Големата борба помеѓу Христа и сатаната

01. Разурнувањето на Ерусалим

“Кога и ти би узнал, барем во овој твој ден, што е за твојот мир? Но сега е сокриено од твоите очи. Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и твоите деца во тебе; и не ќе остане, во тебе, ни камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен” (Лука 19:42-44).

Од врвот на Маслиновата Гора Исус го посматрал Ерусалим. Глетката која се покажувала пред Него пленувала со убавина и спокојство. Било време на Пасха, и потомците на Јаков од сите страни и од сите земји се собрале за да го прослават овој голем национален празник. Среде градините, лозјата и зелените падинки, послани со шаторите на поклониците, се издигнувале степенести ритчиња, прекрасни палати и масивни утврдувања на Израелската престолнина. Сионската ќерка изгледала како во својата гордост да зборува: “Седам како царица, не сум вдовица и мака нема да видам.” (Откровение 18:7); била толку чудесна и убедена во наклоноста на небото, како кога со векови порано, псалмистот прекрасно пеел: “Прекрасна возвишеност, радост на целата земја е гората Сион... градот на големиот Цар” (Псалм 48:2). На хоризонтот, особено се истакнувале величествените градби на храмот. Сончевите зраци на заоѓање ја осветлувале снежната белина на неговите мермерни ѕидови и се одбивале од златните врати и кули. Тука стоел храмот “совршенство од убавина” гордост на еврејскиот народ. Кое Израелско дете, гледајќи ја таа глетка, не би затреперило од радост и восхит! Меѓутоа, сосема други мисли ја обземале Исусовата душа. “А кога се приближи и го виде градот, заплака за него” (Лука 19,41). Среде сеопштата радост при триумфалното влегување во Ерусалим, а радосните извици “осана” одекнувале од околните ритчиња, додека Му мавтале со палмови гранчиња, додека илјадници гласови Го нарекувале цар, Спасителот на светот ненедејно го совладала таинствена тага. Тој, Божјиот Син, Ветениот Месија и “Надежта на Израелот” чијашто сила ја победувала смртта и ги повикувала заробените од гробовите, заплакал, но тоа не биле солзи на обична жалост или болка, туку длабоки и незадржливи агонии на душата.

Тој не плачел за Себе, иако добро знаел каде води Неговиот пат. Пред Него се простирала Гетсиманија, местото на Неговата претстојна голема душевна борба. Ја видел и овчата врата низ која со векови биле доведувани животни за жртва, а која наскоро требало да се отвори и пред Него кога ќе биде воден “како јагне на колење” (Исаија 53:7). Недалеку од таму се наоѓала Голгота, место на распнувањето. На патеката по којашто набргу требало да тргне за да ја положи својата душа за откуп на гревот, морало да се спушти ужасно густ мрак. Меѓутоа, размислувањето за сето тоа не била вистинската причина за тагата која го обземала Исуса во тој час на сеопшта радост. Никакви насетувања за сопствените натчовечки страдања не можеле да го поматат Неговиот несебичен дух. Тој ја оплакувал судбината на илјадниците собрани во Ерусалим - заслепеноста и непокајанието на оние коишто дошол да ги благослови и спаси.

Историјата на Божјата особена наклоност и татковска грижа, покажувана кон избраниот народ повеќе од илјада години, живо се појавувала пред очите на Исуса. Тука била гората Морија, каде што ветениот син Исак - жртвата без отпор - симбол на жртвувањето на Божјиот Син - бил врзан на олтарот. Тука славното ветување за доаѓањето на Месијата било потврдено со заклетва и завет на таткото на сите верни (Битие 22:16-18). Тука пламенот од подигнатиот жртвеник на Орнановото гумно (1. Летописи 21:22) се издигал кон небото - како згоден симбол кој укажувал на жртвата на Спасителот и на Неговото посредување за грешните луѓе - го отстранил мечот на ангелот испратен да убива. Ерусалим бил почествуван од Бога најмногу од сите народи на земјата - “Зашто Господ го избра Сион, Му омиле да живее во него” (Псалм 132:13). Тука светите пророци со векови ги објавувале своите пораки и предупредувања. Тука свештениците каделе со своите кадилници, а облакот од димот на кадилниците заедно со молитвите на верниците се издигал кон Бога. Тука секојдневно е принесувана крвта од жртвуваните јагниња, однапред укажувајќи на Божјото Јагне. Тука Јехова го откривал Своето присуство во облакот на слава над престолот на милоста. Тука била основата на оние таинствени скалила помеѓу земјата и небото кои Јаков ги видел во својот сон (Битие 28:12) - скалила по кои ангелите се качуваат и симнуваат (Јован 1:51), и кои на светот му го отвориле патот кон светињата над светињите. Израел, како нација, да ја сочувал својата првобитна оданост кон небото, Ерусалим би стоел “довека” (Еремија 17:21-25) како од Бога избран град. Но историјата на овој привилегиран народ е само серија на записи за непрекинато назадување, паѓање од грешка во грешка и за постојани буни. Тие со злоупотребувањето на своите предности и лекомислено земајќи ја понудената предност, до крај ја исцрпиле милоста од небото.

И покрај тоа што “тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци” (2. Летописи 36:15, 16), Тој сè уште им се откривал како “Бог дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински” (Битие 34:6). И покрај нивното постојано и упорно одбивање на Неговата милост, Тој продолжил да се залага за нив и да ги повикува на покајание. Исполнет со љубов, поголема од онаа која само таткото може да ја чувствува кон саканиот син, “Тој испраќаше кај нив рано Свои гласници, ги испраќаше постојано, зашто Му беше жал за Својот народ и Своето живеалиште” (2. Летописи 36,15). И кога сите предупредувања, молби и укори не вродиле со плод, им го испратил Својот најголем дар; дури и повеќе, во Својот единствен Дар им го дарувал целото изобилство на небото.

Испратен е самиот Божји Син, лично да се заземе за жителите на овој град, толку ненаклонети на покајание. Лично Христос бил Тој кој Израилот како добра лоза го пренел од Мисир (Псалм 80,8). Со Сопствена рака ги истерал од пред него незнабошците. Тој како свое лозје го посадил “на родно место.” Со своја заштита го оградил како со жива ограда. Ги испратил своите слуги да го негуваат. “Што уште требаше да се направи за моето лозје - се прашувал Тој - што уште не направив за него?” (Исаија 5:1-4). Иако со полно право очекувал да роди грозје, тоа родило диво грозје - Тој, сè уште надевајќи се на род - лично дошол во своето лозје; не би ли го спасил од пропаста. Го окопувал, кроел и негувал. Неуморно настојувал да ја спаси лозата што самиот ја посадил.

Три години Господ на светлината и славата лично одел меѓу Својот народ. Записот за тоа кажува: “Кој помина правејќи добрини и исцелувајќи ги сите, кои ѓаволот ги надвладеал” (Дела 10:38); ги лечел скрушените по срце, ги ослободувал заробените, на слепите им го враќал видот; правел кривите да одат, глувите да слушаат, лепрозни очистувал, мртви оживувал и на сиромашните им го проповедал евангелието (Лука 4:18; Матеј 11:5). На сите без разлика им упатувал повик на милост: “Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор” (Матеј 11:28).

Иако му враќале само зло за доброто и омраза за љубовта (Псалм 109:5), Тој сепак непоколебливо ја продолжувал својата мисија на милосрдие. Никогаш не ги одбил оние што копнееле за Неговата милост. Иако како патник и бездомник секојдневно бил изложен на презир и сиромаштија, живеел за да служи за потребите на другите, ублажувајќи ги нивните маки и поттикнувајќи ги да го примат дарот на животот. Брановите на милоста, одбивајќи се од тврдите срца, се враќале во вистинска плима на сомилост и со неискажана љубов. Но Израел се свртел од својот најдобар Пријател и единствен Помошник. Предупредувањата на Неговата љубов биле презрени, Неговите совети отфрлени и исмеани.

Часовите на надеж и простување биле при крај; чашата со долго одложуваниот Божји гнев, била речиси полна. Црните облаци на несреќата, кои се собирале во текот на вековите на отпадништва и буни, сега потполно го замрачиле небото и само што не се истуриле врз народот кој упорно останувал во својот грев; а Тој кој единствено можел да ги спаси од трагедијата која им претстоела, бил презрен, малтретиран и отфрлен и наскоро требало да биде распнат. Кога Христос ќе виси на крстот на Голгота, деновите за Израелот како од Бога привилегиран и благословен народ ќе завршат. Загубата дури само и на една душа претставува несреќа која неспоредливо ја надминува добивката и богатството на целиот свет; меѓутоа, пред Христовите очи, додека го набљудувал Ерусалим, била трагичната судбина за цел еден град и цела една нација, и тоа за оној град и оној народ што Бог некогаш го избра за свое посебно богатство.

Пророците плачеле над отпадништвото и стравотните опустошувања што ги снаоѓале Израелевите синови поради нивните гревови. Еремија посакувал очите да му бидат извор на солзи, да би можел ден и ноќ да плаче за убиените ќерки на својот народ (Еремија 9:1), и за Господовото стадо кое било заробено (Еремија 13:17). А, колкава била тогаш болката на Оној кој со Својот пророчки поглед ги опфаќал не само годините туку и сите векови! Тој го гледал ангелот уништувач со меч подигнат кон градот кој толку долго бил место на Божјото живеалиште меѓу луѓето. Од врвот на Маслиновата Гора, од истото место кое подоцна го зазел Тит со својата војска, преку долините, Христос ја набљудувал светата градба и предворјето со столбовите, и пред Неговите од солзи замаглени очи се покажал застрашувачки призор: ѕидовите на градот биле опколени од непријателска војска. Ја слушнал вревата при наидувањето на римските легии подредени за напад. Ги слушнал гласовите на многуте мајки и деца, како во опколениот град молат за леб. Видел како светиот и величествен храм, палатите и кулите на Ерусалим ги зафаќа пламен и како местата каде што некогаш стоеле се претвораат во куп од урнатини што полека догоруваат.

Гледајќи понатаму низ вековите, го видел народот на заветот расеан по сите земји, “како остатоци од брод на пуст брег.” Во привремената казна, која само што не била излеана врз жителите на Ерусалим, Тој ги видел само првите капки од чашата на гневот што тие на последниот суд мораат да ја испијат сè до талогот. Божествената сомилост, длабоката љубов што била трогната, нашла израз во зборовите полни со болка: “Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам твоите чеда, како кокошка што ги собира своите пилиња под крилја, а вие не сакавте!” (Матеј 23:37). О, ти народе со најголеми предности, да го познаеше времето на својата посета и да сфатеше што е потребно за твојот мир! Јас го задржував ангелот за праведна одмазда, те повикував на покајание, но напразно. Ти ги презре и отфрли не само слугите, пратениците и пророците, туку и самиот Светец Израелев, својот Откупител. Кога ќе бидеш разорен, одговорноста за тоа ќе ја сносиш само ти. “Но не сакавте да дојдете при Мене, за да имате живот” (Јован 5:40).

Во судбината на Ерусалим, Христос го гледал симболот на светот окоравен во неверство и бунт, свет кој ита во пресрет на Божјиот суд. Трагедијата на паднатиот човечки род ја притискала Неговата душа и од устата Му се отргнал овој неизмерно горчлив извик. Ја видел историјата на гревот испишана со човечка беда, солзи и крв; Неговото срце било трогнато со неискажано сожалување кон несреќните и неволните на земјата; копнеел на сите да им даде олеснување. Но дури ни Неговата рака не можела да ја сопре поплавата на човечката трагедија; малку се оние што ќе се обратат до единствениот Извор за помош. Бил подготвен Својата душа на смрт да ја предаде за да им овозможи спасение; но сепак малку од нив ќе дојдат при Него да добијат живот.

Небесното Величество во солзи! Синот на вечниот Бог со вознемирен дух и потиштен од душевната болка! Оваа глетка што целото небо го исполнило со чудење, ни ја открива целата тежина и одвратноста на гревот; таа ни покажува колку била тешка задачата дури и за Безграничната Сила да ги спаси грешниците од последиците на престапот на Божјиот закон. Гледајќи со пророчко око до последното поколение, Христос го видел светот вовлечен во измама слична на онаа, која била причина за разорувањето на Ерусалим. Големиот грев на Евреите се состоел во нивното отфрлање на Христа, големиот грев на христијанскиот свет ќе биде во отфрлањето на Божјиот закон кој претставува темел на Неговото владеење на небото и Земјата. Прописите на Божјиот закон ќе бидат презрени и отфрлени. Милиони робови на сатаната во оковите на гревот и осудени на втора смрт, ќе одбијат да го послушаат зборот на вистината во денот на својата посета. Каква страшна заслепеност! Какво несфатливо безумие!

На два дена пред Пасха, излегувајќи последен пат од храмот, откако го разоткрил и јавно жигосал лицемерието на еврејските поглавари, Исус со Своите ученици повторно се упатил на Маслиновата Гора и седнал со нив на падинката обрасната со трева од каде што се гледал целиот град. Уште еднаш втренчено гледал во неговите ѕидови, кули и палати. Уште еднаш го набљудувал храмот во неговиот засенувачки сјај, круна на убавина што ја крунисала светата гора.

Илјада години пред тоа псалмистот ја величел Божјата наклоност кон Израел што неговото светилиште го направил свој дом. “Во Салим е домот Негов, а населбата Негова на Сион” (Псалм 76:2). “Туку го избра коленото Јудино, гората Сион, која ја возљуби. И изгради Светилиште високо како небото, го утврди довека како Земјата” (Псалм 78:68, 69). Првиот храм бил граден во најповолен и најсреќен период од историјата на Израел. Огромни резерви на богатство наменети за таа цел ги собрал уште царот Давид, а плановите за неговата изградба се направени со божествено вдахновение (1. Летописи 28:12, 19).

Соломон, најмудриот Израелски владетел, го довршил започнатото дело. Овој храм бил највеличествената градба што светот некогаш ја видел. А сепак Господ, зборувајќи преку пророкот Агеј за вториот храм изјавил: “Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот.” “Ќе ги стресам сите народи и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи, - Христос - и ќе се исполни овој дом со слава, вели Господ Саваот” (Агеј 2:9, 7).

Разорен од Навуходоносор, храмот бил повторно изграден отприлика петстотини години пред Христовото раѓање. Го подигнал народот што по седумдесетгодишното робување се вратил во пуста и ненаселена земја. Меѓу нив имало и старци кои ја виделе славата на Соломоновиот храм, и кои гледајќи го поставувањето на темелите на новиот храм плачеле затоа што вториот храм морал да биде толку поскромен од првиот. Чувството што тогаш преовладувало пророкот го опишува со убедливите зборови: “Кој од вас останал што го видел овој храм во неговата поранешна слава, а како вие сега го гледате овој? Не е ли овој како ништо во вашите очи?” (Агеј 2:3); (Езра 3:12). Потоа е дадено ветувањето дека славата на овој последниот ќе биде поголема од славата на првиот храм.

Меѓутоа, вториот храм по величественоста и убавината навистина не можел да се споредува со првиот, ниту пак бил посветен со видливи знаци на Божјото присуство како првиот. Неговото осветување не било пратено од никаква манифестација на натприродна сила. Новоизградената светиња не ја исполнил никаков облак на слава. Не слегол пламен од небото за да ја запали жртвата на нејзиниот олтар. Божјата слава не била присутна помеѓу херувимите во светињата над светињите; ковчегот на заветот, престолот на милоста и плочите на сведоштвото не се наоѓале повеќе во него. На прашањето на свештениците повеќе не се слушнал никаков глас од небото за да ја објави волјата на Јехова.

Со векови Евреите напразно настојувале да покажат како се исполнило Божјото ветување дадено преку пророкот Агеј; меѓутоа, гордоста и неверството го замрачиле нивниот ум така што не можеле да го разберат вистинското значење на зборовите на пророкот. Вториот храм не бил почествуван со облакот на Јеховината слава, туку со живото присуство на Оној во кого живеела сета полнина на Божеството, телесно - “кој бил самиот Бог во тело”. Оној кој истиот пророк го нарекува “Копнеж на сите народи” навистина дошол во Својот храм кога Исус од Назарет поучувал и лекувал во неговите свети предворја. Токму со Христовото присуство и благодарејќи само на него, вториот храм навистина ја надминал славата на првиот. Но Израел го одбил понудениот Дар од небото. Заедно со понизниот Учител, кој тој ден, излегувајќи од храмот, за последен пат пречекорувајќи го прагот на неговите златни врати, од храмот засекогаш отишла и Божјата слава. Веќе почнале да се исполнуваат зборовите на Спасителот: “Еве, ви се остава вашиот дом пуст!” (Матеј 23:38).

Пророштвото за разорувањето на храмот кај учениците предизвикало чудење и страв, и посакале поцелосно да го разберат значењето на Неговите зборови. Огромни богатства, труд и градежна вештина се вложувани без никакво штедење преку четириесет години за да го зголемат неговиот сјај. Ирод Велики без штедење за таа цел ги трошел и римското и еврејското богатство, па дури и римскиот император што тогаш владеел со светот го украсувал со своите подароци. Огромни блокови од бел мермер, речиси со неверојатни димензии што биле испратени од Рим, сочинувале еден дел од изградбата на храмот; со тоа учениците го свртеле вниманието на својот Учител зборувајќи: “Учителе, гледај какви камења и какви згради!” (Марко 13:1). На тие зборови, Исус сериозно и зачудувачки одговорил: “Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде урнат” (Матеј 24:2). За разурнувањето на Ерусалим учениците ги поврзувале настаните за Христовото очекувано доаѓање во овоземна слава, кога Тој наводно ќе седне на престолот на сеопштото светско царство, непокајаните Евреи да ги казни, а народот да го ослободи од римскиот јарем. Христос им рекол дека уште еднаш ќе дојде. Поради тоа при спомнувањето на казната која ќе го снајде Ерусалим, веднаш помислиле на тоа доаѓање; и кога на Маслиновата Гора се собрале околу Спасителот, го поставиле прашањето: “Кажи ни, кога ќе биде тоа, и каков ќе биде знакот за Твоето доаѓање и за свршетокот на светот?” (Матеј 24:3).

Од милост кон учениците, иднината била сокриена од нив. Во тоа време кога тие потполно би ги сфатиле двата ужасни факти: - страдањето и смртта на Спасителот и разурнувањето на нивниот град и храм, тие би биле преплашени од ужасот. Затоа, Христос само во главни црти им го покажал значењето на настаните што ќе следат пред крајот. Неговите зборови тогаш не биле во потполност сфатени, но нивното значење требало да биде откриено на Неговите следбеници тогаш кога ќе им затребаат упатствата што Тој во нив ги дал. Пророштвото што го изговорил имало двократно значење; тоа се однесувало на разурнувањето на Ерусалим, но исто така ги претскажувало и стравотиите на последниот голем ден.

На учениците кои внимателно слушале, Исус им зборувал за казните што ќе го снајдат Израел, а собено за одмаздата што ќе ги стигне поради нивното отфрлување и распнување на Месијата. На страшниот крај ќе му претстојат јасни и очигледни знаци. Ужасниот и страшен час ќе дојде ненадејно и брзо. Затоа Спасителот ги предупредил Своите следбеници: “И така, кога ќе ја видите одвратноста на запустувањето, за која зборува пророкот Даниел, како стои на свето место, (кој чита нека разбере), тогаш оние, што се наоѓаат во Јудеја, да бегаат по горите” (Матеј 24:15, 16; Лука 21:20, 21). Кога идолопоклоничките знамиња на Римјаните ќе бидат забодени во светата земја, која се простира сè на сè неколку стотици метри од градските ѕидови, тогаш Христовите следбеници спасението треба да го побараат во бегство. Кога ќе го видат знакот на ова предупредување, оние кои сакаат да ја избегнат опасноста, не смеат да се колебаат. На дадениот знак за бегство, требало да се реагира без никакво одложување, не само во Ерусалим туку и во цела Јудеја. Оној што случајно би се затекнал на покривот, не смеел да слегува во куќата, дури ни да го собере и она што го сметал за најдрагоцено. Тие што работеле во полето или во лозјето, не смееле да се задржуваат враќајќи се да ги земат дури ни своите горни облеки што ги соблекле за да не им сметаат при работата. Не смееле да се колебаат ниту за еден миг за да не бидат зафатени со сеопштото уништување.

За време на владеењето на Ирод, Ерусалим не само што бил многу разубавен, туку со изградбата на кулите, ѕидовите и тврдините, поради својата добра природна положба, бил направен привидно неосвоив. Во тоа време некој јавно да го прорекувал неговото уништување, исто како Ное во своето време, би го нарекле побудален злокобник. Но Христос рекол: “Небото и Земјата ќе поминат, но зборовите Мои нема да поминат” (Матеј 24:35). Божјиот гнев против Ерусалим го предизвикале самите негови жители, а нивното упорно неверство само ја запечатило неговата судбина.

Господ уште преку пророкот Михеј нагласил: “Чујте ме сега, поглавари на домот Јаковов, и кнезови на домот Израелев, вие, кои се гнасите од правдата и што искривувате сè што е право. Вие, кои го градите Сион со крв и Ерусалим со неправда. Поглаварите негови судат за подароци, свештениците учат за награди, а пророците пророкуваат за пари, и сепак се надеваат на Господа, велејќи: Нели е Господ меѓу нас; затоа зло нема да нè стигне” (Михеј 3:9-11).

Овие зборови, точно ја опишуваат расипаноста и самоправедноста на Ерусалимските жители. Иако тврделе дека строго се придржуваат до прописите на Божјиот закон, тие всушност ги престапувале сите Негови начела. Го мразеле Христа затоа што Неговата чистота и светост ги откривале нивните беззаконија; Го обвинувале како Тој да бил причинител за сите несреќи кои ги снаоѓале поради нивните гревови. Иако знаеле дека Тој бил безгрешен, изјавиле дека Неговата смрт е неопходна и дека тоа го бараат интересите на нивната национална безбедност. “Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот” (Јован 11:48). Ако го жртвуваат Христа тие мислеле дека ќе станат силен и единствен народ. Така тие расудувале, делејќи го мислењето на својот првосвештеник дека е подобро да умре еден човек отколку да пропадне целиот народ.

На тој начин водачите на еврејската нација го граделе “Сион со крв и Ерусалим со неправда” (Михеј 3:10). Но сепак, иако својот Спасител го убиле само затоа што ги жигосал нивните гревови, во слепилото на својата самоправедност сè уште мислеле дека како од Бога избран народ со право можат да очекуваат Тој да ги ослободи од нивните непријатели. “Затоа, продолжува пророкот, заради вас Сион ќе биде преоран како нива, а Ерусалим ќе стане купиште, а гората на Домот висока шума” (Михеј 3:12).

Од времето кога самиот Христос ја прорекол судбината на Ерусалим, Господ уште скоро четириесет години го одложувал Својот суд над тој град и народ. Чудесно било Божјото трпение кон оние што го отфрлиле Неговото евангелие и го убиле Неговиот Син. Параболата за неродната смоква го прикажала Божјето постапување со еврејскиот народ Заповедта веќе била издадена: “Пресечи ја! Зошто уште да ја испостува земјата?” (Лука 13:7). Но божествената милост барала да се заштеди уште за некое време. Меѓу Евреите имало уште многу такви на кои Христовиот карактер и Неговото дело им останале непознати. Децата немале можност да ја прифатат светлината којашто нивните родители со презир ја отфрлиле. Со посредство на она што го проповедале апостолите и нивните следбеници, Бог сакал светлината да дојде и до нив; им било овозможено да видат како се исполнило пророштвото не само со Христовото раѓање и живот, туку и со Неговата смрт и воскресение. Значи децата не биле осудени поради гревот на родителите; туку откако ја запознале светлината дадена на нивните родители и ја отфрлиле исто така како и светлината која дополнително им била дадена токму на нив, станале соучесници во гревовите на своите родители дополнувајќи ја мерката на нивното беззаконие.

Долгото Божје трпение кон Ерусалим само уште повеќе ги зацврстило Евреите во нивното упорно непокајание. Во својата омраза и свирепост кон Исусовите ученици, ја отфрлиле последната понуда на милост. Дури тогаш Бог престанал да им ја дава својата заштита и сила која ја спречувала моќта на сатаната и неговите ангели, и народот бил препуштен под власт на водачот којшто самиот си го избрал. Нивните деца ја презреле Божјата милост, која би ги оспособила да ги совладаат своите зли наклоности, и сега тие ја однеле победата. Сатаната во нив ги разбудил најжестоките и најниските страсти. Потполно престанале да се раководат по разумот; станале безумни, попуштајќи пред нагонот и слепиот бес. Во својата свирепост се однесувале сатански. Во семејството како и во народот, во највисоките како и во најниските слоеви насекаде владеела недоверба, завист и омраза, раздор, буни и убиства. Никаде немало безбедност. Пријатели и роднини се предавале едни со други. Родителите ги убивале своите деца, а децата родителите. Тие што ја држале власта во свои раце не биле во состојба да владеат сами со себе. Неспречуваните страсти ги направиле вистински тирани. Евреите ги прифатиле лажните сведоштва за да го осудат невиниот Божји Син. Сега лажните тужби го направиле несигурен и нивниот сопствен живот. Со своите дела тие одамна зборувале: “Отстранете го од очите наши Светецот Израелев (Исаија 30:11). Сега желбата им се исполнила. Стравот од Бога повеќе не ги вознемирувал. На чело на нацијата се наоѓал сатаната и највисоките граѓански и верски власти биле под негова контрола.

Водачите на спротивставените партии понекогаш ќе се согласеле единствено во крадењето и малтертирањето на своите несреќни жртви, а потоа би се нафрлиле едни на други истребувајќи се безмилосно. Дури ни светоста на храмот не можела да ја совлада нивната страшна свирепост. Поклониците биле убивани пред самиот олтар, а светињата била осквернавена од лешевите на убиените. А сепак, во својата слепост и богохулна дрскост, поттикнувачите на овие дрски постапки “патриотски” изјавувале дека не се плашат од можноста Ерусалим да биде разорен, зашто тој е Божји град. Со цел власта уште повеќе да ја зацврстат, поткупиле лажни пророци кои, дури и тогаш кога римските легии го опколиле храмот, објавувале дека народот треба да очекува ослободување од Бога. Сè до последен момент народот цврсто верувал дека Севишниот ќе се вмеша и ќе ги уништи нивните непријатели. Но Израел со презир ја отфрлил божествената заштита и сега немал никаква одбрана. Несреќниот Ерусалим најнемилосрдно бил растргнат со внатрешни судири, неговите улици биле црвени од крвта на неговите деца што меѓусебно се колеле, додека туѓите армии ги разорувале неговите тврдини и ги убивале неговите војници!

Сè што претскажал Христос за разорувањето на Ерусалим, апсолутно се исполнило. Евреите ја искусиле вистинитоста на Неговите предупредувања: “Со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери” (Матеј 7:2).

Како некоја кобна најава на претстојната несреќа и пропаст се појавиле знаци и чудеса. На полноќ, над храмот и олтарот, се појавила неприродна светлина. На зајдисонце, на облаците се појавиле бојни коли и војници подготвени за битка. Свештениците кои ноќта служеле во светињата биле преплашени од таинствените гласови, земјата се затресла и се слушале гласови на големо мноштво: “Да бегаме одовде.” Големата источна врата толку тешка што едвај дваесет луѓе можеле да ја затворат, осигурена со огромни железни лостови забиени во цврстата камена подлога, на полноќ се отворила сама од себе. – Милман, Еврејска историја XIII.

Полни седум години еден човек постојано минувал низ улиците на Ерусалим, и ги најавувал неволјите што ќе го снајдат градот. Вознемирен тој ден и таа ноќ како налудничав пеел чудна тажачка: “Глас од исток! Глас од запад! Глас од четирите ветра! Глас против Ерусалим и против храмот! Глас против младоженците и невестите! Глас против целиот народ!” - (Исто, книга XIII). Ова чудно суштество било затворано и камшикувано, но ниту еден лелек не се слушнал од неговите усни. На сите навреди и малтертирања одговарал само со: “Тешко, тешко на Ерусалим, а поради тоа тешко, тешко и на неговите жители!” Неговите молбени предупредувања не престанале сè додека во опсадата што самиот ја прорекол и самиот не бил убиен.

Во времето на разурнувањето на Ерусалим, ниеден христијанин не загинал. Христос ги предупредил Своите ученици за тоа, и сите кои верувале во неговите зборови внимавале на ветениот знак. “А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски” - рекол Тој, “знајте, дека се приближило неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините, а кои се во градот, да излезат од него” (Лука 21:20, 21). Римјаните најнапред под Цестиј го опколиле градот, а потоа на неочекуван начин се повлекле од опсадата токму во моментот кога сè изгледало дека е поволно за непосреден напад. Опколените, кои во своето очајување помислиле дека секој отпор е безуспешен, штотуку сакале да се предадат, кога римскиот заповедник без никаква видлива причина ги повлекол своите сили. Меѓутоа, Бог во Своето провидение милостиво управувал со настаните во корист на Својот народ. Така, ветениот знак им бил даден на христијаните, коишто чекале на него, и сега на сите што сакале да го послушаат предупредувањето на Спасителот, им се пружила поволна можност. Провидението така управувало со настаните, така што ниту Евреите ниту Римјаните не им пречеле на христијаните во бегството. Веднаш по Цестиевото повлекување, Евреите, навалувајќи од Ерусалим, во својот налет продолжиле да ја прогонуваат неговата војска, која се повлекувала, и додека двете војски на тој начин биле потполно зафатени, христијаните имале можност да го напуштат градот. Во тој момент и околината била ослободена од непријателите кои евентуално би можеле да ги задржат. За време на опсадата, Евреите штотуку биле собрани во Ерусалим за да го прослават празникот Сеница, и така христијаните во целата земја непречено можеле да побегнат. Без никакво одложување бегале на сигурно место, во градот Пела, во земјата Переја од другата страна на Јордан.

Еврејските трупи гонејќи го Цестиј и неговата војска, на деловите на нивната заштитница, се нафрлувале со огромна жестокост сакајќи сосема да ги уништат. Римјаните само со големи тешкотии успеале да се повлечат, додека Евреите речиси без никакви загуби и со голем плен и триумф се вратиле во Ерусалим. Меѓутоа, овој привиден успех им донел само зло. Ги исполнил со дух на тврдоглав отпор кон Римјаните, што на градот осуден на пропаст му донело неискажани страдања.

Страшни несреќи го снашле Ерусалим кога под водство на Тит повторно бил опколен. Градот бил опколен за време на Пасха, кога милиони Евреи биле собрани внатре во неговите ѕидови. Резервите од продуктите за живот, кои би можеле, кога грижливо би биле чувани, да ги задоволат потребите на жителите во текот на повеќе години, биле уништени поради завист и освета на судрените партии кои меѓусебно се бореле за превласт; затоа сега ги преживувале сите стравотии на гладот. Една мера на жито е продавана за еден талант. Маките што ги предизвикал гладот толку биле ужасни што луѓето ги џвакале своите кожни ремени, сандали и кожните навлаки на своите штитови. Многумина, ноќе се прикрадувале за да соберат диви растенија, кои можеле да се најдат само надвор од градските ѕидови. Иако сето тоа значело да се изложат на опасност, да бидат фатени и убиени со најсвирепо мачење. А на оние кои безбедно се враќале, често им било одземано сето она што го собрале при толку голема опасност. Оние што ја имале власта во свои раце, применувале најнехумано насилство врз народот погоден од немањето и гладот, за насила да им ги изнудат можеби и последните остатоци од сокриената храна. А тие насилства најчесто ги правеле луѓе кои самите биле добро снабдени, но само сакале да соберат резерви за во иднина.

Илјадници умирале од глад и чума. Природните чувства на љубов и наклонетост како да биле уништени. Мажите ги поткрадувале своите жени, а жените своите мажи. Можело да се види како децата го грабнуваат лебот од устата на своите стари родители. Прашањето на пророкот: “Може ли жена да го заборави породот свој?” (Исаија 49:15) добило одговор внатре меѓу ѕидовите на овој на пропаст осуден град. “Дури и жалостивите жени ги вареа со рацете децата свои, за да им бидат храна, кога гинеше ќерката на мојот народ!” (Плач на Еремија 4:10). Повторно се исполнило пророштвото дадено четиринаесет века порано: “Жена нежна и млада, убава меѓу вас, која поради убавината и младоста никогаш со нога не стапнала на земјата, со безмилосно око ќе гледа на саканиот маж свој, на синот свој, на ќерката своја,... на децата, што ги родила; зашто, при скудноста во сè, таа ќе ги јаде тајно, во притеснетоста во која ќе те стави твојот непријател во твоите градови” (Второзаконие 28:56, 57).

Римските војсководачи се обиделе да ги натераат Евреите да се предадат со примена на застрашувања. Заробениците кои давале отпор, ги камшикувале, мачеле и распнувале под градските ѕидови. Секој ден стотици луѓе се убивани на тој начин и тоа стравотно дело продолжило сè додека во Јосафатовата Долина и на Голгота не биле подигнати толку крстови, што едвај можело да се помине помеѓу нив. Така ужасно се обистинила оваа страшна клетва изговорена во судницата на Пилат: “Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца” (Матеј 27:25).

Тит со задоволство сакал да стави крај на оваа ужасна сцена и да го поштеди Ерусалим од полната мерка на неговата казна. Го фаќало ужас при погледот на лешевите кои на купишта лежеле во долината. Набљудувајќи го од врвот на Маслиновата Гора величествениот храм, бил како во занес и издал заповед да не смее да се допре ниту еден негов камен. Пред да се обиде да го освои ова утврдување, го упатил најсрдечниот повик до еврејските водачи да не го принудуваат сето ова место да го обесчести со крв. Кога тие би биле подготвени да излезат и да ја прифатат борбата на некое друго место, ниеден Римјанин не би ја обесчестил светоста на овој храм. Самиот Јосиф, нивен сонародник, со најодбрани зборови ги молел да се предадат, да се спасат себеси, својот град и местото на своето богослужение. Но на неговите зборови возвратено е само со горки клетви. На него, нивниот последен човечки посредник, се фрлани стрели додека стоел пред нив молејќи ги. Евреите ги отфрлиле најсрдечните молби на Божјиот Син, и сега сите расправии и повици ги правеле само уште порешителни да се спротивставуваат докрај. Сите Титови настојувања да го спаси храмот биле напразни. Оној којшто бил поголем од него, рекол дека тука нема да остане ниту камен на камен.

Слепата тврдоглавост на еврејските водачи и гнасните злосторства што се одигрувале во опколениот град, кај Римјаните предизвикале ужас и огорчување, па Тит најпосле решил храмот да го заземе на јуриш. Сепак решил, ако некако е можно да го сочува од разурнување. Но неговите наредби не биле почитувани. Потоа, во текот на ноќта кога се повлекол во својот шатор, Евреите со ненадеен напад, изведен токму од храмот, ги нападнале римските војници. Во настанатата борба,некој од војниците преку еден отвор во предворјето на храмот фрлил гламна, и просториите обложени со кедрово дрво, кои ја опкружувале светата градба, наскоро биле во пламен. Тит, во придружба на своите војсководачи и легионери, веднаш побрзал до тоа место и на војниците им наредил да го изгаснат пожарот. Но никој не внимавал на неговите зборови. Во својата разгневеност војниците во просториите кои припаѓале на храмот уфрлувале запалени факели, а потоа извршиле масовен колеж над сите што таму нашле засолниште. Низ скалите на храмот потекла крв како вода. Изгинале илјадници Евреи. Бојниот вик го надвиле гласовите: “Ишавод”! отиде славата.

Тит сфатил дека е невозможно да го смири бесот на војниците, влегол во храмот со своите офицери и со својот поглед ја опфатил внатрешноста на светата градба. Нејзината прекрасна убавина ги исполнувала со восхит, и бидејќи пламенот сè уште не навлегол до светињата, го вложил и последниот напор за да ја спаси; брзајќи да излезе, сè уште ги храбрел војниците да го спречат понатамошното ширење на пожарот. Капетанот Либералис настојувал со својата заповедничка палка да изнуди послушност; но дури ни царскиот авторитет не можел да го смири распаленото непријателство кон Евреите, дивата разгневеност предизвикана од борбата и незаситената желба за грабеж. Војниците виделе како сè околу нив болскоти од злато што сјаело при фантастичната светлина на пламенот, и претпоставувале дека во светињата има натрупано непроценливо богатство. Еден војник незабележливо уфрлил запален факел помеѓу шарките на вратата и за еден момент целата зграда била во пламен. Заслепени од димот и огнот, офицерите биле принудени да се повлечат, а прекрасната зграда била препуштена на својата судбина.

“Дури и за Римјаните тоа било страшен призор, а како ли пак изгледалао за Евреите? Целиот врв на ридот што доминирал над градот, пламтел како вулкан. Зградите една по друга паѓале со ужасен трескот, и една по друга ги снемувало во бездната на огнот. Покривите од кедар изгледале како море во пламен, позлатените кули блескале како шилци од црвена светлина, а од кулите на влезот се кревале огромни столбови од оган и дим. Блиските ритчиња биле осветлени, така што можеле да се видат група луѓе како мрачни сенки, како со ужасен страв ги набљудуваат сè поголемите стравотии на разорувањето. На ѕидовите и возвишените места на горниот град се туркала маса од луѓе, некои бледи во агонијата на стравот и очајот, а други пак мрачно смуртени поради неможноста од освета. Извиците на Римските војници кои брзале на сите страни и молбите на побунетите што гинеле во пламенот, се мешале со бучавата на пожарот и грмотевниот татнеж од гредите што се уривале. Одекот од околните гори ги повторувал ужасните крици на луѓето што се наоѓале на возвишенијата, по должината на ѕидовите ечеле само молбени гласови и поплаки, луѓето што умирале од глад ја собирале и последната сила за да можат уште еднаш да испуштат крик на ужас и безнадежност.

“Колежот во внатрешноста бил уште пострашен од глетката што можела да се види однадвор. Мажи и жени, стари и млади, востаници и свештеници, оние што се бореле и оние што се молеле за милост, сите без разлика биле заклани. Бројот на убиените го надминал бројот на убијците. Легионерите морале да се качуваат преку цели ридови од мртви тела за да го продолжат своето дело на потполно уништување.” - Милман, Еврејска историја, книга XVI.

По разурнувањето на храмот, наскоро целиот град паднал во рацете на Римјаните. Водачите на Евреите ги напуштиле своите неосвоиви кули, така што Тит ги нашол сосема празни. Набљудувајќи ги вџашено, изјавил дека самиот Бог ги предал во неговите раце, зашто никакви воени орудија, колку и да биле силни не би можеле да ги освојат тие зачудувачки бедеми. Градот и храмот биле срамнети со земја, а местото каде што стоела светата зграда било преорано “како нива” (Еремија 26:18). За време на опсадата, и во колежот што настапил, изгинале преку еден милион луѓе; преживеаните биле одведени во ропство, продавани како робови, одведени во Рим за да го зголемат триумфот на освојувачите, фрлани во амфитеатрите на диви ѕверови или како бездомници и скитници биле расејани по целата земја.

Евреите сами си ги ковале сопствените окови, и самите ја преполниле чашата на одмаздата. Во потполното уништување кое ги погодило како нација и во сите неволји што ги следат откако биле расејани по светот, го жнееле само она што го посеале со сопствената рака. Пророкот кажува: “Ти пропаѓаш, Израеле”; “зашто ти пропаѓаш поради своето беззаконие” (Осија 13:9; 14:2). Нивните страдања често се прикажуваат како казна што ги стигнала, бездруго по изрична Божја заповед. На тој начин големиот измамник настојува да го прикрие сопственото дело. Поради своето упорно отфрлање на божествената љубов и милост, тие ја изгубиле Божјата заштита, и на сатаната му било дозволено да загосподари над нив според својата волја. Страшните свирепости и ѕверства направени при разурнувањето на Ерусалим, биле само манифестирање на сатанската одмаздничка сила, над оние што се потчинуваат на неговата контрола.

Ние не сме во состојба да сфатиме колку му должиме на Христа за мирот и заштитата што ги уживаме. Само благодарение на Божјата сила која го задржува и спречува злото, човечкиот род потполно не паднал под власта на сатаната. Непослушните и неблагодарните имаат многу причини да му заблагодаруваат на Бога што во својата милост и долготрпение ја задржува силата на злосторниот непријател. Меѓутоа кога луѓето ќе ја пречекорат границата на божественото трпение, тогаш таа заштита не им се дава. Бог не се поставува кон грешникот како извршител на пресудата поради престапот, туку оние што ја отфрлаат Неговата милост ги препушта сами да го жнеат она што го посеале. Секој отфрлен зрак на светлината, секое презрено или занемарено предупредување, секоја негувана страст, секој престап на Божјиот закон претставува сеење на семе кое неизбежно ја донесува својата жетва. На Божјиот Дух ако постојано му се противиме, Тој се повлекува и тогаш ние немаме никакви сили да ги совладаме своите зли страсти, ниту пак имаме заштита од сатанските злоби и непријателства. Разурнувањето на Ерусалим е страшно и сериозно предупредување за сите кои си играат со Божјата добрина и се спротивставуваат на повиците на Неговата милост. Никогаш не било дадено порешително сведоштво за Божјата омраза кон гревот и неизбежноста на казната која ќе ги стигне виновниците.

Пророштвото на Спасителот во врска со казнувањето кое морало да го снајде Ерусалим треба да има уште едно исполнување, според кое оваа ужасна глетка на уништување би била само слаба сенка. Во судбината на избраниот град можеме да ја видиме судбината на светот што ја отфрлил Божјата милост, а Неговиот закон го фрлил под нозете. Мрачни се записите за човечката беда чијшто сведок, земјата, во текот на долгите векови на злосторства морала да биде. Срцето се стегнува, и умот застанува кога човекот размислува за сето тоа. Последиците биле ужасни поради отфрлувањето на небесниот авторитет. Меѓутоа, при откривањето на иднината покажани се уште помрачни глетки. Извештаите за минатото, долгиот низ немири, судири и револуции, “време на војна и облека, извалкана од крв” (Исаија 9:5) - што е сето тоа во споредба со стравотиите на оној ден кога Божјиот Дух, кој дотогаш ја задржувал експлозијата на човечките страсти и сатанскиот гнев, на непокајаните целосно ќе им биде одземен! Тогаш светот, како никогаш порано ќе ги запознае последиците на сатанската власт.

Но и во оној ден, како и во времето на разурнувањето на Ерусалим, Божјиот народ ќе се избави, “секој кој ќе биде запишан за живот” (Исаија 4:3). Христос изјавил дека ќе дојде и по вторпат да ги собере Своите верни: “И тогаш ќе се расплачат сите земни племиња, и ќе Го видат Синот Човечки како иде на небесните облаци, со голема слава и сила; и ќе ги испрати Своите ангели со голем трубен глас, и ќе ги соберат Неговите избраници од четирите ветра, од едниот до другиот крај на небесата” (Матеј 24:30, 31). Тогаш оние што не го прифатиле евангелието ќе бидат уништени со здивот од Неговата уста, и преку блесокот на Своето доаѓање ќе ги истреби (2. Солунјаните 2:8). Слично на стариот Израел непокајаните самите себеси ќе се уништат; ќе паднат поради “своето беззаконие” (Осија 14:2). Со својот грешен живот, тие толку се оддалечиле од Бога, гревот ја понижил нивната природа до таа мерка, што и самата појава на Неговата слава, за нив ќе биде оган што ќе ги проголта.

Луѓето нека се чуваат за да не ја занемарат поуката што им е дадена во Христовите зборови. Како што Своите ученици ги предупредил за претстојното разурнување на Ерусалим, и им дал знаци за приближувањето на пропаста за да можат да се избават, така го предупредил и светот во врска со денот на конечната пропаст и дал знаци што одговараат за приближувањето на тој ден, за сите кои тоа го сакаат да можат да побегнат од гневот што доаѓа. “И ќе има знаци”, нагласил Тој, “на Сонцето, и на Месечината, и на ѕвездите; а на Земјата - тага кај народите од неизвесноста” (Лука 21:25). Оние што ќе ги видат предзнаците на Неговото доаѓање треба да знаат “дека е близу, пред вратата” (Матеј 24:33). “Бидете будни” (Марко 13:35) - биле зборовите на Неговото предупредување. Оние кои внимаваат на предупредувањето, нема да бидат оставени во темнина, па овој ден да ги затече неподготвени. Но за оние кои нема да бидат будни, “Господовиот ден ќе дојде така, како крадец во ноќно време” (1. Солунјаните 5:2).

Светот и денес исто така не е подготвен да ја прими пораката за нашето време, како што и Евреите не биле подготвени да го примат предупредувањето на Спасителот во поглед на Ерусалим. Кога и да дојде, Господовиот ден за непокајаните ќе дојде ненадејно. Додека животот тече во својот вообичаен тек, додека луѓето сосема се зафатени со задоволствата, работата, трговијата и богатењето, додека верските водачи го воздигнуваат светскиот прогрес и просветеноста и додека лажната сигурност лажно ги успива луѓето - како што крадецот на полноќ ги провалува становите што не се чувани, така одненадеж ќе стигне погибел на безгрижните и непокајаните, “и нема да избегнат” (1. Солунјаните 5:3).