Големата борба помеѓу Христа и сатаната

02. Прогонствата во првите векови

Кога на Своите ученици им ја открил судбината на Ерусалим и сцените на Своето второ доаѓање, Исус го прорекол и сето она што Неговиот народ ќе го доживее од моментот кога Тој ќе се вознесе од нив, па сè до Неговото повторно доаѓање во сила и слава кога најпосле ќе им донесе избавување. Од Маслиновата Гора Спасителот ја видел бурата која само што не се истурила врз апостолската црква; а пробивајќи со Своето око понатаму во иднината, ги видел жестоките бури на пустошење кои немилосрдно ќе удираат врз Неговите следбеници во идните векови на темнина и прогонства. Во само неколку кратки изјави, полни со страшно значење, Тој прорекол каков суд ќе и одмерат владетелите на овој свет на Божјата заедница (Матеј 24:9, 21, 22). Христовите следбеници ќе мора да одат по истиот пат на понижување, срам и страдање по кој поминал и нивниот Учител. Непријателството што било покажано против Спасителот на светот ќе го почувствуваат и сите оние што ќе поверуваат во Неговото име.

Историјата на првата христијанска црква го потврдила исполнувањето на зборовите на Спасителот. Земните сили и силите на пеколот се кренале против Христа во лицето на Неговите следбеници. Незнабоштвото предвидувало дека со победата на евангелието неговите храмови и олтари ќе бидат срамнети со земја, па затоа ги собрало сите свои сили да го уништи христијанството. Се разгорел оган на прогонство. Христијаните биле лишувани од своите имоти и прогонувани од своите домови. Така, тие морале да поднесат “голема борба во страдањата” (Евреите 10:32). “А други поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор” (Евреите 11:36). Голем број христијани своето сведоштво го запечатиле со сопствената крв. Благородник и роб, богат и сиромав, учен и прост без разлика, немилосрдно биле убивани.

Овие прогонства, кои почнале во време на владеењето на Нерон, некаде во времето на мачеништвото на апостол Павле, продолжувале со поголема или помала жестокост во текот на долгите векови. Христијаните лажно се обвинувани за најодвратни злосторства и се претставувани како сторители на големи несреќи - глад, чума и земјотреси. Кога станале предмет на општа омраза и сомневање, се појавиле поткажувачи, подготвени, поради добивка, да ги предадат и невините. Биле осудувани како противници на царства, непријатели на постоечката религија и како општествена чума. Многумина од нив биле фрлани пред диви ѕверови, или пак живи спалувани во амфитеатрите. Некои ги распнувале на крст, а други пак облечени во кожа од диви животни ги фрлале во арена за да ги растргнуваат кучињата. Нивната маченичка смрт често станувала главен предмет на забава на јавните свечености. Огромно мноштво од љубопитници се собирало за да уживаат во тие сцени, поздравувајќи ги нивните претсмртни маки со смеа и аплауз.

Каде и да побарале засолниште, Христовите следбеници биле прогонувани како диви ѕверови. Биле принудени засолниште да бараат во пусти и зафрлени места. “Во сиромаштија, во маки, во срам - оние, за кои светот беше недостоен - скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни” (Евреите 11:37, 38). Катакомбите на илјадници од нив им овозможиле засолниште. Надвор од Рим, под бреговите, биле копани долги подземни ходници; таа мрачна испреплетена мрежа од ходници се протегала со километри надвор од градските ѕидови. Во тие подземни засолништа Христовите следбеници ги погребувале своите мртви; исто така кога биле осомничени и гонети, тука наоѓале засолниште. Кога Дарителот на животот ќе ги разбуди оние што се бореле во добрата борба на верата, многу маченици што својот живот го дале поради Христа, дури тогаш ќе излезат од тие мрачни пештери.

И во времето на најжестоките прогонства, овие сведоци на Христа ја сочувале својата вера неизвалкана. Иако лишени од секоја удобност, разделени од сончевата светлина, својот дом го наоѓале во мрачните, но пријателски закрилја на земјата, неизговарајќи ниту еден збор на жалење. Со зборови на вера, трпение и надеж се храбреле еден со друг да ја издржат сиромаштијата и несреќата. Загубата и на сите земни благодати не можела да ги присили да се откажат од својата вера во Христа. Искушенијата и прогонствата биле само скали што ги воделе поблиску до нивниот мир и нивната награда.

Многумина, како и Божјите слуги во старо време, “беа мачени и не примија ослободување, за да добијат подобро воскресение” (Евреите 11:35). Се сеќавале на зборовите на својот Учител дека, кога ќе ги прогонуваат поради Христа, треба да се радуваат и веселат, зашто голема е нивната награда на небесата, зашто така ги прогонуваа и пророците пред нив. Удостојувајќи се да страдаат за вистината, тие толку се радувале што нивните победоносни песни се воздигнувале дури и среде пламенот на кладите. Гледајќи со очите на верата во височината, го виделе Христа и ангелите како од небото се наведнуваат поради нив следејќи ги втренчено со најдлабоко интересирање и одобрувајќи ја нивната постојаност. Од Божјиот престол до нив допирал глас: “Биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот” (Откровение 2:10).

Сите напори на сатаната, кога се обидувал да ја уништи Христовата Заедница со примена на сила, биле безуспешни и бесполезни. Големата борба, во која првите Христови ученици ги дале своите животи, не престанала кога овие верни знаменосци ќе паднеле на својата положба. Победувале дури и со својот привиден пораз. Божјите соработници биле убивани, но Неговото дело постојано напредувало. Евангелието и понатаму се ширело, а бројот на неговите следбеници бил сè поголем. Навлегувало и во краеви што биле непристапни дури и за римските орли. Еден христијанин, расправајќи се со незнабожечките владетели кои го разгорувале прогонството, рекол: “Можете да не мачите, убивате, осудувате... Вашата неправедност е само доказ за нашата невиност... Ниту свирепоста нема да ви биде од корист.” Таа била само моќен повик и други да тргнат по тој пат. “Колку повеќе нè убивате, толку повеќе стануваме побројни; крвта на христијаните претставува семе.” – Тертулијан, Aпологија, параграф 50.

Илјадници од нив биле фрлени во затвор и убиени, но веднаш се појавувале други да ги пополнат нивните места. Оние пак, што умирале како маченици за својата вера, сигурни се во Христа, зашто Тој ги смета за победници. Тие се бореле во добрата борба на верата, и кога ќе дојде Христос ќе го примат венецот на славата. Страдањата што ги поднесувале христијаните уште повеќе меѓусебно ги зближувале и уште поцврсто ги врзувале за нивниот Откупител. Нивниот примерен живот и сведоштвата давани при смртта, претставувале трајно сведоштво за вистината, па и таму каде што најмалку можело да се очекува, следбениците на сатаната ја напуштале неговата служба и стапувале под Христовото знаме.

Поради тоа, сатаната испланирал поуспешно да војува против Божјото владеење, подигнувајќи го своето знаме во самата христијанска црква. Ако успее да ги измами и да ги наведе Христовите следбеници да го прават она што не е по Божја волја, тогаш ќе се намали и нивната сила, храброст и цврстина и тие лесно ќе станат негов плен.

Големиот противник, сега со лукавство настојувал да го постигне она што не можел да го постигне со сила. Прогонствата престанале, а наместо нив дошле опасните привлечности на земната благосостојба и световните почести. Идолопоклониците биле наведени да прифатат еден дел од христијанската вера, додека другите поважни вистини ги отфрлиле. Тврделе дека Исус го признаваат како Божји Син и веруваат во Неговата смрт и воскресение, но не ја согледувале својата грешност ниту пак чувствувале потреба за покајание и промена на срцето. Попуштајќи нешто од своја страна, предложиле и христијаните да направат некои отстапки, и така сите да се соединат на платформата на вера во Христа.

Така црквата се нашла во страшна опасност. Во споредба со ова, затворот, мачењето, огнот и мечот биле вистински благослов. Некои од христијаните останале постојани, изјавувајќи дека не можат да се согласат со никаков компромис. Други биле за отстапки или измени на некои точки од верата со цел да се соединат со оние што примиле само дел од христијанството, нагласувајќи дека тоа може да стане средство за нивно потполно обратување. Тоа за верните Христови следбеници било време на големи душевни маки. Под наметката на привидното христијанство, самиот сатана се вовлекол во црквата за да ја изопачи нивната вера и да ги одврати нивните мисли од Словото на вистината.

Најпосле поголемиот дел од христијаните се согласил да го спушти своето знаме и така дошло до соединување помеѓу христијанството и незнабоштвото. Иако овие обожаватели на идоли тврделе дека се обратени и соединети со црквата, сè уште се придржувале кон идолопоклонството, само што предметите што ги обожавале ги замениле со сликите на Исус, па дури и со слики на Марија и светците. Мошне заразниот квасец на идолопоклонството, внесен на овој начин во црквата, го продолжил своето убиствено дејствување. Нездравите учења, празноверните и идолопоклоничките церемонии станале составен дел на нивната вера и богослужение. Откако, таканаречените Христови следбеници се соединиле со идолопоклониците, христијанската вера се изопачила а црквата ја изгубила својата чистота и сила. Но, имало христијани што не дозволиле да бидат заведени со такви измами. Тие ја сочувале својата верност на Зачетникот на вистината и се поклонувале единствено на Бога.

Меѓу оние кои тврдат дека се Христови следбеници, секогаш постоеле две различни страни. Додека припадниците на едната, го проучуваат животот на Спасителот и сериозно настојуваат да ги поправат своите недостатоци и својот живот да го доведат во согласност со големиот Идеал, други ги одбегнуваат јасните и практични вистини што ги откриваат нивните заблуди. Дури и тогаш кога најдобро стоела, црквата не се состоела само од правилни, чисти и искрени души. Нашиот Спасител учел дека оние што свесно грешат, не треба да ги примиме во Заедницата, па сепак поврзал со Себе и луѓе со несовршен карактер, давајќи им ја благодатта на Своето учење и пример, па на тој начин да имаат можност да ги согледаат своите заблуди и да се поправат. Меѓу дванаесетмината апостоли бил и предавник. Јуда бил примен, не поради недостатоците во својот карактер, туку и покрај нив. Тој им бил придружен на учениците за да научи, со поуки и со Христовиот пример, во што се состои христијанскиот карактер, и на тој начин навистина да ги согледа своите грешки, да се покае и со помош на божествената милост да ја исчисти својата душа “со послушност на вистината” (1. Петрово 1:22). Но Јуда не одел во светлината којашто така милосрдно му била понудена. Попуштајќи му на гревот, тој просто ги повикувал сатанските искушенија. Победиле лошите црти во неговиот карактер. Со неговиот дух дозволил да завладеат силите на темнината, се лутел кога биле осудувани неговите грешки, и тоа постепено го одвело дотаму да го направи ова страшно злосторство - да го предаде својот Учител. Така и сите оние кои под наметка на исповед на побожноста го сакаат злото, ги мразат оние кои осудувајќи го нивниот грешен живот им го нарушуваат мирот. И кога ќе им се даде поволна можност, тие слично како Јуда, ќе ги предадат оние кои ги укорувале за нивно добро.

Апостолите во црквата наидувале и на такви што се претставувале како побожни, додека тајно правеле беззаконие. Ананија и Сапфира во договор постапувале измамнички, тврдејќи дека принесуваат цела жртва на Бога, додека еден дел алчно задржале за себе. Духот на вистината на апостолите им го открил вистинскиот карактер на овие лажни христијани, и Божјиот суд ја ослободил црквата од срамната дамка што ја расипувала нејзината чистота. Овој очигледен доказ за присуството на Христовиот Дух во црквата, Духот кој сè гледа и сè знае, внесувал страв кај лицемерите и престапниците. Таквите не можеле долго да останат во заедница со оние кои во навиките и карактерот биле постојани Христови следбеници, а кога врз Христовите следбеници дошле искушенијата и прогонството, тогаш Негови ученици сакале да останат само оние кои биле готови да се одречат од сè поради вистината. И така, додека траело прогонството, црквата останала сразмерно чиста. Но штом престанало прогонството, дошле новообратени на кои им недостасувала искреност и посветеност, и така на сатаната му бил отворен патот во црквата да направи своја тврдина.

Меѓутоа, како што меѓу Кнезот на светлината и кнезот на темнината нема никакво единство ниту пак слога, исто така не може да има никаква заедница ниту меѓу нивните следбеници. Кога христијаните се согласиле да се соединат со оние што делумно се обратиле од незнабоштвото, тргнале по патеката која сè повеќе ги оддалечувала од вистината. Сатаната ликувал што успеал да измами толку голем број на Христови следбеници. А потоа сета своја моќ ја употребил за уште повеќе да влијае на измамените, поттикнувајќи ги да ги прогонуваат оние што останале верни на Бога. Никој не знаел толку добро да се спротивстави на правата христијанска вера како оние кои некогаш биле нејзини поборници; и овие отпаднати христијани, соединувајќи се со своите полунезнабожечки истомисленици, покренале вистинска војна против најважните точки на Христовото учење.

Оние што сакале да останат верни, морале да водат очајна борба за да се спротивстават храбро на измамите и гнасотиите, кои, облечени во свештеничка облека, се вовлекувале во црквата. Библијата повеќе не важела како мерило за верата. Науката за верската слобода е жигосана како ерес, а нејзините бранители биле омразени и прогонети.

По долга и жестока борба, верното малцинство решило да прекине секаква врска со отпаднатата црква, доколку таа и понатаму одбива да се ослободи од заблудата и идолопоклонството. Согледале дека разделувањето навистина е неопходно ако сакаат да го послушаат Божјото Слово. Не се осмелувале заблудите, толку кобни за душите, и понатаму да ги трпат, и така да остават пример кој би ја загрозил верата на нивните деца и внуци. За да го сочуваат мирот и единството, биле подготвени да направат секаква отстапка која нема да се коси со верноста кон Бога, но чувствувале дека дури и мирот постигнат со жртвувањето на начелата, би бил прескапо платен. Ако единството може да биде осигурано само со правење на компромиси на штета на вистината и правдата, тогаш подобро да дојде до одделување и отворен судир.

Добро би било и за црквата и за светот кога начелата со кои се раководеле овие постојани души, повторно да оживеат во срцата на оние кои тврдат дека се Божји народ. Се покажува навистина зачудувачка рамнодушност кон учењата што претставуваат столбови на христијанската вера. Сè повеќе преовладува мислењето дека тоа после сè, и не е од голема важност. Ваквото изопачување само ги крепи рацете на сатанските агенти, така што во лажните теории и смртоносни заблуди, што верните во минатите векови ги разоткривале и отстранувале, изложувајќи го на опасност и сопствениот живот, денес со одобрување гледаат илјадници од оние кои тврдат дека се Христови следбеници.

Првите христијани навистина биле “посебен народ” (Второзаконие 7:6). Нивното беспрекорно однесување и нивната непоколеблива вера претставувале постојан укор кој го нарушувал мирот на грешниците. Иако малубројни, без богатство, положба и почесни титули, тие насекаде, за оние што правеле зло биле страв и трепет, каде што нивниот карактер и нивното учење биле познати. Затоа безбожниците ги мразеле, исто така како што безбожниот Каин го мразел Авела. Оние што сакале да се ослободат од секакво ограничување од страна на Светиот Дух, го убивале Божјиот народ од истата причина со која се раководел Каин кога ја подигнал раката на својот роден брат. Од иста причина Евреите го отфрлиле и го распнале Спасителот, затоа што чистотата и светоста на Неговиот карактер биле јавен укор за нивната себичност и расипаност. Од Христовите денови па сè до ден - денес, Неговите верни ученици предизвикувале омраза и противење кај оние што ги сакаат патиштата на гревот и што продолжуваат и понатаму така.

Како тогаш евангелието може да се нарече порака на мирот? Кога Исаија го прорекол раѓањето на Месијата, му го дал името “Кнез на мирот.” Кога ангелите на пастирите им го најавиле Христовото раѓање, пееле над Витлеемската рамнина: “Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја” (Лука 2:14). Помеѓу овие пророчки изјави и Христовите зборови: “Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч” (Матеј 10:34), постои привидна противречност. Но, правилно сфатени, и двете изјави се во совршена согласност. Евангелието навистина е порака на мирот. Христијанството е систем кој, доколку се прифати и послуша, ќе донесе хармонија и среќа на целиот свет. Христовата религија, сите оние што ќе ги прифатат нејзините учења, ги соединува во блиско братство. Исусовата мисија била луѓето, помирувајќи ги со Бога, да ги зближи и меѓусебно. Но поголемиот дел од светот е под власта на сатаната, најголемиот непријател на Христа. Евангелието им нуди на луѓето начела на живот кои се во потполна спротивност со нивните навики и желби, и затоа тие се бунат против евангелието и го отфрлаат. Тие ја мразат чистотата која ги открива и осудува нивните гревови, и затоа ги прогонуваат и ги уништуваат сите оние кои им укажуваат на неопходноста од покорувањето на Неговите оправдани и свети барања. Токму во таа смисла, бидејќи возвишените вистини што тоа ги донесува, предизвикуваат омраза и судири, евангелието е наречено меч.

Таинственоста на провидението кое дозволува праведните да бидат прогонувани од рацете на безбожниците е повод за голема збунетост на многумина слаби во верата. Некои дури се готови да ја отфрлат својата доверба во Бога, затоа што Тој дозволува најлошите луѓе да напредуваат, додека најдобрите и најчесните да страдаат измачувани од нивната свирепа сила. Често се поставува прашањето: “Како Оној Кој е праведен и милостив и покрај тоа што уште е и неограничен во моќта, може да трпи таква неправда и угнетување?” Не е наше да дадеме одговор на тоа прашање. Бог нам ни дал доволно докази за Својата љубов, и не смееме да се сомневаме во Неговата добрина затоа што не сме во состојба да ја сфатиме целта на Неговото провидение. Предвидувајќи ги сомневањата кои во деновите на искушенијата и мракот ќе ги мачат душите на Неговите ученици, Спасителот им рекол: “Помнете ги зборовите што ви ги реков Јас: ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат” (Јован 15:20). Исус поради нас поднел многу повеќе отколку што би можел макар еден од Неговите следбеници да пострада од свирепоста на безбожните луѓе. Оние што се повикани да претрпат маки и маченичка смрт, ги следат само стапките на љубениот Божји Син.

“Господ нема да задоцни со Своето ветување” (2. Петрово 3:9). Тој не ги заборава и занемарува Своите деца, но Тој им дозволува на грешните луѓе да го откријат својот вистински карактер, па ниеден од оние коишто сакаат да ја исполнуваат Неговата волја да не остане во заблуда во врска со карактерот на таквите. Освен тоа, праведните мора да поминат низ неволји за да се исчистат, и со својот пример да ги убедат другите во вистинитоста на верата и побожноста, и нивното доследно држење на крајот да ги осуди непокајаните и неверните.

Бог дозволува грешните да напредуваат и да го откријат своето непријателство кон Него, та кога ќе ја наполнат мерката на своето беззаконие, сите во нивната целосна пропаст да можат да ја увидат Неговата праведност и милост. Денот на Неговата освета се приближува, кога сите оние што го газеле Неговиот закон и го угнетувале Неговиот народ ќе примат праведна награда за сите свои дела. Тогаш секоја свирепост и неправда направена кон Божјите слуги ќе биде казнета како да е направена на самиот Христос.

Постои уште едно, уште позначајно прашање кое денес треба да го сврти вниманието на црквите. Апостол Павле вели: “Па и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса, ќе бидат гонети” (2. Тимотеј 3,12). Тогаш зошто прогонството, како што тоа денес се гледа речиси престанало? Единствена причина е таа што црквата се приспособила кон критериумот на овој свет и затоа не предизвикува никакво противење. Религијата во нашите денови го нема оној чист и свет карактер што ја обележувал христијанската вера во Христовите денови и во деновите на Неговите апостоли. Христијанството изгледа толку популарно во светот само затоа што постојано оди во компромис со гревот, што на големите вистини на Божјото Слово толку рамнодушно се гледа и што во црквата има толку малку жива побожност. Штом ќе дојде до оживување на верата и силата на првобитната христијанска црква, ќе оживее и духот на прогонството и огнот на гонењето повторно ќе се распали.