Големата борба помеѓу Христа и сатаната

03. Отпадништво во христијанската црква

Во своето Второ послание до Солунјаните апостол Павле претскажал големо отпадништво од верата што ќе доведе до воспоставување на папската власт. Тој нагласил дека Господовиот ден нема да дојде “додека најнапред не дојде отпаѓањето и не се открие човекот на гревот, синот на погибелта, кој се противи и се превознесува над сè, што се нарекува Бог или светост, за да седне како бог во Божјиот храм, покажувајќи се дека е Бог.” Понатаму апостолот ги предупредува своите браќа дека “тајната на беззаконието веќе дејствува” (2. Солунјаните 2:3, 4, 7). Уште на самиот почеток тој забележал дека во црквата се вовлекуваат заблуди што ќе го подготват патот за развој на папството.

Тајната на беззаконието се развивала малку по малку, отпрвин кришум и сосема тивко, а кога се засилила и загосподарила со човековиот ум, сè поотворено го покажувала своето лажно и богохулно дело. Речиси незабележливо, незнабожечките обичаи си направиле пат во христијанската црква. Духот на компромисот и приспособувањето кон светот за извесно време бил задржуван со жестоките прогонства што ги поднесувала црквата за време на незнабожечкиот Рим. Но кога прогонството престанало и христијанството влегло во царските дворови и палати, тоа, понизноста и едноставноста на Христа и Неговите апостоли ги заменило со сјајот и гордоста на незнабожечките свештеници и владетели, и наместо Божјите барања, христијанството ги вовело човечките теории и преданија. Привидното обратување на Константин Велики, во првата половина на четвртиот век, предизвикало голема радост; и така светот облечен во облеки на формалната правда, тргнал во црква. Сега делото на изопачување брзо напредувало. Незнабоштвото, навидум победено, станало победник. Неговиот дух завладеал во црквата. Неговите учења, обичаи и празноверија се вовлекле во верата и во богослужението на таканаречените Христови следбеници.

Резултатот од овој компромис постигнат помеѓу незнабоштвото и христијанството, бил развојот на “човекот на беззаконието”, во пророштвото најавен како оној “кој се противи и се превознесува над сè што се нарекува Бог.” Овој огромен систем на лажна вера е ремек - дело на сатанската сила - споменик на неговите напори самиот да седне на престолот и да управува со Земјата според својата волја.

Сатаната еднаш се обидел да направи компромис со Христа. Му пристапил на Божјиот Син во пустината на искушението, и покажувајќи Му ги сите царства од овој свет и сета нивна слава, Му понудил сето тоа да Му го даде во раце, само ако Христос ја признае врховната власт на кнезот на темнината. Христос го укорил дрскиот искушувач и го присилил да се оддалечи. Но, сатаната има повеќе успех кога со истите искушенија му пристапува на човекот. Да си осигура за себе световни богатства и почести, црквата почнала да бара наклонетост и поддршка од големи и моќни луѓе на овој свет и на тој начин отфрлајќи го Христа била наведена својата поданичка верност да му ја вети на сатанскиот претставник, на римскиот бискуп.

Една од главните доктрини на римокатолицизмот е тврдењето дека папата е видлива глава на сеопштата Христова црква, со најголем авторитет над епископите и свештениците во сите делови на светот. Дури и повеќе од тоа, на папата му се доделувани вистински титули на божество. Дури се обраќале кон него со зборовите: “Господ Бог, Папа”, и тој е прогласен за непогрешлив. Тој бара сите луѓе да го почитуваат. Она исто барање што во пустината на искушението му го поставил на Христа сатаната и понатаму го поставува преку римската црква и многумина се подготвени да му се поклонат.

Но оние што се плашат од Бога и му се поклонуваат само Нему, ќе ја отфрлат оваа богохулна дрскост со истите зборови со кои и Христос ги одбил обидите на лукавиот непријател: “Поклонувај Му се на Господа, твојот Бог, и само Нему служи Му” (Лука 4:8). Бог никогаш во Своето Слово не дал некое предвестување дека било кој човек го поставил за глава на црквата. Доктрината за папската врховна власт потполно е спротивна на учењето на Светото писмо. Папата не може да има никаква власт над Христовата црква, а тоа што тој го прави само е незаконско присвојување.

Поборниците на католицизмот упорно ги обвинуваат протестантите, припишувајќи им ерес и самоволно одделување од вистинската црква. Но овие обвинувања пред сè можат да се применат на нив самите. Токму тие го спуштиле Христовото знаме и отстапиле од верата, “која им е дадена на светите еднаш засекогаш” (Јуда 3). Сатаната добро знаел дека Светото писмо на луѓето ќе им овозможи да ги препознаат неговите измами и да се спротивстават на неговата сила. Со Божјото Слово и самиот Спасител на светот се спротивставил на неговите напади. Секој негов напад Христос го дочекувал со штитот на вечната вистина, велејќи секој пат: “Напишано е” (Матеј 4:4). На секое наговорување на непријателот му ја спротивставувал мудроста и силата на Божјото Слово. За да ја одржи својата власт над луѓето и да го зацврсти авторитетот на папскиот узурпатор, сатаната морал да ги држи во потполно непознавање на Светото писмо. Библијата - кога би била достапна на луѓето - во нивните очи ќе го воздигнела Бога, а на смртниот човек ќе му ја одредела неговата вистинска положба, затоа нејзините свети вистини морале да останат сокриени и забранети. Таквата логика ја прифатила и упорно применувала римската црква. Стотици години ширењето на Библијата било забранувано. На луѓето им било забрането да ја читаат или да ја имаат во своите домови, додека несовесните свештеници и црковните великодостојници, така ги толкувале нејзините учења за да си ги оправдаат сопствените барања и лаги. На таков начин папата станал општо признаен Божји намесник на земјата, надарен со црковен и светски авторитет.

Бидејќи Библијата како единствен детектор за откривање на овие заблуди била отстранета, сатаната можел слободно да работи според својата волја. Пророштвото најавило дека папството “ќе помислува да ги измени времињата и Законот” (Даниел 7:25), и тоа нималку не се колебало да се прифати за тоа. За да им се даде на обратените од незнабоштвото некаков вид на замена за идолите што порано ги обожавале и така да им се олесни нивното таканаречено прифаќање на христијанството, во христијанското богослужение постепено е воведен култ на слики и реликвии - мошти на светци. Најпосле еден општ црковен собор (Види додаток), со својот декрет го озаконил овој нов систем на идолопоклонство. За ова богохулно дело да биде потполно, Рим се осмелил од Божјиот закон да ја исфрли втората заповед, која забранува обожавање на слики, а за да остане бројот на заповедите неизменет, десеттата ја поделил на две.

Духот на компромис со незнабоштвото го отворил патот за уште поголемо непочитување на небесниот авторитет. Работејќи преку непосветените водачи на црквата, сатаната се обидел да ја промени и четвртата заповед потиснувајќи ја прастарата сабота, денот кој самиот Бог го благословил и посветил (Битие 2:2, 3), и воздигнувајќи ја наместо неа, празникот што незнабошците го празнувале како “Чесен ден на сонцето”. Оваа промена во почетокот не се обидувале да ја направат отворено. Во првите векови сите христијани ја празнувале вистинската сабота. Ревнувале за Божјата чест зашто верувале дека Неговиот закон е непроменлив, најусрдно ја чувале чистотата и светоста на Неговите прописи. Но сатаната, за да ја постигне својата цел, многу лукаво и вешто работел преку своите агенти. За да се сврти вниманието на народот кон неделата, таа е прогласена за празник во чест на Христовото воскресение. Во недела обично се одржувани важни богослуженија, но сепак таа се сметала само како ден за разонода додека саботата и понатаму се празнувала како свет ден.

За да го подготви патот за делото што планирал да го изврши, сатаната плански ги навел Евреите, уште пред Христовото доаѓање, да ја оптоварат саботата со многу строги прописи, така што нејзиното празнување навистина станало вистински товар. А сега, користејќи се со лажната светлина со која саботата некогаш била прикажувана, направил на неа да се гледа со презир како на еврејска уредба. Додека христијаните главно продолжиле да ја празнуваат неделата како празник на радоста, тој ги навел од саботата, со цел да покажат омраза кон сè што е еврејско, да направат ден на пост, тага и жалост.

Царот Константин во почетокот на четвртиот век издал еден декрет со кој неделата ја прогласил за јавен празник во целото Римско царство (Види додаток). Денот на сонцето го почитувале неговите незнабожечки поданици, но го празнувале и христијаните, а политиката на царот била на тој начин да ги обедини спротивните интереси на незнабоштвото и христијанството. На тоа го наговориле епископите на црквата кои, проникнати со честољубие и желба за власт, увиделе дека, доколку христијаните и незнабошците празнуваат ист ден, тоа ќе го олесни формалното прифаќање на христијанството од страна на незнабоштвото и ќе ја зголеми моќта и славата на црквата. Меѓутоа, иако многумина богобојазливи христијани постепено биле наведени неделата донекаде да ја сметаат за присвоен празник, тие сè уште ја празнувале вистинската сабота како Господова светост и ја празнувале во послушност според четвртата заповед.

Големиот измамник сè уште не го довршил своето дело. Решил да го собере христијанскиот свет под свое знаме, а својата власт да ја спроведува преку својот намесник, горделивиот понтифекс кој тврдел дека е Христов претставник. Преку полуобратените незнабошци, честољубивите епископи и свештениците, кои го сакале светот, тој ја постигнал својата цел. Од време на време се одржувале големи и прочуени црковни собори, на кои се собирале црковните великодостојници од целиот свет. Речиси на секој од овие собори саботата што ја поставил самиот Бог, била сè повеќе потиснувана, додека неделата дотолку повеќе воздигнувана. Така најпосле, незнабожечкиот празник почнал да се почитува како божествена институција, додека библиската сабота била прогласена како остаток од еврејството, а нејзините почитувачи за проклети.

На големиот отпадник му успеало да се “превознесува над сè, што се нарекува Бог или светост” (2. Солунјаните 2, 4). Се осмелил да го промени токму овој пропис од Божјиот закон кој вниманието на целото човештво го свртува кон вистинскиот и живиот Бог, толку јасно и одредено, за да не може да се сфати погрешно. Во четвртата заповед Бог се открил како Творец на небото и Земјата, според што се издвојува од сите лажни богови. Седмиот ден како спомен на делото на создавањето бил посветен како ден за одмор на сите луѓе. Даден е со цел живиот Бог кој е извор на животот и кој треба да биде предмет на почитување и обожување, постојано да се одржува пред очите на луѓето. Сатаната со сите свои сили се напрега луѓето да ги одврати од нивната поданичка должност кон Бога и од послушноста кон Неговиот закон, затоа своите напори ги насочил особено против оваа заповед која го истакнува Бога како Творец.

Денес протестантите тврдат дека Христовото воскресение во недела го направило тој ден христијанска сабота, но во Светите списи на Библијата нема докази за тоа тврдење. Таква чест на овој ден никогаш не му давале ниту Христос ниту Неговите апостоли. Празнувањето на неделата како христијанска институција има свое потекло во онаа “тајна на беззаконието”, која своето дело го започнала уште во деновите на апостол Павле (2. Солунјаните 2:7). Каде и кога Господ го присвоил ова дете на папството? Кој полноважен и убедлив доказ може да се наведе во прилог на една таква промена која Светото писмо не ја поткрепува?

Во шестиот век папството веќе цврсто се стабилизирало. Седиштето на неговата власт било поставено во царскиот град, а римскиот епископ бил прогласен за врховен поглавар на целата црква. Незнабоштвото му го отстапило местото на папството, ламјата на ѕверот му ја дала “силата своја, и престолот свој, и голема власт” (Откровение 13:2). И така започнало илјада двесте и шеесет годишното папско угнетување, претскажано во пророштвата на Даниеловите книги и во Откровението (Даниел 7:25; Откровение13:5-7). Христијаните биле принудени да бираат: ќе сакаат ли да ја напуштат правилноста на својот став и да ги прифатат папските церемонии и папското богослужение, или својот живот да го завршат во затвори, на разни направи за мачење или од џелатските секири. Тогаш се исполнувале Христовите зборови: “А ќе ве предаваат и родителите, и браќата, и роднините и пријателите, и ќе убијат некои од вас, и сите ќе ве мразат, заради Моето име” (Лука 21:16, 17). Настапило прогонство против верните посилно отколку кога и да било порано и светот станал огромно поле на битка. Стотици години Христовата црква наоѓала засолниште во осаменост, во изолација и во повлеченост. Пророкот тоа го прикажува вака: “А жената побегна во пустина, каде што имаше место приготвено од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена” (Откровение 12:6).

Со доаѓањето на Римската црква на власт се одбележува почетокот на вековите на најголем мрак. Како што растела нејзината моќ, темнината станувала сè погуста. Верата од Христос, кој го претставува нејзиниот вистински темел, била пренесена на римскиот папа. Наместо да се обраќаат на Божјиот Син за простување на гревовите и за вечно спасение, народот гледал во папата и неговите ополномоштени свештеници и црковни великодостојници. Луѓето биле учени дека папата е нивен земен посредник и дека само преку него можат да се приближат до Бога, дека тој стои пред нив наместо Бог и дека сите безусловно мораат да му се покоруваат. Непочитувањето на неговите барања била доволна причина виновниците да бидат најстрого казнети, и изложени на најтешки мачења на телото и душата. Така мислите на народот биле одвратувани од Бога, а биле упатувани на грешни луѓе, свирепи и наклонети кон заблуди, дури повеќе од тоа, на самиот кнез на темнината, кој преку нив ја извршувал својата власт. Гревот бил покриен со наметка од светлината. Кога Светото писмо ќе се забрани и кога за најголем авторитет ќе почне да се смета човекот, тогаш можеме да очекуваме само лага, измама и понижувачко беззаконие. Со издигнувањето на човечките закони и традиции дошло до изопачување во верата што секогаш е последица од отфрлувањето на Божјиот закон.

Тоа биле денови на опасност за Христовата Заедница. Верни знаменосци навистина имало малку. Иако вистината не била оставена без сведоци, сепак понекогаш изгледало дека заблудата и суеверието потполно ќе надвладеат и дека вистинската вера ќе ја снема од земјата. Евангелието било изгубено од вид, додека верските обреди биле намножувани, а народот оптоваруван со строги и претерани барања.

Свештениците го учеле народот не само да гледа на папата како на свој посредник туку и за простување на гревовите да се потпира на сопствените дела. Долги поклоненија, разни видови на покорување, обожување на реликвии, изградба на цркви, светилишта и олтари и давање на големи суми пари на црквата - такви и слични дела се барани од луѓето за наводно да се ублажи Божјиот гнев и за да се осигура Неговото одобрување, како Бог да е сличен на човекот кој може да се разгневи поради ситници и да се омилостиви со дарови или со надворешни докази на каење.

Иако порокот преовладувал дури и меѓу водачите на римската црква, нејзиното влијание постојано како да се зголемувало. Пред крајот на осмиот век папистите почнале да тврдат како римските епископи, наводно, уште во првите векови ја имале истата духовна власт која сега тие себеси си ја припишувале, за да изгледа тоа тврдење веродостојно, морале да употребат одредени средства на кои таткото на лагата подготвено им укажал. Монасите ги фалсификувале старите ракописи. Откриени се дотогаш непознати декрети на црковните собори, кои наводно, ја докажувале врховната власт на папата во целата црква од најстарите времиња. А црквата што ја отфрлила вистината, жедно ја прифатила оваа измислица (Види додаток).

Малиот број верници кои својата вера ја ѕидале на вистинскиот темел (1. Коринтјаните 3:10), со овие ништожно - лажни учења биле спречувани во своето дело и биле вчудоневидени. Слично на градителите на ерусалимските ѕидови во времето на Немија, некои биле готови да кажат: “Ослабна силата на носачите, а земја од урнатини има многу; не можеме да го градиме ѕидот” (Неемија 4:10). Уморни од постојаните борби и прогонства, постојаното спротивставување на измамите, беззаконието и разни други пречки што само сатаната можел да ги измисли за да го спречи нивното напредување, некои од верните градители се обесхрабриле; поради својот мир, и за да го сочуваат својот живот и имот го напуштиле вистинскиот темел. Други пак, не плашејќи се на противењето од страна на своите непријатели, храбро зборувале: “Не бојте се од овие луѓе! Мислете на Господа, голем и страшен” (Неемија 4:14); ја продолжиле работата не отпашувајќи го ни за еден момент, “духовниот меч кој е Словото Божјо” (Ефесјаните 6:17).

Истиот дух на омраза и противење кон вистината ги инспирирал Божјите непријатели во сите времиња, и иста будност и верност е барана од Неговите слуги. Христовите зборови упатени на првите ученици : “А што ви зборувам вам, на сите им зборувам: бдејте!” (Марко 13:37), се однесуваат на сите Негови следбеници до крајот на светот.

Се чинело дека темнината станува сè погуста. Обожавањето на слики станувало сè повообичаено. Пред сликите се палени свеќи и ним им се упатувани молитви. Најбесмислените и најпразноверните обичаи земале замав. Човечките мисли до таа мера биле обземени со празноверието, што изгледало како веќе и да нема разум. Бидејќи свештениците и епископите и самите се оддавале во уживање на сетилните задоволства и расипаност, од народот, кој чекал тие да го водат, навистина не можело да се очекува ништо друго туку сè подлабоко да пропаѓа во незнаење и порок.

Вториот чекор на папската дрскост е направен во единаесеттиот век кога папата Гргур VII прогласил совршенство на римската црква. Меѓу другото, тој тврдел дека црквата никогаш не грешела и според Светите списи, никогаш и не може да погреши. Меѓутоа, Светите списи не ни даваат никаков доказ кој оди во прилог на таквото тврдење. Горделивиот понтифекс исто така ја присвоил власта за да ги сменува царевите, изјавувајќи дека пресудата која тој ќе ја изрече никој не може да ја собори ниту промени, додека тој има право да ја промени и поништи секоја одлука која ќе ја донесе кој било друг (Види додаток).

Упадлив пример на тиранскиот карактер на овој непогрешлив застапник била неговата постапка со германскиот цар Хенрик IV. Бидејќи се осмелил да го презре авторитетот на папата, овој монарх бил исклучен од црквата и симнат од престолот. Застрашен од предавството и заканите на кнезовите, кои папската одлука ги охрабрила во буната, Хенрик ја сфатил неопходноста од помирувањето со Рим. Во придружба на својата жена и само со еден верен слуга, ги преминал Алпите среде зима за да се понижи пред папата. Кога стигнал до дворецот во кој престојувал Гргур, бил одведен без својата придружба во едно надворешно преддворје, и тука, на остар зимски студ, гологлав, бос, во една скудна облека, чекал дозвола од папата за да може да излезе пред него. И дури по три дена поминати во пост и исповедување, папата го удостоил со простување. Меѓутоа, и тоа е направено само под услов доколку царот причека на посебно папско одобрување пред да ги стави повторно на себе ознаките на царското достоинство и повторно да почне да владее. И Гргур, понесен од својот триумф, гласно се фалел дека негова должност е да ја понижува гордоста на царевите.

Каква ли е само разликата помеѓу овој надуен и горд понтифекс и скромноста на кроткиот и благ Исус кој се прикажал Себеси како стои пред вратата на срцето молејќи за влез за да донесе простување и мир, и кој Своите ученици вака ги учел: “И кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга” (Матеј 20:27).

Вековите кои следувале, сведоци се за постојаното ширење на заблудите во доктрините што ги изнесува Рим. Уште пред воспоставувањето на папството, на учењето на незнабожечките филозофи им било посветувано внимание, и тоа имало доста влијание врз црквата. Многумина што тврделе дека се обратени, сè уште се држеле на основните ставови на својата незнабожечка филозофија, и не само што продолжиле да ја проучуваат туку ја наметнувале и на другите, како наводно средство за ширење на таканареченото христијанско влијание меѓу незнабошците. Така во христијанската вера се вовлекле сериозни заблуди. Една од поистакнатите била верувањето во човековата природна бесмртност и свесната состојба по смртта. Оваа доктрина го положила темелот на кој Рим го воспоставил повикувањето на светците и обожувањето на Девицата Марија. Оттаму произлегла и ереста за вечните маки на непокајаните, која многу рано станала составен дел на папската вера.

Со тоа бил подготвен патот за воведување на уште една паганска измислица што Рим ја нарекол чистилиште со која се служел со цел за заплашување на лековерните и суеверните маси. Оваа ерес го истакнува постоењето на едно место за мачење каде што душите на оние што не заслужиле вечно проклетство ја поднесуваат казната за своите гревови, и од каде, штом ќе бидат исчистени, се преселуваат на небото. (Види додаток)

На Рим му била потребна уште една измислица за да можел успешно да го користи стравот и пороците на своите следбеници. А тоа е постигнато со примената на доктрината за прошталниците (простување на гревот за пари). Потполно простување на гревовите - минатите, сегашните и идните, и ослободување од сите заслужени маки и казни им било ветувано на сите што ќе учествуваат во војните на врховниот свештеник поради проширување на неговата светска власт, казнување на неговите непријатели или пак истребување на сите оние што ќе се осмелат да ја оспорат неговата духовна превласт. Луѓето исто така се учени дека со давање на пари на црквата можат да се ослободат од гревовите, а дека и душите на нивните покојни роднини и пријатели, што се мачат во пеколниот пламен, на тој начин можат да се откупат. Со парите собрани на тој начин, Рим ги полнел своите каси и го одржувал сјајот, раскошот и порокот на таканаречените претставници на Оној кој немал “каде глава да заклони” (Види додаток).

Библискиот обред на вечерата Господова е заменет со идолопоклоничката жртва - миса. Папските свештеници тврделе дека со своите бесмислени церемонии и глумења го претвораат обичниот леб и виното во вистинско “Христово тело и крв.” - Кардинал Вајзмен, (Weiseman). Вистинско присуство на телото и крвта на нашиот Господ Исус Христос во благословената еухаристија, VIII, стр. 3 отс. 26. Богохулно и безобѕирно пречекорувајќи сè што е дозволено, отворено тврделе дека можат да го “создадат” и самиот Бог, Творецот на сè што е создадено. Од христијаните, под закана со смртна казна барале да изразат вера во оваа страшна и богохулна ерес. Многумина што одбиле тоа да го направат живи биле фрлани во огнот на кладата. (Види додаток)

Во тринаесеттиот век била воведена инквизицијата - една од најстрашните творби на папството. Самиот кнез на темнината работел заедно со водачите на папската хиерархија. На нивните тајни совети сатаната и неговите ангели управувале со умовите на овие зли луѓе, додека меѓу нив - иако невидлив за нивните очи, стоел еден Божји ангел кој водел еден ужасен записник за нивните безбожни заклучоци, и ја пишувал историјата на делата, премногу страшни за да можат да се изнесат пред човечките очи. “Големиот Вавилон” навистина бил “пијан од крвта на светите.” Осакатените тела и крвта на милиони маченици викале кон Бога за освета над оваа отпадничка сила.

Папството станало вистински светски тиранин. Кралевите и царевите се поклонувале на декретите на римскиот врховен свештеник. Изгледало, како во негова власт да е и овоземната и вечната судбина на луѓето. Со векови исклучително и безусловно биле прифаќани доктрините на Рим, неговите обреди се извршувани со стравопочитување, а неговите празници празнувани насекаде по земјата. Неговото свештенство е почитувано и дарежливо потпомагано. Никогаш подоцна римската црква не достигнала толку голем сјај, достоинство и моќ.

Меѓутоа, “пладнето на папството претставувала полноќ за светот.” - Вили, Историја на протестантизмот, 6. I, погл. 4. Светото писмо речиси било непознато, и тоа не само за народот, туку и за свештениците. Слично на фарисеите во старо време, папските водачи ја мразеле светлината која ги откривала нивните гревови. Бидејќи Божјиот закон кој претставува мерило за правдата бил отстранет, тие имале потполно неограничена власт и се оддавале на порокот без никакво воздржување. Измамата, лакомоста и разузданоста сè повеќе земале замав. Луѓето не се плашеле пред ниедно злосторство кое би можело да им донесе богатство или положба. Палатите на папите и епископите давале глетка на најодвратен разврат. Некои поглавари на црквата, дури и на папскиот престол, се оддавале на толку одвратни злосторства што светските владетели се обидувале да ги соборат овие црковни великодостојници како чудовишта премногу гнасни за да можат да се поднесуваат. Со векови Европа поради тоа не можела да има никаков напредок во науката, уметноста и цивилизацијата. Во христијанството владеела морална и интелектуална премреност.

Состојбата на светот под римската власт претставувала страшно и впечатливо исполнување на зборовите на пророкот Осија: “Мојот народ гине: нема знаење; зашто ти го отфрли знаењето, и Јас те отфрлам тебе... зашто го заборави Законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам твоите синови.” “Нема веќе верност, нема милост, нема познавање Божјо на земјата, туку проклетство и лага, убивање и кражба, прељуба и насилство, една крв ја стигнува другата.” (Осија (4:6, 1, 2). Такви биле последиците од отфрлувањето на Божјeто Слово.