијата во ракопис на својот мајчин јазик. Ја имале вистината неизмешана со заблуди, и тоа ги направило посебен предмет на омраза и прогонство. Тие Римокатоличката црква ја прогласиле за отпаднатиот Вавилон од Откровението, и ризикувајќи го дури и сопствениот живот, станувале да се спротивстават на нејзината расипаност. Додека некои, под притисок на долготрајните прогонства, попуштиле во својата вера и малку по малку отстапувале од нејзините карактеристични начела, толку повеќе други, цврсто се држеле за вистината. Во текот на сите тие векови на мрак и отпадништво, имало Валденжани кои не ја признавале врховната власт на Рим, поклонувањето на слики го отфрлиле како идолопоклонство и ја празнувале вистинската сабота. Во најжестоките бури на противење ја сочувале својата вера. Иако прободувани со савојски копја и спалувани на римски клади, тие непоколебливо го бранеле Божјото Слово и честа на Неговото име.

Зад високите планински утврдувања, засолништа на гонетите и угнетуваните во сите времиња, Валденжаните го нашле своето засолниште. Тука виделото на вистината речиси среде сеопштата темнина на средниот век, не престанало да свети. Тука, во текот на илјада години, сведоците на вистината ја чувале старата вера.

Самиот Бог за Своите верни го подготвил ова посебно величествено засолниште како светиња која одговарала на возвишените и големи вистини што им ги доверил. За овие верни изгнаници, планините претставувале симбол на непроменливата Јеховина правда. Укажувајќи им на своите деца на високите планини кои се издигале пред нив во својата непроменлива величественост, им зборувале за Оној кај кого нема “измени ниту сенка од промена”, и чиј збор е исто толку траен како и тие вечни ридови. Бог ги утврдил горите и ги опашал со јачина, и ниту една рака, освен Неговата неизмерна сила, не можела да ги помести од нивното место. На сличен начин Тој го поставил и Својот закон, основа на Своето владеење на небото и земјата. Човечката рака може да допре до своите ближни и да им го уништи животот, но како што не може да ги искорне планините од нивниот темел и да ги фрли во море, исто така не може да измени ниту еден пропис од Божјиот закон, ниту пак да избрише макар и едно дадено ветување на оние што ја извршуваат Неговата волја. Во својата верност кон Неговиот закон, Божјите слуги треба исто така да бидат цврсти како тие неподвижни планини.

Планинските масиви кои ги опкружувале нивните тесни долини, биле постојани сведоци на Божјата творечка моќ и гаранција за Неговата заштита и грижа. Овие побожни патници и придојденици, навикнувајќи се на тие неми симболи на Божјата присутност, ги засакале истите. Не покажувале никакво негодување поради својата мачна судбина, никогаш не се чувствувале осамени среде планинската самотија. Му заблагодарувале на Бога што им овозможил засолниште од гневот и свирепоста на луѓето. Се радувале што можеле слободно да Му служат. Често се покажувало, кога биле прогонувани од своите непријатели, дека тие големи ридови им овозможуваат сигурна заштита и одбрана. Од многу непристапни врвови кон небото се дигале нивните фалоспеви, а римските војски не можеле да ги замолкнат нивните песни на благодарност кон Бога.

Чиста, едноставна и срдечна била побожноста на овие Христови следбеници. Тие начелата на вистината повеќе ги ценеле од куќите, имотот, роднините, пријателите па дури и од самиот живот. Грижливо настојувале тие начела да ги всадат и во срцата на младите поколенија. Своите деца од нивното најрано детство ги поучувале од Светото писмо и ги учеле барањата на Божјиот закон да ги сметаат за свети. Во тоа време преписите на Библијата биле многу ретки, затоа нејзините драгоцени зборови ги учеле напамет. Многумина биле во состојба да изговорат напамет цели делови од Стариот и Новиот завет. Мислите за Бога се соединувале со возвишените сцени на природата и со скромните благослови на секојдневниот живот. Малите деца ги учеле со благодарност да гледаат на Бога како на дарител на секоја милост и утеха.

Родителите, иако нежни и полни со љубов, мудро настојувале да не ги навикнат своите деца да си угодуваат себеси. Пред нив бил живот полн со искушенија и тешкотии, а можеби и маченичка смрт. Уште од детството биле воспитувани да ги поднесуваат тешкотиите, да се потчинуваат на наредбите, а сепак да мислат и постапуваат самостојно. Уште од најраната младост биле подучувани да носат одговорности, во зборувањето да бидат внимателни и да ја сфатат сета мудрост на молчењето. Со еден непромислен збор, кој би допрел до увото на нивните непријатели, секој поединец можел да го доведе во опасност не само сопствениот живот, туку и животите на стотици свои браќа, зашто како што волците го прогонуваат својот плен, така непријателите на вистината ги прогонувале оние што се осмелувале да бараат слобода на вероисповедта.

Валденжаните поради вистината ја жртвувале својата земна среќа и во своите макотрпни напори за насушниот леб биле постојани и трпеливи. Секој дел на обработлива земја помеѓу планините грижливо бил искористен; долините и помалку плодните стрмнини биле направени плодни. Штедењето и строгото самоодрекување претставувало дел од воспитувањето кое децата го примале како единствено наследство. Биле поучувани дека животот според Божјата намера, треба да биде постојана дисциплина, и дека своите животни потреби можат да ги намират само со лична работа, промисленост, грижливост и вера. Овој процес бил мачен и тежок, но благотворен, бил токму она што му е потребно на паднатиот човек во неговата сегашна состојба - школа која Бог ја предвидел за негово обучување и развој. Додека младите на тој начин се челичеле со оскудица и напорна работа, не се занемарувало ниту негувањето на умните способности. Биле поучувани дека сите нивни сили му припаѓаат на Бога и дека мораат да ги развиваат и усовршуваат за Неговата служба.

Валденжанските цркви според својата чистота и едноставност потсетувале на црквите од апостолските денови. Отфрлувајќи ја врховната власт на папата и епсикопите, Библијата ја сметале за највисок и единствен непогрешлив авторитет. Нивните пастори, за разлика од господствено гордите свештеници на Рим, го следеле примерот на својот Учител кој не дошол да “Му служат, туку да служи” (Матеј 20:28). Го паселе Божјото стадо, водејќи го на “зелени пасишта” (Псалм 23:1, 2) и кон живите извори на Неговото свето Слово. Далеку од спомениците на човечкиот раскош и гордост, верниците се собирале, не во величествени цркви или огромни катедрали туку во планинските сенки, во алпските долини, или, во време на опасност, во некоја пештера која им била како природна тврдина, за да ги слушаат зборовите на вистината од Христовите слуги. Духовните пастири не го проповедале само евангелието, туку ги посетувале и болните, ги поучувале децата во верата, ги предупредувале залутаните, настојувале да ги оттргнат несогласувањата и да ја унапредат слогата и братската љубов. Во мирно време се издржувале со доброволните прилози на верниците, меѓутоа, секој имал и некој занает или занимање со кој во случај на потреба, би можел како и апостол Павле во свое време, сам да се издржува.

Младината примала поуки од своите духовни пастири. Иако е посветувано внимание и на разни гранки од општата наука, сепак Библијата била главен предмет на проучување. Евангелијата според Матеј и Јован, како и многу други посланија, ги учеле напамет. Се занимавале и со препишување на Светото писмо. Некои преписи го опфаќале целото писмо, а некои само кратки делови, пропратени со едноставни објаснувања од оние кои биле способни да ја толкуваат Библијата. На тој начин богатството на вистината, кое многу време било криено од страна на оние што сакале да се воздигнат над Бога, било изнесено на светлината на денот.

Со трпелива и неуморна работа, понекогаш во длабоки и темни подземни пештери на земјата, при светлината на факелот, биле препишувани светите списи, стих по стих, дел по дел. Така делото напредувало, додека откриената Божја волја блескала како чисто злато; колку тоа дело покрај сите искушенија што се поднесувани поради него станувало пославно, поблескаво и посилно, можеле да знаат само оние што учествувале во него. Ангели испратени од небото ги опкружувале овие верни работници.

Сатаната ги поттикнал папските свештеници и епископи да го закопаат словото на вистината под ништожните заблуди, ереси и празноверија, но сепак тоа, и тоа на најчудесен начин, е сочувано неизопачено низ сите векови на мракот. Тоа не носело човечки, туку Божји печат. Луѓето биле неуморни во своите напори да го замрачат јасното и едноставното значење на светите списи, прикажувајќи ги така како нивните сведоштва да си противречат самите на себе, но слично како Ноевиот ковчег на разбранетите бранови на бескрајното море, Божјото Слово издржува сред сите бури кои му се закануваат со уништување. Како што рудникот своите богати жили на злато и сребро ги крие под површината, и сите кои сакаат да ги откријат неговите скапоцености мораат да копаат, така и Светото писмо содржи богатства на вистината кои се откриваат само на срдечен, понизен и побожен испитувач. Бог одредил Библијата за сите припадници на човечкиот род да биде учебник во детството, младоста и во зрелите години и да се проучува низ сите времиња. Тој Своето Слово им го дал на луѓето како откровение за самиот Себе. Секое ново сознание за вистината претставува ново откровение на карактерот на Авторот. Проучувањето на Светото писмо е средство одредено од небото, за да се доведат луѓето во потесна врска со Творецот и да дојдат до појасно познавање на Неговата волја. Тоа претставува видлив канал за одржување на врска помеѓу Бога и луѓето.

Додека Господовиот страв го сметале за почеток на мудроста, Валденжаните не ја пренебрегнале ниту важноста од допирот со светот, познавањето на луѓето и активностите на животот, свесни дека сето тоа ги развива и изострува способностите на умот. Од своите школи во планините, некои момчиња биле упатувани во воспитните институции во разни градови на Франција и Италија, каде што за своите студии, размислувања и забележувања, имале пошироко поле отколку во своите родни Алпи. Таму овие момчиња биле изложени на разни искушенија, морале да го гледаат порокот и лукавите сатански агенти кои се обидувале да им наметнат најпрепредени ереси и најопасни измами. Но, благодарејќи на своето воспитување примено уште во детството, тие биле подготвени да се спротивстават на сето тоа.

Во училиштата што ги посетувале, тие на никого не се доверувале. Нивната облека била така скроена, за во неа да можеле да го кријат своето најголемо богатство - скапоцените ракописи на Светите списи. Овие ракописи, плодови на повеќемесечни и повеќегодишни напори, секогаш ги носеле со себе, и кога ќе им се укажала можност, а при тоа да не предизвикаат сомнеж, внимателно покажувале по некој дел од тие драгоцени списи на оние чиишто срца им изгледале отворени за примање на вистината. Уште од мајчиното крило валденжанските момчиња биле воспитувани таа цел да им биде секогаш пред очи, тие ја сфатиле својата задача и верно ја извршувале. Во тие научни институции многумина преку нив биле придобиени за вистинската вера, и често се случувало нејзините начела да ја проникнат целата школа, а на папските управители и покрај најстрогите истраги не им поаѓало од рака да го откријат изворот на оваа, како што ја нарекувале, заразна ерес.

Христовиот дух е мисионерски дух. Првиот стремеж на препороденото срце е да може и другите да ги доведе кај Спасителот. Таков дух ги покренувал валденжанските христијани. Чувствувале дека Бог од нив бара не само да ја сочуваат вистината во нејзината чистота во својата црква, туку нешто повеќе од тоа, врз нив почивала сериозна одговорност, со светлината која им била доверена да ги осветлат и оние кои се наоѓале во темнина, со моќната сила на Божјото Слово тие настојувале да ги раскинат оковите кои Рим ги наметнал на светот. Валденжанските проповедници биле подготвувани за мисионери, од секој кој ќе се решел за проповедничкиот повик, најпрвин се барало да добие искуство како евангелист. Секој морал да служи три години во некое мисионерско поле пред да му биде доверена некоја црква во татковината. Оваа служба која од самиот почеток барала самоодрекување и жртва претставувала добар вовед во пастирскиот живот во она време, полно со толку тешки искушенија за човечката душа. Момчињата кои го прифатиле овој свет повик пред себе немале никаков изглед за земни богатства и почести, туку живот полн со напори и опасности, а често и можност за маченичка смрт. Овие мисионери на работа заминувале двајца по двајца, како што и Исус ги праќал Своите ученици. Со секој помлад обично одел некој постар и поискусен сопатник кој бил одговорен за обучувањето на помладиот, а овој бил должен да ги слуша неговите упатства. Овие соработници не биле секогаш заедно, но често се состанувале поради молитви и советувања и на тој начин заеднички јакнеле во верата.

Да се открие целта на својата мисија, би значело да се осигура сопствениот пораз, па затоа тие грижливо ја криеле својата вистинска улога. Секој проповедник имал некој занает или занимање, и така под наметката на некој земен повик ја извршувале својата мисија. Обично доаѓале како трговци или домари. “Нуделе свила, накит и други производи кои во тоа време ги имало само во оддалечените трговски центри, па на тој начин како трговци наоѓале пристап и таму каде што како мисионери сигурно со презир би биле одбиени.” - Вили, книга I, 7. поглавје. За сето време тие без прекин своето срце го издигале кон Бога, молејќи го за мудрост за да можеле да го изнесат богатството подрагоцено од златото или кој било друг накит. Тајно ги носеле примероците на Светото писмо, во целост или во делови, и кога за тоа ќе им се дадела можност, го свртувале вниманието на купувачите на овие ракописи. Често на овој начин буделе интерес за читање на Божјото Слово, а на оние кои сакале, со задоволство им оставале по некои делови од неа.

Делото на овие мисионери започнато во рамнините и долините во подножјето на нивните родни планини, се проширило далеку надвор од тие граници. Боси, облечени во груби и од патот прашливи облеки, како некогаш и нивниот Учител, поминувале низ големите градови и стигнувале до далечните земји. Насекаде го сееле драгоценото семе. На нивните патишта никнувале цркви, а крвта на мачениците претставувала сведоштво за вистината. Само Божјиот ден ќе ја открие богатата жетва на души, собрани со работата на овие верни луѓе. Засолнето со превез, Божјото Слово тивко си правело пат низ христијанството, наидувајќи на срдечен прием во домовите и срцата на луѓето.

За Валденжаните Светите списи на Божјото Слово не претставувале само запис за Божјото постапување со луѓето во минатото и откровение за сегашните одговорности и должности, туку им укажувало на опасностите што постојат и на славата на иднината. Верувале дека крајот на с# што е земно не е далеку, и проучувајќи ја Библијата со молитва и во солзи, биле с# подлабоко импресионирани од нејзините драгоцени мисли, а должноста и другите да ги запознаат со нејзините спасоносни вистини, уште посилно им се врежувала во душата. Тие на нејзините свети страници јасно го согледале откриениот план на спасението, и во верата во Христа наоѓале утеха, надеж и мир. Бидејќи божествената светлина го осветлила нивниот ум и ги развеселила нивните срца, копнееле нејзините светли зраци да ги огреат и оние што живееле во мракот на папските заблуди.

Тие виделе дека масите, под водство на папата и свештенството, напразно настојувале да добијат простување “за гревовите на својата душа” со мачењето на телото. Научени во поглед на спасението да се надеваат во своите добри дела, луѓето постојано гледале само на себе, и согледувајќи ја својата грешност и чувствувајќи се поради тоа изложени на Божјиот гнев, го мачеле своето тело и душа, но во тоа не наоѓале никакво олеснување. Така совесните души биле врзани со науката на Рим. Илјадници од нив ги напуштале своите роднини и пријатели и го поминувале својот живот во манастирските ќелии. Со често постење, жестоко камшикување и полноќно бдеење, со долго коленичење и речиси лежење на ладниот и влажен камен во своите мрачни ќелии, со долги и напорни поклоненија, со понижувачки страдања и со страшни мачења, илјадници од нив бесполезно се обидувале да ја смират својата совест. Оптоварени со чувство на вина, и опседнати со стравот од Божјиот осветнички гнев, многумина страдале сè додека исцрпената природа конечно не опаднала и тие, без ниеден зрак на светлина и надеж, паднале во гроб.

Валденжаните копнееле на тие изгладнети души да им го понудат лебот на животот, да им ја откријат пораката на мирот преку Божјите ветувања, и да ги упатат својата надеж за спасение да ја гледаат единствено во Христа. Учењето дека со добри дела може да се надополни прекршувањето на Божјиот закон го сметале за лажно. Потпирањето на човечките заслуги ја засолнува од погледот на грешникот неизмерната Христова љубов. Исус умрел како жртва за луѓето, зашто паднатиот човечки род не можел да направи ништо со што би можел да му се препорача на Бога. Темел на христијанската вера претставуваат заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител. Зависноста на душата од Христа е толку реална и мораме со Него да бидеме толку тесно и неразделно поврзани како органите со телото или прачките со лозата.

Учењата на папите и на свештениците ги навеле луѓето да мислат дека карактерот на нашиот небесен Татко, па дури и на самиот Христос е строг, мрачен и немилосрден. Спасителот е прикажуван како да е до таа мера бесчувствителен и без секаква сомилост кон паднатиот човек и дека тие мораат да ги повикуваат на помош свештениците и светците како посредници. Оние пак чијшто разум бил просветлен со Божјото Слово, се труделе овие души да ги упатат кон Исуса, како нивен сочувствителен Спасител полн со љубов, кој со раширени раце ги повикува сите луѓе да дојдат кај Него со бремето на своите гревови, грижи и тешкотии. Тие со сето срце копнееле да ги отстранат и расчистат сите препреки кои сатаната ги натрупал за луѓето да не би можеле да ги видат Божјите ветувања и да Му пристапат без човечки посредници, да ги признаат своите гревови и да примат простување и мир.

Валденжанскиот мисионер на жедните души со задоволство им ги откривал скапоцените вистини на евангелието. Внимателно ги изнесувал грижливо препишаните делови на Светото писмо. Негова најголема радост била да разбуди надеж во совесната, и со грев погодена душа, која во небесниот Татко гледала само Бог на освета, подготвен со казнувањето само да ја задоволи својата правда. Со треперливи усни и со солзи во очите, често на колена, им укажувал на своите браќа на скапоцените ветувања кои ја откриваат единствената надеж на грешникот. Така, светлината на вистината допрела до многу души опфатени со темнината, растерувајќи ги мрачните облаци сè додека во срцето не огреало Сонцето на правдата со своите животворни зраци. Често се случувало некој дел од Светото писмо да се чита повеќепати, за слушателот кој барал повторување да се увери дали добро слушнал. Особено се повторувани и најусрдно барани зборовите: “Крвта на Исуса Христа, Неговиот Син, нè очистува од секаков грев” (1. Јованово 1:7). “И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустината, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него да не загине, но да има живот вечен” (Јован 3:14, 15).

На тој начин на многумина им биле отворени очите во врска со измамливите барања на Рим. Согледале дека посредувањето на луѓето или на ангелите во корист на грешникот во целост е залудно и бессмислено.

Кога вистинската светлина ќе засветела во нивните души, радосно извикнувале: “Христос е мојот свештеник, Неговата крв е мојата жртва, Неговиот олтар е мојата исповедалница!” Целосно верувале во Исусовите заслуги, повторувајќи ги зборовите: “А без вера не е можно да Му се угоди на Бога” (Евреите 11:6). “Зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме” (Дела 4:12).

Убедувањата за љубовта на Спасителот на многумина од овие мачни и од бури растргани души им звучеле и премногу убаво за да можат да ги разберат. Тие им донесувале толку големо олеснување, и ги осветлувале со таква плима на светлина што им се чинело како да се пренесени во самото небо. Со полна доверба нивните раце се ставани во Христовите раце, нивните нозе биле поставени на Карпата на вековите. Истеран е секој страв од смртта. Сега биле во состојба храбро да појдат во затвор и на клада, само ако со тоа би го прославиле името на својот Откупител.

Така Божјото Слово било изнесувано и читано во најголема тајност, понекогаш само на една душа, а понекогаш на мали собири на оние што копнееле за светлина и вистина. На тој начин биле поминувани цели ноќи. Чудењето и восхитувањето на слушателите толку било големо што весникот на милоста честопати бил принуден за време на читањето да застане за да може разумот да ја прими радосната вест на спасението. Честопати се слушале зборови како што се овие: “Дали Бог навистина ќе ја прими мојата жртва? Дали милостиво ќе ме погледне? Ќе сака ли да ми прости?” Тогаш бил читан одговорот: “Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28).

Верата на присутните се фаќала за ветувањето, и тогаш би се слушнал радосен одѕив: “Нема повеќе долги поклоненија, ниту мачни патувања до светите олтари. Јас можам да дојдам кај Исуса таков каков што сум, грешен и непосветен, и Тој нема да ја отфрли мојата покајничка молитва.” “Ми се простуваат гревовите. Моите, дури и моите гревови навистина можат да бидат простени.”

Плима од света радост би ги исполнила срцата, а Исусовото име славено е со песни на слава и благодарност. Овие среќни души се враќале во своите домови за да ја шират примената светлина, за и на другите, доколку е тоа можно, да им го прераскажат своето ново искуство - дека го нашле вистинскиот и живиот Пат. Необична и сериозна сила се криела во зборовите на Светите списи непосредно упатени кон срцата на оние кои копнееле за вистината. Тоа бил Божјиот глас кој ги осведочувал оние што слушале.

Весникот на вистината продолжувал по својот пат, но неговата понизност, неговата искреност и длабока усрдност често биле предмет на разговор. Во многу случаи слушателите не го прашувале ни од каде доаѓа ниту пак каде оди. До толкава мера биле совладани, најпрвин со изненадувањето, а потоа со чувството на радост и благодарност што и не помислувале да го прашаат за тоа. Но кога упорно би го повикувале да тргне со нив во нивниот дом, тој би им одговорил дека мора да оди кај загубените овци на стадото. “Да не беше тоа ангел од небото?” - се прашувале многумина.

Многупати весникот на вистината никогаш повеќе не е виден. Отишол во некоја друга земја или можеби веќе и коските му се распаѓале на некое место каде што сведочел за вистината. Но зборовите што ги оставал зад себе никој не можел да ги уништи. Тие го извршувале своето дело во срцата на луѓето; а нивното благословено влијание потполно ќе се открие дури на судниот ден.

Валденжанските мисионери навлегле во царството на сатаната, па силите на мракот биле поттикнати на уште поголема будност. Кнезот на злото го следел секој напор преземен со цел за ширење на вистината, и побудувал страв кај своите агенти. Во работата на овие скромни патувачки проповедници, папските водачи виделе злокобен предзнак на опасност по нивното дело. Кога би дозволиле светлината на вистината слободно да блеска, таа би ги растерала тешките облаци на заблудите во кои живеел народот, мислите на луѓето би ги насочила единствено кон Бога и на крајот веројатно би ја срушила и врховната власт на Рим.

Самото постоење на овој народ кој ја сочувал верата на првобитната црква, претставувало постојан прекор за римското отпадништво и поради тоа предизвикал најогорчена омраза и прогонства. Нивното одбивање да ги предадат Светите списи исто така било навреда која Рим не можел да ја поднесе. Поради тоа решил да ги истреби од земјата. Тогаш почнале најстрашните крстоносни походи против Божјиот народ во нивните планински домови. Инквизиторите тргнале во потрага по нив и често се повторувале сцени слични на убиството на невиниот Авел од братоубиствената рака на Каин.

Многупати нивните родни полиња биле опустени, а нивните домови и скромни цркви срамнети со земја, така што на местото на некогашните бујни полиња и мирни домови на еден невин и трудољубив народ останувала само пустина. Како што крвожедниот ѕвер вкусувајќи ја крвта станува уште побесен, така и гневот на папистите гледајќи ги маките на нивните жртви станувал сè пожесток. Многумина од овие сведоци на чиста вера биле прогонувани по планините како диви ѕверови и терани во долините каде зад непроодните шуми и високите карпи го наоѓале своето засолниште.

Никакво обвинение во поглед на моралниот лик не можело да се изнесе против овие прогонети луѓе. Дури и самите нивни непријатели изјавувале дека тие се мирољубив, тивок и побожен народ. Нивниот голем “престап” бил во тоа што тие не сакале да му служат на Бога онака како што сакал папата. Поради тоа на нив се срушиле сите тие понижувања, навреди и маки што злите луѓе и ѓаволот можеле да ги измислат.

Кога Рим решил да ја истреби оваа омразена секта, папата во еден свој официјален оглас ги прогласил за еретици кои треба да бидат уништени (Види додаток). Тие не можеле да бидат обвинети како безделничари, нечесни луѓе или развратници, меѓутоа, било кажано дека имаат таков изглед на побожност и светост што ги заведува “овците на вистинското стадо.” Поради тоа папата наредил: “Оваа подмолна и одвратна секта на лоши и за црквата штетни”, доколку “нема да сакаат од сè да се откажат, треба да бидат здробени како змии отровници” - Вили, XVI, 1 поглавје. Дали овој горд насилник помислил дека уште еднаш ќе се сретне со овие свои зборови? Дали знаел дека тие се запишани во небесните книги и дека ќе му бидат предочени на судниот ден? “Доколку сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа,” вели Исус, “Мене сте Ми го направиле” (Матеј 25:40).

Овој папски оглас ги повикувал сите членови на црквата да им се придружат на крстоносците во борбата против кривоверците. Како поттик за земање на учество во оваа свирепост, сите оние кои ќе одговориле на тој повик папата ги “ослободувал од сите црковни покори и казни, општи и посебни; сите оние кои ќе земат учество во Крстоносните војни ги ослободувал од секоја заклетва која евентуално ја дале, го прогласил за законско сето она што го здобиле на нечесен начин и им ветил простување на сите гревови на оние што ќе убијат некој еретик. Сите договори склучени во корист на Валденжаните, ги прогласил за неважечки, на нивните прислуги им наредил да ги напуштат, на сите им забранил во што било да им помагаат и секого го ополномоштил да може да го земе нивниот имот.” - Вили, XVI , 1 поглавје. Овој документ јасно укажува на природата на духот кој се криел зад сето тоа. Тоа бил виежот на ламјата, а не Христовиот глас.

Папските поглавари не сакале својот карактер да го приспособат со големите начела на Божјиот закон, туку поставиле мерило кое лично им одговарало, и решиле секого да го присилат да се приспособи на тоа, само затоа што Рим така сакал. Се одигрувале најужасни трагедии. Изопачените и богохулните свештеници и папи го извршувале она што им го одредувал самиот сатана. Во нивните срца немало место за милост. Оној ист дух кој го распнал Исуса и ги убивал Неговите апостоли, истиот дух кој го поттикнувал крвожедниот Нерон против верниците во неговото време, и сега настојувал да ги истреби од земјата оние кои на Бога му биле толку мили.

Страшните прогонства на кои со векови биле изложени, припадниците на овој богобојазлив народ ги поднесувале трпеливо и истрајно, оддавајќи му на тој начин чест на својот Откупител. И покрај сите Крстоносни походи насочени против нив, и најсвирепите убиства на кои биле изложени, тие и понатаму ги испраќале своите мисионери да го сеат скапоценото семе на вистината. Биле прогонувани до самата смрт, но со сопствената крв го залевале посеаното семе и тоа го донесувало својот род. Така Валденжаните сведочеле за Бога со векови пред Лутеровото раѓање. Расеани низ многу земји, го сееле семето на реформацијата кое започнало во времето на Виклиф, се развивало и зацврстило во деновите на Лутер, и треба да продолжи сè до крајот на векот во лицето на оние кои се готови да поднесат сè “заради Божјeто Слово и сведоштвото за Исуса Христа” (Откровение 1:9).